Старогрчка религија

Старогрчката религија вклучува религиозни верувања и практики на Старите Грци. Старогрчката религија не е иста како старогрчката митологија, која се занимава со традиционалните приказни, иако двете се тесно поврзани[1]. Интересно е дека во Стара Грција немало збор кој означува религија, односно вера. Најблиски поими кои се однесувале на верувањето биле "побожност", односно еусебеја (старогрчки: εὐ̓σέϐεια) и "култ", трескеја (старогрчки: θρησκεία)[2].

Делфиска свештеничка (1891) од Џон Колиер, приказ на Питија која седи на троножец додека под неа излегува пареа од пукнатината во земјата

Старогрчката религија се однесува на збир од обреди и верски практики. Доминантните одлики на религијата се појавиле уште во архаjскиот период: политеизмот, боговите, антропоморфните форми надарени со атрибути и митологијата со нејзините јунаци.

Статуа на Зевс, пронајдена во Камир, доцен хеленистички период.
Посејдон, бог на морето, статуа во Копенхаген, Данска.

Иако потеклото на верувањето може да се проследи до најоддалечените епохи, старогрчката религија во својата развиена форма траела повеќе од илјада години, од времето на Хомер (најверојатно во 9-ти или 8-от век п.н.е.) до времето на царот Јулијан (4 век од н.е.). Во текот на овој период нејзиното влијание се проширило на далечниот запад како Шпанија и низ целиот средоземен свет. Ефектот бил најзабележан кај Римјаните, кои ги идентификувале своите божества со оние на Грците[1]. Во христијанството, грчките јунаци, па дури и божества, преживеале како светци. Повторното откривање на старогрчката литература за време на ренесансата и, пред сѐ, класичната скулптура имале далекусежни ефекти врз христијанската верска уметност. Највпечатлива одлика на старогрчката религија било верувањето во мноштво антропоморфни божества под еден врховен бог. Сите божества тука постојат поврзани со другите во глобалниот систем на мноштвото други. Свештениците едноставно се грижеле за култовите. Тие не претставуваат свештенство и немало свети книги[1].

Секое божество може да се потпира на различни аспекти во зависност од местото, од култот и од функцијата што тоа ја исполнува. Овие моќни битија надарени со натприродни сили, можат да претставуваат мноштво аспекти. Епитетите што им биле давани укажуваат на нивната природа и нивното поле на делување. Постои, на пример, Зевс Уранос (односно, небесен, татко на сите богови), Зевс Полиеус (чувар на поредокот, на градот и на градските ѕидини), Зевс Хоркиос (гарант на спогодбите и пактите), Зевс Ктесиос (заштитник на куќата и на имот)[3], Зевс Херкеиос (чувар на трлото)[3], Зевс Ксениос (заштитник на гостите и странците), Зевс Катаибатес[4] (оној кој ги фрла молњите). Другите личности од грчкиот пантеон, исто така, го следат овој модел.

Религијата не била субјективно и лично верување на поединецот туку таа се однесува на заедницата па оттука и нејзините значајни влијанија во политичкиот живот. Впрочем, таа не се ограничувала на одредени сфери на секојдневниот живот туку ги засега сите аспекти на живот. Старите Грци воопшто не правеле разлика помеѓу светото и световното : секој момент од животот бил обележан со некаков помалку или повеќе формален обред или ритуал, молитва, верска практика. Главните ритуали на старогрчката религија се состоеле од молитви, принесување дарови, жртвување, јавни празнувања и игри. Овие ритуали не се исклучени едни со други, па така, дарувањето е придружено со молитва а жртвувањето може да биде главниот исход на јавната прослава.

Верувањата и обредите се структурирале во архајскиот период, во времето кога се родил обликот на политичко општествената организација, особено : градот (полисот), преку ширењето на пишаниот збор. Бидејќи терминот "религија" како таков, воопшто и не постои на старогрчки јазик, концептите кои ние ги користиме за да се опишат современите религиски феномени не одговараат на сфаќањата кои Старите Грци ги имале за божественото[5]. Во старогрчкото општество, религијата била целосно вградена во сите сегменти на постоењето (семејниот живот, јавниот и општествениот). Разликата меѓу световното и светото, границите помеѓу секуларното и верското, се толку неизвесни, што не се релевантни. Дејствувањата, однесувањата, церемониите, семејниот и општествениот живот како и политиката речиси секогаш содржат верски аспект.

Историја

уреди

Старогрчката религија, како што денес се разбра, веројатно е резултат на мешањето на верските верувања и практики меѓу Грците кои дошле од север во текот на 2 милениум п.н.е. и другото староседелско население кои се нарекувале Пелазги.[1] Доселениците дошле со своите верувања во нивниот врховен индоевропски бог на небото, познат како Зевс (на грчки), Ѓаус (индиски) и Јупитер (римски). Но воедно имало и критски бог на небесата, чие раѓање и смрт се празнувале во обредите и митовите сосема поинакви од оние на дојденците[6]. Овој критски бог од миноанската религија[7] дојденците кои зборувале на грчки дијалекти го преименувале во Зевс.[1] Подоцна, верувањата во двете култури се помешале а воедно и божествата преземајќи взаемни атрибути.

 
Нумизматиката како извор на студија за старогрчката религија

Извори

уреди
 
Вазното сликарство како извор за разбирање на старогрчката религија

За да се запознае старогрчката религија која како таква повеќе не постои, потребно е да се црпи од мноштво значајни извори, кои се главно книжевни, епиграфски и археолошки. Богати и интересни, овие извори се всушност релевантни само ако се земаат во обзир сите заедно.

Археолошки извори

уреди

Археолошките ископувања спроведени во Делфи и Елефсина, заедно со вазното сликарство и нумизматиката донеле посебни и специфични знаења за историјата на верски центри, проучувањето на типовите божества и даровите[8].

Епиграфски извори

уреди

Епиграфиката, изобилна особено во 5 век п.н.е, обезбедува документација за верските закони, декретите на градовите, како и за верските календари. Атичките натписи од Елефсина[9] и натписот пронајден во Месена[10] помогнале повеќе да се разберат Елефсинските мистерии и оние на Анданија. Плочките од Додона[11], списокот на чудесни лекови на Епидаур и орфичките таблички[12] обезбедиле живописна слика за религијата.

Книжевни извори

уреди

Книжевноста ги носи најбогатите извори. Онаа на историчарот Филохор, митографите како како Хеланик, Херодор и Псевдо-Аполодор понекогаш наречен и Аполодор Митографот, автор на Расправата за боговите и книгата на Стесимброт Тасоски за мистериите зачувале големо количество на традиции[13]. Во текстовите на Хомер и Хесиод, местото и функцијата на големите божества на Грција веќе делумно биле фиксирани. Грчкиот пантеон се чини дека бил утврден уште од 8 век п.н.е. На крајот на тој век, Хесиод, поет од Беотија, во неговата Теогонија, претставува низа од правила и митови кои се однесуваат на раѓањето на божествата. Тој истакнува историја на генерации богови, која по повеќе конфликти за превласт, довела до формирање на боговите на Олимп, околу фигурата на врховниот бог, Зевс. Митските приказни, како што се оние на Хесиод ги објаснуваат верските практики (жртвувањата, празнувањата и натпреварите) и обредите кои го придружуваат целиот општествен и политички живот во Стара Грција. Тие ги оправдуваат основните правила кои владеат во заедницата, истите ги прават неразбирливи за луѓето и обезбедуваат опстојување.

Архајски период

уреди
 
Саркофагот од Агија Тријада
 
Менади додека танцуваат (Лувр)

Крито-микенската археологија овозможила да се добие некоја идеја за претхеленската религија која се развивала во рамки на некоја цивилизација која започнала на островот Крит околу 3000 година п.н.е за да заврши на копното околу 1200 п.н.е[14]. Оваа религија имала повеќе божества, особено женски антропоморфни форми[7], и им давала свет карактер на дрвото, столбот, двојната секира и некои животни како змија, птица и бик. Се спроведувале чинови на прочистување, особено, жртвувањето како што е прикажано и на саркофагот од Агија Тријада,[15] од 1400 п.н.е[16]. Оваа религија била поврзан со светилишта и палата (Кносос и Фестос), каде лицето на кралот има религиозен карактер. Во праисториски времиња, низ басенот на Егејското Море, поминувало население од Мала Азија со што се олеснувале ориенталните влијанија : со симболот на двојна секира која е многу честа појава во поранешна Азија, се одразувала верска заедница[17]. Името Дионис се појавува во линеарните Б таблички, па се чини многу веројатно дека неговото обожавање било дел од микенската религија. Неговите приврзанички, познати како менади (буквално "луди жени"), прикажани како носат „тирзос“, долг стап, обвиткан со винова лоза, накитени со бршлен и облечени во јагнешки кожи. Тие во делириум талкале по шумите и изведувале чудни ритуали за кои зборувал и Хомер. Во нивната екстаза, тие ги раскинувале живите жртви на парчиња, односно практикувале спарагмос (старогрчки: σπαραγμός) и се гоштевале со нивното сурово месо (омофагија). Имено, омофагијата е многу присутна во митовите за Дионис и таа е еден од неговите епитети.[18]

Во 7-от и 6 век п.н.е. "тираните" (монарси чија позиција не била изведена од наследство), ја презеле власта во многу полиси. Некои тирани, како што е Писистрат во Атина, изградил храмови и ги основал или оживувал фестивалите. Во тоа време се појавувиле и првите Елефсински мистерии[1].

Класичен период

уреди
 
Атена Варвакион, мала римска реплика на Атена Партенос од Фидиj. Наjдена во Атина во првата половина на 3 в.

Периодот помеѓу паѓањето на микенската цивилизација и оној во кој Грција ја утврдила својата религија е многу нејасен. Проучувањето на речникот на верските поими и на имињата на божествата обезбедува малку информации. Поимите главно се индоевропски, но има задржување на предхеленистички термини и некои други влијанија : терминот ἱερός, со кој се изразува светото, има средоземно потекло, но се меша со индоевропски збор со световно значење[19]

Хомеровите поеми претпоставуваат дека грчката религија не е многу постара од онаа на класична Грција. Тие не носат никакво сведоштво за религија од феудален тип, туку во суштина претпоставуваат цивилизација во континуитет со микенската цивилизација, и укажува на тоа дека аристократијата тогаш била слободоумна во однос на верските прашања. Благодарение на изучувањето на локалните култови и местата за богослужба, се наѕира значајното место на микенското наследство во грчката религија, но не може да се реконстрира каков било религиозен систем пред оној на класичниот период[20]. Примитивен фонд може да се препознае во култовите посветени на земјата :

  • Колективната гозба на лакедемонските Хијакинти, Талисиите и светите гозби на Магнезијците[21] се доказ за многу стари традиции.
  • Селските фестивали со дарови на земјата биле верски облик на живеење[22]
 
„Нејади“ (нимфи на реките и на изворите), слика од Џоакино Паљеи (1881)
 
Цртеж на Тезеј и кентаурите

Во 6 век п.н.е. рационалистичкото размислување на јонските филозофи било сериозен предизвик за традиционалната религија. На почетокот на 5 век, Хераклеј од Ефес и Ксенофан од Колофон се нафрлиле на култот и на боговите. Софистите, со немилосрдно испитување на прифатените вредности, го продолжиле процесот. Малку е познато за општиот успех на тие напади во општеството како целина. Партенонот и другите атински храмови кон крајот на 5 век повеќе го покажувале вкусот и моќта на атињаните, отколку стравопочитта кон боговите.[1] По завршувањето на Фидиевата Атена од Акропол, повеќето граѓани продолжиле да ја почитуваат старата статуа од маслиново дрво на Атена, која естетски не се совпаднала со работата на Фидиј. Фестивалите биле експресивен социјален аспект на религијата и привлекувале големи собири - панаѓури (старогрчки: πανήγυρις). Главно земјоделски по карактер, тие се одржувале сезонски, честопати на полна месечина, а на 7-миот месец му биле посветени на Аполон и секогаш се принесувала жртва.[1][23] Освен јавни фестивали, секој може да принесе жртва во секое време. Улогата на свештеникот била да го чува храмот чист. Народната религија цветала заедно со граѓанските култови. Селаните ги обожавале сеприсутните божества на селото, како што е Пан аркадискиот бог-коза, за благодат на стадата, и нимфите како Илитија, кои им помагале на жените при раѓањето, кои живееле во пештери, изворите (Нејади), дрвјата (Хамадријади), и морето (Нереиди)[24]. Тие исто така верувале и во духови на природата, како што се сатири и силени и кентаури. Меѓу популарните фестивали биле руралните Дионисии, Антестерија[25], во чест на новото вино и се принесувале дарови за мртвите, Талисија, прослава на жетвата. Жените славеле Тесмофорија во чест на Деметра[26]. Магијата била широко распространета. Магии биле испишани на таблички. Статуата на Хеката, божицата на гатањето, стоела пред живеалиштата, а сликата на Пан ја удирале со растенија при недостаток на месо[1].

Хеленистички период

уреди

Во најславни времиња на полисите, грчката религија се проширила со основањето на нови полиси, чии колонисти со себе земале дел од светиот оган од огништето на родниот град и култовите на градските богови. Грците имале тенденција боговите на другите да ги идентификуваат со своите богови. Така, девицата Артемида била идентификувана со главната божица на Ефес, божица на плодноста. Откако Александар Македонски создал политички свет во кој полисите биле зафатени од големите кралства, оние божества кои не беа премногу тесно поврзани со одредено место станале позначајни. Мистериозните култови, кои нуделе лична вредност на поединецот цветале. Кабирите од Самотракија, божества кои потекнувале од Азија, биле почитувани од страна на Грците[27] и Римјаните, додека египетските култови на Изида и Серапис, во хеленизирана форма, нашироко биле прифаќани[1].

Владетели понекогаш официјално ги канеле новите богови во кризни времиња, со надеж дека ќе се наклонат кон новите обожаватели и против нивните смртни непријатели. Тој начин на верска мисла цветал барем до времето на римскиот цар Константин. Од друга страна, оние култови кои изгледале дека претставуваат закана за јавниот ред биле укинати. Така, во 186 г. п.н.е. Сенатот на Рим го укинал култот посветен на Дионис.

Верувања и практики

уреди
 
Религијата на Старите Грци, сцена од жртвување

Во отсуство на директно сведоштво и кога поголемиот дел од изворите се книжевни, не е лесно да се знае вистинската природа на религијата и верските чувства на Старите Грци.[28] Не може само едноставно да се тврди дека Старите Грци верувале во нивните митови. Сепак, два факта се откриваат од страна на книжевните текстови :

  • нивната содржина била прифатена од страна на Грците во тоа време ;
  • побожноста (и не верата) била вистинска.

Природата на божествата

уреди

За Грците, боговите не се надвор од светот, тие не ја создале вселената ниту луѓето туку самите се создадени од себе. Тие не постоеле отсекогаш, тие не се вечни (без почетокот или крај), но се бесмртни(раѓање без смрт). Оваа бесмртност се сведува на посебен начин на постоење. Тие се хранат со амброзија (слатка материја, девет пати послатка од медот) со нектар (пијалак) и чадот на жртвувањата. Во нивните вени не тече крвта на смртниците, туку друга течност, ихор. Тие ѝ се потчинети на судбината и постојано се мешаат во човечките работи и во меѓучовечките односи. Родени едни од други и многубројни, боговите формираат семејство, тукуречи заедница, налик на општеството, со силна хиерархија.

Митологија

уреди
Теми во Старогрчка митологија
Богови
Херои
Поврзано

Според Хесиод, старогрчката митологија е организирана според три сили : Хаос, Геја ( Земјата) и Уран (Небо), кои се причина за раѓањето на други сили на самостоен начин. Со спојување на Геја и Уран се родиле Титаните, меѓу кои најмлад бил Крон, киклопите и хекатонхирите. Меѓу децата на Геја и Уран, од кои понатаму исто се изродиле божества, Крон го кастрирал неговиот татко, а бил владетел заедно со Реја врз другите богови. За ниедно од неговите деца да не стане крал, тој ги јадел веднаш по нивното раѓање. Изроден од него, Зевс ја избегал смртоносната судбина. Кога пораснал, тој го натерал Крон да ги поврати неговите деца, го симнал од престолот и заедно со неговите браќа, олимписките богови, ја започнал војната против Титаните. Оттогаш, боговите застанале до Зевс, владетелот на Олимп (на небото, етерична област каде што живеат), кој го поделил светот со своите браќа : Ад кој станал бог на подземјето, Посејдон кој станал бог на морето. Тој на олимписките богови им поделил почести (timai) и владеел со мир и правда.

Богови

уреди
 
Храм посветен на Аполон во Пестум
 
Статуа на Хера

Раните Грци го персонифицирале секој аспект од нивниот свет, природен и културен, како и нивните искуства во истото. Земјата, морето, планините, реките се гледале како на личност. Кога Ахил се бори со реката во Илијада, реката му зборува на Ахил, но користи против него само такво оружје што е соодветно на водотек[29]. Кај Хесиод, антропоморфните божества и персонализацијата на природни или културни феномени се создаваат и се раѓаат едни од други.[1] Хера е прва типична божица на бракот, но не е идентификувана со бракот. Ерос, Афродита (бог и божица на сексуална желба) и Арес (бог на војната) се персонализирани и антропоморфизирани, но нивните обожаватели можат да бидат и "исполнети" со нив. Некои божества имаат епитети кои изразуваат одреден аспект на нивните дејства. Зевс е познат и како Зевс Ксениос[30] во неговата улога како чувар на гостите но можно е Ксениос првично да бил независно божество, апсорбирано од Зевс како резултат на олимпо-центричните тенденции на грчката религија поттикнати од песните на Хомер и Хесиод. Кај Хомер, боговите во суштина претставуваат некаква супер-аристократија. Обожавателите на овие богови не веруваат во награда или казна по смртта. Тие се стремат кон тоа во овој живот. Секој успех покажува дека боговите се задоволни а секој неуспех покажува дека некој бог е налутен, обично како резултат на мала или ненамерна грешка кон нив, а не поради праведно или неправедно однесување на еден смртник кон друг. Молитвата и жртвата, колку и да се големи, не можат да гарантираат успех или милост на боговите. Грците и Тројанците се жртвувале на боговите за да обезбедат божја поддршка во војна и во други периоди на криза. Се верувало дека Зевс, најсилниот од боговите, ги фаворизира Тројанците, додека Хера ги фаворизира Грците. Сепак, Троја паднала, како и многу други градови.

 
Статуа на свештеничка што држи вазна, завиткана во долга наметка (хитон) и со горниот дел завиткана во кратка наметка (химатион) која веројатно датира од средниот или доцниот хеленистички период (117-138 година). Вила на Адријан, Капитолински музеј.

Побожност (εὐ̓σέϐεια)

уреди

Побожноста пред сè е граѓанска должност. Освен тоа, и функцијата на свештеникот е граѓанска функција и не постои свештенство. Секој град во Стара Грција имал свој бог заштитник. Непочитувањето значело ризик таквата заштита да престане и тоа се сфаќало како опасност за сите граѓани.

Обврските на заедницата првенствено се однесуваат на почитување на традицијата на предците. Оние на поединецот биле повеќекратни. Примери за покажување на побожноста се: учество во култовите на градот, дарови принесени на светилиштата, посветеност кон починатите роднини и кон божествата заштитници на семејството, великодушност за да се овозможи обредите да се спроведуваат во подобри услови.

Старогрчката религија не се потпира на никакво откровение. Побожноста не била израз на интимен однос со бог. Религијата, според тоа, не се темели на длабока поврзаност кон некаква догма, која впрочем не постои, туку едноставно во почитувањето на обредите. Верското однесување, побожноста (старогрчки: εὐ̓σέϐεια, исполнување на обврските кон боговите) и безбожието (ἀσέϐεια, недостаток на почит за верувањата и ритуали кои се заеднички за жителите на градот), немаат дефиниран и крут карактер. Побожноста најверојатно била чувство на припадност на групата или поединецот на одредени обврски. Да се биде побожен било да верува во делотворноста на системот на претстави поставен од страна на градот за да се организираат односите помеѓу луѓето и боговите, и активно да се учествува во општествениот живот.

Безбожие (ἀσέϐεια)

уреди
 
Смртта на Сократ, осуден за безбожие во судот на Атина

Безбожието може да земе многу форми и начинот на кој со тоа се справувале сосем малку е познат преку кривичниот закон на градот Атина[31]. Генерално за безбожно се сметало сè што било против традицијата, во однос на прашањата за религијата, сите новитети : воведувањето богови кои сè уште не биле официјално прифатени, сфаќања кои ги ставаат во прашање традиционалните верувања, измена на обредите на предците. Слично на тоа, за безбожен чин се сметало какво било загрозување на интегритетот на божјото наследство (кражба извршена во некој храм или хиеросилија, осакатување на светите дрвја, садење земјоделска култура без дар за боговите), било која имитација, извртеност на верската церемонија, насилство сторено врз почитувачите на култот[32].

Безбожието, односно недостатокот на почит за обредите на градот, се сметало за кривично дело казниво со пресуда во судовите. Слично на тоа, за безбожие се сметал и вишокот на "побожност", како на пример суеверието. Така, доколку некои следбеници на некоја нова религија или некој нов бог за градот сакале да го практикуваат нивниот култ, тие морале да побараат писмена согласност, која ќе биде ставена на гласање. Според исходот на ова гласање, овој бог или култ бил прифаќан или не. Поради оваа причина "безбожието" на Сократ него го чинела смртна казна, изречена од страна на градот Атина[33]. Обвинет дека ги заведува младите, и осуден како безбожник бидејќи го уништувал верувањето во боговите на градот и дека воведувал нови богови[34]. Сериозноста на казната изречена на Сократ може да се објасни со страхувањето во кое верувале Старите Грци дека воведување на нови култови, значи навреда за боговите на градот и воедно опасност за сите негови жители.

Светото

уреди

Светото како такво не постои, во старогрчката религија. Сепак постојат нему три блиски поими кои би требало да се разграничат.

 
Сцена од жртвување коза (Лувр)
 
Фреска од Делос, жртвување свиња (околу 100 п.н.е). Археолошки музеј во Делос

Јерос (ἱερός)

уреди

Овој термин се однесува на нештата кои ги овозможуваат условите кои се неопходни за реализација на ритуалот. Зборот има три наведени значења:

  1. поврзано со боговите,натприродно
  2. свето, просветлено
  3. под божја заштита

Станува збор за форми на случајност или околности. Секое нешто може да стане свето за време на некаква церемонија (местото на жртвување), некој обичен предмет (ножот со кој била убиена жртвата) па дури и човекот (оној што го спроведува жртвувањето). Свештеникот не е човек надвор од граѓанското општество. Свештенството не се појавило во вистинска смисла на зборот, туку повеќе било административна функција на атинското општество. Најчесто, свештеникот бил обичен јавен службеник, избран по случаен избор или се избирал за период од една година, а свештенството се појавува како државна функција, во суштина времена (со тоа што онаа на свештеникот на Елефсина е најпозната). За време на својот мандат, свештеникот ги врши своите функции само во текот на литургиските дејства, а не и надвор од тоа. Впрочем, тука не постои хиерархиско свештенство организирано како некаква самостојна институција. Свештенството, во суштина, е општествена, односно политичка дејност.

Овој воглавно времен аспект на ἱερός помага за понатамошно разбирање на именката во множина τὰ ἱερά што може да се однесува согласно контекстот и на "чиновите на култот", на "местата за богослужба" или пак на "предметите на култот", или, генерално, " на нештата посветени на култот ".

Агиос (ἅγιος)

уреди

Овој термин би можел да се преведе со придавката свет. Тој го карактеризира тоа што дефинитивно е оддалечено од секојдневниот живот и од заеднички свет преку неговата чистота. Познато е дека овој термин се користи во современиот грчки јазик  за опишување на христијанските светци. Некое место може да биде свето (ἅγιος).

 
Дионисии. Детаљ од атичко црвенофигурално вазно сликарство (450-440 п.н.е.), Лувр.
 
Храм посветен на Хера, наречен и Нептунов храм или храмот на Посејдон, Пестум (Посејдонија), Кампанија, Италија.

Теменос (τέμενος)

уреди

Терминот е изведен од глаголот τέμνω, témnô, "сече", со значење "отсечено".[35] Теменос е впрочем зона, област, место, со различна големина кое е одвоено од доменот на луѓето, оставено трајно на боговите. Најчесто, некое место станува теменос после некоја теофанија, појава или божествена манифестација, која можела да се случи со некаква природна појава како молња, некакво необјаснето чудо, или секој настан или проста појава на кој ѝ се припишале доблесни одлики. Просторот на теменос, бидејќи не смее да се осквернави, ригорозно е дефиниран, најчесто со камења или со ставање меѓи. Таму не смее да се стапне освен во состојба на чистота и преку почитување на забраните, кои се разликуваат од едно до друго место. Храмот на тој начин се појавува систематски како теменос.

Осиос (ὅσιος)

уреди

Овој термин ја конотира идејата за дозвола. Осиос е тоа што е пропишано или е дозволено од страна на божјиот закон. Некое суштество кое станало нечисто заради сквернавење, значи, исклучено од ритуалите и му се забранил влез во теменос, откако ќе се прочисти од оваа нечистотија, станува осиос (побожен, прочистен, безгрешен)[36].

 
Сликата Каењето на Орест од Вилијам-Адолф Бугеро (1862)

Чисто и нечисто

уреди

Чистотата, во старогрчката религија, не е морална, туку материјална. Нејзиното значење е клучнo, бидејќи може да се учествува во обредите и да се влегува во светилиште само во состојба на чистота. Во одредени обреди, миењето раце е пропишано. Претставите на чисто/нечисто зависат целосно од контекстот[37] : некој предмет кој се смета за чист може да биде нечист во некој друг контекст.

Таков е случајот со крвта. Таа суштински не е ниту чиста ниту нечиста, и сѐ зависи од соодветниот ритуал : крвта на жртвата е чиста, онаа на умрениот е нечиста. Поради таа причина секој убиец, било да е смртник или не, мора да биде "измиен" од неговата нечистотија по битката, макар истата да била лојална или во најдобар интерес на градот. На истиот начин, смртта на некој близок (дури и некрвава), или раѓањето деца се извори на нечистото, што ги спречува да учествуваат во некои церемонии и влегуваат во светилиште[38].

Траги од овие двојни односи на крвта наоѓаме во митологија :

  •  
    Аполон го убива Питон
    Орест, откако во крв се одмаздил за убиството на неговиот татко Агамемнон (што се сметало за негова должност), морал да се искупи за својата нечистотија бркан од страна на ериниите. Дури по ослободителна пресуда од страна на Атена и потоа барањето од страна на Аполон (кое се состои во тоа од Таврида статуата на Атена да ја донесе во Атина) тој бил измиен од крвта на своите жртви и се ослободил од Фуриите[39].
  • островот Делос, тогаш талкачки (како многу од митолошките острови), бил единственото копно на кое можела да стапне Лето, мајката на Аполон и Артемида, за тука да се породи. Хера, впрочем, повторно изневерена од страна на нејзиниот сопруг, Зевс, таткото на близнаците на Лето, забранила на секоја земја да ја прифати нејзината "соперничка".[40] Станат колевка на два бога, на Делос му доделиле неподвижност, и островот станал свет. За да го направат ослободен од секаква нечистотија, се донела одлука дека е забрането тука да се родиш или да умреш, и се отишло толку далеку што биле откопани претходно погребаните трупови на островот за да се обезбеди чистота.
  • Самиот Аполон, откако го убил чудовиштето Питон, морал да се прочисти себеси од убиството. Макар што преку овој насилен акт богот го основал еден од најпобожните градови на грчкиот свет.

Обреди и ритуали

уреди
 
Процесија за жртвување јагне. Слика на дрво, Коринт, 540-530 п.н.е. Национален археолошки музеј на Атина.

Боговите се обожавани преку обреди, им се носеле дарови, преку игри одржани во нивна чест, преку одредени мистерии, и преку светилиштето од Делфи кое требало да се прашува.

"Побожноста, напишал Платон во Евтифрон, е да се знае како да се моли и да се жртвува, и правејќи го она што им е пријатно на боговите. Таа дава спасение на семејствата и на државите."

Секој верски чин започнува со  ритуал на прочистување, гест на чистота, со кој треба да се елиминира нечистотијата на земското[41]. Затоа се мијат рацете пред да се даде дарот, се капат во Касталискиот извор пред да ѝ се обратат на пророчицата на Аполон. Прочистен, верникот може да ја насочи својата молитва кон богот којшто го повикува. Тоа е вербална молитва. Во античките времиња не постоела тивка молитва, во себе. Таа требала да се искаже гласно за да ја слушне  богот или божицата. Оваа молитва мора да биде придружена со дар. Мали подароци се ставаат во светилиштето утрото и ноќта, или пред оброците, подароци кои во големите светилишта се чувале во објекти наречени "трезори" (старогрчки: θησαυρός).

 
Касталискиот извор во Делфи

Со текот на времето, овие дарови земале огромни пропорции. Тие биле украси на светилиштата на Олимпија, Делфи, итн. Подароците не се оставале на боговите само при молитва, туку и заради благодарност за примените благослови, победи, исполнето пророштво, добиена корист. Полни со гордост или љубомора, секој град или граѓанин, се стремел да даде поголем подарок од неговиот сосед. Градовите така го покажувале нивното влијание, нивната сила, или нивните победи, посипувајќи ги светилиштата со дела или споменици од каков било вид, повеќето од кои се исчезнати или се чуваат во музеите.

Жртвувањето било наменето за да се почитуваат обичаите и да не се поттикнува гневот на боговите а жртвената функција била резервиран за свештеник, поставен од градот, кој жртвувал врз олтар[42], секогаш подигнат надвор од храмот.[43] Големите жртви за време на големи прослави во чест на овој или оној бог, биле придружени со процесија, или поворка, давајќи им на овие празници посебен сјај кој граѓаните го барале со нетрпение, како процесијата на Големите Панатенеи во Атина.

 
Панатенеички игри (трка) претставени на црнофигурално вазно сликатство

Фестивали

уреди

Прецизните детали за многу фестивали се нејасни. Еден од подобро познатите фестивали бил Панатенеја[44], кој се прославувал на лето. Секоја четврта година се одбележувала Големата Панатенеја. Целта, покрај жртвувањето, било древната дрвена слика на Атена, сместена во "Стариот храм", да се обезбеди со нова облека што ја плетеле жените на атинските граѓани. Големата Панатенеја вклучувала процесија, трка со факли, атлетски натпревари и рецитали[45]. Големата Дионисија во пролет се славела во Атина. На крајот на ритуалот, сликата на богот била придружувана до театарот на Дионис, каде што се одржувале драмски натпревари[1]. Олимписките игри биле дел од големиот фестивал на Зевс што се одржувал секое четврто лето во светиот предел Алтис покрај реката Алфеј во западниот дел на Пелопонез. Било прогласувано примирје со цел да им се дозволи на сите завојувани Грци да се натпреваруваат, а прославата траела пет дена. Жртва се принесувала на олтарот на Зевс, каде што биле објавувани и пророштва, и на гробот на Пелопс на олтарот на Хестија. Натпреварувачите и судиите положувале заклетва да ги почитуваат правилата, се одржувале поворки а победниците биле почестени на државни банкети. Попознатите беа овековечени од страна на лирските поети, како што е Пиндар. На жените им било забрането, но девојчињата се натпреварувале на фестивалот на Хера. Игри се одржуваа во чест на Зевс кај Немеа, на Аполон во Делфи и на Посејдон во Истмус по примерот на Олимпијадата.

 
Орфичка молитва на златен лист пронајдена во непознато наоѓалиште во Тесалија, во бронзена погребна урна од (4 век п.н.е.) и зачувана во музејот Ј.П. Гети Малибу (Калифорнија).

Ритуали

уреди

Во тек на ритуалите жртвата им била понудена на олимписките божества во зори на олтарот на теменос, кој обично стоел источно од храмот. Како подарок за боговите, жртвата претставува главен доказ на побожноста. Боговите биле задоволни со изгорениот дел и со чадот на жртвата, додека свештениците и верниците го делеле остатокот од месото. Различни животни биле свети за различни божества - на пример, телиња за Атена, крави за Хера, свињи за Деметра, бикови за Зевс и Дионис, кучиња за Хеката, игри и јуници за Артемида, коњи за Посејдон и магариња за Пријап. Практиките на ритуално миење пред жртвување, попрскувањето јачменски зрна ги опишал Хомер. Жртвите требало да бидат чисти за да не го навредуваат божеството. Човечките жртвувања, ако воопшто се практикувале, биле само исклучок. Жртвувања без крв им се принесувале за некои божества и јунаци. Молитвите вообичаено започнувале со комплименти за божеството и завршувале со специјална молба. Во обраќањето на молитвата до богот, молителот стоел со кренати раце и дланките нагоре. Процесиите беа дел од повеќето собири, панаѓури и фестивали[1].

 
Храмот на Хефест во Атина (Грција),450-440 п.н.е. е добро зачуван грчки храм кој во голема мера останал каков што бил изграден. Тој е дорски перипетарски храм, и се наоѓа на северозападната страна на Агора во Атина. Од 7 век до 1834, служел како грчка православна црква Св. Ѓорѓи Акаматес.

Светилишта и храмови

уреди

Во најраните времиња божествата биле обожавани на места како што се шуми, пештери или планински врвови. Микенските божества биле почитувани во кралската палата. Основно било местото (теменос) доделено на божеството, кој содржел олтар, храм (доколку има) и други сакрални или природни одлики, како што е светата маслина во пандроските теменоси на Акрополот во Атина. Отпрвин храмовите биле дрвени а потоа од мермер до крајот на 7 век п.н.е. кога храмовите станале големи и биле изградени со редови на столбови од сите страни. Секој храм му бил посветен на некој бог. Херојските светилишта биле посиромашно изработени и содржеле јами за жртвите. Постоеле и минијатурни светилишта. Повеќето оракуларни светилишта вклучувале подземна просторија, но во Делфи не постои никаква трага од такво нешто[1], иако за Питија секогаш се велело дека "се спушта". Во пророчиштето на Трофониј,[46] откриено во 1967 година во Ливадија, инкубацијата (ритуално спиење за да се предизвика сонување ) се практикувала во дупка. Најпознат центар за инкубација бил оној на Асклепиј во Епидаур. Неговиот храм имал просторија каде што болните биле советувани од полубогот[47] во соништата. Дивинацијата исто така било широко практикувано во Стара Грција. Гаталците, претскажувале според обликот на олтарниот чад и утробата на жртвените животни[1].

 
Пророчицата Сибила од Делфи, фреска на Микеланџело (15081512).

Пророчишта

уреди

Пророчиштата се основен аспект на религијата и културата на Стара Грција. Пророштвото е одговорот даден од бог дека е консултиран на лична работа, кои се однесуваат генерално на иднината. Такви пророштва може да бидат дадени само од страна на некои богови, во одредени места, за специфични предмети, и да се обезбеди почитување на ритуали строго да се почитуваат. Главниот бог е Аполон, чие пророчиште е во Делфи.

Иако немало службено свештенство, бидејќи религиозните и секуларните сфери не беа остро поделени, професионалната помош била достапна при жртвувањето. Немало посебна согласност помеѓу полот на божествата и свештениците. Хера и Атена се залагале за свештенички, но Изида и Сибела се залагале за свештеници. Аполон ја одбрал Питија (свештеничка) во Делфи, но свештеник во Птоон. Елефсинските мистерии ги спроведувале евмолпидите и кериките. Вторите ги собрале иницираните (мисти), додека првите го дале јерофантот, кој ги откривал мистериите во Анакторон (кралското светилиште) во рамки на големиот Телерезион или влезната сала.

Есхатологија

уреди
 
Харон и Психа

Во Хомер само боговите по природа биле бесмртни, но Елисеј бил резервиран за нивните омилени зетови, кои тие ги ослободуваат од смртта. Само Херакле добил место на Олимп со свои напори. Обичниот јунак ја мразел смртта, зашто мртвите биле сметани за безсилни двојници кои требале да се оживуваат со крв, медовина, вино и вода, со цел да им се овозможи да зборуваат. Тие биле спроведени, во царството на Ад од страна на Хермес. Но патот дотаму бил преку мочурливата река Стикс. Преку неа, ги превезувал Харон (сите што добиле соодветен погреб), а на умрените монети им биле ставени во устата за да ја платат цената на превозот[1].

Првично, во Тартар биле казнети само големите грешници како Иксион, Сизиф и Титиј, кои лично ги навредиле боговите. Но, доктрините на орфиците влијаеле врз лирскиот поет Пиндар, филозофот Емпедокле, и, пред сè, Платон. Според нив, на мртвите на една ливада им суделе Еак, Минос и Радамант и биле испратени или до Тартар или на островот Блест. Долги периоди на прочистување биле потребни пред злите да си ја повратат нивната небесна состојба, додека некои биле осудени засекогаш. На мртвите им беше дозволено да ја изберат нивната следна инкарнација. Потоа пиеле од реката Лета, река на заборавот, и ги заборавале сите нивни претходни искуства[1].

Свети списи

уреди

Старогрчката религија не се темели на пишана вера или догма[1]. Сепак, некои свети списи преживеале во форма на химни, пророци, натписи и упатства до мртвите. Повеќето се Хомеровите химни, од кои некои можеби биле составувани за религиозни фестивали, иако нивната тема е речиси целосно митолошка. Делфиските натписи вклучуваат химни на Аполон, но, како Епидаурската химна од Исил до Асклепиј, не се занимаваат со литургија. Делфичките пророштва се цитирани од литературните извори, но ретроспективно и во целина се чинат како заблуди, како хебрејско-хеленистичката колекција на сибилските пророштва. Прашања на оловни таблички биле пронајдени во Додона, а детални инструкции за мртвите, напишани на златен лист и веројатно според орфична инспирација, биле пронајдени во грчките гробови во јужна Италија. Папирусни фрагменти од сличен карактер биле пронајдени во гробовите во Македонија и Тесалија.

Користена литература:

уреди
  • (француски) Luc Brisson (dir.) et Platon, Apologie de Socrate : Platon, Œuvres complètes, Éditions Flammarion, 2008 (1re éd. 2006), 2204 p.. ISBN 978-2081218109. Отсутно или празно |title= (help)

Општа библиографија

уреди
  • Gerhard J. Bellinger, Encyclopédie des Religions (ISBN 2253131113), Le livre de poche, 2000 (traduction de "Knaurs grosser Religions Führer" (Knaurs Großer Religionsführer), 1ère. éd. 1986)
  • Fustel de Coulanges, La Cité antique, Étude sur le culte, le droit, les institutions de la Grèce et de Rome, 1864, réédité en 2016.
  • Lexicon Iconographicum Mythologiae Classicae (LIMC)

Специфична библиографија

уреди
  • (en) Martin P. Nilsson, The Minoan-Mycenaean Religion and its survival in Greek Religion, Lund, 1950
  • Louis Gernet et André Boulanger, Le génie grec dans la religion, Paris, Albin Michel, coll. « L'évolution de l'humanité », 1970, 510 p.
  • Louis Gernet (préf. Jean-Pierre Vernant), Anthropologie de la Grèce antique, Paris, Flammarion, coll. « Champs », 1982, 286 p. (ISBN 9782080-811059) Document utilisé pour la rédaction de l’article
  • Laurence Moulinier, Le pur et l'impur dans la pensée des Grecs, d'Homère à Aristote, Klincksieck, 2000 (ISBN 978-2252017203)
  • Walter Burkert, Homo Necans. Rites sacrificiels et mythes de la Grèce ancienne, Belles Lettres, coll. « Vérité des mythes », 2005 (ISBN 2251324372),
  • Walter Burkert, Les Cultes à mystères dans l'Antiquité, Belles Lettres, coll. « Vérité des mythes », 2003 (ISBN 2251324364).
  • Simone Weil, La source grecque, Paris, Gallimard, 1979, p. 77 à 136 : « Dieu dans Platon » Document utilisé pour la rédaction de l’article
  • La Cuisine du sacrifice en pays grec, Marcel Détienne et Jean-Pierre Vernant, Gallimard, coll. « Bibliothèque des histoires », 1979 (ISBN 207028655X).

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 „Greek religion | Beliefs, History, & Facts“. Encyclopedia Britannica (англиски). Посетено на 2018-01-17.
  2. „Religion, threskeia (θρησκεία) and the Return of the Hellenes: On Brent Nongbri's Before Religion“. The Religious Studies Project (англиски). 2014-05-23. Архивирано од изворникот на 2017-07-11. Посетено на 2018-01-17.
  3. 3,0 3,1 „Greek Popular Religion: The House and the Family“. www.sacred-texts.com. Посетено на 2018-01-17.
  4. "Zeus Kataibates," Rheinisches Museum, XLIII (1908), 315 ff. For the various aspects of Zeus mentioned here see also the great work by A. B. Cook, Zeus.
  5. D’après l’Encyclopédie des Religions de Gerhard J. Bellinger.
  6. Sakoulas, Thomas. „Minoan Culture“. ancient-greece.org. Посетено на 2018-01-17.
  7. 7,0 7,1 „Ancient Minoan Religion“ (англиски). 2017-03-04. Посетено на 2018-01-17.
  8. Gernet et Boulanger 1970, стр. 20.
  9. Foucart, Paul-François (1880). „Inscription d'Éleusis du Ve siècle“. Bulletin de correspondance hellénique (француски). 4 (1): 225–256. doi:10.3406/bch.1880.4320.
  10. Martha, Jules (1881). „Inscriptions de Messène“. Bulletin de correspondance hellénique (француски). 5 (1): 149–156. doi:10.3406/bch.1881.4248.
  11. Rachet, Guy (1962). „Le Sanctuaire de Dodone, origine et moyens de divination“. Bulletin de l'Association Guillaume Budé (француски). 1 (1): 86–99. doi:10.3406/bude.1962.3974.
  12. Calame, Claude (2008). „Les lamelles funéraires d'or : textes pseudo-orphiques et pratiques rituelles*“.
  13. Gernet et Boulanger 1970, стр. 21 à 25.
  14. Gernet et Boulanger 1970, стр. 10 à 12.
  15. Robert Laffineur, « À propos du sarcophage d'Aghia Triada : un rituel de nécromancie à l'époque protohistorique ? », Kernos, 4 | 1991, 277-285.
  16. Gernet et Boulanger 1970, стр. 14-15.
  17. R. Dussaud, Les Civilisations préhelléniques dans le bassin de la mer Égée,  338 sq.Предлошка:Refinc
  18. Henrichs, Albert. "Greek Maenadism from Lympias to Messalina." Harvard Studes in Classical Philology, Vol. 82 (1978): 144.
  19. Gernet et Boulanger 1970, стр. 19-20.
  20. Gernet et Boulanger 1970, стр. 28 à 31.
  21. Предлошка:AthDei, IV, 173 E.
  22. Gernet et Boulanger 1970, стр. 44-45.
  23. Simon, Hornblower; Antony, Spawforth; 1970-, Eidinow, Esther. The Oxford companion to classical civilization (Second. изд.). New York, NY. ISBN 0198706774. OCLC 891324144.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  24. 1941-, Hansen, William F. (2005). Classical mythology : a guide to the mythical world of the Greeks and Romans. Oxford: Oxford University Press. ISBN 0195300351. OCLC 58729688.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  25. 1943-, Hamilton, Richard (1992). Choes and anthesteria : Athenian iconography and ritual. Ann Arbor: University of Michigan Press. ISBN 047210280X. OCLC 25025936.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  26. Aristophanes, Halliwell. Aristophanes : Clouds ; Women at the Thesmophoria ; Frogs (First. изд.). Oxford, United Kingdom. ISBN 0198149948. OCLC 932857618.
  27. Smith (1849). Dictionary of Greek and Roman Biography and Mythology (англиски). Taylor, Walton, Maberly.
  28. Cosmopoulos, Michael B. (2005-08-18). Greek Mysteries: The Archaeology of Ancient Greek Secret Cults (англиски). Routledge. ISBN 9781134536160.
  29. „The fight between Achilles and the river Scamander... Book XXI. Samuel Butler, trans. 1898. The Iliad of Homer“. www.bartleby.com. Посетено на 2018-01-18.
  30. „⚡️Zeus ⚡️• Facts and Information on Greek God of the Sky“. Greek Gods & Goddesses (англиски). Посетено на 2018-01-18.
  31. Gernet et Boulanger 1970, стр. 286-287.
  32. 1963-, Evans, Nancy (2010). Civic rites : democracy and religion in ancient Athens. Berkeley: University of California Press. ISBN 0520262026. OCLC 613205556.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  33. 1947-, Brickhouse, Thomas C. ((1990 [printing])). Socrates on trial. Oxford: Clarendon. ISBN 0198239386. OCLC 24742060. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  34. Platon, Apologie de Socrate, 24 b.
  35. 1943-, Mikalson, Jon D. (2010). Ancient Greek religion (2. изд.). Chichester, West Sussex, U.K.: Wiley-Blackwell. ISBN 9781444358193. OCLC 778339226.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  36. „ὅσιος - Wiktionary“. en.wiktionary.org (англиски). Посетено на 2018-01-17.
  37. Andrej, Petrovic. Inner purity and pollution in Greek religion. Volume I, Early Greek religion. Oxford. ISBN 0198768044. OCLC 962408653.
  38. 1962-, Frevel, Christian; 1972-, Nihan, Christophe (2013). Purity and the forming of religious traditions in the ancient Mediterranean world and ancient Judaism. Leiden: Brill. ISBN 9789004232297. OCLC 820271590.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  39. 1950-, Carson, Anne. An oresteia (First paperback. изд.). New York. ISBN 9780865479166. OCLC 961886498.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  40. J., Rayor, Diane (2004). The Homeric hymns. Berkeley: University of California Press. ISBN 9780520239937. OCLC 648592587.
  41. Jameson, Michael H. (2014-10-16). Cults and Rites in Ancient Greece: Essays on Religion and Society (англиски). Cambridge University Press. ISBN 9781316123195.
  42. Sarah, Hitch; 1959-, Rutherford, Ian. Animal sacrifice in the ancient Greek world. Cambridge, United Kingdom. ISBN 9780521191036. OCLC 974846799.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  43. S., Naiden, F. Smoke signals for the gods : ancient Greek sacrifice from the Archaic through Roman periods. New York. ISBN 9780199916405. OCLC 858861318.
  44. „PANATHENAEA FESTIVAL (Panathenaia) - Ancient Greek Religion“. www.theoi.com (англиски). Посетено на 2018-01-18.
  45. „Classical Period - Politics“. www.ime.gr. Посетено на 2018-01-18.
  46. Winters, Riley. „Nourisher of Mind and Mayhem: The Oracle of Trophonius and the Cave of Nightmares“. Ancient Origins (англиски). Посетено на 2018-01-18.
  47. „TROPHONIUS (Trophonios) - Greek Demi-God of a Chthonic Oracle“. www.theoi.com (англиски). Посетено на 2018-01-18.

Поврзано

уреди

Поврзани Статии

уреди

Надворешни врски

уреди