Оноре де Балзак
Оноре де Балзак (француски: Honoré de Balzac; 20 мај 1799 — 18 август 1850) — француски писател на романи и драми. За негово капитално дело се смета збирката романи Човечка комедија, која раскажува за животот во Франција по заминувањето на Наполеон. Се смета за еден од предводниците на реализмот во европската книжевност, поради прикажувањето на општеството такво какво е, и ликовите што имале сложен морален фоторобот. Дури и споредните ликови биле карактерно повеќеслојни, со етички двојби и целосно очовечени. Неговите дела влијаеле врз многу писатели, како Емил Зола, Чарлс Дикенс, Гистав Флобер, Хенри Џејмс и филозофот Фридрих Енгелс. Многу од романите на Балзак биле филмски преработени. Во неговата богата галерија од две илјади книжевни ликови се јавуваат пропаднати благородници,декларирани достоинственици на бонапартистичко царство, несреќни љубовници,, налудничави скржавци, вешти деловни лиѓе од новото опшество, пропаднати кариеристи, авантуристи, собари, собарки, декларирани чиновници, адвокати, попови, новинари,провинциски госпоѓици, нови богаташи, робијаши, офицери, војници, селани итн. Со своето грандиозно дело и за денешниот читател изгледа гигант и таков го замислил и го остварил големиот француски вајар Огист Роден.[1]
Оноре де Балзак Honoré de Balzac | |
---|---|
дагеротипија од Оноре де Балзак од 1842 | |
Роден/а | 20 мај 1799 Тур, Франција |
Починат/а | 18 август 1850 (возраст: 51) Париз, Франција |
Занимање | писател, литературен критичар, новинар, издавач |
Жанр | роман, драма, есеј |
Книжевно движење | реализам |
Значајни дела | |
Сопруг/а | Евелина Ханска |
Потпис |
Животопис
уредиСемејно потекло
уредиОноре де Балзак е роден на 20 мај 1799 година во Тур, во граѓанско семејство (дури подоцна, тој додал „де“ кон своето презиме со цел да покаже дека има благородничко потекло).[2] Неговиот татко, Бернар Франсоа Балса, бил едно од 11. деца во работничко семејство од Тарн, област во јужна Франција. Во 1760 година заминал за Париз за да си го подобри социјалниот статус во општеството. Во 1776 година станал секретар на кралскиот совет и масон, и го променил презимето во Балзак бидејќи звучело поблагороднички.[3] По јакобинската диктатура (1793–94), Франсоа Балзак бил испратен во Тур да го координира снабдувањето на француската армија.[4] Мајката на Балзак, Ан Шарлот Лора Саламбје, потекнувала од трговско семејство од Париз. Таа имала 18 години кога се омажила за Франсоа Балзак, кој имал 50 години.[5] Иако не била вљубена во Франсоа, таа била дадена поради пријателските односи на Франсоа со нејзиното семејство.[6] Оноре бил второ дете на двојката, откако една година пред него е роден Луј-Даниел, кој починал еден месец по раѓањето. Неговите две сестри биле родени во 1800 и 1802, додека најмалиот брат Анри-Франсоа во 1807 година.[7][8]
Рани години
уредиКако бебе Балзак имал доилка, честа пракса помеѓу побогатите семејства во тоа време. На рана возраст, заедно со сестрата Лора минал четири години надвор од домот.[9] Кога се вратил дома, Балзак бил повлечен и без блиска врска со родителите, што силно се одразило врз него. Во неговиот роман од 1835, Лили од долината, ликот г-ѓа Каролина е строга воспитувачка, моделирана според Балзаковата воспитувачка.[10] На 10 години Балзак започнал да посетува црковно училиште во Вандом, каде учел седум години. Таткото, за да го научи сам да се бори во животот, му давал малку пари, поради што бил исмеван од побогатите соученици.[11][12] Балзак имал тешкотии со помнење на лекциите, поради што често бил казнуван со седење сам во друга просторија. За време на самицата, Балзак ги читал неговите омилени книги.[13] Овие случки биле вклучени во Луј Ламбер, роман од циклусот Човечка комедија, кој раскажува за момче кое учело црковно училиште во Вандом.[14] Балзак често се разболувал, а имало случај кога учителот го известил семејството дека Балзак паднал во бунило. Удел во нарушеното здравје на Балзак и имале честите самици.[15]
