Хесиод

Старогрчки поет

Хесиод (грчки: Ἡσίοδος) — старогрчки поет, чии дела се едни од главните извори за старогрчката митологија; кој живеел и творел меѓу 750 и 650 г. п.н.е., приближно во истото време со Хомер.[2][3] Тој, за првпат го употребува првото лице (самиот себе) во своето творештво како еден од ликовите во делата.[4] Современите проучувачи, освен што го сметаат за вреден извор на старогрчката митологија, исто така, го сметаат и за зачетник на земјоделските техники, раната економска мисла (понекогаш и за прв економист)[5], астроном и историчар.

Античка бронзена биста, т.н. псевдо-Сенека, а сега се смета дека е имагинативен портрет на Хесиод[1]

Живот уреди

 
„Хесиод и музата“ од Густав Моро

Уште од античко време е вообичаено животот на Хесиод да се врзува со Хомер. Според Херодот, тие двајца им ги дале боговите на Хелените. Сепак, во научните кругови сè уште не е јасно чија поезија е постара. Нововековната традиција предност ѝ дава на Хомеровата поезија, временски поставувајќи го нејзиното создавање во подолг период пред VIII в.п.н.е., додека, пак, поезијата на Хесиод ја сместува во времето кон крајот на VIII век пред нашата ера. Оваа теза се должи на примери од кои треба да се види дека Хесиод тешко може да се разбере доколку не се познава Хомер. Но, првите сомнежи дека оваа теорија е точна се јавуваат зашто во античката традиција никаде недвосмислено не се тврди дека Хомер е постар од Хесиод. Дури, Херодот прв го спомнува Хесиод, а потоа Хомер, исто постапува и комедиографот Аристофан. Од еден легендарен приказ на поетски натпревар, кој веројатно е од подоцнежен период, имаме упатување на еднаква старост на двајцата поети, зашто тие се јавуваат како соперници.[6]

Како и да е, податоци за животот на Хесиод црпиме од неговите дела, оние што му се припишуваат. Таткото на Хесиод бил од Кима во Ајолија (на брегот од Мала Азија) и се занимавал со поморска трговија, но се преселил во Аскра, село на југоисточните падини на планината Хеликон, близу градот Теспиј во Бојотија, каде почнал да се занимава со земјоделство. Најверојатно во Аскра е роден Хесиод, кој не го сакал родното место опишувајќи го како „плачевно село, тегобно зиме и лете, а пријатно в ниедно доба“ (Дела и дни). Истиот еп (Дела и дни), сведочи дека по смртта на таткото, Хесиод спори со својот брат Персе, кој успеал со подмитување на судиите да приграби многу поголем дел од наследството (имотот). Но, Персе не успеал умно да го искористи својот имот, па дошол кај брата си да бара помош, што Хесиод ќе го искористи во делото каде ќе му дава разни совети. При крајот на епот, дознаваме и дека Хесиод учествувал на поетски натпревар во Халкида (на островот Евбоја) како како аојд (поет-пејач) ја освоил првата награда и го добил триножецот. Оваа награда ја посветил на хеликонските музи (музите од планината Хеликон) благодарен што го научиле да пее прекрасни песни.

Податоците од разни легенди ни кажуваат дека Хесиод умрел во Аскра. Подоцна, местото било разурнато од соседните теспијци, па преживеаните жители се прибрале во градот Орхомена. По налог на едно пророчиште, орхомењаните ќе ги пренесат посмртните останки на поетот од Аскра во центарот на својот град. Аристотел сведочи дека гробот со натпис бил поставен спроти гробот на Миниас, херојот епоним на орхомењаните, што покажува колку тие го ценеле поетот.

За времето во кое живеел Хесиод нема поблиски податоци, но фактот дека Семонид од Аморгос, поет од VII в.п.н.е. е очигледно инспириран од едно место на епот „Дела и дни“ укажува дека Хесиод веројатно живеел кон крајот на VIII век пред нашата ера.[6]

Творештво уреди

Во антиката, обично три дела се издавале заедно, што му се припишувале на Хесиод: „Теогонија“, „Дела и дни“ и „Штит“ (или „Штитот на Херакле“) и тие се зачувани до денешен ден. Останатите се помногубројни, но зачувани фрагментарно. Според некои проучувачи, делата на Хесиод може да се поделат на:

  • дидактички:
 
„Танцот на музите на планината Хеликон“ од Бертел Торвалдсен (1807). Хесиод ја црпел инспирацијата од музите на Хеликон
Дела и дни
Гатање според птици
Астрономија
Упатставата на Хирон
Големи дела
Дактилите од Ида
  • генеалошки:
Теогонија
Каталог на жените
Штитот на Херакле
Свадбата на Кеик
Големи Еои
Меламподија
Ајгимиј

Дела и дни уреди

Дела и дни е поема составена од 828 стиха во хексаметар, а обработува две основни теми, за правдата и трудот, како и неколку други мотиви. По обраќањето кон музите на почетокот од епот, следува личното обраќање на Хесиод (во прво лице еднина) до брата си Персе поради спорот околу неправедно поделениот имот од таткото. Следуваат два мита: за Прометеј и Пандора (потеклото на сите зла) и за петте рода (златниот, сребрениот, бронзениот, херојскиот и железниот, поврзани со правдата). Потоа има една куса басна за јастребот и славејот (за насилникот и потчинетиот), по што повторно му се обраќа на брата си каде директно зборува за правдата и последиците од нејзиното непочитување. Преку сликата на градовите каде во едниот се почитува, а во другиот не се почитува правдата, доаѓа до мислата дека луѓето се разликуваат од животните токму во тоа, зашто Зевс им ја дал правдата на луѓето. Од темата за правдата поетот се префрла на темата за трудот, величајќи го, а понатаму дидактички советува и ја велича чесноста и побожноста. До крајот на епот ги опфаќа и темите за: потребата од воспоставување ред во извршување на работите, водење на домаќинството, земјоделството, совети за животот преку зима, преку пролет и лето, редот во животот на морепловците, советите за женидба, за односите со најблиските, за почитување на обичаите и верските забрани, и завршува со тоа кои се среќни, а кои несреќни денови.

Теогонија уреди

 
Hesiodi Ascraei quaecumque exstant, 1701

Теогонија обично се смета за најрано дело на Хесиод. Овој еп има сосема различна тема од „Дела и дни“ и се однесува на потеклото на светот (космогонија) и на боговите (теогонија), почнувајќи со Хаос, Геја и Ерос и покажува посебен интерес за родословието. Иако имало многу разни варијанти на митовите во минатото, според Херодот, раскажувањето на митовите од Хесиод (и Хомер) станале прифатената верзија за сите Хелени.

Наводи уреди

  1. Erika Simon (1975). Пергам и Хесиод (германски). Mainz am Rhein: Philipp von Zabern. OCLC 2326703.
  2. West, M. L. Теогонија. Oxford University Press (1966), page 40
  3. Jasper Griffin, Грчките митови и Хесиод, J.Boardman, J.Griffin and O. Murray (eds), The Oxford History of the Classical World, Oxford University Press (1986), page 88
  4. J.P. Barron and P.E. Easterling, „Хесиод“ in The Cambridge History of Classical Literature: Greek Literature, P. Easterling and B. Knox (eds), Cambridge University Press (1985), page 92
  5. Rothbard, Murray N., Економската мисла пред Адам Смит: Австриска перспектива на историјата на економијата, Том. 1, Cheltenham, UK, Edward Elgar Publishing, 1995, pg. 8; Gordan, Barry J., Економските аналитичари пред Адам Смит (1975), стр. 3
  6. 6,0 6,1 Митевски, Витомир, „Дела и дни“ од Хесиод, „На исконот на хеленската духовност“ предговор кон делото, Култура, Скопје, 1996

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
 
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема: