Синтакса на македонскиот јазик


Синтаксата на македонскиот јазик е дел од граматиката која ги проучува способностите на зборовите да се поврзуваат меѓу себе. Синтаксата пред сè се осврнува кон зборовните целости кои се добиваат преку спојување на зборовите. Така и самиот поим синтакса е од древно потекло и значи „составување“, „средување“ или „редење“ на зборовите.[1] Синтаксата тргнува од самите зборови преку кои се создаваат повисоките синтаксички единици. Основна единица во синтаксата е реченицата.

Основни елементи

уреди

Основна единица на синтаксата, како што веќе напоменавме, е реченицата. Врз реченицата е осврнато вниманието на синтаксата. Понатака реченицата може да е подели на две големи групи, односно проста и сложена реченица. Простите и сложените реченици во македонскиот јазик се составени од именски групи или наречени синтагми, но и од останати елементи како глаголи или прилози. Сите овие наведени елементи функционираат во најсложената јазична форма наречена врзан текст.[1]

Сликовите да се презентира составувањето на врзаниот текст, а почнувајќи од најмалите единици е следниот пример:

бран → голем бран → На крајбрежјето на Охридското Езеро се забележуваат големи бранови. → Гледајќи и фотографирајќи од Самоиловата тврдина, забележав дека големи бранови се приближуваа кон охридското крајбрежје. → Едно утро решив да се искачам на Самоиловата тврдина и да сликам фотографии по не знам кој пат. Иако одењето по старите и делумно стрми улици е тешко јас успеав и се искачив. Гледајќи и фотографирајќи од Самоиловата тврдина забележав дека големи бранови се приближуваа кон охридското крајбрежје.

Така, од примерот може површно да се види со што и како се занимава синтаксата. Значи самата синтакса почнува со зборовите, иако со нив повеќе се занимава морфологијата (бран), потоа со комбинирање на повеќе зборови се добиваат зборовните групи (голем бран). Со комбинирање на повеќе зборовни групи се добиваат прости реченици (На крајбрежјето на Охридското ...) кои пак доведуваат до создавање на сложени реченици (Гледајќи и фотографирајќи од ...). Како крајна цел е создавање на врзан текст со кој се искажуваат поголеми и посложени дејства или настани (Едно утро ...).

Значи, опширно основните синтаксички единици се[1]:

Реченицата, било да е проста или проширена, е синтаксичка единица што содржи глагол со лична форма, како и останати елементи од кои најчести се именските делови.
Именската група или синтагмата се среќава во рамките на сите членови на реченицата, освен во прирокот. Основен белег е тоа што мора да има именка во самата структура по која и го носи името оваа синтаксичка категорија.
Сложената реченица е еден вид резултат на поврзување на најмалку две одделни реченици, што како резултат на тоа мора да содржи најмалку две самостојни личноглаголски форми.
Врзаниот текст е надреченична целина кој содржи повеќе реченици и ги опфаќа сите претходно наведени елементи.
 
Шематски приказ на структурата на прирокот во македонскиот јазик.
 
Шематски приказ на структурата на реченицата во македонскиот јазик.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова (уред.). Општа граматика на македонскиот јазик. Скопје: АД Просветно Дело. стр. 253–257. ISBN 978-9989-0-0662-7 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)

Поврзано

уреди