Македонија (регион)

географска и историска област
За други значења видете Македонија (појаснување).
За истоимената држава, видете Македонија.

Македонија — регион во Југоисточна Европа, или поточно на Балканскиот Полуостров. Регионот има вкупна површина од 67.741,2 км2.

Политичка карта на регионот Македонија

Местоположба

уреди
 
Различни местоположби на Македонија во текот на времето.
 
Географска дефиниција на „Македонија“ според различни карти меѓу 1843 и 1927 година.

Местоположбата на регионот Македонија била променувана неколкупати во текот на историјата. Пред неговото проширување под Филип II, Античка Македонија, на која современиот регион ѝ го должи своето име, бил сместен, речиси целосно во рамките на централните и западните делови на тековната грчка провинција Македонија. Во вториот век, во Македонија биле опфатени приближно и другите области каде што се смета регионот денеска. Само северните делови од денешната Република Македонија не биле идентификувани како македонски земји. Сепак, во текот на следните единаесет века местоположбата на Македонија била значително изменета. Римската провинција Македонија била составена од денешна Северна и Централна Грција, голем дел од денешна Република Македонија и југоисточна Албанија. Едноставно кажано, Римјаните создале многу поголема административна област под тоа име од оригиналот на античките Македонци. Во доцното римско време, границите на провинциите биле реорганизирани за да ја формираат диецеза Македонија, која се состоела од денешна Грција, островот Крит, јужна Албанија, и делови од денешна Бугарија и Република Македонија. Во Византија, провинција под името Македонија била оформена во оригиналната провинција Тракија со столица Одрин. Со постепеното освојување на југоисточна Европа од страна на Османлиите во доцниот XIV век, името на Македонија исчезнало како административен ознака за неколку векови и ретко било прикажувано на карти. Сепак, под влијание на ренесансата и враќањето на античките вредности почнале пак да се појавуваат заборавените антички имиња. Местоположбата на регионот била нејасна и во XV век, Бертрандон де ла Брокиер како нејзин главен град го наведува Пловдив. Патописецот Хенри Блаунт во XVII век запишал дека Софија се наоѓа во Македонија, близу до границата со Тесалија. Името Македонија повторно било обновено да значи географски регион по Француската револуција. Кон крајот на XIX век, регионот се развил приближно во истите граници кои ги има и денес.

Географија

уреди
 
Топографска карта на регионот Македонија во денешни граници

Македонија го зафаќа средишниот дел на Балканскиот Полуостров, односно просторот што на север е ограден со планините Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак, Осогово и Рила, на југ со реката Бистрица и брегот на Егејското Море до утоката на реката Места, на запад со билата на планините Кораб, Јабланица, Грамошта и Пинд, додека пак на исток е оградена со западните падини на планините Родопи. Територијата исто така се совпаѓа со басенот што се простира од (од запад кон исток) реките Бистрица, Вардар и Струма (од кои Вардар наводнува далеку најголема површина) и рамнините околу Солун и Сер.

Македонија има карактеристичен релјеф кој во најголем дел е составен од планини кои припаѓаат на старите грамадни планини на родопската група и младите верижни планини на шарската група. На територијата на Македонија се застапени и голем број на котлини особено во средишниот и западниот дел, а има повеќе природни езера како Охридско Езеро, Преспанско Езеро, Дојранско Езеро, Островско Езеро, Петерско Езеро, Костурско Езеро, Лагадинско Езеро, Бешичко Езеро и др.

 
Карта на етнографска и географска Македонија, изработена од Димитрија Чуповски во 1913 година.[1]

Политичко-административна поделба

уреди

Македонија е поделена меѓу Република Македонија, со нешто повеќе од 37% од вкупната површина; Егејска Македонија или јужниот дел во составот на Република Грција, со речиси половина од површината и населението, и Пиринска Македонија (источниот дел) денес во состав на Република Бугарија. Помали делови од Македонија се наоѓаат во составот на Албанија (областа Мала Преспа и Голо Брдо), во Косово (областа Гора), во Република Србија (во околината на манастирот Прохор Пчински).

Потекло на името Македонија

уреди

Постојат најразлични толкувања за потеклото на името „Македонија“. Античките Македонци се нарекувале себеси Македонци по името на родоначалникот Македон кој ги обединил прамакедонските племиња и народи во еден народ.

Античките Македонци биле етнички супстрат од негрчките и индоевропски народи, чиј етнички состав го сочинувале некои среднобалкански народи и племиња, меѓу кои се вбројуваат: Бригите (Фригите), Енетите (Венетите), Пајонците, Пелагонците и други. Дел од Бригите потиснати со дорските миграции по Тројанската војна се отселува во Мала Азија. Јазичарите забележуваат дека во јазикот на овие Бриги, во Мала Азија познати и како Фриги (област Фригија), постои голема сродност со главнината на само стотината познати старомакедонски голоси (скромни останки од протогениот македонски јазик). Ова мислење го застапува и проф. Наде Проева и дава аргументи за тврдењето дека Македонците немаат дорско потекло, како што тврди на неколку места во својата историја, античкиот писател Херодот.

Како што вели Џ. Р. Елис, така и грчкиот професор и археолог Фотис Пецас тврди дека Македонците уште пред да дојдат на просторот на Македонија, го имале своето име Македонци и тие на оваа територија која дотогаш имала друго име и го дале своето народно име. Конкретно проф. Пецас пишува: „Македонија го зеде името од Македонците. До 700 п.н.е. Македонците биле ограничени западно од планината Каракамен (Вермион) или јужно од Халиакамби. Големото море меѓу планините беше уште непознато за Македонците. Некаде околу 700 п.н.е. ги запоседнаа источните падини на Вермион, како што учиме по Херодот. Ова големо поле меѓу Бистрица (Халиакум) уште не беше и не се викаше Македонија. Македонците се проширија до Вардар (Аксиос) малку подоцна како што учиме од Тукидид. Филип ја донесе Македонија до реката Места (Нестос) во 348 п.н.е.“. „Она што нѐ интересира денес“ – продолжува проф. Пецас е „дека Македонците ѝ го дадоа своето име на Македонија и ја проширија од планината Пинд и Олимп до места на исток и до Црна Река (Еригон) на север. Така, Македонците го дадоа името на својата земја. Името Македонци беше најпрвин народно, а потоа стана историографски поим Македонија”.

Историја

уреди
 
Делови на етничка Македонија со денешните граници
 
Ѕвездата од Кутлеш, на црвена подлога, употребувана во Македонија, национално знаме на Македонците
 
Историскиот грб на Македонија со македонскиот симбол - лавот

Најстариот пронајден скелет на човек на територијата на Македонија е пронајден во наоѓалиштето Црвени Стени кај Камени Гумна (Петралона), и се смета дека човечкиот скелет е стар 160.000 години. На територијата на Македонија жители се забележуваат уште од старото камено време (Палеолитот) односно на повеќе места се пронајдени пештерски живеалишта што сведочат дека во Македонија живееле луѓе уште 2.000 години пред нашата ера. Голем подем областа Македонија добива во времето на античкото македонско царство кое е создадено од страна на првиот македонски цар, Каран во 808 п.н.е. (според некои извори 825 п.н.е.), а најголем подем доживеало во периодот на владеењето на Александар III Македонски и неговиот татко Филип II Македонски. Античкото македонско царство претставува прва државна организација создадена на територијата на Македонија. Појавата на христијанството, Македонија ја дочекува под римска власт. Од овој период е значајно што Македонија е една од првите земји во Европа која го примила христијанството преку првата покрстена Македонка, Лидија. Христијанството во Македонија го ширел апостолот Павле, кој според Библијата на сон бил повикан во Македонија од еден човек Македонец, каде што светиот апостол Павле ги формирал и првите христијански општини на европскиот континент. По поделбата на Римското Царство, Македонија подолг период ќе биде под власта на Византија. Големи етнички промени во Македонија ќе настанат со доселувањето на Словените во текот на V и VI век, чии главни одлики се главно обележје на Македонија до денес. Кон крајот на IX век солунските браќа Кирил и Методиј во Македонија ќе ја состават првата словенска азбука - глаголица на основа на говорот во Солунско, со цел да се овозможи богослужба на словенски јазик во црковните храмови посетувани од Словените. Глаголската традиција ќе биде негувана од страна на нивните ученици Климент Охридски и Наум Охридски во словенскиот „универзитет“ од Охрид. По смртта на Климент Охридски глаголицата ќе биде потисната од кирилицата - поедноставно писмо создадено врз основа на грчкиот алфабет. Кон крајот на X век на територијата на Македонија царот Самуил ќе го устоличи своето големо словенско царство кое ќе опфаќа големи делови од Балканот, а наскоро по Беласичката битка во 1014 година, ќе биде уништено од Византија. Во текот на средниот век Македонија неколкупати ќе влезе во составот на средновековните српски и бугарски царства. Во 1392 година Македонија е заземена од Турците Османлии и станува дел од Отоманското Царство во која ќе остане сè до 1912 година. Периодот под турската власт, ќе биде во постојана борба на македонскиот народ за национална и социјална слобода. Во периодот на османското владеење во Македонија ќе се случат следните буни и востанија: Мариовско-прилепска буна (1564/65), Карпошево востание (1689), Негушко востание (1828), Разловечко востание (1876), Халкидичко востание (1854), Македонско (Кресненско) востание (1878) и најголемото македонско востание Илинденското востание подигнато во 1903 година. По двете Балкански војни, на Букурешкиот мировен договор во 1913 година Македонија ќе биде поделена на три поголеми делови кои ќе бидат доделени на Србија, Бугарија и Грција. По Втората светска војна со првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински ќе биде прогласена НР Македонија (подоцна СР Македонија) како национална држава на македонскиот народ на територијата на Вардарска Македонија (делот под окупација на Србија) како република на СФРЈ. Конечно на 8 септември 1991 година се прогласува самостојна, независна, суверена Република Македонија на територијата на Вардарска Македонија преку отцепување од СФРЈ.

Демографија

уреди

Помеѓу 1892 до 1894 списанието Лоза направи истражување врз жителите во Македонскиот регион и потврдиле дека во тој период вкупно жителите во Македонскиот регион е околу 2.2 милиони и дека околу 1.5 милион од тие жители се Македонци[б 1] со 300.000 Турци, 122.000 Грци, 91.000 Албанци, 79.000 Власи и 36.000 Евреи и остатокот биле комбинаци на Роми и други помали етнички групи[2]

Според етничко истражување во Македонскиот регион во 1905 од француската влада тие тврдат дека околу 51% од жителите во Македонија се Македонци[б 1] и 36% Турци со 8% Грци, 2.8% Власи и 0.5% Албанци[3]

Демографијата на регионот се менувала низ вековите во зависност од миграциите и преселувањето на населението, како и во зависност на промените во етничката идентификација. Денешното население се состои од околу 4,9 милиони жители, од кои 26,56% се етнички Македонци. Сепак точниот број на Македонците во Грција не е познат поради несоодветните пописи. Според последниот попис од 2011 година во Бугарија, 814 лица во Пиринско се декларирале како Македонци (0,3%).

 
Етничка карта на Регионот Македонија во 2011 г.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Проф.д-р Билјана Ристовска-Јосифовска, Академик Блаже Ристовски (2014). Македонски албум. Скопје: МАНУ. стр. 287. ISBN 978-608-203-109-5. Недостасува |author1= (help)
  2. Списание Лоза помеѓу 1892 и 1894. страна 274
  3. The Bridgeport evening farmer. [volume], October 11, 1915, Page 9, Image 9

Белешки

уреди
  1. 1,0 1,1 Во Османлиското Царство не постоел редовен ситем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Османските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н нуфуз дефтери во кој биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманското Царство кој биле под духовна јуриздкција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат Македонците-патријаршисти кој биле нарекувани и како Грци. Христијанското население кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, тука спаѓаат Македонците-егзархисти кои биле нарекувани Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графa како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци

Надворешни врски

уреди

Извори

уреди