Википедија:Избрана статија/2011
Гласање за избрана статијауреди
Како да гласам за овој предлог? Гласањето се одвива така што секој може да остави свој глас {{за}} ( ), {{против}} ( ) или {{воздржан}} ( ), како и свое мислење преку {{коментар}} ( ), користејќи ги за сето ова соодветните предлошки. Само гласовите од утврдените корисници ќе бидат земени предвид при сумирањето на резултатите. Гласањето завршува една недела по предлогот. Понекогаш, некоја статија и со доволно гласови {{За}} може да не биде избрана доколку така одлучи заедницата (Видете: Википедија:Занемарете ги сите правила). Бидејќи предложените статии претставуваат нечиј труд, се замолува секој оној којшто сака да гласа {{Против}}, да го поткрепи својот глас со соодветни аргументи, кои ќе помогнат статијата да биде подобрена.
Гијом Тирски (~1130-1186) бил средновековен прелат и хроничар. Се родил и израснал во Ерусалим, во времето кога Ерусалимското Кралство било во своите најсветли години. Поминал 20 години проучувајќи ги седумте слободни уметности и канонското право во европските универзитети. Како резултат на неговото враќање во Ерусалим во 1165 година, кралот Амалрик I го назначил за дипломатски претставник во Византија. Гијом станал учител на кралскиот син и иден крал, Балдуин IV, за кого открил дека е лепрозен. По смртта на Амалрик, станал претставник и архиепископ на Тир, со што вршел две од најважните функции во државата. Во 1179 година, ја предводел источната делегација на Третиот собор во Латеран. Со оглед на фактот дека бил вклучен во династичкиот судир, кој се развил за време на владеењето на Балдуин IV, неговото значење се намалило кога противниците зазеле контрола со кралските работи. Бил запоставен за функцијата на ерусалимски патријарх и починал во неразјаснети околнисти, најверојатно во 1186 година. Гијом е автор на отчет за соборот во Латеран, а напишал и историски записи за исламските држави од времето на Мухамед. За жал, ниту едно од овие дела не е сочувано. Денес, познат е како автор на историјата на Ерусалим. (Дознајте повеќе...)
Хамбург е втор најголем град во Германија и седми најголем град во Европската Унија. Градот е дом на преку 1,8 милиони луѓе, додека Метрополитенската областа Хамбург (вклучува делови од соседните покраини Долна Саксонија и Шлезвиг-Холштајн) има повеќе од 4,3 милиони жители. Пристаништето во Хамбург е третото најголемо пристаниште во Европа (по пристаништата во Ротердам и Антверпен) и се наоѓа помеѓу дваесетте најголеми во светот. Службеното име на Хамбург е Слободен и ханзин град Хамбург (германски: Freie und Hansestadt Hamburg). Тоа ја прикажува историјата на Хамбург, како член на средновековната Ханза, како слободен царски град на Светото Римско Царство и самиот факт дека Хамбург е град-држава и една од шеснаесетте сојузни покраини на Германија. Хамбург е главниот сообраќаен врзол во Северна Германија и е еден од најбогатите градови во Европа. Станал медиумски и индустриски центар, со фабрики и објекти на Ербас, Blohm + Voss и Aurubis. Радио и телевизискиот јавен медиум Norddeutscher Rundfunk и издавачите, како што се Gruner + Jahr и Шпигел се столбови на важната медиумска индустрија во Хамбург. Севкупно, има повеќе од 120.000 претпријатија. (Дознајте повеќе...)
Црквата Света Софиja е поранешна православна базилика, која во текот на својата историја била претворена во џамија, а денес е музеј. Објектот се наоѓа во реонот Фатих во Истанбул, Турција. Во периодот од нејзината изградба до 1453 година служела како византиска катедрала на Цариград, освен во периодот од 1204 до 1261 година, кога била претворена во римокатоличка катедрала по заземањето на градот од страна на крстоносците и основањето на Латинското Царство. Како џамија, објектот служел од 29 мај 1453 година до 1931 година, а од 1 февруари 1935 година претставува музеј. Градбата е позната по својата голема купола, која се смета дека е олицетворение на византиската архитектура и дека ја променила историјата на архитектурата. Оваа катедрала била најголема во светот речиси илјада години, со изградбата на катедралата во Севиља во 1520 година. Света Софија во текот на историјата служела како модел на многу други отомански џамии, како на пример Сината џамија, Шехзаде, Руштем Паша, Сулејмановата џамија и комплексот Килиџ Али Паша. Секоја година, музејот Аја Софија го посетуваат над еден милион туристи. Често пати, Света Софија се нарекува осмо светско чудо на античкиот свет. (Дознајте повеќе...)
Чај е пијалак кој се прави со киснење на преработени листови, пупки или ветки од чајната билка (лат. Camellia sinensis), во врела вода неколку минути. Билката може да се преработува со оксидација, загревање, сушење и додавање на други билки, цветови, зачини и овошки. Зависно од начинот на преработка на чајните листови, постојат четири главни вида на чај (од најмногу кон најмалку преработениот): црн чај, улонг, зелен чај и бел чај. Поимот „билен чај“ се однесува на инфузии од овошки или билки (како шипинка, камилица, или џиоагулан) кои не содржат Camellia sinensis. Во оваа статија се зборува само за приготвувањето и употребата на чајот од C. sinensis. Според една позната кинеска легенда, Шеннунг, легендарниот кинески цар, изумител на земјоделството и кинеската медицина, околу 2737 п.н.е. пиел врела вода кога ветрот дувнал и неколку листови од блиското дрво паднале во чашката, па течноста почнала да ја менува бојата. Љубопитниот монарх пробал од новонастанатиот пијалак и пријатно се изненадил од вкусот и закрепнувачките својства. Друга варијанта на легендата вели дека царот на себеси ги опитувал лековитите својства на растенијата, од кои некои биле отровни, и увидел дека чајот работи како противотров. (Дознајте повеќе...)
Уметноста е човечка активност, производ на таа активност или идеја за истата, поврзана со сетилата, со емоциите и со интелектот. Може да се рече дека уметноста му е својствена на човекот, со што тој се разликува во рамки на природата, и се издвојува од останатите живи битија. Во Европа, од крајот на 18 век, овој поим главно се однесува на производите на таканаречените „убави уметности“, како на пример скулптурата, сликарството, архитектурата, графиката, но исто така и музиката, танцот, поезијата и литературата. Подоцна на тоа, меѓу другото, се додават и кујната, кинематографијата, театарот, фотографијата, стрипот, телевизијата, односно дигиталната уметност. Класификацијата на уметностите не е универзална и да се бара единствена класификација се чини невозможно. Оваа концепција на уметноста како автономна активност, како производ на предмети од страна на уметници кои се во потрага по убавото, согласно судот на вкусот, датира од периодот меѓу 18 и 19 век. Но честопати се смета дека модерната и современата уметност го напуштиле поимот на убавото и на безвременскиот стил за да ги прифатат принципите на трансгресијата. (Дознајте повеќе...)
Бесланската заложничка криза се случила на 1 септември 2004 година, на првиот училиштен ден, кога група на вооружени бунтовници по потекло главно од Ингушетија и Чеченија киднапирале повеќе од 1,000 луѓе, вклучувајќи 777 деца во училиштето Број 1 во градот Беслан, Северна Осетија-Аланија во Русија. Киднапирањето на заложниците било спроведено од групата Ријадус-Салихин, и била испратена од страна на чеченскиот сепаратистички лидер Шамил Басаев. По заземањето на училиштето Басаев издал барање до руските власти во кое барал повлекување на руските сили од Чеченија и крај на Втората чеченска војна. По три дена неуспешни преговори, руските сили биле принудени да влезат во зградата по неколкуте експлозии кои се случиле внатре во училиштето. На крајот од драмата загинале 334 заложници од кои 186 деца а стотици други биле повредени. Руските специјални сили изгубиле 21 војник за време на акцијата. До 2011 година биле направени голем број на анализи од кризата, вклучувајќи ги терористите кои учествувале, нивните подготовки и прашањето околу тоа дали некој од нив успеал да побегне. Прашањата поврзани околу кризата и владата исто така и денес е тема на дискусија, главно од страна на медиумите, опишувајќи ги преговорите со бунтовниците, одговорноста од крвавите последици и употребата на можеби прекумерната сила при нападот. (Дознајте повеќе...)
Пумата е цицач од фамилијата Мачки која живее во Америка. Оваа голема осамена мачка има поширок ареал од сите други животни на западната полутопка, распространета од Јукон во Канада, до јужниот дел на Андите во Јужна Америка. Пумата е многу прилагодлив вид и може да се најде во секое поголемо американско живеалиште. Пумата е втора најтешка мачка на американскиот континент по јагуарот, a четвртa во светот заедно со леопардот, по тигарот, лавот и јагуарот, иако е повеќе во сродство со помалите мачки. Како вешт грабливец, пумата има широк спектар на пленови. Основен извор на храна му се копитарите како елен, лос, муфлон, како и домашно говедо, коњи, овци, пред се во северните делови на неговиот ареал, но лови и мали инсекти и глодачи. Пумата претпочита живеалишта со густи грмушки и камени површини за прикрадување, но може да живее и на отворен простор. Таа е територијално животно и преживува во мала бројност на популацијата. Големината на индивидуалната територија зависи од теренот, растителноста и изобилството на плен. Иако тоа е голем грабливец, не е секогаш доминантен вид во неговиот ареал кога се натпреварува за плен со други грабливци како што се јагуарот, сивиот волк, американската црна мечка и гризли мечката. Пумата е самотна мачка и обично ги избегнува луѓето. Нападите врз луѓето се ретки, и покрај скорешната зачестеност. (Дознајте повеќе...)
Алзас — регион во Франција чијашто територија зафаќа површина од 8.280 км2 и со тоа е најмал во континентална Франција. Тој е исто така и еден од седумте најгусто населени региони во Франција и трет по густина на население во континентална Франција, со околу 220 жители на km2 (вкупно население во 2006: 1.815.488; 1 јануари 2008 се проценува на: 1.836.000). Алзас се наоѓа на североисточната граница на западниот брег на горниот тек на Рајна и се граничи со Германија и Швајцарија. Најважен политички, економски и културен центар на Алзас е градот Стразбур кој воедно е и главен и најголем град на регионот. Бидејќи тој град е седиште на десетици меѓународни организации и тела, Алзас политички е еден од најзначајните региони во Европска Унија. Траги на името „Алзас“ се гледаат во горногерманскиот збор Ali-saz или Elisaz, што значи „туѓо царство“. Алтернативното објаснување потекнува од германското Ell-sass, што значи „сместено на Ил“, река во Алзас. Регионот историски припаѓал на Светото Римско Царство. Постепено се припоил кон Франција во тек на 17 век под власта на кралевите Луј XIII од Франција и Луј XIV од Франција како една од поранешните француски провинции. Алзас честопати се споменува сврзано со Лорена, поради тоа што германската припадност на овие два региона (како империска провинција Алзас-Лорен, 1871–1918) била оспорена во 19 и 20 век, во тек на кои Алзас четири пати во тек на 75 години припаѓал последователно и на Франција и на Германија. (Дознајте повеќе...)
Киев е главен и најголем град во Украина, кој се наоѓа во северниот централен дел на земјата на реката Днепар. Населението на градот според пописот од 2001 година е 2.611.300. Сепак, според печатот, денеска овој број е поголем. Киев претставува важен индустриски, научен, образовен и културен центар на Источна Европа. Градот е дом на голем број светски компании, високообразовни институции и светски познати знаменитости. Градот има висока инфраструктура и високо развииен систем за јавен превоз, вклучувајќи го и Киевското метро. Името на градост се смета дека потекнува од Киј, еден од трите браќа кои го основале градот. Во текот на својата историја, Киев опстојувал како еден од најстарите градови во Источна Европа. Најверојатно, градот постоел пред 5 век и претставувал трговски центар, како и место кој претставувал трговски град помеѓу Скандинавија и Цариград. Градот бил престолнина на Киевска Русија, за да во 1240 година биде целосно разрушен во времето на монголската инвазија. Во сладните векови, градот го изгубил своето значење и станал провинцијален град во рамките на Големото Литванско војводство, Кралството Полска и Руската Империја. (Дознајте повеќе...)
Марсејскиот атентат е извршен на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Тој е еден од најдобро организираните атентати во 20 век, којшто по многу нешта претставува настан што предизвика пресвртница во меѓународните односи и го означи почетокот на активностите што биле вовед во Втората светска војна. Извршител на атентатот бил македонскиот револуционер Владо Черноземски, член на Внатрешна македонска револуционерна организација. Тој во текот на нападот смртно го погодил кралот Александар I Караѓорѓевиќ со четири куршуми, а со еден куршум го ранил францускиот министер за надворешни работи Луј Барту, кој починал од здобиената повреда. Атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ претставувал круна на сите убиства што организацијата ВМРО ги вршела во периодот помеѓу двете светски војни. (Дознајте повеќе...)
„Hold It Against Me“ е песна од американската пејачка Бритни Спирс. Издадена е како првиот сингл од нејзиниот седми студиски албум, Femme Fatale. „Hold It Against Me“ е напишана од Макс Мартин, Луказ Готвалд, Бони Мекки и Метју Џомф, а продуцкијата ја завршиле Готвалд, Мартин и Билборд. Песната прво требало да ѝ биде понудена на Кети Пери, но Готвалд и Мартин почувствувале дека не ѝ одговара. Готвалд објаснил дека сакал „Hold It Against Me“ да не звучи како никоја продукција која тој претходно ја направил. Откако демо верзија на песната изведена од Мекки протекла на интернет, завршената верзија премиерно била прикажана на 10 јануари, 2011. Синглот бил издаден следниот ден. Музички, „Hold It Against Me“ меша елементи од индустријалната и транс музиката и грајм. Рефренот содржи синтисајзери кои ги креваат нејзините вокали и прават контраст на силните удари од другите инструменти. Песната исто така користи и дабстеп дел, во кој Спирс испраќа бакнежи и завршува со завршен рефрен со елементи од рејв музиката. Текстот прикажува како пејачката заведува некого на танцувачкиот под, додека рефренот зборува за поврзување. The Bellamy Brothers ја критикувале песната, велејќи дека е слична со нивниот хит од 1979, „If I Said You Had a Beautiful Body Would You Hold It Against Me“. Подоцна биле тужени од Мартин, Готвалд Мекки и Билборд за клевета и навреда. (Дознајте повеќе...)
Норманите (или Нордијци) биле германски народ кои ја населиле Скандинавија во текот на средниот век. Зборувале старонордиски јазик, кој бил класичен јазик на северногерманската гранка јазици која се развила од прагерманскиот јазик во тек на раните векови на почетокот на претходниот милениум. Живеејќи далеку од Рим, Норманите практикувале паганска религија подолго од било кои други нивни германски сродни народи. Развивајќи добри вештини во занаетчиство, трговија и војување докај средниот век, Норманите се прошириле на широко подрачје во тек на викиншкиот период. Овие експанзии резултирале со откривање на Исланд, Гренланд и Северна Америка, и освојување на делови од Британија, Ирска и Франција. На исток, според некои теоретичари, Нордиските Викинзи познати како Руси ја воспоставиле руската држава за контрола на трговските патишта од Балтичкото Море до Арабија, преку Волга, и до Цариград. Освен тоа, Норманите напишале неколку литературни дела, како едите и сагите, кои на историчарите им даваат вредни сознанија за историјата и културата на раните германски народи. Со христијанизацијата на Скандинавија и појавата на лигата „Ханза“, нордискиот начин на живот се променил, а современите потомци на Норманите денес се нарекуваат Скандинавци. (Дознајте повеќе...)
Тенк е гасенично оклопно борбено возило конструирано за директен судар со непријателот, користејќи се со директен оган од големокалибарски топ и поддршка од митралези. Тешкиот оклоп како и релативно големата подвижност претставуваат заштита, а гасениците му овозможуваат движење по непрооден терен со релативно големи брзини. Тенковите првпат биле замислени и произведени од страна на британската војска за време на Првата светска војна, со цел да се скрши застојот предизвикан од рововската војна; тоа требало да им овозможи на војниците да се пробијат низ територија контролирана од непријателски оган побрзо отколку пешадијата. Тенковите ретко оперираат самостојно, тие се организирани во борбени единици, најчесто комбинирани, без таква поддршка тенковите се ранливи на противтенковска артилерија, други тенкови, противтенковски мини, и (на мал досег) пешадија, како и од специјализирани противтенковски авиони. (Дознајте повеќе...)
Кошарката е тимски спорт во кој пет играчи од два различни тима се обидуваат да постигнат што повеќе поени преку давање кош, односно преку уфрлување на топката низ хоризонтално поставен обрач на височина од 3 метри. Од едната страна на теренот до другата, топката се преносува преку тапкање и подавање на останатите членови на тимот. Во 1891, Канаѓанецот Џејмс Најсмит ја измислил играта кошарка, со 7 правила од кои 6 сè уште се користат. Најсмит бил важен пропонент за развитокот на женскатa кошарка и за раширувањето на играта низ Северна Америка. Двете најсилни кошаркарски лиги во светот се европската Евролига и северноамериканската Национална Кошаркарска Асоцијација. Кошарката е распространета на сите континенти и е најбрзорастечкиот спорт во светот. Во Македонија, најсилната кошаркарска лига е Македонската Прва Лига. До поен во кошарката се доаѓа преку фрлање на топката во обрачот на кошот. Екипата која на крајот од натпреварот ќе добие повеќе поени е победник. Кошот постигнат во лакот вреди 2 поени, кошот постигнат надвор од лакот 3 поени, а кошот од слободни фрлања носи по 1 поен. Топката во кошарката се управува со нејзино удирање од подот, односно водење, или пак преку меѓусебно додавање меѓу играчите. Телесни контакти ко можат да ги повредат играчите не се дозволени. Постојат строго одредени правила и начини спрема кои топката може да се води. (Дознајте повеќе...)
Џејн Остин (1775-1817) — англиски романописец, чиј реализам, остри коментари за општеството и одличната употреба на слободниот индиректен говор, пародијата и иронијата и го овозможиле местото на една од нашироко читана и најмногу сакана писателка во англиската книжевност. За време на животот на Остин, бидејќи таа одлучила да ги издава анонимно, нејзините дела ѝ донеле малку лична слава и само неколку позитивни критики. Делата на Остин го критикуваат романот на чувствата од втората половина на 18 век и се дел од преминот кон реализмот на 19 век и истите ја нагласуваат зависноста на жената од бракот за да обезбеди положба во општеството и економска безбедност. Првенствено таа била образувана од страна на нејзиниот татко и постар брат, како и преку нејзиното самостално читање. Безрезервната поддршка од страна на нејзиното семејство била важна при развивањето на Остин како професионален писател. Од 1811 па сè до 1816 година, со издавањето на „Разум и чувства“ (1811), „Гордост и предрасуди“ (1813), „Паркот Менсфилд“ (1814) и „Ема“ (1816), таа постигнала успех како еден од најголемите англиски писатели. (Дознајте повеќе...)
Шеријатoт е свето право на исламот. Повеќето муслимани веруваат дека шеријатот е изведен од двa основни извори на исламското право: божествените откровенија наведени во Куранот, и примерот поставен од страна на исламскиот пророк и пратеник Мухамед во Сунетот. Фикхот ја толкува и проширува примената на шеријатот на прашања кои не се директно опфатени во основните извори вклучувајќи од секундарните извори. Овие секундарни извори обично вклучуваат консензус на верските научници отелотворени во иџма, и аналогија од Куранот и сунетот преку гиџас, со цел да се применуваат познатите налоги на нова околност и да се создаде нова забрана. Сите муслимани веруваат дека шеријатот е Божји закон, но тие се разликуваат по нивното подразбирање кон тоа. Модернистите, традиционалистите и фундаменталистите имаат различни погледи кон шеријатот, како приврзаници на различни училишта од исламската мисла и стипендии. Разни земји и култури исто така имаат различни толкувања на шеријатот. Шеријатот се занимава со многу теми обратени од секуларниот закон, вклучувајќи ги и криминалот, политиката и економијата, како и лични работи, како што се сексуалноста, хигиената, исхраната, молитвата и постот. Повторното воведување на шеријатот е долгорочна цел за исламистичките движења во исламските земји. На некои муслимански малцинства во Азија (на пример во Индија) се одржува институционално признавање на шеријатот за да судат во нивните лични и општествени работи. Во западните земји, каде муслиманска имиграција е понова, муслиманските малцинства го имаат воведено шеријатот како семејно право за употреба во своите спорови, со различни степени на успех. (Дознајте повеќе...)
Берлин е главен град на Германија и една од нејзините шеснаесет покраини. Со население од 3,45 милиони жители, градот е најголемиот во Германија. Тој е втор најнаселен град и осма најнаселена урбана област во Европската Унија. Се наоѓа во североисточна Германија и е центар на метрополитенската област Берлин-Бранденбург. Географски, градот се наоѓа во европската рамница и затоа е под влијание на умерената сезонска клима. Околу една третина од територијата на градот ја сочинуваат шуми, паркови, градини, реки и езера. Првите податоци за градот потекнуваат од 13 век. Берлин бил едноподруго главен град на Кралството Прусија (1701-1918), на Германската Империја (1871-1918), на Вајмарската Република (1919-1933) и на Третиот Рајх (1933-1945). По Втората Светска војна градот бил поделен. Источен Берлин станал главен град на Источна Германија, додека Западен Берлин, со Берлинскиот ѕид (1961-1989), всушност бил опкружен од странска земја т.е. од Источна Германија. По германското обединување во 1990 година, градот си го вратил својот статус како главен град на Германија. Денеска градот е светски град на културата, политиката, медиумите и науката. Неговата економија првенствено се заснова на услужниот сектор и опфаќа разновиден спектар на креативни индустрии, медиумски корпорации, конгресни и конвенциски центри. Берлин претставува континентален центар за воздушениот и железничкиот сообраќај, и еден од најпосетените туристички центри во ЕУ. (Дознајте повеќе...)
Депортацијата на Евреите од Македонија претставува настан од Втората светска војна организитан од владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија со цел систематка елиминација на евејското население од т.н. „новоослободени територии“ од страна на бугарската власт. Депортацијата на Евреите од Македонија претставува дел од депортација на Евреите од сите „новоослободени територии“ (Вардарска Македонија, Егејска Македонија, Поморавјето (Србија), и Тракија). Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој. Не останал ниту еден сведок да прераскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите се единствените сведоци за докажувањето на судбината на Евреите во Македонија. Од Вардарска Македонија биле иселени над 7.000 Евреи, додека вклучувајќи ги и оние од Егејска Македонија и Тракија околу 11.400. Според податоци од октомври 1945 година, на територијата на денешна Македонија преостанале само 419 лица, чијашто заедница денес брои околу 200. (Дознајте повеќе...)
Торинското платно е ленено платно со слика на еден човек за кој се претпоставува дека е Исус Христос, кој се чини дека бил физички трауматизиран при распетието. Таа се чува во кралската капела на катедралата „Св. Јован Крстител“ во Торино, Италија. Се верува дека тоа e крпата со која било обвиткано телото на Исус за време на неговиот погреб. Сликата на платното е повеќе видлива кога е сликана во негатив одошто во природните бои. Негативната фотографија на сликите од платното била за прв пат проучена вечерта на 28 мај 1898 година кога ја сликал аматерскиот фотограф Секондо Пија. Тој добил дозвола да го слика платното додека било објавено за јавноста во Катедралата во Торино. Според Пија, само што не го пуштил апаратот од раце кога ја видел сликата со човечко лице на неа. Платното е предмет на интензивна расправа помеѓу научниците, верниците, историчарите и писателите за тоа од кога постои платното, од каде потекнува и како е создаден ликот на самото платно. Од религиска гледна точка, во 1958 година Папата Пиј XII, заедно со Католичката црква, дека ликот е светото лице на Исус. Некои веруваат дека платното е покривката со која бил покриен Исус кога го поставиле во гробот. Скептиците сметаат дека ова платно е обична средновековна лажга, додека пак други тврдат дека ликот се создал по пат на природни хемиски реакции. (Дознајте повеќе...)
Носорози се група на пет преживеани видови на непарнокопитни животни од фамилијата Rhinocerotidae. Два од овие вида потекнуваат од Африка, а останатите три од Азија. Три од петте вида (јаванскиот, суматранскиот и црниот носорог) се критично загрозени видови. индискиот носорог е загрозен вид од кој се проценува дека има уште 2700 единки во дивината. Белиот носорог е на листата на ранливи видови со преостанати 9000 единки во дивината. Животните од оваа фамилија се едни од најголемите живи примероци на мегафауната, и сите видови достигнуваат тежина од над еден тон. Тие се тревопасни, имаат тенка кожа (1,5 – 5 сантиметри), составена од слоеви на колаген со кристална структура. Во споредба до нивната големина, овие цицачи имаат релативно мал мозок (400-600 грама) и голем рог. Најчесто се хранат со лисјести растенија, но доколку е потребно можат и да ферментираат пофиброзна растителна храна во дебелото црево. За разлика од останатите непарнокопитни животни, африканските видови на носорози немаат предни заби, поради што за пасење растенија ги користат катниците и преткатниците. (Дознајте повеќе...)
Носорози се група на пет преживеани видови на непарнокопитни животни од фамилијата Rhinocerotidae. Два од овие вида потекнуваат од Африка, а останатите три од Азија. Три од петте вида (јаванскиот, суматранскиот и црниот носорог) се критично загрозени видови. индискиот носорог е загрозен вид од кој се проценува дека има уште 2700 единки во дивината. Белиот носорог е на листата на ранливи видови со преостанати 9000 единки во дивината. Животните од оваа фамилија се едни од најголемите живи примероци на мегафауната, и сите видови достигнуваат тежина од над еден тон. Тие се тревопасни, имаат тенка кожа (1,5 – 5 сантиметри), составена од слоеви на колаген со кристална структура. Во споредба до нивната големина, овие цицачи имаат релативно мал мозок (400-600 грама) и голем рог. Најчесто се хранат со лисјести растенија, но доколку е потребно можат и да ферментираат пофиброзна растителна храна во дебелото црево. За разлика од останатите непарнокопитни животни, африканските видови на носорози немаат предни заби, поради што за пасење растенија ги користат катниците и преткатниците. (Дознајте повеќе...)
Крушевска република (3 – 13 август 1903) била востаничка месна власт во времето на Илинденското востание. По ослободувањето на Крушево, 3 август 1903, била воспоставена востаничка власт, организирана врз републиканско- демократски и револуционерни начела, под претседателство на Никола Карев, началник на Горското началство – воена власт на слободната територија. Највисок орган на цивилната власт бил Советот на месната револуционерна власт што се состоел од 60 членови. Советот избрал Привремена управа од 6 члена: Вангел Дину (претседател и одговорен за судството), Ѓорѓи Чача (реквизиција), Теохар Нешков (финасии), Христо Ќуркчиев (градоначалник и одговорен за редот и за безбедноста), Димитар Секулов (прехрана) и Никола Баљу (санитет). Со декларација (позната како Крушевски манифест) било повикано муслиманското население од околните села да остане мирно. (Дознајте повеќе...)
„If I Were a Boy“ е поп песна снимена од американската Р&Б пејачка Бијонсе Ноулс. Компонирана е од Тоби Гад и Биси Џин. Џин веднаш снимила своја верзија на песната, но била одбиена од нејзината снимачка компанија. Ноулс потоа снимила нова верзија за нејзиниот трет студиски албум, I Am... Sasha Fierce (2008). Песната била издадена како водечки сингл ос албумот до радијата во САД на 12 октомври, 2008 заедно со „Single Ladies (Put a Ring on It)“. Шпанската верзија на песната е насловена „Si Yo Fuera un Chico“ и е вклучена во албумот кој се продавал ексклузивно во iTunes Store во Шпанија и Мексико. „If I Were a Boy“ е поразлична од нејзините претходни песни бидејќи не е традиоционална Р&Б песна. Текстот на песната наведува на изразување на тага поради недоразбирањата меѓу половите и обвинение на машката страна во врската. Песната е единствена на I Am... Sasha Fierce за која Ноулс не помогнала во пишувањето. По нејзиното издавање, „If I Were a Boy“ била генерално добро-прифатена од музичките критичари кои ја пофалиле изведбата на Ноулс, емоционалните и страсните вокали и ја нарекле нејзина најдобра работа до денеска. (Дознајте повеќе...)
Македонска граматика — дел од науката за македонскиот јазик, позната како македонистика, која ги изучува формите и значењата на граматичките елементи во системот. Македонската граматика се занимава со опишување, изучување и класификација на сложениот систем составен од именки, глаголи, придавки, предлози, прилози, заменки, извици, честички, модални зборови и броеви. Паралелно со тоа, оваа јазична дисциплина се дели на неколку големи гранки, во зависност од темата која се изучува, па така има правопис и правоговор, морфологија, синтакса, фонетика и фонологија, лексикологија, лексикографија, стилистика, дијалектологија и ономастика. Граматиката на македонскиот јазик и неговите говори била изучувана подолг период во минатото. Како прва печатена граматика на македонскиот јазик се јавува „Слогница речовска“, издадена во 1880 година во Софија од македонскиот преродбеник и револуционер Ѓорѓија Пулевски. „Слогница речовска“ е еден од првите обиди за опис на современата македонска граматика, која требало да излезе во неколку делови и била наменета за општо изучување на јазикот. Покрај „Слогница речовска“, важно е да се наведе и првата печатена македонска граматика во слободна Македонија, односно граматиката на Круме Кепески издадена во 1945 година веднаш по стандардизирањето на јазикот. Меѓу овие две граматики се јавуваат и други значајни обиди за печатење на македонската граматика, кои се фокусирале на класификацијата и опишувањето граматика за општото изучување на јазикот. Денес постојат поголем број печатени македонски граматики, печатени на македонски или на некој од светските или европските јазици. (Дознајте повеќе...)
Јаванскиот носорог (Rhinoceros sondaicus) е член на фамилијата Rhinocerotidae и е еден од петте преживеани видови на носорози. Припаѓа на истиот род како и Индискиот носорог и има слична мозаична кожа која наликува на борбен оклоп, но со должина од 3,1-3,2 метри и висина од 1,4-1,7 метри е доста помал од индискиот носорог. По големина е сличен со Црниот носорог. Неговиот рог најчесто е помал од 25 сантиметри, што го прави најкраток меѓу останатите видови на носорози. Во минатото овој вид бил најраспространетиот азиски носорог, живеел од островите во Индонезија, преку југоисточна Азија, до Индија и Кина. Денес јаванскиот носорог е критично загрозен вид, со само 2 преостанати популации во дивината, и ниту една во заробеништво. Се смета дека е најреткиот голем цицач на планетата. Во националниот парк Уџунг Кулон на островот Јава во Индонезија има најмалку 40-50 единки, и мала популација која во 2007 година била проценета на не повеќе од 8 единки во националниот парк Кат Тиен во Виетнам. Намалувањето на бројноста на јаванските носорози пред сè се должи на ловокрадстовото поради нивниот рог кој е доста ценет во традиционалната кинеска медицина (на црниот пазар достигнува цена од 30 000 долари за килограм). Загубата на природното живеалиште, најмногу поради војни како Виетнамската војна исто така придонело за намалување на популациите. Денешната распространетост е само во два заштитени региони, но сепак овие носорози и понатаму се во опасност од ловокрадство, болести и намалување на генетскиот диверзитет во популациите што води до видова депресија. (Дознајте повеќе...)
Роџер Федерер (роден во 1981) e професионален швајцарски тенисер, светски број еден кој успеал да остане на АТП листата рекордни 237 последователни недели, а вкупно 285 недели, само една недела помалку од рекордерот Пит Сампрас. Од 6 јуни 2011 тој е рангиран на третото место од страна на Асоцијација на тениските професионалци (АТП). Многу тениски критичари и негови колеги, го сметаат за најдобар тенисер на сите времиња. Федерер е рекордер по бројот на освоени титули на Гренд Слем турнирите, 16 (4 на Отвореното тениско првенство на Австралија, 1 на Ролан Гарос, 6 на Вимблдон и 5 на Отвореното тениско првенство на САД). Тој исто така има освоено и 15 турнири од АТП Мастерс серијата, 4 турнири од Мастерс серијата и златен медал во игра на двојки, заедно со Станислас Вавринка на Летните олимписки игри - 2008, одржани во Пекинг. Федерер држи и многу други рекорди, меѓу кои најзначајни се 10 последователни учества во финалните мечеви на Гренд Слем турнирите (од Вимблдон 2005 до Отвореното првенство на САД во 2007), како и 20 последователни учества во полуфиналните мечеви на Гренд Слем турнирите (од Вимблдон 2004 до денес). Тој, исто така е и тенисерот со најголем број на победи на трева (65) и тврда подлога (56) во историјата на отворената ера во тенисот. Со победата на Ролан Гарос во 2009, Федерер стана шестиот тенисер кој победил на сите 4 Гренд Слем турнири. (Дознајте повеќе...)
Знамето на Европската Унија или само Знаме на Европа е знаме и амблем на Европската Унија (ЕУ) и Советот на Европа (СЕ). Знамето се состои од еден круг со 12 златни (жолти) ѕвезди петокраки на сина позадина. Сината боја го претставува запад, бројот на ѕвездите го претставува заедништвото, а нивната позиција во круг го претставува единството. Знамето е дизајнирано од страна на Арсен Хајц и Пол Леви во 1955 година како симбол на Советот на Европа, а Советот пак повикал тоа да биде усвоено и од другите европски организации. Во 1985 година Европската Унија, која тогаш се викала Европска економска заедница (ЕЕЗ), по иницијатива на Европскиот Парламент го прифатила како свое знаме, а пред тоа немало никакво знаме во употреба. Иако е знаме на две одделни организации, тоа многу почесто се поврзува со Европската Унија, отколку со Советот на Европа. Знамето вообичаено се користи за да ја претставува Европа на спортските настани и е про-демократско обележје надвор од Европската Унија. Тоа делумно било инспирација и за создавање други знамиња, како што се оние на другите европски организации или на држави во кои Европската Унија била вклучена подолг период, како на пример Босна и Херцеговина и Косово. (Дознајте повеќе...)
Ернесто Рафаел Гевара (1928 — 1967) бил марксистички револуционер и еден од водачите на Кубанската револуција. Гевара претставувал една од клучните личности во револуцијата на Фидел Кастро во Куба (1956-1959) како член на движењето „26 јули“. По победата во револуцијата, неколку години бил активен во промоцијата на револуционерните друштва патувајќи по светот како Кубански дипломат, а потоа лично се ангажирал при ослободувањето од диктаторските режими, најпрво во Конго, а потоа и во Боливија. Во Боливија, при соработка на Централната разузнавачка агенција и боливиската војска, бил фатен и утредента убиен. Неговиот лик, како борец за ослободување на жртвите од империјализмот, и денес, неколку децении по неговата смрт, е претставуван како еден од главните симболи и икони на друштвените и политички револуции ширум светот. Како строг војсководец и потполно посветен на својата револуционерна цел со морален авторитет над своите трупи, тој останал контроверзна личност од голема историска значајност. Магазинот „Time“ го прогласил Че Гевара за една од 20. најголеми светски икони и херои во нивната листа на 100 највлијателни луѓе во светот во 20 век. Прочуената фотографија Гевара (десно), која ја направил Алберто Дијаз, била прогласена за најпозната фотографија во светот и симбол на дваесетиот век од страна на академијата за уметности во Мериленд. (Дознајте повеќе...)
Даме Груев (1871-1906) — македонски револуционер, основач и еден од најистакнатите членови на Македонската револуционерна организација. Роден е во селото Смилево, тогаш во Османлиското Царство, а денес во Македонија, во семејството на Јован и Тула. Заедно со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирале македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев и д-р Христо Татарчев. Оваа група ги поставила основите на Македонската револуционерна организација. На конститутивниот состанок, Јануарска средба, Даме станал прв секретар на Централниот комитет. Од Солун заминал во Штип како главен учител во трикласно училиште. Тука првпат се ретнал со Гоце Делчев. На 2 август било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По неколкумесечните исцрпувачки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на Востанието со цел народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето. (Дознајте повеќе...)
Носорози се група на пет преживеани видови на непарнокопитни животни од фамилијата Rhinocerotidae. Два од овие вида потекнуваат од Африка, а останатите три од Азија. Три од петте вида (јаванскиот, суматранскиот и црниот носорог) се критично загрозени видови. индискиот носорог е загрозен вид од кој се проценува дека има уште 2700 единки во дивината. Белиот носорог е на листата на ранливи видови со преостанати 9000 единки во дивината. Животните од оваа фамилија се едни од најголемите живи примероци на мегафауната, и сите видови достигнуваат тежина од над еден тон. Тие се тревопасни, имаат тенка кожа (1,5 – 5 сантиметри), составена од слоеви на колаген со кристална структура. Во споредба до нивната големина, овие цицачи имаат релативно мал мозок (400-600 грама) и голем рог. Најчесто се хранат со лисјести растенија, но доколку е потребно можат и да ферментираат пофиброзна растителна храна во дебелото црево. За разлика од останатите непарнокопитни животни, африканските видови на носорози немаат предни заби, поради што за пасење растенија ги користат катниците и преткатниците. (Дознајте повеќе...)
Тигарот (Panthera tigris) е црвеникаво жолто-кафена пругаста голема мачка распространета во шумите, пасиштата и мочуришните делови на источна Русија, јужна Азија, Суматра и некои помали делови во Кина. Тигарот живее самотно, лови ноќе, а омилен плен му се цицачите со средна големина, како на пример елените.Нивната големина, бојата и формата на пругите се определени со локацијата и во зависност од подвидовите. Јужните тигри, како што е бенгалскиот тигар (P. tigris tigris) е помал во големина и има значително посветли бои отколку тигрите распространети на север, како што е реткиот сибирски тигар (P. tigris altaica). Мажјаците растат до височина поголема од 1 метар, достигнувајќи должина од 2,2 метри, не сметајќи ја опашката со должина од 1 метар, а можат да достигнат тежина од 160 до 290 килограми. Тигарот живее околу 11 години. Упорното користење на делови од телото на тигарот за правење различни тоници или лекови, независно од доказите за нивна неефикасност, се должи на вкоренетата стравопочит кон овие мачки што со милениуми ги инспирирале луѓето. Иако заштитени во меѓународни рамки, тигрите се вбројуваат во сериозно загрозените видови. Имено, само во последното столетие, нивната популација се редуцирала за повеќе од 90%, додека два подвидови се сметаат за исчезнати. (Дознајте повеќе...)
Тенк е гасенично оклопно борбено возило конструирано за директен судар со непријателот, користејќи се со директен оган од големокалибарски топ и поддршка од митралези. Тешкиот оклоп како и релативно големата подвижност претставуваат заштита, а гасениците му овозможуваат движење по непрооден терен со релативно големи брзини. Тенковите првпат биле замислени и произведени од страна на британската војска за време на Првата светска војна, со цел да се скрши застојот предизвикан од рововската војна; тоа требало да им овозможи на војниците да се пробијат низ територија контролирана од непријателски оган побрзо отколку пешадијата. Тенковите ретко оперираат самостојно, тие се организирани во борбени единици, најчесто комбинирани, без таква поддршка тенковите се ранливи на противтенковска артилерија, други тенкови, противтенковски мини, и (на мал досег) пешадија, како и од специјализирани противтенковски авиони. (Дознајте повеќе...)
Понудата и побарувачката ги опишуват пазарните врски меѓу продавачите и купувачите на добро или услуга. Моделот на понудата и побарувачката ја одредува количината и цената продадена на пазарот. Овој модел е фундаментален микроекономски модел и служи како основа за други економски модели и теории. Моделот предвидува, дека во конкурентен пазар цената ќе работи на изедначување на побаруваната количина од страна на купувачите со понудената од страна на производителите, резултираќи со пазарна рамнотежа на количината и цената. Моделот покрај цената ги вклучува и другите фактори кои влијаат на воспоставувањето на пазарната рамнотежа (еквилибриум), опишуваќи го нивното влијание како поместувања на понудата и побарувачката. Законот на понудата гласи дека понудената количина е во врска со цената, односно во правопропорционална врска: повисока цена - поголема понуда, и обратно: пониска цена - помала понуда. Законот на побарувачката е обратен, односно обратнопропорционален: повисока цена - помала побарувачка, или пониска цена - поголема побарувачка. Законите важат под претпоставка дека е исполнет принципот ceteris paribus („при други непроменети фактори“), односно промената е само во цената. (Дознајте повеќе...)
Гладијатори (латински gladiatōrēs) биле борци во Стариот Рим кои се бореле во арена против животни и едни против други. Терминот „гладијатор“ потекнува од зборот „гладиус“ (латински gladius), краток римски меч за бодење и сечење. Гладијаторските борби се воведени во Рим во првата половина на 3 век п.н.е. во состав на погребните свечености, како ритуал на жртвување човечки животи за сенките на покојниците. Во првата забележана борба 264 п.н.е. се бореле само три пара. Кон крајот на 2 век гладијаторските борби станале многу популарни претстави кои римските цареви му ги подарувале на својот народ. Првобитно се изведувале во Форумот, а подоцна во амфитеатрите низ целото Римско Царство. Најпознат амфитеатар е римскиот Колосеум. Гладијаторите биле робови или воени заробеници кои биле задолжени да се борат, криминалци кои сакале да побегнат од смртна казна, или слободни луѓе кои на тој начин сакале да заработат и да се извлечат од сиромаштијата. Постоеле и гладијатори жени, кои обично се маскирале како легендарните Амазонки. На почетокот на 3 век, царот Септимиј Север ги забранил борбите на жените. (Дознајте повеќе...)
Аврил Лавињ (родена во 1984) е канадска пејачка, текстописец, актер, моден творец и филантрофист. Таа е родена во Белвил, Онтарио, но го поминала детството во Напани. Кога имала 15 години за првпат се појавила на сцена со Шанаја Твејн, а на 16 години потпишала договор за издавање на два албуми со издавачката куќа Arista (сега RCA Records) вреден повеќе од 2 милиони долари. Кога имала 17 година, Лавињ навлегла во музичката сцена, со својот прв албум Let Go, издаден во 2002 година. Let Go ја направил Лавињ најмладата солистка која се искачила на првото место во Обединетото Кралство, и албумот четири пати добил платинска сертификација од Снимачката Индустриска Асоцијација од Америка. До 2009, од овој албум биле продадени преку 16 милиони копии ширум светот. Нејзиниот сингл, „Complicated“, се искачил на број 1 во многу земји ширум светот, исто како и албумот Let Go. Нејзиниот втор албум, Under My Skin, е издаден ви 2004 и е нејзиниот прв албум кој се искачил на број 1 во САД. Билборд 200, евентуално продал повеќе од 10 милиони копии ширум светот. The Best Damn Thing, третиот албум на Лавињ, е издаден во 2007, станувајќи нејзиниот трет албум кој се искачил како број 1 албум на ОК Албум Табели и вклучувајќи го нејзиниот прв број 1 Билборд хот 100 сингл, „Girlfriend“. Лавињ има пет број 1 синглови ширум светот, вклучувајќи ги „Complicated“, „Sk8er Boi“, „I'm With You“, „My Happy Ending“ и „Girlfriend“. Со повеќе од 30 милиони продадени копии од нејзините албуми ширум светот, Лавињ е моментално една од најдобрите артисти според продажба кои издавале албуми во САД, со повеќе од 10.25 милиони копии со сертификација од RIAA. Нејзиниот четврт студиски албум, Goodbye Lullaby е издаден на 8 март 2011. (Дознајте повеќе...)
Гај Јулиј Цезар (100 п.н.е. – 44 п.н.е.) бил римски воен и политички водач чие освојување на Галија Комата го проширила римскиот свет сè до Атлантскиот Океан, успех чии последици се видливи и денес. Според многумина, Цезар е еден од најголемите луѓе во Стариот свет. Тој е можеби најпознатата историска личност како резултат на комбинација на човековите таленти: од командување во битка, државништво, говорништво, пишување, право, владеење, сексуалност, пријателство и разговор – тој бил одличен во сите. Имал огромна волја, храброст и целосно отсуство на омраза од било кој вид. Тој бил обожуван од страна на луѓето во Рим и прогласен за бог. Достигнувањата на Цезар не се само воените походи и освојувањата. Тој всушност бил голем реформатор и основач на Римското Царство, иако за прв цар се смета неговиот внук од сестра, посинок и наследник Гај Октавијан. Подоцнежните цареви во Рим биле ословувани со титулата „цезар“ (од која е изведен зборот „цар“ во многу европски јазици). Што се однесува до воените походи на Цезар, тој кога дошол на власт во рамките на Првиот триумвират, Рим била само средоземна држава, но тој освоил и ги присоединил Франција, Белгија, делови од Шпанија, со други зборови ја направил европска држава и бил основоположник на западна Европа каква што денес ние ја знаеме. Потоа, под власта на Цезар потпаднале делови од Германија, а се обидел да ја освои и Британија. (Дознајте повеќе...)
Двоичен броен систем (бинарен броен систем) — броен систем кој изразува бројчени вредности користејќи два симбола: 0 и 1, обично по пат на положбен запис со основа 2. Овој систем е од суштинско значење кај сите современи сметачи заради неговата примена во секое дигитално струјно коло со логички порти. Историски, за творец на двоичниот броен систем се смета индискиот математичар Пингала, кој разработил математички начин на претставување на прозодијата. Оттогаш, се вршени различни проучувања и подобрувања на истиот, а во 1679 година, Готфрид Лајбниц дошол до неговиот современ облик, објавувајќи го во написот „Објаснение за двоичната аритметика“ (Explication de l'Arithmétique Binaire). Во него систем, тој за првпат ги употребил цифрите 0 и 1, исто како во современиот систем. Еден двоичен број може да се претстави со било која низа на битови (двоични бројки), кои пак можат да се претстават со било кој механизам што може да биде во заемно исклучителни состојби. Бројчената вредност зависи од вредноста што ја претставуваат симболите. (Дознајте повеќе...)
Алабама е сојузна држава во САД, сместена во југоисточниот регион. Алабама се граничи со Тенеси на север, Џорџија на исток, Флорида и Мексиканскиот Залив на југ, и Мисисипи на север. Алабама е рангирана на 30 место според големина на површина и на второто место според пловни внатрешни води. Алабама, исто така, се наоѓа на 23 место според бројот на население, кој изнесува 4,7 милиони жители во 2009. Од Американската граѓанска војна па сè до Втората светска војна, Алабама, како и многу други јужни држави, се соочила со големи економски тешкотии, делумно и поради континуираната зависност од земјоделството. И покрај порастот на поголеми индустрии и урбанизирани градови, интересите на белите доминирале во областа на законодавството сè до 1960-тите, додека пак, интересите на Афроамериканците биле помалку застапени. По втората светска војна, Алабама искусила пораст на економијата на државата која се должела на пренасочувањето од агрикултура кон тешки производи, минерална екстракција, образование и технологија. Покрај тоа, се случило и воспоставување или проширување на веќе постоечките воени објекти, примарно тие на армијата на САД и силите на воздухопловството, како државни работни места. (Дознајте повеќе...)
Лекари без граници е меѓународна, хуманитарна, невладина организација која им овозможува медицинска помош на жртвите на војни, епидемија или природни и вештачки катастрофи. Освен тоа таа им нуди помош на сите оние на кои медицинската помош им е ускратена или тешко достапна поради географската оддалеченост, сиромаштијата или етничка, политичка и било која друга маргинализација. Познати се по своите проекти во земји, во кои се водат војни и во земји во развој, кои се соочуваат со ендемски заболувања. Организацијата ја основале група на француски лекари на 20 декември, 1971 година. Ширум светот е позната под своето име на француски јазик, Médecins Sans Frontières или скратено - MSF. Седиштето на организацијата се наоѓа во Женева, а во 20 држави постојат нејзини претставништва. Секоја година околу 3000 лекари, медицински сестри, санитарни стручњаци и други медицински и немедицински личности одат на различни задачи ширум светот. Од друга страна пак 1000 луѓе со постојано работно место, главно работат на ангажирање на доброволци и обезбедување финансиски средства. (Дознајте повеќе...)
Шагринска кожа (француски: La Peau de chagrin) е роман од францускиот романописец и драматург, Оноре де Балзак, издаден во 1831 година. Дејството, сместено во почетокот на XIX. век во Париз, ја кажува приказната за едно младо момче кое наоѓа парче шагрен, кое има моќ да ја исполни секоја негова желба. Но, со секоја посакана желба кожата се намалува и црпи дел од неговата физичка енергија. Романот припаѓа на „Философските студии“, група од Балзаковата романорека, „Човечка комедија“. Иако романот користи фантастични елементи, главната цел му е реално прикажување на прекумерноста на буржоаскиот материјализам. Главната тема на книгата е конфликтот помеѓу желбата и долговечноста, каде што волшебната кожа ја претставува моќта на својот сопственик, која се троши со секое изразување на желба, особено кога станува збор за самото поседување на моќ. Пред да биде завршена книгата, Балзак пробудил возбуда со тоа што издал серија статии и фрагменти во неколку париски весници. Иако задоцнил пет месеци во доставување на ракописот, тој успеал да привлече доволно интерес со што романот се распродал веднаш по неговото издавање. Второ издание, кое содржело серија од дванаесет други „философски сказни“, било издадено еден месец подоцна. (Дознајте повеќе...)
Западно Римско Царство е назив за западната половина на Римското Царство по административната поделба што била воведена од страна на царот Диоклецијан во 286 година. Во потесна, но и во поширока смисла, овој термин се однесува на западната половина на царството во периодот помеѓу смртта на императорот Теодосиј I (395 г.) и соборувањето на последниот западноримски император Ромул Августул (476 г.) што било изведено од страна на водачот на варварските наемници во Италија, Одоакар. Во теоријата, Римското Царство и по 286 г., односно 395 г. било едно, единствено и неделливо. Во пракса, по 286 г. со царството раководеле неколку владетели, обично еден на Исток, друг на Запад. Теоретски гледано, последниот владетел на обединетото царство бил Теодосиј Велики, кој пред смртта во 395 г. го поделил помеѓу своите два сина – на постариот Аркадиј му го оставил Истокот, а на помладиот Хонориј, Западот. После тоа, западните цареви најпрвин владееле од Милано, а по 402 г. од Равена. По 407 г. почнало забрзаното слабеење на Западното Римско Царство поради како резултат на нападите на варварите (Готи, Вандали, Франки и др.) кои почнале да се населуваат во рамките на границите на империјата и да ја делат меѓу себе и да воспоставуваат свои царства. По 455 г. Западноримскиот цар всушност владеел само со Италија, а на 4. септември 476 г. Ромул Августул бил соборен. Последниот кој имал титула на цар бил Јулиј Непот, кој починал во Далмација во 480 год. По 476 г., односно 480 г., варварските владетели на Италија, како на пример Одоакар и Теодорих, се сметани за гувернери на римскиот цар од Цариград, но во практика владееле како независни владетели. (Дознајте повеќе...)
Нинџа (忍者 ) или шиноби (忍び ) — таен агент или платеник во феудална Јапонија, стручен за неконвенционални начини на војување. Задачите на нинџата биле шпионажа, саботажа, инфилтрација и атентати, како и отворена борба во одредени ситуации. Нинџите користеле прикриени методи за водење војна, за разлика од самураите, кои имале строги правила за чест и борба. Потеклото на нинџите е нејасно и тешко да се утврди, но се претпоставува дека потекнуваат од околу XIV век. Сепак, се смета дека претходниците на нинџите постоеле уште од хејанскиот и раниот камакурански период. Постојат малку пишани докази во кои детално се опишуваат активностите на нинџите. Зборот шиноби до XV век не се користел за да се опишат агенти слични на нинџите и е малку веројатно шпионите и платениците пред тоа време да биле сметани за специјализирана група. Во немирите во периодот Сенгоку (XV–XVII век), платеници и шпиони за изнајмување се појавиле во регионите Ига и Кога во Јапонија и заклучено е дека подоцнежното знаење за нинџите е добиено од овие кланови. По обединувањето на Јапонија под власта на шогунатот Токугава, нинџата повторно исчезнала во заборав. Но, во XVII и XVIII век, прирачници како Бансеншукаи (1676), често насочени кон кинеската воена философија, се појавиле во значителен број. Овие текстови открија асортиман на филозофии, религиозни верувања, нивната употреба во војувањето, како и техники за шпионирање што ги формираат основите на уметноста на нинџата. Зборот нинџуцу подоцна ги објаснувал големиот број на практики поврзани со нинџата. (Дознајте повеќе...)
Песната над песните е книга од Библијата (Стар завет) и Танахот и е еден од петте свитоци. Позната е и под името „Песната на Соломон“, па дури и како „Црковни химни“, како резултат на анлискиот скратен вулгата превод Canticum Canticorum, односно „Песна над песните“ на латински. Позната е како „Аисма“ во Септуагинтата, што е пак скратено од ῏Αισμα ᾀσμάτων или „Песна над песните“ на грчки. „Песната над песните“ долго време се претставува како алегорична презентација на односот меѓу Бог и Израел како меѓу младоженец и невеста. Сепак, главните ликови во песната се една жена и еден маж, а самиот текст на песната алудира на една врска која започнува со додворување и завршува со консумација. Ова е една од најкратките книги во Библијата, содржејќи само 117 стихови. Според ашкенашката традиција, истата се чита на Сабатот што паѓа во меѓу-периодот на Пасхата (деновите меѓу првите и последните денови од Пасхата што, всушност, и не се целосни празници). Во заедницата на Сефардите се рецитира секој петок навечер. (Дознајте повеќе...)
Носорози се група на пет преживеани видови на непарнокопитни животни од фамилијата Rhinocerotidae. Два од овие вида потекнуваат од Африка, а останатите три од Азија. Три од петте вида (јаванскиот, суматранскиот и црниот носорог) се критично загрозени видови. индискиот носорог е загрозен вид од кој се проценува дека има уште 2700 единки во дивината. Белиот носорог е на листата на ранливи видови со преостанати 9000 единки во дивината. Животните од оваа фамилија се едни од најголемите живи примероци на мегафауната, и сите видови достигнуваат тежина од над еден тон. Тие се тревопасни, имаат тенка кожа (1,5 – 5 сантиметри), составена од слоеви на колаген со кристална структура. Во споредба до нивната големина, овие цицачи имаат релативно мал мозок (400-600 грама) и голем рог. Најчесто се хранат со лисјести растенија, но доколку е потребно можат и да ферментираат пофиброзна растителна храна во дебелото црево. За разлика од останатите непарнокопитни животни, африканските видови на носорози немаат предни заби, поради што за пасење растенија ги користат катниците и преткатниците. Повеќе...
Ерик Клептон (роден во 1945 година) е англиски блуз-рок гитарист, пејач и текстописец. Клептон е единствен човек кој бил трипати примен во куќата на славните на рокенролот); како соло изведувач, а исто така и како член на рок групите „Yardbirds“ и „Cream“. Во текот на неговата кариера тој бил почитуван од некои од најважните и највлијателните гитаристи на сите времиња. Во магазинот „Rolling Stone“, Клептон е рангиран на четврто место во листата на „100 најдобри гитаристи на сите времиња“ и на 53. на нивната листа на „Бесмртните, 100 најдобри гитаристи на сите времиња“. Во 2010 година, Ерик Клептон беше рангиран на четвртото место на Гибсоновата (Gibson Guitar Corporation) листа на 50 најдобри гитаристи на сите времиња. Низ кариерата, неговиот музички стил варираше, но секогаш остана заснован на блузот. Од оваа гледна точка, тој се смета за иноватор на неколку музички жанрови меѓу кои и: блуз-рок (заедно со „John Mayall & the Bluesbreakers“ и „Yardbirds“) и психоделичен рок (заедно со „Cream“). Сепак клептоновите успеси на листите не беа лимитирани само на блузот, тој ги зазеде првите места со песната „Tears in heaven“ - (чија музика припаѓа на жанрот „Современа музика за возрасни“ (Adult contemporary music)) и со реге песната на Боб Марли – „I shot the sheriff“ – (на сцените често изведува реге и песни на Боб Марли). Две од неговите најуспешни песни се љубовната хит песна „Layla“, која ја свиреше заедно со бендот „Derek and the Dominos“ и песната „Crossroads“ на Роберт Џонсон. (Дознајте повеќе)
Ренесансна архитектура — архитектура на периодот помеѓу раниот XV и XVII век во различни региони на Европа, во која имало свесно заживување и развој на одредени елементи од античката и римската мисла. Стилски, ренесансната архитектура ја следи готската архитектура, а подоцна е наследена од барокната архитектура. Ренесансниот стил го става акцентот на симетријата, пропорцијата, геометријата и регуларноста на деловите како што се покажани во архитектурата на античкото време, особено во старата римска архитектура од која останале многу примери. Уредените аранжмани на столбовите, пиластрите и надвратниците, како и употребата на полукружни сводови, хемисферини куполи, вдлабнатини и мали згради-храмови ги замениле посложените пропорционални системи и неправилните профили на средновековните градби. Развиен прво во Фиренца со делата на Филипо Брунелески, како еден од неговите основоположници, ренесансниот стил многу бргу се проширил и во другите италијански градови, а потоа во Франција, Германија, Англија, Русија и на други места. Најпознати архитекти од ренесансата се: Донато Браманте, Антонио да Сангало Помладиот, Рафаело Санти, Микеланџело Буонароти, Андреја Паладио и други. (Дознајте повеќе...)
Мадејра (португалски: Madeira) или официјално Автономен Регион Мадејра (Região Autónoma da Madeira) е португалски архипелаг во Атлантскиот Океан, кој се наоѓа на помалку од 400 километри северно од Тенерифе, Канарски Острови. Мадејра воедно е назначен како најоддалечениот регион на Европската Унија. Мадејра е една од двете автономни региони на Португалија, другиот регион е соседната островска група наречена Азори. Архипелагот е составен од островските групи: Мадејра, Порто Санто, Пустински Острови и Дивјачки Острови. Мадејра била повторно пронајдена во 1419 година од португалските морепловци кои биле во службата на принцот Д. Енрике (Енрике Морепловецот), а ја населиле по 1420 година. Овој архилепаг се смета за првото територијално откритие во времето на португалскиот период на откритија. Денеска Мадејра е едно од најпопуларните светски одморалишта, чии знаменитости се виното „Мадејра“, цвеќињата и рачната изработка, везилското занаетчиство, како и новогодишните прослави проследени со претстави со спектакуларни огномети (според Гинисовата книга на рекорди во Мадејра се случила една од најдолгите новогодишни прослави). Главното пристаниште кое се наоѓа во Фуншал е едно од најважните места на кое допираат сите трговски и транс-атлантски патнички крстарења помеѓу Европа, Карибите и Северна Америка. (Дознајте повеќе...)
Pearl Jam е американска рок група, создадена во Сиетл во 1990 година. Таа е една од најпопуларните групи во почетокот на 1990-те заедно со Nirvana и Soundgarden. Од самиот почеток, бендот бил формиран од страна на Еди Ведер како водечки вокал и гитара, Џеф Амент како бас гитара, Стоун Госард како ритам гитара и Мајк Мекреди како соло гитара. Тапанарот Мет Камерон член на бендот станал во 1998 година, како тапанар и на Саундгарден. Pearl Jam се префрлиле на актуелната сцена со деби албумот Ten по распаѓањето на претходниот бенд на Амент и Госард –„Mother Love Bone“. Бендот продал преку 30 милиони плочи во САД и околу 60 милиони насекаде во светот уште од самиот почеток. Pearl Jam траел многу подолго отколку другите бендови од алтернативниот рок пробив во почетокот на 1990-тите години и се смета за еден од највлијателните бендови на декадата. Тие биле критикувани како големи материјалисти на алтернативната рок експанзија како еден од главните бендови во почетокот на 90-тите години. Сепак,со текот на кариерата на бендот, членовите одбивале да се придржуваат на традиционалните практикувања во музичката индустрија и правење на музички записи како и вклучување во објавениот бојкот на Тикетмастер. Ролинг Стоун во 2006 година го опишале бендот како „бенд кој изминатата декада намерно ја уништил својата слава“. (Дознајте повеќе...)
Кока-Кола е газиран безалкохолен пијалак кој се продава во продавниците, рестораните или во автоматите низ светот. Компанијата тврди дека се продава во повеќе од 200 земји. Се произведува во компанијата „Кока-кола“ во Атланта, и често ја нарекуваат само Кока или (во Европа и Америка) само Кола или Поп. Во почетокот, кога била измислена во 19 век од Џон Пембертон, била наменета да биде лек, но по ова била откупена од еден стопанственик по име Аса Григс Кендлер, кој со помош на маркетинг тактики во текот на 20 век, ја донел до денешната доминација на светскиот пазар на безалкохолни пијалаци. Во 2009 година, кока-колата која била произведена во Македонија била прогласена за најдобра кока-кола во целиот свет. Компанијата „Кока-Кола“ има и други кола производи под брендот Кока. Најпозната од нив е Диетална Кока, која станала најпозната диетална кола. Но, постојат и други, вклучувајќи ги Безкофеинска Кока-кола, Кока-кола со цреши, Кока-кола зиро, Кока-кола ванила, а има и специјални изданија со лимон, лимета или кафе. Како одговор на инсистирањето на потрошувачите за поприроден производ, компанијата е во процес на исфрлање од употреба на Е211, или натриумбензоат, контроверзниот додаток кој има лошо дејство врз ДНК и придонесува за хиперактивност кај децата, а се содржи во Диеталната Кока-кола. Компанијата тврди дека планира да го исфрли контроверзниот додаток и од нејзините други производи, вклучувајќи ги и Спрајт и Оезис, веднаш штом се открие соодветна замена. (Дознајте повеќе...)
Старогрчката митологија претставува вкупност од митови и легенди на Старите Грци опфаќајќи ги нивните богови и херои, природата на светот и потеклото и значајноста на нивниот култ и нивните обичаии и обреди. Сите овие нешта биле дел од религијата на Стара Грција. Денешните научници се своите основи ги темелат и ги проучуваат митовите во обид да откријат повеќе за религиозните и политичките институции во Стара Грција, целокупната цивилизација и да ја разберат природата на самото создавање на митот. Старогрчкиот мит го објаснува потеклото на светот и во детали ги опишува животите и авантурите на мноштво богови, божици, херои, хероини и други митолошки суштества. Овие вредности отпрвин биле распространти низ усна традиција; денес старогрчките митови пред сè се познати од старогрчка литература. Најстарите познати старогрчки литературни извори се епските песни Илијада и Одисеја, кои главно се фокусирани на настаните околу Тројанската војна. Двете поеми од Хесиод, Теогонија и Дела и денови раскажуваат за настанувањето на светот, наследството на божествените владетели, потеклото на човекот и неговите проблеми. Исто така до денеска се зачувани и митови кои произлегуваат од Хомеровите химни, кои се поврзани со митови по поразот на постарите богови, и станувањето на Зевс како врховен Бог. Изворите за старогрчката митологија се пренесувале од колено на колено, главно по усмен пат. Една од најосновните одлики на старогрчката митологија е нејзиниот политеизам, односно постоењето на многу богови. Друга одлика за боговите е антропоморфната претстава за боговите, односно старите Грци своите богови ги претставувале во човечки вид, со човечки особености и одлики. (Дознајте повеќе...)
Историјата на христијанството се однесува на христијанската религија и христијанската црква, чии почетоци започнуваат од мисионерството на Исус Христос и неговите дванаесет Апостоли сè до ден денеска. Христијанството е аврамска религија и се разликува значително од другите религии по тврдењето дека Исус Христос е Божји Син. Во многу христијански вероисповеди, црквата се разбира како теолошка институција која била основана од Исус за спас на човештвото. Ова разбирање се споделува помеѓу католичката и православната црква. Во католичката традиција, католичката црква го претставува Телото на Христос, додека протестанската смета дека Телото на Христос го сочинува целиот христијански народ. Според други, црквата претставува место за собир на верниците на едно место и нивно обединување. Историјата на христијанството започнува во 1 век во Ерусалим. Како државна религија за прв пат била воведена во Ерменија во 301 или 314 година, во Етиопија во 325 година, Грузија во 337 година, Римска Империја во 380. Во текот на својата историја, христијанството се раширило скоро по целиот свет и денеска, таа е најголемата религија со најмногу верници на светот. Во својата историја, дошло и до различни религиозни спорови и тие довеле до создавање на различни гледања на христијанството. Денес, најголеми христијански цркви се Римокатоличка црква и Православната црква. (Дознајте повеќе...)
Фердинанд I (1861-1948) бил кнез и цар на Бугарија. Тој бил познат и како ботаничар, ентомолог и филателист. Тој бил син на принцот Август Сакскобургготски и на принцезата Клементина Бурбонско-Орлеанска, ќерка на последниот француски крал Луј-Филип. По падот на Стефан Стамболов и Мелничкото востание кнезот Фердинанд бил признаен за законит владетел. На 14 февруари 1896 година во Софија бил миропомазан бугарскиот престолонаследник, а потоа уследило признавање на Фердинанд од Русија и западноевропските држави. На 22 септември 1908 во црквата Свети Четириесет маченици се одржала грандиозна верска свеченост на која била прогласена независноста на Бугарија, а Фердинанд I бил прогласен за „Цар на Бугарите“ со што била возобновена титулата од Првото и Второто Бугарско Царство. На крајот од Првата светска војна, Фердинанд знаел каков ќе биде односот на сојузничките сили и ги надитрил сите за не им овозможи срамно да биде соборен. На 3 октомври 1908 г. абдицирал во корист на својот најстар син Борис. Остатокот од животот го поминал во прогонство, живеејќи во градот Кобург во Германија. Патувал и низ Јужна Америка и источна Африка, а се обидувал и да се врати во Бугарија, но неговиот син, Борис, тоа никогаш не му го дозволил. (Дознајте повеќе...)
|