Вилијам Блејк (англиски: William Blake; 28 ноември 175712 август 1827) — англиски поет, визионер, сликар и бакрорезец. Сосема непознато во текот на неговиот живот, делото на Блејк денес се смета за единствено, оригинално и особено значајно во историјата на поезијата и ликовната уметност[1]. Според анкетата направена од страна на Би-би-си во 2002 година, Блејк е прогласен за 38. најголем Британец во историјата.

Вилијам Блејк
William Blake
Портрет на Вилијам Блејк од Томас Филипс (1807)
Роден/а28 ноември 1757(1757-11-28)
Лондон, Англија
Починат/а12 август 1827(1827-08-12) (возр. 69)
Лондон, Англија
Занимањепоет, сликар, бакрорезец
Жанрвизионерство, поезија
Книжевно движењеромантизам
Значајни делаПесни на невиноста и искуството“, „Свадбата на Рајот и Пеколот“, „Четирите Зои“, „Ерусалим“, „Милтон: Поема“, „И дали тие древни нозе
Сопруг/аКетрин Блејк (1782 — 1827)

Според Нортроп Фрај, кој е еден од најзначајните истражувачи на целокупниот поетски опус на Блејк, неговите пророчки книги се „обратно-пропорционално на нивното значење, најнечитаните дела во историјата на англиската книжевност“. Многу ја имаат величано Блејковата оригинална работа во рамките на ликовната уметност и барем еден критичар има речено дека Блејк е „убедливо најголемиот сликар што го има дадено Британија“.[2] Долго време сметан за несекојдневен лудак, поради неговите идиосинкратични и ексцентрични идеи, денес Блејк се цени поради неговата експресивност и креативност, како и поради филозофската визија која го дефинира целокупното негово дело. Како што и самиот еднаш има речено, „Фантазијата не е Состојба: тоа е самото човеково постоење“.

Без разлика на тоа што денес неговата ликовна уметност и поезија се разгледуваат одделно, Блејк најчесто двете ги поврзува во една целина, формирајќи еден прекрасен склоп кој истовремено им се противи и ги надминува сите конвенции. Иако целиот живот верува во својата способност да зборува со библиските пророци, и и покрај неговата работа во однос на илустрирањето на „Книгата на Јов“, Блејковата несомнена приврзаност кон Библијата е постојано придружена со анимозитет спрема востановената црква, а самите негови верувања се обликувани преку неговата фасцинација со мистицизмот, кој пак ќе биде еден од столбовите на новороденото романтичарско книжевно движење.[3] Конечно, неможноста да се смести Блејк во ниту една хронолошки одредена фаза од развитокот на уметноста, е можеби одликата која најлесно го дефинира.

Младост

уреди

Вилијам Блејк е роден на улицата 28А Броуд во Лондон, Англија, на 28 ноември 1757, во семејство од граѓански сталеж. Тој е трет во низата од седум деца, која се состои од едно девојче и шест момчиња, од кои две умираат уште додека се мали. Таткото на Блејк, Џејмс, бил трговец со чорапи. Блејк никогаш не одел на училиште и бил образован од неговата мајка.[4] Блејкови биле дисиденти и се верува дека биле приврзаници на Моравската црква, движење кое тврдело дека Библијата е единствениот извор на религиски закони. Библијата било рано и длабоко влијание врз Блејк и ќе остане главен инспиративен извор за него до крајот на неговиот живот.

Тој започнува да гравира копии на слики со потекло од Стара Грција, антиквитети кои како подарок ги добива од својот татко (еден доказ за поддршката што Блејк ја добивал од своите родители), вежба која тогаш била повеќе практикувана од самото сликање. Токму во овие слики, Блејк за првпат ќе биде изложен на класично влијание, и тоа преку делата на Рафаел, Микеланџело, Мартен Хемскерк и Албрехт Дирер. Неговите родители, запознаени со неговиот чуден темперамент во чие градење упорноста имала врвно влијание, нема да го пуштат да оди на училиште и ќе го запишат на часови по сликање. Страсно чита книги по свој избор. Во текот на овој период, Блејк, исто така, прави и свои истражувања во рамките на поезијата; неговата рана работа покажува запознаеност со творештвото на Бен Џонсон и Едмунд Спенсер.

Учење кај Базир

уреди

На 4 август 1772, Блејк станува ученик на граверот Џејмс Базир во договорен рок од седум години. На крајот од овој период, на возраст од 21 година, Блејк требало да стане професионален гравер. Не постојат записи за какво и да било несогласување меѓу двајцата во периодот додека Блејк е Базиров ученик. Сепак, биографијата на Петер Ајкројд вели дека Блејк го додал името на Базир на својата список на уметнички соперници, а потоа и го прецртал.[5] Дури и ако го исклучиме ова, факт е дека Базировиот граверски стил се одликувал со старомодност, поради што и Блејк никогаш нема да успее да се здобие со слава дури ниту во рамките на овој уметнички жанр.

По две години, Базир му дава задача на Блејк да направи копии од сликите на готските цркви во Лондон (можно е Базир да го направил ова со цел да ја смири напнатата атмосфера која владеела меѓу Блејк и Џејмс Паркер, неговиот друг ученик); токму ова искуство, особено среќавањето со Вестминстерската Опатија помогнало во формирањето на неговиот уметнички стил и визија; опатијата во негово време била украсена со оружје, насликани погребни портрети и различно обоени восочни фигури. Ајкројд забележува дека „првата импресија што би ја имал Блејк најверојатно би била избледено светло и боја“.[6] Во долгите попладневни часови Блејк правел скици на опатијата и повремено бил прекинуван во неговата работа од страна на учениците во Вестминстерската Школа.

Кралската академија

уреди
 
Архетипот на Создавачот е многу чест мотив во Блејковите слики. Овде, Блејк ја претставува неговата демиуршка фигура Јурајзен како клекнат се моли и размислува за светот што го создал. Песната за Лос е трета во серијата на илуминирани книги насликани од Блејк и неговата жена, заедно познати под името Континентални Пророштва.

Во 1778 година, Блејк станува студент на Кралската академија сместена во близина на Стренд. Без разлика на тоа што учел без парично да партиципира, се очекувало од него сам да го купува целиот образовен материјал во текот на шестгодишното школување. Таму, тој го почнува својот гласен бунт кон, како што тој го нарекува, недооформениот стил на популарните сликари од типот на Рубенс, па сè до самиот претседател на Академијата — Џошуа Рејнолдс. Со време, почнува потполно да го презира Рејнолдсовото сфаќање за уметноста, особено неговата потрага по „општата вистина“ и „општата убавина“. Рејнолдс ќе напише во своите Дијалози дека „наклоноста кон апстрахирање, кон генерализирање и класификација е израз на најголемиот сјај на човековиот ум“; Блејк на ова одговара, на самите маргини на неговата лична копија од Дијалозите, дека „да се Генерализира значи да се биде Идиот; Поединостите се Единствената Разлика во вредноста“.[7] Блејк исто така ја мразел и Рејнолдсовата понизност која ја сметал за лицемерна. За разлика од Рејнолдсовите модерни маслени слики, Блејк повеќе ја сакал класицистичката прецизност во делата на неговите рани влијанија и големи ренесансни мајстори Микеланџело и Рафаел.

Во јуни 1780 година, додека Блејк одел кон Базировата продавница на Great Queen Street бил практично собран од разулавена толпа која се движела кон затворот Њугејт во Лондон. Многу луѓе во толпата носеле сини траки на своите капи, обидувајќи се симболично да ја прикажат солидарноста со побунетите американски колонии. Со помош на лопати и мотики, толпата ја нападнала затворската капија, ја запалила зградата и ги пуштила затворениците. Блејк, како што тврдат одредени извори, бил во предните редови на толпата; најголемиот дел од неговите биографи мислат дека тој импулсивно ја следел толпата.

Овие немири, започнати како одговор на парламентарниот акт да се кренат санкциите против римокатоличката црква, подоцна ќе станат забележани како т.н. Гордонови немири; тие ќе испровоцираат низа законодавни мерки преземени од страна на владата на чело со Џорџ III, а исто така и ќе бидат и главна причина за формирањето на првите полициски сили во светот воопшто.

Брак и рана кариера

уреди

Во 1782 година, Блејк го запознал Џон Флексмен, кој ќе стане негов патрон, и Катерина Буше, која наскоро ќе стане негова жена. Во тој период, Блејк се опоравувал од една врска која кулминирала со одбивање на неговата понуда за брак. Откако ја раскажал својата приказна пред Катерина и нејзините родители, таа покажала одредена симпатија спрема Блејк, по што тој ја запрашал, "Дали ме сожалуваш?" Кога Катерина одговорила потврдно, Блејк изустил "Тогаш, те љубам". Блејк се венча со пет години помладата Катерина на 18 август 1782 во Батерси. Бидејќи била неписмена, Катерина се потпишала на свадбениот договор со 'X'. Подоцна, додека ја учел Катерина да чита и пишува, Блејк ја поучувал и во областа на гравирањето; во текот на неговиот живот, таа ќе се покаже од голема помош за него, помагајќи му при гравирањето на неговите илуминирани дела и успевајќи да ја одржи силата на неговиот дух во текот на целиот негов живот.

Во овој период Џорџ Камберленд, еден од основачите на Лондонската Национална Галерија почнал да станува обожавател на Блејк. Првата збирка песни на Блејк, Поетски скици, е издадена во 1783 година. Една година подоцна, по смртта на неговиот татко, Вилијам и неговиот брат Роберт отвораат печатница и започнуваат да работат со радикалниот издавач Џозеф Џонсон. Куќата на Џонсон била место каде се собирале дел од нејголемите интелектуални дисидентски умови на Англија: Џозеф Присли, научник; Ричард Прајс, филозоф; Хенри Фузели, уметник [8]; Мери Волстонкрафт, рана феминистка, мајка на подоцнежната сопруга на Перси Шели; како и Томас Пајн, американски револуционер. Исто како и Вилијам Вордсворт и Вилијам Годвин, Блејк полагал голема надеж во американската и Француската револуција и носел црвено капче во знак на солидарност со француските револуционери; сепак, подоцна, со доаѓањето на Робеспјер на власт и почетокот на таканаречената Власт на Ужасот, тој потполно ќе се разочара од нејзиниот неуспех.

Блејк ги илустрира Вистинските приказни од реалниот живот (1788; 1791) на Мери Волстонкрафт. Тој, со Волстонкрафт дели неколку слични размислувања во областа на еднаквоста меѓу половите и институцијата брак, но не може безусловно да се тврди дека овие двајца се запознале. Во 1793 година, во своето дело Визии на Ќерките на Албион, Блејк ќе ја осуди суровата апсурдност на присилената невиност и бракот без љубов и ќе застане на страната на жените, бранејќи го нивното право да дојдат до самореализација.

Релјефно гравирање

уреди
 
Блејковиот "Њутн" е демонстрација на неговиот отпор против "еднодимензионалната визија" на научниот материјализам: големиот филозоф-научник е изолиран во длабочината на океанот, неговите очи (од кои само едното е видливо) се фиксираат врз шестарот со кои црта на еден свиток. Њутн изгледа сосема сраснат со камењата на кои седи (1795).

Во 1788, на возраст од 31 година, Блејк почнува да експериментира со релјефно гравирање, метод што сам ќе го измисли и ќе го користи при создавањето на неговите книги, слики, памфлети и секако, поеми, вклучувајќи ги и неговите пророштва и неговото ремек-дело "Библијата". Процесот уште се нарекува и илуминирано гравирање, при што, како конечен производ се добиваат илуминираните книги. Илуминираното гравирање означува еден процес во кој, на бакарни плочки, се внесува текст со помош на медиум отпорен на киселина. Илустрациите можеле да се појавуваат отстрана, нешто слично како раните илуминирани ракописи. Потоа Блејк ги ставал плочите во киселина, со цел да се раствори непотребниот бакар и записот да остане во релјеф (оттука потекнува и името). Ова е процес обратен од нормалните начини на гравирање, каде линиите на дизајнот се изложени на киселина, а самата плочка се печати по интаљио методот. Релјефното гравирање подоцна станува важен комерцијален метод на печатење. Во случајот со Блејк, сѐ уште не е сосема јасен целокупниот принцип. Се смета дека откако тој ќе ја создадел релјефната слика со текстот, рачно го боел остатокот од сликата со водени бои. Најголем дел од неговите книги ја користат оваа синтеза на двете уметности - Песни на невиноста и искуството, Книгата на Тел, Свадбата на Рајот и Пеколот и Ерусалим. Треба да се спомене и тоа дека Блејк никогаш не тврдел дека овој метод е плод на негово лично размислување: велел дека на овој начин на печатење бил поучен од духот на неговиот брат Роберт кој починал во февруари 1787 година.

Подоцнежен живот и кариера

уреди
 
Блејковиот "Црнец обесен жив за ребра на бесилка", илустрација за Џ. Г. Стедмановата Приказна за петгодишната експедиција против побунетите црнци од Суринам (1796).

Блејковиот брак со Катерина останал идиличен до смртта на Вилијам и е една од најплатонските врски било кога забележани, своевидна легенда во историјата на книжевноста, брак кој ништо не можело да го помати. Ниту празните чинии кога немало што да се јаде, ниту изветвените алишта кога се немало што да се облече. Во таквите случаи, Катерина ставала празни чинии на масата и без зборови на прекор или обвинување седнувала спроти својот Вилијам кој некаде имал отпатувано, чекајќи го повторно да се врати. [9] Се спомнуваат само неколку проблеми кои двојката ги имала на почетокот, а кои потекнувале од неписменоста на Катерина, како и од неможноста сопружниците да имаат деца. Не е сосема сигурно, но возможно е дека Блејк, во согласност со верувањата на Сведенборшката заедница, посакал во својот дом да донесе конкубина. Тоа бил и единствениот пат кога односите меѓу Вилијам и Катерина биле разнишани. Сепак, бидејќи Катерина се спротивставила на ваквата негова желба, Вилијам се повлекол од намислата и така, едноставно, без посериозни пречки, завршило првото и последно нивно недоразбирање [9].

Околу 1800 година, Блејк се преселува во куќичка сместена во Фелфам во Сасекс, и добива работа како илустратор на делата на Вилијам Хејли, второразреден поет. Токму овде Блејк ќе ја напише поемата Милтон (издадена меѓу 1805 и 1808). Прологот кон ова дело вклучува една песна што започнува со зборовите "И дали тие древни нозе", кои ќе бидат предлошка за создавање на познатата химна, "Ерусалим". Со време, Блејк се замерува со својот нов патрон, сметајќи дека Хејли не му плаќа толку колку што може.

Блејк се враќа во Лондон во 1802 и почнува да ја пишува и илустрира Ерусалим (1804–1820), неговото најамбициозно дело. Начнувајќи ја идејата да ги портретира ликовите прикажани во Чосеровите Кантербериски приказни, Блејк се зближува со продавачот Роберт Кромек, со желба Кромек да му помогне во рекламирањето на гравурите. Знаејќи дека Блејк е премногу ексцентричен за да напише популарно дело, Кромек набрзина го обврзува Томас Стотард да ја заврши работата. Кога Блејк сфаќа дека е измамен, го раскинува договорот со Стотард, кој дотогаш му е пријател. Тогаш самостојно, во продавницата на својот брат, ги изложува своите илустрации на Кантербериските приказни, како и некои други дела. Оттука и произлегува неговиот Дескриптивен Каталог (1809), кој содржи, како што ќе рече Ентони Блант, "совршена анализа" на Чосер. Воопшто, ова дело се смета за антологиска критика на делото на Чосер.[10] Исто така, ова дело содржи и детално објаснување на неколку други негови слики.

Џорџ Камберленд го запознава Блејк со младиот уметник Џон Лајнел. Преку Лајнел, тој се запознава и со Самуел Палмер, припадник на една уметничка група која се нарекувала Древните. Оваа група го делела Блејковото мислење дека модерните движења се минливи и дека наскоро треба да настапи доаѓањето на Новата духовно-уметничка доба. На возраст од 65 години, Блејк почнува да работи на илустрациите за Книгата на Јов. Овие слики подоцна ќе бидат величани и од Џон Раскин, кој врз основа на нив, ќе го спореди Блејк и со самиот Рембрант.

Блејк го презирал ропството и верувал во расна и полова еднаквост [11]. Во неколку од неговите песни и слики, тој ја искажува својата идеја за универзалноста на човештвото: "Зашто сите луѓе се исти (иако бесконечно се разликуваат)".

Ги негира сите форми на наметна авторитет; дури и бил обвинет за изрекување на бунтовни и заканувачни зборови против Кралот во 1803 година, иако подоцна ќе биде и исчистен од овие обвинувања. Постапката била покрената од војникот Џон Скофилд кој тврдел дека Блејк го избркал од неговиот двор, наводно велејќи, "Проклет нека е кралот. Сите војници се робови."[12] Од друга страна пак, според еден запис од локалните весници "измислените наводи на обвиненијата беа... толку очигледни што помилувањето беше неизбежна последица." [13].

Блејковите размислувања во врска со она што тој ќе го гледа како потиштеност и ограничување на човековата слобода ќе отидат и до Црквата. Неговите духовни идеи се застапени во Песни на Искуството (1794), каде тој ја покажува уникатноста на своите верувања, која ги меша влијанијата од старозаветниот Бог, чии рестрикции Блејк ги отфрла, и Новозаветниот Бог (Исус Христос), кој Блејк го гледа како совршено позитивно битие.

Кон крајот на својот живот, тој почнува да продава дел од своите илустрации, особено библиските претстави, на Томас Батс, патрон кој на Блејк ќе гледа само како на пријател, а не и на уметник чии дела имаат некаква вредност; ова е всушност типичното мислење кое современиците на Блејк ќе го имаат за него во текот на целиот негов живот.

 
Портрет на Вилијам Блејк, насликан од Џон Лајнел, 1820.

Дантеовиот Пекол

уреди

Идејата за сликање на Дантеовиот Пекол му доаѓа на Блејк во 1826 година, преку Џон Лајнел, со конечна цел да се произведат серија на гравури. Сепак, неговата смрт во 1827 ќе го прекине потфатот и ќе бидат насликани само неколку акварели, од кои само седум ќе станат гравури од оној тип како што биле првобитно замислени. Па дури и вака, тие, на неколкупати се вброени во категоријата ремек-дела:

„Дантеовите акварели на Блејк се меѓу неговите врвни достигнувања, потполно надминувајќи го проблемот за илустрирање на една така сложена поема. Мајсторството во користењето на водена боја има достигнато успешност без преседан и се користи за да предизвика необични ефекти кои ги диференцираат трите различни душевни состојби во поемата'. (Дејвид Бајндмен, "Блејк како сликар" во Кембриџовиот Водич кон Вилијам Блејк, Морис Ивс, Кембриџ, 2003, страна 106).“

Блејковите илустрации не се само слики кои служат како придружба на текстот, туку и уметничка критика и коментар на одредени духовни и морални аспекти во делата. Илустрирајќи го Изгубениот Рај, на пример, Блејк изгледа како да го преиспитува Милтоновото фокусирање врз Сатаната како централна фигура на епот; на пример, во Сатаната ја набљудува Љубовта на Адам и Ева (1808) Сатаната е сместена на едно изолирано место на врвот на сликата, а Адам и Ева го окупираат самиот центар. И како да сака да ги акцентира ефектите на контра-позиционирањето, Блејк ги прикажува Адам и Ева прегрнати, а Сатаната, тажно завидувајќи им, ја милува змијата со чиј идентет наскоро и ќе се постовети.

Во Пеколот, можеби бидејќи проектот и никогаш не е комплетиран, Блејковата намера само по себе е нејасна. Сепак, некои показатели го поддржуваат впечатокот дека илустрациите, во својата потполна форма, самите би земале еден посебен став паралелно со текстот кој го придржуваат: на маргините на Хомер го носи мечот пред своите придружници, Блејк забележува, "[sic] Сѐ во Дантеовата Комедија покажува дека со тирански цели, тој го има направено овој свет основа на сѐ и дека е Божицата Природа и дека не е Светиот Дух." Блејк изгледа дека не се согласува со Дантовата восхитеност од древните Грци, како и со очигледната веселба што тој ја практикува при доделувањето на казни во Пеколот (како што може да се забележи од свирепиот хумор кој се провлекува низ песните).

Истовремено, Блејк го дели Дантеовиот презир спрема материјализмот и спрема коруптивната природа на моќта, и безгрешно ужива во можноста графички да ја претстави атмосферата и фантазијата на Данте. Дури и на смртна постела, Блејковата основна преокупација ќе биде трескавичната посветеност на Дантеовиот Пекол; се вели дека својот последен шилинг го има потрошено за да купи молив со кој го продолжил скицирањето на ова дело.[14]

Блејковата смрт

уреди
 
Собата во која умрел Вилијам Блејк, сликана од Фредерик Шилдс.

На денот на неговата смрт, Блејк немилосрдно упорно работел на сликите од циклусот посветен на Дантеовиот Пекол. На крајот, се вели, одеднаш престанал да работи и се свртел кон својата жена која со солзи во очите клечела крај неговиот кревет. Погледнувајќи ja, Блејк изустил, "Остани Кејт! Остани каква што си сега – ќе го насликам твојот портрет – зашто ти отсекогаш беше мојот ангел." Откако ја завршил сликата (која е денес изгубена), Блејк го спуштил на земја својот молив и почнал да пее химни и да рецитира стихови [15]. Во шест часот истата вечер, откако ѝ ветил на својата жена дека засекогаш ќе остане крај неа, Блејк починал. Гилхрист пишува дека еден потстанар - девојка која живеелa во истата куќа и која била присутна во мигот на неговото последно издивнување - , во тој момент рекла, "Бев сведок на смртта, не на човек, туку на благословен ангел."[16]

Џорџ Ричмод, во едно писмо до Самуел Палмер, го дава следниов опис на Блејковата смрт:

„Умре... на највеличенствен начин. Рече дека ќе оди во онаа земја која што целиот свој живот посакувал да ја види и објасни дека е среќен и дека се надева на спас кој ќе му го донесе Исус Христос — пред да умре, изразот на Неговото Лице се разведри. Неговите очи станаа светли и од неговата уста бликнаа стихови за нештата кои Тој ги видел во Рајот.“[17]
 
Споменик близу Блејковиот неозначен гроб во Лондон.

Катерина платила за погребот на Блејк со пари кои ѝ ги позајмил Лајнел. Блејк е положен во гроб пет дена по неговата смрт – вечерта на четириесет-и-пет-годишнината од свадбениот ден– во дисидентската гробница на Банхил Филдс, каде што претходно биле закопани и неговите родители. На церемонијата биле присутни само Катерина, Едвард Калверт, Џорџ Ричмонд, Фредерик Татам и Џон Лајнел.

По смртта на Блејк, Катерина станува надзорник во куќата на Татам. Во текот на овој период, таа верува дека редовно е посетувана од духот на Блејк. Продолжува да ги продава неговите илуминирани дела и слики, но не прави никаков договор без претходно да се "консултира со г. Блејк".[18] На денот на нејзината смрт, во октомври 1831, таа била смирена и радосна како и својот маж и му се обратила на Вилијам "како тој да се наоѓаше во соседната соба, да му каже дека наскоро доаѓа и дека нема да се задржи".[19] Потоа умрела.

По нејзината смрт, Блејковите ракописи ги наследил Татам, кој ги изгорел оние што ги сметал за премногу еретични или политички радикални. Татам станува ирвингит, член на едно од мноуте фундаменталистички движења во XIX век, и бил строго против секое дело кое промовирало богохулство.[20] Џон Лајнел пак, ги уништил делата на Блејк, кои, според него, евоцирале сексуални алузии.[21]

Во 1957 година во Вестминстерската Опатија, кренат е споменик во чест на Блејк и неговата жена.[22] На гробот пишува: „Во непосредна близина лежат остатоците на поетот-сликар Вилијам Блејк (1757-1827) и неговата жена Катерина Софија (1762-1831)“.

Фантазија

уреди

Веројатно, Блејк ја има одиграно врвната улога во формирањето на западната концепција за фантазијата. Неговото верување дека човештвото може да ја надмине ограниченоста што му ја нудат петте сетила е веројатно највозвишеното нешто што Блејк ќе го остави во свое наследство: "Ако се мине низ вратите на перцепцијата, тогаш секој дел од светот на човекот ќе му изгледа онаков каков што е - бесконечен."(Свадбата на Рајот и Пеколот) Без разлика што неговото размислување во негово време се сметало за бесмислено, денес тоа е потполно инкорпорирано во модерната дефиниција за зборот.

Всушност, неговото повикување на "вратите на перцепцијата" ќе остави длабок белег врз кнжевноста и музиката на XX век, бидејќи и името The Doors, кое Џим Морисон го дава на својата позната група и книгата „Врати на восприемањето“ на Олдос Хаксли се всушност начин да се оддаде најдлабока почит кон животот и делото на Вилијам Блејк.

Блејк и религијата

уреди

Иако Блејковите напади врз конвенционалната религија биле шокантни во негово време, неговиот отпор спрема религиозноста не значел и отфрлање на самата религија. Неговото размислување за вообичаената религија може да се види во Венчавката на Рајот и Пеколот, каде во своите Изреки од Пеколот, Блејк ќе напише:

„Затворите се градат со камењата на Законот, борделите со циглите на Религијата“ и „Исто како што гасеницата ги избира најубавите листови за таму да ги положи своите јајца, така и свештеникот ги положува своите клетви врз најубавите животни радости“.

Блејк ќе ја опише својата сопствена религија како Вечно Евангелие, кое според него е првобитното откровение, она кое го проповедал самиот Исус. Во Вечното Евангелие, Блејк не го претставува Исус само како филозоф и традиционален Месија, но и како совршено креативно суштество, кое се наоѓа над догмата, логиката и самиот морал:


If he had been Antichrist, Creeping Jesus,
He'd have done anything to please us:
Gone sneaking into the Synagogues
And not used the Elders & Priests like Dogs,
But humble as a Lamb or an Ass,
Obey himself to Caiaphas.
God wants not man to humble himself...

William Blake


Ако беше Антихрист и подол Исус
сѐ ќе правеше да нѐ задоволи; кришум
ќе се молеше тој во Синагога
секој свештеник ќе беше за него Бога;
понизно, како магаре или јагне,
на Кајафа ќе му нудеше бакнеж.
Бог не сака понизен човекот да биде...

Препеал: Виктор Јованоски

Исус, за Блејк, ја симболизира виталната врска и единството меѓу божественото и човечкото: „најпрво сите имаа една религија и еден јазик: ова беше религијата на Исус, вечното Евангелие. Стариот Век го проповеда Евангелието според Исус.“

Блејк има изработено своја сопствена митологија, која често се појавува во неговите пророчки книги. Главно се заснова врз Библијата и Старогрчката митологија и ги пропратува неговите идеи обединети околу Вечното Евангелие. Во една од своите пророчки поеми, ќе рече: "Морам да создадам свој систем или да бидам поробен од туѓ."

Една од Блејковите најголеми замерки на ортодоксното христијанство е тоа што, според него, тоа го охрабрува потискувањето на природните желби и ја ограничува земната радост. Во Визија на Последниот Суд, Блејк вели дека луѓето се примаат во Рајот не поради тоа што ги зауздале и надвладеале своите страсти или поради тоа што воопшто и немаат страсти, туку поради тоа што ги Искултивирале своите Разбирања. Богатствата на Рајот не значат Негација на Страста, но Разбирање на Интелектот, од каде што и произлегуваат сите Страсти, Незауздани, во својата Вечна Слава.

Блејк верувал дека радоста на човекот го велича Бог и дека религијата на овој свет значи и обожавање на Сатаната. За него Сатаната е Грешка и Смртна Состојба. Блејк верува дека ортодоксните Христијани, делумно поради нивното негирање на земната радост, всушност го обожаваат Сатаната.

Блејк бил против погрешното сфаќање на теолошката идеја која ѝ простува на Болката, го признава Злото и им се извинува на Неправдите. Нормално, ги презирал и идеите кои тврделе дека треба да се купи благослов за следниот живот преку себе-негирање во овој.

Го разгледува концептот на постоење на грев како стапица која ги заробува човечките желби (трновите венци во Градина на Љубовта) и верува дека безусловното покорување на моралниот код наметнат однадвор е спротивно на барањето на самиот Живот, пишувајќи:


Abstinence sows sand all over
The ruddy limbs & flaming hair,
But Desire Gratified
Plants fruits & beauty there.

William Blake


Воздржувањето си сее песок
врз рацете од рубин, пламената коса;
Задоволените Желби пак
Убавина и овошје таму носат.

Препеал: Виктор Јованоски

Не се согласувал сосема со доктрината дека Бог е Господар, ентитет одвоен од и надреден над луѓето. Најверојатно тоа произлегува од неговата идеја за слобода и еднаквост на сите луѓе и меѓу двата пола.

Оставнина

уреди

Креативност

уреди

Нортроп Фрај, коментирајќи ја Блејковата постојаност во одржувањето на верувањата, забележува дека Блејковите "забелешки за [Џошуа] Рејнолдс, напишани на педесет години, се 'сосема исти' со оние во кои Блејк зборува за Лок и Бејкон, напишани кога бил 'многу млад'. Дури и фразите и стиховите ќе се појавуваат речиси невидоизменети по четириесетина години. Постојаноста во однос на одржувањето на неговите верувања за вистината ќе биде еден од неговите водечки принципи... Постојаност, тогаш лудачка или различна, е една од Блејковите основни преокупации, како што 'себе-контрадикцијата' е секогаш една од најпрезрените работи за него".[23]

Блејковите визии

уреди

Уште од мал, Вилијам Блејк тврдел дека имал визии. Најраниот забележан пример е оној кога Вилијам имал осум или десет години, и кога кај Пекам Реј во Лондон, рекол дека видел дрво полно со ангели што "ја осветлувале секоја гранка како ѕвезди." Според Блејковиот викторијански биограф Гилхрист, тој се вратил дома радосен за да ја соопшти оваа визија, но одвај, со помош на мајка му, го избегнал претепувањето од неговиот татко. Всушност, најголем дел од доказите велат дека Блејковите родители постојано го поддржувале Блејк. Неговата мајка била особено приврзана кон него поради што неколку од Блејковите рани песни и слики ги декорирале ѕидовите од нејзината одаја.

Во една друга прилика, Блејк ги набљудувал собирачите на сено и видел фигури на ангели кои се движеле меѓу нив. Во подоцнежните години, според сеќавањата на Катерина, Блејк често го гледал ликот на Бога "наведнат над прозорецот". Визијата, според сеќавањата на Катерина, "те терала да вриснеш."[24]

Блејк тврдел дека искусува визии во текот на целиот свој живот. Често биле поврзани со прекрасни религиозни пасажи и слики, поради што најверојатно го инспирирале да го продолжи неговото митско духовно патување. Токму религиозните концепти и фантастичните фигури играат главна улога во творештвото на Блејк. Бог и христијанството го сочинуваат интелектуалниот центар на неговото творештво од каде тој ја црпи својата инспирација. Блејк верувал дека бил лично воден, советуван и храбрен од архангелите за да ги создаде своите уметнички дела, кои, како што велел, биле читани и обожавани од истите тие архангели на Небото.

Во едно свое писмо до Вилијам Хејли, датирано од 6 мај 1800, Блејк пишува:

"Знам дека нашите мртви пријатели се сега поблиску и повеќе со нас отколку кога биле живи. Пред тринаесет години јас изгубив брат, но со неговиот дух зборувам секој час и секој ден, а го гледам и во моите сеќавања и мојата фантазија. Ги слушам неговите совети, па дури и сега пишувам по негов диктат."

Во писмо до Џон Флексман, датирано од 21 септември 1800, Блејк ќе напише:

"[Градот] Фелфам е прекрасно место за работа, бидејќи е духовно побогат од Лондон. Небото тука на сите страни ги отвора своите врати; неговите прозорци не се поматени со пареа; гласовите на небесните жители тука погласно се слушаат, а нивните форми можат појасно да се видат; мојата колиба е само сенка на нивните куќи. Жена ми и сестра ми се добри, му се додворуваат на Нептун за прегратка... Моите дела се пославни во рајот отколку што можам да сфатам. Во мојот ум има студии и одаи полни со древни книги и слики, кои сум ги пишувал и сликал во некој дел од Вечноста пред да започне мојот смртен живот; и тие дела ги восхитуваат и ги проучуваат самите Архангели."

Во писмо до Томас Батс, датирано од 25 април 1803, Блејк пишува:

"Сега можам да ти го кажам тоа што веројатно не би се осудил да го кажам никому: самостојно и непречен од никого можам да ги продолжам своите визионерски студии во Лондон и можам да зборувам со моите пријатели во Вечноста, да гледам Визии, да сонувам Сништа и Пророштва и да зборувам параболи негледан од никого и ослободен од Сомнежите на останатите смртници; веројатно тоа се Сомнежи што произлегуваат од нивната Добрина, но Сомнежите се секогаш погубни, особено кога се наменети за нашите пријатели."

Во Визија на Последниот Суд Блејк пишува: „'Кога Сонцето изгрева, зарем не гледаш кружен пламен диск налик на гвинеја?' О не, не, јас гледам безбројно многу суштества собрани во еден Небесен хор кој извикува, 'Свет е, Свет е, Свет е Семоќниот Господ Бог.'“

Вилијам Вордсворт еднаш ќе напише за Блејк: "Немаше сомнеж дека тој кутар човек беше луд, но во неговата лудост имаше нешто што ме интересираше повеќе од јасната разумност на Лорд Бајрон и Валтер Скот."[1]. Според други пак, Блејк е мистик и визионер.[25]

Вилијам Блејк во уметноста и во популарната култура

уреди

Како додаток на неговото влијание врз писателите и уметниците, Блејковата улога како поет-сликар-приврзаник кон сексуалната слобода и фантазијата од него имаат создадено единствена фигура во целокупната историја на книжевноста со уникатно влијание врз развитокот на модерната поп-култура, особено од почетокот на 1960тите. Многу повеќе од било кој друг каноничен писател, неговите песни се прифатени и адаптирани врз музика од разни музичари, од типот на „U2“, Ван Морисон, Џа Вобл, „Tangerine Dream“, Брус Дикинсон и Улвер. Исто така, и фолк музичарите се имаат инспирирано од неговите дела, а Боб Дилан и Ален Гинзберг го вбројуваат Блејк меѓу своите идоли. Жанрот графичка новела своите корени ги наоѓа во Блејковите гравури-песни и пророчки книги. Детскиот автор Морис Сендак и низа илустратори и стрип-автори од рангот на Грант Морисон, Роберт Крам и Џ.М. Дематис го имаат цитирано Блејк како важно влијание.

Една песна на аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес од стихозбирката „Шифра“ носи наслов „Блејк“.[26]

Библиографија

уреди

Илуминирани книги

уреди

Неилуминирани книги

уреди
  • 1791: Француската револуција

Илустрирани од Блејк

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Раде Силјан, Прилози за наставата по литература, Матица Македонска, Скопје, 2001, стр. 113-115.
  2. Џонатан Џоунс (25 април 2005). „Рајот на Блејк“. The Guardian. Проверете ги датумските вредности во: |year=, |date= (help)CS1-одржување: датум и година (link)
  3. Алфред Казин (1997). „Вовед кон Вилијам Блејк“. Архивирано од изворникот на 2006-09-26. Посетено на 2007-07-09.
  4. Кетлин Рејн (1970). Светот на Уметноста: Вилијам Блејк. Thames & Hudson. ISBN 0-500-20107-2.
  5. Петер Ајкројд, Блејк, Синклер Стивенсон, 1995, стр. 43.
  6. Петер Ајкројд, Блејк, Синклер Стивенсон, 1995, стр. 44.
  7. Дејвид В. Ерман. Целосната Поезија и Проза на Вилијам Блејк (второ издание. изд.). стр. 641 страна. ISBN 0-385-15213-2.
  8. Биографии на Блејк и Фузели, откриени на 31 мај 2007.
  9. 9,0 9,1 Иван Џепароски, Стравотната симетрија на Доброто и Злото, предговор кон Песни на невиноста и искуството, Мисла, 1988, страна 10.
  10. Ентони Блант, Уметноста на Вилијам Блејк, страна 77.
  11. Екофеминизмот на Вилијам Блејк, May 31 мај 2007.
  12. „Готскиот Живот на Вилијам Блејк: 1757-1827“. Архивирано од изворникот на 2007-10-12. Посетено на 2007-07-09.
  13. Е.В. Лукас (1904). Автопати и улици во Сасекс. Макмилијан. ASIN B-0008-5GBS-C.
  14. Сведоштва за Блејк, страна 341.
  15. Петер Ајкројд, Блејк, Синклер Стивенсон, 1995, страна 389.
  16. Гилхрист, Животот на Вилијам Блејк, Лондон, 1863, страна 405.
  17. Григсон, Самуел Палмер, страна 38.
  18. Петер Ајкројд, Блејк, Синклер Стивенсон, 1995, страна 390.
  19. Сведоштва за Блејк, страна 410.
  20. Петер Ајкројд, Блејк, Синклер Стивенсон, 1995, страна 391.
  21. Марша Кит Шуард, Зошто плачеше госпоѓа Блејк: Сведенборг, Блејк и половата основа на духовната визија, страни 1-20.
  22. Тејт ВБ. „Лондон на Вилијам Блејк“.[мртва врска]
  23. Нортроп Фрај, Стравотна Симетрија: Студија за Вилијам Блејк, 1947, Princeton University Press.
  24. Џералд Бентли (1969). Досие Блејк. Оксфорд. стр. страна 543. ISBN 0-415-13441-2.
  25. Encyclopaedia Britannica, 15то издание.
  26. Horhe Luis Borhes, Šifra. Beograd: Paidea, 2012, стр. 43.

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Вилијам Блејк“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).