Синдром на стекнат имунолошки дефицит
Синдромот на стекнат имунолошки дефицит или познат по француската кратенка сида — болест која претставува последен стадиум на ХИВ-вирусот кој се одликува со прогресивно слабеење на имунолошкиот систем со што пациентите се подложени на голем број инфекции и тумори.[1] Сидата е акроним на францускиот назив за „синдром на стекнат имунолошки дефицит“ (француски: Syndrome d'immunodéficience acquise), а AIDS потекнува од англискиот назив за „стекнатимунодефицитарен синдром“ (англиски: Acquired Immunodeficiency Syndrome).[2]
Синдром на стекнат имунолошки дефицит | |
---|---|
Црвената лента — симбол на солидарноста за луѓето кои се ХИВ-позитивни и за оние кои боледуваат од сида | |
Специјалност | Заразна болест |
Постои разлика помеѓу поимите — ХИВ-позитивно лице и лице болно од СИДА. Тоа се две поврзани но различни работи кои често погрешно се поистоветуваат.[3] Хив-позитивното лице е заразено од ХИВ-вирусот што не значи дека има СИДА. До појавата на болеста може да помине период од две до десет години. ХИВ-позитивно лице може да изгледа потполно здраво, способна за физичка работа или било која друга активност.[2]
Вирусот најчесто се пренесува преку полов однос, а има случаи каде што е пренесен преку доаѓање во контакт со заразена крв, преку заразена мајка во текот на бременоста (каде што вирусот се пренесува на детето), преку доење на дете од страна на заразена мајка, пораѓање итн. Вирусот не може да биде пренесен преку секојдневните социјални контакти, ниту преку животни. Со цел за превенција, во многу земји ширум светот се спроведуваат различни активности во едукацијата на луѓето за начинот на пренесување на вирусот и мерките кои се преземаат за да не би дошло до инфекција.[4] Засега не постои лек или вакцина кои загарантирано можат да го излечат вирусот.[5] Сепак, антиретровиралните лекови можат да го продолжат периодот на траење на инфекцијата пред нејзиното мутирање во фаза на сида.[6]
Според податоците во програмата на Обединетите нации (ООН) и Светската здравствена организација (СЗО) за ХИВ-вирусот и сидата, од појавата на оваа болест, заклучно со 2008 година, во светот вкупно биле заразени околу 60 милиони луѓе, а од сида умреле околу 25 милиони луѓе. До крајот на 2008 година од ХИВ биле заразени околу 31,3 милиони возрасни и околу 2,1 милион деца.[7]
Историја
уредиГрупа научници предводена од Мајкл Воробиев, професор по екологија и еволуциона биологија во Универзитетот во Аризона, спровела истражување во која докажале дека првиот облик на ХИВ-вирусот се појавил во Африка во периодот помеѓу 1884 и 1924.[8] Анализирајки го изметот од шимпанзо докажале дека вирусот од нив е пренесен на човекот во југоисточниот дел на Камерун, околу 1908 година.[9] Теоријата дека вирусот е пренесен од шимпанзо на човек е докажана и во универзитетите во Нотингам, Монпелје и Алабама.[10] Вирусот се ширел помеѓу локалното население, а достигнал поголеми размери кога стигнал до Кинсаша (Демократска Република Конго). Од овој град потекнуваат двата најстари примероци на ХИВ, едниот пронајден во крвната плазма на маж во 1959 година, а другиот во лимфните јазли на жена во 1960 година.[11]
Кон половината на 1981 година, смртта како последица на опортунистичките инфекции (инфекции поврзани со тешка имунодефициенција) кои предтоа најчесто се јавувале кај пациенти во постоперативен период по пресадување, почнала да се јавува кај здрави мажи — хомосексуалци во Лос Анџелес, Сан Франциско и Њујорк.[12] На 24 септември 1982 година е поставена првата медицинска дефиниција за синдромот на недостаток на имунитет од страна на центарот за контрола на болести.[13] Французинот Лик Монтање, научник во Пастеровиот институт во Париз, во 1983 година пронашол друг тип на вирус со различен тип на репродукција кој се размножувал во лимфните јазли на човекот[14] и го нарекол LAV (ЛАВ; англ. lymphadenopathy-associated virus ), бидејќи вирусот е поврзан со лимфниот систем.[15] За своето откритие Монтање во 2008 година добил Нобелова награда за медицина.[16] Две групи на научници во Америка, предводени од Роберт Гало од националниот институт за рак во Мериленд и Џеј Леви од институтот во Сан Франциско, во 1984 година откриле ретровирус кај заболените од сида и луѓето со кои имале непосреден контакт но немале симптоми. Гало го нарекол HTLV-III (англиски: human T lymphotropic virus type III)[17] бидејќи открил врска меѓу CD4+ Т-клетките и вирусот, а пак Леви го нарекол ARV (анг. associated retrovirus).[18] Сите тројца научници всушност го откриле истиот вирус, кој во 1986 година е наречен вирус на човечка имунодефицијенција.[19]
Општи особини на вирусот
уредиВирусот на човечка имунодефицијенција (ХИВ) припаѓа на семејството на ретровируси. Неговите димензии изнесуваат 100-140 nm. Целата клетка има двослојна липобелковинска ципа под која е сместено нуклеобелковинското јадро. Во него се наоѓа рибонуклеинска киселина и различни ензими. Во геномот на вирусот се сместени три структурни генa потребни за неговото размножување и седум гени кои го регулираат целиот тој процес. Околу геномот и ензимите на јадрото се наоѓа белковинска обвивка наречена „белковина 24“ (p24). На површината на вирусните клетки се наоѓа липобелковинска обвивка, која настанува од обвивката на примарната клетка (клетката која е прва зафатена од вирусот) во која вирусот се размножува, додека другиот дел од обвивката потекнува од самиот вирус кој го сочинуваат гликобелковински молекули 41 (gp41) и 120 (gp120). ХИВ е релативно осетлив при што на температура од 56 °C би се деактивирал за 30 минути, но е отпорен на ниски температури (до -70 °C), ултравиолетови и гама-зраци. Вирусот е отпорен на високи и ниски водородни pH-вредности (вредности под 3 и над 10).[20] Постојат два типа на вирусот. ХИВ-1 и ХИВ-2. И двата водат потекло од вирусот мајмунска имунодефицијенција (англиски: Simian Immunodeficiency Virus).[2]
Начини на пренесување
уредиХИВ-вирусот може да се пренесе на повеќе начини: преку секс без користење заштита, од заразена бремена мајка се пренесува на детето (вертикална трансмисија), при контакт со заразена крв на дел од вашето тело кој е оштетен итн. Вирусот е присутен во сите телесни течности, но за да се пренесе потребна е поголема количина која е присутна во крвта, вагиналниот секрет, спермата и во мајчинското млеко. ХИВ-вирусот исто така во поголеми количини е сконцентриран во ’рбетномозочните течности (Ликвор) и во ушната маст (Церумен), но преку нив не е возмоожно да се пренесе вирусот поради непостоечкиот начин на трансмисија од едно лице на друго.[21][22] Според извештајот на Обединетите нации (ООН) за 2008 година, приближно 2/3 од новите заразени случаи, се заразени преку хетеросексуални односи, околу 11% е пренесен од мајка на дете, околу 10% вирусот е пренесен преку користење на иста игла од страна на корисници на дрога, 5–10% од заразените пациенти се хомосексуалци а остатокот при различни медицински процедури (трансфузија на крв и сл.).[23] ХИВ не може да се пренесе преку ракување, прегрнување, бакнување и други вообичаени социјални контакти, конзумирање храна приготвена од заразено лице и сл. Животните и инсектите (на пр. комарец) не можат да бидат заразени ниту пак да го пренесат ХИВ-вирусот бидејќи само во крвта на човекот се наоѓаат лимфоцити со CD4 (англ. cluster of differentiation) молекули за кои вирусот се врзува.[2][4]
Епидемиолошки податоци
уредиНа глобално ниво, ширењето на вирусот зазема облик на епидемија.[24] Од приближно 33,4 милиони кои биле ХИВ-позитивни или имале сида кон крајот на 2008 година во подсахарска Африка живееле 22,4 милиони (67%) иако населението во тој регион е само 10% од вкупната светска популација.[25] Од појавата на епидемијата, над 83% од смртните случеви се регистрирани во Африка. Во најзаразените области во подсахарска Африка, во урбаните средини, секој четврти жител е ХИВ-позитивен, а 70% од новозаразените, на годишно ниво, потекнуваат токму од ова подрачје.[26] Вирусот е присутен и во останатите делови од светот, иако многу помалку во споредба со Африка. Во текот на 2008 година, на глобално ниво се забележани 2,7 милиони новоинфецирани (од кои 430.000 се деца) и околу 2 милиони смртни случаи (од кои 280 000 се деца).[27]
Заклучно со ноември 2013 година, во Македонија живееле 95 лица, заразени со вирусот ХИВ или болни од СИДА. Притоа, во текот на 2013 година биле забележани 25 нови случаи на заразени лица со вирусот ХИВ, во 2012 година биле регистрирани 24 новозаболени, додека претходно, тој број се движел од 8 до 9 случаи, годишно.[28] Во 2013 година имало 27 заразени со ХИВ во Македонија, а во првите седум месеци на 2014 биле регистрирани нови 26 случаи, од кои дури 25 биле од машки пол. Од нив, 18 лица се инфицирале со полов контакт машко со машко. Во Скопје биле забележани 16 заразени. Во однос на старосната структура, 12 заразени лица биле на возраст од 20–29 години, додека 10 лица биле на возраст од 30–39 години. Во 2014 година умреле 2 лица од СИДА. Од 1987 година, кога бил регистриран првиот случај, во Македонија биле забележани вкупно 223 случаи на ХИВ/СИДА. Од нив, најмалиот болен имал само 1 година а најстариот имал 64 години. Притоа, од вкупно 223 регистрирани лица кои биле носители на вирусот ХИВ, 154 биле болни од СИДА, 74 умреле, а другите биле само носители на вирусот.[29]
Регион | заразени и болни | нови случаи на заразени | распространетост помеѓу возрасните* | смртни случаи |
Подсахарска Африка | 22.400.000 | 1.900.000 | 5,2% | 1.400.000 |
Северна Африка и Среден Исток | 310.000 | 35.000 | 0,2% | 20.000 |
Јужна и југоисточна Азија | 3.800.000 | 280.000 | 0,3% | 270.000 |
Источна Азија | 850.000 | 75.000 | 0,1% | 59.000 |
Океанија | 59.000 | 3.900 | 0,3% | 2.000 |
Латинска Америка | 2.000.000 | 170.000 | 0,6% | 77.000 |
Карибски острови | 240.000 | 20.000 | 1,0% | 12.000 |
Источна Европа и Средна Азија | 1.500.000 | 110.000 | 0,7% | 87.000 |
Северна Америка | 1.400.000 | 55.000 | 0,4% | 25.000 |
Западна и Средна Европа | 850.000 | 30.000 | 0,3% | 13.000 |
Вкупно | 33.400.000 | 2.700.000 | 0,8% | 2.000.000 |
*процент на болни или заразени помеѓу 15 и 49 години.
Инфекција
уредиНајчест вид на ХИВ-вирусот во Европа, Америка и Средна Африка е типот ХИВ-1, за разлика од Западна Африка каде што болеста е предизвикана од типот ХИВ-2.[31] За да би дошло до инфекција и развој на болеста, вирусот мора да стигне до крвта, каде што се врзува со CD4+ Т-лимфоцитите. Вирусот со деловите на својата обвивка (gp120) се "прикачува" за рецепторите на површината на клетките.[32] По спојувањето тој влегова во внатрешноста на клетката, се вгнездува во јадрото и под влијание на различни стимуланси, почнува да се размножува. Исходот најчесто е смрт на инфецираните клетки.[33] Со текот на времето доаѓа до постепено намалување на лимфоцитите кои во здравиот организам ги има околу 1200/мм³ во крвта. По подолго време, кога нивниот број ќе падне под критичната вредност (околу 200/мм³), човекот почнува да заболува од најразлични, т.н опортунистички инфекции.[34] Тогаш настапува сидата. Овие инфекции, за луѓето болни од сида, се често тешки, а некои од нив и смртоносни, бидејќи лимфоцитите се носачи на одбраната од микроорганизми, тумор итн.
Опортунистички инфекции
уредиОпортунистички инфекции се инфиекции кои се предизвикани од разни патогени (бактерии, вируси, протозоми, габи) кои своето штетно делување го исполнуваат само во случај на слаб имунитет на организамот, односно инфекцијата нема да може да се развие доколку имунитетот на организамот е во добра состојба.[35] Најчеста опортунистичка инфекција кај болните од сида е пневмоцистоза,[36] еден облик на воспаление на белите дробови, која е предизвикана од габата pneumocystis carinii, која е присутна во дишните патишта на човекот.[37] Бактериската пневмонија и туберкулозата се исто така честа појава при сидата. Во касната симптомска фаза, бактеријата myobacterium avium може да предизвика грозница, загуба на телесната маса, анемија и дијареа.[38] Исто така и инфекцијата на протозоми, наречена токсиоплазма на нервниот систем, се јавува при болување од сида.[39] Освен пневмоцостозите се развиваат и други инфекции предизвикани од гливиците. Чести се оралните инфекции кои предизвикуваат candida albicans (кандидијаза), карактеристична за раната симптомска фаза.[40] Се јавуваат и инфекции кои предизвикуваат cryptococcus, болест која води до менингитис кај повеќе од 13 % од заболените.[41] Инфекцијата од гливица, histoplasma capsulatum, се појавува кај 10 % од луѓето заболени од сида и се одликува со губење на тежината, грозница, дишни проблеми или озбилни пореметувања на централниот нервен систем доколку инфекцијата го зафати мозокот.[42] Вирусните опортунистички инфекции се чести кај заболените особи. Цитомегаловирусот ги инфецира мрежните клетки на окото и може да предизвика слепило,[43] исто така можат да влијаат на промената на леукоцитите и тромбоцитите и да предизвикаат воспаление на белите дробови.[44] Вирусот херпес симплекс, тип 1 и 2, предизвикува осипи околу устата и анусот.[45] Исто така и развојот на туморот е многу чест, посебно развојот на лимфомите,[46][47] сквамозен клеточен сарком, Капоши сарком[48] и рак на матката.[49]
Нивоа на инфекција
уредиНапредувањето на болеста генерално може да се подели на четири фази:
- Примарна инфекција,
- Клиничка-асимптоматска фаза,
- Симптоматска ХИВ-инфекција и
- Напредување од ХИВ-позитивност во сида.[50][51]
Примарна инфекција
уредиПримарна или акутна инфекција е период на нагло размножување на вирусот, непосредно од изложувањето. Акутната инфекција може во потполност да ја снема, но кога постои (отприлика во 20% од случаите), оваа фаза трае неколку недели. Во текот на акутната инфекција повеќето заразени покажуваат карактеристични симптоми како преладеност, висока температура, главоболки, воспаление на желудникот а понекогаш и осипи. Оваа појава, слична на грипот, понекогаш се нарекува и сероконверзија.[50][51][52]
Отприлика три недели после инфекцијата се појавуваат голем број други симптоми, за кои обично не се потенцира на сида. Често се греши при дијагнозата бидејќи во тој периот тешко е да се разликуваат симптомите помеѓу сидата и другите болести, меѓутоа поставувањето дијагноза е многу важно бидејќи во овој период заразените особи најлесно можат да го пренесат вирусот. Најчести симптоми во овој период се нагло губење на телесната тежина, потечени лимфни жлезди, ослабено помнење, главоболки и температура.[53]
Клиничка-асимптоматска фаза
уредиОваа фаза трае отприлика 10 години, се разбира не кај сите. Оваа фаза се одликува со отсуство на какви било симптоми на болеста, иако понекогаш може да се појават потечени лимфни жлезди по телото. Количината на вирусот во крва паѓа на многу мало ниво, но личноста останува заразена и антителата на хив можат да се пронајдат во крвта. Новите истражувања покажуваат дека вирусот во оваа фаза сепак не мирува, тој е многу активен во лимфните жлезди. Голема количина на Т-лимфоцитите се инфецира и умира, а се создаваат големи количини на вирусот. Денеска е достапнен нов вид на тест кој ги мери оние мали количини на ХИВ кои се во лимфните жлезди и крвотокот. Овој тест кој ја мери PHK-молекулата (генетски материјал), кај вирусот се нарекува тест на вируленција на ХИВ-от (англ. viral load test) и има сè поголема улога во третманот на ХИВ-инфекцијата.[50][51][52]
Симптоматска ХИВ-инфекција
уредиКако што поминува времето имунолошкиот систем станува послаб и повеќе не е во состојба да го задржува вирусот. Ова се случува поради:
- Лимфните жлезди и ткивото кои се оштетуваат и се ицрпени по долгогодишната интезивна активност,
- ХИВ-вирусот мутира и станува попатоген, односно станува појак и тоа води до зголемување на уништувањето на Т-помошните лимфоцити,
- Телото повеќе не е во можност да го одржува темпото на замена на Т-клетките чиј број сè повеќе опаѓа.
Додека имунолошкиот систем откажува се јавуваат и првите симптоми на болеста кои на почетокот се слаби но со текот на времето се влошуваат и стануваат потешки.[50][51][52]
Сида
уредиСидата е последна фаза, а воедно и најтешка, од нападот на ХИВ-вирусот. Светската здравствена организација (СЗО) во 1990 година направила список на симптоми кои потоа ги групирала и сега се користи ширум светот со што јасно би биле дефинирани симптомите во развојот на инфекцијата. Овој список е обновен во 2005 година.
- Фаза I: ХИВ-вирусот не е идентификуван и не може да се категоризира како предизвикувач на сидата,
- Фаза II:Се појавуваат минимални манифестации на инфекции на респираторниот систем,
- Фаза III:Доаѓа до појава на необјасниви симптоми како пролив (кој обично трае подолго од месец дена, што предизвикува нагло губење на телесната тежина), тешки бактериски инфекции и/или туберкулоза.
- Фаза IV:Се јавува мозочна токсиоплазма, тешки инфекции на респираторниот систем и хранопроводот, Капоши сарком итн.[54]
Откривање и дијагноза
уредиИако ХИВ-вирусот во САД е познат уште од 1981 година,[55] неговата идентификација како предизвикувач на болести не е откриена до 1983 година.[56] Во текот на 1985 година Управата за храна и лекови во САД го одобрила првиот тест за откривање на вирусот, кој го развила групата на научници на Роберт Гало.[57] Овој тест може да го покаже присуството на антитела против ХИВ во крвта што е показател дека личноста е изложена на вирусот. Меѓутоа, во периодот од четвртата до осмата недела на инфецирањето тестот е негативен, поради одложениот имунолошки одговор на организмот. При тестирање во 1996 година, утврден е додатен метод кој го покажува присуството на антигени, односно белковини кои ги произведува самиот вирус. Според тоа, тестот може да го открие присуството на вирусот при реакција на имунолошкиот систем. Новите, уште попрецизни методи, овозможуваат откривање на генетскиот материјал на вирусот, освен тоа овие методи овозможуваат да се открие и типот на вирусот.
Центарот за контрола и превенција од болести во 1993 воспостави критериуми за дијагностицирање на сидата.[54] Се смета дека поединецот има сида доколку бројот на CD4 Т-клетките е под 200/мм³ во крвта или пак CD4 Т-клетките сочинуваат помалку од 14 % од сите лимфоцити, како и во случај ако една или повеќе болести или инфекции посочуваат на сида од списокот кој е објавен од центарот.[58] Тие болести и инфекции можат да се појават независно од сидата, но се карактеристични за последниот стадиум со што претставуваат додатен критериум за дијагностицирањето.[59] Генерално можат да се поделат во 4 групи:опортунистички инфекции (бели дробови, рани на усните, мозок, очи, црн дроб, дебелото црево и гениталиите), болести на централниот и периферниот нервен систем (во облик на деменција, невропатија, миопатија, миелопатија), тумори (Капоши сарком, Хочкинов и Нехочкинов лимфом, тумор на вратот) и голем губиток на телесната тежина (предизвикан од неадекватна исхрана, пореметување на метаболизамот и нелечени инфекции).[60]
Развојот на болеста од моментот кога личноста се заразува од ХИВ-вирусот до појавата на првите симптоми трае долг период (понекогаш и до 10 години), текот на болста може да биде пратен со методот — сурогат-маркер. Со овој метод се воочува опаѓањето на бројот на CD4+ Т-лимфоцитите. Колку е помал бројот на овие клетки, имунолошкиот систем е се послаб и самото тоа доведува до побрзо развивање на болеста. Во текот на 1996 година откриено е дека количината на ХИВ-вирусот во крвта на заразената личност (т.н вирусна тежина), може да се користи како параметар со кој бил се предвидел развојот на сидата без разлика на оболените CD4 Т-клетки во крвотокот. Напредокот за определување на вирусната тежина набрзо станал стандардно средство за тестирање на пациентите.[61]
Тестирање на ХИВ
уредиЗа да биде успешно спроведено тестирањето на ХИВ, во крвта на пациентот треба да постои доволна количина на специфични антитела. Тоа се случува од 6 до 8 недела по инфекцијата, а временскиот период до достигнувањето на одредената количина на антитела се нарекува „прозорен период“. Во тој период резултатите од тестот можат да бидат негативни, иако инфекцијата постои (лажно негативен резултат). Поради тоа, при негативен тест, тестирањето обично се повторува по шест месеци.
Најчесто се користи т.н имуноензимски тест (анг.Enzyme Linked Immunosorbent Assay — ELISA). Овој тест се заснова на врзувањето на антителата од крвта на пациентот со антигените кои се врзани за подлогата. Во реакцијата може да се вклучат и антитела од животинско потекло кои се обложени со ензими, поради подобро воочување. Во зависност од видот на користените антигени, овие тестови можат да имаат различна осетливост, па по оваа основа се врши нивна класификација на генерациите. Добри резултати даваат тестовите од третата и од четвртата генерација. За потврда на резултатите добиени од претходните методи се користи Вестерн блот тест (англ.Western blot test) кој реагира на вирусните белковини. Прво, вирусот се разложува на составни делови, а потоа се врши нивно раздвојување со гел-електрофореза во основа на разликата во молекулската маса. Потоа, издвоените белковини се префрлаат од гелот на неутроцелулозна трака и се спроведува ELISA-тестот. Постојат и тестови со кои се открива само структурата на вирусот (на пример — PCR) по 10–15 дена од заразувањето, но овие тестови не се користат често бидејќи се многу скапи. Т.н брзи тестови кои можеме да ги набавиме во аптеките, даваат резултати за отприлика 10 минути, но не се доволно прецизни. Повеќето вакви тестови имаа осетливост 99 % и специфичност 98 %.[62][63]
Резултати
уредиРезултатите од тестовите можат да бидат:
- позитивни (односно реактивен или серопозитивен) и
- негативни (односно нереактивен или серонегативен).
Позитивните резултати значат дека организамот направил антитела на вирусот, па тие антитела се регистрираат во крвта на заразениот и се докажува дека е инфециран. Лажно позитивен резултат може да се појави доколку се направи грешка при тестирањето или при неспецифични или вкрстени реакции на ELISA-тестот. Затоа позитивниот резултат би требало да се повтори со друг вид на тест. Негативниот тест значи дека во крвта не се детектирани антитела на ХИВ. Тоа значи дека лицето не е заразено или пак не дошло до создавање на доволна количина антитела која би била откриена при тестот („прозорен период“).[64]
Терапија
уредиВо терапијата на сидата постојат одредени стандарди. Во основа се зема болничкото лекување, дневни третмани во болница и амбулантско пратење на состојбата на пациентот. Болничкото лечење се претпочита кај пациенти кои се болни од некоја потешка опортунистичка инфекција или тумор, односно кога е неопходно да се примени интервентска терапија или пак се потребни копмлицирани дијагностички процедури (пр. биопсија). Амбулантното пратење на состојба најчесто се употребува кога пациентот е на високоактивна антиретровирална терапија (англ. highly active antiretroviral therapy — HAART), како и кај инфецирани пациенти кај кои сè уште не ги исполнуваат условите за започнување на оваа терапија. И кај двете категории на пациенти потребно е внимателно набљудување на вирусните и имунолошките показатели за успешноста во третманот, односно напредувањето на болеста. Ова подразбира одредување на бројот на периферните CD4+ келтки трипати годишно, исто толку пати потребно е да се направи и PVL-тест (англ. plasma viral load), при стандардните биохемиски и хематолошки анализи. Кај некои пациенти се употребува методот SIT (англ. structurated intermitent therapy) при кој се одредува бројот на CD4 Т-клетките на секои 2 месеци.[52]
Антивирална терапија
уредиАнтивирусните лекови кои се користат при лечењето и ги напаѓаат слабите точки во репродуктивниот циклус на вирусот. Една од "метите" е процесот на транскрипционо кружење кога виралната РНК се трансформира во ДНК што претставува начин на трансформирање на вирусот. Транскрипционото кружење е карактеристичен процес за ретровирусите и се одвива под дејство на ензимот реверзна транскриптаза. Еден вид на лекови кои се користат при третманот како инхибиторите на овој ензим (доведуваат до негова деактивација). Лекот се однесува како нормална нуклеотидна база, така што реверзната транскриптиза погрешно го вмешува во растурањето на ДНК ланецот. Кога лекот ќе се вгради, ниедна друга база не може да биде синтезирана во тој ланец со што синтезата на молекулите ДНК се прекинува. Иако овие лекови реагираат со ензимот, може да се случи да се вклучат во нормалната функција на клетките и на тој начин да дојде до интоксикација и споредни ефекти кај пациентот. Ова е обично следено со полиферација на поединечни клетки, како што се клетките на коскената срж.
Друг проблем е појавата на отпорност на лековите од страна на ХИВ-вирусот. Изработените студии кои се правеле на почетокот при примената на терапијата зидовудин, покажале дека поранешните тврдења за примената на овие лекови кои го продолжуваат животот се грешни. Имено, ХИВ-вирусот многу брзо се размножува во текот на раниот стадиум на инфекцијата, што значи дека во крвта на инфецираниот се присутни различни слоеви на вирусот од кои некои можат да бидат резистентни на терапијата. Ограничената варијабилност на ХИВ-вирусот во раниот стадиум на болеста го прави изложен на делувањето на лековите.
Иако инхибиторите на реверзната транскриптиза никогаш не се гледани како лек против ХИВ-от, постоела претпоставка дека тие можат да го спречат напредувањето на сидата и оваа група на лекови покажала добри резултати при намалувањето на пренесувањето на ХИВ-вирусот од страна на бремената мајка врз нејзиното потомство. Меѓутоа, употребата на инхибиторот при терапија на заразените има разочарувачки резултати — го продолжувале животот на заразените за само 6 месеци. Комбинираните терапии се користат за да се зголеми бројот на CD4 Т-клетките и да се намали нивото на вирусот во крвта.
Инхибиторите за реверзна транскриптиза се ефикасни кога се користат во комбинација со инхибиторните протеази. Протеазните инхибитори функционираат така што го онеспособуваат виралниот ензим, кој е важен за репродукцијата на ХИВ-вирусот во доцните фази на неговиот репликационен циклус. Кога ХИВ-от се размножува, т.е кога прави копии на своите белковински компоненти, овие белковини мораат да бидат точно исечени пред тој да се оформи во созреан вирус. Протеазите се одговорни за прецизното сечење на белковините во потребните димензии. Кога протеазите се блокирани или инхибирани, белковините не можат да бидат прецизно разделени и оштетениот вирус не може да ја инфецира примарната клетка. Првиот протеазен блокирач, саквинавир, е одобрен да се користи во комбинација со зидовудин.[52] Во март 1996 година е одобрена употребата на уште два лека, ритонавир[65] и индинавир,[66] поединечно или во комбинација со други лекови. Лекот нелфинавир[67] е одобрен во март 1997 година, а ампренавирво април 1999 година.[68] Прелиминарните резултати на американските и европските студии покажале дека овие лекови предизвикуваат драстично зголемување на бројот на CD4 Т-клетките и смалување на концентрацијата на ХИВ-вирусот. Резултатите од примената на овие лекови покажале дека тие се два до трипати поефикасни од претходните терапии. Меѓутоа, ХИВ-вирусот брзо развива резистенција кон овие лекови, особено кога се користат поединечно.
Засега, единствената добра терапија се заснова на конзумирање на три лека - два инхибитора на реверзна транскриптиза и еден протеазен инхибитор (високоактивна антиретровирална терапија). Меѓутоа, комбинираната примена на овие лекови (т.н. антивирусен коктел) доведува до низа споредни ефекти (дијареа, анемија, грчеви во стомакот), но нивната константна употреба може да доведе до редукција на ХИВ-вирусот до граница кога тој не би можел да се регистрира со тестовите. Антивирусниот коктел може да содржи и ненуклеозидни инхибитори на реверзна транскриптиза.[69] Тоа е група на лекови против ХИВ која е одобрена од американското здружение во јуни 1996 година.[70] Овие лекови делуваат слично како и обичните инхибитори, но не се конкурентни како нив. Првиот лек од оваа гурпа е невирапин, чија употреба е одобрена во 1996 година.[71] Подоцна, во употреба се воводени и делавирдин и ефавиренз. Сите три лека се ефикасни само доколку се употребуваат со обични инхибитори, а не смеат да се комбинираат со протеазни инхибитори.
Третман за инфекции и карцином
уредиЗа лечење на опортунистичките инфекции се користат различни лекови во зависност од видот на инфекцијата. Фоскарнет и ганцикловир се користат во случај на цитомегаловирусни инфекции, флуконазол се користи за терапија на гливични инфекции, а триметоприм-сулфометоксазол се користи за лечење на пневмоцистоза и нејзина превенција кога бројот на Т-лимфоцитите ќе падне под 200/мм³ во крвта. Доколку во организмот на болниот се развие Капоши сарком или тумор, се користи радиотерапија, хемотерапија или инјекциите алфа-интерферон.[72]
Нуспојави при текот на терапијата
уредиЧесто пропратен ефект при антивиралната терапија е липодистрофија, која претставува промена на количината на масните ткива во поединечни делови на телото. Се појавуваат воспалени образи, раце, нозе на кои се јасно воочливи вените. Масното ткиво се таложи во пределот на стомакот и во задниот дел на вратот а се зголемуваат и дојките. Сите овие промени се јавуваат постепено, а се видливи по повеќемесечно конзумирање на лековите (обично по една година). За време на терапијата може да дојде и до зголемување на маснотиите во крвта (холестерол и триглицерид). За да се спречат кардиоваскуларните болести, се воведува посебен режим на искрана, редовно се контролира крвниот притисок и по потреба се конзумираат лекови за смалување на маснотиите во крвта (хиполипемици). Останатите непосакувани ефекти кои може да се јават во текот на антивиралната терапија е зголемувањето на гликозата во крвта. Една од најтешките нуспојави, која се појавува многу ретко, е лактичка ацидоза со масни деформации на црниот дроб. Симптомите кои тогаш се појавуваат се: општа слабост, мачнини, повраќање, губење на апетитот и тежината, болки во стомакот, отежнато и забрзано дишење, пролив и болки во мускулите.[64]
Алтернативна медицина
уредиВо САД приближно 60% од заболените користат некој облик на алтернативно лечење.[73] Покрај широката распространетост и популарност, не е докажана ефикасноста на оваа терапија.[74] Акупунктурата се препорачува за ублажување на разни симптоми, но не и како лек за сида.[75]
Излечени пациенти
уредиВо Берлин, во 2008 година е забележан случај излечен од сида. Пациентот боледувал од леукемија и му е извршена трасплантација на матичните клетки од коскената срж од лице кое е генетички имуно на ХИВ-вирусот (благодарејки на мутацијата позната како CCR5, која ја имаат 3% од Европејците). Овој случај ги поттикна понатамошните истражувања во областа на генетската терапија против сидата.[76]
Превенција
уредиБидејќи вирусот најчесто се пренесува при сексуални односи (анален, вагинален или орален однос со заразено лице), користењето на презерватив при овие секслуални чинови значајно ги смалува шансите за инфекција. Често се заразуваат и корисниците на дрога кои користат иста игла, па се препорачува за секоја потреба, да се користи нова стерилна игла. Во текот на бременоста, пораѓањето и доењето постои ризик да се пренесе инфекцијата врз новороденчето.[77] При ова се препорачува трудниците да бидат на антиретровирална терапија во текот на бременоста, да се породат со царски рез и на новороденчето да му се даде антиретровирална терапија во првите неколку месеци од неговиот живот. Доење не се препорачува бидејќи така се заразуваат 50% од новороденчињата.[78] Лек за сидата сè уште не постои,[79] па затоа превентивните напори најнапред се насочуваат кон едукација на луѓето за начинот на ширење на вирусот и мерките кои треба да се преземат за да не дојде до инфекција.[80]
1 декември е обележан како Светски ден на борбата против сидата, почнувајќи од 1988 година.[81] Во 1991 година, црвената лента е установена како симбол на борбата против сидата,[82] а во 1996 година со работа почна Заедничката програма на Обединетите нации во борбата против сидата (англ.UNAIDS),[83] кој е основан две години пред тоа со резолуцијата на Економскиот и Социјалниот совет на ООН.[84]
Стигма и дискриминација
уредиСтигма е негативен став кон луѓето кои имаат сида (не во буквална смисла). Таа потекнува од верувањето дека вирусот се пренесува преку каков било контакт со заразениот. Стигмата се манифестира во вид на прогонување, одбивност и дискриминација кон ХИВ-позитивните особи. Забележани се тестирања без претходна согласност на поединецот или пак податоците се чуваат во тајност, насилност кон заразените особи или кон оние за кои се сомневаат дека се заразени, ставање на ХИВ-позитивните особи во карантин итн.[85][86] Поради страв од многу луѓе се спречени да одат на тестирање или да побараат помош, така што се зголемува смртноста и ширењето на болеста.[87] Рајан Вајт во САД, тинејџер од Индијана, станал заштитно лице на постерите против сида, одкога е исфрлен од школо бидејќи дознале дека е ХИВ-позитивен.[88] Стигмата за сидата се дели на три категории:
- посредна (англ.Instrumental AIDS stigma), која настанува поради страв или загриженост, исто како во случај со било која друга заразна или смртна болест.[89]
- симболичка (англ.Symbolic AIDS stigma), кога сидата се користи да би се предизвикало страв кај друштвените групи или кон стилот на животот за кој се верува дека има поврзаност со сидата.[89]
- услужна (англ.Courtesy AIDS stigma), кога се стигматизираат луѓето кои на каков било начин имаат поврзаност со сидата или ХИВ-позитивните личности.[90] Ова подеднакво важи за волонтерите и професионалците.[91]
Во многу развиени земји постои поврзаност помеѓу сидата и хомосексуалното или бисексуалното однесување. Всушност таа поврзаност предизвикува разни сексуални , пропратени со хомофобија.[92] Постојат разни облици на дискриминација кон ХИВ- позитивните особи: скратување на правото за основно и средно образование, губење на работно место, одбивање за медицинска нега, медиумска кампања и сензационалистичко известување за случувањата во кои се вклучени инфецираните особи, одбивање за вклучување во листата за пресадување на орган, одбивање од страната на околината (семејството и пријателите), полициска бруталност и изолација на ХИВ-позитивните особи, физичко малтретирање итн.[91]
Наводи
уреди- ↑ Acquired Immunodeficiency Syndrome (AIDS), MedicineNet.com
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Šta je AIDS / sida Архивирано на 20 април 2010 г., AIDS resurs
- ↑ Difference Between AIDS and HIV, DifferenceBetween.net
- ↑ 4,0 4,1 ХИВ - СИДА Архивирано на 3 декември 2011 г., Канцер
- ↑ Одобрен лек против сида!, Zazabava.com
- ↑ СЗО: Постарите лица изложени на сè поголем ризик од заразување со ХИВ вирусот Архивирано на 25 септември 2011 г., Алфа, 4 март 2009
- ↑ AIDS epidemic update, декември 2007
- ↑ Worobey M, Gemmel M, Teuwen DE, et al. 2008. Direct evidence of extensive diversity of HIV-1 in Kinshasa by 1960. Nature 455 (7213): 661-664. doi:10.1038/nature07390. PMID 18833279.
- ↑ Origin of AIDS virus traced to 100 years ago, study finds
- ↑ „Research and Knowledge Transfer“. Архивирано од изворникот на 2007-05-19. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ Origin of HIV in Africa Архивирано на 1 декември 2010 г., About.com
- ↑ Gottlieb MS (2006). Pneumocystis pneumonia-Los Angeles. 1981}. Am J Public Health '96 (6): 980–1
- ↑ The evolving definition of AIDS, Robert Root-Bernstein
- ↑ „Luc Montagnier“. Архивирано од изворникот на 2008-09-07. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ Isolation of a T-lymphotropic retrovirus from a patient at risk for acquired immune deficiency syndrome (AIDS).
- ↑ Nobel prize for viral discoveries, BBC, 6 октомври 2008
- ↑ Detection, isolation, and continuous production of cytopathic retroviruses (HTLV-III) from patients with AIDS and pre-AIDS.
- ↑ Isolation of lymphocytopathic retroviruses from San Francisco patients with AIDS
- ↑ What to call the AIDS virus?
- ↑ „Свет здравља“. Архивирано од изворникот на 2009-09-27. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ HIV and Its Transmission, Centers for Desease Control and Prevention
- ↑ „Transmission“. Архивирано од изворникот на 2011-08-22. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ Worldwide HIV & AIDS Statistics Commentary, AVERT
- ↑ The first postmodern pandemic: 25 years of HIV/ AIDS, L. O. Kallings, 17 јануари 2008
- ↑ Worldwide HIV & AIDS Statistics, AVERT
- ↑ http://data.unaids.org/pub/EPISlides/2007/2007_epiupdate_en.pdf
- ↑ http://data.unaids.org/pub/Report/2009/JC1700_Epi_Update_2009_en.pdf
- ↑ „Нови 25 заразени случаи од ХИВ/СИДА“, Дневник, год. XVII, бр. 5316, петок, 15 ноември 2013, стр. 7.
- ↑ „Нови 26 заразени со ХИВ за 7 месеци, а лани 27 за цела година“, Дневник, година XVIII, број 5536, петок, 8 август 2014, стр. 5.
- ↑ http://www.avert.org/worldstats.htm
- ↑ http://www.avert.org/hiv-types.htm
- ↑ -{Textbook of Pathology by Harsh Mohan}-, ISBN 81-8061-368-2
- ↑ -{Alimonti JB, Ball TB, Fowke KR (2003). "Mechanisms of CD4+ T lymphocyte cell death in human immunodeficiency virus infection and AIDS.". J. Gen. Virol. 84 (7): 1649–1661.}-
- ↑ -{Feldman C (2005). "Pneumonia associated with HIV infection". Curr. Opin. Infect. Dis. '18 (2): 165–170.}-
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-09-13. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.stetoskop.info/Pneumocistoza-1176-c36-sickness.htm?b9
- ↑ http://www.stetoskop.info/Pneumocystis-carinii-2068-c60-sickness.htm
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-12-13. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.stetoskop.info/Toksoplazmoza-962-c36-sickness.htm
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-08-22. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.stetoskop.info/Cryptococcus-species-2051-c60-sickness.htm
- ↑ http://journals.lww.com/aidsonline/Abstract/2008/05310/AIDS_related_Histoplasma_capsulatum_var_.6.aspx
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-03-05. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.stetoskop.info/Citomegalovirus-infekcija-838-c36-sickness.htm
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-07-06. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-05-18. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-07-27. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-02-27. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-03-10. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ 50,0 50,1 50,2 50,3 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-07-14. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ 51,0 51,1 51,2 51,3 http://www.avert.org/stages-hiv-aids.htm
- ↑ 52,0 52,1 52,2 52,3 52,4 http://www.stetoskop.info/AIDS-SIDA-Morbus-HIV--661-c36-sickness.htm?b7
- ↑ http://www.porodicnilekar.net/index.php?option=com_content&view=article&id=235:sida-aids-morbus-hiv&catid=55:infektivne-zarazne-bolesti&Itemid=66
- ↑ 54,0 54,1 http://www.cdc.gov/mmwr/preview/mmwrhtml/00018871.htm
- ↑ http://www.retrovirology.com/content/3/1/72
- ↑ http://guava.physics.uiuc.edu/~nigel/courses/598BIO/498BIOonline-essays/hw2/files/hw2-xu.pdf
- ↑ http://www.avert.org/aids-history-86.htm
- ↑ http://www.thebody.com/content/art14002.html#asterisk
- ↑ http://aids.about.com/od/themostcommonquestions/f/defining.htm
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-02-26. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.huhiv.hr/userdocs/File/bilten%204%202007.pdf[мртва врска]
- ↑ http://www.avert.org/testing.htm
- ↑ http://www.sfaf.org/aids101/hiv_testing.html
- ↑ 64,0 64,1 Прирачник за ХИВ советување и тестирање, Хрватски завод за јавно здравство, Загреб 2006. ISBN 953-7031-15-2
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-11-25. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-07-07. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-09-18. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-07-07. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.avert.org/treatment.htm
- ↑ http://library.thinkquest.org/03oct/01335/en/txt/nnrti.html
- ↑ http://www.voanews.com/croatian/news/a-37-2008-02-13-voa3-86239147.html?CFTOKEN=47503755&renderforprint=1&textonly=1&TEXTMODE=1&CFID=77610764
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-01-14. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ -{Littlewood RA, Vanable PA (September 2008).}- -{"Complementary and alternative medicine use among HIV-positive people: research synthesis and implications for HIV care"}-. -{AIDS Care 20 (8): 1002–18}-.
- ↑ -{Mills E, Wu P, Ernst E (June 2005). "Complementary therapies for the treatment of HIV: in search of the evidence". Int J STD AIDS 16 (6): 395–403.}-
- ↑ -{Nicholas PK, Kemppainen JK, Canaval GE, et al. (February 2007). "Symptom management and self-care for peripheral neuropathy in HIV/AIDS". AIDS Care 19 (2): 179–89}-
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-09-17. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.stetoskop.info/HIV-AIDS-2946-s1-content.htm
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-08-20. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.stetoskop.info/Resena-zagonetka-HIV-virusa-4710-s1-news.htm
- ↑ http://www.avert.org/aids-hiv-education.htm
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот 2001-12-02. Посетено на 2001-12-02.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-02-19. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.unaids.org/en/AboutUNAIDS/Governance/default.asp
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-07-16. Посетено на 2010-09-02.
- ↑ http://www.avert.org/hiv-aids-stigma.htm
- ↑ http://data.unaids.org/pub/GlobalReport/2006/2006_GR_CH04_en.pdf
- ↑ -{Ogden J, Nyblade L}- (2005). -{Common at its core: HIV-related stigma across contexts}- Архивирано на 2 мај 2013 г. -{International Center for Research on Women}-.
- ↑ -{Johnson, Dirk (April 9, 1990).}- -{Ryan White Dies of AIDS at 18; His Struggle Helped Pierce Myths}-
- ↑ 89,0 89,1 -{Herek GM, Capitanio JP (1999).}- -{AIDS Stigma and sexual prejudice}- Архивирано на 9 април 2006 г. -{American Behavioral Scientist '42 (7): 1130-1147.}-
- ↑ -{Snyder M, Omoto AM, Crain AL (1999). Punished for their good deeds: stigmatization for AIDS volunteers. American Behavioral Scientist '42' (7): 1175–1192. }-
- ↑ 91,0 91,1 Јована Стојановски, Марина Стојановић, Милена Првуловић Стигма и дискриминација људи који живе са ХИВ-ом, ГИП експертски центар за ХИВ и сиду у Србији, Београд 2007.
- ↑ -{Herek GM, Capitanio JP, Widaman KF (2002).}- -{HIV-related stigma and knowledge in the United States: prevalence and trends, 1991-1999}- Архивирано на 26 април 2011 г.. -{Am J Public Health '92 (3): 371–7.}-
Статијата „Синдром на стекнат имунолошки дефицит“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |