Рекански Регион

област во Западна Македонија
(Пренасочено од Рекански регион)

Рекански Регион (или само Река) — регион во Западна Македонија, помеѓу Маврово и Дебар од едната, и помеѓу границата со Албанија и Кичевската Област, од другата страна.[1]

Карта на Реканскиот Регион со четири географски целини

Местоположба

уреди
 
Мавровско Езеро

Географски, Реканскиот Регион на северозапад е омеѓен со јужните ограноци на Шар Планина, а на југ со северните делови на планината Дешат. На запад, границата на Реканскиот Регион ја исцртуваат планините Кораб и Крчин, а на исток Бистра и Стогово.

Реканскиот Регион своето име го добил од реката Радика и по нејзината притока Мала Река. Со оглед на изразито суровиот релјеф, со голем број планински врвови повисоки од 2.500 метри надморска височина, комуникацијата меѓу населбите се одвивала по речните текови. Главните правци по кои се одвива комуникацијата во целата област се теченијата на реките Радика и Мала Река (Гарска Река).

Географски целини

уреди

Во самиот Рекански Регион може да се издвојат неколку целини и тоа: Горна Река, Долна Река, Голема Река, Мијачија и Малорекански крај.

Историја

уреди

Реканскиот крај има свој континуитет на живот уште од периодот на антиката и средновековието, иако својот зенит овој регион го достигнува во времето на XIX и почетокот на XX век.

Антика и средновековие

уреди
 
Црквата Св. Ѓорѓи, Лазарополе

Значителниот број наоѓалишта регистрирани на територијата на регионот зборува во прилог на континуираниот развој на еден организиран начин на живеење. Со оглед на досега истраженото и објавеното, хронолошките граници на евидентираните археолошки населби воглавно опфаќаат период од доцната антика, па сè до доцниот средновековен период. Исклучок прават неколку наоѓалишта кои се осамени кули за стражи од римскиот период, високо на планината Стогово. Сепак, најголемата концентрација на археолошки наоѓалишта припаѓа на средновековниот период.

Како позначајни наоѓалишта може да се споменат наоѓалиштето Кала на десниот брег на реката Радика каде и ден денес се зачувани остатоци од ѕидови кои датираат од крајот на VI век, како и остатоците на доцноантичка населба во близина на селата Мелничани и Косоврасти (Долно и Горно Мелничани) и (Долно и Горно Косоврасти).

Турско време

уреди

Разгледувањето на прашањето за историјатот на Река нужно нè наведува на барање податоци од пописи на население, записи на патописци и усни извори на податоци според кои може приближно да се направи претстава за потеклото и староста на населените места, бројот на жители во населените места како и социо-економските и други одлики. Меѓутоа, треба да се нагласи фактот за непостоење на систематизирани податоци за сите населени места во текот на претходните векови, но податоците од турските тефтери за пописи на семејства кои биле даночни обврзници ни даваат за право да можеме да констатираме дека регионот Река е со постојано населени места повеќе од пет века.

Бројната состојба на населението од крајот на XIX век по населени места е доста прецизна и е претставена според религиозната припадност – христијански и турски семејства (некаде се претставени како муслимански семејства).

Историски гледано со векови наназад реканскиот крај е познат по тоа што бил расадник на трудољубиви и креативни луѓе. Од Реканско-мијачкиот крај потекнуваат славните градежници, копаничари и живописци но и најпознатите мајстори на пекарскиот занает.

Демографија

уреди
 
Спроведување на невестата на чешмата Упија во Галичник

Заради зголемениот наталитет по 1950-тите години регионот се соочува со економски проблеми. Излезот од таквата тешка состојба (но и одговор на политичките притисоци врз сите припадници на исламската вера) бил во преселувањето на голем број семејства во Турција во периодот од 1955 до 1962 год., со што бројот на жители во некои села како што се Ростуше, Жировница, Скудриње и др. речиси се преполовил.

Иселувањето во Турција во регионот на Река предизвикало една интересна појава, а тоа е миграцијата село-село така што повеќе семејства од селото Врбјане се преселиле во селото Жировница, а во Ростуше поради поволните услови имало доселување на семејства од селата Могорче и Врбјане.

Високиот наталитет во сите села предизвикал интензивно зголемување на бројот на жителите така што природно се појавила миграцијата село-град која е најзастапена во периодот од 1960 до 1980 год. Бројните податоци од пописите на населението по населени места и по години ни го покажуваат тој тренд на зголемување на популацијата и покрај силното влијание на миграцијата село-град.

Во почетокот на 70-тите години на XX век се појавува ново одредиште за печалбарите – Германија, а од 1990 до денес жителите на Река ја обезбедуваат својата егзистенција во Италија. Денес речиси да нема реканско семејство од кое најмалку 2-3 члена не се на привремена работа во Италија. Излезот од оваа ситуација е единствено во економскиот и културниот развој и просперитет на регионот.

Денес, населението во Река брои околу 10.000 жители. Населението во Долна, Мала и Голема Река го сочинуваат Македонци (Мијаци) кои по својата вероисповед се православни или муслимани. Во Горна Река населението (сега во најголем број раселено) го сочинуваат т.н. Реканци на кои мајчин јазик од поодамна им е албанскиот, а вероисповедта православна. Истите се наречени и Шкрети.

Стопанство

уреди
 
Редење на кашкавали. Галичник, 1948

Главни занимања на Реканците биле (и сѐ уште се) сточарството и печалбарството. Реканците отсекогаш биле познати фреско-живописци, копаничари, ѕидари, мозаичари и денес тие се едни од најбараните фасадери, ѕидари, плочкари и мозаичари во Италија и Западна Европа. Интересен е податокот дека во Реканскиот крај во 1920-тите години постоел млековод кој го спроведувал млекото од поголемите села до работилниците за преработка. Сирењата и кашкавалите од Реканско, преку Солун, се извезувале дури и во САД. Пред Втората светска војна, во Река се напасувале 2.5 милиони овци и исто толку кози, како и повеќе од 150.000 коњи. Тие претставувале силен економски потенцијал од кој убаво живееле над 17.000 жители на тогашната Галичка околија.

Печалбарство

уреди

Ограничените и сиромашни природни услови се основната причина за појавата на печалбарството коешто е старо колку и Реканците. Во зависност од економските и политичките прилики кои владееле во текот на историјата, печалбарите од Река ја барале својата егзистенција на целиот Балкан и пошироко.

Уште од XIX век на печалба се одело во околните градови во Македонија, Грција, Србија и Албанија, а не биле ретки печалбарите кои заминувале на повеќегодишна печалба во Турција и Египет. Периодот после 1950 се одликува со подобрување на економската состојба и пораст на населението што предизвикало појава на аграрна пренаселеност на селата (пренаселеност и проблеми со обезбедување на основни услови за живот заради високиот наталитет и оскудните природни услови).

Архитектура

уреди

Религиозна

уреди
 
Манастирот Св. Јован Бигорски

Културното наследство на регионот кое го претставуваат сакралните споменици ги отсликува најважните димензии на творечкиот придонес на локалната популација во оформувањето на културниот идентитет на подрачјето богато со претставителни објекти и обележано со високи ликовни дострели и остварувања. Паралелното егзистирање на христијански и исламски сакрални зданија, кои соодветно говорат во прилог на архитектонските и уметничките традиции негувани во текот на долгите столетија, сведочи за творечкиот соживот на различни култури.

Профана

уреди

Профаните објекти сочинуваат значителен според обемот и важен по своето значење дел од културното наследство на регионот. Тие ги одразуваат специфичните форми на живеењето од минатото, кои влијаеле врз начинот на создавањето на архитектонскиот стил на оваа територија. Богатството на зачуваниот фонд и специфичните облици на профаните градби и објектите на традиционалната архитектура говорат во прилог на карактеристичната претстава за градителските традиции, негувани во текот на XIX век.

Познати локални објекти

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Makedonski folklor: Le Folklore macédonien (60-61. изд.). Skopje, Macedonia: Institut za folklor "Marko Cepenkov". 2020.
  2. Смиљаниќ, Тома (2019). Мијаци, Горна Река и Мавровско Поле. Скопје: Магор ДОО. стр. 51. ISBN 978-608-223-611-7.

Литература

уреди

Надворешни врски

уреди