Обичен сколовранец

Обичен сколовранец
Обичен сколовранец
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Сколовранци
Род: Сколовранец
Вид: Обичен сколовранец
Научен назив
Sturnus vulgaris
Linnaeus, Systema Naturae, 1758
Природно живеалиште:        Лете        Постојан жител        Зимување
Доведен:        Лете        Постојан жител

Обичен сколовранец (науч. Sturnus vulgaris) — средноголема врапчевидна птица од семејството на сколовранците (Sturnidae). Долга е околу 20 см со сјајно црно перје кое во некои периоди на годината е испрскано со бели точки. Нозете ѝ се розови, а клунот лете е жолт, а зиме црн. Природното живеалиште ѝ е умерена Европа, вклучувајќи ја и Македонија и западна Азија, но е населена ширум светот - во Австралија, Нов Зеланд, Северна Америка, јужна Африка и на други места. Во јужна и западна Европа, како и во западна Азија, таа е постојан жител, а од посеверните краишта се сели понајуг, на Пиринејскиот Полуостров и северна Африка.

Карактеристични се големите јата што ги формираат кои можат да бидат добредојдени во борбата против штетните инсекти, но и самите можат да бидат штетници хранејќи се со овошје и житни култури и на тој начин уништувајќи ги.

Таксономија и систематизација

уреди

Обичниот сколовранец под сегашното научно име прв го опишал шведскиот систематичар Карл Лине во неговото епохално дело „Систем на природата“ (Systema Naturae, 1758).[2] Sturnus и vulgaris потекнуваат од латинскиот јазик и значат - сколовранец, обичен.[3]

Подвидови

уреди
 
Подвидот S. v. faroensis

Има неколку подвида на обичниот сколовранец кои се разликуваат по големината и тонот на бојата кај возрасните мажјаци. Поради широката распространетост и интеграција на некои подвидови има различни мислења кај авторитетите во однос на тоа колку и кои се подвидовите.[4][5]

  • S. v. vulgaris, Linnaeus, 1758; номинираниот подвид; поголемиот дел од Европа, освен крајниот северозапад и југоистог од опсегот; го има и во Исланд и Канарски Острови;
  • S. v. faroensis, Feilden, 1872; Фарски Острови; малку поголем од номинираниот, особено клунот и нозете. Возрасните се потемни, а зеленикавиот сјај е поблед, имаат помалку точки и веднаш по митарењето;
  • S. v. zetlandicus, Hartert, 1918, Шетландски Острови; слични на faroensis, но е во средина со големината со vulgaris; *S. v. granti; Hartert, 1903; Азурен Брег; сличен на номинираниот, но помал, особено стапалата, често со силен виолетов сјај одозгора;
  • S. v. poltaratskyi, Finsch, 1878, источен Башкортостан на исток преку Урал и централен Сибир, до Бајкалско Езеро и западна Монголија; сличен на номинираниот, но сјајот на главата е доминантно виолетов, на грбот зелен, а на слабините виолетовосин;
  • S. v. tauricus, Buturlin, 1904, од Крим околу брегот на Црно Море до западна Мала Азија. Го нема на повисоките места каде е заменет со purpurascens; како номинираниот, но со подолги крилја, сјајот на главата е зеленикав, на телото бронзеновиолетов, речиси е без точки во сезоната на парење;
  • S. v. purpurascens, Gould, 1868; од источна Турција до Тбилиси, на повисоките места околу Црното Море, заменувајќи го tauricus; како номинираниот, но со подолги крилја, а зелениот сјај на главата е ограничен околу ушите, вратот и горниот дел од градите; секаде на другите места има виолетов сјај освен на слабините;
  • S. v. caucasicus, Lorenz, 1887; делтата на Волга низ источен Кавказ и блиските области; зелен сјај на главата и грбот, виолетов на вратот и стомакот, посинкаво на крилјата;
  • S. v. porphyronotus, Sharpe, 1888, западна Средна Азија; многу сличен на tauricus но помал и целосно изолиран од purpurascens, caucasicus и nobilior;
  • S. v. nobilior, Hume, 1879, Авганистан, југоисточен Туркменистан до источен Иран; како purpurascens, но помал и со пократки крилја, кај ушите сјајот е виолетов, а одоздола и одозгора на крилјата сјајот е речиси црвен;
  • S. v. humii, Brooks, 1876; од Кашмир до Непал; мал, виолетовиот сјај е ограничен на вратот и понекогаш на слабините, инаку со зелен сјај. Понекогаш се именува indicus според Хоџсон (Hodgson).[6][7]
  • S. v. minor, Hume, 1873, Пакистан, мал, зелениот сјај е ограничен на главата и долниот дел од стомакот и грбот, инаку е со виолетов сјај.

Опис

уреди

Обичниот сколовранец е долг 19-23 см, со распон на крилјата 31-44 см и тежина од 58 до 101 грам. Пердувите се прелеано црни, со зелен или виолетов сјај испрскани со бели точки особено зимно време. Долните делови на мажјакот се помалку точкести од оние на женките. Пердувите не вратот кај мажјаците се долги и пошироки и ги користи при прикажување кога се додворува, а кај женката тие се помали и поостри. Нозете им се цврсти и розовкави или сивкавоцрвени. Клунот им е прав, конусен со остар врв; зимно време е кафеавкавоцрн, а лете, женките имаат лимонжолт, а машките исто таков, но со синосива основа. Се митарат еднаш годишно, доцна лете, по сезоната на парење. Новите пердуви се со бели врвови (на градите) и кремкави (на крилјата и грбот), што ѝ дава на птицата „испрскан“ изглед.[4][8]

Кога се на земја чекорат, а не потскокнуваат, а летот им е силен и директен. Со триаголните крилја замавнуваат повеќепати и потоа кратко време лебдат не губејќи ја висината. Во јато се многу координирани, кревајќи се и спуштајќи се симултано, формирајќи речиси компактно тело.[8] При преселбата, летаат и со брзини до 60-80 км/ч и прелетуваат од 1.000 до 1.500 км.

Песна на обичниот сколовранец
 
Возрасен мажјак како пее и се покажува со своето долго перје на вратот.

Ова е бучна птица. Неговиот пој е составен од мелодични и механички звуци. Мажјакот е главен песнопоец и песната му трае една минута или повеќе. Секоја од нив обично вклучува четири варијанти, кои следат една по друга, без пауза. Започнува со серија свирки па следи главниот дел на песната, која често вклучува имитации од други птици и разни природни или вештачки звуци. Секоја секвенца се повторува неколкупати. Секоја птица има свој репертоар.[9]

Мажјаците пеат постојано во сезоната на парење, а откако ќе се спарат, поретко. Тие понекогаш пеат од влезот на гнездото и ги примамуваат женките да дојдат. Мажјаците со побогат репертоар имаат поголем репродуктивен успех.

Пеењето се случува и вон сезоната на парење, во текот на годината, освен во периодот на митарење. Опишани се 11 повици, повик на јатото, повик за закана, за напад, за парење, итн. Повикот за тревога е остар врисок. Кога се хранат, кога се капат, пред да спијат заедно на дрвото, тие постојано чрчорат и комуницираат, што може да предизвика нервоза кај луѓето што живеат во близина. Кога јатото сколовранци лета, крилјата им произведуваат шушкав звук кој може да се слушне и на стотици метри далечина.

Поведение

уреди
Големо јато во Ротердам, Холандија
 
Јато се одмара за време на преселбата

Обичните сколовранци од југозападна Европа (јужно од 40° СГШ) се постојани жители, а останатите, од пределите со поостра клима се птици преселници. Тие се урбани или птици чие живеалиште е во близина на населените места. Понекогаш населуваат отворени шуми и планини, крајбрежја и многу се адаптираат, но не сакаат густи, влажни предели. Обичните сколовранци се собираат во големи групи, особено наесен и зиме. Јатото е со различна големина, а големите, бучни јата се на местата каде спијат. Оваа густа концентрација птици служи за одбрана од грабливите птици.[10][11] Јатото образува сферични форми, со често менување на обликот - проширување и стеснување, навидум без каков било водач. Секоја птица го менува својот правец и брзина, како резултат на движењето на нејзиниот најблизок сосед.[12] Огромни јата, од повеќе од еден милион сколовранци се набљудувани пред зајдисонце во југозападен Јитланд, Данска. Тие се собираат во март во северна Скандинавија, пред да заминат во средината на април на местата за размножување. Огромните јата прават разни облици на небото, а бројноста предизвикала месното население таа појава да ја нарече „црно сонце“.[13]

Исхрана

уреди
 
Јато се храни пасејќи на фарма во Северна Ирска

Обичните сколовранци во голема мера се инсектојадни, хранејќи се и со штетниците и со другите членконоги животни. Исхраната вклучува пајаци, муви, молци, еднодневки, вилински коњчиња, скакулци, бумбари, пчели, оси, мравки, како и црви, полжави и мали ’рбетници, жаби и гуштери. Ваквата исхрана е неопходна во сезоната на парење, додека во другиот период тие се сештојади, па се хранат и со житарки, семиња, овошје, цветен нектар, како и остатоци од храна од луѓето.[14]

Имаат неколку начини на исхрана, но најчесто ја земаат храната од земја, од површината на искосена трева, или често можат да се видат крај говеда што пасат, понекогаш дури перчејќи се на нивниот грб, каде може да јадат од надворешните паразити на животното.

Размножување

уреди
 
Пет јајца во гнездо

Неспарените мажјаци наоѓаат соодветна дупка и започнуваат да го градат гнездото за да ги привлечат женките, често украсувајќи го со цвеќиња и свежи зелени тревки.[15] Количеството зелени материјали не е многу важно, но важно е да има миризливи билки, кои најверојатно ги привлекуваат женките. Додека го градат гнездото, мажјаците пеат, а особено ако се приближи некоја женка. Откако ќе се спарат, партнерите продолжуваат заедно да го градат гнездото. Тоа обично се наоѓа во дупка во дрво, ѕид, а може да биде и куќичка за птици. Го прават со гранчиња, слама, сува трева, а внатре го постилаат со помеки материјали, како пердувчиња и волна. Обичниот сколовранец е моногамен и полигамен. Едно легло подигнуваат еден мажјак и една женка, но може да имаат и помагач. Парот може да е дел од поголема колонија. Мажјакот може да се спари со друга женка додека првата сè уште е врз гнездото.

Размножувањето се случува напролет и во лето. Обично несат 4-5 светлосини јајца. Инкубацијата трае 13 дена, и обата родитела ги квачат, но женската поминува повеќе време врз гнездото. Младенчињата го напуштаат гнездото по три недели, но уште 2 недели родителите ги хранат. Парот може да има и до три легла годишно, често користејќи го истото гнездо, претходно исчистено од возрасните.[16]

Статус

уреди

Глобалната популација на обичните сколовранци е околу 310 милиони единки (2004), со територија од 8.870 км².[17] Според Црвениот список на МСЗП ова е вид со најмала загриженост од исчезнување.[1]

Во културата и односи со луѓето

уреди
 
Моцартовата „Сколовранска песна“
 
Милениче во кафез

Обичните сколовранци се чуваат како миленичиња и како лабораториски животни. Лесно се адаптираат во заробеништво, а проблем е нередот што го прават, како и болестите кои може да ги пренесат на луѓето. Одамна е позната способноста на оваа птица да ги подражава звуците на другите птици, но и останатите звуци, што е привлечно за луѓето.

Моцарт имал милениче сколовранец кој можел да испее дел од неговиот Концерт за пијано бр. 17.[18] Тој го купил во продавница откако го слушнал како пее една фраза што ја напишал шест недели претходно, која сè уште не била изведена во јавност. Тој станал многу приврзан со птицата и подготвил специјален погреб по три години кога починала. Се смета дека неговата „Музичка шега“ (К. 522) е заснована на стилот на вокализација на оваа птица.

Во некои средоземни земји птицата се лови за храна, но нејзиното месо е со низок квалитет, па се прави паштета.[18][19][20]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Sturnus vulgaris. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 2013-01-09.
  2. Linnaeus (1758) p.167.
  3. Jobling (2010) pp. 367, 405.
  4. 4,0 4,1 Snow & Perrins (1998) pp. 1492–1496.
  5. Vaurie, Charles (1954). „Systematic Notes on Palearctic Birds. No декември Muscicapinae, Hirundinidae, and Sturnidae“. American Museum Novitiates. 1694: 1–18.
  6. Gray (1831) p. 84.
  7. Rasmussen & Anderton (2005) p. 583.
  8. 8,0 8,1 Coward (1941) pp. 38–41.
  9. Feare, Chris (1996). „Студии на западнопалеарктичките птици: 196. Обичен сколовранец Sturnus vulgaris“. British Birds. 89 (12): 549–568.
  10. Taylor & Holden (2009) p. 27.
  11. Carere, Claudio; Montanino, Simona; Moreschini, Flavia; Zoratto, Francesca; Chiarotti, Flavia; Santucci, Daniela; Alleva, Enrico (2009). „Видови летови на јатата обични сколовранци зимно време за одбрана од различни грабливци“. Animal Behaviour. 77 (1): 101–107. doi:10.1016/j.anbehav.2008 август 034 Проверете ја вредноста |doi= (help). ISSN 0003-3472.
  12. Hildenbrandt, H; Carere, C; Hemelrijk, C K (2010). „Самоорганизиран лет на јато од илјадници сколовранци“. Behavioral Ecology. 21 (6): 1349–1359. doi:10.1093/beheco/arq149. ISSN 1465-7279 1045-2249, 1465-7279 Проверете ја вредноста |issn= (help).
  13. Winkler, Bjarne (2006–06–19). „Црно сонце во Данска“. Earth Science Picture of the Day. NASA Earth Science Division, EOS Project Science Office and the Universities Space Research Association. Посетено на 2013–01–10. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |date= (help)
  14. Thomas, H F (1957). „The Starling in the Sunraysia District, Victoria. Part I“. Emu. 57 (1): 31–48. doi:10.1071/MU957031.
  15. Brouwer, Lyanne; Komdeur, Jan (2004). „Green nesting material has a function in mate attraction in the European starling“ (PDF). Animal Behaviour. 67 (3): 539–548. doi:10.1016/j.anbehav.2003 јули 005 Проверете ја вредноста |doi= (help). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2013-09-30.
  16. Wright, Jonathan; Cuthill, Innes (1989). „Манипулација на половите разлики во родителската грижа“. Behavioral Ecology and Sociobiology. 25 (3): 171–181. doi:10.1007/BF00302916.
  17. Butchart, S; Ekstrom, J (2013). „Обичен сколовранец Sturnus vulgaris. BirdLife International. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2013-01-12.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  18. 18,0 18,1 Cocker & Mabey (2005) pp. 429–436.
  19. Artusi (2003) p. 220.
  20. Michalowski (2011) p. 61.

Надворешни врски

уреди