Во 1814 семејството на Балзак се преселило во Париз, каде Оноре две и пол години посетувал приватно училиште. Ова бил многу несреќен период од животот на Балзак, кој имал и обид за самоубиство од мостот на реката Лоара.[16] В0 1816 Балзак се запишал на универзитетот Сорбона, каде му предавале тројца познати професори: Франсоа Гизо, кој подоцна станал француски премиер, Абел-Франсоа Вилмен, професор по модерна историја, и Виктор Кузен, професор по филозофија кој ги насочувал студентите да мислат самостојно.[17] Кога ги завршил студиите, според желба на татко му, Оноре три години работел во канцеларијата на семејниот пријател и правник Виктор Пасе, подготвувајќи се за адвокатска кариера.[18] Во 1819 година Пасе му понудил на Балзак да ја наследи канцеларијата, но тој одбил со образложение дека му било доста од правната наука.[19] Наспроти волјата на родителите, Оноре започнал да се занимава со книжевност. Во 1820 година ги прекинал односите со семејството — Балзак живеел во центарот на Париз, додека семејството во париско предградие оддалечено 32 километри од центарот на градот.[20]
Семеен живот
уредиВо 1833, Балзак во писмо до неговата сестра открил дека имал забранета љубовна врска со писателката Марија ди Френе, која имала 24 години. Марија била во брак со градоначалникот на Сартрувил Шарл ди Френe, многу постар од неа.[21] Во писмото, Балзак напишал дека Марија била бремена со негово дете. Во 1834 година, осум месеци по писмото, се родила Марија Каролина ди Френe. Подоцна се покажало дека ликот Марија од Евгенија Гранде бил олицетворение на вонбрачната ќерка на Балзак.
Во февруари 1832 година, Балзак добил непотпишано писмо од читател од Одеса, во кое бил критикуван поради цинизмот, атеизмот и негативната претстава за жените во „Шагринска кожа“. Тој одговорил со платен оглас во весникот „Газета де Франс“, надевајќи се дека испраќачот ќе го прочита. Така започнало 15-годишно допишување помеѓу Балзак и „дамата од неговите соништа“ — Евелина Ханска.[22] Ханска била полска грофица, омажена за маршалот Вацлав Хански, богат полски земјопоседник со живеалиште во Киев, 20 години постар од неа. Тоа било брак од интерес, со цел да се зачува богатството на семејството на Евелина.[23] Маршалот Хански починал во 1841 година, што отворило можност да се сретнат. Балзак ја посетил Ханска 1843 година во Санкт Петербург и веднаш ја освоил.[24] И покрај финансиските и здравствени проблеми на Оноре, и негодувањето од рускиот цар Николај I, двојката добила дозвола да се венча.[25] На 14 март 1850 година, Балзак ја зел невестата од семејниот дом во Волињската Губернија, и патувале 10 часа со пајтон до црква во градот Бердичив каде се венчале. Балзак претрпел срцеви проблеми поради долгиот пат. При крајот на април, двојката тргнала на пат за Париз, а се вратила на 20 мај, на 51. роденден на Балзак.[26] На 18 август, пет месеци по женидбата, Балзак починал. Денот кога починал, Балзак бил посетен од Виктор Иго, кој го прочитал и посмртниот збор на погребот.[27] Балзак бил закопан на гробиштата Пер Лашез во Париз. На комеморацијата, Иго кажал дека „денес луѓето се во црно поради смртта на надарен човек; нацијата жали за загубата на генијот“.[28] Погребот бил посетен од писателите Фредерик Леметр, Гистав Курбе, Дима таткото, Дима синот, како и претставници на Легијата на честа.[29] Во 1939 година, во Париз бил поставен бронзен споменик на Балзак, изработен од францускиот вајар Огист Роден.
