Јавански носорог
Јавански носорог | |
---|---|
Јавански носорг во Лондонската зоолошка градина | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Непарнокопитни |
Семејство: | Носорози |
Род: | Носорог |
Вид: | R. sondaicus |
Научен назив | |
Rhinoceros sondaicus Desmarest, 1822[2] | |
Подвидови | |
Rhinoceros sondaicus annamiticus | |
Распространетост на јаванскиот носорог (со црвено се означени териториите на денешна распространетост[3] |
Јаванскиот носорог или сундски носорог (науч. Rhinoceros sondaicus) — член на семејството на носорозите и е еден од петте преживеани видови на носорози. Припаѓа на истиот род како и Индискиот носорог и има слична мозаична кожа која наликува на борбен оклоп, но со должина од 3,1-3,2 метри и висина од 1,4-1,7 метри е доста помал од индискиот носорог. По големина е сличен со Црниот носорог. Неговиот рог најчесто е помал од 25 сантиметри, што го прави најкраток меѓу останатите видови на носорози.
Во минатото овој вид бил најраспространетиот азиски носорог, живеел од островите во Индонезија, преку југоисточна Азија, до Индија и Кина. Денес јаванскиот носорог е критично загрозен вид, со само 2 преостанати популации во дивината, и ниту една во заробеништво. Се смета дека е најреткиот голем цицач на планетата[4]. Во националниот парк Уџунг Кулон на островот Јава во Индонезија има најмалку 40-50 единки, и мала популација која во 2007 година била проценета на не повеќе од 8 единки во националниот парк Кат Тиен во Виетнам. Намалувањето на бројноста на јаванските носорози пред сè се должи на ловокрадстовото поради нивниот рог кој е доста ценет во традиционалната кинеска медицина (на црниот пазар достигнува цена од 30 000 долари за килограм[4]). Загубата на природното живеалиште, најмногу поради војни како Виетнамската војна исто така придонело за намалување на популациите[5]. Денешната распространетост е само во два заштитени региони, но сепак овие носорози и понатаму се во опасност од ловокрадство, болести и намалување на генетскиот диверзитет во популациите што води до видова депресија.
Јаванскиот носорог во дивината живее одприлика 30-45 години. Во минатото ги населувал дождовните шуми, влажните пасишта и големите рамни простори околу реките каде често има поплави. Јаванскиот носорог најчесто е самотно животно, освен за време на сезоната на парење и на одгледувањето на младенчињата. Понекогаш се собираат во групи покрај барите. Возрасните носорози немаат природни грабливци освен човекот. Најчесто овие носорози ги избегнуваат луѓето, но се случува да нападнат доколу се почувствуваат загрозени. Научниците ретко ги проучуваат овие животни во нивната природна средина најмногу поради фактот дека се доста ретки и загрозени животни. Јаванскиот носорог е најмалку проучуваниот носорог на светот.
Таксономија
уредиПрвите истражувања на природонаучниците врз јаванскиот носорог надвор од неговата животна средина биле изведени во 1787 година кога две единки биле застрелани во Јава. Черепите биле испратени кај германскиот природонаучник Петрус Кампер кој умрел во 1789 година, пред да ги објави неговите заклучоци дека јаванскиот носорог е посебен вид. Алфред Дувосел (Alfred Duvaucel) убил носорог од овој вид на островот Суматра и го пратил на неговиот очув Жорж Кивие (Georges Cuvier) кој бил познат француски научник. Кувие го признал ова животно како посебен вид во 1822 година, и истата година Анселм Гаетан Демаре (Anselme Gaëtan Desmarest) му до дал името Rhinoceros sondaicus. Ова е последниот идентификуван носорог[6]. Десмарест најпрво го идентификувал како носорог од Суматра, меѓутоа подоцна утврдил дека станува збор за јавански носорог[2].
Името на родот Rhinoceros, во кој спаѓа и Индискиот носорог, потекнува од грчките зборови ῥινός (ринос) што значи нос и κέρας (керас) што значи рог. Sondaicus потекнува од Сунда, биогеографски регион во кој спаѓаат островите Суматра, Јава, Борнео и околните помали острови.
Постојат три подвида, од кои се претпоставува дека само два се преживеани :
- Rhinoceros sondaicus sondaicus, познат и како Индонезиски јавански носорог, кој живеел на Јава и Суматра. Популацијата денес се проценува на 40-50 единки кои живеат во Националниот парк Уџунг Кулон во западниот дел на островот Јава. Според некои истражувачи, јаванскиот носорог од суматра припаѓа на посебен подвид R.s. floweri, но ова никогаш не било прифатено во пошироките научни кругови[7][8].
- Rhinoceros sondaicus annamiticus, познат како Виетнамски јавански носорог или само Виетнамски носорог, некогаш живеел во Виетнам, Камбоџа, Лаос, Тајланд и Малезија. Annamiticus потекнува од венецот на Анамитски Планини кој се наоѓа во југоисточна Азија и е дел од распространетоста на овој подвид. Денес постои само една популација од помалку од 12 единки која живее во Националниот парк Кат Тиен во Виетнам. Генетските анализи покажуваат дека двата преживеани подвида имале заеднички предок пред помеѓу 300 000 и 2 милиони години[8][9].
- Rhinoceros sondaicus inermis, познат и како Индиски јавански носорог, во минатото бил распространет од Бенгал до Бурма, но се смета дека изумрел во првата деценија на 1900-тите. Inermis значи „без рогови“. Најпрепознатлива одлика на овој подвид биле малите рогови кај мажјаците и отсуството на рогови кај женките. Политичката ситуација во Бурма спречила проценување на видот во оваа земја, но се смета дека неговото преживување е речиси невозможно[10][11][12].
Еволуција
уредиПредците на носорозите се одвоиле од останатите непарнокопитни животни за време на раниот еоцен. Според споредбите на митохондралната ДНК, предците на денешните носорози се одвоиле од предците на Equidae пред околу 50 милиони години[13]. Преживеаното семејство носороси за првпат се појавило во Евроазија во доцниот еоцен, а предците на носорозите се распространиле низ Азија на почетокот на миоценот[14].
Индискиот и јаванскиот носорог, единствените членови на родот Rhinoceros, во фосилните остатоци за првпат се појавиле во Азија пред околу 1,6-3,3 милиони години. Според молекуларните анализи се проценува дека двата вида се одделиле многу порано, односно пред околу 11,7 милиони години[13][15]. Се смета дека индискиот и јаванскиот носорог не се многу блиски роднини со останатите видови на носорози. Неколку истраживања поставиле хипотези дека овие два вида се многу поблиски со изумрените Gaindetherium и Punjabitherium. Според деталните истражувања на кладите во Rhinocerotidae, постојат хипотези дека Rhinoceros и изумрениот Punjabitherium се во иста клада со Dicerorhinus (Суматранскиот носорог). Други истражувања пак, укажуваат дека суматранскиот носорог е сепак поблизок со двата африкански видови[16]. Можно е суматранскиот носорог да се одвоил од азиските носорози пред околу 15 милиони години[4][14].
Особености
уредиЈаванскиот носорог е помал од неговиот роднина индискиот носорог, и по големина е доста сличен со црниот носорог. Должината на телото (вклучувајќи ја и главата) на овој вид е 3.1-3.2 метри и достигнува висина од 1.4 до 1.7 метри. Кај возрасните единки има голема варијација во тежината, па забележани се единки со тежина од 900 до 2300 килограми. Сепак поради тоа што спаѓа во критично загрозени видови, истражувања за големината на овие животни никогаш не биле приоритет[4]. Не постои голема разлика во големината помеѓу единки од различен пол, но женките може да бидат малку поголеми. Виетнамските носорози се малку помали од носорозите од Јава. Овие заклучоци се изведени од истражувања направени на фотографски докази и мерења на отисоци од стапалата[17].
Како и индискиот роднина, и јаванскиот носорог има само еден рог (другите преживеани видови на носорози имаат по два рога). Неговиот рог е најмал од сите останати видови, и најчесто има должина помала од 20 сантиметри. Најдолгиот регистриран рог на јавански носорог е 27 сантиметри. Според набљудувањата овој носорог не го корсти рогот за борби, туку за туркање на калта во барите и правење пат низ бујна вегетација. Слично како и некои други видови на носорози (како црниот, суматранскиот и инискиот), и јаванскиот носорог има долга испакната горна усна која е приспособена за пасење. Долните секачи се долги и остри и често ги користи при борењето со други носорози. Зад секачите има два реда од шест молари кои г користи за џвакање на храната. Како и останатите видови, и јаванскиот носорог има одличен слух и мирис, но многу слаб вид. Се проценува дека живеат околу 30-45 години[17].
