Глаголи во македонскиот јазик

Глаголите во македонскиот јазик сочинуваат сложена зборовна група. Според општата класификација, македонските глаголи се менлива група зборови и се обележани за следниве граматички категории: вид, време, начин, лице, род, број, залог и преодност.

Македонски глаголски форми
Буква глагол на глаголица.
Општо


Прости глаголски форми
Сложени глаголски форми
Поврзано

Македонскиот јазик сосема го изгубил инфитивот и нема остатоци од него, за разлика од останатите словенски јазици каде е присутен, а додека пак во бугарскиот има инфинитивни остатоци. Старословенските партиципи во македонскиот биле изгубени или променети. Инфинитивните дел-реченици од останатите словенски јазици одговаат со да-конструкцијата или конструкција со глаголска именка. Сегашниот активен партицип во македонскиот се променил во глаголски прилог. Минатиот пасивен партицип преживеал како глаголска придавка. Резултативниот партицип преживеал како глаголска л-форма (не е партицип бидејќи нема атрибутивна функција). Сегашниот пасивен партицип преживеал во одредени изолирани случаи (остатоци) како на пример зборот „лаком“. Минатиот активен партицип преживеал само во зборот „бивш“.[1]

Поделба на глаголи

уреди

Како резултат на исчезнувањето на инфинитивот во македонскиот јазик, македонските глаголи се делат на три големи групи според последната самогласка во трето лице еднина од сегашното време: а-група, и-група и е-група. Глаголот „сум” е единствениот глагол чија форма за трето лице еднина сегашно време не завршува на самогласка и затоа се смета како исклучок.

Понатаму, глаголите се делат според видот на несвршени глаголи (зборува, оди, пие итн.), на свршени глаголи (зароби, дојаде итн.) и на двовидски глаголи (најчесто глаголи што завршуваат на -ира: акумулира, се консултира итн.). Видот е граматичка и лексичка категорија од исклучително значење за оваа зборовна група. Според неа се одлучува во кое време и на кој начин ќе се менува еден глагол. Свршените глаголи од и-групата и е-групата се делат на три, односно на четири раздели според основната самогласка во првото лице еднина од минатото определено свршено време (аорист).[2]

Иако во традиционалната лингвистика глаголските времиња и начини се единствени категории за групирање на глаголските форми, во македонската граматичка традиција најпрвин се изучуваат простите, а потоа сложените глаголски форми. Според тоа, во македонскиот јазик ги имаме следните времиња и начини:

прости глаголски форми
  • сегашно време
  • минато определено несвршено време
  • минато определено свршено време
  • заповеден начин
  • глаголска л-форма
  • глаголска придавка
  • глаголска именка
  • глаголски прилог

сложени глаголски форми
  • минато неопределено несвршено време
  • минато неопределено свршено време
  • предминато време
  • идно време
  • минато-идно време
  • минато прекажано
  • можен начин
  • има-конструкција
  • сум-конструкција

Прости глаголски форми

уреди

Сегашно време

уреди
 
Графички приказ на трите најчести употреби на сегашното време. Црвената боја означува општ факт, сината моментално дејство, а зелената иден настан.

Сегашното време се користи за изразување дејства кои се одвуваат во сегашноста и дејства кои се преклопуваат во моментот на зборувањето. Во македонскиот јазик сегашното време се изразува со несвршени глаголи. Теоретски, сегашна конструкција може да се направи и од свршени глаголи, но значењето не е сегашно, туку минато-идно. Покрај основното значење, со формите на сегашното време може да се искаже и[3]:

  • минати дејства - формата е иста, но значењето е поврзано со минатото. Ова најчесто се сретнува кога се прераскажува приказна или настани.
  • идни дејства - формата е иста, но значењето е идно. Овие се однапред планирани дејства или распоред на настани.
  • општи факти - изразување на општо знаење или факти кои се секогаш исти.
  • рутини и навики
  • подготвеност и дејства кои се одвиваат истовремено - подготвеност да се изврши некое дејство и дејства кои се одвиваат истовремено.

Формите на сегашното време се создаваат со додавање на наставки на глаголот. Во прилог следуваат наставките за сегашно време, заедно со конјугација на некои од глаголите[4]:

Конјугацијата на некои глаголи изгледа вака:

а-раздел
гледа
и-раздел
носи
е-раздел
јаде
Јас гледам носам јадам
Ти гледаш носиш јадеш
Тој, таа, тоа гледа носи јаде
Ние гледаме носиме јадеме
Вие гледате носите јадете
Тие гледаат носат јадат

Примери за некои од употребите на сегашното време:

Јас јадам леб.
Додека тој јаде, ти чисти ја собата.
Автобусот за Скопје тргнува во 5 часот.
Ако ја грееш водата, таа врие.
Секој ден јас гледам сериски филм.

Минато определено свршено време

уреди
 
Графички приказ на двете основни употреби на аористот. Во црвена боја е минатото заокружено дејство, а во сина дејство кое се однесува за идност.

Минатото определено свршено време или аорист е глаголска форма која се користи да се изрази минати завршени и заокружени дејства, со или без учество на зборувачот. Должината на дејството изразено со ова време може да е кратко или долго. За формирање на минатото определено свршено време се користат глаголи од свршен вид, но понекогаш и многу ретко се користат глаголи од несвршен вид, најчесто во народниот говор. Покрај тоа, ова време се користи за искажување и на[5]:

  • идни настани - формата е иста, но значењето е идно , често блиска иднина.
  • услов - минат услов.
  • општи факти - ретко се користи, најчесто во изреки.

Некои примери за аористот се:

Ние прочитамве книга.
Го положив ли испитот, те честам пијачка.
Една вечер спав надвор

Во прилог следува конјугација на глаголи од сите раздели и подгрупи:

а - глаголска група
прочита
и - глаголска група
и-раздел: прати
и - глаголска група
е-раздел: оздрави
и - глаголска група
а-раздел: издржи
Јас прочитав пратив оздравев издржав
Ти прочита прати оздраве издржа
Тој, таа, тоа прочита прати оздраве издржа
Ние прочитавме пративме оздравевме издржавме
Вие прочитавте пративте оздравевте издржавте
Тие прочитаа пратија оздравеа издржаа
е - глаголска група
а-раздел: стане
е - глаголска група
е-раздел: сотре
е - глаголска група
о-раздел: дојде
е - глаголска група
раздел без самогласка: измие
Јас станав сотрев дојдов измив
Ти стана сотре дојде изми
Тој, таа, тоа стана сотре дојде изми
Ние станавме сотревме дојдовме измивме
Вие станавте сотревте дојдовте измивте
Тие станаа сотреа дојдоа измија

Минато определено несвршено време

уреди
 
Графички приказ на три најчести употреби на имперфектот. Во сина боја е минатото засведочено дејство, во црвена е минатото повторливо дејство, а во зелена е условното минато дејство.

Минатото определено несвршено време или импрефект е глаголска форма која се користи за искажување минати дејства каде зборувачот е сведок или зел учество во дејството. За искажување такви дејства се користитат глаголи од несвршен вид. Сепак, постои можност за изразување на дејства со свршени глаголи, но секогаш таквите глаголи се протходени од ако, да или ќе. Важно е да се напомене е дека со свршените глаголи се искажува условен начин, минат-иден или друг аспект, но не засведочено минато дејство. Покрај основното значење на имперфектот, со времето се искажува и[6]:

  • условен начин
  • слаба наредба
  • минати дејства кои биле повторувани некој период
  • подготвеност

Некои пример за имперфектот се:

Јас ловев зајаци.
Ако не брзаше, ќе немаше грешки.
Да ми помогнеше малку?
Секој ден стануваше во 7 часот и правеше кафе.

