Канада (анг. и фр. Canada) — федеративна држава во Северна Америка составена од 10 покраини и 3 територии. Канада е парламентарна демократија и уставна монархија на кралот Чарлс III во рамките на Комонвелтот. По површина, таа е втора земја во светот.

Канада
Canada
Знаме Грб
ГеслоA Mari Usque Ad Mare  (латински)
„Од море до море“
Химна"О, Канада"

Кралска химнаБоже, чувај го Кралот
Местоположба на Канада
Главен градОтава
45°24′N 75°40′W / 45.400° СГШ; 75.667° ЗГД / 45.400; -75.667
Најголем град Торонто
Службен јазик Англиски, Француски
Признаени регионални јазици инуктитут, инуинактун, кри, чипевјански, гвичински, инувиалуктун, слејвиски, кучешкобочен
Демоним Канаѓанец
Уредување Парламентарна демократија и уставна монархија
 •  Монарх Чарлс III
 •  Генерален гувернер Мари Симон
 •  Премиер Џастин Тридо
Основање
 •  Британска одредба за Северна Америка 1 јули 1867 
 •  Вестминстерски статут 11 декември 1931 
 •  Канадска одредба 17 април 1982 
Површина
 •  Вкупна 9,984,670 км2 (2ра)
 •  Вода (%) 8,92 (891.163 км2/344.080 mi²)
Население
 •  проценка за 2024 г. 33,242,000 (36та)
 •  Попис 2006 31.612.897 
 •  Густина 3,2 жит/км2 (219та)
БДП (ПКМ) проценка за 2007 г.
 •  Вкупен $1.274 трилиони[1] (13та)
 •  По жител $38.200[1] (21ва)
БДП (номинален) проценка за 2007 г.
 •  Вкупно $1,406 трилиони [1] (9та)
 •  По жител $42.738 (14та)
Џиниев коеф. (2012)31.6[2]
среден · 20та[3]
ИЧР (2013) 0.902[4]
многу висок · 8ма
Валута Канадски долар ($) (CAD)
Часовен појас (UTC−3.5 до −8)
 •  (ЛСВ)  (UTC−2.5 до −7)
НДД .ca
Повик. бр. 1

Главен град е Отава (45.41° СГШ 75.66° ЗГД), а најголем е Торонто (43.6° СГШ 79.35° ЗГД) со 5.113.149 жители во областа на градот.[5]

Името Канада доаѓа од зборот каната на индијанците Ирокези околу реката Сент Лоренс кој означувал село или населба. Жак Картие во 1535. год. почнал да го користи тој збор за да ја означи целата територија на Ирокезите. Подоцна, во време на британските колонии од 1841. името Канада се однесувало на две покраини: Горна Канада — околу Големите Езера и Долна Канада околу реката Сент Лоренс. Со Уставниот Акт од 1867, името Канада било прифатено како име на целата држава.

Според многу показатели, како што се Степенот на човеков развој на ОН [1], Индексот на глобализација [2], Квалитетот на живот [3], Одржливоста на животната средина [4] Архивирано на 16 јануари 2016 г., Економските слободи [5] Архивирано на 24 јануари 2008 г. и др. Канада е меѓу најдобрите земји во светот. Во Канада живеат голем број македонски иселеници и нивни потомци.

Историја

уреди

Домородни народи

уреди

Разни групи на ескимски и индијански народи ја населувале Северна Америка уште од предисторијата. Иако не постојат писмени докази, разни форми на камена уметност, петроглифи и антички артефакти даваат информации за илјадници години историја. Археолошките наоди потврдуваат човечки живеалишта во Јукон уште од пред 26.500 години, а во јужно Онтарио од пред 9.500 години[6][7].

Европска колонизација

уреди

Првите Европски доселеници се Викинзите, кои околу 1000 година се населуваат на брегот на Атлантикот, во областа денес позната како Ланс о Медоу (фр. L'Anse aux Meadows), но нема писмени докази. Следната посета од Европејците е во 1497. кога истражувачката експедиција на Џон Кебот од Кралството Англија пловела покрај Атлантскиот брег на Канада[8] и Жак Картие во 1534. од Франција[9]. По нив, повремено до истиот брег допловувале рибари и китоловци од Баскија во текот на целиот 16. век.

Францускиот истражувач Самуел де Шамплејн ги основал првите постојани населби на Европејците во Порт Ројал (денес Нова Шкотска) 1605. и во Квебек Сити во 1608. Постепено биле населувани атлантското крајбрежје, устието на реката Сент Лоренс, областите на Големите езера и заливот Хадсон на крајниот север.

Кралството Англија основало рибарски станици во Њуфаундленд и Лабрадор околу 1610 и ги колонизирале 13-те колонии на југ. Низа од четири војни избила помеѓу Англија, Франција и домородните Индијанци помеѓу 1689 и 1763. Нова Шкотска потпаднала под Британска власт со Договорот од Утрехт во 1713, а Договорот од Париз од 1763 и' ја препуштил Канада на Британија по седумгодишната војна.

Кралската повелба од 1763 на Кралот Џорџ III од Велика Британија ја издвоила покраината Квебек надвор од Нова Франција и го придодала островот Кап Бретон на Нова Шкотска. Исто така ги ограничила јазичните и верските права на француските граѓани. Во 1769. год. островот Св. Јован (денешен остров Принц Едвард) станал издвоена колонија. Во Квебек, за да се одбегне конфликт, територијата била проширена до Големите езера и до долината на Охајо, и бил повторно воведен Францускиот јазик, католичката вера и француските граѓански закони. Со договорот од Париз од 1783. била признаена независноста на САД и им биле отстапени териториите јужно од Големите езера и реката Сент Лоренс. Многу Британски лојалисти, по ова, пребегнале од САД во Канада[10].

Њу Бранзвик бил издвоен од Нова Шкотска како дел од реорганизацијата на населбите на лојалистите во приморските области. За да се прифатат лојалистите во Квебек, Уставниот закон од 1791. ја поделил покраината на франкофонска (Долна Канада) и англофонска (Горна Канада), давајќи и' на секоја од нив и право да формира законодавно собрание.

Канада била главен фронт во војната од 1812 помеѓу Британската Империја и САД. Нејзината одбрана придонела за чувство на единство помеѓу канадските британци.

Од 1815. започнува масовна емиграција во Канада од Британци и Ирци. Дрвната индустрија дури и ја надминува трговијата со крзно како главна дејност во раните 1800-ти.

Потребата од одговорна власт резултирала во вооружени востанија во текот на 1837. и 1838. во знак на незадоволство од политичките реформи и етнички конфликти. Како резултат на тоа, Актот за обединување од 1840. ги обединил Горна и Долна Канада во Обединета Покраина Канада. Француските и англиските канаѓани работеле заедно во собранието за да ги воспостават правата на Французите. Претставничка власт била воспоставена во сите британски северноамерикански покраини до 1849.

Во 1846. год. граничниот спор со САД бил разрешен и границата била воспоставена по 49. паралела западно од Големите езера. Со тоа се овозможило понатамошно колонизирање на западните покраини и основањето на колониите Британска Колумбија 1849. и Ванкувер 1858.

Конфедерација и проширување на територијата

уреди

После низа уставни конференции, Уставниот акт од 1867. наречен Британски Северноамерикански Акт, ја основал Канадската конфедерација, создавајќи еден доминион под името Канада на 1 јули 1867. со четири покраини: Онтарио, Квебек, Нова Шкотска и Њу Бранзвик[11]. Во 1870. год. од Рупертовата Земја и Северозападните земји, биле основани Северозападните Територии и покраината Манитоба. Во 1871 била придодадена покраината Британска Колумбија, а во 1873 и островот Принц Едвард.

Воспоставувањето на државен и политички систем одиграло важна улога во развојот на Канада во поглед на колонизацијата, развојот на индустријата, земјоделството и сообраќајот.

Современа историја

уреди

Канада автоматски влегла во Првата светска војна во 1914. со влегувањето во војна на Британија. Канада испраќала војници на западниот фронт, кои одиграле важна улога во текот на војната.

Во 1919. Канада се придружила самостојно (независно од Британија) на Лигата на Народите; во Вестминстерскиот статут 1931 — Акт на Парламентот на Велика Британија — ја потврдил независноста на Канада.

Големата криза од 1929 и' донела економски тешкотии на цела Канада.

Канада и' објавила војна на фашистичка Германија три дена по објавата на В.Британија во декември 1939. Канадските војски играле значајни улоги во борбите во Атлантикот, во инвазијата на Италија, Десантот на Бретања (Ди-деј), Битката за Нормандија, ослободувањето на Холандија и други операции. Во тој период, економијата цутела како резултат на воените набавки за Канада, Британија, Кина и Советскиот Сојуз. Втората светска војна Канада ја завршила со една од најголемите армии во светот[12].

Во 1949. Њуфаундленд и Лабрадор се придружиле на Канадската Конфедерација како 10-та покраина. Повоениот просперитет резултирал со зголемен наталитет (бејби-бум) и зголемена имиграција од разурнатите европски земји[13].

Новиот Канадски идентитет почнал да се развива во текот на 20. век. Канада го усвоила своето ново знаме во 1965. Во 1982. год. е донесена Повелбата за правата и слободите на граѓаните како проширување на уставниот систем на Канада.

Движењата за поголем социјален и економски просперитет коишто започнале уште од 1960-тите, резултирале со влегување на франкофонските националисти во парламентот во 1976. год. Референдумот за независност на Квебек од 1980-та бил отфрлен со големо мнозинство, а вториот референдум од 1995. бил отфрлен со тесна разлика од 50,6% : 49,4%[14].

Во текот на 1980-тите, под премиерот Брајан Малруни, Канада се приближила кон САД во економските и политичките односи. Бил потпишан договорот за слободна трговија со САД, подоцна и со Мексико (познат како НАФТА - северноамерикански договор за слободна трговија).

Во целиот период на доселување, од 16. до 19. век, главни дејности биле најнапред рибарството, подоцна ловот и крзното, потоа експлоатацијата на дрво, подоцна рударството (нпр. златни трески) и на крајот земјоделството.

Географија и клима

уреди
 
Сателитска снимка на Канада. На десниот горен дел од сликата, областите под мраз се Гренланд (Данска) и Исланд.

Канада зафаќа поголем дел од Северна Америка, и се граничи со САД на југ и со Американската држава Алјаска на северозапад. Се протега од Атлантскиот Океан до Тихиот Океан на запад, на север е Северноледениот Океан. По вкупна површина (вклучувајќи ги и реките и езерата), Канада е втора во светот, по Русија. По земни површини е четврта, по Русија, Кина и САД[15].

Од 1925. год. Канада ги присоединила и деловите од Арктикот помеѓу 60° и 141° западна ширина, но ова не е општо признаено. Најсеверната населба во Канада и во светот е станицата на Канадските вооружени сили на северниот крај од островот Елсмир на 82,5° северна ширина, само 817км јужно од Северниот Пол. Канада ја има најдолгата крајбрежна линија на светот: околу 243 000км[16].

Канада е една од најбогатите земји со природни ресурси: земен гас, езера, реки и разни минерали[17][18].

Во источниот дел, реката Сент Лоренс се проширува во заливот Сент Лоренс, најголем влив во светот, кој го содржи островот Њуфаундленд. Јужно од заливот, приморските покраини се протегаат по должината на Апалачките Планини. Нова Шкотска и Њу Брасвик се разделени со заливот Фанди, кој ги има најголемите варијации на прилив и одлив во светот. Онтарио и Хадсон Беј доминираат со централна Канада, а западно се шират рамничарските канадски прерии, сè до Карпестите Планини кои ги делат од Британска Колумбија. Највисока планина во земјата е Логан (5.959 м)

Во западна Канада, реката Мекензи тече на север до Северноледениот Океан. Реката Јужна Нахани ги создава водопадите Вирџинија во Северозападните територии, кои се двојно повисоки од Нијагарините водопади во Онтарио.

Во северниот дел на Канада, растителноста од столетни четинарски шуми опаѓа се' до ниска тундра кон север. Северното канадско копно е обиколено со огромен архипелаг, кој ги содржи некои од најголемите острови на светот.

Просечните зимски и летни максимални температури во Канада варираат зависно од локацијата. Зимите се сурови во многу региони, особено во внатрешноста и прериските покраини (Манитоба, Саскачеван и Алберта), кајшто дневните темератури се просечно -15 °C, но може да се спуштат и под -40 °C[19].

Во континенталните региони, снегот може да се задржи и по 6 месеци, дури и повеќе отколку на северот. Крајбрежјето на Британска Колумбија е исклучок и ужива умерена клима со благи и дождливи зими.

На источното и западното крајбрежје, просечните максимални летни температури се 20-25 °C, додека во континенталниот дел се од 25-30 °C, со ретки екстремни температури на некои места до 40 °C[20][21][22].

Население

уреди

Според пописот од 2006. во Канада има 31.612.897 жители, што е зголемување од 5,4% од 2001[23]. Растот на населението е од имиграцијата и, во помала мерка, од природен прираст. Околу 3/4 од населението живее во појасот од 150км од границата со САД[24], веројатно поради климатските прилики. Исто така, огромното мнозинство од населението живее на појасот Квебек сити — Виндзор, кој ги опфаќа Монтреал, Отава и Торонто, потоа во појасот Едмонтон-Калгари во Алберта и во Ванкувер, Британска Колумбија[25].

Според пописот од 2001. Канада има 34 етнички групи со по најмалку 100.000 припадници, и 83% од населението се сметаат за белци[26].

 
Тотем на племето Кваквакавак во Викторија, Британска Колумбија.

Најголемата етничка група се Англичаните (20,2%), потоа Французите (15,8%), Шкотите (14%), Ирците (12,9%), Германците (9,3%), Италијанците (4,3%), Кинезите (3,7%), Украинците (3,6%) и индијанците (3,4%). 40% се идентификувале како етнички Канаѓани[27]. Во 2001. 49% од населението во Ванкувер и 42,8% од населението во Торонто припаѓале на „видливите малцинства“ (индуси, кинези, црнци, арапи, индијанци и сл.). Во 2005. Статистичкиот завод на Канада проектирал дека луѓето со неевропско потекло ќе бидат мнозинство во овие два града до 2012[28]. Истражување објавено во 2007. открива дека скоро 1 од 5 канаѓани е роден во странство, односно имигрант[29]. Скоро 60% од новите имигранти доаѓаат од Азија[29].

Канада има највисока имиграција по глава на жител во светот[30], која е резултат на економската политика на државата. Секоја година се доселуваат 220.000-260.000 лица.[31] Во 2001. 250.640 луѓе се доселиле во Канада, или 0,834% од вкупното население. Новодојденците главно се населуваат во големите градови: Торонто, Ванкувер и Монтреал.

Верскиот плурализам е исто така важен дел од канадската политичка култура. Според пописот од 2001. 77,1% се христијани, од кои католици 43,6%, а потоа следат протестантите. Околу 16,5% немаат верска припадност, околу 1,9% се муслимани, јудаисти се околу 1,1%.

Канадските покраини и територии се одговорни за образованието. Сите системи се слични. Писменоста кај возрасните надминува 99%. Високото образование е исто така грижа на покраинските власти, кои обезбедуваат и финансирање; федералната власт обезбедува само дополнителни дотации за истражувања, студентски кредити и стипендии. Во 2002. 43% од Канаѓаните помеѓу 25 и 64 години имале вишо или високо образование, а кај оние од 25-34 години стапката била 51%[32].

Густината на населението е меѓу најниските во светот: само 3,5 жители на квадратен километар[33]

Јазик

уреди
 
Населението на Монтреал, Квебек е главно франкофонско, со значајно англофонско малцинство.

Двата службени јазици на Канада се Англискиот и Франускиот. Двојазичноста во Канада е законски загарантирана со Повелбата за правата и слободите. Двата јазици се рамноправни во федералните судови, парламентот и во сите федерални установи.

Англискиот е мајчин јазик на 59,7% а францускиот на 23,2% од населението[34]. 98,5% од канаѓаните зборуваат англиски или француски. Иако 85% од франкофоните живеат во Квебек, постојат значајни франкофонски популации во Онтарио, Алберта, Манитоба и во атлантските покраини.

Неколку индијански јазици исто така имаат официјален статус во Северозападните територии. Инуктитут е мнозински јазик во Нунавут и еден од трите службени јазици во територијата.

Неофицијалните јазици се исто така важни во Канада, бидејќи 5 202 245 граѓани се изјасниле дека некој од ним им е прв јазик[34] Некои позначајни неслужбени јазици се кинескиот (853 745 корисници), италијанскиот (469 485), германскиот (438 080), и пенџапскиот (271 220).[34]

Политичко уредување

уреди
 
Федералниот парламент во Отава.

Канада е уставна монархија со кралот Чарлс III, Крал на Канада, како шеф на државата. Кралот на Канада е истовремено и крал на останатите 15 земји од Комонвелтот, што ја става Канада во единство со тие држави преку личниот сојуз на тој монарх.

Канада е федерација и парламентарна демократија со силни демократски традиции.

Уставот на Канада се состои од пишан текст и непишани традиции и конвенции[35]. Уставниот акт од 1867 го воспоставил управувањето врз основа на парламентот, слично на она во Велика Британија, и ја поделил власта помеѓу федералната и покраинските влади. Уставниот Акт од 1982 ја додал Повелбата за правата и слободите, која ги гарантира основните права и слободи за Канаѓаните кои генерално не можат да бидат премавнати со закони од било кое ниво на власт во Канада.

Кралот е претставен преку Генералниот гувернер, кој е овластен да ги остварува речиси сите уставни права на монархијата. Во пракса, единствено тело кое ги врши извршните функции е Кабинетот на Премиерот.

Премиерот го избира мнозинството во парламентот, а го назначува Гувернерот.

Парламентот е дводомен: избрани претставници во долниот дом и назначени претставници во Сенатот. Секој член на долниот дом е избран од мнозинството во неговата изборна единица (мнозински изборен систем). Изборите ги свикува Гувернерот, по совет на Премиерот. Максималниот рок за изборите е 5 години. Членовите на Сенатот ги избира Премиерот, а ги назначува Гувернерот, и остануваат во Сенатот до 75-годишна возраст.

Четири партии се присутни во федералниот парламент: Конзервативната, Либералната, Нова демократија и Блокот од Квебек.

Судската власт е управувана од Врховниот суд, кој има 9 члена назначени од Гувернерот на совет од Премиерот и Министерот за правда. Сите судии на апелациони и врвни нивоа се назначуваат во консултација со невладини правни тела.

Англосаксонското граѓанско право преовладува во сите покраини освен во Квебек, кајшто преовладува францускиот систем. Кривичниот закон е одговорност на федералната власт и е единствен во цела Канада. Спроведувањето на законот, вклучувајќи ги и кривичните судови, е одговорност на покраините, но во руралните области во сите покраини освен во Онтарио и Квебек, го спроведува Кралската Канадска федералната полиција.

Канада и САД ја делат најдолгата небранета граница во светот, соработуваат во воени походи и вежби, и се меѓусебни најголеми трговски партнери. И покрај тоа, Канада има независна надворешна политика, особено во односите кон Куба, Кина и Ирак.

Покрај тоа, Канада одржува и традиционални врски со Велика Британија, Франција и со земјите од Комонвелтот и Франкофонијата.

Канада има војска од околу 64 000 професионалци и уште 26 000 резервисти[36].

Територијална организација

уреди
 
Покраини и територии на Канада.

Конфедерацијата на Канада се состои од 10 покраини и 3 територии. Покраините се одговорни за социјалните програми (како нпр. здравствена заштита, образование, социјална помош и сл. и заедно имаат поголем приход од федералната власт, што е речиси единствен пример во светот. Од своја страна, федералната власт може да иницира национални политики во покраините.

Сите покраини имаат еднодомно законодавно собрание, раководени се од премиер, слично како и на федерално ниво. Секоја покраина има и заменик-гувернер, кој го претставува кралот Чарлс III. Заменик-гувернерот се избира на предлог на Премиерот на Канада, во договор со покраинските власти.

Канадските покраини и територии се прикажани во следнава табела:

Покраина Главен град Влез во конфедерацијата
Британска Колумбија Викторија 1871
Алберта Едмонтон 1905
Саскачеван Реџина 1905
Манитоба Винипег 1870
Онтарио Торонто 1867
Квебек Квебек 1867
Њу Бранзвик Фредериктон 1867
Нова Шкотска Халифакс 1867
Островот на Принц Едвард Шарлоттаун 1873
Њуфаундленд и Лабрадор Сент Џон 1949
Територија Главен град Влез во конфедерацијата
Јукон Вајтхорс 1898
Северозападни Територии Јелоунајф 1870
Нунавут Икалуит 1999

Стопанство

уреди

Канада е една од најбогатите држави, со висок доход по глава на жител, членка на ОЕЦД и Г-8. Канада е мешовит пазар[37], пониско рангиран од САД, но повисоко од повеќето западноевропски земји.

Од раните 1990-ти, канадската економија брзо расте со ниска стапка на невработеност и големи државни суфицити на федерално ниво. Денес Канада наликува на САД во пазарно-ориентираниот систем, продуктивност и бизнис. Од октомври 2007, канадската стапка на невработеност е 5,9%, што е најниско ниво во последните 33 години. Покраинските стапки варираат од 3,6% во Алберта, до 14,6% во Њуфаундленд и Лабрадор[38].

Во 20.век, растот на производството, рударството и услужните дејности ја трансформирале земјата од селска економија во главно индустриска и градска. Како и во други развиени економии, канадската економија е доминирана од услужните дејности, кои вработуваат 3/4 од канаѓаните[39]. Сепак, Канада е специфична меѓу развиените земји бидејќи има развиен примарен сектор со експлоатација на дрво, нафта и земен гас како едни од најважните индустрии. Покрај тоа, Канада произведува и извезува големи количества на електрична енергија од хидропотенцијалот во Квебек, Британска Колумбија, Њуфаундленд, Онтарио и Манитоба.

Канада е еден од најголемите производители на земјоделски производи, со прериите како најважен производител на жито, просо и други зрнести култури[40].

Канада е најголем производител на цинк, уран, злато, никел, алуминиум и олово во светот[41]. Речиси сите градови во северниот дел на земјата, кајшто не постои земјоделство, се занимаваат со рударство или со шумарство.

Канада има и значаен производен сектор во јужните делови на Онтарио и Квебек за автомобили, воздухоплови, возови и др.

Канада е високо зависна од меѓународната трговија, особено од трговијата со САД. Договорот за слободна трговија со САД и Мексико овозможил драматичен раст на трговијата и економската интеграција со САД. Од 2001. Канада успешно ги избегнува економските кризи и одржува највисоки просечни економски перформанси во Г-8[42]. Од средината на 1990-тите федералните власти одржуваат стабилни буџетски суфицити и редовно ги отплаќаат националните долгови.

Култура и спорт

уреди
 
Претставници на Кралската Канадска Коњичка Полиција на геј-парадата во Торонто 2006.

Канадската култура во минатото била под влијание од Британците, Французите и домородните народи и традиции. Покрај тоа, таа е под силно влијание на САД. Американските медиуми и забава се популарни, ако не и доминантни во англофонската Канада, обратно, многу канадски забавувачи и културни производи се популарни во САД.[43]

Создавањето и заштитата на посебната канадска култура е поддржано од програмите на федералната влада, законите и институциите како што е Канадската радио корпорација, Националниот одбор за филм на Канада и Канадската комисија за радио и телевизија[44].

Канада е географски огромна и етнички разновидна земја. Постојат културни варијации и разлики од една до друга провинција и од еден до друг регион. Многу канаѓани го респектираат мултикултурализмоти ја гледаат канадската култура како инхерентно мултикултурна.[45].

Канадскиот официјален национален спорт е хокејот на мраз и лакрос[46]. Покрај тоа, канадските екипи учествуваат во фудбалската, кошаркарската и бејзбол лигата на САД.

Канада била домаќин на неколку врвни спортски собири: Летните олимписки игри во 1976, Зимските олимписки игри во 1988, и Светсткото првенство до 20 години во фудбал во 2007. Канада ќе биде домаќин и на зимската олимпијада во 2010 во Ванкувер.

Македонска емиграција

уреди

Првиот поголем бран доселеници од Македонија во Канада пристигнал по Илинденското Востание во 1903. Потоа, и во 1947-49. за време на Граѓанската војна во Грција и протерувањето на Македонците, во Канада пребегнале огромен број иселеници.

Се проценува дека денес во Канада има околу 150.000 жители со потекло од Македонија.[47]

Македонците се организирани во црковни општини, од кои најголема е Свети Климент Охридски во Торонто.[48]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Central Intelligence Agency (2006-05-16). „The World Factbook: Canada“. Central Intelligence Agency. Архивирано од изворникот на 2019-04-30. Посетено на 2007-05-06.
  2. „Gini coefficients before and after taxes and transfers: In the late 2000s“. OECD. Архивирано од изворникот на 2014-08-12. Посетено на May 21, 2017.
  3. „OECD Economic Surveys“. OECD. Архивирано од изворникот на 2014-08-12. Посетено на May 21, 2017.
  4. „Table 1: Human Development Index and its components“. UNDP. Посетено на October 5, 2014.
  5. Statistics Canada (2007-03-13). „2006 Community Profiles“. Statistics Canada. Архивирано од изворникот на 2007-09-06. Посетено на 2007-04-18.
  6. Cinq-Mars, J. (2001). „On the significance of modified mammoth bones from eastern Beringia“ (PDF). The World of Elephants - International Congress, Rome. Архивирано од изворникот (PDF) на 2006-09-20. Посетено на 2006-05-14.
  7. Wright, J.V (2001-09-27). „A History of the Native People of Canada: Early and Middle Archaic Complexes“. Canadian Museum of Civilization Corporation. Посетено на 2006-05-14.
  8. „John Cabot =“. Encyclopædia Britannica Online. Encyclopædia Britannica.
  9. „Cartier, Jacques“. World book Encyclopedia. World Book, Inc. ISBN 0-7166-0101-X. |access-date= бара |url= (help)
  10. Moore, Christopher (1994). The Loyalist: Revolution Exile Settlement. Toronto: McClelland & Stewart. ISBN 0-7710-6093-9.
  11. Farthing, John (1957). Freedom Wears a Crown. Toronto: Kingswood House. ASIN B0007JC4G2.
  12. Stacey, C.P. (1948). History of the Canadian Army in the Second World War. Queen's Printer.
  13. Harold Troper (2000). „History of Immigration to Toronto Since the Second World War: From Toronto 'the Good' to Toronto 'the World in a City'. Ontario Institute for Studies in Education. Архивирано од изворникот на 2006-05-29. Посетено на 2006-05-19.
  14. Dickinson, John Alexander; Young, Brian (2003). A Short History of Quebec (3. изд.). Montreal: McGill-Queen's University Press. ISBN 0-7735-2450-9.
  15. „World Factbook: Area Country Comparison Table“. Архивирано од изворникот на 2009-07-24. Посетено на 2008-02-13.
  16. Natural Resources Canada (2006-12-19). „CoastWeb:Facts about Canada's coastline“. Natural Resources Canada. Архивирано од изворникот на 2007-11-16. Посетено на 2007-07-13.
  17. The Atlas of Canada (2004-04-02). „Drainage patterns“. National Resources Canada. Архивирано од изворникот на 2008-06-15. Посетено на 2006-05-18.
  18. Encarta (2006). „Canada“. Microsoft Corporation. Архивирано од изворникот на 2006-06-13. Посетено на 2006-06-12.
  19. The Weather Network. „Statistics, Regina SK“. The Weather Network. Архивирано од изворникот на 2007-05-16. Посетено на 2006-05-18.
  20. The Weather Network. „Statistics: Vancouver Int'l, BC“. The Weather Network. Архивирано од изворникот на 2007-05-21. Посетено на 2006-05-18.
  21. The Weather Network. „Statistics: Toronto Pearson Int'l“. The Weather Network. Архивирано од изворникот на 2007-05-16. Посетено на 2006-05-18.
  22. Environment Canada (2004-02-25). „Canadian Climate Normals or Averages 1971–2000“. Environment Canada. Посетено на 2006-05-18.
  23. Beauchesne, Eric (2007-03-13). „We are 31,612,897“. National Post. Архивирано од изворникот на 2016-04-15. Посетено на 2007-03-13.
  24. Hillmer, Norman (2005-01-25). „Canada World View - Issue 24“. Foreign Affairs and International Trade Canada. Посетено на 2006-10-03.[мртва врска]
  25. Statistics Canada (2001). „Urban-rural population as a proportion of total population, Canada, provinces, territories and health regions“. Statistics Canada. Архивирано од изворникот на 2008-05-27. Посетено на 2006-10-03.
  26. „Ethnic diversity of Canada“. Архивирано од изворникот на 2008-01-24. Посетено на 2008-02-13.
  27. Statistics Canada (2005-01-25). „Population by selected ethnic origins, by provinces and territories“. Statistics Canada. Архивирано од изворникот на 2008-05-30. Посетено на 2006-05-14.
  28. „Canadian People - Learn About Canada's People“. Архивирано од изворникот на 2009-08-09. Посетено на 2008-02-13.
  29. 29,0 29,1 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-04-10. Посетено на 2008-02-13.
  30. Benjamin Dolin and Margaret Young, Law and Government Division (2004-10-31). „Canada's Immigration Program“. Library of Parliament. Архивирано од изворникот на 2010-02-27. Посетено на 2006-11-29.
  31. Annual Immigration by Category, Citizenship and Immigration Canada, URL accessed 2 20 јули,06
  32. Department of Finance (2005-11-14). „Creating Opportunities for All Canadians“. Department of Finance Canada. Архивирано од изворникот на 2006-10-08. Посетено на 2006-05-22.
  33. WorldAtlas.com (2006). „Countries of the World (by lowest population density)“. WorldAtlas.com. Посетено на 2006-05-16.
  34. 34,0 34,1 34,2 Statistics Canada (2005-01-27). „Population by mother tongue, by province and territory“. Statistics Canada. Архивирано од изворникот на 2006-04-11. Посетено на 2006-05-14.
  35. Department of Justice. „Constitution Acts 1867 to 1982“. Department of Justice, Canada. Архивирано од изворникот на 2006-04-27. Посетено на 2006-05-14.
  36. Assistant Deputy Minister (Public Affairs). „The National Defence family“. Department of National Defence. Архивирано од изворникот на 2006-05-06. Посетено на 2006-05-14.
  37. „PBS, commanding heigths, map of the world's economic systems“. Посетено на 2008-01-31.
  38. Statistics Canada (2006-08-04). „Latest release from Labour Force Survey“. Statistics Canada. Посетено на 2006-08-04.
  39. „Employment by Industry“. Statistics Canada. 2007-01-04. Архивирано од изворникот на 2008-10-20. Посетено на 2008-02-13.
  40. The Canadian Encyclopedia (2006). „Agriculture and Food: Export markets“. Historical Foundation of Canada. Посетено на 2006-05-18.
  41. The Canadian Encyclopedia (2006). „Canadian Mining“. Historica Foundation of Canada. Посетено на 2006-05-18.
  42. Chretien, Jean (2003-12-04). „Notes for an Address by Prime Minister Jean Chrétien on the Occasion of the Commonwealth Business Forum“. Privy Council Office, Government of Canada. Архивирано од изворникот на 2007-08-19. Посетено на 2006-08-07.
  43. Blackwell, John D. (2005). „Culture High and Low“. International Council for Canadian Studies World Wide Web Service. Архивирано од изворникот на 2014-08-21. Посетено на 2006-03-15.
  44. National Film Board of Canada (2005). „Mandate of the National Film Board“. Архивирано од изворникот на 2006-04-21. Посетено на 2006-03-15.
  45. Bickerton, James & Gagnon, Alain-G & Gagnon, Alain (Eds). (2004). Canadian Politics (4. изд.). Orchard Park, NY: Broadview Press. ISBN 1-55111-595-6.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  46. „National Sports of Canada Act (1994)“. Consolidated Statutes and Regulations. Архивирано од изворникот на 2011-05-20. Посетено на 2006-07-20.
  47. Канадско-Македонско историско друштво
  48. Црква Св. Климент Охридски - Торонто
  Статијата „Канада“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).