Големите географски откритија

Големите географски откритија — збирен поим за најзначајните пловидби и истражувања коишто имаат придонесено за откривањето на Новиот Свет. Од особено значење, пред сè, е откривањето на Америка, пронаоѓањето на поморски пат за Индија и првото патување околу светот. Големите географски откритија (познати и како ера на откритијата) претставуваат период од човечката историја кој започнал во XV век и продолжил сè до XVII век. Овој период се одликува со големи проучувања на океаните со цел барање на трговски партнери, со воспоставување на европски колонии во откриените земји и најважно со доминација на европските држави на светските мориња. Најбарани стоки на европските пазари биле златото, среброто, свилата и различни зачини. Сето ова било покренато од развојот на науката во периодот на ренесансата. Тоа овозможило еврпските држави да изградат нови и поиздржливи бродови кои можеле да пловат и по мориња кои биле многу потешки за пловидба од Средоземното. Од друга страна, пак, напредокот во астрономијата и географијата овозможил полесна навигација низ морињата.

Бродот Санта Марија, прочуената карака на Кристофер Колумбо.
Најстарата зачувана португалска поморска карта (1502), ги покажува резултатите од итсражувањата на Васко де Гама до Индија, на Кристофер Колумбо до Центална Америка, на Гаспар Корте-Реал до Њуфаундленд и на Педро Алварес Кабрал до Бразил.

Меѓу најпознатите морепловци и истражувачи од тоа време се Кристофер Колумбо, Васко де Гама, Педро Алварес Кабрал, Џон Кабот, Фернандо Магелан и други. Новите типови на бродови кои во овој период биле изградени од страна на Португалија биле од типот карак и каравела. Тоа биле првите бродови кои можеле слободно да патуваат и низ Средоземно Море и низ Балтичко Море и низ Атлантскиот Океан.

Големите географски откритија дополнително придонеле врз развојот на науката и врз појават на нови идеи во времето на ренесансата. Тие дополнително влијаеле врз напредокот во картографијата, навигацијата и бродоградбата. Новото мислење дека Земјата има кружен облик ги натерало морепловците да започнат со својата пловидба кон исток, за еден ден да се вратат кон истата точка од запад.

Проучување на Земјата

Периодот на проучувањето на Земјата претставува серија од европски експедиции во Евроазија во доцниот среден век. Во периодот додека Монголците ја застрашувале Европа со можни грабежи, тие истовремено создале голем дел од трговските патишта и комуникациски линии од Блискиот Исток до Кина[1]. Европските држави го искористиле тоа за проучување на тие за нив непознати патишта. Морепловците биле скоро сите Италијанци и самата трговија меѓу Европа и Блискиот Исток била целосно контролирана од италијанските трговци. Ова било мошне силно следено и од страна на останатите европски држави. Португалскиот принц Хенри започнал со експедиции со намера да ја пронајде изгубената христијанска држава чиј цар бил Презвитер Јован.

Причини за географските откритија

Постојат повеќе причини за започнување на оваа ера на истражување на земјата. Првиот од истражувачите бил Џовани да Пиан дел Карпин кој патувал за Монголија и назад, од 1241 до 1247 година. Најпознатиот патешественик е Марко Поло, кој патувал во Азија од 1271 до 1295 година. Неговото „Патешествие на Марко Поло“ било распространето и читано во цела Европа. Во 1239 година, Николо Да Конти го публикувал своето патешествие до Индија и Југоисточна Азија. Во периодот од 1466 до 1472 година, рускиот трговец Афанаси Никитин од Твер патувал до Индија, што е опишано во неговата книга.

Политички причини

 
Западна Европа - опколена од сите страни со Отоманското Царство (XVII век)

Во средниот век, Португалија бргу напредувала во нова бродоградба, од кои најпознати се карака и каравела. Една од најголемите причини бил напредокот на Османлиското Царство во Европа. Ако се земе предвид дека во 1453 година Османлиите го зазеле Цариград со што Византија, која на времето претставувала „Христијанското царство“ со континуитет на Римското Царство, престанала да постои, тоа за народите на Западна Европа било знак дека и тие може да потпаднат под отоманска власт. Од друга страна, пак, поради постојните непријателства меѓу новото исламско царство и христијанските држави, за христијанските трговци биле затворени сувоземните патишта кон Блискиот Исток. Османлиското Царство очигледно претставувала сериозна пречка за одвивањето на трговијата меѓу Европа и Азија, но и сериозна закана за опстанокот на христијанскиот свет. Уште многу порано, арапските освојувања го претвориле Средоземното Море кое претставувало море кое поврзува во море кое раздвојува различни култури. Со оглед на претходно кажаното и со оглед на тоа што Западна Европа се наоѓала на крајниот запад на тогаш познатиот свет, големите географски откритија не биле само авантури туку и политичка потреба да се изнајде алтернативен пат за снабдување со лековити билки, зачини, суровини, злато, сребро, но и потреба за народите од Западна Европа да ги прошират сопствените видици и евентуално да најдат алтернативни места каде би можеле, непречени од заканите на исламот, да ги практикуваат сопствените верувања и традиции.

Економски причини

Во време на хуманизмот и ренесансата дошло до развој на сите уметности, унапредување на животот на луѓето, но исто така многу било унапредено и занаетчиството и трговијата. Меѓутоа сето тоа не можело да се одвива без потребните суровини и мирудии (особено без златото и среброто).

Црковни причини

Со појавата на идејата за изнаоѓање поморски пат до Азија, и црквата сакала да има корист од тоа. Впрочем со освојувањето на новите територии црквата сакала да го прошири своето влијание на тие територии, ширејќи го христијанството (католицизмот) за сметка на културата, религијата и цивилизацијата на индогените народи.

Предуслови за откритијата

 
Скица на компас од 1570 година
 
Каравела

Периодот на XV век е полн со нови техничко-технолошки откритија. Во тоа време од областа на географијата најзначајно е пронаоѓањето на компасот, изградбата на подобри, поцврсти, побрзи и поиздржливи бродови наречени каравели, изработката на подобри географски карти и производството на помоќно огнено оружје.

Првите патувања

Во поглед на морепловството и истражувањето најсмели биле Шпанците и Португалците. Тие се стремеле да постигнат што е можно повеќе и да стигнат што е можно подалеку во откривањето на морскиот пат за Индија.

Сепак први коишто успеале да испратат своја експедиција по Атлантскиот Океан биле Португалците. Првата поголема експедиција била започната од страна на Португалија од принцот Хенри. Пред тоа, европските морски патување најмногу се одвивале блиску до крајбрежјата. Патувањата главно се одвивале со помош на портуланска карта. Во текот на овие патувања се создадени и многу морски митови, во кои морепловците се среќавале со различни морски чудовишта. Но принцот Хенри ги оспорува овие тврдења. Меѓу првите откритија било откривањето на Мадеирските Острови во 1419 година, кои се наоѓаат во Атлантскиот Океан, потоа во 1427 година биле откриени Азорските Острови. Овие острови биле веднаш колонизирани со португалско население.

Основниот проект за проучување на западниот брег на Африка од страна на Хенри бил разработка на карти. Низ вековите, единствените трговски патишта за поврзување на Европа со Западна Африка биле преку бреговите на Западна Сахара. Овие канали најмногу се користеле за пронаоѓање на злато и стекнување на нови робови, кои им служеле на муслиманските земји околу Северна Африка. Португалската монархија сметала дека исламските народи можат да бидат заобиколени преку Западна Африка. Тие сметале и дека на југ од Сахара постојат христијански држави кои се потенцијални сојузници против муслиманите.

Во текот на првите две десетолетија од португалските истражувања, бариерата наречена Сахара била совладана, па започнале трговија со робови и злато во Сенегал. Во 1481 година португалските морепловци и истражувачи Бартоломео Дијас и Жого де Азамбуха успеале да го откријат Златниот Брег (Гана). Во 1485 година еден од најпрепознатливите и најголеми потугалски истражувачи Жого Сао го открил вливот и дел од течението на реката Конго[2], а тој се смета дека е и првиот Европеец којшто го поминал екваторот. Веќе наредната 1486 година на 10 октомври на пловидба тргнал Бартоломео Дијас којшто овој пат по две годишна пловидба на 12 март 1488 година го открил ’ртот Добра Надеж. Поради големите бранови и бури што беснееле при неговото пристигнување го нарекол ’рт на бурите. Диас не можел да продолжи понатаму, па се вратил во Португалија. Островите станале место за производство на големо количество на шеќер[3]. Во 1498 година, Васко де Гама пристигнал во Индија.

Овие почетни откритија на Португалците се основа на наредните коишто го имаат сменето животот во светот.

Откривање на Новиот Свет

Португалскиот соперник Кастиља (денешна Шпанија) многу побавно се развивала во однос на Португалија, која сè повеќе навлегувала во внатрешноста на Атлантскиот Океан. Но со обединувањето на Кастиља и Арагон и завршувањето на Реконквиста, станало јасно дека Шпанија својата политика целосно ја насочила кон пронаоѓање на нови трговски патишта. Во 1492 година била заземена Гранада, која претходно се наоѓала под управа на Маврите. Властите во Шпанија го ангажирале џеновјанецот Кристофер Колумбо за започнување на нови поморски патувања за изнаоѓање на патот до Индија. Овој пат пловејќи кон запад. Со тоа се очекувало да се избегне заобиколувањето на Африка.[4]

Колумбо не пристигнал во Азија, туку пристигнал на еден нов непознат свет за Европа, Америка. Во 1500 година португалскиот морепловец Педро Алварес Кабрал го открил Бразил. Се јавила потреба од поделба на новооткриените територии меѓу двете монархии, Шпанија и Португалија, за да се избегне воен конфликт.[5] Тоа било решено со интервенција од страна на папата во 1494 година, со Договор од Тордесиљас, со кој сферите на влијание биле разделени меѓу двете земји. Португалија добила сè што се наоѓало источно надвор од Европа, западно од Зеленортските Острови. Ова ѝ овозможило на Португалија да воспостави голема контрола врз Африка, Азија и источниот дел од Јужна Америка. Шпанија го добила останатиот дел, односно островите на Тихиот Океан и западниот дел на Америка.

Кристофер Колумбо заедно со други шпански морепловци, во почетокот биле разочарани од своите откритија. За разлика од Африка и Азија, Карибите нуделе помалку услови за трговија. Новите острови биле цел на колонизација од страна на Шпанија и Португалија. Шпанија пристигнувајќи во Латинска Америка се соочила со големи империи кои веќе опстојувале. Но сепак, Шпанија успеала да ги порази староседелците на Америка. Една од најпознатите империи од тоа време била империјата на Ацтеките (на територијата на денешно Мексико), а била поразена во 1521 година, и империјата на Инките во денешен Перу, која била поразена во 1532 година.

Во 1519 година, шпанските власти ја финансирале експедицијата на португалскиот морепловец Фернандо Магелан. Целта на патувањето била пронаоѓање на Молучките Острови, и нивно ставање во шпанската сфера на политички и економски интерес.[6]

Заштитени од директниот шпански конкурент со Договорот од Тордесиљас, португалското истражување и колонизирање на новите земји продолжило со брзо темпо. Португалците станале првиот народ од западната цивилизација кои пристигнале до Јапонија и тргувале со неа. Од страна на португалскиот крал Мануел I била направена стратегија која им овозможувала на Португалците да ги контролираат сите главни трговски патишта на исток. Така биле колонизирани Златниот Брег, Луанда, Мозамбик, Занзибар, Момбаса, Сокотра, Ормуз, Калкута, Гоа, Бомбај, Малака, Макао и Тимор.

Португалија имала тешкотии со проширувањето на својата империја. Со тие тешкотии главно се соочувале покрај крајбрежните реони. Во 1580 година шпанскиот крал Филип II станал крал и на Португалија, како законски наследник на царската власт на неговиот роднина Себастијан, кој починал без да остави машки наследници (Филип бил внук на Мануел I). Така била создадена уште поголема империја на Пиринејскиот Полуостров. Научниците и истражувачите од Холандија, Франција и Англија биле игнорирани од папата. Во XVII век, Португалија постепено започнала да ги губи своите позиции во Западна Африка, Блискиот и Далечниот Исток. Бомбај бил под влијание на Англија, Макао, Тимор, Гоа, Ангола и Мозамбик останале под Португалија, а Бразил под Холандија.

Откривањето на Америка

 
Патувањето на Кристофер Колумбо при откривањето на новиот континент.

На 3 август 1492 година италијанскиот морепловец Кристофер Колумбо којшто работел на шпанскиот кралски двор со бродовите Санта Марија, Ниња и Пинта тргнал на долгоочекуваното пронаоѓање на морскиот пат за Индија. Тој најпрвин ги открил Канарските Острови од каде што на 6 септември тргнал на пет неделно патување по Атлантскиот Океан. Тој на копно стасал на 12 октомври 1492 кога морнарот Родриго де Тријана го здогледал копното.

Колумбо сметал дека стигнал до Индија, па затоа луѓето што ги нашол ги нарекол Индијанци. Тие го пречекале Колумбо со најголеми почести, а тој тоа го искористил, па на враќање во Шпанија ги наполнил бродовите со богатство.

Пронаоѓањето на морскиот пат за Индија

По подвигот на Кристофер Колумбо, Португалците и натаму имале желба и мотив да стигнат повторно до ’ртот на бурите од каде што ќе можат полесно да стигнат до Индија. За таа цел на 8 јули 1497 година од Лисабон со 4 брода на пловидба тргнал познатиот португалски морепловец Васко де Гама. Неговото храбро патување покрај брегот на Африка го донело до ’ртот на бурите од каде што се упатил на север и по повеќе од девет месеци пристигнал до Индија на 20 мај 1498 година. Со тоа тој успеал да воспостави врски на Европа со Азија и по морски пат со што се овозможило слободно одвивање на трговијата по водите на океаните.

Првото патување околу светот

 
Фернандо Магелан

Веќе беше кажано дека во 1519 година, шпанските власти ја финансирале експедицијата на португалскиот морепловец Фернандо Магелан. Целта на патувањето била пронаоѓање на Молучките Острови, и нивно ставање во шпанската сфера на политички и економски интерес, а не патување околу светот.[7]

Магелан со 5 брода и 265 луѓе запловил кон запад во 1519 година на 10 август. Пловејќи по Атлантскиот Океан, на југ стигнал до теснината Огнена Земја и преку неа запловил во Тихиот Океан. Бидејќи немало многу бранови како што тоа било случај при пловидбата по Атлантскиот Океан, Магелан овој океан го нарекол Тихи Океан.

За време на патувањето условите биле тешки. Немало доволно храна, а парите кои ги поседувале биле неприфатливи за домородното население што го сретнувале по пат. Чести биле и судирите со таквото население. На 16 март 1521 година преку Тихиот Океан, Магелан пристигнал на Филипинските Острови. Во судир на домородното население на Филипинскиот остров Макатан на 27 април 1521 година тој загинал. Должноста да го заврши патувањето му останала на шпанскиот морепловец со баскиско потекло Хуан Себастијан Елкано. На 6 септември 1522 година тој успеал да стигне назад во Шпанија[8][9] со само 18 морнари на еден брод од петте брода. Тоа бил бродот Викторија (победа).

Од политичка гледна точка патувањето на Магелан било неуспех, зашто овој поморски пат бил непрактичен - Магелановиот премин (на југот на Јужна Америка) бил премногу јужно, а Тихиот Океан бил премногу голем за да биде исплатливо патувањето.[10]

Од друга страна, пак, во XV век речиси било потврдено дека земјата е тркалезна, а не рамна плоча како што тоа го тврдела католичката црква. Со ова патување се потврдило мислењето на научниците од тоа време дека земјата е тркалезна. За црквата ова бил уште еден тежок удар по којшто таа останала без аргументи за своите тврдења.

Откритието на Австралија

 
Нова Холандија, карта од 1659 која верно ги прикажува контурите на Австралија

Иако постоеле наводи од морепловци од најстари времиња за големо копно јужно од денешна Индонезија[11], како и трговија со народи од соседните острови, за Европејците Австралија останала непозната сè до почетокот на XVII век.

Иако е возможно дека португалецот Луис Ваес де Торес ја видел австралија пловејќи низ, по него наречениот, Торесов Проток во 1605 г., првото документирано доаѓање на Европејци во Австралија се случило во 1606 г. од холандскиот морепловец Вилем Јансзон на бродот „Дејфкен“. По ова, холанѓаните, кои веќе биле присутни во тој дел од светот, извршиле низа истражувања и ги формирале првите населби во текот на XVII век. Некои од најпознатите истражувачи се Дирк Хартог кој дошол до Заливот на ајкулите (западна Австралија) во 1616 г., и Абел Тасман кој во 1642-43 г. ја открил Тасманија.

Учество на Северна Европа

Народите надвор од Пиринејскиот Полуостров не го почитувале договорот од Тордесиљас. Франција, Холандија, Англија имале долга морска традиција. Со иновација на нови технологии и карти, тие го отвориле патот за нови истражувања на светот. Првата северна европска мисија започнала во 1497 година од страна на англиската експедиција, поддржана од француската и раководена од Италијанецот Џовани Кабото (во Англија е познат како Џон Кабат). Главна цел на мисијата била проучување на Северна Америка. Претходно, Шпанија и Португалија вложиле големи средства во изучувањето на Северна Америка и Јужна Америка, и притоа пронашле големи богатства. Во 1524 годиина, Џовани Да Веразано станал првиот европски записничар кој го посетил источното крајбрежје, каде денес се наоѓа САД.

Истовремено, Северна Европа со нејзините прекуокеански истражувања станала најголем конкурент на Португалија и во Африка и низ целиот Индиски Океан. Холандските, француските и англиските бродови, кои биле испраќани во т.н. португалски монопол, до голем степен ја истиснале Португалија од користењето на ресурсите на новите територии. На Португалија не ѝ преостанувало ништо друго, туку да го задржи она кое го поседувала во моментот. Така, шпанските и португалските сфери на влијание постепено се намалиле и се ориентирале кон Средна и Јужна Америка.

Народите од Северна Европа се ориентирале главно кон Северна Америка и Тихиот Океан. Холандија испратила експедиција на чело со Вилем Џенс и Авел Тасманиј во Австралија, а во XVIII век тоа му било препуштено на Англичанецот Џемс Кук. Кук патувал и по западниот брег на Северна Америка, сè до Алјаска.

Крај на ерата на големите географски откритија

До почетокот на XVII век, европските бродови биле доволно добро изработени, што им овозможувало на морепловците да патуваат скоро насекаде по планетата, без никакви тешкотии. Европското проучување на прекуокеанските области продолжило и понатаму. Во почетокот на XVII век, западните и северните брегови на Австралија биле картирани, а на источното крајбрежје се чекало повеќе од еден век. Во касниот XVIII век, Тихиот Океан станал фокус на подновен интерес. Арктикот и Антарктикот не биле проучувани до XIX век. Америка била проучена во XVI век, но ова истражување завршило во XIX век. Австралија и Африка до почетокот на XIX век, исто така не биле истражени до XIX век. Ова се должило пред сè на недостатокот на трговски потенцијал како и со сериозните проблеми околу заразните тропски болести во Африка на југ од Сахара.

Најпознати морепловци

Последици од големите географски откритија

Големите географски откритија се од суштинско значење и претставуваат еден од најзначајните периоди во светската историја. Големите географски откритија предизвикале големи промени во тогашниот свет на Европа. Тие претставуваат почеток на периодот на светска хегемонија на оној мал дел на крајниот запад од Стариот Свет, што денес се нарекува Западна Европа. Овој период на доминантна улога во светската политика на западноевропските држави завршува дури со крајот на Втората светска војна. Некои од промените кои довеле до ова се наведени во текстот што следи.

Седиштето на светската трговија било преместено од Венеција и Џенова најпрво во Шпанија, а потоа во Англија и Франција. Големото количество злато кое пристигнувало од Америка довело до инфлација и пад на цените на металот.

По овие откритија биле отворени нови можности во Новиот Свет. Една од најголемите последици од големите географски откритија е создавањето на колонијални империи, од кои како најголема се оформила Шпанската колонијална империја. Шпанија завладеала со целата Средна Америка и со голем дел од Јужна и Северна Америка. Суровините од Новиот Свет биле искористувани максимално, а тамошното население го претворале во робови. Во XVI век, 83 % од светската трговија со злато и сребро ѝ припаѓала на Шпанија. Но нејзинот економска и политичка моќ траеле многу кратко - само околу еден век. Како главна причина за задржување на новите земји под нивна контрола е фактот што Шпанците географските откритија ги користиле за натрупување на богатство со што би се развивала нивната империја. Главниот соперник на Шпанија, Португалија завладеал со дел од Јужна Америка и крајбрежјето на Африка (Ангола, Мозамбик). Но како многу помала држава, со многу помалубројна војска, Португалија создавала територии само по крајбрежјата, преку кои се организирала трговијата на различни стоки.

Шпанците применувале сила во пресметките со постојните империи во Америка со цел замена на локалните пагански ритуали со католицизмот. Слични облици на однесување во новоосвоените територии се забележуваат и кај останатите европски империи од тоа време (Британија, Холандија, Русија и Франција). Новата религија ги заменувала паганските обичаи, новите јазици ги заменувале старите во многу области од Северна Америка, Австралија, Нов Зеланд и Аргентина. Индогеното население било злоставувано и протерувано од сопствената земја и во голем број случаи било редуцирано на малцинство кое немало никаква политичка моќ.

Можеби најмоќното оружје на Европејците во одност на индогеното население на Новиот Свет биле заразните болести кои тие со себе ги носеле. Новите болести, во одност на кои доморотците немале никаков имунитет за кратко време ја редуцирале оваа популација за околу 50 до 90 %.

 
Компирот е земјоделска култура која е донесена од Америка.

Од новите континенти во Европа се пренесени земјоделски култури како што се компирот, доматите, гравот, пченката и др. Во периодот по големите географски откритија се појавила и револуцијата на цените. Всушност од новите континенти донесено е големо количество на богатство во најразлична форма (злато, сребро, скапоцени камења и др.) чија цена паднала, како резултат на зголемената понуда. Од друга страна, пак, цената на земјоделските производи значително се зголемила.

Од идеолошка гледна точка со патувањата околу светот се докажало спротивното од тврдењето на црквата, а тоа од своја страна влијаело врз намалување на авторитетот на црквата, што придонело за побрз развој на науката, банкарството и манифактурното производство.

Наводи

  1. Jensen, De Lamar (1992), Renaissance Europe 2nd ed. pg. 328
  2. Jensen, De Lamar (1992), Renaissance Europe 2nd ed. pg. 335
  3. Jensen, De Lamar (1992), Renaissance Europe 2nd ed. pg. 334
  4. Jensen, De Lamar (1992), Renaissance Europe 2nd ed. pg. 341
  5. Jensen, De Lamar (1992), Renaissance Europe 2nd ed. pg. 345
  6. Jensen, De Lamar (1992), Renaissance Europe 2nd ed. pg. 349
  7. Jensen, De Lamar (1992), Renaissance Europe 2nd ed. pg. 349
  8. Swenson, Tait M. „First Circumnavigation of the Globe by Magellan 1519–1522“. The Web Chronology project. Посетено на 2006-03-14.
  9. Lord Stanley of Alderly, The First Voyage Round the World, by Magellan, London: Hakluyt, [1874], p. 39].
  10. Fernandez-Armesto, Felipe (2006). Pathfinders: A Global History of Exploration. W.W. Norton & Company. стр. 200. ISBN 0-393-06259-7.
  11. Rolls,Leah, Sojourners, University of Queensland Press, Brisbane 1992, ISBN 0-7022-2478-2, p11.
  Статијата „Големите географски откритија“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).