Крокодиловидни животни
Период: креда - денес
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Влекачи
Поткласа: Diapsida
Инфракласа: Archosauromorpha
Надред: Crocodylomorpha
Ред: Crocodilia
Owen, 1842
Фамилии
Водна и копнена распространетост на крокодиловидните животни

Крокодиловидни животни (Crocodilia или Crocodylia) е ред на големи влекачи кои се појавиле пред околу 84 милиони години за време на доцниот период креда. Тие се најблиските роднини со птиците, и овие две групи се единствените преживени од Archosauria [1]. Најмалата група крокодиловидни животни, кладата Crurotarsi, се појавиле пред околу 220 милиони години за време на периодот Тријас, и развиле голем број на најразлични форми за време на ерата мезозоик. Во крокодиловидни животни спаѓаат фамилиите на алигаторите, крокодилите, гавијалите и кајманите. Терминот крокодили понекогаш неправилно се употребува и за алигатори и кајмани, па дури и за некои праисториски роднини како „океанските крокодили“.

Особености

уреди

Најмалиот вид на крокодиловидно животно е кувијеов џуџест кајман [2], а најголемиот е морскиот крокодил [3].

Крокодиловидните имаат флексибилно полуисправено држење на телото. Тие можат да се движат со таканаречениот „стомачен од“ или пак да ги исправат нозете и да го издигнат телото над земјата, што им овозможува да трчаат многу побрзо[4]. Повеќето од останатите влекачи се движат со расчекорени нозе, и камелеоните се единствени од модерните влекачи кои имаат поисправено држење на телото. Ова полуисправено држење им овозможува на некои видови да галопираат на копно доколку е неопходно[4]. Австралиските видови можат да достигнат брзина и до 16 км/ч галопирајќи низ шумските предели. Предците на крокодиловидните животни, како што бил доста подвижниот копнен грабливец наречен rauisuchians, всушност имале многу поисправено држење што ни укажува дека полуисправеното држење на телото и расчекореноста на нозете од двете страни на телото се еволуциски придобивки после адаптацијата како полуводни грабливци. Движењето на модерните крокодиловидни не е примитивна придобивка, туку резултат на нивниот полуводен начин на живот.

Заби и вилици

уреди

Сите крокодиловидни животни, како и луѓето, имаат заби кои се сместени во коскени џебови, но за разлика од цицачите, овие животни ги менуваат забите за време на животот. Младите крокодили ги менуваат забите за поголеми речиси еднаш месечно. Откако за неколку години ќе достигнат одредена возраст, заменувањето на забите се забавува на 2 години, некогаш и подолго. Пронајдени се и многу стари единки кои биле речиси без заби. Ова е резултат на кршењето на старите заби и прекинатото или забавеното обновување. Како резултат на ова обновување на забите, еден крокодил менува до 3000 заби низ животот. Секој заб во внатрешноста е шуплив, што овозможува новиот заб да расте во стариот. Така, кога стариот заб ќе се скрши, новиот е веќе спремен.

 
Од лево: Глави на Индиски гавијал (Gavialis gangeticus), Американски алигатор (Alligator mississippiensis), и Американски крокодил (Crocodylus acutus).

Крокодиловидните имаат секундарно непце кое го овозможва дишењето кога се нецелосно нурнати, дури и кога устата е полна со вода. Нивните внатрешни ноздри се отвораат во задниот дел на грлото каде специјален дел од нивниот јазик го затвора респираторниот систем кога се целосно нурнати под вода. На овој начин тие можат да седат под вода со отворена уста, без да се удават. Крокодилите и гавијалите имаат изменети плунковни жлезди на нивниот јазик (солни жлезди) кои имаат улога на исфрлање на вишокот солни јони од телото. Алигаторите и кајманите исто така ги имаат овие жлезди, но кај овие животни тие се нефункционални. Ова ни укажува дека во одреден момент, заедничките предци на крокодиловдините животни биле адаптирани за живот во солени води. Ова исто така ја објаснува и широката распространетост низ континентите. Видови како морскиот крокодил (C. porosus) можат да преживеат долго време во морињата.

Крокодиловидните животни често се видени како седат со широко отворена уста. Една од можните функции на ова однесување е да го оладат телото, но бидејќи го прават ова и за време на ноќта, па дури и кога врне, се претпоставува дека има и некаква социјална функција.

Внатрешни органи

уреди
 
Опашка на американски алигатор

Крокодиловидните немаат вомероназален орган (освен во ембрионалниот период) и мочен меур. Како цицачите и птиците, и за разлика од останатите влекачи, овие животни имаат срце со четири комори. Сепак за разлика од цицачите, оксидираната и неоксидираната крв се мешаат поради присуството на отвор на левата аорта. Од десната комора излегуваат две артерии – белодробна артерија која ја носи крвта до белите дробови, и аортата која ја разнесува крвта низ целото тело, односно големиот крвоток. Помеѓу левиот и десниот свиок на аортата постои и отвор наречен Форамен на Паница [5]. Левата аорта оди директно во стомакот и носи крв која е богата со јаглерод диоксид. Се претпоставува дека оваа крв служи како помош при создавањето на стомачната киселина, која помага во дигестијата на коските од пленот [6]. Крвта на крокодиловидните животни има силно антибактериско дејство [7].

Крокодиловидните имаат бели дробови со алвеоли. Поседуваат и уникатен мускул наречен diaphragmaticus кој е закачен за црниот дроб и утробата, а помага при дишењето. Diaphragmaticus не е хомологен на дијафрагмата кај цицачите или прадијафрагмата кај гуштерите. Како и другите амниоти, дишењето е помогнато од меѓуребрените мускули кои го зголемуваат или намалуваат торакалниот волумен. Издишувањето се извршува со контракција на мускулите кои го поместуваат црниот дроб во дирекција кон главата со што го намалуваат абдоминалниот волумен. Вдишувањето се извршува со контракција на дијафрагматикусот кој ги притиска органите кон задниот дел на телото. Кај овие животни издишувањето е речиси пасивно (многу мала контракција на мускулите), за разлика од вдишувањето кое вклучува мускулна контракција [8].

Животните од овој род, се познати и по тоа што голтаат камења – гастролити (стомачни камења), кои помагаат во пост-дигестивните процеси на пленот. Желудникот на крокодиловидните животни е поделен на 2 комори. Првата е доста моќна и мускулна, и е слична на птичјиот желудник. Во оваа комора се наоѓаат гастролитите. Втората желудечна комора ја содржи најкиселата средина споредено со било кој желудник на друго животно. Поради високото ниво на киселост, овде се варат речиси сите делови од изедениот плен вклучувајќи коски, пердуви и рогови.

Полот на крокодиловидните животни е одреден во зависност од температурата на јајцата за време на периодот на инкубација. Ова значи дека полот кај овие животни не е одреден генетски, туку зависи од околината, односно температурата на која се наоѓаат ембрионите во почетокот на нивниот развиток.

Сетилни органи

уреди
 
Око на американски алигатор

Како сите влекачи, крокодиловидните животни имаат релативно мал мозок, но кој е поразвиен од кај останатите влекачи. Меѓу другото, овие животни поседуваат мозочна кора.

Како многу водни или амфибиски четвороножни животни, очите, ушите и ноздрите им се наоѓаат на исто ниво. За време на денот имаат солиден вид и можно е да гледаат во боја. Очите имаат вертикална зеница, слична како кај мачките, која им овозможува одличен ноќен вид. Ирисот им е со сребреникава боја и имаат слој од тапетум зад мрежницата кој ја одбива светлината и овоможува одличен вид за време на слаба свелина, а исто така предизвикува да им светат очите во темница. Имаат и трет проѕирен очен капак – трепкачка ципа, која ги штити очите за време на нуркањето. Сепак, под вода, видот им е намален па затоа останатите сетила се многу поважни кога нуркаат.

Птиците и повеќето влекачи имаат прстен од коски околу очите кој има улога на поддршка на очното јаболко. Крокодиловидните како и цицачите и змиите ги немаат овие коски. Ушното тапанче е сместено зад ушите и е покриено со подвижен залисток од кожа. Овој залисток се затвора, заедно со ноздрите и очите, кога животното се нурнува, и ја спречува водата да навлезе во отворите на главата. Празнината на средното уво има комплекс од коскени канали исполнети со воздух, како и евстахиева труба.

Горната и долната вилица се покриени со сетилни вдлабнатини, кои ги гледаме како мали црни дамки на кожата. Ова претставува верзија на латерална линија, присутна кај рибите и кај бројни водоземци. Овие пигментирани чепчиња содржат снобови од нервни влакна кои ја заблежуваат и најмалата промена на површината на водата, детектираат вибрации и дури и најмалиот притисок врз водата, што им помага на животните да откријат плен, опасност или натрапник дури и во тотален мрак. Овие сетилни органи спаѓаат во групата на Кожни рецептори за притисок. Алигаторите и кајманите ги поседуваат само на вилиците, додека крокодилите имаат слични органи на секоја крлушка на телото. Сè уште е непознато која е точната функција на овие органи кои се наоѓаат на целото тело кај крокодилите. Се претпоставува дека ја имаат истата улога како и оние на вилиците, но и додати функции како хемиски рецептори или дури и рецептори за нивото на сол во водата.

Кожа и скелет

уреди
 

Кожата е покриена со крлушки кои не се препокриваат, составени од белковината кератин (истата белковина од која се составени кожата, роговите, пердувите, косата, канџите и ноктите кај другите четириношци). На главата кожата е соединета до коските на черепот. Постојат и мали плочки од коски наречени остеодерми под крлушките. Остеодермите кај крокодиловидните животни имаат прстени од годишното растење на единката, и броејќи ги овие прстени можеме лесно да им ја одредиме возраста. Остеодермите се среќаваат најмногу на грбот, но и на стомакот кај одредени видови. Редови од крлушки го покриваат телото од главата до опашката, формирајќи заштитен оклоп. Крлушките на грбот кои се богати со крв имаат улога на сончеви плочи.

Разлики помеѓу алигатори и крокодили

уреди
 
 

Иако луѓето често ги мешаат алигаторите и крокодилите сепак овие два вида животни припаѓаат на доста различни таксономски фамилии. Најочигледните разлики се видливи на главата на животното. Алигаторите имаат поширока и пократка глава, и муцка која е повеќе во форма на U отколку V. Горната вилица на алигаторот е поширока од долната, па забите од долната вилица влегуваат во вдлабнатини на горната. Горната и долната вилица кај крокодилите и кајманите е со иста широчина, па забите на долната вилица се на работ или пак надвор од горната вилица кога устата е затворена. Кога устата на крокодилот е затворена, најзабележлив е четвртиот заб од долната вилица. Кај видови што не може лесно да се разликуваат, забот кој излегува од вилицата е најверодостојна одлика за дефинирање на видот.

Алигаторите претпочитаат слатки води, додека крокодилите подобро издржуваат во солени води благодарение на жлездите со кои ја филтрираат солта од организмот. Сепак и двете фамилии преживуваат и во двете средини. И двата вида на алигатори имаат потемна боја на кожата од крокодилите – најчесто речиси црна (но бојата многу зависи од квалитетот на водата). Водите во кои има големо количество алги даваат позеленикава боја на кожата, додека танините од дрвјата даваат потемна боја. Кога во зоолошките градини чуварите ги чистат базените, можат да се движат зад алигаторите без да испровоцираат каква било реакција. За разлика од нив, крокодилите речиси секогаш реагираат агресивно.

Еволуција и класификација

уреди

За време на еволуцијата, овие животни се специјализирале на живот во водна средина, некогаш достигнувајќи и огромни големини (како примитивниот вид Sarcosuchus). Череп долг два метри кој припаѓал на Deinosuchus е откриен во Тексас. Се претпоставува дека овој вид е најстариот предок на Crocodylidae. Овој род се претпоставувал дека се појавил пред 84 милиони години. Морфологијата на фосилот е многу сличен на сите модерни крокодили.

Класификација

уреди
 
Споредба на големините на најголемите регистрирани примероци (просечната големина во повеќето случаи и многу помала) на неколку видови крокодиловидни животни и некои праисториски видови и човекот.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Крокодиловидни“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).
  1. „ADW: Crocodilia: Information“. Архивирано од изворникот на 2007-12-11. Посетено на 2009-01-22.
  2. <http://www.flmnh.ufl.edu/cnhc/csp_ppal.htm>
  3. <http://www.flmnh.ufl.edu/cnhc/csp_cpor.htm>
  4. 4,0 4,1 Britton, Adam. „Crocodilian Biology Database-Locomotion“. Посетено на 2007-04-20.
  5. Axelsson, Michael; Craig E. Franklin (1997). „From anatomy to angioscopy: 164 years of crocodilian cardiovascular research, recent advances, and speculations“. Comparative Biochemistry and Physiology A. 188 (1): 51–62.
  6. Farmer, C., Uriona, T.J., Olsen, D.B., Steenblick, M. and Sanders, K. (2008). „The right-to-left shunt of crocodilians serves digestion“. Physiological and Biochemical Zoology. 81 (2): 125–137. doi:10.1086/524150.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  7. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-04-15. Посетено на 2009-01-22.
  8. Farmer, Colleen G.; David R. Carrier (2000). „Pelvic aspiration in the american alligator (Alligator mississippiensis)“. The Journal of Experimental Biology. 203: 1679–1687.