Неговата мазна, сива кожа создава набори на рамениците, на грбот и на бутовите. Кожата има природна мозаична шара што му дава на носорогот изглед како да носи оклоп. Наборите кај вратот се помали кај тие на индискиот носорог, но формираат сличен облик на седло. Бидејќи јаванскиот носорог е загрозен и доста редок вид, проучувањата се засноваат на примероци од фекалии и скриени камери. Многу ретко се директно мерени или набљудувани[18].
Распространетост и живеалиште
уредиДури и според најоптимистичките проценки се смета дека има помалку од 100 јавански носорози во дивината. Се претпоставува дека овие животни се можеби најзагрозениот вид од сите големи цицачи. Јаванскиот носорог го среќаваме само на две места, Националниот парк Уџунг Кулон кој се наоѓа во западниот дел на Јава и Националниот пар Кат Тиен кој е околу 150 километри северно од Хошимин [8][19].
Во минатото ова животно било распространето од Асам и Бенгал (каде нивните региони најверојатно се препокрвале со регионите во кои живееле суматранскиот и индискиот носорог[12]) па источно до Мјанмар, Тајланд, Камбоџа, Лаос, Виетнам и јужно до Малајскиот полуостров и островите Суматра, Јава и најверојатно Борнео [20]. Јаванскиот носорог ги населува густите дождовни шуми, високи треви, речните корита полни со трски или влажни региони каде има многу бари со кал. Иако во минатото овој носорог претпочитал ниски земјишта, подвидот од Виетнам, најверојатно под притисок од човечкото влијание и лов, се повлекол во повисоките региони (до 2000 метри надморска височина) [10].
Распространетоста на Јаванскиот носорог се намалува во последните 3000 години. Почнувајќи од околу 1000 година пне., северната распространетост на носорогот се проширувала во Кина, но почнал и да се проширува јужно околу 0,5 километри годишно, најмногу поради зголеменото присуство на човекот во регионот[21]. Се смета дека во Индија изумрел за време на првата декада од 20 век[12]. Јаванскиот носорог на Малајскиот полуостров бил ловен до изумирање до 1932 година[22]. До крајот на виетнамската војна, виетнамскиот носорог се верува дека бил изумрен на Азиското копно. Локалните ловци и дрвосечачи во Камбоџа тврделе дека постојат јавански носорози во планината Карван, но обидите да се најде доказ биле неуспешни[23]. Можно е да постоела популација и на островот Борнео, но постои веројатност овие примероци да биле дел од популацијата на Суматрански носорози [20].
Однесување
уредиЈаванскиот носорог е самотно животно, освен паровите за време на периодот за парење и маките со потомството. Понекогаш се случува да се собираат во мали групи во каливите бари или на местата каде лижат сол. Валкањето во кал е нормално однесување за сите видови носорози, што им овозможува да ја одржуваат пониска температурата на телото и да се заштитат од одредени болести и паразити. Јаванскиот носорог не ги копа сам барите со кал туку најчесто ги користи тие на другите животни или пак оние кои настанале по природен пат. Мажјаците имаат територии кои покриваат од 12 до 20 км2, за разлика од женките, чии територии се далеку помали и имаат површина од 3 до 14 км2. Териториите на мажјаците се препокриваат многу помалку од териториите на женките. Не е познато дали има територијални борби[24].
Мажјаците ја означуваат нивната територија со купови од измет и обележување со урина. Гребаниците на земјата направени со копитата и свитканите ластарки исто така се смета дека се дел од комуникацијата меѓу единките.
Јаванскиот носорог е помалку вокален од суматранскиот. Досега се регистрирани звуци од само неколку јавански носорози. Возрасните носорози немаат природни непријатели освен човекот. Овој вид, секогаш кога има луѓе во близина, се повлекува во густите шуми. Сепак, доколку човекот премногу се доближи, јаванскиот носорог станува агресивен напаѓајќи со предните заби од долната вилица[24]. Анти-социјалното однесување на овие носорози се смета дека е адаптација поради малите преживеани популации. Историски докази укажуваат дека некогаш овој вид, како и останатите носорози бил далку подруштвен[8].
Исхрана
уредиЈаванскиот носорог е хербивор, кој се храни со најразлични растителни видови. Најчесто се храни со зрели плодови, листови, фиданки и гранчиња. Носорогот ги бутка младите гранки за да стигне до плодовите кои ги собира со испакнатата горна усна. Се проценува дека дневно јаде околу 50 килограми храна. Како и суматранскиот носорог, и овој вид има потреба од сол во исхраната. Природните солила кои постоеле на териториите на поранешната распространетост, не постојат во Уџунг Кулон. Поради ова, набљудувани се носорози како пијат морска вода, со што го обезбедувааат потребното количество на сол[17].
Размножување
уредиМногу е тешко да се проучуваат сексуалните навики на јаванскиот носорог поради тоа што многу ретко го среќаваме во дивината, а и нема примероци во зоолошките градини. Се смета дека женките достигнуваат полова зрелост на 3-4 годишна возраст додека мажјаците на 6. Периодот на бременоста изнесува 16-19 месеци. Итревалот помеѓу две бремености е 4-5 години. Младите остануваат со мајката околу 2 години. Останатите четири видови на носорози имаат многу слично однесување на време на парењето, па се претпоставува дека и јаванскиот носорог не се разликува многу[24].
Заштитен статус
уредиГлавниот фактор за постојаното намалување на популациите на јаванскиот носорог е ловот поради нивниот рог, проблем кој постои и за останатите видови носорози. Роговите биле трговска стока во Кина повеќе од 2000 година, каде традиционалната кинеска медицина верува дека имаат исцелувачки моќи. Кожата од ова животно традиционално се користела за правење оклоп на кинеските војници, а некои локални племиња во Виетнам веруваат дека кожата може да се користи за производство на антидот за змиски отров[25]. Териториите на кои живее носорогот се најчесто територии на кои има голема сиромаштија, па борците за зачувување на видот имале големи проблеми да го убедат месното население да не го убива ова неупотребливо животно кое може да се продаде за голема сума пари[21]. Во 1975 година на јаванскиот носорог му била доделена заштита од ранг Appendix 1 според Вашингтонски договор за заштита на видовите (CITES), со која се забранува каква било меѓународна трговија со носорозите или со производи добиени од нив[26]. На црниот пазар, рогот на азиските носорози достигнува цена и до 30 000 американски долари, што е 3 пати повеќе од цената на африканските видови[4].
Загубата на природното живеалиште поради создавање на обработливи површини исто така придонесува за намалување на популациите. Сепак денес, ова не претставува значаен фактор бидејќи носорозите живеат само во два аштитени национални паркови. Популациијата е присутна само во два мали региона, па проблем претставува и зголемување на осетливоста кон болести и проблеми при размножувањето. Научниците сметаат дека за зачувување на генетскиот диверзитет на видот потребна е популација од најмалку 100 единки[19].
Уџунг Кулон
уредиКога во 1967 година за првпат бил направен попис на носорозите во овој национален парк, биле регистрирани само 25 единки. До 1980 година популацијата двојно се зголемила, и оваа бројка останала стабилна до денес. Иако носорозите немаат природни грабливци, тие мора да се натпреваруваат за храна со дивите говеда. Поради оваа конкуренција бројот на носорози е помал од капацитетот на полуостровот[27]. Во 2006 година се пронајдени докази кои укажуваат на најмалку четири бебиња носорози, што е најголема бројка некогаш документирана за овој вид[28].
Кат Тиен
уредиПосле Виетнамската војна, се претпоставувало дека јаванските носорози се изумрени во овој регион. Ова мислење владеело сè до 1988 година, кога еден ловец застрелал ворасна женка. Во 1989 година група истражуачи ги набљудувале јужните виетнамски шуми барајќи докази за други преживеани единки. Свежи траги од најмалку 15 носорози биле пронајдени покрај реката Донг Наи[29]. Поради присуството на носорозите, овој регион станал дел од националниот парк Кат Тиен во 1992 година[25].
Се смета дека популацијата е премногу намалена, и дека има само околу 3-8 единки, меѓу кои нема мажјаци[19][28]. Конзервационистите дебатираат за шансите за преживување на овој вид носорог, некои сметаат дека треба да се донесат носорози од Индонезија за да се спаси популацијата, додека други сметаат дека популацијата е доволно голема за да може сама да закрепне[5][30].
Во заробеништво
уредиЈаванскиот носорог не е присутен во зоолошките градини веќе еден век. Во 1800тите, најмалку четири единки биле изложени во Аделаида, Калкута и Лондон. Документирани се најмалку 22 јавански носорога кои биле чувани во заробеништво, но постои можност овој број да е поголем бидејќи овој вид често го мешаат со индискиот носорог [31]. Јаванскиот носорог никогаш не се снашол во заробеништво, најстарата единка живеела само до 20 годишна возраст, што е само половина од возраста која ја достигнуваат во дивината. Последниот јавански носорог кој бил чуван во заробеништво умрел во зоолошката градина во Аделаид во Австралија во 1907 година. Во оваа зоолошка градина видот бил толку малку познат што били изложуван како индиски носорог[17].
Наводи
уреди- ↑ „Rhinoceros sondaicus“. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 28 ноември 2008.
- ↑ 2,0 2,1 Rookmaaker, L.C. (1982). „The type locality of the Javan Rhinoceros (Rhinoceros sondaicus Desmarest, 1822)“. Zeitschrift fur Saugetierkunde. 47 (6): 381–382.
- ↑ Мапата е според картата за распространетост на Фус и Ван Стриен (1997). Оваа карта не ги вклучува можните популации од Борнео, опишани од Кранбук и Пипер (2007).
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Dinerstein, Eric (2003). The Return of the Unicorns; The Natural History and Conservation of the Greater One-Horned Rhinoceros. New York: Columbia University Press. ISBN 0-231-08450-1.
- ↑ 5,0 5,1 Santiapillai, C. (1992). „Javan rhinoceros in Vietnam“. Pachyderm. 15: 25–27.
- ↑ Rookmaaker, Kees (2005). Fulconis, R. (уред.). Save the rhinos: EAZA Rhino Campaign 2005/6. First sightings of Asian rhinos. London: European Association of Zoos and Aquaria. стр. 52.
- ↑ Asian Rhino Specialist Group (1996). Rhinoceros sondaicus ssp. sondaicus Архивирано на 22 мај 2008 г.. 2007 IUCN Red List of Threatened Species. IUCN 2007. Пристапено на 13 јануари 2008.
- ↑ 8,0 8,1 8,2 8,3 Fernando, Prithiviraj; Gert Polet, Nazir Foead, Linda S. Ng, Jennifer Pastorini, and Don J. Melnick (2006). „Genetic diversity, phylogeny and conservation of the Javan hinoceros (Rhinoceros sondaicus)“. Conservation Genetics. 7 (3): 439–448. doi:10.1007/s10592-006-9139-4.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Asian Rhino Specialist Group (1996). Rhinoceros sondaicus ssp. annamiticus Архивирано на 22 мај 2008 г.. 2007 IUCN Red List of Threatened Species. IUCN 2007. Пристапено на 13 јануари 2008.
- ↑ 10,0 10,1 Foose, Thomas J.; Nico van Strien (1997), Asian Rhinos – Status Survey and Conservation Action Plan, IUCN, Gland, Switzerland, and Cambridge, UK, ISBN 2-8317-0336-0
- ↑ Rookmaaker, Kees (1997). „Records of the Sundarbans Rhinoceros (Rhinoceros sondaicus inermis) in India and Bangladesh“. Pachyderm. 24: 37–45.
- ↑ 12,0 12,1 12,2 Rookmaaker, L.C. (2002). „Historical records of the Javan rhinoceros in North-East India“. Newsletter of the Rhino Foundation of Nature in North-East India (4): 11–12.
- ↑ 13,0 13,1 Xu, Xiufeng; Axel Janke, and Ulfur Arnason (1996). „The Complete Mitochondrial DNA Sequence of the Greater Indian Rhinoceros, Rhinoceros unicornis, and the Phylogenetic Relationship Among Carnivora, Perissodactyla, and Artiodactyla (+ Cetacea)“. Molecular Biology and Evolution. 13 (9): 1167–1173. Посетено на 14 ноември 2007.
- ↑ 14,0 14,1 Lacombat, Frédéric (2005). Fulconis, R. (уред.). Save the rhinos: EAZA Rhino Campaign 2005/6. The evolution of the rhinoceros. London: European Association of Zoos and Aquaria. стр. 46–49.
- ↑ Tougard, C.; T. Delefosse, C. Hoenni, and C. Montgelard (2001). „Phylogenetic relationships of the five extant rhinoceros species (Rhinocerotidae, Perissodactyla) based on mitochondrial cytochrome b and 12s rRNA genes“. Molecular Phylogenetics and Evolution. 19 (1): 34–44. doi:10.1006/mpev.2000.0903.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Cerdeño, Esperanza (1995). „Cladistic Analysis of the Family Rhinocerotidae (Perissodactyla)“ (PDF). Novitates. American Museum of Natural History (3143). ISSN 0003-0082. Посетено на 4 ноември 2007.
- ↑ 17,0 17,1 17,2 17,3 van Strien, Nico (2005). Fulconis, R. (уред.). Save the rhinos: EAZA Rhino Campaign 2005/6. Javan Rhinoceros. London: European Association of Zoos and Aquaria. стр. 75–79.
- ↑ Munro, Margaret (10 мај 2002). „Their trail is warm: Scientists are studying elusive rhinos by analyzing their feces“. National Post.
- ↑ 19,0 19,1 19,2 Mark Derr (11 јули 2006). „Racing to Know the Rarest of Rhinos, Before It's Too Late“. The New York Times. Посетено на 14 октомври 2007.
- ↑ 20,0 20,1 Cranbook, Earl of; Philip J. Piper (2007). „The Javan Rhinoceros Rhinoceros Sondaicus in Borneo“ (PDF). The Raffles Bulletin of Zoology. University of Singapore. 55 (1): 217–220. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-04-15. Посетено на 4 ноември 2007.
- ↑ 21,0 21,1 Corlett, Richard T. (2007). „The Impact of Hunting on the Mammalian Fauna of Tropical Asian Forests“. Biotropica. 39 (3): 202–303. doi:10.1111/j.1744-7429.2007.00271.x.
- ↑ Ismail, Faezah (9 јуни 1998). „On the horns of a dilemma“. New Straits Times.
- ↑ Daltry, J.C.; F. Momberg (2000). Cardamom Mountains biodiversity survey. Cambridge: Fauna and Flora International.
- ↑ 24,0 24,1 24,2 Hutchins, M.; M.D. Kreger (2006). „Rhinoceros behaviour: implications for captive management and conservation“. International Zoo Yearbook. Zoological Society of London. 40: 150–173. doi:10.1111/j.1748-1090.2006.00150.x.
- ↑ 25,0 25,1 Stanley, Bruce (22 јуни 1993). „Scientists Find Surviving Members of Rhino Species“. Associated Press.
- ↑ Emslie, R.; M. Brooks (1999), African Rhino. Status Survey and Conservation Action Plan, IUCN/SSC African Rhino Specialist Group. IUCN, Gland, Switzerland and Cambridge, UK, ISBN 2831705029
- ↑ Dursin, Richel (16 јануари 2001). „Environment-Indonesia: Javan Rhinoceros Remains At High Risk“. Inter Press Service.
- ↑ 28,0 28,1 Williamson, Lucy (1 септември 2006). „Baby boom for near-extinct rhino“. BBC News. Посетено на 16 октомври 2007.
- ↑ Raeburn, Paul (24 април 1989). „World's Rarest Rhinos Found In War-Ravaged Region of Vietnam“. Associated Press.
- ↑ „Javan Rhinoceros; Rare, mysterious, and highly threatened“. Светски фонд за природа. 28 март 2007. Посетено на 14 ноември 2007.
- ↑ Rookmaaker, L.C. (2005). „A Javan rhinoceros, Rhinoceros sondaicus, in Bali in 1839“. Zoologische Garten. 75 (2): 129–131.
Надворешни врски
уреди- (англиски) Информации Архивирано на 20 јануари 2011 г. & слики од јавански носорог Архивирано на 9 декември 2007 г. на Rhino Resource Center
- (англиски) International Rhino Foundation - меѓународна фондација посветена на зачувување на носорозите Архивирано на 22 јули 2011 г.
- (англиски) ARKive - слики и видеа од јавански носорог (Rhinoceros sondaicus) Архивирано на 29 октомври 2007 г.
- (англиски) UNEP & WCMC Архивирано на 20 јули 2008 г. информации за јаванскиот носорог
Статијата „Јавански носорог“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |