Ежен Делакроа
Фердинан Ежен Виктор Делакроа (француски: Ferdinand Victor Eugène Delacroix; 26 април 1798 – 13 август 1863) — француски ликовен уметник, кој извршил огромно влијание врз романтичарското движење во Европа. Бил познат како мајстор на боите, бидејќи како ученик на раните англиски романтичари, успешно ги комбинирал нивните ликовни принципи создавајќи свој уникатен стил на сликање. Освен за сликарите, Делакроа бил инспирација и за книжевните уметници поради својот вроден вкус за естетика. Неговите мајстории на платното се пример на кој се угледуваат многумина од современите сликари.
Ежен Делакроа | |
---|---|
Ежен Делакроа (фотографија на Надар) | |
Роден(а) | Фердинан Виктор Ежен Делакроа 26 април 1798 Шарентон, Ил де Франс, Франција |
Починал(а) | 13 август 1863 (65 г.) Париз, Франција |
Националност | Французин |
Познат(а) по | сликарство, литографија |
Значајни дела | „Слобода на барикадите“ (1830) |
Правец | Романтизам |
Случувањата од тоа време го диктирале правецот по кој се развивала неговата техника. Негови ликовни идоли биле Петар Паул Рубенс и претставниците на Венецијанската ренесансна школа. Ја пропатувал речиси цела Европа, но сепак Мароко била земјата која најмногу го воодушевила. Уживал голема популарност во текот на неговата долга и успешна кариера. Добил многубројни награди и признанија од академијата и владата во неговата татковина. Обработувал сцени кои изобилувале со крв и насилство, притоа употребувајќи силни и впечатливи бои. Таа негова определба наишла на негодување во одредени кругови, но ги придобила симпатиите на сите останати. Имал работна навика да ги илустрира познатите творби на великаните како Вилијам Шекспир, Валтер Скот и Волфганг Гете.
Еженовите дела засекогаш го промениле светот на визуелната уметност, а неговото творештво имало силен одраз врз оформувањето на импресионизмот и постимпресионизмот.[1] Неговата страст по егзотичното и недопирливото биле идеи што ги воспримиле идеолозите на симболизмот. Денес, Делакроа е запаметен како еден од најзначајните француски ликовни романтичари, чиј раскошен талент и генијална умешност се признати од светската ликовна критика.[2] Според зборовите на Шарл Бодлер, „Делакроа бил во огнена љубов со страста, но бил силно одлучен да ја изрази страста најпрефинето што можел“.[3]
Уметничка определба
уредиИсторичарите на уметноста го толкуваат романтизмот како реакција на неокласистичкото движење. Ако неокласицистите се фокусирале на ситните детали во описот на историските настани, тогаш романтичарите ја величале непобедливоста на човекот, допирот со природата, божественото во пејзажите и длабоката емоција.
Овој правец се темелел пред сѐ на индивидуалноста на уметникот, на неговата креативна замисла, имагинација и способност преку делото да пренесе некоја порака. Себеспознавањето е последица од нагласената индивидуалност кај романтичарите. Водечкиот мотив им бил дека секој поединец може да ја сфати суштината на природата само ако е одделен од влијание на опкружувањето. Мирот и спасението можат да дојадат единствено преку свеста на поединецот, а не преку политичките револуции.
Ликовните дејци како Делакроа биле дел од романтизмот, како едно комплексно уметничко и филозофско движење, кое имало свои претставници во книжевноста, уметничката и интелектуалната сфера. Најголема импресија врз Делакроа извршиле делата на Микеланџело и Петар Паул Рубенс. Иако си развил личен стил на цртање, одредени негови дела неодоливо потсетуваат на овие двајца ликовни великани.
Животопис
уредиРани години и младост
уредиЕжен Делакроа е роден на 26 април 1798 година[4] во една париска населба. Негов законски татко бил Шарл-Франсоа Делакроа,[5] но постојат сомнежи околу тоа кој бил биолошкиот татко.[6] Било познато дека Шарл-Франсоа бил неспособен за репродукција, па така постојат одредени мислења дека дипломатот Шарл Морис де Талејран, инаку семеен пријател, бил вистинскиот родител.[7] Ова негово крвно сродство со Талејран било од пресудно значење за понатамошната кариера на младиот Ежен. Неговите врски со француската влада ќе бидат причина Ежен да добие стипендија за школување. Негова мајка била Викторија Делакроа, ќерка на почитуваниот сликар Жан-Франсоа Обен. Таткото починал во 1804, а мајката во 1816 година оставајќи го 16-годишниот Делакроа како сираче.
Освен овие старателски премрежија, детството на Делакроа му минало прилично спокојно. Логично било да покаже афинитет кон музиката и сликарството бидејќи потекнувал од семејство со уметничка традиција. Доказ за тоа се многубројните награди и дипломи освоени на училишните конкурси. На 17 години заминал на студии кај реномираниот француски академик Пјер-Нарсис Герен.[8] Кај него започнал со изучување на неокласичните сликари како Жак-Луј Давид,[9] а бил соученик со зачетникот на романтизмот во Франција, Теодор Жерико. Добивал и архитектонски задачи од Адолф Теар, исто така негов ментор од младоста. Така, Делакроа развил обострано и изострено чувство за убавото и естетско. Еден од неговите омилени музички композитори бил Фредерик Шопен. Полскиот виртуоз на пијано го сметал за свој личен духовен татко.
Ликовно творештво
уредиПод туторство на Герен, Делакроа во 1822 година го изработил својот прв поголем потфат, делото „Коработ на Данте“.[10] Инспирирана била од „Божествената комедија“ на Данте Алигиери. Оваа слика била голема сензација во интелектуалните кругови, но исто така предизвикала и потсмев кај неокласичните сликари. И покрај нивното противење, сликата била откупена од музејот во Луксембург. Денес, таа е изложена во парискиот музеј Салон.
Освен споменатата композиција, од тој временски период важна е и „Масакрот на Хиос“. Прикажани се грчки семејства како ја очекуваат смртта или ропството, како последица на тешкиот пораз на Грците од турските војски. На ова платно за првпат ја демонстрирал својата способност истовремено да ги прикаже чувствата и на гордите освојувачи и на невините жртви.[11] Оттогаш па сè до крајот на кариерата, болката и страдањето станале главна преокупација во неговото творештво. Со оваа слика, Делакроа ги искажал своите нескриени симпатии спрема грчката борба за национално ослободување од повеќевековното османлиско ропство. Според неговите биографи, „Масакрот на Хиос“ бил факторот кој го предодредил Делакроа за предводник на ликовниот романтизам.
„Грција под урнатините на Мисолонги“ е втората изведба на платно која имала слична тематика со „Масакрот на Хиос“. Насликана е жена во традиционална грчка облека како жали по загинатите борци во татковинската битка која се одиграла кај Мисолонги. Мотивите кои провејуваат низ ова дело се поддршка во борбата против тиранијата и националното угнетување. Една од причините поради која Делакроа ја одбрал токму оваа битка како главна тема е тоа што на тоа место загинал поетот Бајрон, кого што Делакроа многу го почитувал.[12]
Наредната година Ежен отпатувал за Лондон, како одблизу би ја проучил дејноста на англиските сликари Џон Констабл, сер Томас Лоренс и Вилијам Тарнер. Познанството со овие уметници придонело за проширување на неговите сликарски видици, дополнителна ликовна едукација и теориска наобразба. Преку анализа на нивните остварувања, Делакроа се надевал дека ќе биде чекор поблиску до примена на ликовните принципи на неговиот идол од барокната епоха, Петар Паул Рубенс.
„Смртта на Сарданапал“ е уште едно маркантно дело произлезено од Делакроа. И повторно биле илустрирани колежи на жени, животни и робови. Раскошниот накит и луксузни ткаенини се во потполн контраст во погубените жртви на сликата. Делото е инспирирано од истоимената поема на поетот Бајрон, иако во содржината на поемата не станува збор за никаков масакр. Сарданапал бил сириски владетел од античката епоха, кој водел епски битки против Александар III Македонски. Кога неговите поданици му откажале послушност и преминале на страната на Александар, тој наредил да се убијат сите оние кои го предале. Делото изобилува со силни и впечатливи бои наспроти застрашувачките сцени на насилство, и истовремено предизвикува и шок и задоволство кај гледачот.[13]
Слобода на барикадите
уредиЕжен Делакроа останал најмногу запаметен како автор на оваа слика.[14] Изработена е во 1830 година во чест на Француската револуција, по која на власт во Франција дошол Луј-Филип.[15] Се смета дека ова ликовно остварување ја поставило границата помеѓу романтизмот и неокласицизмот. Делото е неповторлива илустрација на парижаните, кои под татковинското знаме маршираат извикувајќи ја паролата „Слобода, еднаквост, братство“.[16] Карактеристично за романтичарите, сликата е проткаена со патриотски мотиви, чија основна идеја била да се глорифицира нескротливиот дух на францускиот граѓанин. Намерата на Делакроа не била да го велича настанот, туку едноставно да ги прикаже либералните идеи и погледи.[17]
Сликата била откупена од тогашната влада, но не била јавно изложена поради пренагласеното истакнување на значењето на слободата. Делото било посебно ценето поради прикриената симболика. Постојат одредени мислења дека жената која што го вее знамето на републиката е приказ на еднаквоста на половите во новото општество. Момчето оддесно кое држи пиштол во раката е Гаврош, лик од романот „Клетници“ на Виктор Иго. Денес сликата се наоѓа во музејот Лувр.
Подоцнежен период
уредиДве години подоцна, во 1832 година, Делакроа заминал за Мароко, како дел од француската делегација која требало да оствари средба со отоманскиот султан Махмуд II. Повод за оваа средба било неодамнешното прогласување на Алжир за француска колонија. Вистинската причина поради која Делакроа ја прифатил оваа понуда на монархот не била од патриотски побуди, туку чисто да дојде во допир со еден, според него, примитивен народ. Преку оваа посета Ежен добил неочекувана можност за поблизок контакт со тамошната култура и обичаи. Ова се одразило и врз неговата понатамошна творечка дејност, вметнувајќи теми од ориенталниот свет во неговите дела.[18] Тоа што најмногу го фасцинирало кај оваа цивилизација била нивниот начин на живот која е во тотална спротивност со европскиот. Кај него силен впечаток оставиле дречливите бои на нивната облека, арапските жени и многубројните ранчови полни коњи и камили. Сликата „Алжирските жени“ ја посветил на овој регион. Занимливо е тоа што тој не можел да најде жени кои би му позирале при сликањето поради строгите шеријатски закони кои се почитуваат таму. Други позначајни негови дела од овој период се: „Еврејска свадба во Мароко“, „Лов на лавови“, „Арап го оседлува својот коњ“.
Остатокот од својата професионална кариера го минал правејќи надворешни декорации на владините згради. Негова задача биле украсување на внатрешните ѕидови и плафонот, работа што му причинувала задоволство, бидејќи така се чувствувал поблиску до својот идол Микеланџело. Содржината на неговото ѕидно сликарство било во ист контекст со она на Микеланџело, судејќи по својата интензивност и досетливост. Негови позначајни изведби биле екстериерот на палатата Бурбоњ, библиотеката во палатата Луксембург и надворешниот изглед на црквата Св. Дени, на чие изготвување потрошил десетина години. Од 1848 до 1851 година го исцртувал таванот на една од галериите во Лувр, за потоа од 1857 до 1861 година да се посвети на капелата од црквата Св. Сулфис.[19]
И покрај оваа работа, Делакроа не престанал целосно со боењето на платно. Во 1837 година ја изработил „Битката за Талибург“, а во 1840 и „Заземањето на Цариград од страна на крстоносците“. Освен овие, тој продолжил да црта помали слики со религиозни или пак класични мотиви. Оваа паралелна работа била премногу исцрпувачка за него, па затоа се повлекол да живее во селото Дравеј, близу Париз.[20] Благодарение само на трудољубивоста на неговата негувателка Жан-Мари ле Жилу, тој бил способен да твори и од оваа етапа од својот живот.
Делакроа починал 1863 година во Франција, а бил закопан на париските гробишта Пер Лашез. Зад себе оставил преку 1000 слики со маслени или темперни бои, како и цртежи кои засекогаш го промениле светот на ликовната уметност.[21] Неговите дела изработени до најмалиот детаљ сѐ уште ги воодушевуваат обожавателите на Еженовиот труд. Иновациите кои тој ги вовел во уметноста биле повод за создавање на импресионизмот и постимпресионизмот. Жан-Батист Карпо, Гистав Доре и Едуар Мане биле само дел од елитните сликари коишто организирале серија изложби на делата на Делакроа по неговата смрт ширум светот.
Стил и техника на творење
уредиИако неговиот ликовен стил еволуирал низ текот на годините, Ежен Делакроа останал доследен до неговите основни принципи на детален опис на внатрешните емоции со изразени бои. Платната на кои сликал зрачеле со енергија, а прикажаните ликови биле уметнички изградени во целост. Ежен никогаш не го криел своето одушевување од сцените чија тематска обоеност била разорна и уништувачка моќ. Со помош на неговата виртуозна вештина им вдахнал живот и ги вообличил со мајсторството на својата четка. Новите иновации кои ги вовел во сликарството биле добро прифатени и ценети.
Млади години
уредиКога ги направил своите први чекори во уметноста, Делакроа немал свое ликовно обележје, па така се поведувал според учењето на неговите претходници. На тој начин се здобил со основните познавања за овој занает, само од набљудување на делата на Микеланџело и Рубенс. На 17 години започнал да посетува настава кај академикот Пјер-Нарсис Герен, и токму во овој период ги направил своите први обиди на големото платно. Неговите рани трудови, особено „Коработ на Данте“ била карактеристична по тоа што биле користени бои кои не се вклопувале идеално едни со други. Оваа техника на дисторзија на боите ќе биде едно од обележјата на ликовниот импресионизам.
Уметничка зрелост
уредиПриближувајќи се кон својот уметнички зенит, Делакроа продолжил да слика со несмалена живост и страст. „Масакрот на Хиос“ од 1824 година каде е овековечен колежот врз 20 илјаден народ од страна на Османлиите, се смета за негово најзрело остварување. Неговата техника дополнително се усовршила при неговата посета на Лондон и разгледувањето на постигнувањата на британската ликовна школа. Умешноста со водените бои на Тарнер и делата на сер Томас Лоренс кои бликале со енергија биле мотив повеќе за Ежен да се потруди да ги достигне нивните големи дострели. „Слобода на барикадите“ била радикална промена во дотогашниот негов ликовен каталог, бидејќи на оваа композиција била своевидна ликовна химна на револуцијата, и на неа преовладувале оптимизмот и вербата во подобро утре, за разлика од потиштеноста и војната во претходните цртежи. Престојот во Мароко можеби го ослободил Делакроа од самонаметнатиот притисок и тој го свртел своето внимание на теми од секојдневниот живот во исламските земји, наместо дотогашните епски битки и настани кои важеле за негов омилен творечки мотив. И неговата употреба на разновидни бои станала понагласена.
Поодминати години
уредиСтилот на Делакроа не претрпел драматични промени кога тој бил во поодминати години. Но, како што стареел, се зафаќал со поголеми проекти. Бил назначен лично од францускиот крал да ги изработи ентериерот и надворешниот изглед на неколку важни владини објекти. Од овој период се и неговите цртежи „Битката за Талибург“ и „Заземањето на Цариград од страна на крстоносците“ кои официјално биле негови временски најдолги задачи.
Негови претходници
уреди- Микеланџело - Како и многумина ликовни артисти, ниту Делакроа не бил имун на значењето на творештвото од Микеланџело. Ги проучувал неговите дела и формите кои Микеланџело им ги давал на луѓето од сликарското платно. Според замислата на ренесансниот вајар ги моделирал и ги облагородил со живот сопствените ликови. Во подоцнежните години од кариерата, Ежен се нафатил со работа од областа на архитектурата. Украсувал и декорирал и световни и сакрални објекти, со таков интензитет, пасија и меланхолија за кои се верува дека биле последица на влијанието од Микеланџело.[22]
- Петар Паул Рубенс - Барокниот уметник претставувал урнек за Делакроа во неговите почетнички чекори на ликовното поле. Рубенсовите дела, посебно „Циклусот за Марија Медичи“, биле мотивација за создавање на „Коработ на Данте“, покрај поемата од посочениот поет со италијанско потекло.
- Фредерик Шопен - Се верува дека и музиката на полскиот виртуоз на пијано, Фредерик Шопен, длабоко го восхитувала Делакроа. Имал прилика и да се запознае во овој музичар, со кој негувал пријателски односи. Дури и го претставил на портрет, во друштво на писателката Жорж Санд.[23]
- Мароко - Во 1832 година Делакроа бил во дипломатска посета на Мароко во својство на државен претставник на кралот Луј-Филип. Понесен од егзотичните африкански предели, Ежен добил желба да направи нешто поинакво од дотогашната негова работа. Насликал серија од слики чии мотиви биле илустрација на месните навики и обичаи, нивниот начин на живот и културни вредности.
- Англиската литература - Вилијам Шекспир и лордот Бајрон биле заштитен знак за уметноста од Островот. Честа навика на Делакроа била да илустрира корици за нивните книги и збирки поезија.[24] Смртта на поетот Бајрон силно го погодила, и била поводот со маслени бои да ја обработи битката во која тој загинал.
- Британските уметници - Џон Констабл, претставник на британската уметничка школа, имал изложба во Париз, 1824 година. На тој настан присуствувал и Ежен, кој бил буквално запрепастен од пејзажите на Констабл.[25] Се верува дека „Масакрот на Хиос“ носи елементи од творештвото на Констабл. Делакроа го споделувал и сликарското ателје со еден британски уметник, Ричард Бонингтон. На Делакроа му се допаднала вештината со водените бои на Бонингтон. Иако Ричард умрел на 26 години, неговата национална припадност го натерала Делакроа да го посети Лондон во 1825 година и лично да се увери во мајсторството на неговите сонародници. Помеѓу останатите уметници од оваа земја кои го фасцинирале Делакроа биле сер Томас Лоренс и Вилијам Тарнер. Особено Тарнер му помогнал на Ежен да го пронајде својот творечки идентитет и теориски да се надгради.
Следбеништво
уредиЕжен Делакроа бил влијателен не само во епохата на романтизмот, туку и многу подоцна. Неговите идеи биле прифатени од импресионистите, постимпресионистите, па дури и некои од модерните уметници.
Неговите современици
уредиДелакроа честопати бил ословуван како срцето на француското сликарство.[26] Па така повеќето француски романтичари биле негови следбеници на некој начин. Вилијам Тарнер бил неговиот најверен следбеник, кој воодушевен од неговата работа, изработил композиции кои се сметаат за зачеток на импресионизмот. И Едгар Дега бил еден од оние артисти кои се обиделе да ја имитираат Еженовата техника на боење. Интересно, Дега ги комбинирал стилските определби на Делакроа и Жан Огист Доминик Енгр, неговиот најголем соперник, следбеник на класицизмот во уметноста. Преку таа невообичаена комбинација, сликите на Дега биле внимателно разработени со живи и впечатливи бои, кои биле во предност пред формата и линијата.
Посмртните следбеници
уредиМодерниот уметник и основач на кубизмот, Пабло Пикасо насликал неколку цртежи инспириран од „Алжирските жени“. Пикасо заедно со неговиот близок пријател и ликовен соперник, Анри Матис, биле импресионирани од начинот на кој Делакроа ја употребувал бојата.
Веројатно поради огромниот авторитет кој Делакроа го уживал кај неговите колеги, неговото дело било продолжено од новите генерации ликовни артисти. Претставниците на современата уметност во нивната намера успешно да ги применат принципите на кубистите Пикасо и Матис, несвесно ги оживуваат спомените за делото на Делакроа. Творечката дејност на Делакроа сѐ уште важи за една од најплодните во историјата на сликарството,[27] а неговите изложби претставуваат голема атракција за љубителите на оваа уметност.[28]
=Влијание
уредиВо песната „Светилници“, францускиот поет Шарл Бодлер го опејува Делакроа како „езеро крваво во сенката...“.[29]
Ликовно наследство
уредиКога во 1864 година бил извршен попис на делата во авторство на Делакроа, конечниот број изнесувал 9.140 ликовни композиции. Во нив спаѓале 853 слики, 1525 цртежи со темперни или водени бои, преку сто литографски остварувања, преку 6 илјади цртежи со молив или скици, како и шеесетина книги со едноставни минијатури. Во таа броја се вклучени и неколку автопортрети, кои ги изработувал за лична сатисфакција. Нацртал и портрети на неговите блиски пријатели Фредерик Шопен и Жорж Санд, а во неговата колекција се нашла и една мала слика со ликот на Николо Паганини. Кога бил запрашан на што се должела неговата висока продуктивност, тој мудро одговорил: „Боите ми се занимливи, но цртањето ми е пасија“.
Мал, но значаен дел од неговата животна преокупација било илустрирањето на пејзажите. Најпознати слики каде природата била во центарот на вниманието му се „Морето крај Дјеп“ и „Животот на Лобстерови“. Освен што сликал, Делакроа пишувал статии за весникот „Журнал“, каде ги објавувал своите лични погледи и размислувања за уметноста и секојдневниот живот.
Пјер Огист Реноар и Клод Моне биле едни од пославните сликари кои успешно ги копирале делата на овој француски уметник. Едгар Дега бил толку занесен од работата на Делакроа, што решил да го откупи портретот на баронот Швитер по неговата смрт. Занимливо, кинескиот сликар Ју Минжин изработил сопствена верзија на „Масакрот на Хиос“, на која и го дал истото име. Во 2007 година истата слика ја продал за 4 милиони долари на еден американски колекционер. Сликите произлезени од четката на Делакроа денес се изложени во многу музеи ширум светот, низ светските метрополи како Париз, Лион, Чикаго, Санкт Петербург, Марсеј и др.
Галерија
уредиДетали од „Масакрот на Хиос“ и „Смртта на Сарданапал“
уреди-
Зумиран поглед -
Поинаква верзија -
Погубување на предавниците -
Детален поглед -
Поглед од друг агол
Четирите годишни времиња
уреди-
Пролет -
Лето -
Есен -
Зима
Слики инспирирани од Мароко
уреди-
Пејзаж на Мароко -
Скротување на коњ -
Двобој на Арапот и Турчинот -
Лов на лавови -
Посета на султанот -
Плен на тигарот
Циклусот „Фауст“ од Гете
уреди-
Прва слика -
Втора слика -
Мефисто го прелетува Витенберг
Наводи
уреди- ↑ Влијанието на Делакроа Britannica
- ↑ Линк до англиската статија newworldencyclopedia.org
- ↑ Мислењето на Бодлер за Делакроа getty.edu Архивирано на 26 септември 2007 г.
- ↑ Биографски податоци за Е. Делакроа nndb.com
- ↑ Семејството на Делакроа newadvent.org
- ↑ Вистинските родители на Делакроа stay.com Архивирано на 5 март 2016 г.
- ↑ Кој бил вистинскиот татко на Ежен abcgallery.com
- ↑ Учениците на Герен National Gallery
- ↑ Врската помеѓу Давид и Делакроа renoirinc.com Архивирано на 1 мај 2013 г.
- ↑ Најважните слики на Ежен biography.com Архивирано на 16 февруари 2013 г.
- ↑ Какви бои доминирале во Еженовите слики Info Please
- ↑ Слика посветена на смртта на лорд Бајрон Global Gallery
- ↑ Толкување на сликите од Делакроа eht.k12.nj.us Архивирано на 9 февруари 2013 г.
- ↑ „Слобода на барикадите“ bachelorandmaster.com
- ↑ Кус осврт врз животот Van Gogh gallery
- ↑ Најпознатото негово дело articlerich.com Архивирано на 9 јули 2010 г.
- ↑ Мислење за „Слободата на барикадите“ sooperarticles.com
- ↑ Посетата на Мароко ibiblio.org
- ↑ Црквите коишто ги декорирал Paris Info
- ↑ Проблеми со нарушеното здравје musee-orsay.fr
- ↑ Влијанието врз светот на уметноста Eugene Delacroix Архивирано на 24 март 2012 г.
- ↑ Претходниците на Делакроа factmonster.com
- ↑ Познанството на Делакроа со Шопен en.chopin.nifc.pl Архивирано на 22 септември 2012 г.
- ↑ Илустрации на Шекспировите драми english.emory.edu
- ↑ Изложбата на Констабл во Париз Discover France
- ↑ Значењето на Делакроа artfact.com Архивирано на 1 октомври 2012 г.
- ↑ Број на сликите од Делакроа wga.hu
- ↑ Целокупното ликовно творештво artunframed.com Архивирано на 25 октомври 2012 г.
- ↑ Шарл Бодлер, Цвеће зла. Београд: Култура, 1970, стр. 18-19.
Користена литература
уреди- „Eugene Delacroix“ (2009) - Дороти Биси; издавачка куќа BiblioBazaar
- „The Story of Art“ (1995) - Е. Х. Гомбрих; издавачка куќа Phaidon Press Limited
- „David to Delacroix: The Rise of Romantic Mythology (Bettie Allison Rand Lectures in Art History)“ (2011) - Дороти Џонсон; во издаваштво на универзитетот од Северна Каролина
- „Делакроа“ (1997) - Роберт Бартелеми; во издаваштво на универзитетот од Принсентон
- „Делакроа“ (1963) - Ли Џонсон; во издание на Њујорк Прес
- „Wrestling with the Angel: The Mystery of Delacroix's Mural“ (2003) - Жан-Пол Кауфман; издавачка куќа Харвил Прес
- „Crossing the Channel: British and French Painting in the Age of Romanticism“ (2003) - Патрик Нун; издавачка куќа Tate Publishing
- „The World of Delacroix: 1798-1863“ (1966) - Том Придо; издавачка куќа Time Life Education
Надворешни врски
уреди- Печатени извадоци на медиуми од фондови на библиотеките - Journal et Correspondance d'Eugène Delacroix
- Ежен Делакроа - биографија, контекст, стил и техника
- Национална галерија: Делакроа
- Слики од Ежен Делакроа
- Куса биографија во Getty Museum Архивирано на 26 септември 2007 г.
- Национален музеј - Ежен Делакроа (француски)
- Делакроа на Web Gallery of Art
- Делакроа на Web Museum
- Документарен филм за делото „Слобода на барикадите“ од Ежен Делакроа
- „Анализа влијанието од Дон Жуан“. Слики и цртежи. Викторија и музејот Алберт. Архивирано од изворникот на 2007-09-29. Посетено на 2007-08-21.
Поврзано
уреди„Ежен Делакроа“ на Ризницата ? |
Статијата „Ежен Делакроа“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |