Странски пропаганди во Македонија
Тешка и комплицирана ситуација во Отоманското Царство овозможила продор и вкоренување на повеќе странски пропаганди на територијата на Македонија, кои дополнитело го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците.[1][2][3][4] Во Македонија активно дејствувале повеќе пропаганди, како што се грчката, бугарската, српската, романската, католичката и протестантската пропаганда. Првите три пропаганди имале исклучиво асимилаторски карактер, додека останатите биле поставени врз верска основа, но со политички цели и треба да се истакне дека последните две пропаганди не дејствувале ретроградно врз македонскиот национален индивидуалитет.
Странски пропаганди во Македонија |
---|
Главни задачи на бугарската, грчката и српската пропаганда во Македонија биле да се придобијат што повеќе т.н. „национални приврзаници“ кои би се искористиле како „внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за територијалните претензии на балканските држави кои ги имале кон Македонија. Овие пропаганди воглавно дејствувале преку црквите, училиштата и хуманитарните институции. На црковен план се дејствувало преку одржување на постојните цркви, но и преку подигнување нови верски објекти, преку создавање на црковен кадар и верска литература. На просветен план се дејствувало преку одржување и подигнување нови училишта, финансиска издршка на учителите и директорите, стипендии и пансиони за учениците и студентите, како и соодветна литература која не била на македонски јазик. На хуманитарен план најчесто се дејствувало преку болниците. Покрај овие мерки пропагандите се користеле и со закани до населението, обвиненија и клевети на населението дека се бунтовници, потоа преку користење на рушвети или поткуп на турските власти. Треба да се истакне дека пропагандата била ширена и преку употреба на сила и дејствување на вооружени чети. Вакавата вооружена пропаганда особено се засилила по Илинденското востание.[3][5]
Општо
уредиМакедонија била тло за разни пропаганди и делувања за територијална анексија на Македонија и асимилација на македонскиот народ и покрај огромниот отпор кој го давало населението. Рацин во еден краток напис изјавил:
Така сега мислат и говорат Хитлеровите агенти у Блгарија и Македонија. Југославија е разгромена, Македонија просоединена кај „мајка“ Блгарија. Со това се тура крај на македонската национално-ослободителна борба. Ако порано српските шовинисти и фашисти признаваја само еден народ у Македонија, српскиот, така исто денеска и блгарските фашисти признавајат да у Македонија живејат само блгари. Разбира се, за това и едните и другите имајат купишта „научни“ и „историјски“ доказателства и тапии, но при се това македонскиот народ со сила го правеја српски или блгарски. А истината беше само това што у Македонија као срби или блгари се осекјаваше едно малко или поголемо малцинство от народот. Огромниот дел од македонскиот народ...
—Коста Солев Рацин[6]
Грчката пропаганда во Македонија
уредиГрчката пропаганда е една од најстарите пропаганди што дејствувале во Македонија. Оваа пропаганда била раководена од Цариградската патријаршија, но треба да се истакне дека нејзините пропагандни позиции биле нарушени во 60-те години на XIX век за време на антифанариотските борби.
Дополнително позициите на грчката пропаганда во Македонија ослабуваат со создавањето на Бугарската егзархија[7]. Со други зборови, Македонците бегале од погрчувањето и се надевале на заштита од Егзархијата, но треба да се истакне дека Македонците наишле на егзархиска стапица која била поставена на словенска основа, но со тенденција да бугаризира [3], со што дополнително се зголемувал анатaгонизам во Македонија.
Бидејќи македонската црква долго време била укината, тоа довело до плодна почва на странските политички и духовни пропаганди.
Грчка просветна пропаганда
уредиПо создавањето на Егзархијата една од главните задачи на грчката пропаганда е да се спречи понатамошното преминување на Македонците под духована јурисдикција на Егзархијата.
Со таа цел по разни извори грчката пропаганда добила големи финансиски средстава за зацврстување на своите позиции. Друштвото за ширење на грчката писменост со седиште во Сер до 1879 година добило 189 000 драхми [8], а оваа сума во 1885 година се искачила на 536 000 драхми.
Финансиските средства за ова друштво во 1896 година изнесувале 1 000 000 драхми. Треба да се истакне дека како што се зголемувале средствата така се зголемувал и бројот на грчките училишта во Македонија со текот на годините.
Ако грчката пропаганда во 1877 година имала 256 училишта и 10 968 ученици веќе во 1886 година имала 836 грчки училишта. На тој начин во 1896 година во Македонија егзистеирале 970 грчки училишта со 53 633 ученика [9].
Спред еден англиски податок кој се повикува на весникот „Селаника газет“ во 1885 година во Солун имало 11 грчки училишта каде работеле 39 учители и 29 учителки, а наставата ја посетувале 1060 ученика и 1230 ученички [10].
Според истиот податок во Серскиот санџак имало 166 грчки училишта со 168 учители и 33 учителки, а училиштата ги посетувале 5 333 ученика и 949 ученички [11]. Во Драмскиот санџак и во тамошните кази имало 99 училишта со 91 учител и 31 учителка, а овие училишта биле посетувани од 4861 ученик и 1387 ученички.
Репресивниот карактер на грчката пропаганда
уредиИ покрај сите обиди кои грчката пропаганда ги презела за зацврстување на своите позиции во Македонија таа не успеала да го спречи преминувањето на Македонците под јурисдикција на Егзархијата, и затоа грчката пропаганда почнала да се користи и со методи од репресивен карактер. Имено, грчките чети на Катархјас и Каракас во 1880 година испратиле заканувачко писмо до жителите на селото Ѓавато од нив побарале или да го затворат словенското училиште или да се иселаат во Бугарија, во спротивно тие истакнале дека ќе дојдат грчки чети во селото и нема да остават ниту живо куче [12]. Треба да се истакне дека слични закани имало и до останатите македонски села. Дополнително на оваа грчката пропаганда се користела и со рушвети и обвиненија кај турските власти. Во 1880 година во Струмица повторно било отворено егзархиското училиште, но грчкиот владика веднаш ги обвинил родителите на учениците дека се бунтовници и биле уапсени 15 луѓе. Во 1888 година во селата Муртино и Моноспитово тамошното македонско население дошло во судир со локалните Турци и веднаш овој судир бил искористен од страна на грчкиот струмички владика да побара остранување на егзархиските учители и нивана замена со грчки. Во селото Босилово сите жители преминале под духова јурисдикција на Егзархијата со исклучок на свештеникот и неговото семејство но грчката пропаганда успеала да издејствува преку рушвет црквата да остане под контрола на Патријаршијата [13]. Вооружената грчка пропаганда до 1903 година во Македонија била со послаб интензитет, а една од поголемите акции во овој период е Андартската провокација од 1896 година кога поголема група на андарти навлегле во Солунскиот и на дел од Битолскиот вилает.
Вооружената грчка пропаганда
уредиВооружената грчка пропаганда до 1903 година во Македонија била со послаб интензитет, а една од поголемите акции пред Илинденското востание е Андартската провокација од летото 1896 година кога поголема група на андарти навлегле во Солунскиот и на дел од Битолскиот вилает, овие грчки чети биле испратени од Етники Етерија.
По Илнденско востание организатор на првите грчки чети во Македонија бил Германос Каравангелис – грчкиот митрополит во Костур.
Во Атина бил формиран таканаречениот Македонски комитет кој требало да раководи со организирањето и препраќањето четите во Македонија. Андартските чети добиле задача да по секоја цена и со сите средства да бидат уништени комитетите на Македонската револуционерна организација по селата, а на нивно место да бидат создадени грчки комитети преку кој ќе се држи грчкиот патриотизам.
Андартите вршеле и одмазда врз населението кое уште одамна се откажало од Цариградската патријаршија или пак зошто учествувало во редовите на Македонската револуционерна организација.
Според некој податоци во пролета 1905 година во Битолскиот вилает дејствувале околу 800-1000 андарти, а од почетокот на акциите па сè до пролета 1905 година грчко-турската граница ја минале 2 800 андарти од кој голем дел од нив биле со потекло од Крит.
Сето тоа придонел да се отвори нов фронт против Македонската револуционерна организација која била принудена на север да се бори против Српското четничко движење, а на југ со андартите.
Антисловенскиот карактер на грчката пропаганда
уредиТреба да се потенцира дека грчката пропаганда во Македонија имала изразен антисловенски карактер, односно оваа пропаганда сакала да ја уништи словенската култура и писменост во Македонија. За антисловенскиот карактер на оваа пропаганда дополнителна светлина фрла и писмото од 26 август 1881 година испратено од проигуменот Дионисиј до Стефан Верковиќ во кое се истакнува:
„ | ...фанариотските владици настојуваат по секој начин да погубат и уништаат сè што е словенско [14] | “ |
Дополнително Дионисиј истакнува дека грчките свештеници пред властите го денуницирале секој побуден Македонец. На овој начин грчката пропаганда успеала да го стави под своја контрола селото Горно Броди притоа биле уапсени 40 луѓе, 15 луѓе биле заточени по затворите во Солун и Сер, а спасот во кнежевството Бугарија и Источна Румелија го побарале 250 лица. Потоа во селото биле донесени грчки свештеници и учители и се започнало со погрчувањето на тамошното македонско население. Во двете цркви повеќе не можела да се слушне молитвата „Господиј помилуј“, а кога еден селанец се осмелил во некоја од црквите да каже „Оче наш“ тој бил казнет со 280 гроша и еден месец затвор. Антисловенскиот карактер на грчката пропаганда се гледа во тоа што во Горно Броди и во тамошните цркви на иконите на Св. Кирил и Методиј им биле ископани очите. Антисловенскиот карактер го потврдува и бугарскиот трговски агент во еден свој извештај од 1900 година во кој истакнува дека грчката пропаганда не била насочена против „бугарската народност“ [15] туку против словенската писменост и азбука. Антисловенската кампања го зафатила и единствениот словенски параликс во Сер, словенското население повеќе не можело да се помоли со зборовите „Миром Господи помолим сја“ и „Господиј помилуј“.
Ослабување на позициите
уредиВо средината на XIX век во Македонија и Бугарија започнало силно антипатријаршистичко движење. Ова движење првенствено било насочено против процесот на погрчување, а населението во Македонија и Бугарија заеднички врз словенска основа настапиле против Цариградската патријаршија притоа се барала смена на грчките митрополити и епископи, нивно заменување со домашни лица кој го познавале јазикот на населението, исто така било поставено и прашањето за обнова на Охридската архиепископија.
Како резултат на овие борби, на 28 февруари 1870 година со посебен султанов ферман била создадена посебна бугарска црка под името Бугарска егзархија, поради спротивставувањето на Патријаршијата, јурисдикција на бугарската црква била ограничена само на епархиите во Бугарија. со исклучок на велешката епархија во Македонија. Меѓутоа според членот 10 од истиот ферман било дозволено доколку населението во рамките на една епархија во Македонија одлучи со 2/3 мнозинство да се приклучи кон Егзархијата истото тоа да се уважи. На тој начин во 1874 година под јурисдикција на бугарската црква потпаднале Скопската и Охридската епархија. Создавањето на Бугарската егзархија, двете цркви во Македонија започнале борба за контрола на црквите и училиштата, но во овој судир биле поткопани позициите на Патријаршијата која со себе го носела погрчувањето:
„ | Бегајќи од тоа, Македонците налетале на егзархиска стапица, која била поставена врз словенска основа, но со тенденција да ги бугаризира[3] | “ |
Бугарската пропаганда во Македонија
уредиБугарската пропаганда била разгранет систем за ширење на бугарското национално чувство, култура, јазик, идеја и влијание меѓу населението во Македонија. Организираниоот пробив на оваа пропаганда започнува со создавањето на Бугарската егзархија, а по отворањето на бугарските трговски агентства во 1897 година, се засилува и дирекното влијание на бугарската влада во Македонија. Целта на оваа пропаганда е да се соберат што поголем број на национални приврзанци кој би се искористиле како внатрешни сојузници и оправдувачки фактор за остварување на санстефанскиот идеал, односно создавање на Голема Бугарија. За појавувањето и делувањето на бугарската пропаганда, националниот деец Темко Попов во едно писмо од 1888 година објаснува:
„ | Да не се лажиме, Деспоте, националниот дух у Македониа до такво дередже денеска је стигнал, штото и сам Исус Христос ако слезит от небоно неможит да го уверит Македонеца, оти је блгарин или србин, освен оние Македонци у кои веќе пропагандата блгарска се имат вкоренено. За да се увериш ти во ова нешчо требит да земеш блгаризма пред очи. Блгарската пропаганда ево веќе се чинеет 20 години, каде работат у Македонија, во најслепите времина, кога грцизмот - сосвем чужда нациа, беше зафатил да се фкоренвит во срцето Македонско; и Македонците кога видоа зрак от славјанизам, фрлиа се, као слепи во пазуите му, без да пулеет на разликата му. Стигаше за ними шчо се откинаа от грцизмот. Но шчо да чинат сега т.ј. после двадесет години блгарски маки, акимлаци и немилосни парични жертви?[16] | “ |
Бугарската просветна пропаганда
уредиВо 1881 година бугарскиот министер за надворешни работи и вероисповед Влкович изработил правилник за финансирање на црковно-просветната активност на Егзархијата во европска Турција, а истата година во ноември Наум Спространов подготвил еден проект — правилник за уредување и управување со црковно-училишните општини во Македонија. Во јануари 1883 година Констатнтин Стоилов изготвил програмски документ за бугарската пропаганда во Македонија, во оваа програма тој искористил дел од проектот — правилник на Спространов и таквиот документ го претставил на бугарскиот кнез Александар Батенберг [17]. Во оваа програма било истаканто дека
„ | секој Македонец треба да е вдахновен со мислата дека во Софија се грижат за неговата судбина, за неговата сегашност и за неговата иднина[18] | “ |
Стоилов притоа истакнал дека кај населението во Македонија треба да се разбуди и развие „бугарското национално чувство“. Треба да се работи на просветен план, и затоа бугарската влада и егзархија треба да работат рака под рака. Да се внимава кој се испраќа за учител во Македонија, воспитаниците да ги воспитуваат учениците во бугарски патриотски дух и кај воспитаниците и останатото македонско население да се всади идејата дека бугарскиот кнез е господар на целиот бугарски народ и дека тој ќе го изврши обединувањето на целиот бугарски народ. Со таквата цел, во 1883/1884 година, при Егзархијата во Цариград бил формиран училиштен оддел кој требало да раководи со просветната дејност во Македонија и да го надгледува трошењето на финансиските средства испратени од Бугарија, а наменети за веќе зацртаниот план[19]. За оваа ситуација, Петар Поп Арсов ќе истакне дека:
„ | (Егзархијата се претворила во б.н) чисто бирократско одделение на софиското надворешно министерство [20] | “ |
Во 1890 година, по иницијатива на бугарската влада била изработена специјална програма за просветната егзархиска политика во Македонија, која била прифатена од Народното собрание на Бугарија. Меѓу другото, во седмата точка од оваа програма стои:
„ | за учители во Македонија да се назначат само родени Бугари, а за учители по турски јазик да се назначат само влијателни лица кај турските власти. На учениците што ќе завршат гимназија во Македонија, ако не сакаат да добијат повисоко образование да им се даде служба во Бугарија. Ако некои од учениците сакаат да прифатат учителски позив, откако ќе поминат четири години на практика во Бугарија да се назначуваат за учители по нивните родни места[21] | “ |
Затоа не треба да зачудува што поранешниот бугарски министер Михаил Сарафов бил поставен за директор на Солунската егзархиска гиманзија [22], ниту пак треба да изненадува изјавата на Васил Иванов К’нчов дека:
„ | дошол за учител во Солун за да ја бугаризира Македонија [23] | “ |
Таквите бугарски емисари во Македонија постојано се подигрувале со чувствата на интелектуалците - Македонци, кои се обидувале да се спротивстават. Притоа, учителите — Македонци биле навредувани дека се просјаци, ќемидадешковци, цигани и ќе ми дадеш пари ќе се чинам Бугарин [24]. Таквата црковно-училишна политика спрема Македонците, влијаела во Македонија да се развие силно антиегзархиско и антипропагандно движење. Македонскиот отпор против пропагандите бил манифестиран преку ученички бунтови, барања за воведување на македонскиот јазик во наставата, обиди за обнова на Охридската архиепископија, формирање на друштва и асоцијации за организирано спротивставување на пропагандите во Македонија, печатење и растурање на списанија и разни повици [25]. Цели и задачи на ТМОРО се дијаметрално спротивни со методите на работа на Егзархијата. Додека МРО се залагала за полна политичка автономија на Македонија, Егзархијата преку својата црковно-просветна дејност го подготвувала теренот за присоединување на Македонија кон Бугарија. Оттука конфликтот меѓу нив бил неминовен. Тој започнал веднаш по конституирањето на МРО во почетокот на 1894 година. Најголема арена на овој судир бил Солун, Егејска Македонија [26].
Бугарските егзархиски училишта во Македонија
уредиБугарката влада со текот на годините постојано ги зголемувала финансиските издатоци од својот буџет за потребите на црковно-просветаната пропаганда во Македонија. Ако во почетокот се издвојувале 30 000 лева, веќе во 1882 година сумата се искачила на 100 000 лева, а во 1883 година на 200 000 лева. Во учебната 1896/97 година средствата изнесувале 972 915 лева, а во учебаната 1897/98 година 939 748 лева. Со овие финансиски средства се зголемил и бројот на егзархиските бугарски училишта во Македонија. Според „Селаник газет“ во 1885 година покрај Солунската егзархиска гиманзија Св. Кирил и Методиј егизистирале и уште четири други бугарски уилишта. Во нив работеле 21 учител и 10 учителки, а наставата ја посетувале 460 ученици и 140 ученички. Во Солунскиот санџак имало 119 егзрхиски училишта со 133 наставника и 2810 ученика, додека пак во Серскиот санџак и во тамошните кази Сер, Неврокоп, Мелник, Петрич, Зихна, Горна Џумаја и Демир Хисар имало 41 училиште, 50 учители и 2326 ученика. Во 1885 година во Македонија имало 250 основни бугарски училишта со 14 824 ученици. Од оваа бројка општините издржувале 187 училишта со 10 127 ученика. Во Солунскиот санџак, општините издржувале 46 училишта со 1312 ученици. Во Серскиот санџак имало 47 општински училишта со 3270 ученици. Останатите 63 училишта со 4697 ученици биле издржувани од Егзархијата. Во оваа бројка не влегуваат 21 класно уилиште. Во 1885 година во Солунската машката егзархиска гиманзија учеле 425 ученика во 6 класа, а во женската гимназија имало 125 ученички поделени во 4 класа. Треба да се истакне дека речиси сите ученици биле сместени во пансиони.
Репресивниот карактер на бугарската пропаганда
уредиВо втората половина на 90-те години на XIX век бугарската пропаганда прави обид за проширување на своето влијание во Солунската област и притоа биле искористени сите средстава за притисок. Во 1897 година бугарските власти извршиле притисок врз жителите на селото Караќој принудувајќи ги да ја признаат бугарската народност и Егзархија. Имено сите мажи од селото Караќој оделе на печалба во Бугарија, а дома се враќале еднаш или двапати годишно. Треба да се истакне дека во пасошите на печалбарите од оваа село пишувале дека се грчка народност и според некои истаричари токму тоа и сметало на бугарската влада. Во едено известување на Бугарското министерство за внатрешни работи со дата од 18.07.1897 година и заверено под број 2810, а испратено до окружните управници и градоначалникот на Софија се истакнувало дека:
„ | жителите од Караќој се чисти бугари, кои ја држат гркоманската страна, не ја признаваат Егзархијата и не ги учат децата на бугарски... сите обиди... да си го признаат јазикот и народноста останаа безуспешни, и ако селото не се спечали за бугарската страна... ќе биде тешко да се спечалат уште многу села во солунската каза [3] | “ |
И затоа Бугарското министерство за внатрешни работи им наредило на администартивните, полициските и финансиските власти да се дејствува на сериозен начин врз селаните од Караќој и заедно со духованата власт по пат на закани, уцени и убедувања да им се каже дека ако не ја признаат Бугарската егзархија, ако не земат Бугарин за учител во селото и ако не ја признаат бугарската народност тогаш нема да им биде дозволено да одат на печалба во Бугарија[3]. Приотоа властите биле задолжени да ги пронајдаат сите жители од селото Караќој кои се на печалба, а за нивно пронаоѓање бил доставен список од 101 лице [3]. Министерството за внатрешни работи посебно им нагласило на финансиските власти дека треба серосзно да се влијае и притоа како средство за притисок да се искористи „патентовиот данок“ или данок за занимање[3]. Имено сите оние кои немало да имаат потврда дека ја признаваат Бугарската егзархија и во пасошите нема да им пишува дека се од бугарска народност, требало да бидаат обложени во највисоки размери, а во спротивно ако ја признавале бугарската народност данокот би требало да биде симболичен. Во иднина оваа мерка требало да важи за сите лица кој ќе доаѓле во Бугарија на печалба, а во пасошите немало да им пишува дека се од бугарска народност [3]. Од коресподенцијата на бугарските министерства се дознава дека селаните од Караќој истакнале подготвеност ако биде отворено бугарско училиште во нивното село да ја признаат Бугарската егзархија. Меѓутоа следната година кога повторно тие се нашле во Бугарија на печалба во пасошите им пишувало дека се од грчка народност. Поради тоа Министерството за внатрешни работи испратило ново окружно во кое било костатирано дека мерките не ги дале посакуваните резулатати и затоа се предвидувале по остри мерки [3].
Вооружена пропаганда
уредиСо текот на времето бугарската пропаганда попримила и вооружен карактер. Притоа бугарскиот двор и влада се послужиле со Македонската емиграција во Бугарија како и со Македонскиот комитет.
Оваа организација од чисто патриотска се претворила во орудие на дворот и владата, а тие преку Македонскиот комитет [27] направиле обиди за остварување на своите цели и интереси, што многу штетно влијало врз македонското револуционерно движење.
Првиот прстап бил направен во 1895 година преку Мелничкото востание и затоа Крум Христов истакнал дека:
„ | Трајко Китанчев со својот авторитет ја покривал подготовката на првата престапна авантура на дворот, која отвора цела ера на врховистички престапи кон Македонија [28][29] | “ |
За разлика од грчката влада која дирекно организирала и препраќала чети, Бугарија сакала да ја искористи македонската емиграција и целото македонско револуционерно движење за оставрување на санстефанскиот идеал, а сето тоа се одразлило во дејноста на двете најголеми македонски револуционерни организации кој на крај започнале и борба меѓу себе.
Бугарската пропаганда и македонското националноослободително движење
уредиПо појавата на македонското националноослободително движење, бугарската влада и кнез сакале тоа движење да го искористаат за своите интереси и цели. Истовремено се делувало меѓу македонската емиграција и нејзината организација — Врховниот Македонскиот комитет, а биле преземени и разни активности со цел да се стави ТМОРО под контрола на бугарската влада и држава [3].
По формирањето на Врховниот Македонскиот комитет, бугарскиот премиер Констатнтин Стоилов се обидел да ја стави под своја контрола оваа организација и нејзината дејност ја усогласи со политиката на Бугарија.
Со текот на времето во Врховниот Македонскиот комитет влегле луѓе на бугарскиот двор и влада и сето тоа влијаело врз дејноста на Комитетот [3].
Бугарските власти преку Врховниот Македонскиот комитет сакале да извршаат притисок врз големите сили и Високата порта за оставрување на своите цели, првенствено присоединување на Македонија кон Бугарија и добивање на нови концесии од Отоманското Царство за бугарската пропаганда во Македонија [3].
Сите вооружени акции кои Врховниот Македонскиот комитет сакал да ги спроведе честопати добивале поддршка од бугарските власти и на тој начин постепено Врховниот Македонскиот комитет се претворал во орудие на Бугарија, а неговите дејствија во Македонија делумно [3], а подоцна и целосно носеле со себе елементи на бугарската пропаганда.
Од друга страна бугарската влада се стремела да ја стави под контрола ТМОРО бидејќи според зборовите на бугарскиот премиер Констатнтин Столилов: таа организација би можела да помогне во оставрувањето на надворешната бугарска политика и во разбудувањето на бугарската народна свест меѓу македонското население [3].
Оттука биле преземени разни дејствија за потчинување на ТМОРО и поради тоа дошло до раскинување на односите. Меѓутоа бугарската влада и нејзината пропаганда успеалa да внесе свои луѓе во ТМОРО, како што бил Иван Гарванов, и оттука бил јасен понатамошниот курс на самата организација [3].
Преку ваквото делување меѓу македонското националноослободително движење, бугарската пропаганда го попречувала ослободувањето на македонскиот народ, создавањето на самостојна македонска држава и придонесувала да се зголеми и онака големиот анатагонизам меѓу македонкската средина и македонскиот народ [3].
Српска пропаганда во Македонија
уредиОсновите на српската пропаганда се наоѓаат во Начертанието на Илија Гарашанин од 1844 година. Но српската пропаганда до 1868 година била далеку од тоа да созадава Срби во Македонија.
Во 1868 година, по иницијатива на министерскиот совет во Србија се формираа Просветителен одбор кој имал за цел да отвора српски училишта во Македонија и започнуваа процесот на србизација на Македонците.
Меѓутоа во текот на Руско-турската војна, српските училишта во Македонија биле затворени со исклучок на она во Штип.
Српската пропаганда во Македонија се засилила по обединувањето на кнежевството Бугарија и Источна Румелија, кога српските владеачки кругови повикале да се преземат енергични мерки против бугарската пропаганда која ги загрозувала српските интереси во Македонија.
Српската пропаганда сакала да дејствува преку Цариградската патријаршија во Македонија и да добие остапки од Високата порта, односно печатење на српски книги на финансиска сметка на империјата.
Српската пропаганда во Македонија била раководена од српските конзули. Имено во 1886 година, Стојан Новаковиќ кој бил српски дипломатски прествник во Цариград, потпишал конзуларна конвенција со Високата порта, по што Србите отвориле конзули најпрво 1887 година во Солун и Скопје, 1889 година во Битола, а 1897 година во Сер.
Српската држава давала големи финансиски средстава за пропагандата, а таквата дејност, да се создаваат Срби по пат на пари, била поддржувана од самите српски конзули.
Српските конзули во Македонија истакнале дека кај населението во Македонија е слабо развиена националната свест и затоа тие кон пропагандите преминуваат од материјална корист, и затоа тие можат да бидаат добри Срби и Грци, а не само добри Бугари.
1890 година српската влада донела одлука за територијално рзаграничување на надлежностите на конзулите, така што секој српски конзул се грижел за пропагандата во вилаетот во кој бил поставен.
Српската пропаганда првенствено дејствувала во Скопскиот и Битолскиот вилает, а во Солунскиот вилает дејствувале повеќе од тактички цели отколку од стратешки.
Целта на српската пропаганда во солунскиот вилает била да се изврши притисок врз Софија и Атина за започнување на преговори за поделба на Македонија на сфери на влијанија, кои би можеле да бидат идните териториални разграничувања.
Македонизмот на српската пропаганда
уредиВо 60-те години, Гарашанин во тајна политичка мисија во Македонија го испратил Стефан Верковиќ. Според Верковиќ, неговата мисија била по решавањето на Источното прашање, македонските словени да бидат признати за Словени, а не за Грци.
Со цел да се ослабат позиците на бугарската пропаганда во Македонија, во првиот период од своето делување српската пропаганда има отворен македонистички настап, отворено се поддржуваат македонските асоцијации и друштва со цел на тој начин да се ослабне бугарската пропаганда.
Македонизмот на српската пропаганда се гледа во поддршката на разни македонски асоцијации како што е Тајниот македонски комитет или Друштвото Србо-Македонци. Секако целата на српската пропаганда не е да се заштити македонскиот национален индивидуалитет, туку тоа е правено од дневно политички интерси со што се внесувал дополнителен антагонизам во Македонија. Од друга страна треба да се истакне дека и покрај тоа што меѓу овие македонски асоцијации и дејци делувала српската пропаганда сепаак тие манифестирале силна македонска национална свест [3].
Српската просветна пропаганда
уредиВо Солунскиот вилает српската пропаганда била насочена првенствено во Солун, и затоа С. Новаковиќ, кој бил дипломатски претставник на Србија во Цариград, во 1886 година ја посетил Солунската егзархиска гиманзија Св. Кирил и Методиј и дошол до став дека интерес на Србија е да се парализира работата на оваа институција.
Кога во учебната 1887/88 година ќе дојде до училиштен бунт и ќе бидаат исклучени 38 ученика, меѓу нив ќе делува Петар Карастојановиќ српскиот конзул во Солун, и ќе успее да убеди 33 исклучени ученици за заминат во Белград каде требале да го продолжаат своето образование.
Во 1892 година во Солун било отворено првото основно српско училиште со што се создале услови за пробив на српската пропаганда во Солунскиот вилает [30].
Српската пропаганда во Солунскиот вилает била многу слаба и нејзиното влијани одвај се чувствувало во Гевгелиско, Воденско, Дојранско, Кукушко, Тиквешко и Ениџевардарско.
Српската пропаганда особено се насочила на Велес и Велешката каза поради стратегиската положба на овој реон. Оттука пропагандата можела да дејствува во Северна, Југозападна и Јужна Македонија и затоа во Велес во учебната 1894/95 година било отворено српско училиште.
Поради недостаток на вистинско српско население, Македонците кои оделе на печалба во Србија биле уценети да ги запишаат своите деца во ова училиште или во спротивно српските власти немало да им дозволаат да влезаат во Србија.
Дополнително на тоа српските пропагандисти во ова училиште донеле сиромашни албанчиња од Поречието, Србија и од други краеви. Со ова делување во Азот, српската пропаганда го зголемила антагонизмот во Македонија кој и онака постоел, дошло до поделба на населението на србомани и бугараши, се свртеле татко против син, брат против брат.
Треба да се истакне дека на овој српски пробив се обидел да се спротивстави Петар Поп Арсов, но неговиот авторитет се обидела да го искористи Егзархијата за своите интерси и затоа Арсов го напуштил Азот.
Во 1897 година Србија добила право да отвори училишта на целата територија на Македонија и се започнал обидот на српската пропаганда за пробив во Солунскиот санџак.
Во почетокот на 1898 година српската пропаганда отворила српско училиште во Кукуш. Подготовките ги водел црногорецот Јован Јовановиќ кој исто така бил замешан во убиството на Христо Ганов.
Тој успеал да издејствува преку рушвет кај Кајмаканот отворање на српското училиште. Но набргу училштето било нападнато од кукушаните, тие ги искршиле вратите и прозорците на училиштето, го претепале учителот и му се заканиле на сопственикот на куќата, која ја изнајмил за училиште, дека ако уште еднаш ја изнајми за српско училиште ќе ја запалат.
Но Јовановиќ добил засилување од двајца црногорци, а Јовановиќ носел два пиштола и истакнал дека не се плаши од никого и дека Кукуш е српски град.
Меѓутоа по неколку дена дошла истражна комисија од Солун, а Кајмакамот останал без својата служба. Сопственикот на куќата која ја изнајмувал за српско училиште бил принуден да се откаже од изнајмувањето, а Јован Јовановиќ морал да го пресели српското училиште во турскиот дел од градот со што бил изолиран од Македонците.
Кон крјот на XIX век српската пропаганда во Солун имала 2 класни и 2 основни училишта, но успехот бил привиден бидејќи во 1903 година во Солун имало околу 15 србомански куќи. И покрај сите обиди српската пропаганда не успеала да го засили своето влијание во Јужна Македонија, а тоа се потврдува од извештајот на рускиот конзул од Солун Николај Гирс во кој тој истакнува:
„ | Србите требало да се задоволаат со своите училишта во Солун и да не трчаат со отворање нови училишта по Солунскиот вилает бидејќи предизвикуваат непријателство меѓу словенското население... (за б.н) српските училишта се трошаат многу пари , зашто нивното отворање и постоење без откуп невозможно, овие трошоци едвај се оправдуваат... нема сомнение дека без постојната матаријална поддршка, оние што почнаа себеси, да се нарекуваат Срби одново ќе бидаат Бугари, какви што се станати веќе пред многу години, благодарение на усилената бугарска пропаганда сред македонските Словени [31] | “ |
Романска пропаганда во Македонија
уредиРоманската пропаганда во Македонија започнала засилено да дејствување кон крајот на 80-те и почетокот на 90-те години на XIX век. Оваа пропаганда дејствувала првенствено меѓу Власите во Македонија и затоа дошла во судир со грчката пропаганда, а од друга страна пак романската пропаганда преку своето делување во Македонија вршела притисок врз Бугарија за да добие територијални отстапки во Добруџа. Романската пропаганда не го загрозувала македонскиот индивидуалитет и отука таа не била пречка за учество на Власите во Македонското нациооналноослободително движење [3].
Дејност на романската пропаганда
уредиДејността на романската пропаганда во Македонија претежно била насочена кон влашкото население и започнала со формирањето на Македо-романскиот комитет во Букурешт во 1860 година [32]. Романската пропаганда во почетокот била ориентирана кон отворање училишта.
Првото училиште на романски јазик во Македонија било отворено во 1864 година. Апостол Маргарит бил главниот претставник на оваа пропаганда.
Малку подоцна во Букурешт било формирано Македоно-романско културно друштво за ширење на романската пропаганда (1879). Романската влада отворила конзулати во Солун и во Битола, кои ги координирале активностите на пропагандата.
Романската пропаганда се судрила со грчката пропаганда, која Власите ги сметала за Грци. Со акт на султанот во 1905 година, Власите во османлиската држава биле признаени како посебна романска заедница[32].
Романската просветна пропаганда
уредиВо 1889 година во Солун, романската пропаганда отворило средното трговско училиште, со оваа училиште сите влашки трговци имале свои врски. Во учебната 1900/01 година во Гевгелија со посредство на Македонско-романското друштво било отворено училиште.
Споменатото друштво било задолжено да го снабдува ова училиште како и другите со учебни помагала, додека романската влада ги снабдувала учителите со плати.
Во 1905 година, романската пропаганада отворила училиште во селото Долно Порој — Валовишко (Демирхисарско), а кон крајот на годината биле испратени еден учител и една учителка во Сер. поголеми услови за засилување на романската пропаганда се созале со султановиот ферман од 23 мај 1905 година кога во Отоманското Царство била призната влашката народнос и Власите добиле право да имаат свој црковно-просветни општини.
Политичко влијание на Ватикан
уредиПолитичкото влијание на Ватикан во Македонија започнало да дејствува во втората половина на XVI век и со прекини се чувствувала сè до почетокот на XX век. Главна цел на оваа пропаганда била да се шири влијанието и власта на Римокатоличката црква. Треба да се истакне дека оваа пропаганда била поставена врз верска основа, но со политичка цел.
Цел и тактика
уредиЦелта на Конгрегацијата во Македонија и пошироко била да се создаде унија меѓу православните цркви и Рим, односно Охридската архиепископија да ја признае црковната власт на папата. При остварувањето на оваа цел католичката пропаганда била внимателна и прагматична.
„ | Во богослужбата тие не само што не им противречеле на православните, туку имале инструкции да ги почитуваат догмите на источната боголсужба. Тие не го наметнувале латинскиот јазик, туку го прзинавле грчкиот и словенскиот. Така, генералот на Езуитите, Вутулески, испратил писмо во октомври 1628 година до мисионерите на Балканот, со кое им препорачува да ја чуваат грчката богослужба (православната б.н), а во едно друго писмо од 160 година истиот препорачува шизматиците (православните б.н) што сакаат да ја примаат унијата да не им се наложува латинскиот јазик. [33] | “ |
Подготовка на план за дејствување и негова реализација
уредиВо 1879 година Ватикан ги испратил Ѓовани Батиста Вотка и Паоло Пирлинг во Македонија за да ги проучат условите за делување. Врз основа на нивните извештаи и други информации бил изработен план. Овој план предвидувал:
- 1. Да се преведат на народен јазик и да се отпечатат со латински букви неделните евангелија што би се читале по црквите за време на празниците.
- 2. Да се популаризира Кирило-Методијевата работа и да се организира свечено прославување на илијадагодишнината од смрта на Методиј.
- 3. Да се чистат верските книги од русизми и де се заменуваат со новопечатени книги.
- 4. Во Одрин да се отвори една печатница за печатење на гореспоменатите верски книги, учебници, списанија, весници, календари и др.
- 5. Да се отвори една католичка богословија во Охрид, потоа една установа за женски деца во Македонија и еден факултет во Цариград за сите унијати на Балканот.
Од овој план католичката пропаганда успеала да реализира голем дел, иако во изменета форма, поради притисокот на Цариградската патријаршија и Бугарската егзархија.
Во 1881 година македонското население од Гуменџе ја примило унијата со Рим. Во 1883 година општините во Струмица, Дојран и Воден поднеле молба за прием во унијата.
Обид за унија
уредиВо 1661 година охридскиот архиепсикоп Атанасиј заминал во Рим кај папата Александар VII и дал согласност за унија меѓу Римокатоличката црква и Охридската архиепископија. Неговиот мисионер Онуфриј Констатнтин бил избран за епископ во римската грчка курија, со титулата архипископ на Дебар иако тој постојано живеел во Рим. Меѓутоа до официјална унија не дошло бидејќи високото свештенство се плашело од мерките на Османлиското Царство, а од друга страна правослвното население не ја прифаќале унијата. Затоа во текот на XVIII век доаѓа до ослабување на католичкото влијани, а во 1767 година била укината и Охридската архиепископија.
Прва унијатска општина во Македонија
уредиКатоличката пропаганда се засилила во текот на 60-години на XIX век, во текот на антифанариотските борби.
Македонскиот народ кон католичката пропаганда преминувал, пред се, како израз на протест против Цариградската патријаршија која со себе го носела и погрчувањето.
Од друга страна се надевал на заштита од соодветните земји.
Првиот пробив во Македонија, католичката пропаганда ќе го направи во 1859 година, кога граѓаните на Кукуш со помош на францускиот конзул од Солун, побарале од папата да стапат во духовно единство со Римокатоличката црква, односно да стапат во унија, а притоа побарале да си ги запазат црковните обреди и црковно - словенскиот јазик во богослужбата.
Конгрегација за пропаганда на верата
уредиДо 1622 година католичката пропаганда во Македонија и пошироко била многу слаба. Но таа година во Рим преовладало езуитското влијание и папата Григориј XV на 11 јуни 1622 година издал була за создавање на едно тело кое станало познато како Congregatio de propaganda fide (Конгрегација за пропаганда на верата). Оваа тело било дооформено со булата на папара Урбан VIII од август 1627 година.
Целта на Конгрегацијата била да се шири католичката вера и црковната власт на папата насекаде по светот, да се подготвуваат и испраќаат мисионери насекаде каде што претходно немало католичко влијание.
Влијание во Охридската архиепископија
уредиПо создавањето на Конгрегацијата католичката пропаганда успеала да го наметне своето вилјание меѓу високото свештенство на Охридската архиепископија. Во првата половина на XVII век неколку охридски архиепископи тајно ја признавале црковната власт на папата, а меѓу нив биле Порфириј, Атанасиј, Аврамиј и Мелетиј. На 28 септември 1624 година папата Урбан VIII испратил писмо до охридскиот архиепископт во кое било истакнато:
„ | На почитуваните браќа Порфириј Палеолог, патријарх Јустинијана Прима, на Охрид, и останатите потчинети архиепсикопи, епископи на Бугарја, Србија, Албанија и онострана Македонија. Папата Урбан VIII. Почитувани браќа поздрав итн... Издадено во Рим кај св. Марија постара под прстенот на рибарот, на ден 28 септември 1624 во првата година од нашиот понтификата [34] | “ |
„ | (Во писмото Урбан VIII б.н) Порфириј... и неговите архијереи ги нарекува љубени браќа, ја искажува својата радост што тој ја признал јурисдикцијата на Рим и го уверува ако со искрено срце и искрена вера се потчинува на папската власт дека бог ќе ги спаси неговите верници од ропство [33] | “ |
Покрај Порфириј и охридскиот архиепископ Аврамиј одржувал тајни врски со папата Урбан VIII и во текот на шест години тајно ја признавал неговата црковна власт. Папата Урбан VIII од своја страна на архиепископ Аврамиј му додоелил грамоти за западните владетели од кој Аврамиј добивал подароци. Освен архиепсикопите, тајни врски со Рим одржувале и други високи свешетници на Охридската архиепископија, а таков бил и митрополитот Еремиј Пелагонски.
Пад на католичката пропаганда
уредиПо Берлинскиот конгрес доаѓа до стагнација и опаѓање на унијатската пропаганда. Австроунгарија не успеала да ја реализира замислената идеја за засилување на пропагандата, и по една деценија нејзините претставници во Македонија заклучиле дека унијатската пропаганада е во опаѓање а онаму каде што постои унијата, населението тоа го правело од политички цели а не од верски побуди. На 30.09.1889 година, австроунгарскиот конзул испратил извештај во кој истакнал дека унијаската пропаганда опаѓала затоа што францускиот конзул му дозволил на рускиот претставник да дејствува против унијата, и тоа во интерес на француско-руското пријателство. Меѓутоа треба да се истакне дека тоа било точно само делумно, по формирањето на Бугарската егзархија дел од македонскиот народ почнал да преминува под јурисдикција на Егзархијата, бегајќи од погрчувањето тие наишле на егзрхиска стапица која била поставена на словенска основа но со тенденција да бугаризира. Бугарскиот трговски агент од Солун, Атанас Шопов, во разговор со францускиот конзул Стег, истакнува дека е нормално откажувањето од унијата и преминувањето во Егзархијата, бидејќи унијатите не можеле да преживеат во православна провинција. Егзархијата на своите верници им забранила да даваат или земаат моми од унијатите, да венчаваат, крштеваат и обратно. Католичката црква имала слична забрана до своите верници. Од друга страна францускиот конзул Стег истакниваа дека населението во Македонија не било навикнато да први догматска разлика помеѓу унијатите и православните. Тоа само го потврдува фактот, дека ТМОРО која се зародила во егзархиската средина брзо се зацврстила и меѓу унијатите. Во 90-години на XIX век, откажувањето од унијата и преминувањето кон егзархијата станало масовна појава. Цели села се откажувале и преминувале кон егзархијата, 1894 година од унијата се откажал и самиот кукушко унијатски епископ Младенов. На 20.12.1894 година францускиот конзул во извештајот до министерството за надворешни работи истакнал дека во некое подобро време, унијатската пропаганда со друго раководство би имала успех. Притоа тој констатираал дека на 1 000 000 жители имало само 20. 000 унијати.
Протестантска пропаганда во Македонија
уредиПротестантската пропаганда во Македонија се јавува во втората половина на XIX век. Таа претежно била ширена од страна на американски и англиски мисионери. Оваа пропаганда била поставена врз верска основа но со политички цели и за разлика од пропагандите на соседните држави таа не дејствувала ретроградно врз македонското национално обособување односно не го загрозувала македoнскиот национален индивидуалитет.
Првите училишта во Македонија
уредиНајактивна на Балканот била Конгрегационалистичката црква, која што отвора голем број евангелски заедници и цркви.
Својата мисија, ја започнува со отворање училишта (според западните модели и стандарди).
Во 1860 година во Пловдив се отвора Првото машко евангелско училиште во Бугарија, а подоцна и Првата женска гимназија. Од Бугарија мисионерите своето тежиште го префрлиле на македонското поднебје.
Откако неколку семејства од Банско, со православна вероисповед ги прифатиле протестантските идеи, на 6 август 1868 година таму се формира првата евангелска заедница.
Од оваа точка протестантските идеи се шират во околината при што Разлошката котлина станува значајно мисионерско седиште. Во 1873–74 година, се отвора мисионерска станица во Битола.
Со отворањето на битолската мисионерска станица се поставува најсигурниот темел-потпорник на протестантството во Македонија. Од центарот во Битола, се раководи со протестантскиот кадар којшто мисионирал во Македонија, тука се решаваат и сите други проблеми коишто се пројавуваат во оваа сфера.
Воспитно-образовниот систем и згрижувањето на сирачињата, биле прашања на коишто им се приоѓало со особен интерес.
Во Битола се отвора женска гимназија и дом за деца без родители. Во мисионерската станица во Битола се одржувааат редовни евангелски служби под водство на мисионерите, додека пак сопругите на мисионерите се грижеле за библиската и медицинската активност на станицата.
Битолската мисионерска станица, следејѓи го духовниот живот во Радовиш (каде што проповедал Никола Бојаџиев), во 1886 година отвора евангелска заедница, а нешто подоцна отвора и во Раклиш.
Во струмичкото село Моноспитово, Евангелска црква била отворена во 1884 година, а по неколку години во Муртино се формира евангелска заедница.
Во 1898 година, организираната црква броела 60 члена, а со својата самопрегорна работа многу се истакнал Костадин Грачанов.
Во Колешино, првата Евангелска црква се организира во 1899 година, а првата проповед ја одржал пастирот Кимов, од струмичката црква, во домот на Мане Изев, на 19 мај 1890 година.
Во 1906 година, на парцелата, која што ја подарил Димитруш Ицев, била изградена првата Евангелска црква. По нејзиното запалување на истото место била изградена нова црква.
Мисионерската станица во Солун, е отворена во 1894 година. Со неа раководел д-р Џон Хаус. Во овој мисионерски центар, особен акцент бил ставен на работата со затворениците од Беас Куле.
Отворањето на евангелската заедница во Кукуш (1885), е резултат на бројните посети на мисионерите од Солун, како и од активностите на книжарите Христо Зрнев, Димитар Кардалев и Никола Тренчев. Нешто подоцна, евангелски заедници се организираат на север од Кукуш, во Горни и Долно Тодорак.
Во 1896 година евангелска заедница се отвора во Воден, во 1897 во Драма, а во 1898 во Ениџе Вардарско. На 23 август 1899 година, во Солун се одржува единствената конференција на евангелските работници од Македонија, која што ја раководеле д-р Џон Хаус, д-р Едвард Хаскел и Мис Елен Стон.
Во околината на Солун, а во делокруг на активностите на Солунската мисионерска станица, во 1904 година, д-р Џон Хаус го формирал земјоделско-индустриското училиште. Во училиштето, покрај редовните евангелски богослужби, односно религиозното образование, се врши и континуирано земјоделско образование.
Ова образование треба да помогне за подобро и поуспешно извршување на земјоделските работи, секако користејќи ги придобивките на современата технологија. Не случајно и првиот трактор на Балканот бил донесен во земјоделско-индустриското училиште во Солун. Но, сепак, најголемо и најсензационално светското внимание било свртено со заробувањето на американската мисионерка Мис Елен Стоун.
Целата светска јавност со огромен интерес го следела текот на ослободувањето на славната мисионерка, која подоцна се докажала како голема заштитничка на македонското дело и обвинителка на Турците [35].
Односот на Македонците кон протестантската пропаганда
уредиМакедонците кон оваа пропаганда приоѓале бидејќи се надевале дека ќе наидат на заштита од страна на содветните дипломатски претставници во Отоманско Царство, во овој случај американските и англиските конзули или пак други официјални лица кој можеле да се заложат пред Високата Порта.
Меѓутоа со текот на времето кај Македонците се создала негативна конотација во однос на протестантските мисионери и нивната дејност. По завршувањето на Аферата мис Стон и по ослободувањето на заложниците, мис Стон и Цилка се нашле во Солун и таа во куќата на американскиот конзул Х. Лазаро истакнала дека:
„ | ... грабнувачите не се разбојници, туку луѓе на Организацијата која има за цел да ја ослободи Македонија... тие биле грабнати бидејќи со мисионерската дејност ги одвраќале македонските луѓе од нивната национална религија - православието. Таа истакнала дека таква судбина ги очекува сите протестантски мисионери доколку не престанат ги збунуваат православните [3] | “ |
Наводи и белешки
уреди- ↑ Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006
- ↑ Слобода или Смрт, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Скопје 1997
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893-1903 година, Скопје, Институт за Историја-Филозофски факултет Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „VG“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
- ↑ Раѓање на македонската нација, Драган Ташковски, НИК Наша Книга, Скопје, 1970
- ↑ Решен ли е македонскиот вопрос?, Рацин, 1940те.
- ↑ Љ. Лапе, одбрани текстови... втор дел, 164 - 167
- ↑ Р. Поплазаров, Грчката политика спрема Македонија..., 90.
- ↑ Р. Поплазаров, Грчката политика спрема Македонија..., 22.
- ↑ Британски дипломатски документи... т.1, 229
- ↑ Британски дипломатски документи... т.1, 229 - 230
- ↑ Р. поплазаров, Грчаката спрема Македонија..., 21
- ↑ Политиката на турското правителство..., 47 - 48
- ↑ В. Георгиев - С. Трифонов, Историја на бугарите... документи... т.1, 45.
- ↑ Станува збор за Македонци... во сите свој извештаии бугарските пропагандисти населението во Македонија го именуваат како бугарско... Ванчо Ѓорѓиев, Смрт или Слобода....
- ↑ Писмо на Темко Попов део Деспот Баџовиќ, 9 мај 1888, Солун
- ↑ Слобода или Смрт, д-р Ванчо Ѓорѓиев..., 99
- ↑ М. Миновски, Македонија во билатералните и мултилатералните договори..., 228.
- ↑ Бугарската егзархија и македонското национално-ослободително движење (1893-1908), Александар Трајановски, Скопје, 1982
- ↑ П.п.Арсов, Потеклото на револуционерното движење во Македонија... No. 8, Софија, 19.07.1919,3
- ↑ Просветната политика на егзархијата у училишните бунтово во Македонија, Славко Димевски, Скопје, 1960, 12
- ↑ Просветната политика на егзархијата у училишните бунтово во Македонија, Славко Димевски, Скопје, 1960
- ↑ Основанието на ВМРО (изъ запискитѢ на Иванъ Х. Николовъ, собщава Хр. Шалдевъ, Ил. Илинденъ, VIII/1 (71), Софија, 1936, 4
- ↑ Хр. Коцевъ, Страници изъ споменитѢ ми, Македония I/9, Софија, 1922, 51
- ↑ Слобода или Смрт, д-р Ванчо Ѓорѓиев..., 101.
- ↑ Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006
- ↑ Независно од злоупотребите на бугарскиот двор и влада, македонскиот комитет е организација на македонската емиграција во Бугарија. Во неа членувале Македонци, а помалку Бугари. Повеќето од нив биле искрени македонски патриоти. Меѓутоа, во МК се вовлекле доверливи луѓе на бугарската политика, разни профитери, кариеристи, авантуристи, случајни сопатници, квазипатриот, дури и арамии. Инволвирањето на таквиот профил во МК, се одразило на неговата активност, а посебно врз македонското ослободително дело и МРО.... види Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт...187
- ↑ Крум Христов,Гоце Делчев,Софија 1955,109
- ↑ Според некои смрта била придизвикана од сознанието дека македонското дело со кое раководел Китанчев е злоупотребено и изманипулирано од бугарскиот кнез. Навистина тоа се случило откако бугарските власти ја затвориле границата и почнале преследување на македонските чети
- ↑ К. Џамбазовски, Културно - општествени врски на Македонците со Србија во текот на XIX век, Скопје, 1960.
- ↑ Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот..., т.1, 247.
- ↑ 32,0 32,1 Тодоровска, Катерина (2002). Скопје: Македо-романско друштво за култура. Отсутно или празно
|title=
(help) - ↑ 33,0 33,1 Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година
- ↑ Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981
- ↑ Вестители на истината, редактор Христо Христов Куличевã, Второ раширено издание, Издателство, "Бãлгарско библеиско дружество" ООД, 1994, стр. 89
Поврзано
уреди- Отпор на Македонците кон туѓите пропаганди
- Пропаганда
- Историја на македонскиот народ
- Историја на Македонија
- Грчка пропаганда во Македонија
- Бугарска пропаганда во Македонија
- Српска пропаганда во Македонија
- Бугаризација
- Србизација
Надворешни врски
уреди- Повик до Македонците за борба против бугарските и грчките окупаторi
- Српска колонизација на Вардарскиот дел од Македонија
- Писмо на Темко Попов до Деспот Баџовиќ во кое ја објаснува бугарската пропаганда.
- Услови за премин во унија со Римокатоличката црква поставени од Теодосиј Гологанов за унијатвство со Римокатоличката црква.
- Писмо на Теодосиј Гологанов до папата Лев XIII за склопување унијатство.
- Крсте Мисирков за суштината на српската и бугарската пропаганда.
- Писмо од Димитрие Боди до Владан Ѓорѓевиќ за македонскиот јазик на Викизивор.
- Писмо од Димитрие Боди до Владан Ѓорѓевиќ на Викиизвор.
- Писмо од Димитрие Боди до Министерството за надворешни работи на Викиизвор.
- Јован Цвииќ за македонските Словени на Викиизвор.
Статијата „Странски пропаганди во Македонија“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |