Природа
Природа — во најширока смисла означува природна средина, материјален свет. Латинскиот збор за природа е natura, кој е превод од грчкиот физис (φύσις) и означува природни нешта, нешта од природен карактер. Природата се дели на жива и нежива и се разликува од вештачки создадените предмети од страна на човекот.
Концептот за природата како целина, физичка вселена, е едно од неколкуте проширувања на првобитното значење; тој започнал да се користи од страна на претсократовските филозофи и оттогаш се увидела неговата прецизност и започнал нашироко да се употребува. Ваквото поимање на природата е потврдено од современиот научен метод во последните неколку векови.
Денес најчесто во „природа“ се вбројуваат геолошките одлики на Земјата и дивината. „Природа“ може да се однесува на различни видови на живи растенија и животни, а во некои случаи на процесите што се одвиваат кај неживите објекти.
Земја
уредиЗемјата е единствената планета за која денес се знае дека има живот. Нејзините природни одлики се предмет на проучување на многу научни дисциплини. Во сончевиот Систем таа е третата најблиска планета до Сонцето; воедно е најголемата земјовидна планета и петтата најголема од сите планети. Нејзини најзабележливи климатски одлики се двата поларни региони, двата релативно тесни умерени појаси, како и широкиот екваторијален тропски и суптропски регион.[1] Врнежите се различни во зависност од местото, се движат од неколку метри вода годишно до помалку од милиметар. 71% од површината на Земјата е покриен со соленоводни океани. Остатокот се состои од континенти и острови, при што најнаселена е северната полутопка.
Земјата еволуирала преку геолошки и биолошки процеси кои оставиле траги од првобитните услови. Надворешната површина е поделена на неколку тектонски плочи кои постепено се поместуваат. Внатрешната останува активна, со дебела обвивка од пластичен плашт и јадро исполнето со железо кое генерира магнетно поле.
Атмосферските услови се значително изменети од првобитните преку дејството на живите организми,[2] со што се создава еколошка рамнотежа која ги стабилизира условите на површината. И покрај широките регионални варијации во климата со зголемување на географската широчина и други географски фактори, долгорочната просечна глобална клима е доста стабилна за време на интерглацијалните периоди,[3] а варијациите од степен или два на просечната глобална температура имале големи ефекти на еколошката рамнотежа, како и на сегашната географија на Земјата.[4][5]
Геологија
уредиГеологијата е наука за цврстата и течна материја која ја сочинува Земјата. Геологијата ги проучува составот, градбата, физичките својства, динамиката и историјата на компонентите на Земјата, како и процесите со кои тие се образуваат, придвижуваат и менуваат. Ова е големо академско поле на науката кое исто така е важно да се знае и при екстракцијата на минерали и јаглеводороди, справувањето со природните непогоди и разбирањето на климата од минатото и животната средина.
Геолошка еволуција
уредиГеологијата на дадена област еволуира низ времето со депозитирање и вметнување на карпести единици, чии форми и положба се менуваат со деформациски процеси.
Карпестите единици можат да се сместат како со депозиција на површината, така и со интрузија во горната карпа. Депозиција има кога седиментите се сместуваат на површината на Земјата и подоцна се литифицираат во седиментна карпа, или, пак, кога има проток на вулкански материјал (вулкански пепел или лава) кој ја препокрива површината. Магматските интрузии какви што се батолити, лаколити, дајкови и силови се туркаат нагоре во горната карпа и кристализираат како што интрудираат во неа.
По депозитирањето на првичната секвенца од карпи, карпестите единици можат да се деформираат и/или метаморфозираат. Деформација обично се случува како резултат на хоризонтално скусување, хоризонтално издолжување или страна-по-страна (удар-лизгање) движење. Овие градбени режими се поврзуваат со приближувачите граници, раздвојувачките граници и трансформните граници, соодветно, меѓу тектонските плочи.
Историски поглед
уредиСе проценува дека Земјата настанала пред 4,54 билиони години од сончевата маглина, заедно со Сонцето и другите планети.[7] Месечината се формирала пред 20 милиони години (груба проценка). Најпрво растопена, надворешната обвивка на планетата се ладела, со што се добила цврста кора. Гасовитата и вулканска активност ја произвела првичната атмосфера. Со кондензирање на водната пареа (која во поголем дел потекнувала од мразот донесен од кометите) се создале океаните и другите извори на вода.[8] Се смета дека високо енергетските хемиски процеси ја дале самореплицирачката молекула пред околу 4 билиони години.[9]
Континентите се образувале, па се разделувале и повторно се формирале паралелно со преформирањето на површината на Земјата во текот на милиони години, повремено спојувајќи се при што се добивале суперконтиненти. Пред околу 750 милиони години, најраниот познат суперконтинент Родинија започнал да се распаѓа. Подоцна континентите се рекомбинирале и ја дале Паноција која се распаднала пред околу 540 милиони години, и на крајот Пангеја, суперконтинент кој се распаднал пред околу 180 милиони години.[10]
Постојат голем број докази дека за време на ерата неопротерозоик постоело масовно заледување кое покрило голем дел од планетата. Оваа хипотеза е насловена како „Земја снежна топка“ и е од особено значење поради тоа што ѝ претходи на камбриската експлозија со која почнале да се појавуваат многуклеточни животни форми пред околу 530-540 милиони години.[11]
По камбриската експлозија се случиле пет различни масовни истребувања.[12] Последното масовно истребување се случило пред околу 65 милиони години, кога поради колизија на метеорити исчезнале диносаурусите кои не се предци на птиците како и други големи влекачи, но биле поштедени малите животни какви што биле цицачите, кои тогаш наликувале на ровчиците. Во изминатите 65 милиони години настанала диверзификација на цицачите.[13]
Пред неколку милиони години, еден вид на мал африкански човеколик мајмун се здобил со способноста да стои исправено.[14] Последователната појава и напредок на луѓето, развојот на земјоделството и цивилизацијата им дозволиле на луѓето да влијаат на Земјата многу побрзо отколку било која претходна животна форма, со што биле афектирани природата и бројноста на другите организми, како и светската клима. За споредба, на големиот оксигенациски настан, поттикнат од појавата на алгите за време на периодот сидериј, му биле потребни околу 300 милиони години за да кулминира.
Современата ера се вбројува како дел од масовно истребување - холоценско масовно истребување - кое е најбрзото што досега се случило.[15][16] Одредени научници, како Едвард Вилсон од Универзитетот Харвард, предвидуваат дека уништувањето на биосферата од страна на луѓето би можело да предизвика истребување на една половина од сите видови во следните 100 години.[17] Опсегот на сегашното истребување сè уште се истражува, дебатира и се прават пресметки за него од страна на биолозите.[18]
Атмосфера, клима и време
уредиАтмосферата на Земјата е клучен фактор во одржувањето на планетарниот екосистем. Тенкиот слој гасови што ја обиколува Земјата се држи на место со помош на гравитацијата на планетата. Сувиот воздух се состои од 78% азот, 21% кислород, 1% аргон и други инертни гасови, јаглерод диоксид итн.; исто така, воздухот содржи и променлива количина на водна пареа. Атмосферскиот притисок се намалува со зголемување на надморската височина. Озонската обвивка на Земјината атмосфера има важна улога во намалувањето на ултравиолетвоото (UV) зрачење кое стигнува до површината. Бидејќи ДНК се оштетува од UV зрачењето, ова има за цел заштита на живиот свет на површината. Атмосферата исто така задржува топлина за време на ноќта, со што се редуцираат дневните температурни екстреми.
Времето на Земјата го има исклучиво во долниот дел од атмосферата и служи како спроводен систем за редистрибуција на топлината. Океанските струи се друг важен фактор во одредувањето на климата, особено големото подводно термохалино струење кое ја распространува топлинската енергија од екваторските океани до поларните региони. Овие струи помагаат во ублажување на разликите во температурите кои постојат во зима и лето во умерените зони. Исто така, без редистрибуција на топлинската енергија од океанските струи и атмосферата, тропските области би биле многу пожешки, а поларните региони многу поладни.
Времето може да има корисни и штетни ефекти. Временските екстреми (торнадо, ураган, циклон) може да потрошат големи количини на енергија долж нивниот пат на минување и да предизвикаат уништување. Површинската растителност развила зависност од сезонската променливост на времето, така што ненадејни промени од само неколку години би можеле да имаат драматичен ефект, како на растителноста, така и на животните кои зависат од нејзиниот раст поради исхрана.
Климата на планетата е мерка за долгорочните трендови во времето. Познато е дека различни фактори влијаат на климата, меѓу кои се океанските струења, површинското албедо, стакленички гасови, варијации во сончевата светлина и промени во орбитата на планетата. Врз основа на историски податоци, познато е дека Земјата била подложена на драстични климатски промени во минатото, меѓу кои се вбројуваат и ледените доба.
Климата на еден регион зависи од бројни фактори, особено од надморската височина. Појас од надморска височина на површината кој има слични климатски својства образува климатски регион. Постојат многу вакви региони, кои се наоѓаат од тропската клима на екваторот до поларната клима во северните и јужните екстреми. На времето исто така влијаат и сезоните (годишните времиња) кои се резултат од тоа што Земјината оска е поместена во однос на нејзината орбитна рамнина. Според ова, во дадено време од летото или зимата, еден дел од планетата е повеќе директно изложен на сончевите зраци. Ова изложување се менува како што Земјата врши револуција во својата орбита. Во дадено време, независно од годишното време, северната и јужната полутопка имаат спротивни годишни времиња.
Моментално се случуваат две работи:
- просечната температура се зголемува;
- регионалните клими подлежат на значителни промени.[19]
Вода на Земјата
уредиВодата е хемиска супстанца која се состои од водород и кислород и е неопходна за сите познати форми на живот.[20] Во секојдневието на човекот, поимот „вода“ се однесува само на течната агрегатна состојба, но оваа супстанца исто така се среќава и во цврста агрегатна состојба - мраз - и во гасовита состојба - водена пареа. Водата покрива 71% од површината на Земјата.[21] На Земјата, таа се наоѓа најмногу во океаните и другите поголеми водни басени, со тоа што 1,6% отпаѓа на подземната вода, а 0,001% на воданта пареа, облаците (образувани од цврсти и течни честички вода суспендирани во воздухот) и врнежите.[22] Океаните држат 97% од површинската вода, ледниците и поларните снежни покривки 2,4% а останатите копнени површини (реки, езера и бари) - 0,6%. Дополнително, мала количина на вода се состои во живите организми и преработените производи.
