Википедија:Избрана статија/2022/36
Ацтечки јазик — американски староседелски јазик, дел од подгрупата на навански јазици од јазичното семејство на јутоацтечки јазици. Јазикот го зборуваат околу 1,5 милиони Ацтеки, од кои повеќето живеат во Мексико и дел од нив во Ел Салвадор. Ацтеките во Ел Салвадор се познати како Пипилци. Наватслкиот е сложен јазик во поглед на морфологијата и карактеристично за него е полисинтетичноста и аглутинацијата. Поради тоа, јазикот оперира со голем број сложени зборови со сложени значења изведени со помош на афикси.
Наватлскиот се зборувал во Централно Мексико најрано од VII век. Тој е мајчин јазик на Ацтеките, народ кој доминирал во денешно централно Мексико за време на доцниот посткласичен период на мезоамериканската историја. За време на вековите пред шпанската колонизација на Мексико, Ацтечката империја територијално се проширила и ја зазела скоро целата територија на денешно Мексико и нејзиното влијание довело до издигнување на наватлскиот дијалект од Теночтитлан на ниво на престижен јазик во Мезоамерика. Со шпанското навлегување во регионот, латиницата била воведена во регионот и наватлскиот станал пишан, литературен јазик. Така, за време на XVI и XVII век, голем број на хроники, граматики, поезија, административни документи и кодекси биле напишани на ацтечки. Овој ран стандарден јазик заснован на дијалектот од Теночтитлан е означен како класичен навтлски јазик и е еден од најпроучуваните и најдокументираните јазици во Америка. (Дознајте повеќе...)