Датив
Дативот (лат. dativus, од dare - дава) е падежна форма која има повеќе значења, меѓу кои најосновно е да го означува индиректниот предмет (објект) во реченицата.
Во македонскиот јазик, кој речиси ги изгубил падежните форми, континуанти на старите дативни форми се долгите и кратките заменски форми за индиректен предмет: мене, ми; тебе, ти; нему, му; нејзе, ѝ; нам, ни; вам, ви и ним, им, како и прашалната заменка кому. Често обележје на индиректниот предмет во македонскиот е предлогот на, па следствено оди во конструкции со овие форми. Во современиот македонски постои тенденција долгите форми за индиректен предмет да се напуштаат, заменувајќи ги истите со конструкција на + долга форма за директен предмет. Така:
- нему → на него
- вам → на вас и сл.
Покрај значењето на индиректен предмет (пр. Ѝ ја дадов книгата на Марија), во словенските јазици (а особено во бугарскиот и поумерено во македонскиот) дативните форми (или нивните континуанти) означуваат припадност, улога која е едно од основните обележја на генитивот. На пример: татко ми (= мојот татко). Во старословенскиот ваквите конструкции можеле да вклучуваат и именки: храмъ молитвѣ (= храм на молитвата)
Кратките формите за индиректен предмет учествуваат и во конструкцијата етички датив, на пример: Внимавај да не ми се повредиш! или Ќе ми те одведат.
Во старословенскиот јазик, дативните форми учествуваат во конструкцијата апсолутен датив (по значење слична на латинската апсолутен аблатив или грчката апсолутен генитив). Оваа форма го има значењето на зависна временска реченица која го нагласува отпочнувањето на дејството. На пример: бъıвъши вєчєри приидє Онъ съ обѣма на дєсѧтє... (= штом бидна вечер, дојде Тој со дванаесетмината... или штом се стемни, дојде Тој со дванаесетмината...); сѣдѧштємъ имъ и ıадѧштємъ рєчє Иисѹсъ къ нима... (= откако седнаа и јадеа, им рече Исус...)