Океани
уредиОкеан е голем воден басен со солена вода и главна компонента на хидросферата. Приближно 71% од површината на Земјата (површина од околу 361 милион км2) е покриен со океан, непрекинат воден басен кој е поделен на неколку главни океани и помали мориња. Повеќе од половина од оваа област има преку 3000 метри длабочина. Просечната соленост на океанот изнесува околу 35 ppt (3,5%) и приближно целата морска вода има соленост од 30 до 38 ppt. Иако во општи црти се опишуваат како неколу „одделни“ океани, овие води сочинуваат еден светски, поврзан басен од солена вода, често нарекуван и светски океан.[23][24] Тој е од фундаментално значење за океанографијата.[25]
Големите океански оддели се одредени делумно од континентите, различните архипелази и според други критериуми: овие оддели се (од најголем кон најмал) Тихи Океан, Атлантски Океан, Индиски Океан, Јужен Океан и Северноледен Океан. Помалите региони на океаните се познати како мориња, заливи итн. Постојат и солени езера кои претставуваат помали басени на солена вода обиколена од сите страни со копно кои не се поврзани со светскиот океан. Два забележителни примери се Аралското Море и Големото Солено Езеро.
Езера
уредиЕзерата (латински: lacus) се поголеми вдлабнатини на Земјината површина исполнети со вода, која не е во непосредна врска со океанот. За езера се сметаат оние водни басени кои се подлабоки од бара и кои се напојуваат со вода од река.[26][27] Природните езера на Земјата најчесто се наоѓаат во планински предели, раседни зони и области на кои денес има заледување. Други езера се наоѓаат во неистечни басени или долж тековите на големите реки. Во некои области на светот постојат многу езера поради тоа што има неконтролирана дренажа од последното ледено доба. Сите езера се привремени во однос на геолошката временска скала; тие бавно ќе се исполнат со седименти или ќе истечат од басенот во кој се содржат.
Бари
уредиБара е басен од неистечна вода, било природен или изграден од човекот, кој најчесто е помал од езеро. Барите и езерата се разликуваат од потоците според брзината на струењето. Додека струењето на водата во потоците лесно се набљудува, кај барите и езерата се среќаваме со микроструења на водата кои се придвижени од температурата и со струења придвижени од ветерот.
Реки
уредиРека е природен тек на вода,[28] обично слатководна, која тече кон океан, езеро, море или друга река. Во ретки случаи реката може едноставно да потоне во земјата или целосно да се исуши пред да достигне до друга вода. Водата во реката најмногу потекнува од врнежите, изворите и водата што се топи од ледниците и сл.
Потоци
уредиПоток е проточна вода со свое сопствено струење, која се наоѓа во речно корито. Потоците се важни како спроводници во водниот циклус, а служат и како коридори за миграција на рибите и друг жив свет. Биолошкото живеалиште во непосредна близина на потокот се нарекува рипариска зона. Денес, во поглед на холоценското масовно изумирање, потоците имаат улога на коридори во поврзувањето на фрагментираните живеалишта, а со тоа и во зачувување на биолошката разновидност.
Екосистеми
уредиЕкосистемите се составени од различни абиотички и биотички компоненти кои функционираат заедно и поврзано.[30] Градбата и составот на екосистемите е одредена од многу фактори на животната средина кои се поврзани. Разновидностите на овие фактори ќе поттикнат динамички измени во екосистемот. Некои од поважните компоненти се почва, атмосфера, зрачење од Сонцето, вода и живите организми.
Централна идеја во екосистемскиот концепт е таа според која живите суштества заемодејствуваат со секој друг елемент во нивната непосредна средина. Јуџин Одум како еден од основачите на екологијата, вели: „Секоја единица која ги вклучува сите организми („заедница“ од организми) од дадена област кои заемодејствуваат со физичката средина така што протокот на енергија доведува до јасно дефинирана трофичка структура, биоразновидност и циклус на материите (на пример, размена на материи меѓу живиот и неживиот дел) во рамките на системот се нарекува екосистем.“[31] Во екосистемот видовите се поврзани и меѓусебно зависни (што се огледа во ланецот на исхрана) и разменуваат енергија и материја меѓусебно и со нивната околна средина.[32]
Помала единица се нарекува микроекосистем. На пример, микроекосистем може да биде камен и целиот жив свет што се наоѓа под него. Во макроекосистем може да се вклучи цел екорегион, заедно со неговиот водособирен басен.[33]
Дивина
уредиКако дивина обично се сметаат области кои не се значително изменети од човечката активност. Дивината постои во резерватите, националните паркови, па дури и во урбаните области покрај реките, клисурите и стопански неразвиените области. Областите со дивина и заштитените паркови се сметаат за важни за опстанокот на одредени видови, еколошки проучувања, конзервација и рекреација. Одредени опишувачи на природата веруваат дека дивината е клучна за човечкиот дух и креативност,[34] а некои еколози ја сметаат дивината како интегрален дел од планетарниот самоодржувачки природен екосистем (биосфера). Исто така, овие области би можеле да обезбедат живеалишта за дивата флора и фауна кои инаку тешко би можеле да опстојат во зоолошките градини, арборетумите или лабораториите.
Жив свет
уредиИако не постои севкупен договор за тоа што е живот, научниците во општи црти прифаќаат дека животот се одликува со организација (градба), метаболизам, раст, адаптација, одговор на дразби и размножување. За животот би можело исто така да се каже дека е карактеристична состојба на организмите.
Под биосфера се подразбира делот од Земјината надворешна обвивка - вклучувајќи копно, површински карпи, вода, воздух и атмосфера - на кој се среќава живиот свет и кој се менува со биотичките процеси на организмите. Денес на планетата Земја се наоѓаат над 75 билиони тони на биомаса (жив свет) која живее во различните животни средини во рамките на биосферата.
Над девет десетини од вкупната биомаса на Земјата отпаѓа на растителниот свет, од кој зависи животинскиот. До денес се идентификувани повеќе од 2 милиони видови на растенија и животни, а проценките за точниот број на постоечки видови се движат од неколку милиони до преку 50 милиони. Бројот на поединечни видови на живи организми постојано се менува (се појавуваат нови видови, а други исчезнуваат). Вкупниот број на видови денес е во постојано опаѓање.
Еволуција
уредиПознато е дека живот постои само на планетата Земја. Создавањето на животот е сè уште малку познат процес, но се смета дека животот потекнува од пред околу 3,9 до 3,5 билиони години, односно од еоните хадеј и археј, што се одвивало на примордијалната Земја која имала суштински различна средина отколку денес. Овие први животни форми ги поседувале основните својства на саморепликација и наследни својства. Со појавата на животот, процесот на еволуција по пат на природна селекција довел до создавање на уште поразлични животни форми.
Видовите кои не можеле да се прилагодат (адаптираат) на промените во средината и конкуренцијата од другите животни форми исчезнале. Меѓутоа, фосилниот запис содржи докази за многу од овие постари видови. Поновите фосилни докази и докази од ДНК покажуваат дека кај сите постоечки видови може да се проследи линијата на предоштво сè до првите примитивни животни форми.
Со појавата на фотосинтезата кај најосновните форми на растителен жив свет се овозможило собирање и искористување на сончевата енергија. Кислородот добиен од фотосинтеза се акумулирал во атмосферата и на овој начин се создала озонската обвивка. Вклучувањето на помали клетки во рамките на поголеми довело до развиток на уште посложени клетки наречени еукариоти. Клетките кои биле дел од колонии станале силно специјализирани, со што се оформиле вистинските многуклеточни организми. Новонастанатата озонска обвивка го апсорбира штетното ултравиолетово зрачење, па така живиот свет бил во можност да ја колонизира површината на Земјата.
Микроорганизми
уредиПрвата форма на живот која се развила на Земјата биле микроорганизмите-прокариоти кои останале единствената форма на живот на планетата сè до пред неколку билиони години, кога се појавиле многуклеточните организми. Микроорганизмите се едноклеточни или повеќеклеточни организми кои обично се со микроскопски димензии и не можат да се регистрираат со човечкото око. Тука припаѓаат бактериите, некои габи, археите, протистите и одредени животински видови.
Прокариотските животни форми можат да се најдат речиси насекаде на Земјата каде постои течна вода, меѓудругото и во внатрешноста на карпите. Нивното размножување е брзо и обилно. Комбинацијата од висока стапка на мутација и хоризонтален пренос на гени ги прави многу прилагодливи и способни да опстојат во нови средини, меѓу кои и вселената. Тие сочинуваат основен дел на Земјиниот екосистем. Некои микроорганизми се патогени и се ризик по здравјето на други организми.
Растенија и животни
уредиПрвата поделба на живите суштества ја направил Аристотел. Тој направил разлика меѓу растенија (кои обично не се движат доволно брзо за да бидат забележани од луѓето) и животни. Во системот на Карл Лине, растенијата станале царство Vegetabilia (подоцна наречено Plantae), а животните царство Animalia. Понатаму станало јасно дека царството Plantae како што првично било опишано вклучувало и неколку неповрзани, далечни групи, па така габите и неколку групи на алги биле сместени во нови, посебни царства. Сепак, овие организми сè уште понекогаш се сметаат за растенија. Бактериите понекогаш се сметаат за флора,[37][38] а одредени класификациски системи го користат поимот бактериска флора или микрофлора како одделен од растителна флора.
Еден од многуте начини на класифицирање на растенијата е според регионални флори, кои, во зависност од намената на проучувањето може исто така да ја вклучат и фосилната флора, односно остатоците од растенија од некоја претходна ера.
Обично регионалните флори се поделени на категории, како нативна флора и земјоделска и градинарска флора, од кои последните две намерно се одгледуваат и култивираат. Некои типови на „нативна флора“ всушност се доведени пред повеќе векови од страна на луѓето кои мигрирале од еден регион или континент до друг и станале интегрален дел од нативната или природна флора на местото каде тие биле доведени. Ова е пример за тоа на кој начин човечкото заемодејство со природата може да ја направи нејасна границата на она што се смета за природа.
Друга категорија растенија историски и традиционално се сметаат за плевели. На сличен начин, и животните често се категоризираат како домашни, диви животни, штетници и сл. според нивната поврзаност со животот на луѓето.
Животните како група поседуваат неколку одлики што ги одделуваат од останатите живи суштества. Животните се еукариоти и најчесто се многуклеточни. Тие се хетеротрофни, најчесто ја варат храната во внатрешна комора (желудник и црева), што ги разликува од растенијата и алгите. Тие исто така се разликуваат од нив и по отсуството на клеточен ѕид кај нивните клетки.
Со неколку исклучоци (пред сè се мисли на сунѓерите), телата на животните се диференцирани во посебни ткива. Меѓу нив се мускулното ткиво, кое има способност да се контрхира и да го контролира движењето, како и нервниот систем кој праќа и обработува нервни сигнали. Еукариотските животински клетки се опколени со карактеристична вонклеточна матрица составен од колаген и еластични гликобелковини. Тој може да се калцифицира и да даде структури како черупки, коски и спикули, кои служат како потпора на телото.
Човекот и природата
уредиМакар што луѓето денес сочинуваат само мал дел од вкупната жива биомаса на Земјата, влијанието на луѓето врз природата е несоодветно големо. Поради опсегот на влијанието од човекот, границите меѓу она што луѓето го сметаат за природа и вештачките средини не се јасни, освен во екстремите. Дури и на екстремите, големината на природна животна средина која не е под влијание на луѓето денес се намалува со многу брзо темпо.
Технологијата развиена од страна на човекот довела до поголемо искористување на природните ресурси и потпомогнала во ублажувањето на некои од ризиците кои потекнуваат од природни непогоди. Меѓутоа, и покрај овој напредок, судбината на човечката цивилизација останува тесно поврзана со промените во животната средина. Постои многу сложена повратна врска меѓу искористувањето на напредната технологија и промените кои настануваат во животната средина, која штотуку се осознава.[39] Заканите врз Земјата кои потекнуваат од луѓето се загадување, обесшумување и хаварии (излевање на нафта и сл.). Луѓето придонеле во истребувањето на многу растенија и животни.
Луѓето ја користат природата за рекреација и економски активности. Употребата на природни ресурси за индустријата останува главна компонента за светскиот економски систем. Одредени активности како лов и риболов се користат како за добивање храна, така и за рекреација од страна на различни луѓе. Земјоделството се појавило во 9-от милениум п.н.е. Дали во сферата на производство на храна или на енергија, природата влијае на економското богатство.
Иако првите луѓе ги собирале некултивираните растенија за храна и ги користеле лековитите својства на растителноста,[40] денес најмногу се употребуваат одгледуваните растенија (по пат на земјоделство). Расчистувањето на големи површини земјиште за одгледување на земјоделски култури довело до значително намалување на шумите и мочуриштата, што повлекло (и сè уште повлекува) губење на живеалиштата на многу растителни и животински видови и појава на голема ерозија.[41]
Материја и енергија
уредиНекои полиња на науката ја гледаат природата како материја во движење, која се покорува на одредени закони на природата кои науката се обидува да ги разбере. Поради оваа причина, за најфундаментална наука обично се смета физиката - име под кое се препознава проучување на природата.
Материјата најчесто се дефинира како супстанцата од која се состојат физичките објекти. Таа ја изградува вселената што може да се набљудува. Денес се смета дека видливите компоненти на вселената сочинуваат само 4% од вкупната маса. За остатокот се смета дека се состои од 23% на ладна темна материја и 73% на темна енергија.[42] Суштинската природа на овие компоненти сè уште не е позната и моментално интензивно се проучува од страна на физичарите.
Однесувањето на материјата и енергијата во вселената што може да се набљудува е водено од добро дефинирани физички закони. Овие закони се искористени за да се добијат космолошки модели кои успешно ги објаснуваат градбата и еволуцијата на вселената која ние можеме да ја набљудуваме. Математичките изрази за законите на физиката користат низа од дваесетина физички константи[43] кои по сè изгледа дека се статични во вселената што може да се набљудува.[44] Вредностите на овие константи се внимателно измерени, но причината за нивните специфични вредности останува непозната.
Космичко пространство
уредиКосмичкото пространство, познато и како вселена, се однесува на релативно празните региони на вселената што се наоѓаат позади атмосферите на небесните тела. Поимот „космички простор“ се користи за да се направи разлика од „воздушно пространство“ (и местата на Земјата). Не постои дискретна граница меѓу Земјината атмосфера и вселената, бидејќи атмосферата постепено атенуира со зголемување на надморската височина. Космичкото пространство во рамките на сончевиот Систем се нарекува меѓупланетарен простор, кое преминува во меѓуѕвездениот простор во она што е познато како хелиопауза.
Космичкото пространство е оскудно пополнето со неколку десетици типови на органски молекули кои се откриени со помош на микробранова спектроскопија, потоа зрачење од црно тело останато од Големата експлозија и почетокот на вселената и со космички зраци, кои вклучуваат јонизирани атомски јадра и различни субатомски честички. Исто така постои одредена количина на гасови, плазма и прав, како и мали метеори. Дополнително, постојат знаци на човечки живот, како на пример, материите останати од претходните лансирања на ракети, кои се потенцијална опасност за вселенското инженерство. Одреден дел од овие отпадоци повторно навлегуваат во атмосферата на периоди.
Иако планетата Земја е моментално единственото тело во сончевиот Систем кое поддржува живот, скорешните докази укажуваат дека во далечното минато на планетата Марс имало маса од течности на површината.[45] За краток период од својата историја, Марс веројатно бил способен да создаден живот. Меѓутоа денес, поголем дел од водата на Марс е замрзната. Ако жив свет воопшто постои на Марс, тогаш тој најверојатно би се наоѓал подземја, каде течна вода сè уште може да постои.[46]
Условите на другите земјовидни планети, Меркур и Венера, се јавуваат како премногу сурови за да би одржувале живот каков што ние го знаеме. Но, се претпоставува дека Европа, четвртата најголема месечина на Јупитер, би можела да поседува подповршински океан од течна вода и со тоа потенцијално да поддржува живот.[47]
Природата како тема во уметноста и во популарната култура
уредиПриродата како мотив во книжевноста
уреди- „Природа“ — кус расказ на македонскиот писател Митко Маџунков од 1984 година.[48]
- „Блажена е природата“ — песна на германскиот поет Рајнер Марија Рилке.[49]
- „Дијалог меѓу Природата и Исланѓанецот“ (Dialogo della natura e di un Islandese) - есеј на италијанскиот поет Џакомо Леопарди.[50]
- „За природата“ — песна на рускиот поет Николај Рубцов од 1957 година.[51]
- „Убавините на природата“ — песна на арапскиот поет Ибн Сехл.[52]
- „Писмена работа по македонски јазик тема: природа“ — кус расказ на македонскиот писател Драган Георгиевски од 2013 година.[53]
Природата како морив во популарната култура
уреди- „Човекот наспроти природата“ (англиски: Man vs. Nature) — песна на американската рок-група Килдоузер (Killdozer) од 1989 година.[54]
- „Назад во природата“ (англиски: Back To Nature) — песна на британската рок-група Магазин (Magazine) од 1979 година.[55]
- „Природа без човек“ (англиски: Nature Without Man) — песна на американската рок-група Минитмен (Minutemen) од 1984 година.[56]
- „Правење сцена од природата“ (англиски: Making The Nature Scene) — песна на американската рок-група Чиконе јут (Ciccone Youth) од 1989 година.[57]
- „Создадено од природните сили“ (англиски: Done By The Forces Of Nature) — песна од истоимениот музички албум на американска рап-група Џангл брадерс (Jungle Brothers) од 1989 година.[58]
Поврзано
уреди- Природознание, од Плиниј Постариот
- Природа, од Ралф Валдо Емерсон
- Природа, истакнато научно списание
- Национален природен резерват (списание)
- Природата (ТВ серија)
Организации:
Наука:
Филозофија:
Наводи
уреди- ↑ „World Climates“. Blue Planet Biomes. Посетено на 2006-09-21.
- ↑ „Calculations favor reducing atmosphere for early Earth“. Science Daily. 2005-09-11. Посетено на 2007-01-06.
- ↑ „Past Climate Change“. U.S. Environmental Protection Agency. Посетено на 2007-01-07.
- ↑ Hugh Anderson, Bernard Walter (March 28, 1997). „History of Climate Change“. NASA. Архивирано од изворникот на 2008-01-23. Посетено на 2007-01-07.
- ↑ Weart, Spencer (2006). „The Discovery of Global Warming“. American Institute of Physics. Архивирано од изворникот на 2011-08-04. Посетено на 2007-01-07.
- ↑ Margulis, Lynn; Dorian Sagan (1995). What is Life?. New York: Simon & Schuster. ISBN 0-684-81326-2.
- ↑ Dalrymple, G. Brent (1991). The Age of the Earth. Stanford: Stanford University Press. ISBN 0-8047-1569-6.
- ↑ Morbidelli, A.; и др. (2000). „Source Regions and Time Scales for the Delivery of Water to Earth“. Meteoritics & Planetary Science. 35 (6): 1309–1320. Bibcode:2000M&PS...35.1309M. doi:10.1111/j.1945-5100.2000.tb01518.x.
- ↑ „Earth's Oldest Mineral Grains Suggest an Early Start for Life“. NASA Astrobilogy Institute. 2001-12-24. Архивирано од изворникот на 2006-09-28. Посетено на 2006-05-24.
- ↑ Murphy, J.B.; R.D. Nance (2004). „How do supercontinents assemble?“. American Scientist. 92 (4): 324. doi:10.1511/2004 април 324 Проверете ја вредноста
|doi=
(help). Архивирано од изворникот на 2011-01-28. Посетено на 2012-12-14. - ↑ Kirschvink, J.L. (1992). „Late Proterozoic Low-Latitude Global Glaciation: The Snowball Earth“ (PDF). Во J.W. Schopf, C. Klein eds. (уред.). The Proterozoic Biosphere. Cambridge: Cambridge University Press. стр. 51–52. ISBN 0-521-36615-1.CS1-одржување: излишен текст: список на уредници (link)
- ↑ Raup, David M; J. John Sepkoski Jr. (1982). „Mass extinctions in the marine fossil record“. Science. 215 (4539): 1501–3. Bibcode:1982Sci...215.1501R. doi:10.1126/science.215.4539.1501. PMID 17788674.
- ↑ Margulis, Lynn; Dorian Sagan (1995). What is Life?. New York: Simon & Schuster. стр. 145. ISBN 0-684-81326-2.
- ↑ Margulis, Lynn; Dorian Sagan (1995). What is Life?. New York: Simon & Schuster. ISBN 0-684-81326-2.
- ↑ Diamond J; Ashmole, N. P.; Purves, P. E. (1989). „The present, past and future of human-caused extinctions“. Philos Trans R Soc Lond B Biol Sci. 325 (1228): 469–76, discussion 476–7. Bibcode:1989RSPTB.325..469D. doi:10.1098/rstb.1989.0100. PMID 2574887.
- ↑ Novacek M, Cleland E (2001). „The current biodiversity extinction event: scenarios for mitigation and recovery“. Proc Natl Acad Sci USA. 98 (10): 1029. Bibcode:2001PNAS...98.5466N. doi:10.1073/pnas.091093698. PMC 33235. PMID 11344295. Укажано повеќе од еден
|pages=
и|page=
(help) - ↑ Wick, Lucia; Möhl, Adrian (2006). „The mid-Holocene extinction of silver fir (Abies alba) in the Southern Alps: a consequence of forest fires? Palaeobotanical records and forest simulations“. Vegetation History and Archaeobotany. 15 (4): 435–444. doi:10.1007/s00334-006-0051-0.
- ↑ See, e.g. [1], [2], [3]
- ↑ „Tropical Ocean Warming Drives Recent Northern Hemisphere Climate Change“. Science Daily. April 6, 2001. Посетено на 2006-05-24.
- ↑ „Water for Life“. Un.org. 2005-03-22. Посетено на 2011-05-14.
- ↑ „CIA- The world fact book“. Central Intelligence Agency. Архивирано од изворникот на 2010-01-05. Посетено на 2008-12-20.
- ↑ Water Vapor in the Climate System Архивирано на 20 март 2007 г., Special Report, [AGU], December 1995 (linked 4/2007). Vital Water Архивирано на 8 јули 2009 г. UNEP.
- ↑ "Ocean Архивирано на 3 март 2007 г.". The Columbia Encyclopedia. 2002. New York: Columbia University Press
- ↑ "Distribution of land and water on the planet Архивирано на 31 мај 2008 г.". UN Atlas of the Oceans
- ↑ Spilhaus, Athelstan F. 1942 (Jul.). "Maps of the whole world ocean." Geographical Review (American Geographical Society). Vol. 32 (3): pp. 431–5.
- ↑ Brittanica online. „Lake (physical feature)“. Посетено на 2008-06-25.
[a Lake is] any relatively large body of slowly moving or standing water that occupies an inland basin of appreciable size. Definitions that precisely distinguish lakes, ponds, swamps, and even rivers and other bodies of nonoceanic water are not well established. It May be said, however, that rivers and streams are relatively fast moving; marshes and swamps contain relatively large quantities of grasses, trees, or shrubs; and ponds are relatively small in comparison to lakes. Geologically defined, lakes are temporary bodies of water.
- ↑ a body of fresh or salt water of considerable size, surrounded by land. „Dictionary.com definition“ Проверете ја вредноста
|url=
(help). Посетено на 2008-06-25. - ↑ River {definition} from Merriam-Webster. Accessed February 2010.
- ↑ Adams, C.E. (1994). „The fish community of Loch Lomond, Scotland : its history and rapidly changing status“. Hydrobiologia. 290 (1–3): 91–102. doi:10.1007/BF00008956.
- ↑ Pidwirny, Michael (2006). „Introduction to the Biosphere: Introduction to the Ecosystem Concept“. Fundamentals of Physical Geography (2nd Edition). Посетено на September 28, 2006.
- ↑ Odum, EP (1971) Fundamentals of ecology, third edition, Saunders New York
- ↑ Pidwirny, Michael (2006). „Introduction to the Biosphere: Organization of Life“. Fundamentals of Physical Geography (2nd Edition). Посетено на September 28, 2006.
- ↑ Bailey, Robert G. (2004). „Identifying Ecoregion Boundaries“ (PDF). Environmental Management. 34 (Supplement 1): S14–26. doi:10.1007/s00267-003-0163-6. PMID 15883869. Архивирано од изворникот (PDF) на 2009-10-01. Посетено на 2012-12-14.
- ↑ No Man's Garden by Daniel B. Botkin p155-157
- ↑ „Why the Amazon Rainforest is So Rich in Species : News“. Earthobservatory.nasa.gov. 2005-12-05. Архивирано од изворникот на 2011-02-25. Посетено на 2011-05-14.
- ↑ „Why The Amazon Rainforest Is So Rich In Species“. Sciencedaily.com. 2005-12-05. Посетено на 2011-05-14.
- ↑ „flora“. Merriam-Webster Online Dictionary. Merriam-Webster. Посетено на September 27, 2006.
- ↑ „Glossary“. Status and Trends of the Nation's Biological Resources. Reston, VA: Department of the Interior, Geological Survey. 1998. SuDocs No. I 19.202:ST 1/V.1-2. Архивирано од изворникот на 2007-07-15. Посетено на 2012-12-15.
- ↑ „Feedback Loops In Global Climate Change Point To A Very Hot 21st Century“. Science Daily. May 22, 2006. Архивирано од изворникот на 2008-12-24. Посетено на 2007-01-07.
- ↑ „Plant Conservation Alliance – Medicinal Plant Working Groups Green Medicine“. US National Park Services. Посетено на September 23, 2006.
- ↑ Oosthoek, Jan (1999). „Environmental History: Between Science & Philosophy“. Environmental History Resources. Посетено на 2006-12-01.
- ↑ „Some Theories Win, Some Lose“. WMAP Mission: First Year Results. NASA. Посетено на 29 2006. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help) - ↑ Taylor, Barry N. (1971). „Introduction to the constants for nonexperts“. National Institute of Standards and Technology. Посетено на 2007-01-07.
- ↑ D. A. Varshalovich, A. Y. Potekhin, A. V. Ivanchik (2000). „Testing cosmological variability of fundamental constants“. AIP Conference Proceedings. 506: 503. arXiv:physics/0004062. doi:10.1063/1.1302777.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Bibring, J; и др. (2006). „Global mineralogical and aqueous mars history derived from OMEGA/Mars Express data“. Science. 312 (5772): 400–4. Bibcode:2006Sci...312..400B. doi:10.1126/science.1122659. PMID 16627738.
- ↑ Malik, Tariq (2005-03-08). „Hunt for Mars life should go underground“. The Brown University News Bureau. Архивирано од изворникот на 2013-01-20. Посетено на September 4, 2006.
- ↑ Scott Turner (1998-03-02). „Detailed Images From Europa Point To Slush Below Surface“. The Brown University News Bureau. Архивирано од изворникот на 2006-09-29. Посетено на September 28, 2006.
- ↑ Митко Маџунков, Међа света. Београд: Просвета, 1984, стр. 36.
- ↑ Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 37.
- ↑ Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, стр. 68-74.
- ↑ Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 100.
- ↑ Arapska poezija. Beograd: Rad, 1977, стр. 78.
- ↑ Драган Георгиевски, Метаморфузија, Темплум, Скопје, 2013.
- ↑ Killdozer – Twelve Point Buck (пристапено на 10.11.2024)
- ↑ DISCOGS, Magazine – Secondhand Daylight (пристапено на 18 март 2018)
- ↑ Discogs, Minutemen – Double Nickels On The Dime (пристапено на 22.1.2021)
- ↑ Ciccone Youth – The Whitey Album (пристапено на 1.9.2021)
- ↑ Discogs, Jungle Brothers – Done By The Forces Of Nature (пристапено на 30 март 2021)
Надворешни врски
уредиПовеќе за Природа на збратимените проекти на Википедија | |
Дефиниции и преводи на Викиречник ? | |
Податотеки на Ризницата ? | |
Образовни ресурси на Викиуниверзитет ? | |
Новинарски известувања на Викивести ? | |
Мисли на Викицитат ? | |
Изворни текстови на Викиизвор ? | |
Прирачници на Викикниги ? | |
? | Информации за патување во Википатување ? ? |
- The IUCN Red List of Threatened Species (iucnredlist.org)
- The Wild Foundation - The heart of the global wilderness conservation movement (wild.org)*
- Fauna & Flora International is taking decisive action to help save the world’s wild species and spaces (fauna-flora.org)
- European Wildlife is a Pan-European non-profit organization dedicated to nature preservation and environmental protection (eurowildlife.org)
- Nature Journal (nature.com)
- The National Geographic Society (nationalgeographic.com)
- Record of life on Earth (arkive.org) Архивирано на 26 април 2016 г.
- BBC - Science and Nature (bbc.co.uk)
- PBS - Science and Nature (pbs.org)
- Science Daily (sciencedaily.com)
- European Commission – Nature and Biodiversity (ec.europa.eu)
- Natural History Museum (.nhm.ac.uk)
- Geology (geology.com)
- Encyclopedia of Life (eol.org).
- Science.gov – Environment & Environmental Quality Архивирано на 8 август 2002 г..
- NatureWatch – Wiki for documenting biodiversity (german)
Статијата „Природа“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |