Македонска дијалектологија
Македонската дијалектологија е посебна развиена гранка на македонистиката која се занимава со проучување, истражување, документирање и зачувување на македонските дијалекти. Како стабилна научна дисциплина во македонистиката, дијалектологијата се развила после кодификацијата на македонскиот јазик, но нејзиното присуство се забележува и пред 1940-те години. Дијалектологијата на македонскиот јазик е постара дисциплина и датира уште од првите научни трудови кои се занимавале со македонскиот јазик или од втората половина на 19 век.[1] Како позначајни македонски дијалектолози се забележуваат Ватрослав Јагиќ, Ватрослав Облак, Виктор Иванович Григориевич, Мјечислав Малецки, Зузана Тополињска, Божидар Видоески и други.[2]
Развојот на македонската дијалектологија
уредиКодификацијата на македонскиот јазик е само формално официјализирање на јазикот, кој во јазичаричкиот свет бил од многу поодамна познат. Самата кодификација на јазикот е како директен резултат на сфаќањето на светските јазичарите дека на територијата на Македонија се зборува посебен јазик со равиен дијалектен систем. Токму дијалектите биле важен елемент во изучувањето на јазикот и благодарение на резултатите од истражувањата од областа на македонскиот јазик на многуте странски јазичари дошло и до меѓународно формално прифаќање на македонскиот јазик. Првите интереси за македонските дијалекти се појавиле уште во 19 век, речиси истовремено со признавањето на дијалектологијата во светската наука. Согледувајќи ги местоположбата и улогата на македонскиот јазик во јазичаричките проучивања, интересот за македонскиот јазик бил доста голем, особено кај странските јазичари и во периодот кога Македонија немала самостојност.[1][2]
Поради дотогаш недоволно проучените и познати македонски говори, голем број странски јазичари во 19 век објавиле научни трудови кои се осврнуваат на македонскиот јазик и неговиот дијалектолошки систем. Јазичари кои објавиле научни трудови за, директно или индиректно, македонскиот јазик биле: Вук Караџиќ во 1822[1], Виктор Иванович Григорович во 1848, Ватрослав Јагиќ во 1877 или пак на пример Стефан Верковиќ кој објавил етно-географски труд за цела Македонија во 1889 година.[1] Додатно на овие, од исто толкава важност е и работата на Ватрослав Облак кој во 1892 година ги посетил македонските населени места во околината на Солун за да ги проучува македонските јужни дијалекти и зачувувањето на носовките во секојдневниот говор.[2]
Со почетокот на XX век и со забрзаниот развој на светската лингвистика и дијалектологија, интересот за македонскиот јазик, и дијалекти воопшто, се зголемил. Така на пример, во периодот меѓу двете светски војни се јавува трудовите на А. Белиќ во 1905 година и на А. М. Салишчев во 1929 година. Покрај балканските јазичари, интерес за македонските дијалекти во овој период изразиле преку своите трудови и: Мјечислаб Малецки од Полска, Андре Мазон и Андре Вајан од Франција, Макс Фасмер и Густав Вајганд од Германија, Петар Скок од Хрватска и други.[1][2]
Од особено значење за развојот на македонската дијалектологија е официјализирањето на македонскиот јазик и воведувањето на истиот за службен јазик во македонската држава. Така, македонскиот јазик и македонистиката се стекнале со сопствен културен и јазичен центар. При зајакнувањето на македонистиката и македонската дијалектологија придонеле и оформувањето на Филолошкиот факултет во Скопје во 1946, а со тоа и отворањето на катедрата за македонски јазик. Катедрата на почетокот била промотор за изучување и класифицирање на македонскиот јазик и дијалекти и како први членови на оваа катедра биле Блаже Конески, Крум Тошев, Божидар Видоески и Радмила Угринова - Скаловска. Катедрата и членовите се главни виновници за издавање на голем број научни трудови од областа на македонистиката во тој период.
Друг значаен аспект кој имал силно влијание врз развојот на македонската дијалектологија било оформувањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ како посебна институција. Институтот имал големо значење во издавањето на научни трудови и дела од областа на македонистиката. Покрај големиот број проекти, Институтот презел голем број активности и за подлабоко изучување на македонските дијалекти. Прв значаен чекор кој го презел Институтот било создавањето на Одделението за дијалектологија. Одделението ги презело сите активности поврзани со македонската дијалектологија. Како иницијатор и носител на целокупната работа на Одделението бил Божидар Видоески кој се смета и за основоположник на македонската дијалектологија како посебна гранка од македонистиката. Од суштинска важност за понатамошен развој на македонската дијалектологија бил научниот труд „Прашалник за собирање дијалектен материјал за Македонскиот дијалектен атлас“. Работата за изготвување на Македонскиот дијалектен атлас започнала во 1959 година и првичниот план бил да се издадат неколку тома на Атласот со околу 400 дијалектни карти. Научната дејност на Видоески била издадена посмртно со наслов „Дијалектите на македонскиот јазик“ во три тома. Првиот том од Атласот бил издаден на 22 април 2010 година и претставува прв начуне труд од овој вид кај јужнословенските јазици. Атласот е изработен од автори од Дијалектолошкиот оддел на Институтот, предводени од д-р Убавка Гајдова и следбеници на идејниот творец на овој национален проект - академик Божидар Видоески. За неговото создавање придонел и Центарот за ареална лингвистика во МАНУ, предводен од академик Зузана Тополињска.[3]
За македонските дијалекти и македонската дијалектологија воопшто биле издадени голем број научни трудови, меѓу кои се: „Прилепски говор“ во 1949 од Блаже Конески, „Поречки говор“ во 1950 од Божидар Водоески, „Говорите во Скопје“ во 1951 од Радмила Угринова - Скаловска, „Мариовскиот говор“ во 1951 од Милица Конеска, „Неготинскиот говор“ во 1952 од Илија Филиповски, „Градскиот дебарски говор“ од Панче Михајлов, „Градскиот тетовски говор“ од Трајко Стаматоски, „Делчевскиот градски говор“ од Методија Кушевски и најописниот труд за еден македонски дијалект „Кумановскиот говор“ од Божидар Видоески. Од странските научни трудови за македонските дијалекти, позначајни се: „Два македонски говора - Сухо и Висока во Солунско“ од Збигњев Голомб, „Говорот во Титоввелешко“ од Н. Рајтер, „Дијалектите во Радожда и Вевчани“ од Петер Хенрикс, „Македонските дијалекти во Егејска Македонија - синтакса I и II дел“ од Зузана Тополињска и многу други.
Користена литература
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Марковиќ, Марјан. „Развојот на македонската дијалектологија и нејзините претставници“. Посетено на 2010-09-14.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Стојка Бојковска, Димитар Пандев, Лилјана Минова - Ѓуркова, Живко Цветковски (2001). Македонски јазик за средно образование. Скопје: Просветно Дело АД. стр. 413–454. Недостасува
|author1=
(help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link) - ↑ Промовиран првиот том од Македонскиот дијалектолошки атлас
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Развојот на македонската дијалектологија и нејзините претставници од Марјан Марковиќ.
- Промоција на „Македонскиот дијалектен атлас“.
Оваа статија за македонскиот јазик е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |