Стандарден британски изговор

Стандарден британски изговор (анг. Received Pronunciation или RP, буквално: „(општо)прифатен изговор“) — начин на изговарање на англискиот јазик (поточно британскиот англиски) кој уште одамна се смета за единствениот угледен британски акцент меѓу учените и култивираните луѓе. Само 2% од Британците зборуваат со чисто стандарден акцент.[1]

Поимот „стандарден британски изговор“, иако точно преведен на македонски од англискиот Received Pronunciation, сепак не значи дека тој е денес најраспространиетиот и навистина „најстандардниот“ изговор. На англикски пак, поимот Received Pronunciation за првпат се среќава во делото „Кратка историја на англискиот јазик“ (1914) од Х. С. Вајлд во „Преглед на англиската фонетика“ од Даниел Џонс, иако Џонс спомнал дека го употребил тој поим „немајќи подобар“.[2] Според книгата Fowler's Modern English Usage (1965), поимот е „the Received Pronunciation“. Зборот received тука значи (општо)прифатен или одобрен–.[3]

Стандардниот британски изговор се нарекува и „англискиот на Кралицата/Кралот“ (Queen's/King's English) бидејќи е нагласокот на кој зборува монархот; меѓутоа овој поим поточно се употребува за пишаниот стандарден британски. Понекогаш се нарекува и „англискиот на Би-би-си“ (BBC English), бидејќи истиот по традиција се користи во Би-би-си, иако во денешно време ова е погрешна претстава. Кралицата Елизабета II користи еден специфичен облик на англискиот јазик, додека за водителите и персоналот на Би-би-си овој акцент не е повеќе задолжителен. Постојат и зборови со повеќе од еден начин на изговор во рамките на самиот стандарден изговор, како што се again („повторно“, „пак“), either („или“) и moor („усидрува“, „Мавар“, „вресиште“).[4]

Понекогаш стандардниот изговор се нарекува оксфордски англиски (Oxford English),[5] не бидејќи ова е традиционалниот говор во Оксфорд, туку конкретно во Оксфордскиот универзитет; во рамките на лексикологијата Оксфорд има најголем углед и авторитет. Проширените изданија на оксфордските речници содржат упатство за стандардниот британски изговор на секој збор.

Стандардниот британски изговор е акцент (вид на изговор), а не дијалект (вид на речник и граматика). Тој кажува многу за општествената и образовна средина на говорникот. Луѓето кои зборуваат со стандарден акцент обично зборуваат стандарден англиски, но не мора да значи и обратно (т.е. стандардниот јазик може да се зборува со локален акцент, но се чини неверојатно дека некој би го користел за да зборува шкотски англиски или џорди).

Во последните децении многу луѓе го потврдуваат значењето и вредноста на регионалните и класните акценти. Многу од младите од семејства каде се зборува со стандарден акцент самите зборуваат поинаку. Денес на Би-би-си се слушаат многу локални акценти.

Се смета дека стандардниот британски изговор е најсроден на, и затоа произлегува од, југоисточна Средна Англија: Нортхемптоншир, Бедфордшир и Хантингдоншир.[6][7] Со преселбата во Лондон во XIV и XV век, најголемиот дел доселениците биле оние кои живееле непосредно северно од Лондон, а не јужно. Говорот во споменатите грофовии се разликува, како од грофовија до грофовија, така и во рамките на самите тие. Но сепак во Лондон се создала конгломерација, која исто така помешала некои елементи од говорот во Есекс и Мидлсекс. Веќе кон крајот на XV век, во тогашен Лондон се зацврстил „стандардниот англиски“.[8]

Употреба

уреди
Пример за стандарден британски изговор (од басната The North Wind and the Sun („Северецот и Сонцето“)
 
Транскрипции на снимката The North Wind and the Sun („Северецот и Сонцето“)

Истражувачите разликуваат помеѓу три различни облици на стандарден изговор: конзервативен, општ, и напреден. Конзрвативниот стандарден изговор се однесува на традиционалниот нагласок со кој се служат постарите говорници од извесни општествени слоеви; општиот стандарден изговор е оној кој се смета за неутрален во поглед на возраста, занимањето или животниот стил на говорникот; напредниот стандарден изговор пак, се однесува на говорот на помладата генерација на британски говорници.[9]

Современиот стил на стандардниот изговор е вообичаениот нагласок со кој туѓинците учат британски англиски. Британците во странство кои не говорат стандардно понекогаш го прилагодуваат својот изговор донекаде поблиску на стандардниот за да бидат подобро разбрани од луѓето кои во училиште учеле англиски со стандарден изговор. Од истата причина тие може да го прилагодат и својот речник и граматика за да бидат поблиску до стандарниот англиски. Стандардниот изговор се користи како стандард во сите книги по општа фонологија и фонетика и како таков стои во изговорите на зборовите кај речиси сите речници.

Статус

уреди

Традиционално, стандардниот изговор бил создаден акцент објавен како „секојдневниот говор на јужните англичани чии машки членови на семејството биле образувани во прочуените приватни училишта од тоа време“[10] и што не кажува ништо за регионот каде говорникот живеел пред да посетува училиште. Меѓутоа овој облик на стандарден изговор е конструкција од периодот на неговото оформување за време на XIX век, а изговорот тука е се заснова на дворскиот англиски, кој има за цел да ја воздигне образуваната средна класа.

Образованите луѓе треба да зборуваат така што никој нема да може да познае во која грофовија израснале.
A. Burrell, Recitation. A Handbook for Teachers in Public Elementary School, 1891.

Во XIX век сѐ уште имало премиери кои зборувале со дијалект, како да речеме Вилијам Гладстон. Дури на крајот на XIX век, користењето на стандардниот британски изговор почнало да се смета за одлика на образованиот човек. Како резултат на ова, во време кога само 5% од населението посетувало факултет, се изродиле елитистички ставови за изговорот и оние што не зборувале така почнале да се сметаат за понеобразувани. Најпрестижните образовни установи (Оксфорд, Кембриџ, многу приватни училишта) се наоѓале во Англија, така што оние кои таму се образувале го попримале акцентот на нивните врсници. (Отсекогаш постоеле исклучоци: на пример, Лидскиот универзитет користел стандарден изговор; Морнингсајд, Единбург, Броти Фери, Данди и Келвинсајд во Глазгов и шкотски отмени варијанти настандардниот британски изговор со иста идеја).

Од 1970-тите, па наваму ставовите кон стандардниот британски изговор полека се менувале. Еден од поголемите фактори бил премиерот Харолд Вилсон. Необично за еден премиер, тој зборувал со елементи од јоркширскиот акцент. Уште поран пример за јавна употреба на нестандарден изговор е вработувањето на водители со изразени регионални акценти за време на и по Втората светска војна од страна на Би-Би-Си, (за да се разликуваат од германската пропаганда).

Фонологија

уреди

Согласки

уреди

Кога согласките се во парови, силните „фортисни“ согласки (т.е. приздивните или безвучните) стојат лево, а слабите „ленисни“ согласки (т.е. малку озвучените или звучните) стојат десно

Согласни фонеми на стандардниот британски изговор[11]
  Двоуснени Уснено-
забни
Забни Венечни Задно-
венечни
Предно-
непчени
Задно-
непчени
Гласилни
Носни1 m n ŋ
Избувни p  b t  d k  g
Слеани tʃ  dʒ
Струјни f  v θ  ð2 s  z ʃ  ʒ h3   
Приближни ɹ1, 4 j w
Странични l1, 5
  1. Носните и течните согласки може да играат слоговна улога кај ненагласените слогови.
  2. /ð/ почесто е слаба забна избувна согласка; низата /nð/ често се реализира како [n̪n̪].
  3. /h/ станува [ɦ] помеѓу звучни гласови.
  4. /ɹ/ е задновенечно освен кога обезвучувањето резултира со безвучна струјна творба (вид. подолу).
  5. /l/ се веларизира во слоговниот завршеток.

Освен кога стојат по /s/, фортисните избувни согласки (/p/, /t/ и /k/) се изговараат со приздив пред нагласени самогласки; кога следи гласничко /l/, /ɹ/, /w/ или /j/, оваа спирација се означува со делумно обезвучување на гласникот.[12]

Кога /p/, /t/, /tʃ/ и /k/ се на крајот на слогот, ним им претходи гласилна избувна согласка (вид. гласилно зајакнување); /t/ и тие можат наполно да се заменат со гласилна избувна согласка, особено пред слоговна носовка (button [bɐʔn̩]).[12][13]

Самогласки

уреди
 
Монофтонзи на стандардниот британски изговор. Roach (2004:242)
 
Дифтонзи на стандардниот британски изговор. Roach (2004:242)
Монофтонзи
Предни Средни Задни
long short long short long short
Затворени ɪ ʊ
Средни e* ɜː ə ɔː
Отворени æ ʌ ɑː ɒ

^* Иако највеќето речници користат /e/, вистинската реализација е [ɛ~e̞].

Примери за кратки самогласки: /ɪ/ во kit и mirror, /ʊ/ во put, /e/ во dress и merry, /ʌ/ во strut и curry, /æ/ во trap и marry, /ɒ/ во lot и orange, /ə/ во ago и sofa.

Примери за долги самогласки: /iː/ во fleece, /uː/ во goose, /ɜː/ во nurse, /ɔː/ во north и thought, /ɑː/ во father и start.

Долгите смаогласки во стандардниот британски изговор се помалку дифтонгизирани. Ова особено важи за високите /iː/ и /uː/ кои често потесно се транскрибираат во фонетската литература како дифтонзи [ɪi] и [ʊu].

„Долгите“ и „кратките“ се во заемен однос. Заради фонолошкиот процес која ја менува должината на самогласките, кратките самогласки во еден контекст можат да бидат подолжи од долгите самогласки во некој друг контекст.[14] На пример, долгата самогласка која стои по фортисен согласен звук (/p/, /k/, /s/, итн.) е пократка; така reed се изговара како [ɹiːd̥] додека heat е [hiʔt].

Така и обратно, кратката смаогласка /æ/ станува подолга ако стои пред лентисна согласка. Така, bat се изговара како [b̥æʔt], а bad како [b̥æːd̥]. Во природниот говор, плозивите /t/ и /d/ може да останат нереализирани (испуштени) на крајот од зборот, па така овие зборови можат да се разликуваат само по солжината на самогласките.[13]

Покрај ваквата разлика по должина, ненагласените самогласки се и пократки и поцентрализирани од нагласените. Кај ненагласените слогови пред самогласки и во финална позиција, контрастните разлики помеѓу долгите и кратките високи самогласки се неутрализираат и така, се јавуваат кратки [i] и [u].[12]

Дифтонг Пример
Затворачки
/eɪ/ /beɪ/ bay
/aɪ/ /baɪ/ buy
/ɔɪ/ /bɔɪ/ boy
/əʊ/ /bəʊ/ beau
/aʊ/ /baʊ/ bough
Централизирачки
/ɪə/ /bɪə/ beer
/eə/ /beə/ bear
/ʊə/ /bʊə/ boor

Пред Втората светска војна, /ɔə/ се јавувало во зборови како door но ова во голема мера има исчезнато, со што се споило со /ɔː/; постојат ред зборови каде /ʊə/ се има споено со /ɔː/,[15] иако оксфордскиот речник сѐ уште вели дека poor се изговара со првоспоменатиот дифтонг. Кај затворачките дифтонзи, лизгањето е често толку мало, што е незабележливо, така што day и dare можат потесно да се транскрибираат како [d̥e̞ː] и [d̥ɛː].[12]

Стандардниот британски изговор има и трифтонзи /aɪə/ како во ire и /aʊə/ како во hour. Реализациите претставени во следнава таблица не се фонемски засебни, иако разликата помеѓу /aʊə/, /aɪə/ и /ɑː/ може да се неутрализира и така што станат [ɑː] или [äː].

Трифтонзи[13]
Како три слога Трифтонг Без средниот елемент Понатаму упростен во
[aɪ.ə] [aɪə] [aːə] [aː]
[ɑʊ.ə] [ɑʊə] [ɑːə] [ɑː]

Не сите референтни извори користат ист систем на транскрипција. Особено:

  • /æ/ како во trap честопати се пишува со /a/.
  • /e/ како во dress понекаде се пишува со /ɛ/.[16]
  • /ɜː/ како во nurse понекаде се пишува со /əː/.
  • /aɪ/ како во price понекаде се пишува со /ʌɪ/.
  • /aʊ/ како во mouse понекаде се пишува со /ɑʊ/
  • /eə/ како во square понекаде се пишува со /ɛə/, а понекаде се третира како долг монофтонг /ɛː/.

Повеќето од овие варијанти се користат во транскрипцијата осмислена Клајв Аптон во „Пократок оксфордски речник на англискиот јазикShorter Oxford English Dictionary (1993) и истат сега се користи во многу други речници од Издателството на Оксфордскиот универзитет (Oxford University Press).

Споредба со други видови

уреди
  • Стандардниот британски е акцент кој користи широко А, па така зборовите како bath и chance се јавуваат со /ɑː/, а не со /æ/.
  • Стандардниот британски е неротски акцент (т.е. не го голта „р“ како во американскиот), што значи дека /r/ не се јавува, освен кога стои веднаш пред самогласка.
  • Стандардниот британски го имта претрпено т.н. Спој на wine и whine, така што фонемата /ʍ/ не е присутна, освен кај посебно вежбани говорници (драмски глумци и сл.). Во најголемиот дел од Шкотска и во североисточна Англија тие се изговараат различно.
  • За разлика од многу други видови на англискиот јазик во Англија, тука h не се изостава јодот во зборови како head или herb.
  • Стандардниот британски не го изостава јо по /n/, /t/ и /d/. Така на пример, new, tune и dune се изговараат како /njuː/, /tjuːn/ и /djuːn/ наместо /nuː/, /tuːn/ и /duːn/. Ова знајачно се разликува од многу источноанглиски и источносредноанглиски видови како и од многу облици на американскиот, меѓу кои и општоамериканскиот изговор. Меѓутоа постојат неколку зборови каде низ текот а времето јодот се изгубил; на пример зборовите suit и tissue првобитно во стандардниот изговор имале јодови, но ова денес е крајно ретко.

Поврзано

уреди

Аудио

уреди

Наводи

уреди
  1. Учење: Јазик и литература: Звучи познато?: Учебен пример: Стандарден изговор Архивирано на 22 јули 2019 г. Британска библиотека
  2. Crystal (2003:365)
  3. „Мрежно место на Британската библиотека, „Звучи познато?". Архивирано од изворникот на 2019-03-22. Посетено на 2008-10-29.
  4. Изговори според секој оксофрдски речник:
    • again - /əgen/, /əgein/
    • either - /aɪðə(ɹ)/, /iːðə(ɹ)/
    • moor - /mɔː(ɹ)/, /mʊə(ɹ)/
  5. Стандарден британски изговор Архивирано на 22 јули 2019 г. (англиски)
  6. Elmes (2005:114)
  7. bbc.co.uk
  8. Crystal (2003:54-55)
  9. Schmitt (2007:323)
  10. Jones (1917:viii)
  11. Roach (2004:240-241)
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 Roach (2004:240)
  13. 13,0 13,1 13,2 GIMSON, A. C. ‘An Introduction to the pronunciation of English,' London : Edward Arnold, 1970.
  14. Roach (2004:241)
  15. Roca & Johnson (1999:200)
  16. Schmitt (2007:322-323)

Библиографија

уреди
  • Crystal, David (2003), The Cambridge Encyclopedia of the English Language (2 изд.), Cambridge University Press, ISBN 0521530334
  • Elmes, Simon (2005), Talking for Britain: A journey through the voices of our nation, Penguin Books Ltd, ISBN 0140515623
  • Jones, Daniel (1917), напишано во London, English Pronouncing Dictionary
  • de Jong, Gea; Kirsty McDougall & Toby Hudson и др. (2007), "The speaker discriminating power of sounds undergoing historical change: A formant-based study", the Proceedings of ICPhS Saarbrücken, 1813-1816
  • Roach, Peter (2004), "British English: Received Pronunciation", Journal of the International Phonetic Association 34 (2): 239-245
  • Roca, Iggy & Wyn Johnson (1999), A Course in Phonology, Blackwell Publishing
  • Schmitt, Holger (2007), "The case for the epsilon symbol (ɛ) in RP DRESS", Journal of the International Phonetic Association 37 (3): 321-328

Надворешни врски

уреди