Солите се соединенија изградени од метален или некој друг вид на катјон и анјон на некоја киселина. Имињата на солите се образуваат така што најпрво се наведува името на металот (односно катјонот) што ја гради солта заедно со неговиот оксидационен број (напишан во мала заграда со римски броеви), а потоа името на анјонот на киселината според правилата за номенклатура кај киселините.

Кристал на сол

Солите може да се добијат при хемиска реакција на:

  • Сол и киселина: 2NaCl + H2SO4 → Na2SO4 + 2HCl
  • Сол и база: FeCl3 + 3NaOH → Fe(OH)3 + 3NaCl
  • Метал и киселина: Cu + 4HNO3 → Cu(NO3)2 + 2NO2 + 2H2O
  • База и киселина: Ba(OH)2 + H2SO4 → BaSO4 + H2O
  • Сол и сол: CoCl2 + Na2S → CoS + 2NaCl.

Видови соли

уреди

Неутрални соли

уреди

Неутралните (нормалните) соли се оние кај кои сите водородни атоми во киселината се заменети со некој катјон. Вакви се на пример:

Na2SO3 - натриум сулфит
Cr(ClO)3 - Хром(III)хипохлорит
KClO4 - Калиум перхлорат.

Водородни соли

уреди

Кај овие соли, еден или повеќе атоми на водород од киселината не се заменети со некој катјон. Според тоа, анјоните на ваквите соли содржат еден или повеќе водородни атоми. Овие соли се изведуваат од најмалку двобазни киселини.

Ако во анјонот на киселината има само еден водороден атом, името се образува со додавање на претставката хидро-. Кога има повеќе, пред оваа претставка се додава уште еден кој го покажува бројот на водородни атоми. На пример:

Fe2(HPO4) - Железо(III)водородфосфат
KHSO4 - Калиум водородсулфат
(NH4)H2PO4 - Амониум диводородфосфат

Хидроксидни соли

уреди

Тоа се такви соли кои во својот состав содржат една или повеќе хидроксидни групи, па затоа во нивните имиња се содржи зборот хидроксид. Во овие соли постојат два различни анјони - хидроксиден и анјон на киселинскиот остаток, па затоа секој од нив се пишува одделно. Ако има повеќе од една OH-група, кон зборот хидроксид се додаваат претставки кои го означуваат бројот на овие групи. На пример:

Bi(OH)Cl2 - Бизмут(III)хидроксид хлорид
Bi(OH)2Cl - Бизмут(III)дихидроксид хлорид.

Оксид соли

уреди

Во составот на оксид солите има оксиден јон (O2-). Се именуваат така што се наведува бројот на оксидни јони (на грчки јазик) и се додава зборот оксид. На пример:

VO2NO3 - Ванадиум(V) диоксид нитрат
UO2SO4 - Ураниум(VI) диоксид сулфат
BiOCl - Бизмут(III) оксид хлорид.

Двојни соли

уреди

Двојните (или мешани) соли се соли што содржат повеќе различни катјони или анјони на киселини. Притоа, катјоните и анјоните се именуваат по азбучен ред, а во формулите се запишуваат по абецеден ред. Такви се:

Ca(ClO)Cl - Калциум хипохлорит хлорид
KNaSO4 - Калиум натриум сулфат
MgNH4PO4 - Амониум магнезиум фосфат.

Кристалохидрати

уреди

Тоа се такви соли кои во формулната единка содржат една или повеќе молекули на вода. Нивните имиња го содржат зборот хидрат. Бројот на молекули вода се означува со соодветнa претставка кон зборот хидрат. На пример:

Na2CO3 10H2O - Натриум карбонат декахидрат
MnPO4 H2O - Манган(III)фосфат монохидрат
FeSO4 7H2O - Железо(II)сулфат хептахидрат.

Номенклатура на солите

уреди

Називите на солите се образуваат со наведување на името на катјонот кон кого се додава називот на анјонот (на пример, натриум хлорид, железо(II) сулфат итн.). Во случајот на двојни соли кои содржат два катјона, најпрвин се пишуваат имињата на катјоните, наведени по азбучен ред, а потоа се додава името на анјонот (на пример, калиум натриум сулфат). Слично се постапува и кога двојната сол содржи два анјона (на пример, калциум хипохлорит хлорид). Во формулите, симболите на јоните се пишуваат според абецеден редослед. Кога се работи за хидроген соли, повторно најпрвин се пишува името на катјонот, а потоа на анјонот. Споре дпрепораката на Меѓународната унија з ачист аи применета хемија (IUPAC) зборот хидроген се пишува слеано со називот на анјонот. По потреба се додаваат и префикси кои го означуваат бројот на катјоните или анјоните (на пример, натриум хидрогенкарбонат, калиум дихидрогенфосфат итн.). Наспроти тоа, хидроксид солите се третираат како двојни соли во кои постои хидроксид анјон, а слично се постапува и со солите кои содржат оксид анјони (на пример, дибакар карбонат дихидроксид, диманган трихидроксид хлорид). Во овие случаи, зборот хидроксид доаѓа по зборот карбонат и пред зборот хлорид, а бројните префикси не се сметаат при определувањето на редоследот. Меѓутоа, при пишувањето на хемиските формули на солите, јоните се наведуваат по абецеден редослед кој не мора да се поклопи со редоследот на имињата на анјоните во називот на солта. Во називите на солите што се кристалохидрати, содржината на водата се изразува со зборот -хидрат, а пре днего стои префиксот кој го изразува бројот на молекули вода во формулната единица на супстанцата (а не во самата супстанца). Таков е случајот со соединението бакар(II) сулфат пентахидрат. Меѓутоа, препораките на Меѓународната унија за чиста и применета хемија содржат и поинакви начини на именување на кристалохидратите.[1]

Наводи

уреди
  1. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. XV-XVI.