Шагринска кожа
Шагринска кожа (француски: La Peau de chagrin) — роман од францускиот романописец и драматург Оноре де Балзак (1799 — 1850), издаден во 1831 година. Дејството, сместено во почетокот на XIX век во Париз, ја кажува приказната за едно младо момче кое наоѓа парче шагрен со моќ да ја исполни секоја негова желба. Но, со секоја посакана желба кожата се намалува и црпи дел од неговата физичка енергија. „Шагринска кожа“ припаѓа на групата „Филозофски студии“ од Балзаковата романорека „Човечка комедија“.
Пред да биде завршена книгата, Балзак привлекол внимание, така што издал серија статии и фрагменти во неколку париски весници. Иако задоцнил пет месеци во доставување на ракописот, тој успеал да привлече доволно интерес со што романот се распродал веднаш по неговото издавање. Второто издание, кое содржело серија од дванаесет други „филозофски сказни“, било издадено еден месец подоцна.
Иако романот користи фантастични елементи, главната цел му е реално прикажување на прекумерноста на буржоаскиот материјализам. Прочуеното обрнување на детали на Балзак е искористено за опишување на коцкарница, антикварница, кралски банкет итн. Тој, исто така, вклучува и детали од неговиот живот како борбен писател, ставајќи го главниот лик во романот во живеалиште слично на тоа во кое тој живеел на почетокот на неговата книжевна кариера. Главната тема на книгата е судирот помеѓу желбата и долговечноста. Волшебната кожа ја претставува моќта на својот сопственик, која се троши со секое изразување на желба, особено кога станува збор за самото поседување на моќ. Игнорирајќи го предупредувањето на продавачот што му ја нуди кожата, протагонистот се опкружува себеси со неизмерно богатство, за да се најде себеси очаен и изнемоштен на самиот крај од книгата.
„Шагринска кожа“ цврсто го втемелува Балзак како значаен писател во Франција. Неговиот општествен круг значајно се проширил и почнал страсно да биде баран од издавачи за идни проекти. Книгата послужила како катализатор на низа писма што тој ги разменувал со полската баронеса Евелина Хањска, која подоцна станала и негова жена. Исто така ја вдахнала и операта на Гизелер Клебе, Смртоносни желби.
Заднина
уредиВо 1830 година, Оноре де Балзак штотуку почнал да се здобива со препознатливост како писател. Иако неговите родители го убедувале да се занимава со право, тој сакал да стане писател и некаде во 1819 година конечно се одлучил. Неговата мајка била многу вознемирена кога слушнала за неговата одлука, но сепак таа и неговиот татко решиле да му дадат малку пари, под услов целосно да се посвети на пишувањето и да им дава половина од заработката за секое негово издадено дело.[1] Откако се преселил во мала соба блиску Библиотеката на Арсеналот во Париз, Балзак напорно пишувал една година, но без успех. Исфрустриран, се вратил кај своите родители и почнал да позајмува пари од нив за да може да продолжи понатаму со пишувањето. Следните неколку години ги поминал во пишување на нискоквалитетни романи, кој ги издавал под мноштво псевдоними. Дел од заработката од тие романи ја споделувал со своите родители, но сепак во 1828 година тој сè уште им должел педесет илјади франци.[2]
Балзак за првпат објавил книга под свое име во 1829 година. Шуани, роман за ројалистичките сили во Бретања, не постигнал голем комерцијален успех, но од друга страна го направил Балзак доста познат во литературните кругови.[3] Подоцна, истата година со издавањето на Физиологијата на бракот (La Physiologie du mariage), расправа за бракот како институција, се здобил со голем успех. Поткрепен од популарноста, си ја потврдил славата со издавање мноштво раскази и есеи во списанијата Реви де Пари (Revue de Paris), Ла карикатир (La Caricature) и Ла мод (La Mode). Со ова се здобил и со добри врски во издавачката индустрија кои подоцна му овозможиле добри критики за неговите романи.[4]
Во тоа време, француската литература, склона на фантастични приказни, била разбранувана со преводот на т.н. колекција „Фантастични приказни“ на германскиот писател Ернест Теодор Вилхелм Хофман, во 1829 година; готската фикција на англиската писателка Ен Редклиф; и со романот „Мртвото магаре и гилотираната жена“ од 1829 година на францускиот автор Жил Жанен.[5] Иако планирал роман во истата традиција, Балзак го презирал терминот „фантастичен“, нарекувајќи го „вулгарен термин“.
Во меѓувреме, политиката и културата во Франција, биле во пресврт. По пет години владеење, кралот Шарл X бил присилен да го напушти престолот поради Јулската револуција во 1830 година. На неговото место бил ставен Луј Филип, кој се именувал себеси како „Крал на Французите“ (за разлика од вообичаеното „Крал на Франција“) во обид да се оддалечи од аристократскиот систем. Јулската монархија донела окоп од буржоаски односи и ставови, каде Балзак видел неорганизираност и слабо водство.[6]
Пишување и издавање
уредиНасловот „Шагринска кожа“ првпат се појавил на печат на 9 декември 1830 година, со мало споменување во една статија која Балзак ја пишувал за Ла карикатир (La Caricature) под псевдонимот Алфред Кодро. Неговиот албум ја вклучува следнава белешка, веројатно напишана во исто време: „Изумот на кожа која претставува живот. Источна приказна.“ („L'invention d'une peau qui représente la vie. Conte oriental.“)[7] Една недела подоцна, тој издал приказна-фрагмент наречена „Последниот Наполеон“ („Le Dernier Napoléon“) во Ла карикатир (La Caricature), под името „Анри Б...“. Во неа, млад човек ја губи својата последна монета „наполеонка“ во париска коцкарска куќа и решава да оди на мостот Пон роајал и да се фрли од него.[7] Во тоа време, Балзак не размислувал многу околу својот проект. Тој го нарекувал „парче темелна бесмислица во литературен смисла, но во која се обидувам да ги претставам моменталните случувања во овој тежок живот низ кој еден генијалец поминува без да постигне нешто“.[8] По долго размислување, неговото мислење за приказната се подобрило.[7]
До јануари 1831 година Балзак успеал да привлече доволно интерес за неговата идеја и си обезбедил договор со издавачите Шарл Госелин и Урбен Канел. Тие се согласиле за 750 примероци во октаво издание, со исплата од 1.125 франци за авторот дури кога ќе го примат ракописот – со рок, не подоцна од средината на февруари. Балзак го предал романот во јули.[9]
За време на овие месеци на преработка на романот, Балзак дозволил неколку погледи на книгата. Два додатни фрагменти се појавиле во мај, како дел од планот да се промовира книгата пред издавањето. „Разврат“ („Une Débauche“), издаден во Реви де де монд (Revue des deux mondes), опишува голема гозба која прикажува постојано шегување и разговор од буржоаски гости. Вториот фрагмент, „Самоубиството на еден поет“ („Le Suicide d'un poète“), бил прикажан во Реви де Пари (Revue de Paris). Во него се објаснува за тоа дали некој сè уште би бил поет ако постојано се обидува да си надомести за недостатокот на средства. Иако фрагментите не биле поврзани во една врзана сторија, Балзак изведувал ликови и сцени од неговиот роман во изработка.[10]
Постојаното одложување на издавањето на книгата било резултат на активниот општествен живот на Балзак. Тој поминал многу ноќи вечерајќи во куќите на своите пријатели, вклучувајќи го романописецот Ежен Си и неговата љубовница Олимпија Пелисје, како и кај феминистичката писателка Жорж Санд и нејзиниот љубовник Жил Сандо. Балзак и Пелисје имале мала афера и таа станува неговата прва љубовница со која излегол во јавност. На крајот се иселил од Париз престојувајќи со пријателите во предградијата, каде се присилил да ја заврши започнатата работа. Во доцната пролет тој ѝ дозволил на Санд да го прочита речиси готовиот ракопис. Таа уживала во читањето и предвидела дека книгата ќе постигне успех.[11]
Конечно, во август 1831 година, „Шагринска кожа: филозофска приказна“ (La Peau de chagrin: Conte philosophique) била издадена во два дела. Тоа било рекламен успех и Балзак ги искористил своите врски во светот на парижаните за да биде широко разгледувана и критикувана. Книгата брзо се распродала и до крајот на месецот бил потпишан уште еден договор: Балзак ќе добие 4.000 франци ако продаде 1.200 дополнителни примероци. Ова второ издание вклучува серија од 12 други приказни со фантастични елементи и било издадено под насловот „Филозофски романи и приказни“ (Romans et contes philosophiques). Трето издание, распределено во 4 дела, се појавило во март 1833 година.[12]
Содржина
уреди„Шагринска кожа“ содржи три поглавја: „Амајлија“ („Le Talisman“), „Бездушна жена“ („La Femme sans cœur“) и „Агонија“ („L’Agonie“). Првото издание содржи предговор и „Моралност“ („Moralité“) кои се отстранети во понатамошните изданија,[13] а по последното поглавје се наоѓа епилогот.
„Амајлија“ започнува со заплетот од „Последниот Наполеон“: младо момче по име Рафаел де Валентин ги вложува своите последни пари и по нивното губење решава да си го одземе животот, фрлајќи се во реката Сена. Но по патот, решава да влезе во една несекојдневна продавница исполнета со интересни работи од целиот свет. Продавачот, постар човек, му покажува парче шагринска кожа закачена на ѕидот. Старецот кажува дека на кожата има „ориенталски“ натпис, за кој старецот вели дека е „санскрит“, но всушност е арапски.[15] Старецот тврди дека кожата ја исполнува секоја желба на нејзиниот сопственик, намалувајќи се со секое исполнување. Рафаел не слушајќи го предупредувањето на старецот веднаш ја зема кожата и посакува да се најде на кралски банкет исполнет со вино, жени и пријатели. Во истиот момент неколку негови познаници и пријатели го повикуваат на забава и тие поминуваат часови во јадење, пиење и зборување.[16]
Втората глава, „Бездушна жена“, е раскажана како еден вид на ретроспектива од гледна точка на Рафаел. Тој на својот пријател Емил почнува да му ги раскажува своите денови како студент, живеејќи во сиромаштија со постара стопанка и нејзината ќерка Полина, залудно обидувајќи се да го освои срцето на прекрасната но ужасна жена по име Федора. Патем бил подучуван од постар човек по име Растињак, кој го охрабрувал да се потопи во светот на високото друштво. Користејќи ја љубезноста на неговите стопанки, Валентин успева да се пробие во кругот на пријатели на Федора. Не можејќи да го освои нејзиното срце, се претвора во мизерниот и разочаран човек најден на почетокот на „Амајлија“.[17]
Дејството во „Агонија“ се случува неколку години по случувањата во првата и втората глава. Валентин користејќи ја својата амајлија се здобил со големо богатство, но на кожата како и на неговиот живот им се ближи крајот. Целата ситуација предизвикува тој да почне да паничи, уплашен од самата помисла дека следната желба ќе му донесе смрт. Тој го организира својот дом со цел да избегне да посака нешто: неговиот слуга, Џонатан, подготвува храна, облека и посетители секогаш кога е потребно. Некои работи надвор од неговата моќ го тераат да посака уште желби а со тоа кожата станува речиси невидлива. Очаен, болниот Рафаел бара начин повторно да ја зголеми кожата, и оди во топла бања со надеж дека ќе си ја поврати силата.
Со кожата помала од лист на зеленика, Полина го посетува во неговата соба и му изјавува љубов. Кога ја дознава целата вистина за кожата и дека нејзината улога во неговиот живот е пресудната, таа се стаписува. Рафаел не можејќи да ја контролира својата желба за неа причинува таа да избега во соседната соба за да му го спаси животот. Тој тропа на вратата и ѝ изјавува љубов како и желба да умре во нејзините прегратки. Таа, во меѓувреме, се обидува да се убие за да го ослободи од неговата желба. Тој ја крши вратата, тие ја свршуваат нивната љубов во жесток момент на страст и тој умира.[18]
Стил
уредиИако тој го употребувал епитетот „филозофски“, романот на Балзак изобилува со фантастични елементи. Кожата му нуди голем број на можности на Валентин, a тој ја користи за да си ги задоволи желбите. На пример, присилен да влезе во двобој, тој објаснува дека ниту се обидел да го избегне куршумот од противникот ниту пак да го впери својот пиштол во противникот; последицата е неизбежна. Тој пука без грижа и веднаш го убива другиот човек.[19] На друго место, натприродните квалитети на кожата се прикажуваат кога тој се противи на обидите на хемичарите и физичарите да ја растегнат.[20]
Меѓутоа, ова вклучување на фантазија е во најголем дел план со кој авторот ја дискутира човечката природа и општеството. Всушност, една критика, претпоставува дека „приказната би била речиси иста и без неа“.[21] Балзак користел натприродни елементи во своите романи напишани за пари кои ги издавал под псевдоними, но нивното присуство во „Шагринска кожа“ сигнализираат пресврт кај неговиот пристап кон симболизмот. Кога користел фантастични предмети и настани во порани дела, тие во најголем дел биле заплетни точки или едноставни средства за исчекување. Со „Шагринска кожа“, од друга страна, амајлијата ја претставува душата на Валентин; во исто време, неговата смрт е симболична на големото општествено опаѓање.[22] Вистинските фокуси на Балзак во романот од 1831 година се моќта на човечката желба и природата на општеството по Јулската револуција.[23] Францускиот писател и критичар Фелисјен Марсо дури предложил дека симболизмот во романот дозволува почиста анализа отколку самостојните студии на случаи кај другите романи на Балзак; со отстранување на анализите до апстрактно ниво, станува помалку комплицирано од варијанти на самостојни личности. Како обичен човек, Валентин ги прикажува суштинските одлики на човечката природа, а не одреден човеков пристап на дилемата која ја нуди кожата.[24]
Во предговорот на првото издание на книгата, Балзак размислува за корисноста на фантастичните елементи: „Писателите ја измислија вистината, по аналогија, или пак тие го „гледаат“ предметот кој треба да се опише, без разлика дали предметот им приоѓа или пак тие му приоѓаат нему ... Човекот ја има моќта да го внесе светот во неговиот мозок или пак мозокот е неговата амајлија со која тој ги поништува законите на времето и просторот?“[25] Критичарите се согласуваат дека целта на Балзак во „Шагринска кожа“ е претходното.[23]
Реализам
уредиРоманот е широко наведуван како важен ран пример на реализмот по кој е познат Балзак. Описите на Париз се еден пример: романот е исполнет со вистински локации, вклучувајќи ги Пале роајал и Богородичната црква. Нарацијата и ликовите повторливо алудираат на уметност и култура, од операта Tancredi на Џоакино Росини па сè до статуата Милоска Венера.[26]
Третиот дел на книгата содржи долг опис на процесот и целта зад ритуалот во коцкарските куќи каде „кога влегувате во некоја коцкарница, прво, ви ја одземаат шапката, по законски пропис“.[27] Атмосферата на коцкарската куќа е опишана во прецизни детали, од лицата на играчите до „мрсните“ тапети и чаршавот „упропастен од фрлање на златото“.[28] Нагласокот на парите во првите неколку страници – и нивниот контраст со трошното опкружување – ги огледува темите на романот, општествената организација и економскиот материјализам.[29]
Слевањето на реалистичните детали со симболични значења продолжува кога Валентин влегува во антикварницата; продавницата ја претставува самата планета. Како што разгледува наоколу, тој го прошетува светот низ реликвиите на различните епохи: „Секоја земја на планетава придонела некој занемарен фрагмент од своето учење, некој пример од својата уметност“[30] Во продавницата има слика од Наполеон; мавриски јатаган; татарски идол; портрети од холандски кметови; биста од Кикерон;египетска мумија; етрурска ваза; кинески змеј; и многу други предмети.[30] Панорамата на човечката активност достигнува морална пречка кога продавачот го носи Валентин да види Рафаелов портрет од Исус Христос. Сепак, ова не го одвлекува од неговата цел; дури кога ќе ја пронајде кожата Валентин решава да не се самоубие. Постапувајќи така, покажува како човештвото секогаш го одбира егото, а не божјиот спас.[31]
Отворена слика
уредиВо почетокот на романот, Балзак вклучува слика од романот на Лоренс Стерн, „Тристрам Шани“: искривена линија нацртана во воздухот од лик кој бара да ја изрази слободата која се ужива „додека човек е слободен“.[32] Балзак никогаш не ја објаснил целта зад употребата на симболот, а неговата значајност во „Шагринска кожа“ е предмет на дебатирање. Во неговиот детален преглед на „Човечката комедија“, Херберт Џ. Хант ја поврзува „змијулесто искривената линија“ со „кривулестиот дизајн“ на романот на Балзак.[33] Критичарот Мартин Кејнс, пак, наведува дека сликата ја симболизира неможноста на јазикот да се изрази една идеја целосно. Оваа дилема, тој продолжува, е непосредно поврзана со судирот помеѓу волјата и знаењето посочени од продавачот на почетокот на романот.[34]
Теми
уредиАвтобиографија
уредиДеталите на почетокот на романот се осмислени според животот на Балзак, а очигледно е и дека протагонистот Рафаел де Валентин е моделиран според самиот Балзак. Деталите раскажани од Валентин за неговото сиромашно живеалиште се автобиографски алузии на раните писателски денови на Балзак: „Ништо не може да биде погрдо од оваа таванска соба, која го чека својот ученик, со нејзините валкани жолти ѕидови и мирисот на сиромаштија. Покривот е како стрмна падина, а небото е видливо низ пукнатините на ќерамидите. Имаше место за кревет, маса и неколку столчиња, а под највисоката точка на мојот покрив стоеше моето пијано.“[35] Иако дозволуваат степен на дотерување, биографи и критичари се согласуваат дека Балзак црпел од своето лично искуство.[36]
Други делови од приказната исто така произлегуваат од животот на авторот: Балзак еднаш присуствувал на гозба приредена од маркизот де Лас Маризмаз, кој планирал да отпочне со издавање на весник – истата ситуација во која Валентин се наоѓа веднаш откако ја посакува првата желба од амајлијата.[37] Подоцна, Валентин оди на опера со моќен сет на оперски очила кои му овозможуваат да ја забележи секој маана на жените на сцената. Ова исто така може да произлегува од искуство на Балзак, бидејќи во негово писмо има споменато сет на „божествени“ оперски очила кои ги порачал од Париската опсерваторија.[38]
Позначајна е поврзаноста помеѓу жените во романот и жените во животот на Балзак. Некои критичари имаат забележано битни сличности помеѓу обидите на Валентин да го освои срцето на Федора и заљубеноста на Балзак во Олимпија Пелисје.[39] За сцената во која Валентин се крие во собата на Федора за да ја гледа како се соблекува се вели дека произлегува од слична ситуација кога Балзак тајно ја набљудувал Пелисје.[40] Веројатно е дека Пелисје не била модел за Федора, покрај сè, бидејќи таа ги прифатила додворувањата на Балзак и му пишувала пријателски писма; Федора, од друга страна, се прогласува за недостапна во однос на некој заинтересиран љубовник. Критичарите се согласуваат дека „Бездушната жена“ опишана во книгата е мешавина од други жени кои ги познавал Балзак.[41] Ликот на Полина, во меѓувреме, најверојатно е инспириран од друга љубовница на Балзак, Лор де Берни.[42]
Сака, може и знае
уредиНа почетокот на книгата, продавачот на Валентин му открива „една голема тајна на човечкиот живот“.[43] Тој ја опишува со три глаголи, кои Балзак убаво ги истакнува: VOULOIR („сака“), POUVOIR („може“) и SAVOIR („знае“). Желбата или волјата, тој вели, нè согорува; моќта нè уништува; но знаењето „го одржува нашиот слаб организам во постојан мир“. Овие три правила претставуваат филозофски темел на книгата.[44]
Амајлијата ги поврзува овие нешта со теоријата за виталност; таа физички ја претставува физичката сила на нејзиниот сопственик и се намалува со секоја употреба на моќта. Продавачот се обидува да го предупреди Валентин дека не е најмудро да се применува волјата или осигурувањето моќ, туку развивањето на умот. „А што е лудоста“, тој го прашува Валентин, „ако не претерана желба или моќ?“[45] Обземен од можностите кои ги нуди кожата, младичот го отфрла предупредувањето и се препушта на желбата.[46] Грабнувајќи ја кожата, тој вели: „Е, така, убаво, сакам животот да ми биде претерување“.[45] Дури кога неговата животна сила е речиси потрошена тој ја признава својата грешка: „Одненадеж сфати дека поседувањето моќ, без разлика колкава, со себе не го носи знаењето за тоа како се користи ... тој ја имаше сета моќ, а сепак не направи ништо.“[19]
Желбата, Балзак предупредува, е деструктивна сила која трага по добивање моќ освен ако не е искалена од знаење. Продавачот претставува олицетворение на идниот Рафаел, нудејќи интелектуално и ментално знаење како алтернатива на желбата што нè согорува. Федора пак служи како модел за отпорност на расипноста на желбата, постојано поттикнува желби кај другите додека не си дозволува на самата себе да посакува нешто.[47] Тоа што Валентин е најсреќен живеејќи во материјална беда во собата на таванот – изгубен во учење и пишување, со добродушната Полина покрај него – ја истакнува иронијата на неговата мизерност на крајот од книгата, кога е опкружен со плодовите од неговата материјална желба.[48]
Општество
уредиРоманот ја обработува Балзаковата анализа на желба од поединечната до општествената; се плашел дека светот, како Валентин, се уништува поради материјалната прекумерност и погрешните приоритети. Во коцкарницата, гозбата, антикварницата и разговорите со научниците, Балзак ја испитува оваа дилема во различни контексти. Копнежот за општествен статус до кој Валентин е доведен од страна на Растињак е олицетворение на прекумерноста; прекрасната но недостижна Федора ги симболизира задоволствата кои се нудат од високото општество.[50]
Науката не нуди панакеја. Во една сцена, група доктори нудат низа брзо формулирани мислења за причината за немоќноста на Валентин. Во друга, физичар и хемичар го признаваат поразот по безброј обиди да ја растегнат кожата. На сите овие научни пристапи им недостасува разбирање за вистинската криза, поради што се пресудени да не успеат. Иако е покажано на кратко – сликата од Исус, на пример, сликана од истоименикот на Валентин, ренесансниот уметник Рафаело Санти – Балзак сакал да ги потсети читателите дека христијанството го има понудено потенцијалот да ја продре смртната прекумреност.[51] Откако се откажуваат од напорот да ја растегнат кожата, хемичарот изјавува: „Верувам во ѓаволот“; „А, јас во Господ“, возвраќа физичарот.[52]
Корупцијата на прекумерноста се поврзува со општествената неорганизираност во почетокот на последната секција. Физички немоќен живеејќи во луксуз, Рафаел де Валентин е опишан како да поседува „необична интелигенција“ со која може да гледа „сè одеднаш“:
Тој поглед изгледаше мачно ... Тоа беше длабок поглед на немоќен човек што ги потиснува своите желби во дното на своето срце; или поглед на скржавец кој во мислите ги ужива сите задоволства што парите можат да ги дадат, а се откажува од нив за да не си го намали богатството; поглед на врзан Прометеј, на соборен Наполеон, кој узнава во Елисејскиот дворец за стратегиска грешка што ја направиле неговите непријатели, бара команда за дваесет и четири часа и не ја добива ...[53]
Прифатеност и наследство
уредиРоманот се распродал веднаш по издавањето, а бил и оценуван од сите големи париски весници и списанија. Во некои случаи Балзак сам ги пишувал критиките; користејќи го името „Гроф Алекс де Б—“, тој изјавил дека книгата е доказ дека тој достигнал „ниво на генијалец“.[54] Независните рецензии биле со помал замав, но сепак позитивни. Поетот Емил Дешан го пофалил ритамот на романот, а религиозниот коментатор Шарл де Монталамбер укажал со одобрување дека е истакната потребата за повеќе духовност во општеството.[55] Иако некои критичари го укориле Балзак за откривање на негативноста, други сметале дека општествената состојба на Франција едноставно се пренела на романот. Германскиот писател Јохан Волфганг фон Гете го декларирал романот како блескав пример за „неизлечливата корумпираност на француската нација“. Критичарите расправаат околу тоа дали коментарите на Гете се пофалби за романот или не.[56]
Големото внимание од печатот пробудило огромен интерес кај јавноста. Шарл Филипон, пријател на Балзак и уредник на La Caricature му напишал на Балзак недела по објавувањето: „не може да се дојде до „Шагринска кожа“. Гранвил мораше да запре со сè за да ја прочита, бидејќи библиотекарот на секој половина час праќаше некој да праша дали завршил со читање.“[54] Пријатели од секаде му пишувале на Балзак, истакнувајќи дека е премногу тешко да се дојде до примерок од книгата.[57] Второто издание било издадено еден месец подоцна кое било проследено со пародии и различни други дела изведени од книгата. Пријателот на Балзак Теофил Готје во својата збирка приказни од 1833, Les Jeunes-France, ја споменал „Шагринска кожа“ на смешен начин. Пресликувајќи ја гозбата од романот, еден од ликовите изјавува: „Во овој миг треба да истурам вино на мојот елек ... Така пишува на 171 страна од „Шагринска кожа“ ... А треба и да фрлам монета од 100 суа во воздухот за да видам дали постои Бог или не.“[56]
Романот го поставил Балзак како значајна фигура во светот на француската книжевност. Издавачи меѓусебно се бореле околу тоа кој ќе ги издава неговите идни дела, а тој бил на врвот на списокот за луѓе кои треба да се поканат на општествени збиднувања во Париз.[58] Балзак се гордеел со успехот на неговиот роман и му изјавил на издавачот на весникот L'Avenir: „Elle est donc le point de départ de mon ouvrage“ („Ова е пресвртна точка во моето творештво“).[59] Сè уште популарен дури и по неговата смрт, Шагринска кожа“ е издадено уште деветнаесет пати помеѓу 1850 и 1880.[60]
Кога ја развил шемата за организирање на сите свои романи и приказни во една романорека насловена „Човечка комедија“, Балзак ја сместил „Шагринска кожа“ на почетокот од делот наречен „Филозофски студии“. Како и другите дела од оваа категорија – вклучувајќи го слично автобиографскиот роман „Луј Ламбер“ (1832) – вклучува филозофски и натприродни елементи. Служи и како мост за реализмот во „Студии за манирите“, каде се наоѓаат најголемиот дел од неговите дела.[61]
L'Étrangère
уредиПопуларноста на романот стигнала до Украина, каде баронесата по име Евелина Хањска читала за романите на Балзак од весници кои ги добивала од Париз. Интригирана, таа порачала примероци од неговите дела, кои ги читала со своите пријатели и роднини од Волињ. Тие биле импресионирани од разбирањето кон жените кое тој го покажал во „Физиологија на бракот“, но сметале дека „Шагринска кожа“ ги прикажала во сурово светло. Хањска напишала писмо до Балзак, насловено L'Étrangère („Туѓинката“) и го испратила од Одеса на 28 февруари 1832.[62]
Без повратна адреса, Балзак бил препуштен да одговори во Gazette de France, надевајќи се дека таа ќе забележи. Не забележала, но повторно му напишала во ноември: „Вашата душа опфаќа векови, господине; нејзините филозофски концепти се плод на долга работа времено созреана; сепак кажано ми е дека сте сè уште млад. Би сакала да ве запознаам, но чувствувам дека немам никаква потреба да постапам така. Ве познавам низ мојот сопствен духовен инстинкт; Ве замислувам на свој начин и сметам дека доколку ве видам, веднаш ќе извикам: 'Тоа е тој!'“[63]
Со тек на времето таа се открила, а тие започнале да се допишуваат цели петнаесет години. Иако останала верна на својот сопруг, Хањска и Балзак споделувале емотивна врска низ своите писма. Кога баронот починал во 1841 година, францускиот писател се обидел да ја прошири врската надвор од маргините на писмата. Се венчале во Бердичев на 14 март 1850 година, пет месеци пред неговата смрт.[64]
Влијание
уредиБалзаковиот роман бил адаптиран за либретото на операта од 1959 на Гизелер Клебе, „Смртоносните желби“.[65]
Се смета дека е можно Шагринска кожа да имала влијание на романот на Оскар Вајлд „Сликата на Доријан Греј“ (1890), иако оваа хипотеза е одбиена од повеќе познавачи. Протагонистот, Доријан Греј, добива магичен портрет со чија помош тој останува засекогаш млад.[66]
Во 1960 хрватскиот аниматор Владимир Кристл прави краток цртан филм насловен „Шагринска кожа“ (хрватски: Šagrenska koža), инспириран од романот.[67]
При крајот на животот, австрискиот психоаналитичар Зигмунд Фројд почувствувал посебна поврзаност кон романот на Балзак, верувајќи дека неговиот свет се намалува како кожата на Валентин.[68] Дијагностициран со тумор, Фројд решил да изврши самоубиство. Откако ја прочитал „Шагринска кожа“, му рекол на својот лекар: „Оваа беше соодветна книга за мене; раскажува за намалување и прегладнување.“ Следниот ден, лекарот му дал прекумерна доза на морфин и Фројд умрел.[69]
Македонски изданија
уредиРоманот „Шагринска кожа“ доживеал неколку изданија на македонски јазик:[70]
- Де Балзак, Оноре (1972). Шагринска кожа. Превел: Љубиша Стојановиќ. Скопје: Мисла.
- Де Балзак, Оноре (2001). Шагринска кожа. Превел: Љубиша Стојановиќ (препечатено. изд.). Скопје: АЕА.
- Де Балзак, Оноре (2003, 2006, 2009). Шагринска кожа. Превел: Владо Ефтимов (I,II и III. изд.). Скопје: Феникс. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - Де Балзак, Оноре (2015). Шагринска кожа. Превел: Паскал Гилевски. Скопје и Битола: Сервисен конгресен центар, Макавеј и Микена.
Наводи
уреди- ↑ Robb, стр. 52–53; Gerson, стр. 29; Maurois, стр. 51–54. The amount he received from his parents is disputed; Gerson says it was 750 francs per year; Maurois indicates 1500. Robb writes that his parents supported his new career "quite generously".
- ↑ Maurois, стр. 72–128; Gerson, стр. 52–83.
- ↑ Gerson, стр. 90–92; Maurois, стр. 142–144.
- ↑ Robb, стр. 162–167; Gerson, стр. 92; Maurois, стр. 155–156; Bellos, стр. 5–6.
- ↑ Bertault, стр. 59–60; Pritchett, стр. 108.
- ↑ Robb, стр. 177–178; Gerson, стр. 98–99; Maurois, стр. 192–193.
- ↑ 7,0 7,1 7,2 Millott, стр. 68.
- ↑ Quoted in Maurois, стр. 174.
- ↑ Millott, стр. 68–69; Robb, стр. 179; Gerson, стр. 103; Maurois, стр. 175. The exact amount of the fee is disputed: Millott and Robb list 1,125 francs; Maurois lists 1,135; and Gerson writes: "Canel paid him an advance royalty of two thousand francs for the work".
- ↑ Millott, стр. 69–71.
- ↑ Gerson, стр. 103–104; Maurois, стр. 175–176.
- ↑ Millott, стр. 70–71; Maurois, стр. 180–181.
- ↑ name="mill6971"
- ↑ The full translation is as follows: «Possessing me thou shalt possess all things. / But thy life is mine, for God has so willed it. / Wish, and thy wishes shall be fulfilled; / but measure thy desires, according / to the life that is in thee. / This is thy life, / with each wish I must shrink / even as thy own days. / Wilt thou have me? Take me. / God will hearken unto thee. / So be it!» Balzac, стр. 30. («Amen» May be a more accurate translation of the final line.)
- ↑ Todd, Jane Marie. «Balzac’s Shaggy Dog Story». Comparative Literature. 44.3 (Summer 1992): 268—279.
- ↑ Оноре Де Балзак, Шагринска кожа. Скопје: Конгресен сервисен центар, Макавеј; Битола: Микена, 2015, стр. 7-66.
- ↑ Оноре Де Балзак, Шагринска кожа. Скопје: Конгресен сервисен центар, Макавеј; Битола: Микена, 2015, стр. 67-153.
- ↑ Оноре Де Балзак, Шагринска кожа. Скопје: Конгресен сервисен центар, Макавеј; Битола: Микена, 2015, стр. 154-227.
- ↑ 19,0 19,1 Balzac, стр. 250.
- ↑ Balzac, стр. 210–221.
- ↑ Oliver, стр. 82.
- ↑ Dedinsky, стр. 36.
- ↑ 23,0 23,1 Hunt, стр. 39; Bertault, стр. 61; Millott, стр. 74; Affron, стр. 84; Pritchett, стр. 108.
- ↑ Marceau, стр. 37–38.
- ↑ Quoted in Bertault, стр. 45. Original emphasis.
- ↑ Millott, стр. 74–75.
- ↑ Balzac, стр февруари
- ↑ Balzac, стр април
- ↑ Millott, стр. 75–76.
- ↑ 30,0 30,1 Balzac, стр. 14–17.
- ↑ Pasco, стр. 131.
- ↑ 32,0 32,1 Sterne, Laurence. Tristram Shandy. New York: W. W. Norton & Company, 1980. ISBN 0-393-95034-4. стр. 426. The image in Balzac's novel is a mirror image of the original.
- ↑ Hunt, стр. 39.
- ↑ Kanes, стр. 82–84.
- ↑ Balzac, стр. 87.
- ↑ Hunt, стр. 40; Bertault, стр. viii; Gerson, стр. 29–30; Maurois, стр. 178. Gerson writes: "those who saw the garret, his sisters and Dr. Nacquart among them, agreed that he did not exaggerate". On the other hand, Balzac's most recent biographer, Graham Robb, suggests on стр. 54–56 that Balzac exaggerated the place's squalor in order to represent a home worthy of a struggling poet.
- ↑ Robb, стр. 182.
- ↑ Robb, стр. 183.
- ↑ Oliver, стр. 85; Gerson, стр. 103; Robb, стр. 182.
- ↑ Robb, стр. 182; Maurois, стр. 179. Robb notes that the rumor first appeared in a review that Balzac "had an opportunity to correct" – thus proving either its veracity or a mutual agreement that it was a satisfying lie. He adds that "it is hard to imagine Balzac standing still behind a curtain for several hours".
- ↑ Robb, стр. 182; Maurois, стр. 179; Oliver, стр. 85; Hunt, стр. 46; Pritchett, стр. 108. Maurois insists: "[T]hat warm-hearted trollop bore no resemblance to the brilliant, mocking phantom of the story ... Foedora was certainly not Olympe Pélissier."
- ↑ Hunt, стр. 46; Oliver, стр. 85.
- ↑ Балзак, стр. 35.
- ↑ Hunt, стр. 42–43; Robb, стр. 178; Bertault, стр. 62; Raffini, стр. 217–218; Maurois, стр. 174; Pasco, стр. 127–128; Kanes, стр. 66–67.
- ↑ 45,0 45,1 Балзак, стр. 37.
- ↑ Robb, стр. 178–179; Hunt, стр. 43–44.
- ↑ Hunt, стр. 43–44.
- ↑ Bertault, стр. 62; Maurois, стр. 174–175; Pasco, стр. 127–128.
- ↑ Balzac, стр. 26.
- ↑ Marceau, стр. 93; Hunt, стр. 44–45; Millott, стр. 77.
- ↑ Maurois, стр. 183; Bertault, стр. 92.
- ↑ Balzac, стр. 221.
- ↑ Balzac, стр. 181.
- ↑ 54,0 54,1 Quoted in Maurois, стр. 180.
- ↑ Bellos, стр јуни
- ↑ 56,0 56,1 Quoted in Robb, стр. 181.
- ↑ Maurois, стр. 180.
- ↑ Gerson, стр. 105–106; Maurois, стр. 180–181.
- ↑ Quoted in Dedinsky, стр. 37. Original emphasis
- ↑ Bellos, стр. 92.
- ↑ Oliver, стр. 84.
- ↑ Robb. стр. 223–224; Gerson, стр. 154–155. Hańska's signature L'Étrangere is sometimes translated as "The Unknown" or "The Foreigner".
- ↑ Цитирано во Gerson, стр. 155 и Maurois, стр. 218.
- ↑ Robb, стр. 223–230 и 403.
- ↑ "Klebe, Giselher - Die tödlichen Wünsche". Boosey & Hawkes. Посетено на 26 May 2008.
- ↑ Nickerson, Charles C. "Vivien Grey and Dorian Gray". The Times Literary Supplement, No. 909: 14 август 1969 - The Oscholars. Посетено на 26 мај 2008.
- ↑ „Zagreb Film catalogue“. Архивирано од изворникот на 2011-07-21. Посетено на 2011-03-09.
- ↑ Roazen, Paul. Freud and His Followers. Cambridge, MA: Capo Press, 1992. ISBN 0-306-80472-7. стр. 541.
- ↑ von Unwerth, Matthew. Freud's Requiem: Mourning, Memory, and the Invisible History of a Summer Walk. London: Continuum International Publishing Group, 2006. ISBN 0-8264-8032-2. стр. 187–189.
- ↑ „Шагринска кожа“. Заемен каталог на библиотеките во Македонија. 2011. Посетено на 11 март 2011.[мртва врска]
Надворешни врски
уреди- „Шагринска кожа“ (The Magic Skin) на Проект Гутенберг (англиски)
Статијата „Шагринска кожа“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |