Свети Климент Охридски

словенски просветител и светец

Свети Климент Охридски (старословенски: Климєнтъ Охрїдьскꙑи, латински: Clemens Achridensis, грчки: Κλήμης της Αχρίδας; о. 84027 јули 916 година во Охрид) — еден од првите средновековни словенски светци, научник, писател и просветител на Словените.[6][7][8][9][10] Бил еден од најистакнатите ученици на Кирил и Методиј, кои заедно се поврзуваат со создавање на глаголското и кириличното писмо, особено нивното распространување помеѓу христијанизираните Словени. Тој бил основач на Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски универзитет“, од кој излегле 3500 подготвени ученици, и од страна на некои словенски народи се смета за покровител на образованието и јазикот. Тој се смета за прв Епископ Словенски со титула Епископ Велички.[11][12]

Свети Климент Охридски
Икона на Свети Климент Охридски
Ученик на Св. Кирил и Методиј
Роден(а) ок. 830–840, Римска Империја[1][2]
Починал(а) 27 јули 916(916-07-27), Охрид, Прво Бугарско Царство[3]
(денес Македонија)
Почитуван(а) во Православна црква, Источни католички цркви
Латинско христијанство
Главно светилиште Плаошник
Слава 27 јули[4] и 25 ноември
Обележја глаголица, кирилица
Заштитништво Охрид и Македонија[5]

Денес Свети Климент Охридски се почитува како заштитник на Македонија, градот Охрид и Македонската православна црква.[13][14] Во Бугарија е сметан за еден од седумте апостоли на Првото Бугарско Царство и еден од врвните светци на современата Бугарија.[15] Во чест на светецот, во Македонија и Бугарија многу училишта, улици и државни институции го носат неговото име. Најголемата црква во Скопје (Соборниот храм) го носи името на Свети Климент, исто така Бугарската антарктичка база, универзитетот во Битола, Софискиот Универзитет и Националната и универзитетска библиотека на Македонија го носат неговото име.

Извори

уреди
 
Житието на Теофилакт Охридски претставува главен извор за животот и делото на Свети Климент Охридски

Главните извори за животот на Климент се два средновековни документи напишани на грчки јазик.[16][17] Пораниот и подеталниот од двата документи е едно житие на Климент напишано од Теофилакт, архиепископ охридски (1084 — 1107). За Теофилактовото Пространо житие се смета дека е пишувано врз основа на содржината на исчезнатото Прво словенско житие, составено од Климентовите следбеници и ученици веднаш по неговата смрт. Треба да се има предвид дека Теофилакт извршил адаптација на неговата содржина, согласно идеолошките и црковно-политичките интереси на Византија.

Другиот пишан документ е житието на Климент од друг охридски архиепископ, Димитар Хоматијан (1216 — 1234), познато како „Краткото житие на Климент Охридски“ или т.н. „Охридска легенда“.[16] Содржината на житието на Теофилакт подоцна, во XIII век, му послужила на Димитар Хоматијан да напише ново Кратко житие за Св. Климент. Во него, исто така се забележува адаптација и преосмислување на одредени настани како и вметнување погрешни податоци. Текстовите на двата охридски епископи биле направени на старословенски јазик и во средновековната писмена традиција се препишувале на двата јазици.

Од останатите византиски извори треба да се споменат уште и химнографските творби за Свети Климент од периодот меѓу XI и XIV век напишани од Теофилакт, Хоматијан, Константин Кавасила и Григориј. Словенски извор со помала историска вредност се смета „Службата за Свети Климент Охридски“, напишана во првата половина на X век од некој нивен ученик за време на деволскиот епископ Марко, кон крајот на IX век или во првата половина на X век. Тоа претставува првостепен извор за животот и дејноста на учениците на Кирил и Методиј. Станува збор за препис од XV век на поп Иван (Јован, Јоан) Милошев и брат му Никола од селото Пископија, Дебарско. Овој препис се чува во ракописната збирка на Зографскиот манастир на Света Гора.[18] Во текот на отоманското владеење на овие простори, Османлиите не го спречиле ширењето на ракописите и преписите на делата посветени на учителите. Во XV век се распространиле преписи од „Житието на Свети Кирил“. Посебно во XVIII век се почувствувал наплив од словенски ракописни состави, благодарение на изданијата од Мосхополската печатница, прифатени од администрацијата во манастирот „Свети Наум“ во Охрид.[19] Во почетокот на XIX век се зголемил интересот за просветителите, особено кај Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Партениј Зографски ја превел на галички дијалект опширната „Биографија на Свети Климент“.

Освен житијата, за дејноста и особено за ширењето на култот на Климент Охридски сведочат и неговите ликовни претстави. Најстариот досега познат лик на Климент е сочуван на јужниот ѕид на црквата Св. Софија во Охрид датиран во времето на архиепископот Лав (1037 — 1056), а пак една од најстарите икони со неговиот ликот е дрвената литиска икона од втората половина на XIII век што се чува во Галеријата на икони во Охрид.[20]

Живот

уреди

Рани години

уреди
 
Бугарското Царство пред инвазијата на Унгарците

За неговите рани години на Климент, двете житија даваат малку информации.[21] Познато е дека живеел во границите на Првото Бугарско Царство,[16] период кога локалното словенско население сè уште давало отпор кон прифаќањето на христијанството.[22] Подетален податок за неговото потекло дал архиепископот Димитриј Хоматијан[23], кој запишал: „Овој велик наш отец и светилник на Бугарија потекнува од европските Мизијци [...] тој уште од детство го засака богољубивиот живот [...] и од почетокот беше со Методиј [...] го возљуби монашкиот и девствен живот“.[24] Точното место на неговото раѓање не е познато, но доброто познавање на Климент на грчкиот јазик, кое се согледува од квалитетот и обемот на неговите преводи, сугерира дека тој ги стекнал своите вештини на овој јазик на млада возраст, што веројатно се случило во Македонија, која во тоа време била дел од Првото Бугарско Царство. Можеби најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал Струмичко-брегалничката област[25] каде управувал Свети Методиј пред да замине во Мала Азија, или од Охрид. Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година. Но доколку се знае фактот дека уште од најмали години го знаел Методиј, може да се претпостави и дека Климент потекнува од истиот град од каде потекнуваат и светите браќа, односно од Солун. За неговата младост не се знае денес речиси ништо, не се знае неговото вистинско световно име, а монашкото име го добил по Климент Римски, чиишто мошти во Херсон на Крим ги откриле солунските браќа Кирил и Методиј за време на т.н. Хазарска мисија.[25] Во Пространото Климентово житие пишува дека: „тој го познавал неговиот (Методиевиот) живот како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител“. Според истиот извор, Свети Климент починал во 916 година.[16]

Ученик на Методиј

уреди
 
Фреска на Светите браќа во манастирот Св. Јован Бигорски, Дебарско

Климент се стекнал со солидно образование, и уште од млади години стекнал одлични познавања од грчкиот јазик. Најраните информации за животот на Климент дадени од житијата се дека „од неговиот живот го познавал најдобро од сите; со сопствени очи ги видел сите дела на својот учител; Св.Методиј на своја страна привлекол и други соработници ученици коишто потекнувале од Македонија, но и од други места.[26] Со своите ученици и помошници Кирил и Методиј работеле во манастирите на планината Олимп во Мала Азија.[16]

Доколку се претпостави дека периодот на младоста се години помеѓу 16 и 18 години, може да се претпостави дека неговото запознавање со Методиј потекнува од околу 856-858 година, клучниот период во животот на Методиј.[27]

Глаголица

уреди

Во следниот период, Кирил и Методиј заминале во манастир на планината Олимп во Мала Азија, која планинска област се наоѓа на југот од Мраморното Море и која во IX век била главен манастирски центар. Овде Методиј се замонашил во манастирот којшто се нарекувал Полихрон, и бил придружуван од неговиот брат Константин и неговите ученици.[25] Врз основа на животот на Кирил и Методиј, може да се претпостави дека тие ја создадале глаголицата во текот на годините што ги поминале заедно во манастирот на Олимп. Според Димитри Оболенски, може да се отфрлат тврдењата на нивните биографи дека глаголицата била создадена во Цариград во неделите или месеците по пристигнувањето во 862 година како пратеници на моравскиот принц Растислав.[28] Во работата на групата учени учествувал и самиот Климент како добар познавач на словенскиот и грчкиот јазик и вршел преведување и препишување книги. Во манастирот Полихрон, Климент престојувал сè до почетокот на Хазарската мисија во 859-860 година. Со исклучок на Хазарската мисија на двајцата браќа од 860 до 861 година, овие биле единствените години што ги поминале заедно, кога шеснаесетгодишниот Константин пристигнал во главниот град и 862 година, кога пристигнале пратениците на Ростислав.[28]

Подготовките за Хазарската мисија се одвивале во градот Херсон на Крим (во тоа време под византиска управа). Во Мисијата кај Хазарите учествувал и Климент и можеби бил и учесник во откривањето и откопувањето на светите мошти на римскиот папа Климент.[29] Мисијата довела до масовно покрстување на Хазарите.[29][30][31][32][33]

Во житието на Константин се вели дека откако царот Михаил III го замолил да создаде словенска азбука, Константин „се предал на молитва со своите соработници“.[34] Житието на Методиј ги нарекува овие помошници на Кирил и Методиј „други со ист дух како нив“.[34] Истата група ја спомнува и Теофилакт, кој пишува дека Кирил и Методиј, откако ја измислиле азбуката, „се погрижиле да им го пренесат божественото знаење на оние што се поспособни од нивните студенти“, именувајќи ги кои биле „избрани и просветители на групата“ — Горазд, Климент, Наум, Ангелариј и Сава.[17] Пради овие основи, може да се претпостави дека Климент бил дел од јазичниот круг на Кирил и Методиј и придонел за создавање на глаголицата.[34]

Моравска мисија

уреди
 
Свети Климент и останатите ученици, заедно со Кирил и Методиј. Фреска (1744 г.) од манастирот Арденица во денешна Албанија.

Моравската мисија претставувала дипломатска мисија на Византија која преку христијанството требала од Велика Моравија и Панонија да направи сојузници на Византија против Франките и Бугарите.[22] Подготовките за т.н. Моравска мисија најверојатно се спровела во Солун, кој претставувал важен административен, воено-политички, духовен и културен центар во Византија, веднаш по Цариград. Во Солун, Климент одблиску ја следел и учествувал во финалната работа од создавањето на првата словенска азбука — глаголицата. Во 863 година започнала Моравската мисиија и браќата заедно со нивните ученици заминале за Велика Моравија, која се спровела во три етапи: 863-866/7, 867-869 и 869-885 и таа претставува нов и мошне значаен и плоден период во животот и дејноста на Климент Охридски. Мисијата била поттикната од моравскиот кнез Ростислав до византискиот цар Михаил III. Ростислав настојувал да основа самостојна словенска христијанска црква и да го шири Христовото слово и богослужба на разбирлив словенски јазик. Со територијата на Моравија во тоа време духовно управувала Римската црква на чело со папата, а христијанството се проповедало и се вршело богослужба на латински јазик којшто бил неразбирлив за месното население.

Помеѓу 863 и 868 не постојат податоци за животот на Климент.[35] Во Моравија се превела сета црковна богослужба, а ги научиле и тамошните ученици да служат служба. Книжевната продукција се одвивала во три области: преводи на библиски и богослужбени текстови, црковно-правна книжевност и изворни трудови. Меѓу оригиналните творби од овој период најзначајни се хагиографските трудови — „Панонски легенди“ (пишувани по 869 година) чие составување и авторство му се препишува на Климент. Познато е дека во 868 година Климент ги придружувал Кирил и Методиј за време на нивната посета на Рим.[36][35] После три и пол години во Моравија, Кирил и Методиј заминале на југ за да ги ракоположат своите ученици — вклучувајќи го и Климент — во свештенството[35] и пристигнале во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 година.[36] Поради ова се смета дека Климент учествувал во мисијата на Константин и Методиј во Велика Моравија уште од самиот почеток и им помогнал во создавање на целосен литургиски циклус, обука на локалното свештенство.[25]

Детали за престојот на Климент во Рим, кој престој веројатно траел од зимата 867/8 до летото или есента 869 година, не се познати.[35] Во 867 година Кирил и Методиј, а најверојатно и самиот Климент прстојувале шест месеци во Мосбург во близина на езерото Балатон во денешна Унгарија, во кнежевството Коцел (861-874) во Панонија, по кое се упатиле во Венеција и продолжиле кон Рим, на повик од папата Никола, кој во меѓувреме починал и на негово место застанал Адријан II.[25] Словенските учители кои ги носеле моштите на папата Климент, во Рим биле примени со најголеми почести од страна на папата.

Двајца епископи, Гаудериг кој бил епископ на Велетрија и Формоз биле големи почитувачи на Климент Римски и еден од најблиските соработници на папата. Двајцата кои го ракоположиле Климент и другите ученици на Кирил и Методиј биле меѓу водачите во Рим (Формоз подоцна бил избран за папа). Во Второто кратко Наумово житие е наведено: „Потоа ги ракоположи и Климента и Наума заедно со другите за свештеници и ѓакони и нареди да се отслужи целиот вечерен чин, и утринскиот...“.[37] Контактите на Климент меѓу влијателните кругови во Римската црква, како и грчката, можеби биле скоро исто толку големи како оние на Кирил и Методиј. Тој веројатно го познавал лично Анастасиј Библиотекар, пријател и обожавател на Константин[35]. Климент во Рим учествувал во настаните поврзани со осветувањето на словенските книги и бил учесник во светите литургии коишто се одржувале на словенски јазик во повеќе римски цркви.

Враќање во Моравија

уреди
 
Фреска од Свети Климент Охридски

Константин починал во Рим на 14 февруари 869 година, набргу откако станал монах под името Кирил.[38] Почитувајќи ја последната желба на неговиот брат, Методиј се откажал од намерата да се врати во неговиот манастир во Олимп и, наместо тоа, избрал да ја продолжи својата заедничка работа меѓу Словените.[38] Според секоја веројатност, Климент ги поминал следните петнаесет години до смртта на Методиј со него во Панонија и Велика Моравија. Подоцна истата година, папата Адријан II го назначил Методиј за надбискуп на Панонија и го испратил во дворот владетелот Коцел.[38] Во Моравија Климент најверојатно ги напишал и првите свои книжевни дела. Се претпоставува дека уште за време на својот престој во Велика Моравија тој го напишал „Опширното житие на Св. Кирил“, или пак му помагал на Св. Методиј при пишувањето на овој прв словенски текст. Тука тој, најверојатно, го пишувал првобитниот текст на „Службата на Св. Кирил“ и „Пофалното слово“ за него, коишто се користеле за богослужбена прослава на словенскиот просветител.[39]

Француското свештенство, луто од загубата на нивните приоритети во Панонија и Моравија, го обвинило за узурпирање на епископските права и организирало црковно судење од месните владици, кои го осудиле Методиј и го испратиле во затвор. Методиј поминал две и пол години во затвор во Швабија, сè додека во 873 година папата Јован VIII не се вмешал и ги принудил франкиските епископи да го ослободат. Последните години Методиј ги поминал во одбрана на црковнословенската богослужба во својата епархија и истовремено морал да се бори против непријателството на Франките и недоследноста на новиот моравски владетел Сватоплук I.[38]

Смртта на Методиј и прогонство

уреди
 
Споменик на Свети Климент Охридски во Охрид

Изворите зборуваат повторно за Климент по смртта на Методиј на 6 април 885 година.[38] Методиј го назначил Горазд за свој наследник, кој имал предност бидејќи зборувал на местен јазик. Како и да е, номинацијата не била одобрена од папата, а Вихинг, франкискиот епископ на Нитра и стар противник на Методиј, продолжил со своите обвинувања со цел да ја задуши словенската литургија ширум Средна Европа.[38] Исто така, постоело несогласување меѓу учениците на Методиј и свештенството околу теолошкиот спор околу доктрината Филиокве. Овој спор што се водел меѓу двата црковни центри Рим и Цариград за происходот на Светиот Дух, во Моравија предизвикал жестоки расправи и судири. Во теолошката расправа учествувале Горазд и Климент како застапници на византиските сфаќања (наспроти сфаќањата на римокатолиците) по однос на оваа доктрина, но и како предводници на словенските свештеници по смртта на Методиј. Византиската доктрина за Светото Тројство била образложена пред германските свештеници и пред кнезот, а расправата предизвикала мачна атмосфера во која безуспешно посредувал Светополк. Моравскиот владетел ја засилил позицијата на германското свештенство и побарал од Климент и Горазд и од останатите словенски свештеници да се приклонат кон барањата на Вихинг и откако тие одбиле, се соочиле со државно прогонство. Несогласувањата околу оваа доктрина подоцна станале главни доктрински разлики во средновековните спорови меѓу грчката и латинската црква.[38]

Климент и Горазд ја предводеле борбата за опстанок на Кирилометодиевото дело во Велика Моравија. По доаѓањето на папскиот престол во есента истата година, папата Стефан V (885 — 891) ја забранил словенската писменост и словенското богослужение во Велика Моравија, словенските книги биле уништувани, а учениците на словенските просветители биле протерани од оваа западнословенска земја. Горазд и Климент добиле задача да зборуваат јавно против доктрината Филиокве. Двапати тие ја објасниле грчката доктрина за Троица, еднаш за франкиското свештенство и вторпат, накратко, за Сватоплук, но се зголемила тензијата меѓу следбениците на Викинзите и следбениците на Климент и Горазд. Обидите на Сватоплук да се однесува како арбитер не успеале, и наскоро започнале државните прогони против учениците на Методиј — околу двесте свештеници и ѓакони. Некои биле продадени во ропство, други биле истерани од нивните домови и тепани, а повеќе од нив биле затворени. Теофилакт ги дава имињата на петмина од затворениците — Горазд, Климент, Лаврентиј, Наум и Ангелариј и истите биле затворени во Нитра, денешна Словачка.[17][40]

По краткиот престој во затвор, Климент и неговите придружници биле осудени на постојан егзил и биле депортирани во области кај Дунав кои биле под контрола на Сватоплук. Патот кон Бугарија Климент го започнал со сите ослободени ученици, но тој, Наум и Ангелариј се одделиле од останатите и се упатиле кон реката Дунав и застанале во едно село да побараат храна, облека и да одморат. Откако домаќинот ги примил, починал неговиот син, за кое според Житието, човекот бил убеден дека токму тројцата ученици се виновни за смртта на неговиот син, ги нарекол демони-убијци и маѓесници и наредил да ги оковат во вериги и да ги мачат, на кое гостите му кажале дека доколку смета дека тие се причината за смртта на неговиот син, да започне да се надева да Господ му го подари животот, по кое синот воскреснал.[41]

Изворите понатаму наведуваат дека во 885-886 година учениците на Методиј пристигнале во Белград, кој тогаш бил во составот на Првото Бугарско Царство.[42] Нивното протерување означило крај на Моравската мисија, Вихинг станал поглавар на Моравската црква ракоположен на местото на Методиј од папата Стефан VI (885 — 891), а словенската богослужба се истиснала од Средна Европа.

Под кнезот Борис

уреди
 
Возобновената црква „Св. Пантелејмон“ - Плаошник во Охрид, на местото на книжевната школа формирана од Св. Климент. Денес овде се положени моштите на Св. Климент.

Во тоа време, бугарскиот владетел Борис I се соочувал со културно-политичката дилема што произлегла од христијанизацијата на Бугарија и судирот меѓу потребата за зачувување на локалната независност и византиските тврдења за универзалност на црквата. Овие тврдења барале секој владетел што ја прифатил византиската религија да прифати не само духовна власт на патријаршијата во Цариград, туку и во теорија, врховната власт на царот.[43] Кога Климент, Ангелариј и Наум тргнале кон Плиска, тие не отишле таму со цел да се стават во служба на бугарскиот кнез Борис, туку да ја продолжат својата мисионерска дејност во земја која не ги гони христијаните што не го исповедаат погрешното учење на доктрината filioque. Управителот на градот Белград, Боритикан, бил оној кој „реши да ги испрати туѓинците кај бугарскиот кнез Борис, бидејќи знаеше дека Борис одамна е жеден за такви мажи

По пристигнувањето во бугарската престолнина Плиска, учениците не нашле погодни услови за продолжување на делото на светите браќа Кирил и Методиј, бидејќи во земјата постоела слична атмосфера како и во Моравското Кнежевство. Додека во Моравија се воделе спорови со германо-латинските свештеници, овде се водело спор со Византија.[25] Онованата во 870 година црква била под јурисдикција на Цариградската патријаршија и била раководена од византиска црковна хиерархија на чело со византиски епископ[44], а во храмовите се служело на византиско-грчки јазик, па и ним не им било дозволено да вршат богослужба и да проповедаат на старословенски јазик[45], а и клирот се избирал и поставувал од страна на патријаршијата.

Сепак се смета дека Борис бил воодушевен од доаѓањето на тројцата мисионери во Плиска и им приредил пријатно добредојде.[46] Климент, Наум и Ангелариј биле сместени во домовите на месните благородници и одржувале редовни состаноци (според Теофилакт) со Борис и неговите советници Есхач и Чеслав.[22][46] Теофилакт укажува на тајност околу овие состаноци, најверојатно предизвикани од желбата на Борис да разговара за неговите следни потези со Климент и неговите придружници, без да ризикува да се антагонизира потенцијалното спротивставување на неговата идна политика.[46] Потеклото на ваквите противници на традицијата на Кирил и Методиј не е јасна, но можно е тие да биле членови на старата прабугарска аристократија, кои можеби ја криеле својата одредена верност кон своето паганско минато и туркиските традиции (кои само дваесет години порано довеле до неуспешен револт против крштевањето иницирано од Борис), или за припадниците на грчкото свештенство, кои би можеле да се чувствуваат загрозени од доаѓањето на истакната група мисионери и потенцијални соперници.[46] Во секој случај, Борис и неговите соработници, по секоја веројатност, биле свесни дека нивните планови да ја продолжат работата на Кирил и Методиј во Бугарија барало внимателна подготовка и претпазливост.[46]

Набргу по пристигнувањето во Плиска, тројцата мисионери се разделиле. Ангелариј починал неколку месеци по пристигнувањето во главниот град. Наум останал во Плиска, каде ги поставил темелите на Преславската книжевна школа, а Климент, најверојатно во 886 година бил бил испратен како мисионер во областа Кутмичевица во Македонија, [46] каде ја основал Охридската книжевна школа која станала расадник на писменоста и културата во целата охридска околина и пошироко во Македонија.[47]

Во Кутмичевица

уреди
 
Можни граници на областа Кутмичевица кон IX-X век.

Точните граници на регионот Кутмичевица не се познати, но веројатно тие ги вклучуваат западните македонски езера (Преспанско и Охридско Езеро) и територијата западно од нив до Јадранското Море во денешна јужна Албанија.[48]

Истовремено со испраќањето на Климент во Кутмичевица, Борис го назначил Домет за гувернер на округот.[49] Според зборовите на Теофилакт за Борис, „тој го предал блажениот Климент на Домет, поточно Домета на Климент, или поточно, тој ги предал еден на друг: едниот да биде послушен во сè, а другиот да се ползува од првиот како свој сотрудник“, во неговите решенија „и издаде наредба на сите жители на реионот да го примат Климент“ со почит, да му дадат подароци и преку видливи работи да разгласат помеѓу сите за богатството на љубовта кое е вложено во душата.[17] Климент заедно со новиот управител Домет требало заеднички да работат меѓу населението: да се рашири и зацврсти христијанството на словенски темели, а притоа да се сочува и лојалноста на населението. Покрај поддршката од локалната власт и наредбата до сите жители на областа да не му прават пречки, кнезот Борис на Климент му обезбедил имот и финансии, како и можност за вршење на неговата задача[50]

Теофилакт пишува дека Борис го испратил Климент како учител во Кутмичевица, но од природата на мисијата на Климент и неговата блиска врска со гувернерот на округот, јасно е дека неговите овластувања биле многу поголеми од оние на обичен учител или проповедник.[51] Борис исто така му обезбедил на Климент три куќи во административниот центар на областа градот Девол и два имота за одмор, едниот во Охрид, а вториот во Главеница.[50][49] Охрид, омиленото место на Климент, станал еден од главните центри на новата култура на Балканот, во голема мерка благодарение на неговите напори.

Како учител опслужувал неколку парохии и во секоја од нив имал неколкумина избрани ученици. Во секоја од овие парохии тој развил подеднакво добар систем на богословско образование, а како почетен степен на истото било описменувањето. Ова образование не било ограничено само на лица кои исполнувале услови да бидат дел од клирот, туку истото го посетувале и деца. Самиот тој, лично, ги поучувал најмладите од тоа како се пишуваат буквите, до толкување на она што е напишано.[50]

Следните седум години (886 - 893), Климент поминал дел од своето време проповедајќи го евангелието помеѓу населението. Тој посветил уште еден дел од своето време на поучување на глаголицата, а неговите поталентирани студенти биле избрани за подетално теолошко усовршување и поклонување на свештенството.[52] Според Теофилакт, за седум години бројот на овие студенти достигнал до 3.500.[52][20] Бројот на лица кои биле образувани во училиштата на Климент се смета дека бил многу поголем. Ова се заклучува од Житието, каде се вели: „Во секоја парохија тој имаше по неколкумина избрани од останатите, и тоа не малкумина, бидејќи се избројуваа до три илјади и петстотини, со кои почесто се среќаваше и им ги појаснуваше подлабоките места во писмата.“ Овде животописецот сведочи дека бројката на неколкумината избрани е до 3.500, а не вкупниот број на ученици кои се образуваат. Овде најверојатно се работи за лицата кои Климент ги подготвувал за свештенослужителство и учителска дејност, бидејќи биле избрани од останатите и ги подучувал толкување на Светото писмо на едно повисоко ниво.[50] Ова извонредно достигнување значително придонело за реализација на планот на Борис за замена на грчкото свештенство.[53]

Двете биографии ја забележуваат силната привлечност на Климент кон монашкиот живот, и поради неговата блиска поврзаност со Методиј, може да се претпостави дека Климент бил замонашен рано во неговиот живот.[53] За време на својата учебна мисија во Кутмичевица, Климент основал манастир во Охрид посветен на Свети Пантелејмон, кој станал голем центар за обука на локалното свештенство и придонел за славата на Охрид како лулка на христијанството на Балканот.[53]

Под Владимир Расате

уреди

Во 889 година, околу три години по пристигнувањето на Климент во Кутмичевица, принцот Борис му го предал престолот на неговиот најстар син Владимир Расате и се повлекол во манастир.[53] За четири години, новиот бугарски владетел водел политика за заживување на паганството и прогонството на христијанското свештенство, дијаметрално спротивно на онаа на Борис.[53] Во 893 година, Борис го напуштил манастирот, ја презел власта со помош на лојалните приврзаници и свикал народен собор во Плиска.[54] Помеѓу одлуките на советот биле и заменувањето на грчкиот со старословенскиот јазик како службен јазик на бугарската администрација и црквата, преместувањето на главниот град од Плиска во Преслав и прогласување на третиот син на Борис, Симеон (подоцна познат како Симеон Велики), за следен цар на царството. Не е познато дали паганската преродба имал директен ефект врз делото на Климент во оддалечената Кутмичевица, но веројатно за него тоа било период на неизвесност и тој ги поздравил одлуките на Советот од 893 година.[54]

Прв словенски епископ

уреди
 
Икона од Свети Климент Охридски

Една од првите постапки на Симеон како владетел била да го повика Климент во Преслав и да го назначи за епископ.[54] Според зборовите на Теофилакт, „така Климент стана првиот епископ на бугарски јазик“.[55] Изворите велат дека Симеон го назначил Климент (а не го хиротонисал во чинот) епископ, за што и немал канонско право. Според Каноните световно лице не може да посветува епископ, но доколку некој го има тој чин, може да го назначи за епископ. Најверојатно епископскиот чин Климент го добил или од римскиот папа или од Методиј.[56]

Точната местоположба и името на Климентовата епархија биле предмет на многу спорови.[54] Според житието, Климент бил назначен за епископ на „Дрембица или Велика“.[17] Повеќето истражувачи сугерираат дека епархијата се наоѓала во една од следниве три области: Централна Македонија (долината на реката Вардар), Јужна Македонија (северно од линијата Солун-Бер) или западните падини на Родопите.[54] Без оглед која и да е точната локација на епархијата, веројатно било одредено растојание од Охрид, во пооддалечена и примитивна област.[57] Како и да е, Климент продолжил да одржува контакт со манастирот, кој го основал во Охрид и се повлекувал таму за одмор и молитва секогаш кога имал можност.[53] За разлика од Кутмичевица каде го поучувал сето население во Драгвица веќе имало свештенство. Ова било домородно свештенство кое не го познавало добро грчкиот јазик, па имало проблем со мисионерството бидејќи и самото не било доволно образувано, а сето ова поради недостаток од словенска богословска книжевност. И овде, Климент продолжил лично да се ангажира во образованието и описменувањето, најнапред на клирот, а потоа и на населението.[50] Самиот Климент увидел дека освен тоа што населението било „неуко [...] скотоподобно [...] диво и со непокорни срца, невосприемчиво за богопознанието“, за реализирање на делото било потребно и подобрување на животот на населението преку материјална поддршка. Тој направил социјална и аграрна реформа во неговата епархија. Архиепископот Теофилакт сведочи дека Климент отворил народни кујни во кои се делело храна на населението, им се посветувал и на сираците и на вдовиците помагајќи им во она што им било потребно и неговиот дом бил отворен за сите кои немале каде да ноќеваат.[50]

Последни години

уреди

Во напредна возраст и исцрпен од работата, Климент отишол во Преслав и го замолил царот Симеон да го ослободи од неговите должности како епископ, за да ги помине „овие неколку дена […] во разговор со самиот себе и со Бога“.[17] Симеон, кој имал голема почит кон Климент го одбил.[58]

При враќањето од Преслав, Климент се разболел. Според широката биографија, и покрај неговата болест, во последните денови Климент продолжил да работи.[17] Климент починал на речиси осумдесетгодишна возраст, на 27 јули 916 година во Охрид. Бил погребан во тремот на манастирската црква „Св. Пантелејмон“. Набргу по неговата смрт, најблиските ученици оставиле литургиски сведоштва за неговата формална канонизација во светител. Охридските архиепископи Теофилакт (XI-XII в.) и Хоматијан (XIII в.) напишале житијни и химнографски творби во поткрепа на светителскиот култ за Климент Охридски.

Култот на Свети Климент бил одбележан со сликање на негови портрети во фрескоживописот на охридскиот катедрален храм „Св. Софија“, како и во други цркви и манастири. Неговата слава и култ биле широко прифатени низ средновековниот период станувајќи титуларен светител на Охридската архиепископија, светител заштитник на градот Охрид и на Македонската православна црква — Охридска архиепископија. Уште во почетокот на 11 век, неговото Успение се славело на 27 јули.

Новото писмо

уреди

Опширното житие“ од Теофилакт Охридски воопшто не спомнува дека Климент извршил каква било промена на глаголицата. Теофилакт кога го пишувал ова Житие, пред себе имал текст од некој од учениците на Климент, а самиот тој како охридски архиепископ имал пристап до сите црковни документи и тој никаде не спомнува нова азбука — кирилица, ниту каква било измена на буквите од глаголицата. Тој не остава ниту простор за размислување дека Свети Климент извршил каква било измена на глаголицата, ниту пак создавање на нова азбука — кирилица. Податокот дека Свети Климент на некој начин е поврзан со создавањето на кирилицата произлегува од Житието на Свети Климент Охридски (Кратко житие) напишано од Димитар Хоматијан, каде се вели: „Измисли и други форми на буквите за поголема јаснотија од тие што ги пронајде Кирил“.[59] Врз основа на овој пасус, некои научници веруваат дека Свети Климент бил создателот на кирилицата.[60] Сепак, оваа хипотеза наидува на некои потешкотии. Од една страна, во Охрид, седиштето на Климент, глаголската азбука продолжила да се користи многу години, додека кирилицата се претпочитала од книжевното училиште во Преслав.[60] Од друга страна, не постои сигурна традиција што го поврзува името на Климент со кирилицата. Затоа, повеќето истражувачи го отфрлаат ставот дека Свети Климент бил творец на кирилицата. Преовладувачкиот став е дека тој ја користел глаголичката азбука и дека „другите форми на буквите“ се однесуваат на подобрување или поедноставување на глаголичката азбука.[60]

Титули

уреди

До крајот на XII век епископската титула на Свети Климент се среќава во неколку варијанти: „епископ Велички“ (верзии: Дремвицки, на Драгвиста, Тивериополски); „епископ Словенски“; „епископ на Бугарија или епископ бугарски“.[61]И додека за „епископ Велички“ и другите географски одредници споровите се сосредоточеле врз прашањето каде се наоѓала оваа епископија.[62], за последните две, дискусијата се развила во поинаков правец. За терминот „епископ Словенски“, општоприфатено е дека претставува етничко именување, но додека повеќе автори во тоа виделе едноставно факт дека Св. Климент, неговите паства и јазикот на кој богослужел биле словенски, други го протолкувале поимот како алтернативно именување на штотуку оформениот бугарски народ[63] Во сличен правец се развила дискусијата за титулата „епископ Бугарски“. Според едното толкување, таа е исто така етничка, и покажува дека Св. Климент бил епископ, имено, на бугарскиот словенски народ. Другото толкување согледува во терминот „бугарски“ замена за епитетот „словенски“, замена која исто така се толкува на различни начини.

Мошти

уреди
 
Гробот на Свети Климент Охридски во Охрид

Најголемиот дел од моштите на Св. Климент се чуваат во Македонија, во Плаошник, а покрај нив, во Македонија има мошти на Св. Климент во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ - Скопје, во црквата „Св. Климент Охридски“ - Скопје и во Поречкиот манастир. Во црквата на Светите Седмочисленици во Софија (Бугарија), има дел од моштите со големина на нокот, а во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Пловдив има честица од моштите кои се подарок од МПЦ-ОА во 2008 година. Неговиот череп се чува во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Бер во Егејска Македонија. Черепот го зеле двајца монаси за време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква Св. Пантелејмон, која Турците ја претвориле во џамија, во црквата Мал Св. Климент, а потоа во црквата Св. Богородица Перивлепта. Монасите веднаш ја однеле главата во манастирот во Бер, каде Св. Климент Охридски станал монах.[64] Во 1970-тите, една честичка од моштите била однесена и во Рим.

Во 2018 година, во остатоците од средновековен манастир кај бугарското село Равна, во близина до градот Провадија, Варненска Област од археолози бил пронајден потпис на Свети Климент врежан на камен. Потписот „Климен(т) е(п) Слов(енски)“ е идентификуван меѓу стотици графити на старословенски и грчки јазик. Под него има и дата - 24 април 889 година.[65]

Наследство

уреди

Свети Климент Охридски е еден од најплодните и најзначајните писатели на старословенски јазик. Тој е заслужен за Панонската хагиографија на Свети Кирил и Свети Методиј. Климент, исто така, го превел „Цветниот триод“ кој содржи црковни песни што се пеат од Велигден до Педесетница и се верува дека е автор на „Светата служба и животот на Свети Климент Римски“, како и на најстарата служба посветена на Свети Кирил и Методиј. Пронајдокот на кирилицата обично му се припишува нему, иако најверојатно азбуката е развиена во книжевното училиште во Преслав на почетокот на 10 век.

Средновековни фрески од Свети Климент постојат низ денешните територии на Македонија, Србија и Северна Грција, при што голем дел од нив се наоѓаат во Република Македонија.[66]

Првиот современ бугарски универзитет, Софискиот универзитет, го добил името по Климент по основањето во 1888 година. Името на Битолскиот универзитет и Националната и универзитетска библиотека основана на 23 ноември 1944 година исто така го носат името на Свети Климент Охридски. Голем број на улици, училишта и храмови во Македонија се посветени на Свети Климент Охридски.

Во чест на светителот е наречен астероидот 3903 Климент Охридски, откриен во Роженската опсерваторија, Бугарија.

Дела

уреди

Покрај црковните и педагошките дејности, особено учителско-просветителските, Климент развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и пофални зборови, но во неговото творештво преовладуваат поучителните слова што се однесуваат на општохристијанските светители: Св. Ѓорѓи, Св. Тома, Св. Антониј, потоа слова посветени на Богородица и слова посветени за настаните од животот на Исус Христос.

  • Похвални слова
    • Похвала на Кирил Филозоф
    • Пофално слово за Св. Кирил Филозоф
    • Пофално слово за Св. Климент Римски
    • Пофално слово за Св. великомаченик Димитриј Солунски
    • Пофално слово за Св. Архангели Михаил и Гаврил
    • Пофално слово за Св. Јован Крстител
    • Пофално слово за Св. 40 маченици
    • Пофално слово за Св. Пророк Илија
    • Пофално слово за Св. Захариј и за зачатие на Св. Јован Крстител
    • Пофално слово за апостол Павле
    • Пофално слово за Св. Козма и Дамјан
    • Пофално слово за Св. Никола Чудотворец
    • Пофално слово за воскресението Лазарово
    • Пофално слово за раѓањето на Св. Јован Крстител
    • Пофално слово за Успение Богородично
    • Пофално слово за раѓањето Христово
    • Пофално слово за Сретение Христово
    • Пофално слово за Богојавление
    • Пофално слово за Цветници

Св. Климент Охридски како тема во уметноста

уреди
  • „Климент“ — песна на македонскиот писател Славко Јаневски од 1966 година.[67]
  • „Алелуја за Свети Климент“ — песна на македонскиот поет Наум Целакоски од 1998 година.[68]

Литература

уреди
  • Gerhard Podskalsky: Theologische Literatur des Mittelalters in Bulgarien und Serbien 865 - 1459, C.H.Beck, 2000, ISBN 3-406-45024-5
  • Nikolaos Trunte: Πρός τό σαφέστερον. Zu Reformen in der glagolitischen Schrift www.uni-bonn.de Архивирано на 11 октомври 2010 г..
  • In: Glagoljica i hrvatski glagolizam, Zagreb, 2004.
  • Животопис на св. Климента, български архиепископ. От Теофилакта, Охридски архиепископ. Превел от гръцки с малки съкращения Д. Матов. Пловдив, 1896, us.archive.org
  • Люба Илиева. Пространното житие на св. Климент Охридски и проблемът за българо-византийския културен синтез. — Во: Omnia vincit amor: Юбилеен сборник на НГДЕК в чест на проф. Василка Тъпкова-Заимова. Съст. В. Вачкова и Цв. Степанов. С., УИ, 2008.

Наводи

уреди
  1. Russian Church Singing, vol. II, Johann von Gardner, Vladimir Morosan, St Vladimir's Seminary Press, 1980, ISBN 0881410462, p. 11.
  2. Alban Butler, Paul Burns and David Hugh Farmer, Butler's Lives of the Saints, Volume 7, A&C Black, 1995, ISBN 0860122565, p. 220.
  3. Karl Cordell, Stefan Wolff, Ethnic Conflict: Causes, Consequences, and Responses, (Polity Press, 2009), 64.
  4. https://web.archive.org/web/20170501225420/http://westserbdio.org/en/prologue/582-july-27
  5. „Patron Saints Index: Saint Clement of Ohrid“. saints.sqpn.com. Архивирано од изворникот на 2008-06-20. Посетено на 2008-06-12.
  6. Who are the Macedonians? Hugh Poulton, C. Hurst & Co. Publishers, 2000, ISBN 1850655340, p. 19.
  7. Biographical Dictionary of Christian Missions, Gerald H. Anderson, Wm. B. Eerdmans Publishing, 1999, ISBN 0802846807, p. 138.
  8. A Concise History of Bulgaria, R. J. Crampton, Cambridge University Press, 2005, ISBN 0521616379, p. 15.
  9. Byzantium's Balkan Frontier: A Political Study of the Northern Balkans, 900-1204, Paul Stephenson, Cambridge University Press, 2000, ISBN 0521770173, pp. 78-79.
  10. The A to Z of the Orthodox Church, Michael Prokurat, Alexander Golitzin, Michael D. Peterson, Rowman & Littlefield, 2010, ISBN 0810876027, p. 91.
  11. Ramet, Pedro (1989). Religion and Nationalism in Soviet and East European Politics. стр. 373. ISBN 0-8223-0891-6.
  12. Bakalov, Georgi; Kumanov, Milen (2003). „KUTMICHEVITSA (Kutmichinitsa)“. History of Bulgaria electronic edition. Sofia: Trud, Sirma. ISBN 954528613X.
  13. Официјално мрежно место на Македонска православна црква - Охридска архиепископија Архивирано на 24 март 2010 г.
  14. Macedonia Travel info. Архивирано од изворникот на 2010-11-01. Посетено на 2010-09-19.
  15. Michaeзl Prokurat et al., The A to Z of the Orthodox Church, Scarecrow Press, 2010, ISBN 1461664039, p. 91.
  16. 16,0 16,1 16,2 16,3 16,4 Obolensky 1988, стр. 12.
  17. 17,0 17,1 17,2 17,3 17,4 17,5 17,6 Милев 1966.
  18. Ѓорги Поп-Атанасов, Илија Велев и Маја Јакимовска-Тошиќ, „Творци на македонската литература (IX-XVIII век)“, стр. 255-256
  19. Длабоките врски на светителите Кирил и Методиј и ученикот Свети Климент Охридски“, проф. д-р Вера Стојчевска - Антиќ, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
  20. 20,0 20,1 Институт за национална историја, Гласник, (По повод 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски), Скопје, 2016 година.
  21. Obolensky 1988, стр. 9.
  22. 22,0 22,1 22,2 Укажување на некои неточности во народното предание за делото на Свети Климент Охридски“, доц.д-р Дејан Борисов, Православен богословски факултет „Свети Климент Охридски“, Скопје, 2016 година.
  23. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Климент“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 699–700. Text "series " ignored (help)
  24. Димитриј Хоматијан, „Кратко житие на свети Климент епископ словенски напишано од архиепископот Охридски Димитриј Хоматијан“, Свети Климент Охридски, хагиографија и химнографија, ed. Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, trans. НЕДЕСКИ Виктор (Канео, Охрид 2016), 90
  25. 25,0 25,1 25,2 25,3 25,4 25,5 Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј во Струмица, Музејски летопис (Зборник на трудови по повод 65 години, Завод и музеј - Струмица), Струмица, 2017, стр. 59.
  26. Се смета на Свети Наум, Ангелариј Охридски, Константин Презвитер, за кој се претпоставува дека потекнува од Солун
  27. Obolensky 1988, стр. 13.
  28. 28,0 28,1 Obolensky 1988, стр. 14.
  29. 29,0 29,1 Панонски легенди. Превод: Р. Угринова-Скаловска, Скопје, 1969; Панонски легенди. Превод: Ј. Таковски, Скопје, 2001.
  30. Ristovski, Blaže. (2009). Makedonska enciklopedija. MANU. ISBN 978-608-203-023-4. OCLC 499142958.
  31. В. Стојчевска-Антиќ, Историја на македонската книжевност. Средновековна книжевност, Скопје, 1997;
  32. Х.Поленаковиќ, Во мугрите на словенската писменост, Скопје, 1973;
  33. И. Велев, Византиско-македонски книжевни врски, Скопје, 2005, 213-214 и 234-236.
  34. 34,0 34,1 34,2 Obolensky 1988, стр. 15.
  35. 35,0 35,1 35,2 35,3 35,4 Obolensky 1988, стр. 16.
  36. 36,0 36,1 Obolensky 1988, стр. 11.
  37. Момир Поленаковиќ, „Во мугрите на словенската писменост“, Скопје 1973
  38. 38,0 38,1 38,2 38,3 38,4 38,5 38,6 Obolensky 1988, стр. 17.
  39. И. Христова, Моравска Кирило - Методиевска книжовна школа. – Кирило-Методиевска енциклопедия, том 2, София 1995, 724.
  40. Obolensky 1988, стр. 18.
  41. Теофилакт Охридски, „Житие дејност, исповедништво“, 64
  42. Obolensky 1988, стр. 19.
  43. Obolensky 1988, стр. 20.
  44. И. Г. Илиев, Деволското книжовно и литературно средище от края на IX до началото на XII век ‒ от Св. Климент до Михаил Деволски. ‒ Европейският югоизток прeз втората половина на X ‒ началото на XI век. История и култура, София 2015, 552.
  45. П. Георгиев, Плиска. – Кирило-Методиевска енциклопедия, том 3, София 2003, 154
  46. 46,0 46,1 46,2 46,3 46,4 46,5 Obolensky 1988, стр. 21.
  47. Блаже Конески, Книга за Климент, Охридска книжевна школа, Скопје 1966.
  48. Obolensky 1988, стр. 23.
  49. 49,0 49,1 Obolensky 1988, стр. 22.
  50. 50,0 50,1 50,2 50,3 50,4 50,5 Три периоди во мисионерската дејност на Свети Климент Охридски“, Дејан Борисов, Скопје, 2017 година.
  51. Obolensky 1988, стр. 24.
  52. 52,0 52,1 Obolensky 1988, стр. 25.
  53. 53,0 53,1 53,2 53,3 53,4 53,5 Obolensky 1988, стр. 26.
  54. 54,0 54,1 54,2 54,3 54,4 Obolensky 1988, стр. 27.
  55. Житието на Свети Климент сведочи дека во Моравија во периодот кога таму архиепископи се свети Методиј и неговиот ученик Горазд при богослуженијата биле користени црковни книги напишани на словенски и грчки јазик, но, исто така, и дека во времето на Свети Климент во Бугарија официјален богослужбен јазик е грчкиот и при богослуженијата се користат книги нагрчки јазик
  56. Атанасовски, Александар (2020). „Кој, кога и зошто го поставил Св. Климент Охридски за епископ?“ (PDF). Владетел, държава и църква на балканите през средновековието. Сборник с доклади от международна научна конференция, посветена на 60-годишнината на проф. д-р Пламен Павлов: 184–196.
  57. Obolensky 1988, стр. 28.
  58. Obolensky 1988, стр. 33.
  59. „Хоматијан. Кратко житие на Свети Климент епископ словенски напишано од архиепископот охридски Димитриј Хоматијан, и Митрополит Дебарско-кичевски господин Тимотеј, Свети Климент Охридски - хагиографија и химнографија (стр. 90-95). Превод на македонски: Недески Виктор. Охрид, Македонија: Канео.
  60. 60,0 60,1 60,2 Obolensky 1988, стр. 30.
  61. Според Стојко Стојков, во словенските текстови, Свети Климент е нарекуван само словенски епископ, додека именувањето епископ на Бугарија се развило во византиската пишана традиција. Причина се јавува изедначувањето на поимите Словени и Бугари во дел од византиските извори во втората половина на 11 век и понатаму. Во таквите случаи условувањето епископ на Бугарија всушност има значење „словенски епископ“. Втора причина е гледањето на Свети Климент како патрон на Охридската архиепископија која од средината на XI век и понатаму вклучува во својата титула и „на цела Бугарија“ и во таквите случаи значењето е едноставно „епископ на Охридската архиепископија“. Таа се појавува во врска со стремежот на архиепископијата да се „здобие“ со (рамно)апостолски темели. Именувањето како „бугарски“ не се пробило во словенските текстови во средниот век и единствено било забележано во словенски преводи на византиски текстови. Според тоа „епископ на Бугарија“ се промовирало и ширило од византиските охридски архиепископи и има чисто институционална смисла, без во себе да содржи етничко значење различно од оригиналното „епископ словенски“.
  62. Постои извонредно обемна литература за тоа прашање. За различните мислења спореди В. Н. Златарски, се е намирала епископията на св. Климента Охридски, Македонски Прегледъ, Година I, книга 1, София, 1924, 1-14; Истиот, История на българската държава през средните векове, т. I. част II., София 1927, 271-279; Г. Ильински. Об епископском титуле Климента Словенского, Македонски Прегледъ, Година VII, книга 4, София, 1932, 1-24; П.Коледаров, Климент Охридски „пръв епископ на български език” на драговитите в Слунско и на Великия в западните Родопи, в Констанин Кирил Философ – юбилеен сборник по случай 1100 годишнината от смъртта му, БАН, София, 1969, 142-144; Б. Алексова, Епископијата на Брегалница: прв словенски црковен и културно-просветен центар во Македонија, Прилеп 1989, 167; Д. Оболенски, Шест византиски портрети, Скопје, 2011, 45, S. Mucaj, S. Xhyheri, I. Ristani, A. M. Pentkovskiy, Medieval Churches in Shushica Valley (South Albania) and the Slavonic Bishopric of St. Clement of Ohrid, Славѣне, vol. 3 No 1, 2014, 5, 6, 25, 26
  63. Д.Ангелов, Образуването на българската народност, София, 1969, 330
  64. Бранко Ѓорѓевски, „Грчките владици го донесоа черепот на свети Климент Охридски во Софија“, Дневник, година XX, број 6225, сабота-недела, 26-27 ноември 2016, стр. 2.
  65. „Константин Събчев, Откриха подписа на Климент Охридски. Вестник Политика, 25 Май, 2018 година“. Архивирано од изворникот на 2018-12-09. Посетено на 2019-12-10.
  66. The Sacred Landscape of Saint Clement of Ohrid as Reflected in his Frescos, Markus Breier and Mihailo Popovic, Department of Geography and Regional Research, University of Vienna (2015)
  67. Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 16.
  68. Наум Целакоски, Пролог, 1998, стр. 8.

Надворешни врски

уреди

Дела

уреди

За Свети Климент

уреди


  Статијата „Свети Климент Охридски“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).