Творештво
уредиПрви книжевни обиди
уредиПрвиот обид на Балзак бил да напише либрето за комедијата Гусарот, според истоимената поема на Џорџ Гордон Бајрон. Набргу се откажал од оваа идеја бидејќи не можел да најде композитор. Во 1820 година ја напишал Кромвел, трагедија во пет чина, која немала позабележителен успех.[30] Кога ја завршил се вратил во Вилпаризи да ја прочита на семејството, но неговите најблиски не биле задоволни.[31] Кратко потоа започнал три романи, кои останале незавршени: Стени, Фалтурн, и Корсино. Во 1821 го запознал Огист де Поатевен, кој на Балзак му предложил да пишува кратки раскази, што подоцна ги продавал на издавачи. Балзак брзо се префрлил на подолги прозни дела, па така до 1826 година напишал девет романи во соработка со други автори, каде се потпишувал под псевдоним.[32] Овие дела биле сензационалистички романи по нарачка, кои требало да ја шокираат публиката и да се продадат во поголем тираж. Романот Викарот од Ардените (1822) бил забранет поради приказната за инцестна врска на женет свештеник, која била сфатена како исмевање на црквата.[33] Во овој период напишал и два памфлети како поддршка на Исусовците и католичката црква.[34]
Сепак, немал успех во писателскиот занает и по шест години се префрлил на печатарска и издавачка дејност. Најпрво издавал еднотомни изданија на француски класици, вклучувајќи и дела на Молиер, кои не му донеле никаков успех.[35] Повеќе среќа имал со објавување на мемоарите на грофицата Лора Жино, со која имал љубовна афера.[36] Балзак позајмувал пари од семејството и пријателите да отпочне со печатарска дејност, а потоа и дизајнирање корици на книги.[37] Поради неискуството и недостигот на пари ги предал овие дејности на близок пријател, кој подоцна успеал да ги направи профитабилни.[35] Неговите пропаднати деловни потфати само го оптовариле со големи долгови со кои се борел во текот на целиот живот. До април 1828 година должел 50.000 франци само на неговата мајка.[37] Сепак, тој не се предавал и во 1829 година, на триесетгодишна возраст, повторно ѝ се вратил на книжевноста, објавувајќи го романот Шуани, кој најпосле му донел слава.[2][38]
Човечката комедија
уредиПочетните книжевни обиди на Балзак завршиле неславно, што го принудило привремено да се откаже од пишувањето. На книжевноста ѝ се вратил на триесетгодишна возраст, кога стекнал голема слава со романот „Шуани“. Подоцна Балзак напишал многу подобри романи, но „Шуани“ е значаен по тоа што во него, по долго и мачно зреење, за првпат доаѓа до израз големата творечка сила на авторот. Истовремено, успехот на овој роман го поттикнал писателот да се оддаде на макотрпна работа, создавајќи околу 100 дела во период од 20 години, кои заедно ја сочинуваат неговата „Човечка комедија“ како општ назив за сите негови романи, поделени во осум циклуси. Идејата за „Човечката комедија“ ја добил во 1832 година, кога си поставил цел да напише серија книги кои ќе бидат панорамски портрет на сите сфери на општеството. Иако серијалот првично бил насловен „Студии за манирите“, подоцна станал познат под името „Човечка комедија“ и ги вклучени сите прозни дела објавени додека бил жив. Иновативноста на „Човечката комедија“ се состои во тоа што во неа систематски се поврзани личностите кои се појавуваат во одделни романи и новели. Бидејќи според неговото сфаќање, секоја генерација е драма со три-четири илјади ликови, „Човечката комедија“ била замислена да ја претставува таа драма во која светот ќе се појавува на сцената постојано, со истите ликови, но во различни години и во различни улоги, претставувајќи ги сите сталежи и занимања. На тој начин, „Човечката комедија“ требало да биде историја на современото општество насликано во дејство и во движење.[39] Темпото со кое работел Балзак било неверојатно: за дваесет дена ги завршил „Цезар Бирото“ и „Банката Нисенжан“, за десет дена го напишал делото „Пјерета“, за осум дена напишал третина од „Изгубените илузии“, а за една ноќ „Тајната на браќата Руѓери“.[39][40] Раната смрт го спречила Балзак да ја доврши својата слика на француското општество, но до ден-денес „Човечката комедија“ останува замисла што не е забележана во историјата на книжевноста и која спаѓа во најголемите дела на човековиот ум.[39]
Иако е напишана во времето на романтизмот, „Човечката комедија“ го означува почетокот на реализмот во Франција. Ова монументално дело ги опфаќа романите: Луј Ламбер, Шагринска кожа, Селани, Цезар Бирото, Чичко Горио, Евгенија Гранде, Роднината Бети, Роднината Понс, и други.[2] Балзак покажал извонредна способност да ги забележи и детално да ги прикаже сите случки, карактери, физичкиот изглед на ликовите и општествената средина. „Човечката комедија“ претставува обемна слика на француската буржоазија во време на владеењето на Луј Филип. Во „Човечката комедија“ тој ги насликал пороците на деловните луѓе и трката по пари, истакнувајќи дека со Франција не владеат ни кралот ни уставот, туку „семоќната банкнота од пет франка“. Оттука, неговото дело претставува осуда на јавниот морал во негово време и бунт против обичаите, неправдата и нечовечноста, па дури и против законите кои ги опишал како „пајажина низ која се провлекуваат крупните муви, а остануваат заглавени ситните мушички“.[41][42]
Балзаковата „Човечка комедија“ се одликува со низа одлично насликани ликови — околу 2.000 мажи и жени, млади и стари, јунаци и плашливци, чесни и расипани, сите опишани во согласност со реалноста. Поради тоа, Балзак се вбројува помеѓу најголемите творци на живи ликови во историјата на книжевноста. Тој во создавањето општи човечки ликови ги занемарил безначајните подробности и го нагласил карактерното во нив. Оттука, преку главните ликови во „Човечката комедија“ се типизирани сите човечки особини. Балзак бил помалку заинтересиран за карактерно слабите личности, така што создавал ликови со силна волја, голема енергија и нагласени страсти.[43] Во таа смисла, за Балзак не треба да се дава оцена само според едно негово дело, туку треба да се има предвид целокупното негово творештво. Само на тој начин може да се согледа неговиот творечки гениј и да се осети целата негова големина.[44]
Со право, Балзак може да се нарече творец на современиот роман, којшто пред него бил сметан за понизок книжевен род. Тој го препородил и обновил романот, му ги проширил методите и му дал огромно пространство и неверојатна разновидност, со што целосно ги засенил другите книжевни родови. Во таа смисла, Балзак е синоним на романот, како што Хомер и Молиер се синоними на епот и комедијата. Пред Балзак, секојдневните случки, навики и потреби од обичниот живот биле сметани за неинтересни, безначајни и недостојни за книжевна обработка. Но, тој сфатил дека реалните вулгарности и тривијалности се најтипични одлики на животот и, оттука, ги претставуваат највозбудливите драми и трагедии.[45]
Работни навики
уредиВо текот на следните дваесетина година, колку што живеел, Балзак се предал на трескавична работа, создавајќи обемна збирка романи. Балзак имал обичај да спие од осум часот навечер до еден или два часот по полноќ, а потоа седнувал да пишува до шест часот наутро, а некогаш дури и подолго. Дури и кога ги примал пријателите на вечера, тој ретко останувал со нив подолго време, туку по завршената вечера ги оставал сами и се повлекувал на спиење.[46] Тој пишувал релативно брзо. Брзината со која се напишани дел од неговите романи со перо, соодветствува на 30 зборови во минута на машина за чукање.[47] Претпочитал да руча лесен оброк во 17 или 18 часот, а потоа спиел. Се будел и пишувал многу часови, консумирал повеќе шолји црно кафе. Често работел и по 15 часа без прекин, а тврдел дека еднаш имал работено 48 часа, со една тричасовна пауза.[48] Потоа се капел, појадувал, пиел шолја со горко кафе, го примал својот издавач кој му ги носел ракописите за поправка и повторно работел до пладне. Тогаш, тој ручал нешто лесно, пиејќи кафе, и веднаш продолжувал да работи до шест часот навечер, кога повторно јадел и го примал својот издавач. Така изгледал неговиот работен ден во текот на целиот живот. Во писмата упатени до грофицата Ханска, отсликувајќи ја макотрпната работа, Балзак напишал: „Последната седмица не сум спиел сè на сè десет часа“; „Дваесет и шест дена не сум излегол од работната соба. Спиев само по четири часа.“; „Работам по дваесет часа без прекин.“; „Знаете ли колку ноќи не сум спиел? Четириесет и две.“[40][46]
Балзак имал навика и често да ги преправа своите текстови, некогаш дури за време на печатење, што создавало финансиски загуби за него и за издавачот.[49] Поради тоа, крајниот текст значително се разликувал од првично напишаниот.[50] Иако Балзак бил самотник по природа, одржувал контакт со случувањата во градот, што често ги вклучувал во неговите дела. Бил пријател со Теофил Готје и Шарл де Бернар, а се познавале со Виктор Иго. Сепак, не минувал многу време во париските џентлменски клубови, за разлика од ликовите во неговите романи.[51] Многу време минувал во замокот во Саше, близу Тур, дом на неговиот пријател Жан де Маргон, љубовник на неговата мајка со која имал и дете. Во спалната на вториот кат од замокот биле создадени многу од неговите ликови-маченици. Замокот денес е претворен во музеј посветен на Балзак.[52]
Стил на пишување
уредиИако Човечката комедија останала недовршена во моментот на неговата смрт, Балзак планирал уште неколку дела кои никогаш не ги почнал.[53] Тој од книгите кои тековно ги пишувал постојано се навраќал на делата кои биле готови за да ги ревидира. Според биографот Виктор Причет, оваа навика била одраз на вистинскиот живот на Балзак врз неговото творештво, алудирајќи на постојаните преселби. Балзак бил легалист по политичко убедување, за разлика од демократскиот републиканизам на Иго.[54] Неговото внатрешно портретирање на ликовите од средната класа му донело почит од социјалистите и марксистите. Балзак бил омилен писател на Енгелс, а Карл Маркс го споменува творештвото на Балзак во својата книга „Капитал“. Литературното расположение на Балзак еволуирало од почетната безнадежност до солидарност, но не и оптимизам. „Шагринска кожа“ е песимистичка приказна за бунилото и уништувањето на главниот лик, а присутен е и цинизмот во делото. Како растел творечкиот опус на Балзак, така се намалувал цинизмот, за во Изгубените илузии писателот да искаже симпатии за ликовите кои се изолирани од општеството. Балзак мислел дека „книгите се напишани за секого“, како дел од растечката популарност на романот помеѓу широките народни маси.[55] Балзак себеси се сметал за писател кој ја набљудува мрачната страна на човековата природа, како и корупцијата во средните и високи општествени слоеви. Тој често шетал незабележано низ париските улици со цел да се запознае со вистинските карактерни црти на масите. Често вклучувал случки и лица од сопствениот живот во неговите романи.[56]
Тоа што Балзак детално го разработувал карактерот на ликовите, го направило еден од првите претставници на реализмот.[57] Иако бил инспириран од шкотскиот писател од времето на романтизмот, Волтер Скот, тој сепак развил сопствен препознатлив стил на пишување, често давајќи детални описи на облеката на ликовите, местото каде се одвива дејството, итн. со цел да им вдахне живот.[58] Некои литературни критичари го сметаат Балзак како претставник на натурализмот поради аналитичната и песимистична нишка во неговиот реализам, мислејќи дека тоа е со цел да прикаже дека однесувањето на ликовите е поврзано со нивната животна средина. Писателот Емил Зола дури го прогласил Балзак за татко на натуралистичкиот роман.[59] Зола забележал дека романтичарите го гледаат светот преку обоено стакло, додека натуралистите преку проѕирно стакло.[60] Балзак сакал да ги претстави ликови онакви какви што навистина се, а не да ги претстави целосно добри или целосно злобни. Истовремено, во ликовите се наоѓаат луѓе секакви социјални слоеви: благородни војници, горди работници, бестрашни шпиони, привлечни љубовници, итн.[61] Балзак се трудел да ги балансира добрите и лоши особини на ликовите, за да не испаднат прототипови на едно поединечно својство.[62] Балзак прикажува исти ликови во повеќе романи од „Човечката комедија“ со цел да ја зајакне реалистичната позадина. Ја употребувал постапката „интроспективна илуминација“, односно го откривал минатото на ликовите долго по нивното прво појавување. Ликовите на Балзак имале особина да се борат против човечките нарави и општеството, т.е. повеќепати губат отколку што добиваат, но никогаш не се откажале.
Значење и влијание
уредиБалзак влијаел многу како врз писателите од негово време така и врз подоцнежните. Често бил споредуван со Чарлс Дикенс, при што литературниот критичар В. Х. Хелм го нарекувал „францускиот Дикенс“, а Дикенс „англискиот Балзак“.[63] Друг критичар, Ричард Лехан, напишал дека Балзак бил „мост помеѓу комичниот реализам на Дикенс и натурализмот на Емил Зола“.[64] Гистав Флобер, фалејќи го Балзак за портретирањето на општеството, но истовремено и критикувајќи го неговиот прозен стил, напишал: „Каков човек би бил кога би знаел да пишува!“[65] Иако Флобер себеси не се сметал за реалист, тој го преземал начинот на детаљно сликање на луѓето од средната класа од Балзак.[66] Ова е најзабележливо во делото Сентиментално предавање, кое потсетува на Балзаковата Изгубени илузии.[67] Марсел Пруст одблизу ги проучувал делата и реалистичниот стил на пишување на Балзак, но и го критикувал за на места вулгарниот јазик.[68][69] Прустовиот роман Во потрага по изгубеното време ги презел длабоките морални двоумења на ликовите и раскажувањето „од минута во минута“ од расказот Час од мојот живот на Балзак. Сепак, Пруст подоцна напишал дека лично повеќе го цени Толстој од Балзак.[70]
Во романот „Наспроти“, францускиот писател Жорис-Карл Уисманс се изразува поволно за творештвото на Балзак, нарекувајќи го „чудесниот автор на Човечката комедија“ чие творештво се одликува со „здрава уметност“.[71] Стилот на Балзак бил ценет и од американскиот романописец Хенри Џејмс, кој напишал четири есеи во кои го пофалил него. Џејмс сметал дека големината на Балзак не била сфатена од неговите современици и дека модерната критика не посветила многу внимание на неговото дело.[72] Во своите романи, Џејмс не обрнувал многу внимание на историскиот контекст, туку акцентот го ставал на психологијата на ликовите. Џејмс сметал дека историската позадина го гушела уметничкото во Човечката комедија.[73] Коментирајќи го Балзаковиот приказ на општеството, каде парите, социјалниот статус, и личните амбиции биле водечки мотиви, филозофот Фридрих Енгелс кажал дека тој повеќе научил од Балзак отколку од сите историчари и економисти заедно.[74] Балзак бил позитивно оценет и од Валтер Бенџамин и Џејмс Болдвин.[75]
Од друга страна, според српскиот поет Јован Дучиќ, иако напишал повеќе од Данте или Тасо, а можеби бил талентиран колку овие двајца поети, во неговите дела се забележува трага на брзање и ниту една негова книга не е напишана за целото човештво и за сите времиња, ниту по содржината, ниту по обликот. Според него, во творештвото на Балзак нема некое централно и есенцијално дело.[76]
Влијанието на Балзак е присутно и во популарната култура, а дел од неговите романи се поставени и на филмското платно.
Одбрани дела
уреди- Шуани (1829)
- Саразин (1830)
- Шагринска кожа (1831)
- Непознатото ремек-дело (1831)
- Полковникот Шабер (1832)
- Свештеникот од Тур (1832)
- Девојката со златни очи (1833)
- Евгенија Гранде (1833)
- Брачен договор (1835)
- Чичко Горио (1835)
- Лили од долината (1835)
- Цезар Бирото (1837)
- Црната овца (1842)
- Урсула Мироаје (1842)
- Жената на триесет години (1829–1842)
- Изгубени илузии (I, 1837; II, 1839; III, 1843)
- Роднината Бети (1846)
- Роднината Понс (1847)
- Сјајот и бедата на куртизаните (1847)
Наводи
уреди- ↑ Раде Силјан, Странски автори и дела. Скопје: Матица Македоонска, 2001, стр. 75.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Beleška o piscu“, во: Onore de Balzak, Tajne kneginje de Kadinjan - Feragus. Beograd: Bigz, 1975, стр. 187.
- ↑ Robb, 4, 167–8
- ↑ Robb, 5
- ↑ Robb, 5–6
- ↑ Pritchett, 23
- ↑ Robb, 8
- ↑ Robb, 18
- ↑ Pritchett, 25
- ↑ Robb, 9
- ↑ Pritchett, 26
- ↑ Robb, 14
- ↑ Pritchett, 29
- ↑ Balzac (1832). Louis Lambert. Quoted in Pritchett, 29
- ↑ Robb, 24
- ↑ Robb, 30
- ↑ Robb, 48
- ↑ Balzac (1840). "Le Notaire". Quoted in Robb, 44
- ↑ Quoted in Pritchett, 42
- ↑ Saintsbury, "Honoré de Balzac", xiii
- ↑ Chancerel, Pierrot (October–November 1955), „The real Eugénie Grandet: Marie du Fresnay“, Revue des sciences humaines (француски)
- ↑ Robb, 223–224
- ↑ Robb, 230
- ↑ Robb, 340
- ↑ Pritchett, 261
- ↑ Robb, 404
- ↑ Saintsbury, "Honoré de Balzac", xxxv
- ↑ The full text is available at Victor Hugo Central.
- ↑ „www.legiondhonneur.fr“. Архивирано од изворникот на 2021-10-07. Посетено на 2017-01-11.
- ↑ Robb, 59
- ↑ Robb, 60
- ↑ Saintsbury, EB, 298
- ↑ Robb, 103
- ↑ Rogers, 15
- ↑ 35,0 35,1 Saintsbury, "Honoré de Balzac", xviii
- ↑ Robb, 130
- ↑ 37,0 37,1 Robb, 138
- ↑ Dušan Milačić, „Onore de Balzak“, во: Onore de Balzak, Pukovnik Šaber. Beograd: Rad, 1969. стр. 67.
- ↑ 39,0 39,1 39,2 D.M., „Beleška o piscu“ во: Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965, стр. 252.
- ↑ 40,0 40,1 Dušan Milačić, „Onore de Balzak“, во: Onore de Balzak, Pukovnik Šaber. Beograd: Rad, 1969. стр. 67-68.
- ↑ Dušan Milačić, „Onore de Balzak“, во: Onore de Balzak, Pukovnik Šaber. Beograd: Rad, 1969. стр. 68-69.
- ↑ D.M., „Beleška o piscu“ во: Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965, стр. 253-254.
- ↑ Dušan Milačić, „Onore de Balzak“, во: Onore de Balzak, Pukovnik Šaber. Beograd: Rad, 1969. стр. 70.
- ↑ D.M., „Beleška o piscu“ во: Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965, стр. 255.
- ↑ D.M., „Beleška o piscu“ во: Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965, стр. 252-253.
- ↑ 46,0 46,1 D.M., „Beleška o piscu“ во: Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965, стр. 251.
- ↑ Balzac, A Biography, Graham Robb, p. 243
- ↑ Saintsbury, "Honoré de Balzac", xxvi
- ↑ Saintsbury, "Honoré de Balzac", xxvii
- ↑ Robb, 106
- ↑ Saintsbury, "Honoré de Balzac", xxviii
- ↑ www.leschateauxdelaloire.org
- ↑ Robb, 405
- ↑ „Mtholyoke.edu“. Архивирано од изворникот на 2016-06-30. Посетено на 2017-01-15.
- ↑ Quoted in Prendergast, 26
- ↑ Robb and Sir Victor Pritchett cite specific examples, included in Biography, above.
- ↑ Brooks, 16
- ↑ Brooks, 26
- ↑ Robb, 421
- ↑ Brooks, 125
- ↑ Helm, 23
- ↑ Lehan, 45
- ↑ Helm, 124
- ↑ Lehan, 38
- ↑ Quoted in Robb, 422
- ↑ Brooks, 54
- ↑ Brooks, 27
- ↑ Brooks, 202
- ↑ Proust, 56ff
- ↑ Proust, 326.
- ↑ Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 249.
- ↑ James (1878), 89.
- ↑ James (1914), 115
- ↑ Marx, Karl and Engels, Frederick Engels (1947). Literature and Art: Selections from Their Writings. New York. Quoted in Rogers, ix
- ↑ Robb, 423.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 303.
Користена литература
уреди- Robb, Graham (1994). Balzac: A Biography. New York: W. W. Norton & Company. ISBN 0-393-03679-0
- Rogers, Samuel (1953). Balzac & The Novel. New York: Octagon Books. LCCN 75076005-{{{3}}}
- Saintsbury, George (1901). "Honoré de Balzac". In: The Works of Honoré de Balzac, Vol. I. Philadelphia: Avil Publishing Company, pp. vii–xivi. LCCN 6314807-{{{3}}}
- Saintsbury, George (1911). "Balzac, Honoré de." The Encyclopædia Britannica (11th ed., Vol. 3). New York: Encyclopædia Britannica, Inc., pp. 298–301.
Надворешни врски
уредиВикиизвор има оригинални дела од или за: Honoré de Balzac |
„Оноре де Балзак“ на Ризницата ? |
- Дела од Honoré de Balzac на проектот „Гутенберг“ (plain text and HTML)
- Дела на Оноре де Балзак на Internet Archive (scanned books original editions color illustrated)
- Honoré de Balzac by Albert Keim and Louis Lumet на Проектот „Гутенберг“
- Honoré de Balzac's works: text, concordances and frequency lists
- Balzac and anthropology
- Balzac on mimetism, language, desire for the absolute
- Reader's Guide: Themes in the Novels of Balzac
- Free book downloads in HTML, PDF, text formats at ebooktakeaway.com
- Pathfinder guide to Balzac and The Human Comedy Архивирано на 17 октомври 2007 г.
- Victor Hugo's eulogy for Honoré de Balzac
- Special Issue of language Romana on Balzac[мртва врска]
Статијата „Оноре де Балзак“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |