Црвен крст и Црвена полумесечина

меѓународна хуманитарна организација

Меѓународен Црвен крст и Црвена полумесечина — меѓународно хуманитарно движење со околу 97 милиони доброволци ширум светот, чија мисија е да го штитат човечкиот живот и здравје, да обезбедат почитување на човекот, и да го оневозможат или олеснат човечкото страдање, без каква било дискриминација заснована на националност, раса, религија, класна припадност и политичко мислење.

Меѓународен комитет на Црвениот крст
Црвениот крст и Црвената полумесечина распнати на платна
КратенкаМКЦК
ГеслоПомош во војна (лат. Inter arma caritas)
Основана22 август 1864
ЦелЗаштитата на животот и достоинството на жртвите на вооружени конфликти
СедиштеЖенева, Швајцарија
Буџет970 милиони Швајцарски франци во 2005.
Мреж. местоhttp://www.icrc.org
Меѓународна Федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина
Амблем на Федерацијата
ГеслоГо штитиме човечкото достоинство
Основана1919.
ЦелПомош во ситуации кои не се предизвикани од војна.
СедиштеЖенева, Швајцарија
Главно телоГенерално собрание
Мреж. местоhttp://www.ifrc.org

Често слушаниот израз „Меѓународен Црвен крст“ всушност е погрешен, бидејќи не постои таква организација. Во стварност, Движењето се состои од неколку одделни организации кои се правно независни, но се обединети во Движењето преку заеднички основни принципи, цели, симболи, статути и органи на управување. Деловите на Движењето се:

  • Меѓународниот Комитет на Црвениот крст (МКЦК), приватна хуманитарна установа основана во 1863 во Женева, Швајцарија. 25-члениот Комитет, според меѓународните хуманитарни закони, има уникатно право да го штити животот и достоинството на жртвите од меѓународни и граѓански вооружени конфликти.
  • Меѓународната Федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, основана во 1919 и која денес ги координира активностите меѓу 186 национални здруженија. Секретаријатот на Федерацијата е со седиште во Женева, Швајцарија. Федерацијата ги предводи и огранизира, во тесна соработка со националните здруженија, мисиите за помош во случаи на големи непогоди.

Национални здруженија на Црвениот крст и Црвената полумесечина постојат во речиси сите земји во светот. Во моментов, 186 национални здруженија се признаени од МКЦК и се примени како полноправни членови на Федерацијата. Секоја членка работи во својата земја според принципите на меѓународното хуманитарно право и статутите на меѓународното движење. Зависно од нивните конкретни околности и можности, националните здруженија можат да преземат дополнителни хуманитарни активности кои не се директно дефинирани со меѓународното хуманитарно право или со одредбите на меѓународното движење.

Историја на Движењето

уреди

Историја на МКЦК

уреди
 
Анри Динан, автор на „Сеќавање на Солферино“.

До средината на 19. век, не постоел организиран и воспоставен систем за нега на ранетите војници и не постоеле безбедни и заштитени установи кои би ги сместувале и лекувале ранетите. Во јуни 1859, швајцарскиот стопанственик Анри Динан патувал во Италија за да се сретне со францускиот император Наполеон III со намера да разговара за тешкотиите во водењето на бизнисот во Алжир, во тоа време окупиран од Франција. Кога пристигнал до малиот град Солферино, вечерта на 24 јуни, бил сведок на Битката од Солферино, судир во Австро-Сардиниската војна. Во еден ден, околу 40.000 војници на двете страни загинале или останале ранети на бојното поле. Анри Динан бил шокиран од страотниот исход на битката, страдањето на ранетите и непостоењето на медицинска грижа за ранетите. Тој целосно ја напуштил првобитната цел на патувањето, и неколку дена се посветил на помагање и лекување на ранетите. Успеал да организира значајно ниво на нега и помош така што го мотивирал месното население да помогне, без никаква дискриминација. Кога се вратил во Женева, напишал и книга „Сеќавање на Солферино“, и ја објавил во 1862. Испратил копии од книгата на водечки политички и воени личности ширум Европа. Покрај тоа што ги пренел живите сеќавања од Солферино од 1859, во книгата тој експлицитно се залагал за создавање на национални доброволни организации за помош кои би помагале на ранети во воени судири. Покрај тоа, повикал на развој на меѓународни договори кои би ја гарантирале неутралноста и заштитата на ранетите војници, медицински лица и теренски болници.

 
Оригиналниот документ на првата Женевска конвенција од 1864.

На 9 февруари 1863 во Женева, Анри Динан го основал „Петчлениот комитет“ (заедно со 4 други водечки личности од видни семејства од Женева), како анкетна комисија на Женевското здружение за јавна благосостојба. Нивната цел била да се испита изводливоста на идеите на Дунан и да се организира меѓународна конференција за нивно спроведување. Веќе на 26-29 октомври 1863, била свикана меѓународна конференција на која присуствувале претставници од 18 држави, 6 делегати од невладини организации, 7 странски неофицијални делегати и петте ченови на комитетот на Анри Динан.

Една година подоцна, владата на Швајцарија ги поканила владите на сите Европски земји, како и САД, Бразил и Мексико да присуствуваат на официјалната дипломатска конференција. 16 земји испратиле вкупно 26 делегати. На 22 август 1864, Конференцијата ја усвоила првата Женевска конвенција „за подобрување на состојбата на ранетите од војските на бојното поле“. Претставници на 12 земји ја потпишале конвенцијата: Баден, Белгија, Виртемберг, Данска, Италија, Португалија, Прусија, Франција, Хесен, Холандија, Швајцарија, Шпанија. Конвенцијата соджела 10 члена, за првпат воспоставувајќи законска обврска за гарантирање на неутралноста и заштитата на ранетите војници, теренскиот медицински персонал и конкретни хуманитарни институции во вооружен конфликт.

Во следните години, национални здруженија на Црвениот крст никнале низ цела Европа. Во 1876 година комитетот го усвоил името „Меѓународен комитет на Црвениот крст“. Се' повеќе земји пристапувале кон Женевската конвенција и почнале да ја почитуваат во вооружени конфликти.

Кога првата Нобелова награда била доделена во 1901, таа му припаднала на Анри Динан, заедно со Фредерик Паси, голем меѓународен пацифист.

Историја на Федерацијата

уреди
 
Хенри Дејвидсон, основач на Лигата на здруженијата на Црвениот крст.
(Сликата е од: www.redcross.int Архивирано на 12 август 2007 г.)

Во 1919, претставници од националните здруженија на Црвениот крст на Британија, Франција, Италија, Јапонија и САД се состанале во Париз за да ја формираат „Лигата на здруженијата на Црвениот крст“. Оригиналната идеја била на Хенри Дејвидсон, тогашен претседател на Американскиот Црвен Крст. Овој потег овозможил проширување на меѓународните активности на движењето на Црвениот крст вон тесната мисија на МКЦК, и овозможило соработка за помош во вонредни ситуации кои не се предизвикани од војна.

Првата мисија на Лигата била помош на гладните и болните од тифус во Полска.

Во почетокот, МКЦК се противел на создавањето на Лигата, гледајќи во неа потенцијална конкуфенција и преплетување на задачите. За првпат тие соработувале во текот на Руската граѓанска војна (1917-1922).

Во 1928 бил создаден „Меѓународен совет“ кој требало да ја координира работата помеѓу МКЦК и Лигата. Оваа задача подоцна ја презел Постојаниот Комитет.

На 10 декември 1963., Федерацијата и МКЦК добиле Нкбелова награда за мир. Во 1983. Лигата се преименувала во „Лига на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина“ за да се одрази растечкиот број на здруженија кои оперирале под знакот на полумесечината. Во 1991. името било променето во „Меѓународна федерација на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина“. Во 1997. МКЦК и Федерацијата го потпишале Севиљскиот договор кој дополнително ги дефинира одговорностите на двете организации во рамки на Движењето.

Во 2004 Федерацијата ја изведе најголемата мисија во својата историја - помошта на настраданите од цунами во јужна Азија. Повеќе од 22.000 доброволци работеа на помош за стотиците илјади жртви кои останаа без покрив и храна и под закана од епидемии.

Активности на МКЦК

уреди

Мисија и задачи на МКЦК во рамки на Движењето

уреди
 
Амблем на Меѓуранодниот Комитет на Црвениот крст

Официјалната мисија на МКЦК како непристрасна, неутрална и независна организација е да се залага за заштитата на животот и достоинството на жртвите на меѓународни и граѓански вооружени конфликти. Според договорот од Севиља од 1997, тој е „Водечка агенција“ на движењето во конфликти. Главните задачи на Комитетот, кои произлегуваат од Женевските конвенции и од сопствениот статут, се:

  • да ја следи усогласеноста на завојуваните страни со Женевските конвенции
  • да организира нега и грижа за ранетите на бојното поле
  • да го надгледува третманот на заробените во војна
  • да помага во наоѓањето на исчезнатите во воени конфликти (трагање)
  • да организира заштита и грижа за цивилното население
  • да арбитрира помеѓу завојуваните страни во вооружен конфликт

Финансирање на МКЦК

уреди

Буџетот на МКЦК за 2005 изнесувал околу 970 милиони Швајцарски франци. Најголем дел од тие средства доаѓаат од Швајцарија во функција на депозитарна држава на Женевските конвенции, од националните здруженија на Црвениот крст, од потписничките на Женевските конвенции и од меѓународни организации како што е Европската Унија. Сите плаќања на МКЦК се доброволни и во форма на донации во два вида на барања доставени од Комитетот: Годишно барање за покривање на трошоците и Итни барања за поединечни мисии. Вкупниот буџет за 2005 изнесувал околу 819,7 милиони Швајцарски франци (85% од вкупниот износ) за работа на терен и 152,1 милиони (15%) за трошоци на организацијата.

Активности и Организација на Федерацијата

уреди

Мисија на Федерацијата и нејзини одговорности во Движењето

уреди
 
Амблем на Федерацијата на здруженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Федерацијата ја координира соработката меѓу националните здруженија на Црвениот крст и Црвената полумесечина ширум светот и го поддржува создавањето на нови национални здруженија во земјите каде тие официјално не постојат. На меѓународен план, Федерацијата организира и води мисии за помош по несреќи како што се природни катастрофи, несреќи предизвикани од човекот, епидемии, масовни бегалци и други. Според Договорот од Севиља од 1997, Федерацијата е водечка агенција на Движењето во било која вонредна ситуација која не се одвива во вооружен конфликт (спротивно на МКЦК). Федерацијата соработува со националните здруженија на погодените земји, како и со националните здруженија на земјите кои се подготвени да помогнат. Помеѓу 187-те национални здруженија примени во Генералното собрание како полноправни членки или набљудувачи, околу 25-30 постојано работат како даватели на помош. Најактивни од нив се Американскиот Црвен Крст, Британскиот Црвен Крст, Германскиот Црвен Крст, и здруженијата на Црвениот крст од Шведска и Норвешка. Друга главна мисија на Федерацијата која добива на значење во последниве години е посведеноста да работи на озаконување на забраната на употреба на нагазни мини, и да обезбеди медицинска, психолошка и социјална помош за луѓето повредени од нагазни мини.

Задачите на Федерацијата може да се сумираат вака:

  • да ги промовира хуманитарните принципи и вредности
  • да обезбеди помош во вонредни ситуации од поголеми размери
  • да поддржува локални проекти за здравствена заштита
  • да ги поддржува националните здруженија со активности поврзани со младите.

Правен статус и организација

уреди

Како и Меѓународниот Комитет, и Федерацијата е со седиште во Женева. Покрај тоа, има 14 постојани регионални канцеларии и околу 350 делегати во повеќе од 60 делегации низ светот. Правната основа за работата на Федерацијата е нејзиниот устав (статут). Извршното тело на Федерацијата е Секретаријатот, предводен од Генерален Секретар. Секретаријатот е поддржан од четири оддели наречени „Оддел за поддршка“, „Поддршка на национални здруженија и теренска поддршка“, „Политика и релации“ и „Соработка со движења“. Одделот за Соработка со движења ја организира врската и соработката со МКЦК.

Највисок орган на Федерацијата е Генералното Собрание кое се состанува секои две години со делегати од сите национални здруженија - членки. Генералното Собрание го избира Генералниот Секретар и решава по сите други важни прашања за Федерацијата.

Меѓу две сесии на Генералното Собрание, највисок орган е Управниот Одбор, кој се состои од претседател и потпретседатели, претседавач на Финансиската комисија, и дваесет избрани претставници од националните здруженија. Покрај тоа, Управниот одбор има и 4 додатни комисии: „Помош во непогоди“, „Младина“, „Здравствени и локални услуги“ и „Развој“.

Финансирање

уреди

Главниот дел од буџетот на Федерацијата доаѓа од националните здруженија кои се членки, и преку приходи од сопствени инвестиции. Износот на придонесите за секое национално здружение го определува Комисијата за финансии, а го одобрува Генералното Собрание. Секое дополнително финансирање, особено за непредвидени трошоци за мисии за помош, се обезбедува преку повици објавени од Федерацијата и од доброволни донации на националните здруженија, влади на држави, други организации, фирми и поединци.

Мото на движењето, Ден на движењето, Комеморација

уреди
 
The International Red Cross Memorial in Solferino, Italy.

Изворното мото на Меѓународниот Комитет е Помош во војна (лат. Inter arma caritas), а на Федерацијата Со хуманост кон мир (лат. Per Humanitatem ad Pacem).

Мисијата на Меѓународното движење формулирана во документот „Стратегија 2010“ е да ги подобри животите на ранливите луѓе преку мобилизирањето на моќта на хуманоста. Во 2003, 28.-та меѓународна конференција го усвои мотото на конференцијата Го штитиме човечкиот дигнитет. како нов слоган на Движењето.

На XVI Меѓународна конференција во Лондон во 1938 г. е одлучено 8 мај, роденденот на Анри Динан, да биде комеморација и прослава како ден на Движењето, и тој ден, од 1984 г., се слави како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Во Солферино се наоѓа и споменик на Црвениот крст, подигнат во 1959, на 100-годишнината од Битката кај Солферино. Во Кастиљоне деле Стивиере, мало гратче до Солферино, во 1959. е отворен и Музеј на Црвениот крст. Покрај тоа, уште еден музеј, Музејот на Меѓународниот Црвен Крст и Црвена Полумесечина постои во Женева, близу до седиштето на МКЦК. Конечно, и во гратчето Хајден во Швајцарија постои Музеј на Анри Динан посветен на основачот на Движењето.

Црвен крст на Република Македонија

уреди
 
Решение за именување делегати во Црвен крст. Втора седница на Президиумот на АСНОМ (14.08.1944)

Црвениот крст на РМ е формиран 17 март 1945 година, а како самостојна невладина организација делува од 21 мај 1992 година. Црвен крст на РМ од Меѓународниот комитет на Црвениот крст е признат на 1 ноември 1995 година, а во Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина е примен во 27 ноември 1995 година како 169 членка.

Основни задачи на националната организација се:

  • Помош на Националните друштва во исполнување на програмските активности во случај на катастрофа,
  • Координација на активностите помеѓу Националните Друштва, и
  • Координација на активностите со меѓународните организации.

Работата и ексклузивноста на Црвениот крст на Македонија е регулирана со Закон објавен во “Службен весник на Р.М.” број 41/94 од 5 август 1994 г.

Надворешни врски

уреди

Македонски

уреди

Странски

уреди


  Статијата „Црвен крст и Црвена полумесечина“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).