Википедија:Избрана статија/2022
Гласање за избрана статијауреди
Како да гласам за овој предлог? Гласањето се одвива така што секој може да остави свој глас {{за}} ( ), {{против}} ( ) или {{воздржан}} ( ), како и свое мислење преку {{коментар}} ( ), користејќи ги за сето ова соодветните предлошки. Само гласовите од утврдените корисници ќе бидат земени предвид при сумирањето на резултатите. Гласањето завршува една недела по предлогот. Понекогаш, некоја статија и со доволно гласови {{За}} може да не биде избрана доколку така одлучи заедницата (Видете: Википедија:Занемарете ги сите правила). Бидејќи предложените статии претставуваат нечиј труд, се замолува секој оној којшто сака да гласа {{Против}}, да го поткрепи својот глас со соодветни аргументи, кои ќе помогнат статијата да биде подобрена.
Месечина — единствен природен сателит на планетата Земја и најблиско небесно тело до неа. Со околу една четвртина од пречникот на Земјата (споредливо со ширината на Австралија), таа е најголемиот природен сателит во Сончевиот Систем во однос на големината на неговата планета, петти по големина сателит во Сончевиот Систем, и е поголема од која било позната џуџеста планета. Месечината е објект со планетарна маса кој формирал диференцирано карпесто тело, што ја прави сателитска планета според геофизичките дефиниции на терминот. На Месечината ѝ недостасува значајна атмосфера, хидросфера или магнетно поле. Нејзината површинска гравитација е околу една шестина од Земјината (0,1654 g); Јупитеровата месечина Ија е единствениот сателит во Сончевиот Систем за која се знае дека има повисока гравитација и густина. Кружи околу Земјата на просечно растојание од 384.400 км или околу 30 пати поголемо од пречникот на Земјата, нејзиното гравитациско влијание малку го продолжува денот на Земјата и е главниот двигател на плимата и осеката на Земјата. Орбитата на Месечината околу Земјата има орбитален период од 27,3 денови. За време на секој период од 29,5 денови, количината на видлива површина осветлена од Сонцето варира од 0 до 100%, што резултира со месечеви мени кои ја формираат основата за месеците од месечевиот календар. Месечината е плимно сврзана за Земјата, што значи дека должината на целосното свртување на Месечината околу сопствената оска предизвикува нејзината иста страна (блиската страна) секогаш да биде свртена кон Земјата, а нешто подолгиот месечев ден е ист како орбиталниот период. Според тоа, 59% од вкупната површина на Месечината може да се види од Земјата преку поместувања на поради либрација. (Дознајте повеќе...)
Шагринска кожа (француски: La Peau de chagrin) — роман од францускиот романописец и драматург Оноре де Балзак, издаден во 1831 година. Дејството, сместено во почетокот на XIX век во Париз, ја кажува приказната за едно младо момче кое наоѓа парче шагрен, кое има моќ да ја исполни секоја негова желба. Но, со секоја посакана желба кожата се намалува и црпи дел од неговата физичка енергија. Романот припаѓа на „Философските студии“, група од Балзаковата романорека „Човечка комедија“. Иако романот користи фантастични елементи, главната цел му е реално прикажување на прекумерноста на буржоаскиот материјализам. Главната тема на книгата е конфликтот помеѓу желбата и долговечноста, каде што волшебната кожа ја претставува моќта на својот сопственик, која се троши со секое изразување на желба, особено кога станува збор за самото поседување на моќ. Пред да биде завршена книгата, Балзак пробудил возбуда со тоа што издал серија статии и фрагменти во неколку париски весници. Иако задоцнил пет месеци во доставување на ракописот, тој успеал да привлече доволно интерес со што романот се распродал веднаш по неговото издавање. Второ издание, кое содржело серија од дванаесет други „философски сказни“, било издадено еден месец подоцна. (Дознајте повеќе...)
Хелсинки — главен и најголем град во Финска. Се наоѓа во регионот Усима, сместен во јужниот дел на Финска, на брегот на Финскиот Залив, дел од Балтичкото Море. Хелсинки има 616.042 жители во самиот град, додека во пошироката област живеат 1.176.976 жители (31 декември 2012 г.) и метрополитенско население од 1,4 милиони, правејќи го најголем град и урбана област во Финска. Хелсинки се наоѓа на 80 километри северно од Талин, Естонија, 400 километри североисточно од Стокхолм, Шведска и 300 километри западно од Санкт Петербург, Русија. Хелсинки имал слична историја со овие три града и е многу поврзан со нив. Метрополитенската област на Хелсинки го вклучува урбаното јадро на Хелсинки, Еспо, Ванта, Каунијаинен и околните градови. Претставува најсеверната метрополитенска област со над еден милион жители во светот, а Хелсинки е најсеверниот главен град на земја членка на Европската Унија. По Копенхаген и Стокхолм, тој е третиот најголем град во нордиските земји. Хелсинки е главен политички, образовен, финансиски, културен и истражувачки центар на Финска, како и еден од поголемите градови во северна Европа. Околу 70% од странските претпријатија во Финска имаат седиште во областа Хелсинки. Во соседниот град Ванта се наоѓа Хелсиншкиот аеродром, со чести врски до различни одредишта во Европа и Азија. Во истражување на списанието „Економист“ во август 2012 година за најдобрите и најлошите градови за живеење, Хелсинки го зазел осмото место. Во 2011 година, списанието Monocle го сместил Хелсинки за најдобар град за живеење во светот според неговиот индекс на градови. (Дознајте повеќе...)
Последиците од глобалното затоплување ја опфаќаат физичката средина, екосистемите и човечките општества. Ова ги вклучува и економските и социјалните промени кои произлегуваат од живеењето во потопол свет. Климатските промени што се предизвикани од човекот се една од заканите кон одржливоста. Многу физички влијанија на глобалното затоплување се веќе видливи, вклучувајќи екстремни временски неприлики, повлекување на ледниците, промени во времето на сезонски настани (на пример, порано цветање на растенијата), пораст на нивото на морето и опаѓање на мразот на Арктикот степен. Идното влијание на глобалното затоплување зависи од степенот до кој нациите ги спроведуваат напорите за превенција и ги намалуваат емисиите на стакленички гасови. Закиселувањето на океанот не е последица на глобалното затоплување, но наместо тоа ја има истата причина: зголемување на атмосферскиот јаглерод диоксид. Климатските промени веќе влијаат на екосистемите и на луѓето. Во комбинација со климатската варијабилност, на многу места се влошува несигурноста на храната и се врши притисок врз снабдувањето со свежа вода. Ова во комбинација со екстремни временски прилики, доведува до негативни ефекти врз здравјето на луѓето. Зголемувањето на температурите го загрозува развојот поради негативните ефекти врз економскиот раст во земјите во развој. Социјалното влијание на климатските промени дополнително ќе влијае на напорите на општеството да се подготви и прилагоди. Глобалното затоплување веќе придонесува за миграција во различни делови на светот. (Дознајте повеќе...)
Писменост — поим кој традиционално се дефинира како способност за читање и пишување. Денес значењето е проширено да вклучува и способност да се користат јазикот, бројките, сликите, сметачите и други основни начини за разбирање, општење, стекнување со корисни знаења, решавање на математички проблеми и употреба на доминантниот симболски системи на културата. Концептот за писменост се прошири во земјите-членки на ОЕЦД да вклучува и вештини за пристап до знаење преку технологијата и способност за проценка на комплексни контексти. Лице кое патува и престојува во странска земја, но не е во можност да чита или пишува на јазикот на месното население во земјата исто така би се сметало од страна на месното население за неписмено. Клучот за писменоста е развојот на читањето, напредок во однос на вештините кое започнува со способноста да се разберат изговорените зборови и декодираат напишаните зборови и кулминира во длабоко разбирање на текстот. Развојот на читањето вклучува голем спектар на комплексни јазични основи вклучувајќи свест за говорни звуци (фонологија), правописни модели (правопис), значењето на зборот (семантиката), граматика (синтакса) и модели на образување на зборови (морфологија), сите обезбедувајќи ја потребната платформа за разбирање при читањето. Откако овие вештини се стекнати, читателот може да стекне целосна јазична писменост, која вклучува способности да се аплицира на печатениот материјал критичка анализа, оценка и синтеза; да се пишува со точност и кохерентност; и за да се користат информацијата и увидот од текстот како основа за информирани одлуки и креативна мисла. Неможноста да се направи ова се нарекува неписменост или аналфабетизам. Oрганизацијата за oбразование, наука и култура на ООН (УНЕСКО) ја дефинира писменоста како "способност да се идентификува, разбере, толкува, твори, општи и да се пресметува користејќи печатени и писмени материјали кои се поврзани со различни контексти. Писменоста вклучува континуитет во учењето со цел овозможување на поединците да ги постигнат своите цели, да ги развијат своите знаења и потенцијали и да учествуваат целосно во нивната заедница и поширокото општество. (Дознајте повеќе...)
Јадрено цепење — јадрена реакција или процес на радиоактивно распаѓање, при кој атомско јадро со голема маса се цепи на помали делови (полесни јадра). Притоа честопати се добиваат слободни неутрони и фотони (во вид на гама-зрачење), а истовремено се ослободува голема количина енергија. Јадреното цепење на тешки елементи е откриена на 17 декември 1938 г. од Ото Хан и неговиот помошник Фриц Штрасман, а теоретски ја објаснила Лиза Мајтнер со внукот Ото Роберт Фриш во јануари следната година. Името на овој процес му го дал Фриш според простата делба на клетката. Цепењето е егзотермна реакција при која можат да се ослободат големи количества енергија и како електромагнетно зрачење и како кинетичка енергија на деловите (загревање на материјата). За цепењето да резултира со ослободување енергија, вкупната енергија на сврзување на добиените елементи мора да биде понегативна (повисока) од онаа на почетниот хемиски елемент. Цепењето е вид јадрена трансмутација поради тоа што добиените хемиски елементи се разликуваат од првобитниот атом. Двете нови јадра имаат мали разлики во големината, со однос меѓу масите 3:2 кај честите фосилни изотопи. Најголемиот дел од јадрените цепења се двоични (се расцепуваат два наелектризирани дела), но повремено (2-4 пати од 100), се добиваат три нови (позитивно наелектризирани) јадра со третично цепење. Големината на најмалото од нив се движи меѓу онаа на протон и јадро на аргон. (Дознајте повеќе...)
Реброносци (науч. Ctenophora) — колено морски безрбетни животни. Реброносците се најголемите животни кои пливаат со помош на трепки (цилии), кои, кај овие животни, се нарекуваат уште и „чешли“. Во зависност од видот, возрасните реброносци имаат должина од неколку милиметри до 1,5 метри. Досега се потврдени само 100 до 150 видови кои припаѓаат на ова колено, а уште 25 други не се целосно опишани и именувани. Најпознати претставници на ова колено се цидипидите (ред Cydippida), кои имаат јајцевидно тело и еден пар на големи пипала со ресички од мали пипала кои се покриени со колобласти, лепливи клетки кои служат за фаќање на пленот. Нивните тела се изградени од желатинозна маса, која од надворешната страна е покриена со два слоја на клетки, а од внатрешната страна со еден слој на клетки кој ја обложува внатрешната празнина. Припадниците на ова колено имаат разновидни форми на телото, од јајцевидните цидипиди до сплесканите платиктениди и широкоусните бероиди. Речиси сите реброносци се грабливци, а пленовите може да варираат од микроскопски ларви и ротифери до возрасните единки на малите видови на ракови; исклучоци се младенчињата на два вида кои живеат како паразити на салпи кои се храна за возрасните единки на нивните видови. И покрај тоа што имаат меки, желатинозни тела, пронајдени се фосили на реброносците во лежиште кои датираат од раниот камбриум, пред околу 525 милиони години. Положбата на реброносците во „дрвото на животот“ одамна е тема на дебата на молекуларните филогенетски студии. Според најновите хипотези за еволуцијата на животинските организми, реброносците ја сочинуваат втората најрана животинска група која се појавила веднаш после сунѓерите. Порано се верувало дека реброносците се појавиле пред сунѓерите во еволуцијата, кои самите се појавиле пред раздвојувањето на жаркарите и двостраните животни. Меѓутоа, повторната анализа на податоците покажала дека компјутерските алгоритми кои се користеле во анализата биле наведени кон погрешен резултат поради присуството на специфични гени на реброносците, кои биле значително поразлични од оние на другите испитувани видови. Неодамнешна молекуларно-филогенетска анализа заклучила дека заедничкиот предок на сите современи реброносци бил сличен на денешните цидипиди, и дека сите современи групи на реброносци се појавиле релативно неодамна, веројатно по масовното кредско–терциерното изумирање, пред 66 милиони години. Од 1980-тите години па навака, акумулирани се докази дека цидипидите не се монофилетична група на организми, со други зборови оваа група не ги опфаќа потомците на еден заеднички предок. (Дознајте повеќе...)
Гај Јулиј Цезар (100 п.н.е. – 44 п.н.е.) бил римски воен и политички водач чие освојување на Галија Комата го проширила римскиот свет сè до Атлантскиот Океан, успех чии последици се видливи и денес. Според многумина, Цезар е еден од најголемите луѓе во Стариот свет. Тој е можеби најпознатата историска личност како резултат на комбинација на човековите таленти: од командување во битка, државништво, говорништво, пишување, право, владеење, сексуалност, пријателство и разговор – тој бил одличен во сите. Имал огромна волја, храброст и целосно отсуство на омраза од било кој вид. Тој бил обожуван од страна на луѓето во Рим и прогласен за бог. Достигнувањата на Цезар не се само воените походи и освојувањата. Тој всушност бил голем реформатор и основач на Римското Царство, иако за прв цар се смета неговиот внук од сестра, посинок и наследник Гај Октавијан. Подоцнежните цареви во Рим биле ословувани со титулата „цезар“ (од која е изведен зборот „цар“ во многу европски јазици). Што се однесува до воените походи на Цезар, тој кога дошол на власт во рамките на Првиот триумвират, Рим била само средоземна држава, но тој освоил и ги присоединил Франција, Белгија, делови од Шпанија, со други зборови ја направил европска држава и бил основоположник на западна Европа каква што денес ние ја знаеме. Потоа, под власта на Цезар потпаднале делови од Германија, а се обидел да ја освои и Британија. (Дознајте повеќе...)
Сараево (српски: Сарајево, бошњачки: Sarajevo, хрватски: Sarajevo/Vrhbosna) — главен град на Босна и Херцеговина и нејзин најголем урбан, културен, економски и транспортен центар. Градот Сараево се состои од четири општини: Центар, Нови Град, Ново Сараево и Стари Град. Според прелиминарните податоци од пописот во 2013 година во Босна и Херцеговина, во Сараево живеат 275.524 жители додека со околината, која вклучува дел од општината Илиџа, живеат вкупно 463.992 лица. Поради својата долга и богата историја на верска и културна разновидност, Сараево, понекогаш се нарекува „Ерусалим на Европа“ или „Ерусалим на Балканот“. До крајот на XX век, градот бил единствениот голем град во кој имало изградено синагога, православна црква, католичка црква и џамија во иста населба. Низ градот тече реката Милјацка, а во близина на градот се наоѓаат и изворите на реката Босна, каде се наоѓа популарното излетничко место Врело Босна. Град Сараево е седиштето на најголемата високообразовна институција во земјата, Универзитетот Сараево, како и голем број на други високообразовни институции, што го прави еден од најголемите универзитетски центри во целиот регион на Југоисточна Европа. Во 1914 година во Сараево бил убиен австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд кое довело до започнување на Првата светска војна. Седумдесет години подоцна, во 1984 година, во градот се одржале XIV Зимски олимписки игри. Во почетокот на 1990-тите години, името на градот Сараево било испишувано постојано од дневните весници во целиот свет, бидејќи во регионот се одвивала една од најголемите војни во најновата европска и светска историја. (Дознајте повеќе...)
„Владетелот“ (италијански: Il Principe) — политичка расправа од фирентинскиот чиновник и политички теоретичар Николо Макијавели. Била напишана во 1513 година, и првобитно била насловена „За кнежевствата“ (De Principatibus). Но, книгата не била издадена сè до 1532, пет години по смртта на Макијавели. Оваа расправа не е претставителна за неговиот творечки опус издаден додека бил жив, но е најпрочуената, како делото одговорно за создавање на поимот „макијавелистички“, како термин со негативна смисла. Некои критичари сметаат дека делото е всушност сатира., но ова е спорно. Делото го проучува стекнувањето на власт, зацврстувањето на неа и употребата на власта. Макијавели не го предвидел делото како академска расправа по политичка теорија, туку за да покаже дека е голем државник, советувајќи како еден владетел да дојде на власт и како да ја задржи власта. Макијавели го оправдувал владеењето со сила наместо со закони. Според ова, „Владетелот“ оправдува низа постапки извршени со единствена цел за зацврстување на власта. Ова е класична студија за власта — нејзиното стекнување, експанзија и нејзина делотворна употреба. Идеалите на Макијавели за управувањето со државата биле од големо значење за делата на политичките водачи. Макијавели е претставен како лик во поговорот на делото „Малтешкиот Евреин“ од Кристофер Марлоу. Кралот на Прусија, Фридрих Велики упатил остри критики кон Макијавели во неговото дело „Антимакијавели“, издадено во 1740 година. На неколку наврати во животот, Наполеон Бонапарт пишувал опширни коментари за „Владетелот“. По поразот кај Ватерло, овие коментари биле пронајдени во царската кочија и одземени од пруската војска. (Дознајте повеќе...)
Историја на отомански Цариград — периодот од заземањето на Цариград од страна на Османлиите на 29 мај 1453 година до распаѓањето на Отоманското Царство во 1922 и преместувањето на главниот град на Турција во Анкара на 13 октомври 1923 година. Скоро пет века Цариград или Цариград бил главен град на големата држава која опстојувала како резултат на освојувањата на турските султани. Границите на Отоманското Царство опфаќала три континенти - Европа, Азија и Африка. Некогашниот анички град на бреговите на Босфор повторно се претворил во политички и економски центар од глобално значење. Цариград постепено ја вратил својата стара слава од пред Крстоносните војни и многу бргу станал голем трговски центар. Како една од главните причини за овој голем подем на градот била стратешката географска положба како мост меѓу Азија и Европа. Во градот се наоѓало и седиштето на калифатот преку кое градот станал важен рлигиозен центар во муслиманскиот свет, а овде продолжила да опстојува и Цариградската патријаршија како центар на христијанскиот православен народ. Во градот била помешена културата на Селџуците, Византијците, Арапите и Персијците. Ова ознаувало дека во градот живеело население од различен етнички и религиозен карактер. Градот најголем развој имал за време на владеењето на Сулејман Величествениот, додека пак во времето на Мехмед III се почувствувал мал пад поради поразите на империјата во војните во Европа. По смртта на Ахмед I во градот речиси немало изградба на нова џамија или некои позначајни градби. Влошувањето на економската ситуација довело до стагнација на културата и науката и зголемување на влијанието на западните сили во сите сферите на животот на империјата и нејзиниот главен град. (Дознајте повеќе...)
Рендгенска кристалографија — техника која се користи за одредување на атомската и молекуларната структура на даден кристал. Кристалната структура предизвикува дифракција на влезен рендгенски зрак (Х-зрак) во мноштво на специфични правци. Со мерење на аглите и интензитетите на овие дифракциони зраци, кристалографот може да создаде тридимензионална слика (дифрактограм) за електронската густина во кристалот. Од оваа електронска густина може да се утврдат средните положби на атомите во кристалот, како и нивните хемиски врски, нивниот кристалографски неред и разни други информации. Бидејќи многу материјали можат да формираат кристали (солите, металите, минералите, полуспроводниците и разни неоргански, органски и биолошки соединенија) рендгенската кристалографија е фундаментална метода во развојот на многу научни полиња. На почетоците, со оваа метода се одредувала големината на атомите, должините и типовите на хемиските врски и разликите на атомско ниво помеѓу различни материјали, особено минералите и легурите. Исто така, со оваа метода била откриена структурата и функцијата на многу биолошки молекули, вклучувајќи ги витамините, белковините и нуклеинските киселини. Рендгенската кристалографија сè уште е најупотребуваната метода за карактеризирање на атомската структура на новите материјали. Кај монокристалните мерења на дифракцијата на рендгенските зраци, кристалот се поставува на гониометар. Гониометарот се користи за позиционирање на кристалот во одредени насочености. Кристалот се осветлува со фокусиран монохроматски рендгенски зрак, при што создава дифракциона шема на правилно распоредени точки познати како рефлексии. Дводимензионалните слики направени на различни ориентации се претвораат во тридимензионален модел на електронска густина во кристалот со помош на математичкиот метод на Фуриеови трансформации, заедно со познати хемиски податоци за примерокот. Доколку кристалите се премногу мали или доколку внатрешната структура не им е доволно еднообразна, разложеноста може да биде слаба (нејасност) или да настанат грешки. (Дознајте повеќе...)
Молња — моќен ненадеен тек на електрична искра (електростатичко празнење) придружено со татнеж или гром кои се слушаат за време на бурата. Празнењето ќе се движи низ електрично наелектризирани области во самите кумулонимбуси, или од еден облак до друг облак, или меѓу облак и површината на Земјата. Наелектризираните облсти во атмосферата се ослободуваат од полнежот преку молњите или електричните празнења, често нарекувани удар на гром доколку погоди некој предмет или живо суштество на површината. Постојат три основни видови на молњи, во самиот облак (СО), од облак до облак (ОО) и меѓу облак и Земја (ОЗ). Иако молњите секогаш се придружени со звук на татнеж, оддалечените молњи можат да бидат видени но не и слушнати. На Земјата, честотата на молњите е 40–50 празнења во секунда или приближно 1,4 милијарди празнења годишно, и со просечно времетраење од 30 микросекунди. Вообичаениот блесок на молња од облак до површината на Земјата кулуминира со создавањето електрично спроводлива плазмен канал низ воздухот со висина од 5 км, од внатрешноста на облакот па сè до површината на Земјата. Процесот кој се одвива при крајната фаза е доста сложен процес. Молњите најчесто се создаваат кога топол воздух се меша со поладни воздушни маси, што доведува до нарушувања кои ја поларизираат атмосферата. Но истите можат да се случат и при песочни бури, шумски пожари, торнада, вулкански ерупции, дури и при студовите во зима,тогаш молњата се нарекува снежна молња. Ураганите вообичаено создаваат молњи најчесто во дождливите делови оддалечени 160 км од центарот. Науката која се занимава со проучување на молњите се нарекува фулминологија, а стравот од молњите се нарекува астрафобија. (Дознајте повеќе...)
Владимир Комаров (1927 – 1967) — советски космонаут, тест-пилоот и инженер, којшто бил еден од првата група на космонаути избрани во 1960 година. Тој бил еден од најискусните и најдобро обучени кандидати коишто биле примени во Првата група на космонаути на СССР. Во два наврата за време на неговото учество во програмата било потврдено дека Комаров е медицински неспособен за обука или лет во вселената, но неговата упорност и одлични вештини и знаења како инженер му овозможиле да продолжи да има активна улога во програмата. За време на неговата работа во Центарот за подготовка на космонаути (руски: Центр Подготовки Космонавтов), тој дал придонес во дизајнирањето на вселенско летало, обучувањето на космонаути и нивна оценка, како и во односите со јавноста. Најпосле, тој бил назначен да раководи со првиот советски повеќечлен екипаж „Восход 1“, којшто содржел бројни технички новини во Вселенската трка. Комаров подоцна бил задолжен со задачата да раководи со „Сојуз 1“ како дел од обидот на Советскиот Сојуз да победи во битката за освојување на Месечината. Неговиот лет со „Сојуз 1“ го направил првиот човек којшто летал во вселенското пространство повеќе од еднаш, а по судирот на „Сојуз 1“ при враќањето од вселената на 24 април 1967 година и првиот човек којшто загинал за време на лет во вселената. Добитник е на бројни награди и одличја, а во два наврати бил одликуван со орденот Херој на Советскиот Сојуз. Во негова чест биле наречени бројни објекти, улици, астероид и кратер на Месечината. Неговото име се споменува и во бројни уметнички творби, а неговиот лик е отсликан на потештенски марки издадени во повеќе земји низ светот. (Дознајте повеќе...)
Мадејра — португалски архипелаг во Атлантскиот Океан, кој се наоѓа на помалку од 400 километри северно од Тенерифе, Канарски Острови. Мадејра воедно е назначен како најоддалечениот регион на Европската Унија. Мадејра е една од двете автономни региони на Португалија, другиот регион е соседната островска група наречена Азори. Архипелагот е составен од островските групи: Мадејра, Порто Санто, Пусти Острови и Дивјачки Острови. Мадејра била повторно пронајдена во 1419 година од португалските морепловци кои биле во службата на принцот Д. Енрике (Енрике Морепловецот), а ја населиле по 1420 година. Овој архилепаг се смета за првото територијално откритие во времето на португалскиот период на откритија. Денеска Мадејра е едно од најпопуларните светски одморалишта, чии знаменитости се виното „Мадејра“, цвеќињата и рачната изработка, везилското занаетчиство, како и новогодишните прослави проследени со претстави со спектакуларни огномети (според Гинисовата книга на рекорди во Мадејра се случила една од најдолгите новогодишни прослави). Главното пристаниште кое се наоѓа во Фуншал е едно од најважните места на кое допираат сите трговски и транс-атлантски патнички крстарења помеѓу Европа, Карибите и Северна Америка. (Дознајте повеќе...)
Вирус — подмикроскопска честичка која не е способна да расте и да се размножува надвор од клетка домаќин. Вирусите можат да ги инфицираат сите животни форми, од животни и растенија до микроорганизми, вклучувајќи ги бактериите и археите. Од времето на објавувањето на научниот труд на Дмитриј Ивановски во 1892 година, во кој за првпат е опишан не-бактериски патоген кој го инфицира тутунот, и откривањето на вирусот на мозаичната болест на тутунот од Мартинус Бејеринк во 1898 година, околу 5.000 вирусни видови се детално опишани, иако постојат милиони типови. Вирусите се наоѓаат речиси во секој екосистем на Земјата и се најзастапениот биолошки ентитет. Науката за вируси е позната како вирологија и претставува субспецијалност на микробиологијата. Додека не инфицираат одредена клетка, вирусите постојат во форма на независни честички. Овие вирални честички, познати и како вириони, се состојат од два или три дела: (1) генетски материјал составен од ДНК или РНК; (2) заштитна белковинска (протеинска) обвивка наречена капсид, која го опкружува и заштитува генетскиот материјал; а во одредени случаи (3) обвивка од липиди која го опкружува белковинскиот слој. Формите на вирусните честички варираат од едноставни, спирални или икосаедрични форми, до мошне комплексни структури. Повеќето вирусни видови имаат вириони кои се премногу мали за да можат да се видат со оптички микроскоп. Просечната големина на еден вирион е околу една стотина од големината на просечната бактерија. (Дознајте повеќе...)
Крстоносни војни — низа од воени походи и походи започнати кон крајот на 11 век, со религиозен карактер од страна на христијанското население во Европа, под покровителство на Римокатоличката црква. Овие походи главно биле покренати против муслиманското население на Блискиот Исток, како и против Евреите, руските и грчките православни христијани, Монголците, катарството и политичките противници на папата. Особено важно место за започнувањето на Крстоносните војни има т.н. заштита на Светите Земји и Ерусалим, односно протерување на муслиманското население од тие простори и воспоставување на христијанска власт врз тие територии. Крстоносците се ангажирале се со учество на рицари, монаси, кои ќе војуваат против Арапите, Маврите, Турците-Селџуци. Од борбите против муслиманите сите очекувале дека од страна на Бог по нивната смрт ќе добијат место во Рајот, селаните ќе бидат ослободени од своите зависности. Во процесот на развивање на државите и народите од западна Европа се појавиле католички професионални војници – кои најмногу ни се познати како рицари. Папата Урбан II прв ја претставил пред широката публика идејата за крстоносна војна кон Светите Земји изрекувајќи ги зборовите „Господ така сака“. Во крстоносните војни учествувале мноштво претставници на витешки редови како што биле Болничарите, Темпларите, Редот на Свети Лазар Ерусалимски, Тевтонските витези, Малтешкиот ред итн. (Дознајте повеќе...)
Ацтечки јазик — американски староседелски јазик, дел од подгрупата на навански јазици од јазичното семејство на јутоацтечки јазици. Јазикот го зборуваат околу 1,5 милиони Ацтеки, од кои повеќето живеат во Мексико и дел од нив во Ел Салвадор. Ацтеките во Ел Салвадор се познати како Пипилци. Наватслкиот е сложен јазик во поглед на морфологијата и карактеристично за него е полисинтетичноста и аглутинацијата. Поради тоа, јазикот оперира со голем број сложени зборови со сложени значења изведени со помош на афикси. Наватлскиот се зборувал во Централно Мексико најрано од VII век. Тој е мајчин јазик на Ацтеките, народ кој доминирал во денешно централно Мексико за време на доцниот посткласичен период на мезоамериканската историја. За време на вековите пред шпанската колонизација на Мексико, Ацтечката империја територијално се проширила и ја зазела скоро целата територија на денешно Мексико и нејзиното влијание довело до издигнување на наватлскиот дијалект од Теночтитлан на ниво на престижен јазик во Мезоамерика. Со шпанското навлегување во регионот, латиницата била воведена во регионот и наватлскиот станал пишан, литературен јазик. Така, за време на XVI и XVII век, голем број на хроники, граматики, поезија, административни документи и кодекси биле напишани на ацтечки. Овој ран стандарден јазик заснован на дијалектот од Теночтитлан е означен како класичен навтлски јазик и е еден од најпроучуваните и најдокументираните јазици во Америка. (Дознајте повеќе...)
Хосе де Сан Мартин (1778 – 1850) — аргентински генерал и главен предводник на борбата за независност од Шпанската Империја во јужните и централните предели на Јужна Америка. Сан Мартин бил воедно и еден од претседателите на Перу, позиција која во тоа време била именувана како „Заштитник на Перу“. Хосе де Сан Мартин е роден во Јапеју, Кориентес, во денешна Аргентина, но уште додека бил мал, на 7 годишна возраст, заминал за Малага во Шпанија каде го започнал своето образование. Подоцна, во 1808 година, кога избила Полуостровската војна помеѓу Франција и Шпанија, Хосе де Сан Мартин зел учество во истата. Следствено на тој ангажман, Сан Мартин стапил во контакт со јужноамерикански подрржувачи на независноста на Јужна Америка од Шпанија. Во 1812 година тој заминал за Буенос Аирес и ги понудил своите способности и својата служба на Обединетите покраини на Рио де ла Плата, современа Аргентина. По Битката на Сан Лоренцо, тој организирал план за пораз на шпанската армија, која ја притискала Аргентина од север, користејќи алтернативен пат преку Вицекралството Перу. Целите првично биле да се основа нова армија, Армија на Андите, во Кујо, Аргентина. Оттука, тој го предводел преминувањето на Андите во Чиле и забележал победа во Битката на Чакабуко и Битката на Маипу. Како резултат на тие две победи била обезбедена независноста на Чиле. По тој успех, Сан Мартин кренал кон напад на шпанскиот бастион во Лима, Перу. Сан Мартин се смета за национален херој на Аргентина и Перу и еден од ослободителите (libertadores) на Јужна Америка. Денес аргентинската влада својата највисока медаља, или одликување, го именува како „Орден на ослободителот Генерал Сан Мартин“. (Дознајте повеќе...)
Џон Роналд Руел Толкин (1892 – 1973) — англиски писател, филолог, поет, универзитетски професор и книжевен критичар. Толкин е познат во светската книжевна јавност по неговите епски дела „Хобитот“, „Господарот на прстените“ и „Силмарилион“. Толкин предавал староанглиски јазик на колеџот Сент Џон во Оксфорд и на колеџот Пемброук од 1925 до 1945 година. Тој исто така предавал англиски јазик и книжевност на колеџот Мертон во Оксфорд од 1945 до 1959 година. Толкин своевремено бил близок пријател со К. С. Луис, со кој заедно членувале во книжевното друштво познато како „Инклингс“. На 28 март 1972 година Толкин бил одликуван со Редот на британската империја од страна на кралицата Елизабета II. По смртта на Толкин, неговиот син Кристофер Толкин објавил серијал дела кои се всушност необјавени ракописи на самиот Толкин, меѓу кои и познатото дело „Силмарилион“. Овие, заедно со „Хобитот“ и „Господарот на прстените“, создаваат поврзано тело на раскази, поеми, измислени историски настани, измислени јазици и книжевни критики и есеи за измислениот свет наречен „Арда“ и „Средна земја“, раскази и настани кои се делумно засновани на нордиската митологија. Иако голем број писатели објавиле дека од сферата на фантастиката пред времето на Толкин, големиот успех на „Хобитот“ и „Господарот на прстените“ довеле до широко распространување и популарност на епската фантастика како жанр. Така, ова довело до општото јавно мислење и постоветување на Толкин како „татко на современата книжевна фантастика“— или поточно епската фантастика. Во 2008 година, весникот „The Times“ го рангирал Толкин на шестото место на списокот на „50 најголеми британски автори од 1945 година“. Од друагата страна пак. „Forbes“ го рангирал на 5 место од најпрофитабилни „починати познати личности“ во 2009. (Дознајте повеќе...)
Освојување на Африка — период од историјата на Африка проследен со окупација, поделба и колонизација на африканската територија од страна на европските сили за време на периодот на т.н. Нов империјализам, во периодот помеѓу 1881 и 1914 година. Во 1870 година, само 10% од Африка бил под европска контрола, додека до 1914 година овој процент се зголемил на речиси 90% од континентот. Единствено Етиопија (Абисинија), Дервишката држава (денешна Сомалија) и Либерија биле независни. Берлинската конференција од 1884 година, која ја регулирала европската колонизација и трговија во Африка, обично се нарекува почетна точка за борбата во Африка. Како последица на политичките и економските соперништва меѓу европските империи во последниот квартал од 19 век, европските сили често избегнувале да војуваат меѓу себе кога станувало збор за континентот. Во подоцнежните години на 19 век, транзицијата од „неформалниот империјализам“ со воено влијание и економска доминација, го насочило владеењето, доведувајќи го колонијалниот империјализам. (Дознајте повеќе...)
Крушевска република — востаничка месна власт во времето на Илинденското востание во периодот 3-13 август 1903 година. По ослободувањето на Крушево на 3 август 1903 година била воспоставена востаничка власт, организирана врз републиканско- демократски и револуционерни начела, под претседателство на Никола Карев, началник на Горското началство – воена власт на слободната територија. Највисок орган на цивилната власт бил Советот на месната револуционерна власт што се состоел од 60 членови. Советот избрал Привремена управа од 6 члена: Вангел Дину (претседател и одговорен за судството), Ѓорѓи Чаче (реквизиција), Теохар Нешков (финасии), Христо Ќуркчиев (градоначалник и одговорен за редот и за безбедноста), Димитар Секулов (прехрана) и Никола Баљу (санитет). Во текот на своето десетдневно постоење Владата организирала револуционерен суд за кривични и за граѓански предмети, поштенска служба, санитетска служба со болница, леарница за куршуми, производство на востаничка опрема, бил распишан данок и започнало собирање доброволни прилози, извршена е реквизиција на предмети и објекти за потребите на востаничката власт и за одбраната на градот, претпријатијата биле национализирани, биле изработени неколку црешови топчиња, биле преземени мерки за фортификациско утврдување на градот за одбрана. (Дознајте повеќе...)
Кир Велики (576 или 590 – август 529 п.н.е.) — персиски цар од иранската династија Ахемениди, војсководец, законодавец и основоположник на персиското царство. За време на своето владеење го проширил царството на поголем дел од Југозападна и Средна Азија, од Египет и Босфор на запад до реката Инд на исток, и го создал првото и најголемо царство на стариот век. Во текот на своето владеење, кое траело три децении, Кир ги освоил некои од најголемите кралства на тоа време, како Лидија, Медија и Вавилон, и водел воени експедиции во Средна Азија, каде ги покорил сите народи. Но тој не отишол во поход против Египет, ниту против европска Грција, како што тоа го направиле неговите следбеници Камбиз II и Дариј I Велики. Според Херодот, Кир загинал во битката против Скитите, во летото 530 или 529 година п.н.е. Него го наследил синот Камбиз II, кој го освоил Египет во текот на своето релативно кратко владеење. Кир бил следбеник на зороастриската религија. Освен силното влијание врз персиската историја, Кир влијаел и врз јудаизмот, човековите права, политиката и воената стратегија и врз вкупната источна и западна цивилизација. Слично на хероите од другите култури и основоположниците на големите царства, така и за Кир Велики постојат бројни легенди за неговото потекло и семејството. Според Херодот, Кир бил внук на медијскиот крал Астијаг и бил одгледан во скромно овчарско семејство. Според друга легенда, тој потекувал од сиромашно семејство и работел на медијскиот двор. Легендите се сосема противречни на сопствените сведочења на Кир, според кој, тој го наследил престолот на својот татко, дедо и прадедо. Името Кир е хеленизиран збор од староперсиското име Куруш. Античките историчари Ктезиј и Плутарх наведуваат дека Кир го добил своето име од зборот Курос, што значи „Сонце“ или „Сличен на сонце“, т.е. со персиската именка за сонце – Хор, стои и наставката – ваш, што значи сличност. Модерните историчари, како Карл Хофман и Ридигер Шмит, во Енциклопедија Ираника, сметаат дека името Кир значи „вербален победник“. (Дознајте повеќе...)
Гравитациски бран — бранување на закривеноста на време-просторот кој се придвижува како бранови, кои се движат од изворот. Можноста за постоење на гравитациски бранови е првпат спомната во 1893 година од страна на Оливер Хевисајд кој ја искористил споредбата меѓу обратнопропорционалноста на квадратот на законите за гравитација и електричество. Во 1905 година Анри Поанкаре прв ги преложил гравитациските бранови (ondes gravifiques) кои се оддадени од тела и се движат со брзина на светлината според Лоренцовите трансформации. Нивното постоење е предвидено во 1916 година од страна на Алберт Ајнштајн врз основа на теоријата на општата релативност, гравитациските бранови ја пренесуваат енергијата како „гравитациско зрачење“. Постоењето на гравитациските бранови е можна последица на Лоренцовата коваријанса на општата релативност бидејќи ја воведува идејата за конечна брзина на движењето и физичките заемодејства со тоа движење. За споредба, гравитациските бранови не можат да постојат во Њутновата теорија за гравитација, која тврди дека физичките заемодејства се движат со бесонечни бризини. Пред директонот забележување на гравитациските бранови имало непосредни докази за нивното постоење. На пример, мерењата на Хулс–Тејлоровиот двоен систем предвидувале дека гравитациските броеви се повеќе од хипотетичка замисла. Можните извори за забележување на гравитациските бранови биле системите од двојни ѕвезди составени од бели џуџиња, неутронски ѕвезди и црни дупки. На 11 февруари 2016 година, здружените екипи во соработка ЛИГО и Вирго објавиле дека успеале за првпат директно да ги забележат гравитациските бранови кои потекнувале од пар на црни дупки кои биле во процес на спојување, користејќи ги детекторите на Напредниот ЛИГО. (Дознајте повеќе...)
Византиска морнарица — збирен поим за поморските сили на Византија. Како и на царството кое ја користело, таа била директно продолжување на традицијата на римската морнарица, но имала голема улога во одбраната и зачувувањето на државата за разлика од нејзиниот претходник. Додека флотите на обединетото Римско Царство се соочувале со поголеми морски закани, функционирајќи како полициска силабиле мошне послаби во моќ и престиж од легиите, морето било пак од голема важност за опстанокот на источниот дел на царството, па така некои научници ја нарекуваат и „поморско царство“. Првата закана за Рим во Средоземјето била заканата од вандалите во V век, но нивната закана била отстрнета во војните на Јустинијан I во VI век. Воспоставувњето на постојано одржувана флота и воведувањето на дромонот галија во тој период го означува моментот кога византиската морнарица почнала да се одвојува од нејзините римски корени и да развива сопствен карактеристичен идентитет. Овој процес ќе се забрза со започнувањето на муслиманските освојувања во VII век. По загубата на Левант а подоцна и Африка, Средоземното Море било трансформирано од „римско езеро“ во поморско боиште меѓу византијците и арапите. Во овие борби, византиската флота била критична, не само за одбранатa на далечните поседи на царството околу Средоземјето, туку и за одбивање на нападите на главниот град. Иако употребата на штотуку измислениот „течен оган“, најстрашното и најпознатото оружје на византиската морнарица, и токму со ова оружје Цариград бил спасен од опсади и во бројни поморски битки биле извојувани победи. (Дознајте повеќе...)
„Hold It Against Me“ — песна од американската пејачка Бритни Спирс. Издадена е како првиот сингл од нејзиниот седми студиски албум, Femme Fatale. „Hold It Against Me“ е напишана од Макс Мартин, Луказ Готвалд, Бони Мекки и Метју Џомф, а продуцкијата ја завршиле Готвалд, Мартин и Билборд. Песната прво требало да ѝ биде понудена на Кети Пери, но Готвалд и Мартин почувствувале дека не ѝ одговара. Готвалд објаснил дека сакал „Hold It Against Me“ да не звучи како никоја продукција која тој претходно ја направил. Откако демо верзија на песната изведена од Мекки протекла на интернет, завршената верзија премиерно била прикажана на 10 јануари, 2011. Синглот бил издаден следниот ден. Музички, „Hold It Against Me“ меша елементи од индустријалната и транс музиката и грајм. Рефренот содржи синтисајзери кои ги креваат нејзините вокали и прават контраст на силните удари од другите инструменти. Песната исто така користи и дабстеп дел, во кој Спирс испраќа бакнежи и завршува со завршен рефрен со елементи од рејв музиката. Текстот прикажува како пејачката заведува некого на танцувачкиот под, додека рефренот зборува за поврзување. The Bellamy Brothers ја критикувале песната, велејќи дека е слична со нивниот хит од 1979, „If I Said You Had a Beautiful Body Would You Hold It Against Me“. Подоцна биле тужени од Мартин, Готвалд Мекки и Билборд за клевета и навреда. (Дознајте повеќе...)
Ханза — трговски и одбранбен сојуз на трговски еснафи и нивните градови, кои ја воделе трговијата долж брегот на Северна Европа. Се протегал од Балтичкото до Северното Море, како и во внатрешноста кон крајот на средниот век и почетокот на новиот период (од XIII до XVII век). Сојузот бил создаден да ги заштита економските интереси и дипломатски користи во градовите и земјите долж трговските патишта кои ги посетувале трговците. Градовите на Ханзата имале нивен правен систем и поседувале заедничка војска за заедничка заштита и помош. И покрај овие одлики, организацијата не била град-држава, ниту може да се нарече конфедерација на градови-држави; само мал број на градовите во сојузот поседувале автономија и слобода споредена со слободните царски градови. Наследството на Ханзата може да се види и денес во неколку имиња, на пример германскиот авиопревозник Lufthansa (буквално: „Воздушна Ханза“), ФК Ханза Росток, Универзитет на применети науки Ханза во Гронинген, Холандија, пиварница Ханза во Берген, Ханзабанк во балтичките држави и Регата Ханза во Росток. ДДГ Ханза било големо германско бродско претпријатие од 1881 до неговиот банкрот во 1980. (Дознајте повеќе...)
Латвиски јазик — источнобалтички јазик и официјален јазик во Летонија. Летонскиот јазик го зборуваат околу 1,4 милиони Летонци во Летонија и околу 150.000 Летонци во дијаспората. Овој јазик има голем број говорници на кои летонскиот не им е мајчин јазик, ситуација која не е типична за помалите јазици во светот. Од малцинските заедници во Летонија, кои вкупно бројат околу 924.000 жители, само 30% го зборуваат јазикот. Летонскиот јазик е сроден со литванскиот јазик и се во иста јазична група, но сепак не се меѓусебно разбирливи. Летонскиот е нефлексивен јазик со неколку аналитички форми, три дијалекти и германско синтаксичко влијание. Јазикот има само два граматички рода. Секоја именка се деклинира во седум падежи: номинатив, генитив, датив, акузатив, инструментал, локатив и вокатив. Официјално писмо на јазикот е летонската азбука, која е заснована на латиницата, со одредени модификации според летонскиот фонетски систем. Летонскиот јазик е дел од групата на балтички јазици. Според досегашните истражувања, по периодот на праиндоевропскиот јазик, се формирала група на балто-словенски јазици, кои пак се поделиле на две посебни групи во 10 век п.н.е. Како и да е, и покрај постоењето на многу архаични форми во балтичките јазици, денес не е сосема јасно како настанала балтичката група и со кои јазици била првично поврзана. (Дознајте повеќе...)
Горна Река — географска и етнографска област која го зафаќа северниот дел од Реканскиот регион, односно горното течение на реката Радика, во Западна Македонија. Нејзината територија административно им припаѓа на општините Маврово и Ростуше и Гостивар. Подрачјето е населено со муслиманско и православно население со албански како мајчин јазик, познато под името Шкрети, главно со македонско и во помал дел со албанско самосознание. Горна Река е изразит планински предел ограничен од планините Кораб на запад, најјужната огранка на масивот на Шар Планина — Ничпурска Планина на север и Бистра на исток, додека на југ е отворена кон долината на Радика, но како пределна граница со Долна Река ја има клисурата Барич. Пределот е изразито алпски и суров со пасишта и говеда. Во поново време, најголемо населено место е селото Врбјани. Областа претставува изолирано и неразвиено подрачје со ограничени комуникациски врски, така што пристапот до него е отежнат во снежни услови за време на зимските месеци. Населението на областа низ историјата главно се занимавало со земјоделство, а дел од него и денес се занимава со оваа стопанска дејност. Во минатото, областа била склона на иселување поради сезонските или постојаните преселби кон околните области, но и во странство во потрага по повисок животен стандард. Во текот на XIV век, Горна Река била дел од Српското Царство, а по неговиот распад во 1371 година станало дел од Прилепското Кралство со кое владеела династијата Мрњавчевиќ до 1395 година, кога територијата ја освоил отоманскиот султан Бајазит I и истата била дел од Отоманското Царство до Балканските војни во 1912-13 година. Во текот на XX век, таа најпрвин била дел од Кралството Србија, па од Кралството Југославија, Социјалистичка Федеративна Република Југославија и денес од Македонија. (Дознајте повеќе...)
Јагуар — голема мачка од родот пантери. Ова е единственото животно од родот пантери кое живее во Америка. Јагуарот е трета најголема мачка, зад тигарот и лавот, и најголема и најмоќна мачка во западната полутопка. Денешната распространетост на јагуарот се протега од Мексико преку поголемиот дел на Средна Америка, до Парагвај и северна Аргентина. Освен една позната популација во Аризона (југозападно од Тускон), оваа голема мачка изумрела во САД за време на раните 1900-ти. Сепак постои голема можност ненабљудувани популации на јагуар да живеат во јужна Аризона, Ново Мексико па дури и Тексас. Оваа дамчеста мачка физички доста е слична со леопардот, иако најчесто е поголема. По однесувањето и живеалиштето многу е поблиска до тигарот. Омилено живеалиште на јагуарот се густите дождовни шуми, но го среќаваме и во многу други шумски и отворени животни средини. Секогаш живее во близина на вода, и како тигарот, е една од ретките мачки кои уживаат во пливањето. Јагуарот е самотно животно, грабливец кој напаѓа од заседа и опортунист во поглед на избирање на пленот. Овие животни се и познати врховни грабливци кои играат голема улога во стабилизирање на екосистемите и регулирање на бројноста на популациите на нивниот плен. Јагуарот има развиено исклучително моќен загриз, дури и во споредба со останатите мачки. Ова му овозможува да го крши оклопот на некои рептили и да употребува специфичен метод на убивање – тој директно го загризува черепот на пленот со што нанесува фатален удар на мозокот. (Дознајте повеќе...)
Лајпциг — еден од двата најголеми градови (заедно со Дрезден) во сојузната покраина Саксонија, во Германија. Лајпциг се наоѓа околу 200 километри јужно од Берлин на устието на реките Вајсе Елстер, Плајсе и Парте на јужниот крај од Северногерманската Низина. Лајпциг отсекогаш бил трговски град, кој за време на Светото Римско Царство се наоѓал на раскрсницата на Вија Регија и Вија Империи, два важни трговски патишта. Едно време, Лајпциг бил еден од големите европски центри за образование и култура на полињата, како што се музика и издаваштво. По Втората светска војна, Лајпциг станал голем урбан центар во рамките на комунистичката Германската Демократска Република, но неговата културна и економска значајност опаднала. Подоцна, Лајпциг играл значајна улога во поттикнувањето на падот на комунизмот во Источна Европа, со настаните, кои се случиле во и околу црквата Свети Никола. Со повторното обединување на Германија, Лајпциг бил подложен на значајни промени со обнова на некои историски градби, рушење на други и развој на современа сообраќајна инфраструктура. Лајпциг има многу институции и можности за култура и одмор, вклучувајќи го фудбалскиот стадион, кој бил домаќин на некои меѓународни натпревари, оперската куќа и зоолошката градина. (Дознајте повеќе...)
Средновековна Романија — историјата на денешна Романија во текот на средниот век. Средновековната историја на Романија започнува со повлекувањето на Монголците, последното население што мигрирало поради напади и освојување на територијата на денешна Романија во 1241-1242 година. Трите територии кои денеска ја сочинуваат Романија (Влашка, Молдавија и Трансилванија) биле обединети во времето на Михаил Храбриот (1593-1601). Во поголемиот дел од овој период, Банат, Кришана, Мармарош и Трансилванија - денес региони во Романија западно од Карпатите, биле дел од Кралство Унгарија. Тие биле поделени во неколку видови административни единици, како окрузи или места. На чело на секој регион се наоѓал кралски официјален претставник наречен војвода. Во кралството, романските селани, како православни, биле ослободени од десетокот, црковен данок што требало да го плаќаат сите римокатолички христијани. Сепак, романските благородници полека ја изгубиле способноста да учествуваат во политичкиот живот, бидејќи монарсите од 14 век воделе погрешна политика. Нивната позиција станала уште полоша по 1437 година, кога била формирана таканаречениот Сојуз на три нации — унгарските благородници, Секели и Саксонци, со цел да го уништат Трансилваниското востание. (Дознајте повеќе...)
Плима и осека — растот и снижувањето на морското ниво предизвикано од заедничкото дејство на гравитациските сили на Месечината и Сонцето и ротацијата на Земјата. Некои крајбрежја имаат две скоро подеднакви плими и осеки секојдневно, наречени полудневни плими. Некои места пак имаат само по една плима и осека дневно, наречени дневни плими. Некои пак места имаат две временски нееднакви плими и осеки дневно, или пак една плима и осека дневно, овие се наречени мешани плими. Времето и висината на плимата на одредено место зависат од подреденоста на Сонцето и Месечината, од плимите во длабокиот океан, од амфихидромните системи на океаните, и од формата на крајбрежјето и самата батиметрија. Плимите имаат променлив временски карактер од неколку часа па сè до неколку години и сето ова зависи од бројни влијанија. За да се направат прецизни записи, плимни направи се поставуваат на одредени мерни станици за да се мери водостојот со текот на времето. Направите ги занемаруваат промените предизвикани од брановите со периоди пократки од неколку минути. Овие податоци се сппоредуваар со еден одреден датум водостој кој се нарекува главно морско ниво. (Дознајте повеќе...)
Берлин — главен град на Германија и една од нејзините шеснаесет покраини. Со население од 3,45 милиони жители, градот е најголемиот во Германија. Тој е втор најнаселен град и осма најнаселена урбана област во Европската Унија. Се наоѓа во североисточна Германија и е центар на метрополитенската област Берлин-Бранденбург. Географски, градот се наоѓа во европската рамница и затоа е под влијание на умерената сезонска клима. Околу една третина од територијата на градот ја сочинуваат шуми, паркови, градини, реки и езера. Првите податоци за градот потекнуваат од 13 век. Берлин бил едноподруго главен град на Кралството Прусија (1701-1918), на Германската Империја (1871-1918), на Вајмарската Република (1919-1933) и на Третиот Рајх (1933-1945). По Втората Светска војна градот бил поделен. Источен Берлин станал главен град на Источна Германија, додека Западен Берлин, со Берлинскиот ѕид (1961-1989), всушност бил опкружен од странска земја т.е. од Источна Германија. По германското обединување во 1990 година, градот си го вратил својот статус како главен град на Германија. Денеска градот е светски град на културата, политиката, медиумите и науката. Неговата економија првенствено се заснова на услужниот сектор и опфаќа разновиден спектар на креативни индустрии, медиумски корпорации, конгресни и конвенциски центри. Берлин претставува континентален центар за воздушениот и железничкиот сообраќај, и еден од најпосетените туристички центри во ЕУ. (Дознајте повеќе...)
Одржлива енергија — енергија произведена и искористена на таков начин што „ги задоволува денешните потреби, без да ја наруши способноста на идните генерации да ги задоволат своите потреби“. Поимот „одржлива енергија“ често се користи обострано со терминот обновлива енергија. Општо земено, обновливите извори на енергија, како што се сончевата, ветерната и хидроелектричната енергија, се сметаат за одржливи. Сепак, одредени проекти за обновлива енергија, како што е расчистување на шумите за производство на биогорива, може да доведе до слична или полоша штета кон животната средина, во споредба со употребата на енергија од фосилните горива. Јадрената енергија е безбеден извор на незагадувачка енергија, но нејзината одржливост е предмет на расправа поради производството на јадрен отпад и ограничените извори на ураниум. Енергетското преминување за исполнување на светските потреби за електрична енергија, греење, ладење и енергија за превоз на одржлив начин се смета за еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото во XXI век. На светско ниво, скоро милијарда луѓе немаат пристап до електрична енергија, а околу 3 милијарди луѓе се потпираат на горива што испуштаат многу чад како дрво, јаглен или животински измет за готвење храна. Овие и фосилните горива се најголем придонесувач за загадувањето на воздухот, што предизвикува околу 7 милиони смртни случаи годишно. Производството и потрошувачката на енергија емитува над 70% од емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот. (Дознајте повеќе...)
Историја на Цариград — периодот од основањето на градот во 330 година како нова престолнина на Римското Царство до заземањето на градот од страна на Османлиите во 1453 година. Всушност градот бил повторно изграден на местото на античкиот Византион. Огромниот обем на градежните работи, брзиот пораст на населението, развојот на трговијата и занаетчиството, метрополскиот статус на градот и напорите на првите римски цареви во Цариград довеле да градот стане еден од најголемите градови во Европа и на Блискиот Исток. По падот на Рим во V век, Цариград станал главен град во следните десет векови на Источното Римско Царство или подоцна познато како Византија. Историјата на Цариград во текот на византиската ера е исполнета со турбулентни политички настани како востанија и интриги во палатата, убиства на царевите помеѓу благородничките династии, големи опсади и кампањи од страна на силните западни и источни соседи. До XIII век градот претставувал најголемиот центар на културата во средновековна Европа, далеку понапред од другите светски метрополи во однос на образованието, активноста на духовниот живот и развојот на материјалната култура. Заземањето на Цариград од Османлиите во мај 1453 го означил конечниот колапс на Византиското Царство и преобразба на Отоманското Царство во една од најмоќните земји во светот. Падот на Цариград предизвикал шок низ христијанска Европа и голема слава на властите од Каиро, Тунис и Гренада. Покрај тоа во следниот период започнало целосно уништување на византиската култура, а Османлиите во Европа биле синоним за суровост кон христијанството. (Дознајте повеќе...)
Земја — една од осумте планети во Сончевиот Систем. Таа е трета по оддалеченост од Сонцето и најголема планета со цврста површина, за разлика од гасовитите џинови. Планетата земја има еден природен сателит, Месечината, и засега е единствената позната планета на која има живот. Во геологијата преовладува мислењето дека земјата е стара околу 4,6 милијарди години, што е потврдено со одредувањето на периодте на полураспад на ураниумот и ториумот. Времето на U238 изнсува 4,51 x 109, а Th232 е 1,39 x 1010 години. Земјата има и магнетно поле кое, заедно со атмосферата, ја штити од непожелно зрачење (штетно по живите суштества кои ја населуваат земјата). Атмосферата, исто така служи и како штит за одбивање на помалите метеори, кои поминувајќи низ неa согоруваат пред да стигнат до површината. Почнувајќи од 1970 г. на 22 април секоја година се празнува Денот на планетата Земја. (Дознајте повеќе...)
Старогрчката митологија претставува вкупност од митови и легенди на Старите Грци опфаќајќи ги нивните богови и херои, природата на светот и потеклото и значајноста на нивниот култ и нивните обичаии и обреди. Сите овие нешта биле дел од религијата на Стара Грција. Денешните научници се своите основи ги темелат и ги проучуваат митовите во обид да откријат повеќе за религиозните и политичките институции во Стара Грција, целокупната цивилизација и да ја разберат природата на самото создавање на митот. Старогрчкиот мит го објаснува потеклото на светот и во детали ги опишува животите и авантурите на мноштво богови, божици, херои, хероини и други митолошки суштества. Овие вредности отпрвин биле распространти низ усна традиција; денес старогрчките митови пред сè се познати од старогрчка литература. Најстарите познати старогрчки литературни извори се епските песни Илијада и Одисеја, кои главно се фокусирани на настаните околу Тројанската војна. Двете поеми од Хесиод, Теогонија и Дела и денови раскажуваат за настанувањето на светот, наследството на божествените владетели, потеклото на човекот и неговите проблеми. Исто така до денеска се зачувани и митови кои произлегуваат од Хомеровите химни, кои се поврзани со митови по поразот на постарите богови, и станувањето на Зевс како врховен Бог. Изворите за старогрчката митологија се пренесувале од колено на колено, главно по усмен пат. Една од најосновните одлики на старогрчката митологија е нејзиниот политеизам, односно постоењето на многу богови. Друга одлика за боговите е антропоморфната претстава за боговите, односно старите Грци своите богови ги претставувале во човечки вид, со човечки особености и одлики. (Дознајте повеќе...)
Македонска граматика — дел од науката за македонскиот јазик, позната како македонистика, која ги изучува формите и значењата на граматичките елементи во системот. Македонската граматика се занимава со опишување, изучување и класификација на сложениот систем составен од именки, глаголи, придавки, предлози, прилози, заменки, извици, честички, модални зборови и броеви. Паралелно со тоа, оваа јазична дисциплина се дели на неколку големи гранки, во зависност од темата која се изучува, па така има правопис и правоговор, морфологија, синтакса, фонетика и фонологија, лексикологија, лексикографија, стилистика, дијалектологија и ономастика. Граматиката на македонскиот јазик и неговите говори била изучувана подолг период во минатото. Како прва печатена граматика на македонскиот јазик се јавува „Слогница речовска“, издадена во 1880 година во Софија од македонскиот преродбеник и револуционер Ѓорѓија Пулевски. „Слогница речовска“ е еден од првите обиди за опис на современата македонска граматика, која требало да излезе во неколку делови и била наменета за општо изучување на јазикот. Покрај „Слогница речовска“, важно е да се наведе и првата печатена македонска граматика во слободна Македонија, односно граматиката на Круме Кепески издадена во 1945 година веднаш по стандардизирањето на јазикот. Меѓу овие две граматики се јавуваат и други значајни обиди за печатење на македонската граматика, кои се фокусирале на класификацијата и опишувањето граматика за општото изучување на јазикот. Денес постојат поголем број печатени македонски граматики, печатени на македонски или на некој од светските или европските јазици. (Дознајте повеќе...)
Сицилијанската одбрана — шаховско отворање кое настанува со потезите: е4 с5. Сицилијанската одбрана е најпопуларен и најсигурен одговор на потегот 1.е4. Всушност, многу статистички истражувања покажуваат дека најголеми шанси за победа белиот има доколку се отвори со 1.d4, укажувајќи на тоа дека 1...с5 е силен потег против 1.е4. Всушност New in Chess, во едно од своите издданија од 2000, тврдеше дека во базата на податоци на одиграните партии, белиот победува со 56.1% сигурност (296.200 партии) отворајќи се со 1.d4, но цели 2 одсто помалку (54.1%) од 349.855 партии отворајќи се со 1.е4. „Главен виновник одговорен за потврдувањето на оваа работа“ беше Сицилијанската Одбрана којашто го намали степенот на успешност на белиот на 52.4% од 145.996 партии. Една шестина (околу 17%) од сите партии помеѓу велемајсторите, и една четвртина (25%) од базата на податоци на Шаховски информатор започнуваат со Сицилијанска одбрана. Велемајсторот Џон Нан забележува дека причина за популарноста на Сицилијанската одбрана е „борбената природа; во многу линии, црниот не игра само за еднаквост, туку и за предност. Слабата е страна е тоа што белиот чето рано ја презема иницијативата, па црниот мора да внимава да не прифати жртва за брз напад.“ Најраните регистрирани белешки на Сицилијансјката Одбрана датираат од доцниот 16. век од италијанските шахисти Џулио Полерио и Џоакино Греко. (Дознајте повеќе...)
Торинско платно — ленено платно со слика на еден човек за кој се претпоставува дека е Исус Христос, кој се чини дека бил физички трауматизиран при распетието. Таа се чува во кралската капела на катедралата „Св. Јован Крстител“ во Торино, Италија. Се верува дека тоа e крпата со која било обвиткано телото на Исус за време на неговиот погреб. Сликата на платното е повеќе видлива кога е сликана во негатив одошто во природните бои. Негативната фотографија на сликите од платното била за прв пат проучена вечерта на 28 мај 1898 година кога ја сликал аматерскиот фотограф Секондо Пија. Тој добил дозвола да го слика платното додека било објавено за јавноста во Катедралата во Торино. Според Пија, само што не го пуштил апаратот од раце кога ја видел сликата со човечко лице на неа. Платното е предмет на интензивна дебата помеѓу научниците, верниците, историчарите и писателите за тоа од кога постои платното, од каде потекнува и како е создаден ликот на самото платно. Од религиска гледна точка, во 1958 година Папата Пиј XII, заедно со Католичката црква, дека ликот е светото лице на Исус. Некои веруваат дека платното е покривката со која бил покриен Исус кога го поставиле во гробот. Скептичните луѓе веруваат дека ова платно е обична средновековна лажга, додека пак други тврдат дека ликот се создал по пат на природни хемиски реакции. Врз платното биле извршени различни тестови. Тестирањата со радиојаглерод во 1988 година извршени од три независни тимови научници изјавиле дека платното е создадено во средновековието, околу 1300 години по смртта на Исус. По ова тестирање произлегле големи реакции за точноста на испитувањето, најмногу од Хери Е. Гов. Следните анализи биле објавени во 2005 година тврдат дека примероците кои ги зеле научниците не се од самото платно. Самото платно било оштетено од оган за време на средновековието, па според тоа анализите објавени во 2005 година посочуваат дека поради оганот на платното биле додадени јаглеродни материјали што резултирало со поголема радиојаглеродна материја. (Дознаје повеќе...)
Договор за неширење на јадрено оружје — меѓународен договор чија цел е да се спречи ширењето на јадреното оружје и технологија оружје, за да се промовира соработка за користењето на мирен јадрена енергија, и да се продолжи со целта за постигнување јадрено разоружување и општо и целосно разоружување. Помеѓу 1965 и 1968 година, договорот бил договорен од страна на Комитет на осумнаесет нации за разоружување, организација спонзорирана од Обединетите нации со седиште во Женева, Швајцарија. Отворен за потпис во 1968 година, договорот стапил на сила во 1970 година. Како што налага текстот, по 25 години, страните од НПТ се состанале во мај 1995 година и се согласиле да го продолжат договорот на неодредено време. Повеќе земји се членки на НПТ од кој било друг договор за ограничување и разоружување на оружјето, што е доказ за значењето на договорот. Од август 2016 година, 191 држава станале членки на договорот, иако Северна Кореја, пристапила во 1985 година, никогаш не влегла во согласност, го објавила своето повлекување од НПТ во 2003 година, по активирањето на јадрените уреди во кршење на основните обврски. Четири земји-членки на ООН никогаш не го прифатиле НПТ, од кои три поседуваат или се смета дека поседуваат јадрено оружје: Индија, Израел и Пакистан. Покрај тоа, Јужен Судан, основан во 2011 година, не се приклучил. Договорот ги дефинира државите со јадрено оружје како оние што изградиле и тестирале јадрена експлозивна направа пред 1 јануари 1967 година; тоа се САД, Русија, Велика Британија, Франција и Кина. За други четири држави се знае или се верува дека поседуваат јадрено оружје: Индија, Пакистан и Северна Кореја отворено тестирале и изјавиле дека поседуваат јадрено оружје, додека Израел бил намерно двосмислен во однос на статусот на јадрено оружје. (Дознајте повеќе...)
Странските пропаганди на територијата на Македонија продреле како резултат на тешка и комплицирана ситуација на Македонија и Отоманската империја, кои дополнитело го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците. Во Македонија активно дејствувале повеќе пропаганди, како што се грчката, бугарската, српската, романската, католичката и протестантската пропаганда. Првите три пропаганди имале исклучиво асимилаторски карактер, додека останатите биле поставени врз верска основа, но со политички цели и треба да се истакне дека последните две пропаганди не дејствувале ретроградно врз македонскиот национален индивидуалитет. Главни задачи на бугарската, грчката и српската пропаганда во Македонија биле да се придобијат што повеќе т.н. „национални приврзаници“ кои би се искористиле како „внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за територијалните претензии на балканските држави кои ги имале кон Македонија. Овие пропаганди воглавно дејствувале преку црквите, училиштата и хуманитарните институции. На црковен план се дејствувало преку одржување на постојните цркви, но и преку подигнување нови верски објекти, преку создавање на црковен кадар и верска литература. На просветен план се дејствувало преку одржување и подигнување нови училишта, финансиска издршка на учителите и директорите, стипендии и пансиони за учениците и студентите, како и соодветна литература која не била на македонски јазик. На хуманитарен план најчесто се дејствувало преку болниците. Покрај овие мерки пропагандите се користеле и со закани до населението, обвиненија и клевети на населението дека се бунтовници, потоа преку користење на рушвети или поткуп на турските власти. Треба да се истакне дека пропагандата била ширена и преку употреба на сила и дејствување на вооружени чети. Вакавата вооружена пропаганда особено се засилила по Илинденското востание. (Дознајте повеќе...)
Отпад од храна — храна којашто не се јаде. Причините за губење или фрлање на храна се многубројни и се јавуваат во целиот систем на исхранување, за време на производството, преработката, малопродажбата и потрошувачката. Глобалното губење на храна и отпад изнесуваат помеѓу една третина и една половин од целата произведена храна. Во земјите со ниски примања најголема загуба се јавува за време на производството, додека во развиените земји многу храна — околу 100 кг по лице годишно —- се троши во фаза на потрошувачка. Отпадот од храна е голем дел од влијанието на земјоделството врз климатските промени. Организацијата за храна и земјоделство процени во 2014 година дека изгубениот отпад од храна предизвикува глобални економски, еколошки и социјални трошоци од 2,6$ трилиони годишно и е одговорен за 8% од глобалните емисии на стакленички гасови. Покрај тоа, отпадот од храна што не се ракува или обновува правилно, односно преку компостирање, може да има многу негативни еколошки последици. На пример, депонискиот гас од анаеробно варење на органска материја е главен извор на метан во стаклена градина, а фосфорот што не се повраќа во отпадот од храна, доведува до понатамошно ископување на фосфат. Покрај тоа, намалувањето на отпадот од храна во сите делови на системот за храна е важен дел од намалувањето на влијанието на земјоделството врз животната средина, преку намалување на вкупната количина на вода, земја и други ресурси потребни за да се нахрани глобалната заедница. (Дознајте повеќе...)
Логаритам – обратна операција на степенувањето, исто како што делењето е обратна операција на множењето и обратно. Тоа значи дека логаритам од некој број е степенот на кој што друг број треба да се степенува за да истиот се добие. Во наједноставен случај логаритмот ги брои повторените множења на ист множител, на пример, бидејќи 1000 = 10 × 10 × 10 = 103, „логаритмот со основа 10“ од 1000 е 3. Поопшто, степенувањето овозможува кој било реален број да се степенува на кој било степен, притоа дава позитивен резултат, така што може да се пресмета логаритам за кои било два позитивни реални броеви b и x каде b е различен од 1. Логаритам од x со „основа“ b, обележан како logb (x) (или logb x за да нема забуни), е единствениот реален број y така што by = x. На пример, log2 64 = 6, со оглед дека 64 = 26. Логаритмот со основа 10 (што значи b = 10) се нарекува десетичен логаритам и има бројни примени во науката и инженерството. Природниот логаритам за основа го има бројот e (≈ 2,718), и истиот нашироко се користи во математиката и физиката заради неговиот поедноставен извод. Основата на двоичниот логаритам е 2 (така што b = 2) и се користи во информатиката. (Дознајте повеќе...)
Кир Велики (576 или 590 – август 529 п.н.е.) — персиски цар од иранската династија Ахемениди, војсководец, законодавец и основоположник на персиското царство. За време на своето владеење го проширил царството на поголем дел од Југозападна и Средна Азија, од Египет и Босфор на запад до реката Инд на исток, и го создал првото и најголемо царство на стариот век. Во текот на своето владеење, кое траело три децении, Кир ги освоил некои од најголемите кралства на тоа време, како Лидија, Медија и Вавилон, и водел воени експедиции во Средна Азија, каде ги покорил сите народи. Но тој не отишол во поход против Египет, ниту против европска Грција, како што тоа го направиле неговите следбеници Камбиз II и Дариј I Велики. Според Херодот, Кир загинал во битката против Скитите, во летото 530 или 529 година п.н.е. Него го наследил синот Камбиз II, кој го освоил Египет во текот на своето релативно кратко владеење. Кир бил следбеник на зороастриската религија. Освен силното влијание врз персиската историја, Кир влијаел и врз јудаизмот, човековите права, политиката и воената стратегија и врз вкупната источна и западна цивилизација. Слично на хероите од другите култури и основоположниците на големите царства, така и за Кир Велики постојат бројни легенди за неговото потекло и семејството. Според Херодот, Кир бил внук на медијскиот крал Астијаг и бил одгледан во скромно овчарско семејство. Според друга легенда, тој потекувал од сиромашно семејство и работел на медијскиот двор. Легендите се сосема противречни на сопствените сведочења на Кир, според кој, тој го наследил престолот на својот татко, дедо и прадедо. Името Кир е хеленизиран збор од староперсиското име Куруш. Античките историчари Ктезиј и Плутарх наведуваат дека Кир го добил своето име од зборот Курос, што значи „Сонце“ или „Сличен на сонце“, т.е. со персиската именка за сонце – Хор, стои и наставката – ваш, што значи сличност. Модерните историчари, како Карл Хофман и Ридигер Шмит, во Енциклопедија Ираника, сметаат дека името Кир значи „вербален победник“. (Дознајте повеќе...)
ABC-транспортер — член на натсемејство на транспортни системи, која е една од најголемите и веројатно една од најстарите фамилии со претставници во сите колена на живиот свет, од прокариоти па сѐ до човекот. ABC-транспортерите често се изградени од повеќе подединици, од кои една или две се трансмембрански белковини и една или две се мембрански-асоцирани ATPази. ATPазните подединици ја користат енергијата од врзувањето и хидролизата на ATP за да ја покренат транслокацијата на различни супстрати низ мембраната, без разлика дали е за внес или изнес на супстратот. Повеќето, но не сите, системи за внес имаат и екстрацитоплазматски рецептор кој го врзува супстратот. Некои хомологни ATPази учествуваат во процеси кои не се поврзани со транспорт, како што се на пример транслацијата на РНК и поправката на ДНК. ABC-транспортерите се класифицираат во ABC натсемејството на белковини, врз основа на секвенцата и организацијата на нивните ATP-врзувачки касетни (ABC) домени, иако нивните интегрални мембрански домени еволуирале независно едни од други неколку пати во еволуционата историја на животот, што ги прави да припаѓаат на различни белковински семејства. Интегралните мембрански белковини на ABC експортерите (изнесувачите) еволуирале независно едни од други најмалку трипати во историјата на животот. Врз основа на нивните тридимензионални структури со висока резолуција, веројатно е дека интегралните мембрански белковини на ABC импортерите (внесувачите) еволуирале независно едни од други најмалку трипати. ABC импортерите во клетката внесуваат разни молекули, како што се: хранливи материи, биосинтетски претходници, витамини, метални јони; додека ABC експортерите изнесуваат од клетката стероли, липиди, ксенобиотици и голем број на првични и вторични метаболити. Високото ниво на експресија на гените кои кодираат некои од овие експортери и кај прокариотските и кај еукариотските организми (вклучувајќи го и човекот) резултира со развој на резистентност кон многу лекови, како што се антибиотици и антиканцерогени лекови. (Дознајте повеќе...)
Месечина — единствен природен сателит на планетата Земја и најблиско небесно тело до неа. Со околу една четвртина од пречникот на Земјата (споредливо со ширината на Австралија), таа е најголемиот природен сателит во Сончевиот Систем во однос на големината на неговата планета, петти по големина сателит во Сончевиот Систем, и е поголема од која било позната џуџеста планета. Месечината е објект со планетарна маса кој формирал диференцирано карпесто тело, што ја прави сателитска планета според геофизичките дефиниции на терминот. На Месечината ѝ недостасува значајна атмосфера, хидросфера или магнетно поле. Нејзината површинска гравитација е околу една шестина од Земјината (0,1654 g); Јупитеровата месечина Ија е единствениот сателит во Сончевиот Систем за која се знае дека има повисока гравитација и густина. Кружи околу Земјата на просечно растојание од 384.400 км или околу 30 пати поголемо од пречникот на Земјата, нејзиното гравитациско влијание малку го продолжува денот на Земјата и е главниот двигател на плимата и осеката на Земјата. Орбитата на Месечината околу Земјата има орбитален период од 27,3 денови. За време на секој период од 29,5 денови, количината на видлива површина осветлена од Сонцето варира од 0 до 100%, што резултира со месечеви мени кои ја формираат основата за месеците од месечевиот календар. Месечината е плимно сврзана за Земјата, што значи дека должината на целосното свртување на Месечината околу сопствената оска предизвикува нејзината иста страна (блиската страна) секогаш да биде свртена кон Земјата, а нешто подолгиот месечев ден е ист како орбиталниот период. Според тоа, 59% од вкупната површина на Месечината може да се види од Земјата преку поместувања на поради либрација. (Дознајте повеќе...)
Клуж-Напока (романски: Cluj-Napoca, унгарски: Kolozsvár) — втор најнаселен град во Романија, по престолнината Букурешт, и седиште на истоимениот округ кој се наоѓа во северозападниот дел на земјата. Географски, градот е приближно еднакво оддалечен од Букурешт (324 км), Будимпешта (351 км) и Белград (322 км). Клуж-Напока се наоѓа по долината на реката Сомешул и се смета за неофицијална престолнина на историската провинција Трансилванија. Од 1790 до 1848 и во периодот 1861-1867 година, градот бил престолнина на Големото Кнежевство Трансилванија. Според податоците од 2011 година, во градот живеат 324.576 жители, што претставува мало зголемување од бројката забележана во пописот од 2002 година. Градското подрачје на Клуж-Напока борои 411.379 жители, додека заедно со околината, населението надминува 420.000 жители. Според проценката од 2007 година, направена окружниот регистар на населението, градот бил домаќин на околу 20.000 студенти годишно во текот од 2004-2007. Во централното подрачј на Клуж-Напока се наоѓа црквата Свети Михаил, изградена во XIV век, а посветена на Архангел Михаил, кој е заштитник на градот. Границата на општината има површина од 179,52 км2. Клуж-Напока доживеал голем пад во текот на 1990-тите години поради политиките на градоначалникот во тоа време, но денес градот е еден од најважните академски, културни, индустриски и трговски центри во Романија. Меѓу другите институции, градот е домаќин на најголемиот универзитет во Романија, „Бабеш Болјаи“, со неговата позната ботаничка градина, на неколку национално признати културни институции, како и на најголемата романска комерцијална банка. Во 2015 година, Клуж-Напока бил избран за Европска престолнина на младите. (Дознајте повеќе...)
Анри Матис (1869 – 1954) — француски сликар и вајар. Почнал како фовист, експериментирал со поeнтилизмот но со време станал попрефинет и сликал со богат колорит, за на крајот да заврши со чиста декоративност и личен стил на колажни форми по кој станал препознатлив. Силно влијаел врз модерното европско сликарство и заедно со Пикасо е еден од главните негови претставници. Интензивната разнобојност во неговите слики во периодот од 1900 до 1905 година придонела да се вбројува како еден од фовистите (диви ѕверови). Многу од неговите најпознати дела биле создадени во оваа декада или по 1906 година, кога развил строг стил кој ги нагласувал зарамнетите форми и украсните шари. Во 1917 година, Матис се преселил во населба на Ница крај францускиот брег на Средоземното Море, а полабавиот стил во неговите дела во 1920-тите му го донел статусот на издигнувач на класичната традиција во француското сликарство. По 1930 година, применувал изразено поедноставување на формите во неговите дела. Кога неговото здравје било кревко во последните години од животот, создал значајни дела со примена на хартиени парчиња колаж. Неговото мајсторство коешто е прикажано во дела создадени во период подолг од половина век му оддало признание за водечка личност во современата уметност. (Дознајте повеќе...)
Брзина на светлината — физичка константа важна во голем број области од физиката. Нејзината вредност (во вакуум) изнесува точно 299.792.458 м/с (≈3,00 × 108 м/с), односно 1.079.252.848,8 км/ч. Според специјалната теорија на релативноста тоа е максималната брзина со која сета енергијата, материјата и сите информации можат да патуваат во универзумот, а која може да се постигне единствено во вакуум . Затоа често се обележува и со c0. Во други средини (течности, гасови...) брзината на светлината е различна и секогаш помала отколку во вакуум. Со брзината на светлината во вакуум се движат честичките кои немаат маса и електромагнетното зрачење (светлината и гравитациските бранови и се одвиваат промените во полињата. Тие ја задржуваат c без разлика на движењето на нивниот извор или на инерцијалниот појдовен систем на набљудувачот. Во теоријата на релативноста c ги соединува просторот и времето и се појавува во познатата Ајнштајнова равенка за еднаквост на масата и енергијата E = mc2. Брзината со која светлината се пренесува низ проѕирни материјали (стакло, воздух...), а радиобрановите низ кабли, е помала од c. Односот меѓу c и v, брзината со која светлината патува низ одреден материјал, го дава показателот на прекршување n на материјалот (n = c / v). За видливата светлина показателот на прекршување на стаклото изнесува околу 1,5, што значи дека низ стаклото светлината патува со брзина од c / 1,5 ≈ 200.000 км/с. Показателот на прекршување на воздухот изнесува приближно 1,0003 за видливата светлина, што значи дека таа низ воздух се движи со брзина од 299.700 км/с (90 км/с побавно отколку со c). (Дознајте повеќе...)
Отпад од храна — храна којашто не се јаде. Причините за губење или фрлање на храна се многубројни и се јавуваат во целиот систем на исхранување, за време на производството, преработката, малопродажбата и потрошувачката. Глобалното губење на храна и отпад изнесуваат помеѓу една третина и една половин од целата произведена храна. Во земјите со ниски примања најголема загуба се јавува за време на производството, додека во развиените земји многу храна — околу 100 кг по лице годишно —- се троши во фаза на потрошувачка. Отпадот од храна е голем дел од влијанието на земјоделството врз климатските промени. Организацијата за храна и земјоделство процени во 2014 година дека изгубениот отпад од храна предизвикува глобални економски, еколошки и социјални трошоци од 2,6$ трилиони годишно и е одговорен за 8% од глобалните емисии на стакленички гасови. Покрај тоа, отпадот од храна што не се ракува или обновува правилно, односно преку компостирање, може да има многу негативни еколошки последици. На пример, депонискиот гас од анаеробно варење на органска материја е главен извор на метан во стаклена градина, а фосфорот што не се повраќа во отпадот од храна, доведува до понатамошно ископување на фосфат. Покрај тоа, намалувањето на отпадот од храна во сите делови на системот за храна е важен дел од намалувањето на влијанието на земјоделството врз животната средина, преку намалување на вкупната количина на вода, земја и други ресурси потребни за да се нахрани глобалната заедница. (Дознајте повеќе...)
1 − 2 + 3 − 4 + … — бесконечен ред во математиката, чиишто членови се последователни позитивни броеви со променлив знак. Сумата на првите m членови од редот може да се запише како: Овој бесконечен ред дивергира, што значи дека неговата низа од делумни суми, (1, −1, 2, −2, ...), не тежнее кон било која гранична вредност. Сепак, во средината на 18. век, Леонард Ојлер го запишал следново, коешто го окарактеризирал како парадоксално: Математички метод, употребен за да се објасни ваквото равенство, бил развиен многу подоцна. Почнувајќи во 1890 година, Ернесто Чезаро, Емил Борел и други математичари строго ги испитувале постоечките методи за утврдување на сумата на дивергентните редови, вклучувајќи и нови толкувања на Ојлеровите обиди. Многу од овие методи за пресметка на сумата на редот 1 − 2 + 3 − 4 + ... лесно доведуваат до решение еднакво на 1⁄4. Сумирањето по Чезаро е еден од неколкуте методи коишто не врши сумирање на 1 − 2 + 3 − 4 + ..., така што редот е пример за којшто е потребен многу поприкладен метод, како на пример Абеловото сумирање. (Дознајте повеќе...)
|