Во прилог следува конјугација на глаголи од сите раздели:

а - глаголска група и - глаголска група е - глаголска група
Јас гледав ловев јадев
Ти гледаше ловеше јадеше
Тој, таа, тоа гледаше ловеше јадеше
Ние гледавме ловевме јадевме
Вие гледавте ловевте јадевте
Тие гледаа ловеа јадеа

Заповеден начин

уреди

Основна функција на заповедните форми се давање заповед, наредба или забрана. Покрај овие првостепени значења, заповедните форми можат да искажат и[7]:

  • повторливост во минатото
  • севременост, пр. Двапати мери, еднаш сечи.
  • услов, пр. Покажи му малку страв и веднаш ќе те нападне.
  • личен став, пр. Види го ти него, знае и да навредува!

Заповедните форми за второто лице еднина и множина во македонскиот јазик се образуваат преку[8]:

  • користење на наставките - ј за еднина и - те за множина за глаголите од е и и групата. Кај а групат наставките се додаваат на основната самогласка, додека од е и и групата на општиот дел од глаголот.
пр: гледа - гледај, пие - пијте, стои - стој
  • користење на наставките во еднина и -те во множина кај глаголите од е и и групата. Наставката се додава на општиот дел од глаголот, додека наставката -те на основната самогласка.
пр: каже - кажи, молчи - молчете

При искажување на заповеден начин со негативно значење, тогаш се употребуваат зборовите не, немој, немојте и да конструкцијата пред глаголот. Во негативните форми најчесто се користат несвршените глаголи.

пр: не оди, немој да одиш

Овие негативни форми имаат значење на забрана, ако се користат свршени глаголи тогаш значењето е во вид на закана или забрана.

пр: Не појди, па ќе видиш!

Од некои глаголи не може да се образи заповеден начин како што е на пример глаголот може и други слични на него.

Глаголска л-форма

уреди

Името на простата глаголска л-форма е добиено по карактеристичната наставка . Оваа глаголска л-форма има промена само по род и по број[9].

Кај глаголите од а-група постои само една форма како на пример „копал“. Глаголите од е-група и и-група често образуваат по две л-форми како на пример „станал/станел“ или „паднал/паднел“. Од примерите може да се дојде до заклучок дека постојат свршени и несвршени л-форми од несвршени и свршени глаголи. Едната л-форма изразува свршено дејство (пр. станал) додека другата несвршено дејство (пр. станел).[10]

Според образувањето на л-формата се изделуваат глаголи од е-група со о-раздел. Тука се јавуваат[11]:

  • редување на согласки - пр. текол, течел
  • испуштање на самогласки -пр. текол, текла
  • скратување - пр. јадел, јал
  • неправилно образување - пр. дојдел, дошол

Во однос на употребата се изделуваат несвршени л-форми од свршени глаголи (пр. дојдел). Тие не се самостојни туку одат со некои сврзници и партикули како на пример со ако, да ќе и слично. Така се образува фраза „ако дојдел“, а не „јас дојдел“. [12] Покрај основната функција, со оваа глаголска форма се градат и одредени сложени глаголски форми како на пример минато неопределено време, предминато време, идно прекажано време и можен начин.[13]

Глаголска придавка

уреди

Формите на глаголската придавка се образуваат со наставките: , -на, -ни и , -та, -то, -ти. Со наставката се образуваат глаголски придавки од глаголите со општ дел на н и се додаваат на основните самогласки а и е.

пр. викне - викнат, легне - легнат, падне - паднат.

Освен глаголите од а-група, основната самогласка а е застапен и кај некои глаголи од е-група, како на пример скине - скинат, и од и-група како на пример задржи - задржан. Покрај тоа, основната самогласка е го имаат и и глаголите од е-група и и-група.[14]

Од некои глаголи се образуваат по две глаголски придавки, како на пример: дере - дерен и дран, бере - берен и бран или пере- перен и пран. Со двојните форми обично се изкажува разлика во опфатеноста на дејството или признакот. Глаголската придавка има одлики и на глагол и придавка. Во промената се однесува како придавка и има форми за трите рода, дават броја и се членува, а според значењето и службата некогаш е поблиску до глаголот, а некогаш до придавката[15].

Во конструкции со помошните глаголи сум и има, глаголската придавка има глаголско значење:

  • Поканети сме на гости.
  • Бевме присутни на отворањето на изложбата.
  • Баба ми има кажувано за тоа.

Ако глаголската придавка оди како определба на некоја именка, односно во атрибутска служба, таа има придавно значење (пр. развиорено знаме), а употребена самостојно таа може да се поименичи т.е. да стане именка како на пример во реченицата Минатото не може да се избрише. Во македонскиот јазик глаголските придавки се образуваат не само од преодните глаголи (викан, креп) туку и до непреодниоте глаголи (дојден, станат). Ова е една од покарактеристичните особини на македонскиот глаголски систем.[16]

Глаголски прилог

уреди

Формите на глаголскиот прилог се образуваат од несвршени глаголи со додавање на наставката -јќи. Оваа наставка се додава на основната самогласка а кај глаголи од а-група и на основната самогласка е кај глаголи од е-група и и-група. Така на пример имаме „гледајќи“, „носејќи“, „миејќи“ и слично.

Глаголскиот прилог е неменлива глаголска форма. Овој прилог се јавува како определба на глаголот со кој оди, негов означувач за паралелно дејство со дејството на глаголот во лична форма. Така на пример имаме „Гледајќи те тажен, размислував како да ти помогнам“.[17]

Глаголскиот прилог и личната глаголска форма секогаш имаат ист подмет или вршител на дејство во реченицата. Ако подметот е искажан, тогаш тој се врзува за личниот глагол, како на пример „Одејќи на работа, Бобан видел огномет“, а не „Одејќи Бобан на работа, видел огномет“.

Глаголска именка

уреди

Глаголската именка се образува од несвршени глаголи со наставката -ње. Оваа наставка се додава на основната самогласка а кај глаголи од а-глаголска група или на основната самогласка е на глаголи од е-глаголска група и и-глаголска група. Така имаме: гледа - гледање, вика - викање, мие - миење, коси - косење и слично. Покрај ова општо правило, поретко има и образување на глаголски именки со додавање на наставката -ние, најчесто од свршени глаголи. Така имаме: воспитува - воспитание, решава - решение и слично[18].

Глаголската именка е форма во која се вкрстува глаголот и именката, што значи во самата форма има делови и од глагол и именка. Во промената таа се однесува како именка, таа е во среден род, има еднина и множина, се членува, а се изведува од глаголска основа и најчесто значи име на дејство од најопшт вид, без укажување на неговиот вршител[19].

Исто така, глаголската именка може да означува и предмет, како на пример: Масата беше полна со јадење и пиење. Во ваков случај, овие две глаголски именки означуваат храна, т.е. пијалак. Кога глаголската именка се употребува со прилог, таа заменува некоја зависна реченица или одделна глаголска форма, како во примерот: Го фатиле на спиење, што означува го фатиле додека спиел[20].

Сложени глаголски форми

уреди

Минато неопределено свршено време

уреди
 
Графички приказ на минатото неопределено свршено време, каде дејството е завршено, но не се знае кога.

Минатото неопределени свршено време се образува со сегашното време на помошниот глагол сум и глаголската л-форма на менуваниот глагол. Глаголот кој се менува во ова време е секогаш од свршен вид, по кој е и добиено името перфект. Важно е да се напомене дека за трето лице еднина и множина нема форма на помошниот глагол сум. Помошниот глагол сум во ова време се користи поради тоа што глаголската л-форма е нелична т.е. нема лице. Како и кај останатите определени времиња, така и кај ова време несвршените л-форми од свршените глаголи немаат самостојна употреба, како на пример глаголите паднел, станел, туку тие се комбинираат со честичките ако, да, ќе и слично[21].

Конјугацијата на глаголите од трите основни раздели изгледа вака:

а - раздел
прочита
и - раздел
износи
е - раздел
испее
Јас сум прочитал сум износил сум испеал
Ти си прочитал си износил си испеал
Тој
Таа
Тоа
прочитал
прочитала
прочитало
износил
износила
износило
испеал
испеала
испеало
Ние сме прочитале сме износиле сме испеале
Вие сте прочитале сте износиле сте испеале
Тие прочитале износиле испеале

Минатото неопределено свршено време се користи за изразување минато дејство без да се укаже или да се определи конкретниот момент на одвивање на дејството. Покрај оваа основна употреба, времето се користи за искажување и на:

  • констатација - пр. Многу си пораснала.
  • заповед - пр. Немој да си излегол надвор ако не ја средиш собата!
  • идност - пр. Сакаш да се прошетаме додека не се расипало времето?
  • севременост - пр. Се стркалало поклопчето, си го нашло грнчето.
  • претпоставка - Сигурно веќе го испил млекото.

Минато неопределено несвршено време

уреди
 
Графички приказ на минатото неопределено несвршено време. Не се знае кога се одвивало и дали завршило дејството.

Минатото неопределено несвршено време се образува со сегашното време на помошниот глагол сум и глаголската л-форма на менуваниот глагол. Глаголот кој се менува во ова време е секогаш од несвршен вид, по кој е и добиено името перфект. Важно е да се напомене дека за трето лице еднина и множина нема форма на помошниот глагол сум. Помошниот глагол сум во ова време се користи поради тоа што глаголската л-форма е нелична т.е. нема лице[22].

Конјугацијата на глаголите од трите основни раздели изгледа вака:

а - раздел
чита
и - раздел
носи
е - раздел
пее
Јас сум читал сум носел сум пеел
Ти си читал си носел си пеел
Тој
Таа
Тоа
читал
читала
читало
носел
носела
носело
пеел
пеела
пеело
Ние сме читале сме носеле сме пееле
Вие сте читале сте носеле сте пееле
Тие читале носеле пееле

Минатото неопределено свршено време се користи за изразување минато дејство без да се укаже или да се определи конкретниот момент на одвивање на дејството. Покрај оваа основна употреба, времето се користи за искажување и на:

  • констатација - пр. Многу си пораснала.
  • заповед - пр. Немој да си читал нешто што не треба!
  • идност - пр. Да прошетаме малку додека не се стемнило.
  • севременост - пр. Дошол гост, расипал пост.
  • претпоставка - Сигурно веќе го работел ова.

Предминато време

уреди
 
Графички приказ на предминатото време. Во црвено е првото минато дејство, а во зелено второто минато дејство.

Формите на предминатото време во македонскиот јазик се образуваат со употреба на сум конструкцијата во минато определено несвршено време и со глаголската л-форма која најчесто е од свршен глагол. За полесен преглед на формите на глаголите следува табеларен приказ на три сменети глаголи по лица[23].

прочита прати излезе
Јас бев прочитал бев пратил бев излегол
Ти беше прочитал беше пратил беше излегол
Тој
Таа
Тоа
беше прочитал
беше прочитала
беше прочитало
беше пратил
беше пратила
беше пратило
беше излегол
беше излегла
беше излегло
Ние бевме прочитале бевме пратиле бевме излегле
Вие бевте прочитале бевте пратиле бевте излегле
Тие беа прочитале беа пратиле беа излегле

Ова сложено глаголско време означува дејство што се случило пред друго дејство во минатото[24].

пр: Кога ги побаравме, тие веќе беа изглегле од дома.

Иако има и други значења надвор од основното значење, предминатото време во современиот македонски јазик има многу поограничена употреба во споредба со останатите македонски глаголски времиња и начински форми. Ова време го истиснуваат минатото неопределено или определено време и конструкциите со глаголска придавка, посебно кога се употребуваат без сопоставување со друго минато дејство. Така реченицата Беше се облекол како за на свадба може да се искаже и како Беше облечен / се имаше облечено/ се облекол како за на свадба.[25]

Идно време

уреди
 
Графички приказ на идното време во македонскиот јазик.

Идното време во македонскиот јазик се образува со честичката ќе и со глаголот што се менува, каде честичката е пред глаголот. Глаголот ги зема соодветните форми од сегашното време[26]. Со идното време во македонскиот јазик се означува дејство кое се врши или се извршува по момемнтот на зборувањето.

игра носи везе
Јас ќе играм ќе носам ќе везам
Ти ќе играш ќе носиш ќе везеш
Тој, таа, тоа ќе игра ќе носи ќе везе
Ние ќе играме ќе носиме ќе веземе
Вие ќе играте ќе носите ќе везете
Тие ќе играат ќе носат ќе везат

Одречните форми на идното време се образуваат со прибавување на честичката не пред идното време[27].

пр: Јас не ќе играм фудбал.

Ако се изразува поголема сигурност во вршењето или невршењето на идното дејство, тогаш се употребува конструкција од глаголот има, партикулата да и сегашното време[28].

пр: Утре има да одам на часови! или Утре нема да одам на часови!

Минато-идно време

уреди
 
Графички приказ на минатото-идно време. Стрелката го означува аспектот, односно означува дека таа дел-реченица е идно дејство.

Минатото-идно време се образува со ставање на честичката ќе пред глаголот. Глаголот кој следи по честичката е во минато определено несвршено време, кој пак може да биде од свршен и несвршен вид. Минатото-идно време се користи за изразување на идност која не следува по моментот на зборувањето (сегашноста), туку по некој друг минат момент. Со други зборови, во моментот на соопштувањето на времето тоа е минато, а е идно во однос на друго минато дејство, бидејќи следува по него[29].

Промената на глаголи од несвршен вид изгледа вака:

вика крои пече
Јас ќе викав ќе кроев ќе печев
Ти ќе викаше ќе кроеше ќе печеше
Тој, таа, тоа ќе викаше ќе кроеше ќе печеше
Ние ќе викавме ќе кроевме ќе печевме
Вие ќе викавте ќе кроевте ќе печевте
Тие ќе викаа ќе кроеја ќе печеа

Промената на глаголи од свршен вид изгледа вака:

викне скрои испече
Јас ќе викнев ќе скроев ќе испечев
Ти ќе викнеше ќе скроеше ќе испечеше
Тој, таа, тоа ќе викнеше ќе скроеше ќе испечеше
Ние ќе викневме ќе скроевме ќе испечевме
Вие ќе викневте ќе скроевте ќе испечевте
Тие ќе викнеа ќе скроеја ќе испечеа

Идно прекажано време

уреди

Идното прекажано време се образува со употреба на честичката ќе и соодветната форма на глаголот од минато неопределено време[30]. Со идното прекажано време се искажуваат значењата што ги има идното и минатото-идно време, само во вид на прекажување[31].

пр: Марко ќе одел на одмор со новиот автомобил.

Формите на идното и минатото идно време се користат за директно кажување на засведочени дејства, а формите на идното прекажано време за незасведочени, па според тоа и прекажани дејства. Со идното прекажано време често се искажува личен став кон она што се кажува[32].

 
Графички приказ на идното прекажано време. Горната стрелка означува дека говорникот зборува во сегашноста но аспектот е перфектен (прекажано), а долната стрелка означува дека дејството има идно значење (идно).

Во прилог следува конјугација на глаголи од сите три раздели:

чека носи каже
Јас ќе сум чекал ќе сум носел ќе сум кажел
Ти ќе си чекал ќе си носел ќе си кажел
Тој
Таа
Тоа
ќе чекал
ќе чекала
ќе чекало
ќе носел
ќе носела
ќе носело
ќе кажел
ќе кажела
ќе кажело
Ние ќе сме чекале ќе сме носеле ќе сме кажеле
Вие ќе сте чекале ќе сте носеле ќе сте кажеле
Тие ќе чекале ќе носеле ќе кажеле

Можен начин

уреди

Формите на можниот начин во македонскиот јазик се најупростени од сите временски и начински форми. За сите три лица има по една форма за еднина и множина[33]. Поради отсуство на показател за лицето, тоа се определува со личната заменка, со предметот или на поинаков начин. По правило, од свршените глаголи се употребува свршената л-форма, а од несвршените глаголи - несвршената. Не може да се каже на пример: ти би викнел и слично.

Како пример за можниот начин следи глаголот „зборува“:

еднина множина
1. Јас би зборувал Ние би зборувале
2. Ти би зборувал Вие би зборувале
3. Тој би зборувал
Taa би зборувала
Toa би зборувало
Тие би зборувале

Има-конструкција

уреди

Сложената глаголска форма која се нарекува има-конструкција се образува со помош на помошниот глагол има или нема во негативна конотакција и со глаголска придавка во среден род[34]. Така имаме: имам учено, имав учено, сум имал учено, ќе имам учено, немав учено и слично.

има/нема + глаголска придавка во среден род

Во различните форми на има-конструкцијата се менува само помошниот глагол, а глаголската придавка се сведува на именувач на глаголското дејство. Конструкциите со има претставуваат паралелни, синонимни и еден вид конкурентски форми на сите сложени глаголски форми во македонскиот јазик, времиња и начини. Значењата на има-конструкциите се многу блиски со значењата на сложените форми во помошниот глагол сум, честичката ќе или би и често можат да се заменуваат едни со други, како на пример: имам гледано со сум гледал, имав гледано со бев гледал, ќе сум имал гледано со ќе сум гледал и слично[35].

Сум-конструкција

уреди

Сум-конструкциите се образуваат со помош на помош на помошниот глагол сум во соодветната форма и со глаголска придавка од преоден или непреоден глагол. Според тоа, имаме: сум дојден, бев дојден, ќе сум дојден, ќе бев дојден, ќе сум бил дојден и слично. Од сите примери, најчесто се употребуваат првите две[36].

сум + глаголска придавка

Сум-конструкциите, како и има-конструкциите, се употребуваат како паралелни форми со временските и начинските, посебно кога глаголската придавка е изведена од непреоден глагол. Според тоа имаме: не знам дали се дојдени = не знам дали дошле или ќе бев присутен на состанокот ако ме поканевте = ќе присуствував на состанокот ако ме поканевте[37].

Да-конструкција

уреди

Да-конструкцијата е една доста карактеристична особина на македонскиот јазик. Оваа сложена глаголска конструкција е составена од честичката да и некој глагол, кој најчесто е во сегашно време. Да-конструкцијата има самостојна употреба и истата може да ги има едно од следните значења:[38]

  • заповед - Одма да ми донесеш кафе!
  • желба и здравица - Да си жив и здрав!
  • клетва- Да не прогледаш!
  • неопределено глаголско дејство, или во некои јазици тоа е инфинитив- Да се биде или не?

Да-конструкцијата може да биде дел од: одречни сложени глаголски форми за искажување идност, негирана директна заповед, сложени глаголски конструкции со некои глаголи што означуваат начин на вршење дејство, фаза од вршењето на дејството или личен став на зборувачот кон дејството.[39]

Улога на глаголот во реченицата

уреди
 
Шематски приказ на структурата на прирокот во македонскиот јазик.

Македонскиот глагол игра клучна - предикативна - улога во македонската реченица. Неговото првично својство е својството „прирок” т.е. „предикат” - столб на еден „настан”. Од таа причина, од правилната употреба на еден глагол зависи смислата на еден исказ или на една реченица.

Користена литература

уреди
  1. ^ Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова (уред.). Општа граматика на македонскиот јазик. Скопје: АД Просветно Дело. ISBN 978-9989-0-0662-7 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. ^ Стојка Бојковска, Димитар Пандев, Лилјана Минова - Ѓуркова, Живко Цветковски (2001). Македонски јазик за средно образование. Скопје: Просветно Дело АД.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. ^ Friedman, Victor (2001). Macedonian grammar (англиски). SEE LRC, USA.
  4. ^ Lunt, Horace (1952). Grammar of the Macedonian literary language (англиски). Skopje.
  5. ^ Конески, Блаже (1967). Граматика на македонскиот литературен јазик. I и II. Скопје: Култура.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди