Московски кремљ

(Пренасочено од Московски Кремљ)

Московскиот кремљ (руски: Московский Кремль) — историски комплекс во центарот на Москва, Русија. Самиот комплекс е опкружен од реката Москва од југ, црквата Свети Василиј и Црвениот плоштад на исток, до Александровата градина на запад. Овој кремљ е најпознатата руска тврдина, во чиј состав се наоѓаат четири палати и четири катедрали. Самата тврдина е обиколена од Кремљските ѕидини, на кои пак се поставени дваесет кули.[1]

Московски кремљ
Московский Кремль

Московски Кремљ
Општи информации
Место Москва
Квадратура 27,7 ха
Должина на ѕидот 2500 метри
Кули и порти
Број на кули 20
Број на капии 4
Висина на кули до 80 м
Дебелина на кулите 24м↔
Ѕид
Висина од 5 до 19 м
Дебелина од 3,5 до 6,5 м

Самиот назив Кремљ честопати се користи како метоним на владата на Советскиот Сојуз (19221991), бидејќи во тоа време овде се наоѓале работните канцеларии на генералните секретари, премиери, претседатели, министри и комесари. Денес, комплексот служи како официјално седиште на претседателот на Русија.

Историја

уреди
 
План за градот, 1917 година

Во текот на своето постоење, Московскиот кремљ доживеал голем број на реконструкции. Изгледот на тврдината на неколкупати бил менуван. Секое раздобје од историјата на Русија и владетелите кои управувале со него, оставале своја трага во изградбата и развојот на градот. Најголеми заслуги за развојот и опстојувањето на Московскиот кремљ им се препишува на: Иван III Василевич, Катерина Велика и Николај I.

Рана историја

уреди

Територијата каде денеска се наоѓа Московскиот кремљ била населена уште во 2 век п.н.е. Во текот на 11 век, започнале да се појавуваат првите градови по долината на реката Волга, како што биле Владимир и Ростов. Во почетокот на 12 век, Русите започнале интензивно да ја колонизираат долината на реката Волга. Така, главно поради проблемите кои им биле задавани од страна на номадските племиња, политичкиот центар на Русија во тоа време се преместил од реката Днепар, кон горниот тек на реката Волга. Најголемата колонизација на тие региони започнала кон средината на 12 век, и тоа на територијата на Владимирско-суздаљското Кнежевство, на чие чело во тоа време се наоѓал Јуриј Долгоракиот, син на киевскиот кнез Владимир Мономах, со седиште во градот Владимир. Со преместувањето на центарот на државата по долината на реката Волга биле отворени нови трговски патишта кон Средна Азија, наместо старите кои ја поврзувале старата руска престолнина Киев со Цариград и германскиот град Ханза.

 
Приказ на Кремљ во времето на Иван III

Територијата на денешна Москва во тоа време била од големо значење, главно поради тоа што претставувала крстопат помеѓу копнените и речните трговски патишта[2]. Тој простор, кој бил опкружен со две реки од една страна, односно денешните реки Москва и Неглина, и густите шуми од друга страна, бил стратегиски многу значаен, бидејќи на месното население давало голема предност во одбраната и постојаните напади од номадските племиња. Така, поради својата поволна стратешка позиција, таа територија била пресудна за создавање на еден голем градски центар, кој во следните години ќе се носи со големите градови како Владимир или Киев.

Првото познато племе кое опстојувало на овие простори било словенското паганско племе Вјатичи. Ова племе било меѓу првите словенски племиња кои го примиле христијанството како своја религија. Самото име Москва, во руските историски документи за првпат се појавуваво 1147 година[3]. Денеска постојат голем број на легенди за настанувањето на тоа име. Една од најпопуларните легенди е онаа на еден руски историчар од 16 век, кој напишал за човек по име Мосок. Тој човек се смета за основач на градот Москва. Според истата легенда, Мосок имал сопруга која се викала Ква, па одовде произлегло и името на градот Мос-Ква. Со текот на времето, градот станувал значајно место за трговците кои минувале или престојувале во него. Освен ова, градот започнал да се проширува, па започнал да има и значајна улога на политичката мапа на земјата. Главно поради ова, градот станал место каде сè почесто започнале да доаѓаат различни народи и племиња, и истиот да го ограбуваат.

Кон средината на 12 век бил изграден дрвен ѕид на источниот дел од градот, која се сметала за најслабата точка и ги поврзувала реките Москва и Неглина. Така, за првпат била изградена една тврдина, која денеска е позната под името Московски кремљ. Во 1156 година во источниот дел на тврдината бил изграден канал кој ги поврзувал двете реки кон градот[4]. Во текот на 1156 година, големиот кнез Јуриј Долгоракиот околу Москва ги изградил првите ѕидини од дрво[5]. Подоцна, овој кнез започнал да се смета како основач на градот Москва.

Самиот збор кремљ е поврзан со градот Москва, и за првпат се споменува во извештаите поврзани за московскиот пожар од 1331 година. По овој пожар, самиот збор се изгубил и не бил среќаван во наредните два века, сè до 1589 година, кога бил изграден ѕид. Тој ѕид бил значително поголем за разлика од претходниот, главно поради тоа што населението на градот бил значително зголемено. Во тие документи, за седиште на царот, односно за негова резиденција во Москва, бил употребуван називот Кремљ.

Изградба

уреди
Хронолошки развој
на Кремљските објекти
Изградба Година Реконструкција
1475–79 Катедрала на Успението
1484–86 Црква на Пресвета Богородица во Влахерна
1484–89 Благовештенска црква 1564
1485–99 Кремљски кули 17-19 век
1487–92 Голем кремљски дворец
1505–08 Архангелска катедрала 18 век
1505–08 Камбанарија на Иван Велики 1543, 1600, 1823
1635–36 Теремска палата
1651–52 Забавен дворец ~ 1875
1653–56 Црква Свети Апостоли
1702–36 Кремљски арсенал 1796, 1828
1776–87 Кремљски сенат
1838–49 Голем кремљски дворец
1844–51 Палата на оружјето
1930–34 14. корпус во Кремљ
1960–61 Државна кремљска палата

За развојот на градот Москва и Кремљ, значаен период од историјата на градот била монголската инвазија и доминација, која траела сè до распаѓањето на Златната орда во 1405 година. Тој период од историјата на градот е значаен главно поради тоа што тогаш настанало обединување на руската држава и создавање на Големото Московско Кнежевство.

Првиот владетел, кој управувал со Кремљ бил Васил Данаилович Калита (1327-1341), кој Златната Орда ја принудил да му ја признае титулата голем московски кнез. Освен тоа, тој повеќе не морал да плаќа данок на Златната Орда, кое дополнително му овозможило да се стекне со материјални средства. Со ова започнал и процесот на зајакнување на Московската Држава. Во тоа време, градот Москва и формално ја презела улогата на престолнина на земјата од дотогашниот главен град Владимир на Волга[6]. Освен ова, верскиот поглавар Петар и неговиот наследник Теогност го преместиле седиштето на руската епархија од Владимир во Москва, кое придонело градот да стане и духовна престолнина на руската држава. Таквиот развој на настаните му овозможил на Кремљ да одигра значајна улога во натамошната историја на Русија. Самиот владетел Калита се стремел Москва да ја претвори во голем град. Во текот на неговото владеење биле изградени првите цркви во Московскиот кремљ. Исто така биле обновени и ѕидините околу градот.

Првиот московски и руски владетел, кој успеал да ги порази Татарите бил внукот на Калита, Димитриј Донски, и тоа во Куликовската битка од 1380 година. Во 1367 година, големиот кнез Димитриј Донски ги поставил темелите на Московскиот кремљ. Во исто време, градот бил проширен кон неговата источна страна. За изградба на Кремљските ѕидини бил користен бел камен. Самиот бедем се состоел од два потпорни ѕида кои биле исполнети со чакал. На бедемот се наоѓало и одбранбено оружје, како и војска која го заштитувала градот од можни напади. Претходните дрвени капии биле заменети со железни.

Димитриј Иванович Донски

уреди

Овие ѕидини имале големо политичко и стратешко значење за Москва и нејзиниот владетел Димитриј Донски. Овие градски бедеми ја одликувале моќта на Москва над останатите руски градови, како во политичка така и во воена смисла. Во текот на 1368 година, литванскиот кнез Олгерд тргнал кон воен поход чија цел била освојување на Москва.

Но, кога пристигнал пред градските ѕидини и кога увидел дека нема да може да ги заземе, тој побарал примирје. Во 1368 година се случила опсада на градот од страна на Татарите. Во текот на оваа опсада, ѕидините биле пробиени. Главно поради поразот на Татарите во Куклиновата битка, канот Токтаниш наредил да се разруши целиот кремљ. Така, голем број на цркви и палати, според некои податоци, биле целосно разрушени, опожарени или ограбени.

Во текот на таа инвазија, биле убиени околу 24.000 жители на градот. По заземањето на градот од страна на московските власти, кремљ бил многу бргу обновен. Така биле изградени нови катедрали и дворци, голем дел од нив на темелите на старите. Освен тоа, повторно биле изградени и ѕидините на градот.

Занимлив е фактот што доколку се погледне денешната карта на градот Москва, ќе се забележи дека неговото население и денеска главно е концентрирано околу Московскиот кремљ, и самата тврдина се наоѓа во центарот на градот. Со мали измени, обликот на Кремљ од тоа време се задржал до денес. Сепак, мора да напомене дека од старите ѕидини од 14 век, денеска нема останато ништо. Во следните два века, тврдината станала најголемата во земјата.

Ренесансен кремљ

уреди
 
Поглед од сите страни на реката Москва во 1820-тите
 
Теремската палата во 17 век
 
Панорама од градот во 1908

Во текот на втората половина на 15 век, Русија и понатаму била обиколена со непријателски соседи. Швеѓаните и Литванците од север и запад ја затворале границата кон Европа. И покрај тоа што во 1405 година Златната Орда се распаднала заедно со татарската држава, голем дел од татарските племиња и понатаму ѝ задавале проблеми на руската држава. Голем дел од денешните градови и провинции во Русија биле автономни или независни. Наспроти ова, во Западна Европа се родила ренесансата.

Најуспешен владетел од овој период бил Иван III (1462-1505), човек кој ги удрил темелите на новата руска држава, протерувајќи ги татарските племиња и проширувајќи ја својата држава. Тој се оженил за византиската принцеза, а во својот двор донел голем број на архитекти, сликари, писатели и уметници од Рим и Цариград. На тој начин, во Москва и Кремљ започнале да се мешаат византиската и западноренесансната култура, кое имало големо значење за изгледот на самиот Кремљ.

По падот на Констнтинопол, градот Москва започнал да се нарекува Трети Рим, а самата руска држава сметала дека е директен наследник на Византија. Во 1485 година започнала голема реконструкција на Кремљ. Во 1474 година, по препорака на руската царица, Иван III во Италија го испратил Симон Толбузин, стручњак по архитектура, со цел во Русија да го доведе најдобриот достапен архитект. Така, следната година, заедно со него во Кремљ пристигнал Ридолфо Фираванти Аристотеле де Болоња, еден од најпознатите италијански мајстори во областа на архитектурата, металургијата, инженерството и градењето на воени тврдини. Мисиите од таков тип, во текот на следните дваесетина година, на неколкупати се поновиле. Така, на реконструкцијата и повторната изградба на Московскиот кремљ работеле најголемите италијански ренесансни мајстори од 15 век. Така во тоа време биле изградени осумнаесет кули. Прва кула која била изградена била Таинитската кула. Сите кули биле покриени со дрвен кров. Висината на кулите варирала од 28 метри до 71 метар, во зависност од времето и намената.

Во поглед на оваа реконструкцијата на ѕидините и изградбата на кулите, во голем степен се почувствувала присутноста на италијанската ренесанса. За разлика од ова, сосема различно било при изградбата и реконструкцијата на христијанските цркви и катедрали, кои се наоѓале во внатрешноста на градот. Така, при изградбата на храмовите била користена старата руска и византиска архитектура, разграничувајќи ги православните од римокатоличките храмови во Европа.

Реконструкцијата на Кремљ била завршена во времето на Василиј III Московски, син на Иван III.

Период до октомвриската револуција

уреди

Основниот облик кој го добил Московскиот кремљ во времето на Иван III и Василиј III се одржал во наредните неколку векови. Најголемите промени Московскиот кремљ ги доживеал во времето на Наполеонската инвазија на Русија, како и во времето на нацистичкото бомбардирање на градот во текот на Втората светска војна, кога германската војска стигнала на само педесетина метри до самиот Кремљ. Меѓу владетелите кои оставиле трага во Московскиот кремљ се наоѓа и Иван Грозни, кој во текот на 16 век изградил неколку цркви и катедрали. Во текот на 1571 година, во времето на Иван Грозни, градот бил заземен од страна на Кримскиот каганат. Новите владетели успеале да го изгорат градот, со исклучок на Кремљ.[7]

Михаил Романов во почетокот на 17 век ја обновил тврдината и ѕидините.

Во времето на Петар Велики, престолнината на Руското Царство по четири века била префрлена од Москва во Петроград, главно поради приближувањето на Русија кон европската култура. Во времето на француската инвазија на градот, односно кога Наполеон Бонапарт влегол во Кремљ, скоро целиот комплекс бил опожарен. Големиот пожар бил предизвикан од страна на руската војска која не сакала симболот на својата историја да го остави во рацете на освојувачите. По влегувањето во градот, самиот Наполеон разбрал дека неговите победнички битки се при крај, па затоа се повлекол. Кон крајот на XIX век и почетокот на XX век се јавила идејата Кремљ, како споменик на руската историја и култура да се претвори во голем џиновски музеј, но тие планови не се оствариле бидејќи во 1917 година започнала октомвриската револуција.

Најнова историја

уреди

Во текот на март 1918 година била формирана првата советска влада. Болшевиците, престолнината на Русија ја префрлиле повторно во Москва, односно во Кремљ. Од тој момент, сè до 1955 година Кремљ бил забранет за јавноста. Новата комунистичка влада немала големо разбирање за историските и културните вредности на христијанските храмови. Така, голем дел од нив биле разрушени или користени за други цели. На местото на Златниот орел, на врвот од Кремљските кули биле поставени комунистички ѕвезди. Исто така било наредено ѕидините, заедно со кулите да бидат обоени во црвено. Ѕидините во близина на Лениновиот мавзолеј биле претворени во некропола, каде се наоѓаат останки на неколку заслужни советски граѓани.

По распаѓањето на Советскиот Сојуз, Кремљ бил вклучен во списокот на светско и културно наследство на УНЕСКО, како единствен културен и историски споменик од голема уметничка, културна и историска вредност. Денеска Кремљ е една од најголемите туристички атракции во Русија. Во него денеска се наоѓа резиденцијата на рускиот претседател како и други владини сектори.

Градби

уреди

Кули

уреди
 
Спаска кула

Кремљските ѕидини и кули се дело на италијански мајстори. Периодот на нивната изградба започнал во 1485 година, а истите биле завршени по десетина години. Во почетокот, кулите биле осумнаесет на број, за да во текот на 17 век бидат изградени уште две кули. По заземањето на власта од страна на болшевиците, кулите заедно со ѕидините биле избоени со црвена боја, симбол на комунизмот.

Една од најпознатите кули во Московскиот кремљ е Спаска кула. Позната ѝ како Фроловска кула, таа претставува главна кула на Московскиот кремљ. Кулата има еден влез, и е на пет катови. Кулата била изградена во 1491 година од страна на италијанскиот архитект Пјетро Антонио Солари од Милано[8]. Во текот на XIX век, кулата служела и како часовник. Во истиот век местото станало многу популарно во градот. Во 1935 година, на нејзиниот врв наместо двоглавиот орел била поставена советската црвена ѕвезда. Висината на кулата е 80 метри, заедно со црвената ѕвезда која се наоѓа на врвот.

Друга позначајна кула во Кремљ е Водоснабдителната кула. Кулата била изградена во 1488 година од страна на италијанскиот архитект Антонио Фријазин[9]. Кулата е позната и под називот Свибловска кула, кој назив пак доаѓа од аристократското семејство Свиблови, кои живееле во непосредна близина на дворот. Во текот на својата историја, кулата на неколкупати била реновирана.

Во 1633 година, таа служела за пренос на вода од реката Москва кон Кремљ. Од овде, оваа кула денеска е позната како водоснабдителна кула. Во 1812 година, при повлекувањето на Наполеон Бонапарт од Москва, кулата била скоро целосно уништена. Во периодот од 1817-1819 година, кулата била повторно реставрирана од страна на архитектот Јосип Бов. Во 1937 година, на нејзиниот врв била поставена ѕвезда. Така, нејзината висина денеска е 61,25 метри,заедно со ѕвездата.

Палати

уреди

Кремљски сенат

уреди
 
Кремљски сенат

Кремљскиот сенат е објект во кој се наоѓа претседателската резиденција на Русија. Градбата била нарачана по налог на руската царица Катерина Велика, а како главен проектант бил избран Матвеј Казаков[10]. Изградбата на објектот траела од 1776 до 1787 година. Во оваа неокласична зграда првично бил сместен рускиот сенат, кое во времето на Царска Русија била највисока законодавна установа. Во текот на своето постоење, од оваа зграда управувале голем број на руски владетели. По заземањето на власта од страна на болшевиците, овде била сместена канцеларијата на Ленин, а подоцна ова станала зградата во која се наоѓал Советот на министри на СССР. Денеска, овој дворец претставува работна просторија на претседателот на Руската Федерација.

Државна кремљска палата

уреди

Државната кремљска палата, до 1992 година позната и како Кремљска конгресна палата[11] била изградена по иницијатива на Никита Хрушчов, како модерна палата за состаноци на Комунистичката партија. Градежните работи започнале во 1959 година, а целосно градбата била завршена и официјално отворена на 22-иот конгрес на КПСС, односно на 17 октомври 1961 година. Во 1962 година, на архитектот на објектот, М. Посокин, му била доделена Ленинова награда за неговиот успех. Главната сала, каде се одржуваат состаноците, може да собере 6.000 гости. Во тоа време, оваа сала се сметала за една од најсовремените во светот. Во текот на својата историја, објектот станал место каде се одржувале голем број на манифестации, особено партиските конгреси. Денеска, објектот се користи како концертна сала, балетска сала, театар и слично.

Голем кремљски дворец

уреди
 
Голем кремљски дворец

Големиот кремљски дворец бил изграден во периодот од 1837 до 1851 година во Москва, Русија, на местото на поседот на великите кнезови, основани во 14 век на Боровицскиот Рид[12]. Конструиран е од тим архитекти под водство на Константин Тон со намера да се потенцира величината на руската аристократија. Големиот кремљски дворец порано била московската резиденција на царот. При изградбата морал да се сруши постојниот барокен дворец, конструиран од Растрели, како и црквата Св. Јован Крстител, конструирана по нацрт на Алевиз Новиот на местото на најпрвата црква во Москва.

 
Државен историски музеј

Петте приемни сали (Георгиевска, Владимирска, Александрвоска, Андреевска и Екатеринска) се именувани по ордени на Руското Царство: Георгиев, Владимиров, Александров, Андреев и Катеринин. Георгиевската сала (слика Архивирано на 27 септември 2007 г.) денес се користи за државни и дипломатски приеми како и официјални церемонии. Во оваа сала се потпишуваат меѓународни договори (слика Архивирано на 27 септември 2007 г.). Исто така таа води до Избршушената палата, Златната одаја на царицата, Теремскиот дворец, Зимскиот дворец, и Државниот кремљски дворец. Александровската (слика Архивирано на 27 септември 2007 г.) и Андреевската сала (слика Архивирано на 27 септември 2007 г.) во советско време биле споени за состаноци и конференции на Врховниот совет на СССР; во 1990-тите биле раскошно реставрирани според Тоновите дизајни.

Државен историски музеј

уреди

Државниот историски музеј е музеј кој се наоѓа на Црвениот плоштад. Овој музеј содржи реликвии од најстаро време од руската историја, па до денес. Музејот до 1917 година се викал Царски руски историски музеј, а до 1881 година Музеј на Негово царско Величество. Музејот бил отворен по налог на рускиот император Александар II Руски на 21 февруари 1872 година. Како главен архитект бил избран Владимир Осипович Шервуд. Денешната зграда започнала била изградена во периодот од 1875 до 1881 година. Првата официјална изложба се случила по две години, за време на посетата од царот и неговата сопруга[13]. Во 1894 година Александар III Руски станал почесен претседател на музејот и наредната година, 1895 година, музејот бил преименуван во "Царски руски историски музеј Цар Александар III[14]. Внатрешноста на музејот била уредена од страна на врвни руски уметници, како Виктор Васнецов, Хенрих Семирадски и Иван Ајвазовски.

Храмови

уреди

Поранешни храмови

уреди

Една од најстарите цркви која била изградена во Московскиот кремљ била катедралата на Преображението, која била изградена во 1330 година. Тој храм бил уништен односно разрушен во 1933 година. Овде биле погребени голем дел од московските кнезови и кнегињи.

Чудовиот манастир исто така бил еден од првите кои биле изградени во Кремљ. Манастирот бил основан во 1358 година, од страна на Митрополитот Алексеј Московски. Целосната изградба на манастирот била завршена во 1365 година. Во текот на својата историја, манастирот на неколкупати бил оштетуван и повторно реновиран. Чудовиот манастир бил разрушен во 1929 година, заедно со уште неколку градби како Манастирот на Вознесението, со цел да се отвори простор за изградба на Воена школа на Централниот извршен комитет.[15].

 
Чудов манастир

Манастирот на Вознесението бил женски манастир. Во овој манастир биле погребени голем број на принцези, царици и други благородни дами[16]. Се верува дека манастирот бил основан во 1389 година, во времето на Димитриј Донски. Во текот на својата историја, храмот на неколкупати доживувал катастрофи. Така кон средината на 15 век, манастирот бил опожарен, за да во 1467 година биде повторно изграден и реновиран од страна на принцезата Марија Јарославна, сопруга на Василиј II Московски. Во текот на Француската инвазија на Русија во 1812 година, една од најголемите реликвии на црквата, иконата на Богородица Одигитрија, била преместена во Вологда. Во текот на XIX век, покрај оваа црква била изградена и нова црква, посветена на Света Катерина. Во текот на октомвриската револуција, голем дел од старите градби во Московскиот кремљ биле оштетени. Манастирот на Вознесението не бил поштеден, уништувајќи голем дел од нејзините ѕидини и куполи. По заземањето на власта од страна на болшевиците, црквата во 1918 година била затворена, а монахињите биле принудени да го напуштат манастирот. По два месеци од нејзиното затворање, Комисијата за конфискација на црковни вредности и скапоцености наредила скапоцената икона да биде префрлена во Државниот историски музеј. Во април 1929 година, по иницијатива на началникот на Кремљ, Петерсон, владината комисија зела решение за рушење на манастирот, заедно со Чудовиот манастир, со цел да се отвори простор за изградба на Воена школа на Централниот извршен комитет. За зачувување на старите икони и иконостаси (кои биле предмет на уништување), голем дел од нив биле преместени во црквата Свети Апостоли. Оваа црква била помала од црквата на Вознесението, па така целиот иконостас не можело да се зачува таму. Поради ова, голем дел од иконите биле сместени во музеј.

Катедрала на Успението

уреди
 
Катедрала на Успението

Катедралата на Успението е црква која се наоѓа на поранешниот истоимен плоштад. Во текот на 14 век, митрополитот Петар Киевски успеал да го убеди рускиот цар Иван I Московски да изгради соборен храм кој ќе биде посветен на Пресвета Богородица, и чија конструкција би била слична како на Катедралата на Успението во градот Владимир. Изградба на соборниот храм започнала на 4 август 1326 година, а катедрала била завршена и осветена на 4 август 1327 година. Во текот на 15 век, се довело до заклучок дека црквата мора да биде реконструирана, бидејќи била во фаза на распаѓање. Така, истата започнала во 1472 година, а како главни архитекти биле избрани Кривцов и Мишкин. По две години од нејзината работа, црквата била скоро целосно изградена, но пред да биде официјално осветена, во градот се случил земјотрес кој придонел црквата да се сруши делумно. По ова, Иван III Руски го поканил големиот италијански архитект Аристотел Фиораванти да дојде во Русија и во руски стил да ја изгради црквата.

Во 1547 година, во оваа црква се одржало крунисувањето на првиот руски цар Иван Грозни. Оваа катедрала станала место каде биле крунисувани повеќе цареви и императори. Овде биле одржувани и голем број на народни собири, а црквата станала и дом на патријарсите и митрополитите. Околу нејзиниот двор се наоѓаат неколку нивни гробови. По заземањето на власта во Русија од страна на болшевиците, одржувањето на црквите било забрането. Со специјална дозвола од страна на Ленин, во катедралата за последен пат се одржала литургија на Велигден во 1918 година. Во следните години, објектот бил затворен, за да од 1955 година биде претворен во музеј.

Според една легенда, во зимата 1941 година, во времето кога Нацистичка Германија била скоро пред портите на Москва, самиот Сталин наредил тајно да се одржи во катедралата литургија, за спас на земјата од германската инвазија. Во 1960 година, овде било префрлено министерството за култура. По пропаѓањето на комунизмот, објектот повторно бил претворен во патријаршка црква[17], но продолжил да функционира и како музеј.

 
Катедрала на Успението
 
Црква Свети Василиј

Архангелска катедрала

уреди

Архангелската катедрала била изградена во периодот од 1505 до 1508 година. Како главен архитект на проектот бил избран Италијанецот Алевиз Фријазин Нови.[18] Катедралата била изградена на местото на друг христијански објект, кој датирал од 1333 година. Црквата содржи фрески кои датираат од 16 и 17 век. Дел од овие икони се насликани од страна на Јаков Казански, Јосиф Владимиров во периодот од 1652-1666 година. Ѕидовите во катедралата биле под големо влијание на италијанската ренесанса. Во овој храм биле погребени неколку руски цареви и кнезови, до 17 век. Овде биле погребени Иван I Московски, Димитриј Донски, Иван III Василевич, Иван Грозни, Петар II Руски итн.

Црква Свети Василиј

уреди

Црква на Молитвата на Девицата на шанецот е црква со повеќе конусни покриви карактеристични за руската црковна архитектура која што се наоѓа на Црвениот плоштад. Црквата се смета за симбол на уникатната позиција на Русија помеѓу Европа и Азија. Изградбата на црквата започнала во времето на Иван IV (познат и како Иван Грозни), во чест за освојувањето на Казанскиот хаганат[19][20]. Изградбата започнала во 1555 година, а истата завршила во 1561 година. Таа била највисоката градба во Москва, сè до 1600 кога била изградена кулата на Иван Грозни[21]. Во 1588 година била изградена на нејзината источна страна капела. Во дворот на комплексот се наоѓа бронзена статуа на Димитриј Пожарски и Кузма Мињин, кои ја обединиле својата армија во времето на полските походи кон Русија во т.н. Време на неволи. Во почетокот статуата била поставена на Црвениот плоштад, но советската влада ја тргнала од таму поради одржување на парадите.

Камбанарија на Иван Велики

уреди

Камбанаријата посветена на Иван Велики е највисоката градба која се наоѓа во Московскиот кремљ. Нејзината висина изнесува 81 метар, или 266 стапки[22]. Во 1329 година на местото на денешната црква била изградена црква која била посветена на Свети Јован Лествичник. Денешниот објект бил изграден по смртта на Иван III Василевич во 1505 година. Тогаш, неговиот син Василиј III Московски наредил да се изгради нова кула, која ќе биде посветена на својот татко. Во периодот од 1505-1508 година била изградена новата кула, каде била сместена и камбанаријата. Како главен архитект бил избран Италијанецот Бон Фријазин. Долги години, оваа црква била највисоката во градот Москва, сè до изградбата на црквата Исус Христос Спасителот. Освен ова, во текот на времето по нејзината изградба било забрането да се изгради повисока градба од црквата.

 

Благовештенска црква

уреди

Благовештенската црква била дом на московските цареви. Црквата била изградена на Катедралниот плоштад од страна на архитектот Псков, во периодот од 1484 до 1489 година. Катедралата била изградена на местото на друг поранешен христијански храм, кој исто така го носел истото име, и кој датирал од 1416 година. Во почетокот, храмот имал три куполи. Две од нив биле изградени во околу 1572 година. Во 1562 година црквата настрадала од пожар. Во периодот од 1562-1564 година била додадена четвртата купола. Самиот под на катедралата бил направен од јаспис, кој пак бил донесен од катедралата во Ростов од 16 век. Ѕидовите на катедралата содржат фрагменти од живопис, насликани од страна на Теодосиј (1508). Иконостасот содржи икони кои датираат од 14 век до 17 век, вклучувајќи ги и оние кои биле насликани од страна на Андреј Рубљов, Теофан Грек итн.[23]

Плоштади

уреди

Црвен плоштад

уреди
 
Црвениот плоштад

Црвениот плоштад се наоѓа во центарот на Москва и е најпознатиот плоштад во градот. Плоштадот го разделува Кремљ, поранешната кралска цитадела и моментално официјална резиденција на претседателот на Русија, од историската трговска четврт позната како Китај Город. Земјата на која што е сместен Црвениот плоштад била првично исполнета со дрвени градби, но тие биле исчистени со едиктот на царот Иван III од 1493 бидејќи тие објекти биле опасно подложни на пожари. Новоотворената површина (оригинално позната едноставно како „пожарот“, односно „изгореното место“) постепено прерасна во примарен пазар на Москва. Подоцна, се користела и за разни јавни церемонии и прокламации, и повремено како место за крунисување на руските цареви. Од таа точка, плоштадот е постепено надоградуван и се користи за официјални церемонии на сите руски влади откако е основан. За време на советскиот период, Црвениот плоштад ја зачува својата значајност, постанувајќи главен плоштад во животот на новата држава. Покрај тоа што бил официјална адреса на советската влада, беше реномирана локација за воени паради. Казанската катедрала и Портата на Воскресението и Ибериската капела беа демолирани за да се направи простор за тешки воени возила кои минувале низ плоштадот.

Катедрален плоштад

уреди
 
Катедралниот плоштад

Катедралниот плоштад текот на 15 век бил главниот и централниот во тогашниот кремљ. Името на овој плоштад се должи на тоа што на него се наоѓаат три катедрали: Катедралата на Успението, Архангелската катедрала и Благовештенската катедрала[24]. Освен овие катедрали, покрај овој плоштад се наоѓаат и Влахерната црква, Црквата Свети Апостоли. Највисока градба на плоштадот е Камбанаријата на Иван Велики, која го разделува Катедралниот од Ивановскиот плоштад. Овој плоштад бил долго време познат по тоа што на него се одржувале голем број на церемонии, поврзани со крунисувањето на новите цареви и императори, место каде биле изложувани телата на починатите владетели, патријарси и слично. Голем број на згради и објекти на плоштадот биле изградени од страна на италијанските архитекти, како Аристотел Фиораванти, Алевиз Новиот, Бон Фрјазин итн. Поради ова, изградбата на плоштадот бил под големо влијание на италијанската ренесанса.

Споменици

уреди

Споменик на Минин и Пожарски

уреди
 
Споменик на Минин и Пожарски

Споменикот посветен на Димитриј Пожарски и Кузма Минин претставува бронзена[25] статуа која се наоѓа на Црвениот плоштад, во дворот на црквата Свети Василиј[26]. Споменикот е посветен на принцот Димитриј Пожарски и Кузма Минин, како резултат на протерувањето на полските војски од Московскиот кремљ во текот на 17 век. Споменикот бил подигнат по повод 200-годишнината од ослободувањето на Москва. Како главни скулптури биле избрани Иван Мартос во 1808 година. Но, веднаш по овој избор започнала инвазијата на Наполеон Бонапарт, и самиот споменик не бил откриен до 1818 година. Во почетокот постоела дилема дали статуата да биде поставена во Нижни Новгород или во Москва. Сепак, императорот Александар I се решил да биде поставен пред црквата Свети Василиј на Црвениот плоштад. По заземањето на власта од страна на болшевиците, комунистите започнале со расчистување на Црвениот плоштад. Голем број на објекти биле разрушени. Во врска со споменикот, се водела дилема дали и тој да биде срушен. Сепак, во 1936 година било решено статуата да не се сруши, туку да биде преместена поблиску до соборниот храм, каде се наоѓа и денес.

Могила на незнајниот војник

уреди

Могилата на незнајниот војник е воен споменик посветен на паднатите советски војници во Големата татковинска војна (1941-1945). Сместен е крај ѕидините на Кремљ во Александровската градина. Проектанти на могилата се архитектите Д. И. Бурдин, В. А. Климов и Ј. Р. Рабаев и вајарот Н. В. Томски. Во средината стои платформа од плочи од измазнет црвен гранит. Самата надгробна плоча, вградена во 1975, е украсена со бронзена склуптура на ловорово гранче и шлем врз бајрак. Пред надгробната плоча, во квадратна вдлабнатина стои петокрака, од која гори вечниот оган на славата. Пламенот го осветлува натписот: „Твоето име е незнајно, подвигот твој е бесмртен“ (Имя твоё неизвестно, подвиг твой бессмертен).

Лево од могилата стои гранитен ѕид со вградена камена плоча со натпис „1941 - За оние што паднаа за татковината - 1945“. Десно од могилата има гранитна алеја со плочи од порфир во кои се содржи почва од градовите-херои на војната: Ленинград, Киев, Сталинград, Одеса, Севастопол, Минск, Керч, Новоросијск, Тула и Брест. Сè до 2004 г. натписот на Сталинград гласел „Волгоград[27] Во 1997 г. со федерален закон на могилата ѝ е вратена Почесната стража (која претходно го чувала Лениновиот мавзолеј).

Царски топ

уреди
 
 

Царскиот топ претставува средновековно артилериско оружје, ремек-дело на руската артилерија, кој датира од 1586 година. Главен мајстор за изработка на бронзениот топ бил Андреј Чохов, и истиот бил изработен во времето на Фјодор I. Топот никогаш не служел за она за кое бил изработен. Должината на топот е 5,34 m,[28] со пречник од 1200 mm[28], калибар 890 mm[28], тежина — 40 t[29]. Секое негово ѓуле тежи 1965 кг. Топот е вклучен во Гинисовата книга на рекорди како најголем на светот.[30] Во текот на својата историја, топот во текот на XVIII век бил преместен во Московскиот кремљ. Денеска тој се наоѓа во близината на Царската камбанарија. За последен пат бил реновиран во 1980 година.

Царски ѕвонец

уреди

Царскиот ѕвонец е најголемиот ѕвонец на светот[31], кој се наоѓа во Успенската катедрала. За создавањето на ѕвонецот, лично царицата Ана Ивановна дала налог на 26 јули 1730 година за нејзина изработка. Како главни мајстори биле избрани браќата Иван Моторин и Михаил Моторин, кои на 25 ноември 1735 година ја завршуваат. Лиењето на камбаната продолжило околу еден час, но растопувањето на металот траело околу 36 часа. Украсите и портретите околу камбаната биле изработени од страна на познатите руски уметници во тоа време: Б. Кобелев, П. Галкин, П. Коктев.

Ѕвонецот тежи 216 тони со висина од 6,14 м, пречник и од 6,6 м. Еден дел од бронзата, кој бил користен при лиењето на царскиот ѕвонец, бил од друг ѕвонец, кој исто бил познат под истото име, кој пак бил создаден во 1654 година, и имал тежина од 130 тони. Тој ѕвонец бил уништен при пожар во 1701 година. Во 1836 година, ѕвонецот бил преместен на Московскиот кремљ.

Кремљ како мотив во уметноста

уреди
  • „Кремљ во снежната бура кон крајот на 1918 година“ — песна на рускиот писател Борис Пастернак од 1918 година.[32]

Наводи

уреди
  1. www.russiancity.ru
  2. „История Москвы (Зарождение Москвы)“ (руски). Электронный справочник Москвы. Посетено на 2009-09-13.
  3. Comins-Richmond, Walter. „The History of Moscow“. Occidental College. Архивирано од изворникот на 2006-05-17. Посетено на 2006-07-03.
  4. „Russia Engages the World: The Building of the Kremlin, 1156–1516“. The New York Public Library. Архивирано од изворникот на 2006-10-14. Посетено на 2006-07-03.
  5. „Russia Engages the World: The Building of the Kremlin, 1156–1516“ (англиски). The New York Public Library. Архивирано од изворникот на 2006-10-14. Посетено на 3 јули 2006.
  6. „Along the Moscow Golden Ring“ (PDF) (англиски). Moscow, Russia Tourist Information center. Архивирано (PDF) од изворникот 2012-01-17. Посетено на 5 јули 2006.
  7. Richards, John F (2006). The Unending Frontier: An Environmental History of the Early Modern World] (англиски). University of California Press. стр. 260. ISBN 0520246780.
  8. www.world-art.ru
  9. www.kreml.ru
  10. Russian: Original drawings by Kazakov Архивирано на 30 септември 2011 г.
  11. Кремлёвский дворец съездов. Лопатин В. В. Прописная или строчная? Орфографический словарь / В. В. Лопатин, И. В. Нечаева, Л. К. Чельцова. — М.: Эксмо, 2009. — 512 с., стр. 234
  12. The Grand Kremlin Palace Архивирано на 18 јули 2011 г./
  13. „Хронологический указатель“. Архивирано од изворникот на 2011-01-04. Посетено на 2010-11-15.
  14. „Хронологический указатель – ГИМ“. Архивирано од изворникот на 2011-01-02. Посетено на 2010-11-15.
  15. Чудов монастырь / Исторические справки / Патриархия.ru
  16. www.liveinternet.ru
  17. Патриарший Успенский собор Московского Кремля Официальный сайт РПЦ.
  18. www.patriarchia.ru
  19. Brunov, p. 27
  20. Kudryavtsev, p. 11
  21. Brunov, p. 39
  22. russia.rin.ru
  23. „sites.google.com“. Архивирано од изворникот на 2016-09-22. Посетено на 2010-11-15.
  24. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-12-01. Посетено на 2010-11-15.
  25. Се верува дека споменикот е изработен од месинг.
  26. http://www.waymarking.com/waymarks/WM2FGR_Minin_and_Pozharsky_Red_Square_Moscow
  27. Распоред на Претседателот на Руската Федерација Архивирано на 1 ноември 2011 г. од 19 јули 2004 г. бр. 320-рп (руски)
  28. 28,0 28,1 28,2 Portnov 1990, p. 19
  29. Portnov 1990, p. 20
  30. Super-weapons in the history of mankind Архивирано на 31 јули 2014 г. (руски)
  31. Slobodskoy, Archpriest Seraphim (1996), „Bells and Russian Orthodox Peals“, The Law of God, Jordanville, N.Y.: Holy Trinity Monastery, стр. 624, ISBN 0-88465-044-8
  32. Борис Леонидович Пастернак, Изабране песме. Нови Сад: Orpheus, 2011, стр. 52-53.

Надворешни врски

уреди
Московски кремљ и Црвен плоштад
светско наследство на УНЕСКО
 
КритериумCultural: i, ii, iv, vi
Навод545
Запис1990 (14-то заседание)


  Статијата „Московски кремљ“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).