Велес

град во Општина Велес

Велесград во Средишна Македонија и седиште на истоимената општина. Ова е шести град по број на жители во Македонија со вкупно население од 43.716 жители (2002 г.), а според Пописот од 2021, седми. На северозапад од Велес се наоѓа главниот град на Македонија, Скопје (54 км), на североисток се наоѓа градот Свети Николе (34 км), на исток се наоѓа градот Штип (43 км), на југозапад се наоѓа Прилеп (79 км) и на југоисток се наоѓаат Кавадарци (43 км) и Неготино (40 км). Велес има мошне поволна географска положба бидејќи е крстопат на меѓународни патни и железнички правци и еден од поглавните транзитни центри во Македонија.

Велес
Град
Поглед на Велес
Поглед на Велес
Знаме на ВелесГрб на Велес
Велес is located in Македонија
Велес
Велес
Местоположба на Велес во Македонија
Координати: 41°43′00″N 21°47′00″E / 41.71667° СГШ; 21.78333° ИГД / 41.71667; 21.78333
ДржаваРепублика Македонија
РегионВардарски Регион
ОпштинаОпштина Велес
Управа
 • ГрадоначалникМарко Колев (ВМРО-ДПМНЕ)
Надм. вис.&10000000000000206000000206 м
Население (2021)
 • Вкупно40,664
ДемонимВелешани (мн.)
Час. појасUTC+1
 • Лето (ЛСВ)UTC+2 (UTC)
Повик. бр.+389 043
Рег. таб.VE
Мреж. местоwww.veles.gov.mk

Велес низ историјата се нарекувал со различни имиња, од кои три се најмногу користени. Од самото основање на градот, Велес се нарекувал со името Вилазора. Подоцна во Отоманското Царство градот се преименувал со името Ќупурли, кое подоцна било заменето со денешниот назив. За време на СР Македонија, но и во првите години од самостојноста на државата, Велес се нарекувал со името Титов Велес, во чест на маршалот Јосип Броз - Тито. Велес како населба постоел уште од 168 година п.н.е. и се наоѓал нешто поисточно од денешната локација. Бидејќи градот има стратешка позиција, тој бил често мета на различни странски инвазии и окупации и бил дел од различни балкански кралства и држави, почнувајќи од Пајонија, па завршувајќи со СФРЈ.

Велес е значаен и познат по голем број работи. Градот бил дом на голем број македонски преродбеници, револуционери, писатели и поети и тој е една од лулките на македонската култура, а низ историјата се среќава како град на првиот театар во Македонија, град каде што настапила првата глумица, учителката Тенка А. Коларова во популарната мелодрама „Многустрадалната Геновева“ во 1875 година, град на првата библиотека, првата гимназија, првото музичко училиште, како и првиот музеј. Градот е карактеритичен по својата типична велешка и староградска архитектура. Велес е еден од индустриските центри на Македонија и значаен трговски, транспортен и економски центар.

Потекло на поимот

 
Поглед кон Велес
 
Разгледница од Велес, маало „Брзорек“, 1920-те години

Велес како урбана населба датира уште од 168 година п.н.е. Првичните стари антички населби биле источно од градот во однос на денешната положба на градот. Со подоцнежното населување на Словените, градот бил сместен на денешната положба и го добил денешното име - Велес.

Во текот на историјата градот често го менувал името, па така бил познат како Вила Зора, Ќупурли, Титов Велес и Велес. Денешното име го добил во VII век со доаѓањето на Словените на Балканот, од словенското В ЛЕС што значи „в шума“, име кое било дадено поради густите шуми што го опкружувале градот. Но некои слависти сметаат поради голите тревнати ридишта и реката Вардар местото го населувале сточари чиј словенски бог на стадата бил Велес.

Историја

Праисториски период

Наоѓалиштата на фосилни остатоци во околината на Велес во селото Мамутчево, како и оние во глиништето во фабриката „Киро Ќучук” во самиот град, само ја потврдуваат теоријата дека овој простор отсекогаш бил населен со жив свет. Еволуирањето и појавата на човекот се следат преку бројните траги низ времето од старата камена епоха - палеолитот па сè до денес. Единствените истражувања од времето на палеолит во Македонија се вршени во непосредна близина на Велес, во месноста наречена Пешти, која се наоѓа 110 метри над десниот брег на реката Бабуна во пештерата Макаровец. Според научниците пештерата датира од 70.000 до 10.000 години п.н.е., а пронајдената фосилна фауна укажува дека на просторот живееле цицачи од ова време како што се пештерска мечка, пештерска хиена, пештерски лав, козорог, волци и лисици. Пронајдените артефакти од камен упатуваат на доцен палеолит.

Во бронзеното време, кога се карактеристични почетоците на формирање етнички заедници, реонот на Повардарието го населувале Пајонците, Бригите и античките Македонци. За Велес и околината се претпоставува дека живеело пајонско население во текот на целиот I милениум п.н.е. и дека од IV до III век п.н.е. формирало кралство. Траги од вакви населби се присутни во наоѓалиштето Теќе, кое се наоѓа на 2 километри оддалеченост од Башино Село, во близина на вливот на Отовичка Река во езерото Младост.

Наоѓалиштата од железното време придонесуваат за формирање на сликата на животот во првите векови од I милениум п.н.е. Такви се сместени во селото Долно Оризари во наоѓалиштето Свилара каде се пронајдени некропола, могилите во с. Иванковци во наоѓалиштето Инчерлак како и остатоците пронајдени во месноста Тумба во с. Караслари. Организираниот живот на Пајонците овозможил подоцна на оваа територија да се развијат поорганизирани форми на општествено живеење.

Антички период

Вила Зора

За време на раниот антички период, територијата на Велес влегувала во составот на пајонската држава, која се претпоставува дека ја сочинувале голем број градски населби. Хелинистичкиот слој јужно од градот кај наоѓалиштето Кале при влезот во Велешката Клисура покрива плато од 3,5 хектари површина оградена со бедем, на кој бил сместен најголемиот пајонски град Вила Зора (Била Зора). Вила Зора се наоѓала на самиот влез од Дарданија во Македонија (Пајонија) така што Филип V освојувајќи ја во 217 година пред н.е., ја одбранил својата држава од упадот на Дарданците. Вила Зора бил значаен воен центар сè до последните години на македонското владеење. За последен пат се споменува во 168 година пред н.е. Континуитетот на името Вила Зора и Велес тешко може да се одреди, зашто Велес се спомнува дури во 1018 година. Се претпоставува дека во оваа временска празнина моќта на Вила Зора во римското владеење опаднала или пак нејзината локација треба да се бара на друго место. Во пошироката околина на Велес има повеќе траги кои укажуваат на античкиот град Аргос поврзан со територијата на Македонија.

Стоби
 
Стоби - значаен стар пајонски и македонски град.

Античкиот град Стоби бил пајонски, македонски и римски град. Првиот документиран спомен за Стоби потекнува од 197 г. п.н.е., кога на тоа место македонскиот крал Филип V ја поразил дарданската војска. Во изворите каде што римскиот историчар Тит Ливиј го споменува овој податок, Стоби носи епитет на „стар град”. Урбаниот дел на Стоби се наоѓа опкружен со бедеми на вливот на Еригон во Аксиос, денес познати под името Црна Река и Вардар. Градот зафаќал мошне важна трговска и воена позиција. Променливите борби на Македонците со северните соседи биле судбоносни за Стоби. Стоби со околината дефинитивно потпаднал под македонска власт во 217 г. п.н.е. за време на владеењето на Филип V.

Кога во 168 г. п.н.е. Римјаните го поразиле македонскиот крал Персеј кај Пидна, македонското кралство се распаднало. Македонија била поделена на четири независни административни области под римска контрола, а Стоби станува центар на трговијата со сол на третата област. Во 148 г. п.н.е. Македонија станува римска покраина. Судејќи според спорадичните наоди, Стоби во пред-римско време било мало гратче со површина од 2,5 хектари. Дури од времето на преминот од старата во новата ера во градот настануваат значајни промени. Новиот град бил испланиран и зачнат, на терен што бил осум пати поголем од дотогашната населба кој бил населен најверојатно со голем број нови жители. Привлечени од Римјаните и нивната стопанска и политичка моќ, во Стоби се населувале истовремено и жители од околината и деселеници од хеленистичкиот свет. Интензивното проширување на градот може да се поврзе со подигнувањето на неговиот статус на ранг на муниципиум што Стоби го имал уште од 69 година. Прераснувањето на Стоби во град со самоуправувачки статус го посведочуваат епиграфските споменици и ковањето на локалните монети со натпис „Муниципиум Стобенсиум” кои го опфаќаат времето од Веспазијан 69 г. до Елагабал 222 год. н.е.

Средновековен период

Склавинии

Местоположбата на Велес како главна раскрсница балканските патишта Вија Егнација и Виа Милитарис и многуте други локални комуникациски врски, била интересна за словенското население кое во VI век навлегло на Балканскиот Полуостров. Походите најпрво биле пајонски, а дури потоа кога грото од староседелците (романизирано население од македонско, пајонско и римско потекло) се повлекло кон приморјето и во планинските предели, а Словените почнале да ги населуваат. Границата помеѓу античкиот и средновековниот перио на тлото на велешкиот регион може да се определи конкретно во 70-тите и почетокот на 80-тите години на VI век. Тогаш се создадени првите склавинии на територијата на Македонија. Тие ги зафаќале низинските плодни области покрај Вардар, Тополка и Бабуна при што ги разурнувале градовите и крепостите. Тогаш се изменил и етничкиот состав на населението, како и топонимијата на регионот. Тие станале доминантана етничка група и по својот говор ги именувале местата. Главниот градски центар, тврдината на вливот на реката Тополка во Вардар која била позната како Вила Зора, го добил името Велес.

Велес припаѓал на склавинијата Верзитија која се протегала на територијата помеѓу Велес, Охрид, Битола и Кичево и била населена со Брсјаци. Иако ја признавала византиската номинална власт, Верзитија се наоѓала надвор од сферата на непосредната управна власт на царството. Она што не и успеало на Византија, му успеало на бугарскиот кнез Борис кој во средината на IX век ја освоил Верзитија. Тогаш, велешкиот регион морал да ја признае бугарската врховна власт. Со неа се вратил и подемот на христијанството, кое иако не сосем уништено, било во стагнација со доаѓањето на Словените. Воспоставувањето на бугарска власт придонело до интензиривање на процесот на феудализација. Ваквата состојба довела до заострена социјална борба и до појава на широко, антицрковно, антифеудално ослободително движење чии корени се токму на пошироката велешка територија - Богомилското движење. Неговите приврзаници подоцна биле нарекувани Бабуни (според реката Бабуна), а името го добило по основачот попот Богомил. По својата суштина, Богомилството е дуалистичко учење за вечната борба меѓу доброто и злото, светлината и темнината, олицетворени во Господ и Сатаната. Тие ги отфрлале црковните обреди и култови, крстот како симбол, празниците и иконите. Учењето на Богомилите е израз на незадоволство на населението од световната и духовната власт.

Самоилово царство и Византија

Со освојувањето на Скопје од страна на Византија, во 1004 година, велешката област станала гранична територија на македонската држава и добила улога на заштитник на нејзините цетрални делови. Царот Самоил се обидувал да го запре византиското навлегување на македонска територија, но во битката на Беласица во 1014 година доживеал катастрофален пораз. Со освојувањето на Прилеп и Штип, Велес останал отсечен од Македонија. Успевал да опстои само до 1018 година кога за првпат од доаѓањето на Словените бил принуден да потпадне под директна византиска власт т.е. да стане дел на византиското царство. Воено-административно, Велес во Византиското владеење припаѓал на темата Бугарија, но начинот на живот, даноците и религиската припадност останалене непроменети. Велес сѐ уште бил дел на Битолската епархија во составот на Охридската патријаршија на која подоцна ѝ бил одземен рангот и црковниот статус.

Отомански период

 
Велес во 1863 година.

Веднаш по потпаѓањето под турска власт во 1395 година, Велес потпаднал под управата на Румелискиот беглербеглак. До 60-тите години на XIV век областа го носела името Велешки Вилает, а потоа и Велешка Нахија како најниска управно територијална единица. На чело на вилаетот се наоѓал субашијата кој живеел во Велес и заповедал со спахиите кои по правило живееле во селата. Паралелно со ова Велес станал центар на Велешката каза или кадилак со што прераснал во многу значајна управно-судска единица. Турците градот го нарекле Ќупурли, што во превод значи "град на мостови".

Турскиот патописец Евлија Челебија го опишал Велес од тоа време. Главен објект тогаш бол мостот на Вардар кого го објаснил како нов, дрвен мост со четири отвори, додека неговиот современик Хаџи Калфа забележал: „Ќупурли се наоѓа во карпеста клисура и има камен мост по кој го добил името. Сепак и двајцата биле во право, бидејќи едниот зборува за мостот кај стариот дел од Велес, а другиот за мостот на местото каде Вардар се преминувал со сплав.

 
Панорамска слика на Велес (1910 г.)

Строго централизираното државно уредување на Отоманското Царство ја спречувало прекумерната експлоатација на рајата, но пишаните закони не можеле да ја спречат злоупотребата на позициите на феудалците и великодостојниците. Најупотребувана форма на експлоатација на населението било наметнувањето бројни даноци. Мал бил бројот на привелигирани граѓани кои имале специјални задолженија како соколари (фаќање и одгледување соколи), оризари, коњари итн. Сето ова предизвикувало незадоволство и отпор кај народот кој во почетокот на XVII век почнал да се организира во вооружени групи, со што се појавило ајдутството. Во велешката околина имало идеални услови за негов развој поради густите шуми и бројните патишта преку кои ги вршеле нападите. Појавата на ајдутските дружини предизвикала додатни репресии врз народот, а тоа пак уште поголема причина за бунтови и востанија.

Во средината на XIX век Велес бил поделен на 12 маала, а Велешката каза ја сочинувале 93 села. Тешката феудална анархија и сè поголемиот занаетчиски развој од XVIII век ги дополниле терзискиот, кираџискиот, бавчаванџискиот, калајџискиот, брашнарскиот, лебарскиот, аџискиот, воденичарскиот, папуџискиот, абаџискиот, бојаџискиот, самарџискиот, дулгерскиот, сарачкиот, ситничарскиот и останати занаети.

 
Поглед на градот Велес од југ, од ридовите над реката Тополка и црквата Св. Недела на велешкото кале

Реформите во турскиот државно-правен, политички, економски, верско-просветен и војнички систем од 1839 година популарно наречени „Гилхански хатишериф” или „Акт на справедливост и благодејанија”, поволно се одразиле врз граѓанството на Велес. Според овој акт се воведувала еднаквост меѓу муслиманското и христијанското население, се зголемувале гаранциите и неприкосновеноста на личноста, честа и имотот, еднаквоста пред судот и законот. Тоа овозможувало отворање на училишта на македонски јазик, изградба и реконструкција на цркви и манастири и слободна трговија и производство.

Во 1831 и повторно во 1840 година, Велес го зафатил заразната болест колера (чума), во 1833 година го зафатиле незапамтени студови, во 1835 година замрзнала реката Вардар, а во 1847 година му се случиле големи поплави. И покрај сè, првата половина на XIX век е најзначајна за подемот на Велес. Во ова време отпочнува обновување и изградба на многу цркви и манастири во Велес и Велешко.

Балканските војни и Првата светска војна

 
Споменик на Илинденците во Велес.

Со нападот на балканските сојузници во 1912 година конечно е ставен крај на турското владеење во Македонија, а Велес се нашол под српска власт. Вештачки повлечените граници низ природната целина на Македонија го нарушило вековното единство на територијата. Тоа придонело до нагло опаѓање на занаетчиството, стопанството, трговијата и транспортот до солунското пристаниште. Употребата на македонскиот јазик и македонскиот фолклор биле забранети, а наставата во народните училишта парализирана.

Со почетокот на Првата светска војна, во 1914 година Велес и околината биле цел на регрутација, мобилизација и реквизиција на населението. По окупацијата на Бугарија, една година подоцна, економската положба на населението уште повеќе се влошила. Со потпишувањето на примирјето во 1918 година вардарскиот дел на Македонија ѝ бил доделен на Србија.

Војната што се водела на територијата на велешко нанела многу штети на инфраструктурата, верските објекти и уметничките вредности. Населението било во социјален колапс. Најдоследните приврзаници за национално и социјално ослободување и обединување на Македонија ја продолжиле својата борба преку организацијата ВМРО.

Велешката околија, согласно Видовденскиот устав од 1921 година му припаѓа на скопскиот округ. Намалувањето на бројот на жители во текот на цели 20 години (до 1941 година) ја отсликува тешката економска состојба. Миграционите движења, војните, епидемиите, малата индустриска развиеност придонеле за опаѓање на бројот на жителите во градот. И селата не биле поштедени од промени, на кои им престоела аграрна реформа и колонизација.

Паралелно со економскиот, Велес меѓу војните го живеел и својот општествен и политички живот. октомвриската револуција и движењето во Европа за ослободување на малите народи, кај велешката интелигенцијата и прогресивните сили створиле можност за создавање Социјалистичка работничка партија. Основачкото собрание е одржано во кафеаната „Солун” на 24 април 1919 година, а за претседател бил избран учителот Коста Минциќ од Башино Село. Организацијата броела 40-тина комунисти и социјалисти меѓу кои и Панко Брашнаров.

 
Мостот „Гемиџии“ на реката Вардар во Велес, во позадината е Спомен Костурницата

Една година подоцна, Социјалистичката работничка партија во Велес се проширила во селата и се зајакнала кадровски. Од нејзините редови произлегле имиња кои трајно ја обележале велешката историја од овој период. Политичкиот живот го иницирал синдикалното организирање во индустриските и државните претпријатија за заштита на правата на работниците. Најмасовен бил железничкиот синдикат кој во април 1919 година го организирал Штрајкот на железничарите на кој му се придружило и останатото население во протестите против власта. По примерот на железничарите, монополските и другите индустриски работници формирале синдилани организации. Вака организираниот општествено-политички живот овозможил во 1920 година, на општинските избори да победи Комунистичката партија, а Велес станал „Црвена комуна“. Комунистичката власт успеала да се одржи од август 1920 година до март 1921 година. Ова значело крај на демократското владеење, но не ги поколебало револуционерно-социјалистичките елементи кои во ова време на апсења и прогони ја чинеле суштината на организацијата. Идејата особено била широко прифатена од младите работници и ученици во гимназијата кои членувале во младинската комунистичка организација (СКОЈ). Најпрогресивни претставници на СКОЈ во Велес и негови организатори биле: Тодор Шоптрајанов, Лазе Богданов и Ганчо Хаџи Панзов. Како резултат на големата пропагандна активност на КП во Велес било издавањето на илегалниот весник „Искра” и печатењето на летоци за празнувањето на Празникот на трудот и учество на сите конгреси на партијата. На конгресот во 1926 година претставник од Велес бил Панко Брашнаров. На засилената партиска активност и консолидирањето на партијата ВМРО (Обединета) и зајакнатата национална свест, властите одговориле со бројни политички убиства и апсења. Од година на година во партиските редови се појавувале нови имиња меѓу кои и името на Кочо Рацин, кој бил претставник од Македонија на Конгресот на партијата во Дрезден 1928 година. И додека КП јакнела, ВМРО, поради внатрешни разидувања и надворешни влијанија го губела своето значење. Во 1925 година во Виена се одржала основачката конференција на ВМРО (Обединета) во чиј Централен комитет влегле и Димитар Влахов, Панко Брашнаров и Ризо Ризов. Новата платформа ги привлекла левоориентираните напредни македонски сили. По притисокот на режимот од 1928 година активноста на ВМРО (Обединета) постепено опаѓала и нејзиното членство преминало во КП.

 
Велес во 1930-те години

Шестојануарската диктатура (1929 година) ја разнишала партиската активност во Велес. Честите провали резултирале со бројни апсења и прогони. Дури во 1932 година се оформиле вистински месни комитети со нова генерација приврзаници - Страхил Гигов, Васил Ѓоргов, Јовче Патлиџанков, Бане Андреев, Боте Чкорков, Орце Сребров, Тодор Џипунов и др. Велес станал „комунистичка тврдина во Македонија”. Од 1934 до 1937 година следеле нови провали и нови апсења. После секоја провала, после секој терор МК на КП јакнел со нови имиња кои уште повеќе ја ширеле неговата активност. Се јавувале млади жени и девојки кои ја ширеле идејата за национално осознавање и меѓу женската популација. Годините пред Втората светска војна се период на широка мрежа на партиски активности низ градот и околината. Паралелно со партиската, јакнела и синдикалната организираност која се одвивала преку формирање на културно-уметнички секции, подружници и агитациони групи преку кои се организирале штрајкови и демонстрации. Борбата за национална слобода и рамноправност биле изразени и преку движењето именувано како Македонски народен покрет (МАНАПО) за чие создавање и популаризација придонеле културно-просветните друштва на македонските студенти од „Вардар” на Белградскиот и Загребскиот универзитет. Во нив членувале велешаните: Коста Урумов, Борис Рибаров, Борис Шукарев и др. Политичката платформа на МАНАПО се темелела на будење на националната свест на македонскиот народ и афирмација на народниот јазик, борба против српската хегемонизација и борба против фашизмот.

Втора светска војна

 
Спомен костурница на загинатите борци во НОВ од Велес и велешко

Германските продирања на територијата на Македонија биле проследени со воздушни напади. Уште на 6 април 1941 година, Велес 13 пати бил надлетуван од германски авиони. Страв и паника се населиле во градот од плитар. Којник, Бузаана, Мегдан, Сармаале, Варналиите, железницата, мостот и центарот ги потресле силни детонации на 7 април рано наутро. Цели семејства го завршиле својот животен пат во тоа априлско утро. Другиот ден градот го зазеле окупаторските единици и бил блокиран целокупниот економски и културен живот.

Изменетите воено-политички услови придонеле за воведување на воена управа со строго пропишани правила на живеење и однесување. Ова ја отежнувало политичката активност на КП како единствена политичка сила. Ангажирањата се насочиле кон прибирање оружје и создавање услови за вооружено востание.

Воено-полициските органи во Велес ѝ биле доделени на бугарската сојузничка држава која целокупната активност ја насочувала кон откривање и оневозможување на делувањето на КП. Покрај редовните мерки на насилство, апсења и прогони, формирала профашистички организации во интелектуалните јадра со тенденција за национална асимилација со фалсификување на македонската национална историја, преименување на историските личности во бугарски и слично.

Бугарската власт мошне успешно и систематски го спроведувала пљачкањето и теророт врз населението. Реквизицијата и ограбувањето предизвикале недостиг од стоки за широка потрошувачка и воведување на купонски систем. Овие услови го зголемувале незадоволството на народот кој единствен излез и помош барал во делувањето на партијата. Кон членовите на партијата се придружиле членовите од ВМРО. Бане Андреев-Ронката и Панко Брашнаров формирале местен воен комитет и создавале услови за почеток на вооружена борба. Комитетот го сочинувале, покрај нив, и Никола Кирков, Борис Гонев, Благојка Демниева, Коло Бабунски, Јовче Ќучук, Димко Митрев, Јовче Матев и Страхил Гигов. Набрзо активноста се проширила и во велешката околија, Азот и Клепа преку Трајче Петкановски, Стоилко Ивановски-Планински, Боро Мокров, Димче Мирчев, Трајко Капчев, Орце Лазов и други. Во месните комитети огромна помош и поддршка добивале од народот. Кон крајот на септрември 1941 година се формирале првите партизански чети за до пролетта 1942 година се исфрли и велешкиот партизански одред „Димитар Влахов”.

Организираниот отпор на територијата на Велес најголеми размери добил во 1942 година, кога е организиран и штрајкот на учениците од Велешката гимназија во знак на протест против бугарската асимилаторска политика. Штрајкот е инициран од Одлуката на директорот на Гимназијата за исклучување на учениците за кои постоел сомнеж дека се членови на СКОЈ. На 14 март 1942 година учениците демонстративно ги напуштиле училниците, а ним спонтано им се придружиле и другите ученици. Утредента штрајкот од гимназискиот двор се префрлил на улиците на Велес. На учениците им се придружиле родителите и граѓани на Велес. Како знак на револт за регрутацијата на велешаните во редовите на бугарската војска, партиското раководство организирало протест на жените. Преку 200 жени утрото на 11 мај 1942 година пред општинската зграда извикувале пароли против бугарската власт.

Најсложената и најконспиративна дејност во илегала била печатење на летоци и билтени. Неколку машини за пишување и преса за умножување биле целата печатарска техника со која располагала илегалната печатница сместена во куќата на Нада Бутникошарева и во куќите на Димко Митрев и Јовче Ќучук. Во работата на печатницата биле ангажирани членовите на овие семејства. Кочо Рацин пишувал статии за весникот „Народен билтен”, а му помагале и Данчо Зографски, Јордан Тодоровски, Љубомир Босилков, Никола Кирков и други. Во 1942 година со изградба на скривница во куќата на Митреви се зголемила дејноста на илегалната печатница. Тогаш се умножувале брошури и летоци, се печателе списанијата „Пролетер” и „Искра”. Со печатен материјал се снабдувале партиските организации ширум Македонија. Со упадот во печатницата во декември 1942 година се разоткрила илегалната дејност на КП.

Одредот „Трајче Петкановски” се појавил во многу специфични услови на 23 април 1944 година во месноста Кадиица составен од борци од Велешко и Прилепско. Одредот во почетокот го сочинувале 26 борци за до 1 септември 1944 година достигне бројка од 500 борци. Во своето 5-месечно делување не дал ниту една жртва. Од него и од новопристигнати борци на 2 септември 1944 година во с. Отиштино била формирана Осмата (македонска) велешка бригада. Нејзините дејствија биле насочени кон целосно ослободување на Македонија од фашистичкиот агресор. Ноќта меѓу 8 и 9 ноември бригадата пристигнала на територијата на Велес, поточно во с. Горно Оризари. Во 4 часот наутро на 9 ноември ги запоседнале борбените позиции за напад и ослободување на Велес. Во попладневните часови градот бил ослободен.

Послевоен Велес

По ослободувањето, со Законот за преименување на името на град Велес во Титов Велес, донесен на 10 октомври 1946 година, Велес бил преименуван во Титов Велес.[1]

На 15 јануари 1945 без јавно судење, од страна на ОЗНА биле масакрирани 53 затвореници од велешкиот затвор, родољубни лица, а некои и членови на Ванчомихајловистичката ВМРО (меѓу кои и познатиот велешки лекар Богдан Поп Ѓорчев) за кои имало сомневање дека биле озлогласени противници на НОБ, соработници со окупаторот, а дел од нив и директни извршители на грозоморни убиства врз македонското население и македонските партизани.[2] Без заокружена истражна постапка и без јавно судење за докажување на нивната вина, биле групно стрелани, а потоа и закопани во заедничка гробница. Масовната гробница била пронајдена дури 1996 година во месноста Пуста Кула во атарот на селото Летевци. Според обдукцијата, затворениците биле усмртени на најсвиреп начин со токмаци и железа, со удари по главата.[3] Ова претставува најголем масакр врз цивили извршен од ОЗНА во ослободена Македонија.[4]

Во наредниот период од 19461990 година, со Велес, како и со државата на која и припаѓал, раководела Комунистичката партија. Еднопартискиот систем во првите 30 години јакнел, за потоа да отпочне неговото постепено слабеење. Во 1990 година, се реализирани првите повеќепартиски парламентарни избори во рамките на независна Македонија.

Велес денес

 
Новоизградената црква „Св. Кирил и Методиј“ во младинскиот парк во Велес
 
Споменик на бранителот Оливер Китановски - Млеко во родното Башино Село, припадник на ЕСЗ Тигар, загинат во Битката за Арачиново.

Од осамостојувањето на Македонија на 8 септември 1991 година Велес се соочил со многу кризи. Стопанството, големите капацитети со стари и непродуктивни технологии не ја издржале конкуренцијата на пазарот. Социјалните стеги, падот на стандардот, невработеноста се сѐ уште проблем со кој се соочува градот.

Официјално името од Титов Велес било сменето во Велес на 14 септември 1996 година со Законот за територијлната поделба на Република Македонија и одредување на единиците на локалната самоуправа на Македонија. Покрај економските и социјалните проблеми, Велес се соочува и со еколошките проблеми, особено со загадувањето од страна на топилницата која се наоѓа во самиот град. Поради топилницата, Велес важел за „најзагаден град во Македонија“.

Кога Македонија се соочувала со војната во 2001 година, во одбрана на територијалниот суверентитет и интегритет голем придонес дале и Велешани. Вкупно 6 бранители од Велес загинале, од кои: Оливер Китановски - Млекото, Душко Гочевски, Сашко Манасков, Дејанчо Богданов, Александар Стојановски и Ќамуран Шакиров. Сите биле посмртно одликувани со Медал за храброст од Претседателот на Македонија.[5] Тие биле дел од т.н. „Велешка бригада“, која во текот на седумте месеци воени операции била распоредена низ Рашче, Матка, Карпалак, Кучково, Слупчане, Ваксинце, Танушевци. Со новата територијална организација на Македонија на 16 август 2004 година намалена е Општина Велес.

Во 2016 година Велес станал познат во светските медиуми поради трендот кој се појавил меѓу дел од младата популација на ширење лажни вести. Тие ја искористиле политичката ситуација во САД и претседателските избори на кои победил Доналд Трамп со тоа што создале стотина мрежни места за вести на кои објавувале вести со лажна содржина и истите ги споделувале на друштвените мрежи како Фејсбук. Потоа преку системот на Гугл за платени реклами заработувале пари од посетеноста на нивните мрежни места.[6]

Местоположба

Велес има централна местопололжба во Македонија. Недалеку од Велес во југозападен правец се наоѓа централната точка на Македонија. Градот Велес претставува значаен сообраќаен јазол каде се вкрстуваат најважните патни и железнички сообраќајни правци на меѓународниот сообраќаен коридор кој ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Градот е сместен во долината на реката Вардар, на нејзините два брега во малата Велешка Котлина над Велешката клисура на надморска височина од 206 метри.

Панорама на Велес со црквата „Св. Пантелејмон“.

Население

Во турскиот пописен дефтер од 1467/68 година, Велес имал 190 христијански семсјтва, 12 неженети , 35 вдовици христијани, како и 12 муслимански семејства. Градот се делел на неколку маала и тоа: Булиман, Кокора, Јован, Радослав, Стале, Доброслав и Дабижив.[7]

Во средината на XVI век во Велес живееле 214 христијански и 35 муслимански семејства. Социјалната и професионалната структура на населението била обратна од етничката. На горните општествени скалила било турската, а на дното македонската градска сиромаштија. Меѓу нив се наоѓал најбројниот слој на средноимотни граѓани од двата етноса. Во редината на XIX век, националниот состав на жителите го сочинувале 2/3 христијани (Македонци и Власи) и 1/3 муслимани (турско исламизирано население). Во околината на Велес живеала и помала група Роми.

 
Поглед на поновиот дел на Велес со станбени згради и висококатници

Од поновата историја констатиран е значаен пораст на миграцијата од село во град до 90-тите години на 20 век, а во последните десетина години има обратна миграција, особено на постарата популација. Констатиран е и значаен пораст на миграција на работоспособно население од општината надвор од границите на Македонија.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, Велес бил еден од најголемите градови во Македонија со 19.700 жители, од кои 12.000 Македонци, 6.600 Турци, 600 Роми и 500 Власи.[8]

Заедно со приградската населба Превалец (2.974 ж.) која статистички се води како одделна од градот Велес, иако урбанистички е дел од градот, Велес има 46.690 жители (од кои 43.197 — 92,52 % се Македонци).

Градот Велес има неповолна демографска слика бидејќи бројот на неговото население константно опаѓа. Општина Велес брои 55.108 жители од кои 46.767 (84,86 %) се Македонци.

Етнички групи

Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 43.716 жители и спаѓал во групата на средни градови.[9]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, Велес брои 40.664 жители и претставува седмиот град во Македонија и воедно на Вардар.

Етнички гледано, населението (без Превалец) е составено од:[10]

Етнички групи[10]
Македонци
  
92,12 %
Турци
  
3,88 %
Роми
  
1,83 %
Власи
  
0,78 %
Срби
  
0,68 %
други
  
0,43 %
Албанци
  
0,21 %
Бошњаци
  
0,08 %
Народ Вкупно Удел (%)
Македонци 40.269 92,12
Албанци 91 0,21
Турци 1.694 3,88
Роми 799 1,83
Власи 340 0,78
Срби 297 0,68
Бошњаци 36 0,08
други 190 0,43
Јазик

Во градот се зборуваат следниве јазици[10]:

Јазици[10]
македонски
  
92,82 %
турски
  
3,94 %
ромски
  
1,55 %
влашки
  
0,63 %
српски
  
0,52 %
други
  
0,30 %
албански
  
0,17 %
бошњачки
  
0,07 %
Јазик Вкупно Удел (%)
македонски 40.576 92,82
албански 76 0,17
турски 1.724 3,94
ромски 676 1,55
влашки 277 0,63
српски 228 0,52
бошњачки 30 0,07
други 129 0,30
Вероисповед

Во Велес се застапени следните религиски групи[10]:

Религија[10]
православие
  
91,81 %
ислам
  
6,21 %
други
  
1,84 %
католицизам
  
0,13 %
протестантство
  
0,01 %
Вероисповед Вкупно Удел (%)
православни 40.135 91,81
муслимани 2.714 6,21
католици 58 0,13
протестанти 6 0,01
други 803 1,84

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Велес:[заб 1][заб 2]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
194815.350—    
195319.373+26.2%
196127.050+39.6%
197135.980+33.0%
198142.557+18.3%
ГодинаНас.±%
199145.037+5.8%
199444.149−2.0%
200243.716−1.0%
202140.664−7.0%
Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948[11] 13.296 51 588 767 47 304 303 15.356
1953 16.846 106 1.594 281 54 203 289 19.373
1961 24.570 69 1.532 437 442 27.050
1971 32.555 75 2.035 57 702 556 35.980
1981 38.622 64 2.206 188 194 592 691 42.557
1991 41.245 94 1.919 470 263 473 573 45.037
1994 41.219 97 1.572 421 303 334 203 44.149
2002 40.269 91 1.694 799 340 297 36 190 43.716
2021 33.956 127 1.018 506 266 198 55 264 4.274 40.664

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948 — 2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Стопанство

Градот имал средна економска развиеност обично со трговијата која се обавувала со сплавови по Вардар кон Солун и Скопје. Меѓутоа Велес доживеал вистински економски развиток преку изградбата на Вардарската железничка линија „Солун-Скопје“ кон крајот на XIX век, а подоцна и со железничката пруга кон Прилеп и Битола во 30-тите години на XX век.

Велес е значаен идустриско-стопански центар и сообраќајно-железничка крстосница на Македонија. Од Велес се двојат железничките пруги кон Кочани и Битола и продолжува меѓународниот коридор кон Солун.

Уште во минатото Велес бил развиен занаетчиски град со голем број на занаети како на пример грнчари, калајџии, ковачи, јорганџии, дограмаџии, касапи и многу други, а своите производи велешките занаетчии отпрвин ги превезувале преку сплавови (гемии) преку реката Вардар до Солун, а подоцна со изградбата на пругата замрел овој вид транспорт.

Во Велес почнале да се градат првите фабрики меѓу кои „Маслодајна“ или денешен „Благој Ѓорев“, Фабриката за грнчарски производи „Вила Зора“ и други. Од занаетчиски во индустриски град Велес преминува по втората светска војна. Велес денес е втор град со најголем број индустриски капацитети во Македонија, веднаш зад Скопје.

Од индустриските капацитети поважни се Топилницата за олово и цинк „МХК Злетово“ , Фабриката за вештачки ѓубрива „Хемиска индустрија Велес, Фабриката за вагони и шински возила „Колска“, фабриката за бојлери и апарати за домаќинство „Динамо — Леов“, металната и металопрепработувачката индустрија „БРАКО“ (некогашно „Браќа Кошулчеви“), текстилната индустрија Нонча Камишова (денес „Ветекс“, „Нокатекс“), индустријата за порцелан и керамика (денешна „Керамика Нова“ или поранешна „Порцеланка“), индустријата за ќерамиди и цигли „Киро Ќучук“, кожарско-крзнарската индустрија „Димко Митрев“, земјоделскиот комбинат „Лозар“ (денес приватизиран и поделен на неколку фирми), најголемата фабрика за масло во Македонија „Благој Ѓорев“, мелничко-пекарскиот комбинат „Жито Вардар“ кој поседува и свињарски и живинарски фарми, фабриката за медицинска опрема и пластика „Вемед“, свињарската фарма и месна индустрија „Агрија“, тутунскиот комбинат "А.Д Велес Табак" ( поранешно "Југотутун" ) и др.

Туристички објекти во градот се хотелите „Романтик“ и „Монтенегро“, како и бродот „Хотел Панини“. Во Велес, силно се развива туризмот на вештачкото езеро Младост кое се наоѓа помеѓу Велес и Скопје. Угостителството е на среден степен на развиеност. Застапени се кафеани, ресторани, пицерии, ноќни клубови, дискотеки и друго. Посебен белег остава угостителствово во зимниот период кога од цела Македонија доаѓаат гости за проба на пита пастрмајлија, еден од заштитните знаци на велешката кујна.

Финансискиот сектор е развиен на ниво на експозитури на банки и осигурителни компании кои нудат кредитирање, лизинг, осигурување и друго. Со тоа се постигнува поголем развој на велешката економија, пред сè на малите и средни претпријатија.

 
Езерото Младост

Туризам

Најголема туристичка атракција во блиската околина на Велес е античкиот град Стоби. Покрај него, значајни се и наоѓалиштето Бреза и наоѓалиштето Пешти, кој изобилува со пештери со археолошки остатоци од неолитот, ранохристијански пештери. Надвор од градот се наоѓа и тврдината Велешко кале.

Култура

Во средниот век Велес е лулка на културата на Балканот. Тука е напишан првиот драмски текст на македонски јазик од преродбеникот и учител Јордан Хаџи Константинов Џинот, во Велес на театарската сцена првпат настапила жена, првата гимназија на Балканот е во Велес, првата библиотека, првото училиште, првиот музеј, првиот фотограф, социјалист итн. Познати велешки културни дејци се Коле Неделковски, роден во село Војница, близу до Велес, потоа бесмртниот поет Коста Солев-Рацин, кој со својата појава засекогаш го измени лицето на македонската и светската поезија и кој остави длабк траг на поезијата заветувајќи ги своите идни поколенија да се држат до јасно зацртаната патека која тој ја трасираше. Потоа овде мора да се споменат големите имиња кои ја одржуваа и негуваа културата и литературата во Велес како Јордан Леов, Тихо Најдовски и Македонка Јанчевска. Од современиците, се издвојува појавата на поетот и писател Игор Крајчев, кој како млад писател е основополжник на епската фантастика во македонската книжевност, жанр што досега беше непознат и неискористен во нашата книжевна ризница.

Културно-општествените установи

Театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот

Познатиот антички – римски театар кој функционирал во древниот град Стоби пред две илјади години е дел од театарската традиција на овие простори. Традицијата ја продолжува просветителот и преродбеник Јордан Хаџи-Константинов Џинот чии напишани драмски текстови во 1845 година му го обезбедија приматот на основоположник на современиот театарски текст. Во познатиот центар на вековната театарска традиција, во градот Велес, од 1948 година работи професионален театар, односно Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“. Театарот денеска е стожер на културниот живот во Велес, со во просек, шест премиери годишно. Особено внимание кај тетарската публика привлекува постојаната глумечка екипа која досега има освоено награди на бројни домашни и меѓународни фестивали. Малубројниот, но компактен ансамбл негува различни театарски жанрови и е носител на активностите за враќање на театарската традиција на сцената во древниот Стоби. Со цел да се зачува долгата театарска традиција и да се обезбедат услови за работа на новите генерации глумци, режисери и сценски уметници, изготвен е проект за изградба на комплексен објект— Центар за култура, во кој ќе биде сместен новиот театар.[12]

Матична библиотека „Гоце Делчев

Некогаш првата библиотека во Македонија, денес матична библиотека „Гоце Делчев“ — Велес, веќе од 1978 година е сместена во центарот на градот, во простор поделен на два дела. Во едниот дел се сместен библиотечниот фонд за возрасни и е поставена импровизирана читална, а во вториот дел се наоѓа одделението за деца. Матичната библиотека располага со библиотечен фонд од околу 10.000 книги и публикции. Библиотеката се грижи за набавка, обработка и одржување на библиотечниот фонд, негово користење и издавање. Покрај бисерите на македонската, европската и светската литература, таа располага и со мало роднокрајно одделение во кое се чуваат сите значајни досега објавени дела посветени на Велес низ историјата. За своите читатели, библиотеката нуди и дневни весници и списанија. Во моментов матичната библиотека „Гоце Делчев“ има 3.500 редовни читатели, а нејзините услуги ги користат околу 10.000 граѓани од сите националности и возрасти. Библиотеката располага и со литература на англиски и француски јазик. Со цел матичната библиотека во Велес да се приближи до европските стандарди за библиотечно работење во Европа, тековно се работи на обезбедување на нов простор за вршење на библиотечната дејност, компјутеризација и создавање на основа на податоци за библиотечниот фонд. Во тек е и проект за отворање на точка за бесплатен пристап до Интернет за граѓаните на Велес, со што ќе се осовремени информативната дејност на библиотеката. Исто така во плане изградба на нова зграда на библиотеката.[13]

 
Зградата на Народниот музеј
Народен музеј

Објектот со специфична градска архитектура што го краси центарот на Велес, е седиште на велешката историја и култура. Овој прв повоен музеј во Македонија е отворен во далечната 1946 година. Сите посетители секој ден од 8 до 12 и од 16 до 20 часот имаат можност да ги видат вредните експонати изложени во археолошкото, историското, етнолошкото и одделението за историја на уметноста. Музејот располага со околу 3000 експонати од кои во постановките се изложени 1000. Особен интерес привлекува етнолошкото одделение каде се изложени раскошни градски и селски носии како и ентериери уредени според старата велешка архитектура. Интерес привлекуваат и останатите поставки, особено археолошкото одделение кое изобилува со експонати пронајдени на археолошките наоѓалишта во регионот на Велес.[14] Народниот музеј располага и со три спомен куќи, меморијален комплекс во село Горно Врановци и спомен костурница. Во рамките на стратегијата за развој музејот предвидува отворање и на палеонтолошко одделение во кое ќе бидат конзервирани експонати од времето на палеолитот со кои изобилува регионот на Велес.

 
Станбени згради во новиот дел на Велес
Кино „11 октомври“

Љубителите на филмската уметност, во Велес имаат можност да ги проследат најновите филмски хитови, но и евергрините во киното 11 октомври. Киното располага со сала со капацитет од 550 седишта. Во летните периоди, кино проекциите се одвиваат на летна кино тераса адаптирана за овој период од годината. Филската уметност има долга историја во Велес. Во градот работеле и денес работат неколку режисери аматери кои претежно реализираат документарни и кратки филмови. Во Велес се реализирани и 7 проекта од македонската кинематографија.

Центар за детско творештво „Ѓоре Органџиев

Во прилог на развојот на креативноста на децата и младите како и реализацијата на вонучилишни активности, во Велес работи Центарот за детско творештво „Ѓоре Органџиев“. Во центарот функционираат повеќе секции меѓу кои играорната група „Буба Мари“, балетската група „Црни мачиња“, ликовната секција и литературната секција. Овде децата имаат можност да изучуваат повеќе странски јазици и компјутерски вештини. Центарот кој располага со привлечен простор и сала за јавни настани е организатор на традиционалната манифестација „Детски Рацинови средби“.[15]

Стрип центар на Македонија

Со цел да се афирмира културата на стрипот и уметноста во Република Македонија како и да се организираат авторите на стриповите во нивните креативни активности, во 2003 година, во Велес е отворен Стрип центарот на Македонија. Библиотеката на стрипови која располага со 6000 наслови на македонски, француски, англиски и српско хрватски јазик опфаќа повеќе од сто активни членови. Во центарот се организираат образовни работилници за почетниците, но и за еминентните цртачи. Често се организираат и изложби на стрипови. Центарот издава списанија за стрипови, а периодично издава и книги на стрипови засновани на народното творештво. Секоја година, во текот на ноември центарот организира меѓународен салон на стрипови.[16]

Споменици

 
Детаљ од куќа во комплексот Варналии
Спомен-куќа на Кочо Рацин

Куќата на еден од најголемите поети во периодот помеѓу двете светски војни Коста Солев-Рацин во 1962 година е целосно реставрирана. Приземјето е изградено од камен, на катот доминира фасада со бела боја, а покривот е висок и покриен со ќерамиди. Двокрилна порта од дрво води во тремот решен како мал простор кој ги спојува катот, фурната, чардаците и грнчарската работилница. Работилницата има голема површина, а во нејзинот под има мала скривница. Чардакот на куќата е споен со фурната. На спротивниот крај чардакот со скали води кон повисок чардак. Во спомен куќата на Рацин денеска се наоѓаат негови оригинални ракописи и голем број други спомени за неговиот живот и дело.[17]

Спомен-куќа на Васил Главинов

Спомен куќата на првиот пропагатор на социјалистичките идеи во Македонија Васил Главинов, денес е музеј посветен на неговиот живот и дело. Куќата се смета за еден од најубавите белези на старатa велешка архитектура.[18] На првиот кат од куќата се наоѓа чардакот кој од левата страна продолжува во гостинска одаја. Од десната страна на чардакот има две други простории. Гостинската одаја има врата со правилна форма. Прозорците се со хоризонтални и вертикални пречки, а завршуваат во баркона форма. На вториот кат се наоѓа чардак со неправилна форма.

Спомен-куќа на Јордан Хаџи Константинов-Џинот

Спомен куќата на еден од најзначајните македонски просветители и преродбеници Јордан Хаџи Константинов-Џинот е изградена на левата страна на реката Вардар, во велешкиот сокак. Куќата се одликува со специфична староградска архитектура во која доминираат ѕидови од кршен камен, жолта фасада, дрвени столбови и дрвена ограда со тобозани. Чардакот е динамичен, на три нивоа и во квадратна форма се надвиснува над високиот камен.

Поради специфичната староградска архитектура и историското значење на куќата на еден од најголемите преродбеници, Министерството за култура и Заводот за заштита на спомениците на културата оваа куќа ја прогласија за споменик на културата. Општина Велес тековно работи на реставрација на куќата која ќе биде претворена во спомен музеј посветен на животот и делото на Јордан Хаџи Константинов-Џинот.[19]

 
Улица во Велес со градскиот саат
Градски саат

Изградена во првата половина на 18 век, кулата во централното градско подрачје на Велес служела како осматрачница за отоманските власти. Кон крајот на 18 век, во периодот на преродбата во Велес, кулата била претворена во градски саат. Оттогаш камбанаријата на часовникот е постојан потсетник за времето за граѓаните на Велес. Со својата специфична архитектура, оваа градба од камен со раскошен врв денес е неодминлив симбол на Велес, присутен и на грбот и знамето на градот. Кулата овозможува убав поглед на централното градско подрачје.[20] Ентериерот кој е израз на древната игра на дрвото и каменот ја прави оваа туристика атракција уште поинтересна. Градскиот саат кој им одолеал на вековите, веднаш го привлекува вниманието на љубителите на специфичната урбана архитектура.

Спомен костурница

Импозантниот споменик изграден во 1979 година веднаш над влезот во Велес, од неговата десна страна, е вечен дом на стотина велешки борци кои во втората светска војна загинале за остварување на вековниот сон за слобода на македонскиот народ. Споменикот, изграден во форма на афионов цвет е дело на академскиот вајар Љубомир Денковиќ и архитектoт Саво Суботин од Србија. Во централниот дел на внатрешноста е поставен симболот на слободата во форма на расцветано дрво, додека по сите страни од ѕидовите е распослан најголемиот мозаичен комплекс во Македонија, дело на академскиот сликар Петар Мазев. На вкупна површина од 220 м², преку една композиција составена од пет слики, авторот ја насликал историјата на македонскиот народ од Илинденската епопеја преку социјалните превривања меѓу двете светски војни,периодот на народно ослободителната војна и сенародното востание, сè до победата над фашистичкиот окупатор, повоената изградба на Македонија и слободата како врвна придобивка. Мозаикот е направен од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во повеќе бои, преку кои едни од други се одвојуваат симболите и формите.

 
Спомен обележје посветено на Гемиџиите

Споменик на Гемиџиите

На левиот брег на реката Вардар, на уредено плато на кејот се издига споменикот посветен на Гемиџиите. Споменикот е поставен во чест на големиот јубилеј „100 години Илинденско востание - 100 години македонска државност“. Импозантниот споменик висок 6,5 метри, претставува сплет од 12 зраци што ги симболизираат дванаесетмината Гемиџии, кои во предвечерјето на Илинденското востание ги извршија познатите Солунски атентати, во обид да го свртат вниманието на Европа кон македонското прашање. Споменикот е дело на академскиот вајар Станко Павлевски. Крај споменикот е поставена плоча со имињата на гемиџиите на која е испишана нивната историска порака „Се арчиме за Македонија“.

 
Споменик на Кочо Рацин во Велес
Споменици на Кочо Рацин

Во чест на патронот на велешката Гимназија, во 1968 година на Кочо Солев Рацин во неговиот роден град за првпат му е поставен споменик. Споменикот е дело на академскиот вајар Димко Тодоровски кој преку преку натприродната големина на фигурата на Рацин направил обид за претставување на големината на македонскиот народ. Изработен е од глина и излиен во бронза. Традиционално пред него секоја година во Велес започнува меѓународната средбата на поетите посветена на делото на ненадминливиот поет и револуционер.

И во центарот на Велес, наспроти градскиот саат се издига споменик на основоположникот на современата македонска поезија Кочо Солев Рацин. Споменикот поставен во 2002 година е дело на акдемик Томе Серафимовски. Висок е 2,80 метри и тежок 500 килограми. Фигурата на Рацин е излеана во бронза. Споменикот е донација на македонскиот стопанственик Трифун Костовски.

Културно-општествени манифестации

Меѓународна поетска манифестација „Рацинови средби

Од 1964 година, Велес е домаќин на поетите од Балканот кои, во родниот град на основоположникот на современата македонска поезија и литература Кочо Рацин, го слават битот на поетскиот збор.[21] Покрај презентацијата на поетското творештво во рамките на манифестацијата „Рацинови Средби“ се одржуваат и научни собири посветени на животот и творештвото на Рацин. На манифестацијата традицинално се доделува Рациново призние за најуспешно литературно остварување помеѓу две манифестации како и почесното Рациново признание кое се доделува за научни трудови, преводи и други дела посветени на творештвото на Кочо Рацин. Секоја година манифестацијата се збогатува со разни содржини како настапи на истакнти музички уметници, изложби, саеми на книги. На нив учествуваат музичари и групи од Македонија и од соседството.

Мегународен фестивал на античка драма „Стоби

Со цел да се зачува традицијата на античкиот театар, со изведба на антички театарски текстови на древната сцена во Стоби, од 1992 година, на иницијатива на глумците при велешкиот театар, во летните периоди се одржуваат претстави во античкиот амфитеатар.[22] Од 2001 година оваа традиција прерасна во Меѓународен фестивал на античка драма, која секоја година привлекува сè поголем број на театарски уметници од светот. Фестивалот е атракција не само за велешани, туку и за љубителите на театарот од целата држава за што сведочи огромниот број на посетители кој се движи од 2500 до 3000 по претстава. На фестивалот традиционално се доделува наградата за најдобра претстава, наградата за режија како и наградите најдобри глумци.[23] Древната сцена во Стоби е особено привлечна за театарските уметници поради можноста за создавање на вистински спектакли во древниот амбиент на античкиот амфитеатар и оживување на текстовите на Софокле, Аристофан, Еврипид и други антички автори. Мрежно место на фестивалот Архивирано на 23 март 2009 г.

Меѓународен фолкорен фестивал „Велес

Долгата традиција на негување на македонскиот фолклор во Велес ги поттикна културните работници да го основаат Меѓународен фолклорен фестивал „Велес“. Првото издание на фестивалот се одржа во 2004 година со учество на фолклорни ансамбли од Македонија, Република Бугарија, Словенија, Србија и Црна Гора. Фестивлот го привлече интересот на јавноста со богатиот фолклорен колорит на народите и убавината на народното музичко творештво што фолклорните ансмбли ги презентираат на повеќе локации во градот. Особено внимание кај посетителите привлекува дефилето на учесниците на фестивалот низ велешките улици.[24]

Сликарска колонија „Еко-Арт

Од 1998 година, на иницијатива на домот на културата во Велес, во живописните предели на село Горно Врановци, традиционално се одржува меѓународната сликарска колонија „Еко арт“. Оваа меѓународна ликовна мнифестација е поттикната од желбата на уметниците да помогнат во решавањето на еколошките проблеми на велешани. Учесниците на колонијата имаат можност во услови на крактеристични природни амбиенти да создаваат дела со длабока еколошка порака, вградувајќи во нив елементи од непосредниот урбан и природен амбиент на градот и околината. Колонијата го привлекува интересот на голем број уметници од Балканот и пошироко чии дела се изложуваат на постановка посветена на делата создадени на оваа сликарска колонија.

Културно-уметнички друштва

Ансамбл „Распеани Велешани

Ансамблот „Распеани Велешани“ е основан во 1971 година. Пејачката група на ансамблот денеска брои 30 активни членови, а музичката група-чалгијата, шестмина. Ансамблот ја негува староградската песна од Велес и велешко, како и од повеќе региони на Република Македонија. Музичката група на ансамблот свири на оригинални инструменти меѓу кои преовладуваат кларинет, виолина, дајре, џумбуш и ут. Ансамблот „Распеани Велешани“ учествувал на повеќе реномирани фестивали во земјава и на просторите на поранешна Југославија. Тој има освоено повеќе престижни награди меѓу кои и прва награда grand prix на фестивалот „Илинденски денови“ одржан во Битола, во 2002 година. „Распеани Велешани“ имаат издадено две лонг плеј плочи и едно цд со изведба на староградски песни.[25]

КУД „Керамичар

Ансамблот Керамичар е основан во 1954 година. Денес тој брои 250 членови, повеќето ученици и студенти. Ансамблот Керамичар досега одржал повеќе од 3.500 концерти. Има учествувано на голем број фестивали, културни манифестации, прослави и ревии на музика. Благодарение на квалитетот на неговата програма, тој е добитник на многу награди, признанија и плакети. За својот настап на манифестацијата ММФ, во Дижон, Франција, ансамблот ја доби наградата сребрен гердан. Керамичар има објавено неколку плочи на народни песни и ора. Во рамките на своите настапи, ансамблот ги презентира нарродните носии кои се одликуваат со богат колорит. На носиите, доминираат црвената и црната боја кои се исткаени на бела основа. Македонскиот народ ги зачувал овие носии низ својата историја. Со голем ентузијазам, младите луѓе учествуваат во активностите на ансамблот и се грижат за ритмот и народните песни и ора на македонскиот народ.[26]

КУД „Коле Неделковски

Културно уметничкото друштво „Коле Неделковски“ кое го носи името на еден од најеминентните велешки поети и револуционери, постои и работи повеќе од 18 години. Денес ова друштво опфаќа повеќе од 250 активни членови кои работат во неколку секции. Во рамките на друштвото работи и балетската група „Анабела“ која негува модерен балет. КУД „Коле Неделковски“ има учествувано на голем број фестивали во повеќе земји меѓу кои Шпанија, Германија, Турција, Романија, Словачка, Бугарија како и во Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и др. Репертоарот на друштвото ги опфаќа ората Комитско, Калајџиско, ората од источниот регион на Повардарието, егејски ора, Водарки, Бувчанско оро и голем број други ора и песни.[27]

Архитектура

Од крајот на XVIII до почетокот на XX век, како резултат на развојот на трговијата и миграцијта на неимарските тајфи, во Велес се развива специфична градска архитектура.

Комплекс „Варналиите“

 
Куќа од комплексот Варналиите
Куќата на Паунови

Изградена е во 1868 година, во месноста Варналиите. Основата на куќата е правилна и се развива во три нивоа. Куќата е пространа, составена од приземје и два ката. На неа доминира чардакот и прозорците. Особено е впечатлив е ентериерот во кој доминираат детали од традиционалното градителство. Со цел да се долови впечатокот на традиционалната градска архитектура општина Велес ја реставрираше фасадата на куќата на Паунови.

Куќата на Тренчови

Изградена е истовремено со куќата на Паунови. Поради специфичниот терен, куќата е отворена кон улицата со тесна фасада и покрај приземјето има уште два ката. Приземјето и првиот кат се направени од камен. На вториот кат доминираат прозорците, архитектонската графика и опшивниот венец. Архитектонското решение на вториот кат е особено впечатливо и во него доминира одаја со седум прозорци свртени кон улицата. Фасадата на куќата чиј ентериер е исполнет со традициолно изработена покуќнина е реставрирана.

Куќата на Прнарови

Изградена е во 1868 година на три нивоа со специфична неправилна форма во основата. Поплочениот двор на приземјето е отворен простор поврзан со улицата. Централно место во архитектонското решение зазема чардакот кој ги спојува сите одаи . На вториот кат доминираат големи прозорци и исфрлена стреа со декоративни елементи на флора и фауна која завршува во покривот. Обновената фасада на куќата на Прнарови се одликува со еркерно исфрлени катови.

Останати позначајни архитектонски белези

Куќите на Ѓоргови

Сместена во центарот на Велес, куќата на семејството Ѓоргови е изградена во 1930 година по примерот на европскиот модел на градска куќа од тој период. Куќата има јавно приземје, два приватни станбени катови и мансарда. Веднаш до неа се наоѓа втората куќа на семејството Ѓоргови, изградена во 1928 година, исто така, по европски модел на градска куќа со приземје и два ката. Основата на куЌата е асиметрична , а фасадата симетрична и убаво обликувана, со венец околу прозорците.

Куќата на Шукареви

Изградена е во 1927 година во центарот на Велес и се смета за еден од најубавите објекти во Велес. Оваа куќа се одликува со симетрична фасада, со специфични декоративни елементи. Во централниот дел доминираат завршните елементи со декоративна пластика, полна ѕидана ограда и ковано железо. Денеска фасадта на куќата е обновена. Куќата има јавно приземје во кое се сместени продавници и приватни станбени катови со завршеток од таван или мансарда. Малтерисаната фасада во окер жолти тонови е обновена.

Велешко кале

Повеќе од две илјади години имало живот на велешкото Кале, од рано христијанскиот период, па сѐ до средината на XIX век, покажуваат археолошките истражувања на овој простор. Тој не е така познат како другите слични простори во земјава, но наспроти нив тука имало богат живот кој е малку истражуван. Наоѓалиштето лежи над манастирот Св. Димитрија, а под него се реките Вардар и Тополка и според археолозите, најстарите велешани потекнуваат од овде. Првата населба или стариот град Велес датира од раноримскиот период. Подоцнежните истражувања говорат дека на овој простор имало жители до XIX век, кога според пишаните податоци се иселува последниот човек. Се смета дека ова место во почетокот се нарекувало Волос, по словенскиот бог на шумите, кои ги имало во изобилие во неговата околина, така и спротивниот рид го добил името поврзано со дрвјата и огнот Св.Илија - громовник. Каде има и шума, има и стока, па како остаток на тоа време, половина град и денес го одбележува христијанскиот празник Св.Никола кој во словенската митологија бил заштитник на стоката. Во калето се одвивал богат живот, разбирливо бидејќи бил на крстосница и на важно стратешка локација. Тој може да биде многу посетено туристичко место. Има проект и елаборат, но досега не се обезбедени средства за негова реализација. Ова се смета како контра тврдење дека градот Вила Зора се наоѓал во Овчеполието, а не тука.

Општествени установи

Образование

Во Велес има 6 основни училишта, 4 средни училишта во кои годишно се образуваат околу 3.176 ученици и едно училиште за образование на деца со лесни пречки во развојот. Потреба од проширување на образовните капацитети постои во насока на високото образование.

Во градот делува и работнички универзитет за дообразование, учење на занаети, странски јазици и нижо музичко училиште, а постои и интернат за сместување на ученици од средното образование.

За предучилишно образование постојат и работат 6 организациони единици на предучилишната установа „Димче Мирчев“. Во градинките се опфатени околу 650 деца, а просториите во кои престојуваат се естетски уредени, адекватни и и одговараат на педагошките барања и норми.

Високо образование

Установи за високо и више образование во Велес, за првпат се отворени по Втората светска војна, кога била отворена и вишата хемиска школа. Во денешно време со политика на дисперзирање на студии на македонските универзитети во Велес, работат дисперзирани студии на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, како и на факултетот за туризам и техничко-технолошкиот факултет при универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола.

Средно образование

Основно образование

Цркви и манастири

 
Градската соборна црква Св. Пантелејмон

Од досегашните познати историски податоци се дознава дека Велес имал свој епископ за време на Охридскиот архиепископ Димитар Хоматијан (12161234). Сепак до 1661 г. нема сигурни податоци за другите велешки епископи. Постојат повеќе причини зошто е тоа така: на прво место е влијанието на политичките околности, а потоа, се разбира и црковните состојби во Охридската архиепископија. Епископите често биле присилно сменувани, од кои некои биле само по една година. Но од втората половина на XVII век веќе се познати приличен број имиња на велешки епископи.

Најстар историски извор за антитурското раздвижување во Велес постои од крајот на XVI век. Бунтот бил предводен од страна на тогашниот Охридски архиепископ Варлаам, кој на Архиепископскиот престол дошол по смртта на Атанасиј I, познатиот организатор за кревање на општобалканско востание за чија реализација барал помош од европските држави. Архиепископот Варлаам по сè изгледа активно продолжил по стапките на својот претходник, но сето тоа било со краток век. Во 1598 година, бил фатен и погубен од јаничарите во Велес. Денес градот Велес е седиште на Повардарската епархија при МПЦ.

Св. Пантелејмон

Градската соборна црква Св.Пантелејмон се наоѓа југозападно од градот, на неколку стотини метри оддалечена од последните куќи во една длабнатина. Теренот, на кој е поставена, прилично е стрмен, особено од западната страна, каде што над црквата високо се издига ридот Вршник, а од источната стрмо се спушта во Велешката клисура, дури до брегот на Вардар и главниот пат кон југ. Заради тоа соѕидана е подлога за црквата, а како бедем од источната страна изграден е потпорен ѕид од деклан камен, како кај одбранбените тврдини. Во дворот на црквата, при самиот влез, поставена е камбанаријата, а десно од неа во правец на црквата се изградени неколку зградички, кои служат за разни потреби. Камбанаријата е подигната во 1904-1905 година, за која цел дотогаш служеле црковните клепала. Црквата има два влеза: еден од север, а другиот од југ. Што се однесува до постанокот на црквата Св.Пантелејмон има повеќе верзии. Тие се засноваат, главно, на народното кажување и на извесни предметни сведоштва. На прво место, како непобитен факт, е тоа дека денешната црква е од поново време, а старата, која постоела како мала црквичка, можно е во старо време да служела како манастир на Стар Велес. Во секој случај, нејзиниот денешен изглед датира од 1837-1940 година. Идејата за обновување на црквата се родила од самата потреба. За време околу 4 години (1837-1840) црквата била оспособена за богослужба. Во таа година црквата била осветена од велешкиот владика Игнатиј. При осветувањето на црквата, извршено на 9 август 1840 година, на владиката му помагал месниот свештеник поп Грујо, кој во исто време заедно со Хаџи Ѓорѓи Дрндар бил најзаслужниот човек за изградбата на црквата. Дефинитивното довршување на црквата траело сè до 1847 година, а во 1849 година е поставено клепалото.

Успение на Пресвета Богородица
 
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“

Црквата Св.Богородица се наоѓа на источната страна од градот во месноста Дервен, каде што порано живееле извесен број влашки семејства, така што и нивната улица почнале да ја викаат “Влашко маало”. Надворешниот изглед на црквата не е впечатлива архитектура, повеќе личи на поголема зграда, отколку на црква, па според тоа и не припаѓа на некој посебен црковен стил. Најболно прашање за Власите било тоа што тие немале своја црква. Бидејќи во 1874 година не успеале на присилен начин да ја присвојат црквата Св. Спас, во 1882 година започнале со градењето на своја црква- Св. Богородица. Оваа година е втисната и на сребрениот крст за рачна употреба, а кој подолго време се наоѓа на светиот престол во олтарот на црквата, како дар од некој член на влашкото семејство Дочеви, кои имале аптека во Велес. На завршните работи во 1905 година и овде работела тајфата на прочуениот мајстор Дамјан, синот на Андреја, мајстор градител од семејството Рензовци-Зографовци во Велес. Најпосле Власите се здобиваат со своја црква, Св.Богородица, која населението ја нарекло “Влашка црква”. Уште од самиот почеток богослужението во неа се вршело на грчки јазик со одобрение и благослов од владиката во Велес. За прв парохијски свештеник бил поставен Димитриј Бога, член на семејството Бога, од кое потекнува и добротворот Чекрдак. На тоа место како протојереј, Димитриј останал сè до 1915 година. Инаку, грчката служба во црквата престанала уште во 1912 година по одењето на Турците од Македонија, бидејќи новопоставените свештеници не знаеле грчки. За успехот на црквата и нејзиниот углед најголема заслуга има нејзиниот голем добротвор Михајло Чекрдак. Потоа треба да се спомнат имињата на питропите, кои секогаш совесно ја вршеле својата работа и секогаш биле активни соработници на црковните лица.

Црква Св. Спас

Во подножјето на ридот Рамина е изградена црквата Св.Спас. Таа е во непосредна близина на градот, југоисточно, само на стотина метри оддалечена од последните градски куќи. Како таква, таа има отоврен видокруг кон долината на Вардар од задната страна и претставува спротивност на црквата Св.Пантелејмон, која се наоѓа на западната страна преку Вардар. Васил К’нчов вели дека на местото на Св.Спас некогаш постоела мала црквичка, односно да служела и како манастир. И во Енциклопедијата на лексикографскиот завод се спомнува дека таа потекнува уште од XIV век, а била обновена во XIX век. Христо Чочков подолго време се занимавал со историјата на овој град, и според него црквата Св.Спас потекнува од XVII век како претходница на спротивната црква Св.Пантелејмон.

Црква Св. Никола
 
Црквата „Св. Никола“

Малата црквичка Св. Никола е доградена на околу стотина метри јужно од манастирот Св. Димитрија, над висната над самиот пат, кој кривулесто се провлекува кон Градско. Како и другите мали храмови, така и овој, посматран од надворешната страна ни малку не прилега на црква, туку како на некоја одбранбена тврдина, чија големина изнесува околу 20 м². Според мислењето на постарите Велешани, слични црквички по облик и димензија, постоеле и по други места на Велешко како и во Стариот Град. Инаку ни за овој храм како и за спомнатите не постојат историски податоци.Се смета дека и оваа црква му припаѓала на некој манастир, а веројатно на манастирот Св. Димитрија, во чија близина и се наоѓа. Инаку, што се однесува до нејзиното потекло, ако овој храм се спореди со другите од оваа област и нивните фрески по ѕидовите, може да се констатира оти храмот потекнува веројатно уште од X век, или нешто подоцна. До таков заклучок доаѓаат уметниците и археолозите, кои црквичката ја идентификуваат со Маркова Меана.

Манастир Св. вмч. Димитрија
 
Црквата „Св. Димитриј“

Манастирот Св.„Димитрија“ се наоѓа на околу два километра јужно од градот, на десната страна од реката Вардар, под реката Тополка, која се влева во Вардар. Во секој случај постанокот на манастирот датира од постаро време, за коешто ни сведочат извесни историски податоци, запишани од повеќе патописци, историчари, археолозии раскажување на постари луѓе. Но, како и да е, предност за постанокот на манастирот му се дава на средновековието.Не може да се негира и претпоставката оти овој храм потекнува од многу постаро време, кога уште постоел стариот град Вилазора. Само, се разбира, тогашното постоење на манастиорот, не можело да ги има денешните димензии, од XIV век, кога го обновил властелинот на цар Душан, Раденко со својата мајка. До таков заклучок се доаѓа преку арехеолошките и други наоди во V и VI век, кога во близината на Вилазора постоеле и други храмови, како што е епископската базилика во Стоби, потоа и базиликата Св. Јован Крстител која потекнува, можеби и од поранешното време. Интересна појава кај овој манастир претставува и самата камбанарија, која е поврзана со манастирската црква и изгледа како да е нејзин составен дел од западната страгана.До средината на овој век, нешто по завршувањето на Втората светска војна, споредните манастирски згради во дворот, служеле како конаци и магацински простории. Од источната страна по сета должина на манастирскиот двор север-југ постоеле две згради составени од приземје и кат. Во приземјето се засолнувала стоката на селските гости, кои доаѓале на манастирската слава Св. Димитрие, првиот петок по Велигден, и во други поголеми празнични денови.

Црква Св. Петка
 
Црквата „Св. Петка“

Се наоѓа на југ од градот, од десната страна на патот за Градско. Ова здание првин, беше Параклис, за некаде во деведесеттите години од минатиот век да се преуреди и догради во помала црква. Постоењето на Параклисот не е точно утврден, но се претпоставува дека е од понов период.

Црква Св. Недела

Оваа црква добро е запазена, така што голем дел од градското население ја посетува, главно на Цветници, Велики Петок и секоја не дела во времето од Велигден до Спасовден. Црквата се наоѓа на десната страна од реката Тополка, при нејзиното устие во Вардар, а на околу 300 метри северозападно од манастирот Св. Димитрија. Поставена е на една нерамна карпеста височина, прилично стрма над брегот од реката. Во однос на „Калето" од Стариот Град, таа се наоѓа на неговиот северен крај, на кој, изгледа, во свое време му служела како храм, за кој биле изградени и многу други верски објекти, од кои денес нема ни трага, а само спомени кај народот дека тие постоеле. И овој изгледа како нов поради зачуваноста и надворешииот облик, така што по се личи оти, како и двата спомнати, потекнува од време на византискиот период. И тој, е граден на ист начин и од таков материјал како и другите такви цркви.

Црква Св. Ѓорѓи
 
Црквата „Св. Ѓорѓи“

Се наоѓа на северно-источната страна од градот, во месноста Прцорек. Таа по надворешниот изглед не се разликува од куќите околу неа додека внатрешноста целосно личи на црковен објект, бидејќи има олтар, иконостас и повеќе икони. За времето кога е направена нема точни податоци. Според едни извори таа е направена во 1740 година, а според други 1766. Вториот податок е земен од годината на една икона во црквата Св. Богородица за која се смета дека е најстара икона во Велес. Оваа црква служела и како училиште во кое се изучувал македонскиот јазик и писмо кои во тоа верме биле забранувани и напаѓани од грчката, турската, бугарската интелегенција која пак имала цел да го претопат македонското население. Се наоѓа на околу 2 километри јужно од градот , на десната страна од реката Вардар, под реката Тополка која се влева во Вардар.

Археолошки наоѓалишта во градот

Населби и урбани заедници

Согласно Законот за локална самоуправа досегашните месни заедници се организираат како урбани заедници. За да може да се организираат за решавање на заедничките потреби на граѓаните, мора точно да се утврди опфатот на урбаните заедници, па дури потоа да пристапи кон формирање на Совети на урбани заедници и Совети на месните заедници. Во Велес постојат вкупно 14 урбани заедници. Велес е составен од следните населби:

Урбанистички развој на Велес

 
Велес со својата тековна урбана површина (бело) и принедлежното подрачје (сино), прикажани во рамките на Општина Велес

Според урбанистичкиот развој градот може да се подели во два дела: стар и нов. Старото градско јадро на градот Велес се наоѓа на двата брега на реката Вардар. Овде може да се забележат старата карактеристична архитектура и познатите куќи, тесните, кривулести и стрмни улички, куќите начичкани по ридовите и двете најстари и главни велешки цркви. Новиот дел на градот се наоѓа на десната страна на реката Вардар, северно и западно од старото градско јадро. Во овој дел се повеќе застапени станбените згради и висококатници, плански изградените семејни куќи, широките улици, индустриските и образовните установи. Изградбата на новиот дел започнала кон средината на шеесеттите години на XX век, во екот на индустријализацијата и преселбата село-град. Во најново време градот започнува да се шири и во рамнината на левиот брег на Вардар помеѓу Башино Село и населбата Прцорек. Овој предел се нарекува Речани или Шорка и во него раскошни куќи градат најбогатите велешки семејства.

Познати личности од Велес

драматург.

Спортисти
Уметници

Збратимени градови

Велес како мотив во уметноста

Поврзано

Наводи

  1. „Закон за преименуењето името на град Велес во Титов - Велес“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 15 ноември 1946. стр. 357. Архивирано (PDF) од изворникот 2016-03-05. Посетено на 3 септември 2023.
  2. Во интерес на вистината. Велес: Семејствата на загинатите борци, осуденици и жртви на фашизмот од НОБ. 1997.
  3. „Токмаци удрија врз стреланите велешани“. Дневник. 13 април 2009.
  4. „Масакрот во Велес“. Македонска нација. 23 јануари 2013.
  5. „Медал за храброст за сите загинати припадници на вооружените сили на Република Македонија“. MKD.mk. 17 август 2012. Архивирано од изворникот на 2019-03-29. Посетено на 2018-01-07.
  6. „Велес се загрева за 2020 година“. Дојче Веле. 14 октомври 2017. Посетено на 13 декември 2018.
  7. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  8. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.156.
  9. Стојмилов, Александар; Апостоловска - Тошевска, Билјана (2016). Социоекономска географија на Република Македонија (PDF) (II доп.. изд.). Скопје: Природно-математички факултет. стр. 91. ISBN 9989-668-50-7.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 10,5 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 11 март 2016.
  11. http://pop-stat.mashke.org/yugoslavia-ethnic1948.htm
  12. Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“
  13. Велес ќе добие современа библиотека. Архивирано од изворникот на 2020-06-10. Посетено на 2009-02-14.
  14. Подновена археолошката поставка во велешкиот музеј
  15. Детски Рацинови средби[мртва врска]
  16. Изложба во Стрип Центар на Македонија[мртва врска]
  17. Обновени куќата и поставката на Кочо Рацин
  18. Велес, Спомен куќа на Васил Главинов: Александар Ботев, Вид(ови), изложба, промоција на "Елементи". Архивирано од изворникот на 2009-01-06. Посетено на 2009-02-15.
  19. Внатрешно уредување на спомен-куќата на Јордан Хаџи Константинов-Џинот во Велес
  20. Галерија на слики од кулата[мртва врска]
  21. Во Велес се одржуваат 44-тите Рацинови средби -А1 Телевизија
  22. Меѓународен фестивал на Античка драма „Стоби“
  23. Доделени наградите на фестивалот на античка драма „Стоби“
  24. Министерство за култура на Македонија[мртва врска]
  25. Чалгијата го одушевила и султанот[мртва врска]
  26. Играорците од КУД Керамичар заминаа за Хрватска[мртва врска]
  27. Во Велес се пее, игра и танцува[мртва врска]
  28. Започна изградбата на храмот „Св. Наум“
  29. Слово на освет на камен темелник, Велес
  30. Прослава на патронот во епархискиот параклис
  31. Биографија на Зафирчев. Архивирано од изворникот на 2008-09-07. Посетено на 2009-02-18.
  32. Напис за збратимувањето на Сомбор и Велес - Информативен портал на градот Сомбор (српски)
  33. Никола Алтиев, „Поезија со докажани вредности“, Современост, број 3, 2023, стр. 114.
Забелешки
  1. Податоците за населеното место Бабуна, согласно важечките територијални организации, во пописите од 1948 и 1953 година, се вклучени во податоците за населеното место Велес (тогаш Титов Велес).
  2. Податоците за населеното место Превалец, согласно важечките територијални организации, во пописите од 1948, 1953 и 1961 година, се вклучени во податоците за населеното место Велес (тогаш Титов Велес).

Надворешни врски

Одредници од Велес
Катланово Отовица
 
Лозово
Горно Оризари
  С  
З   И
  Ј  
Штип
Извор Сирково
 
Градско


  Статијата „Велес“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).