Уметност — човечка активност, производ на таа активност или идеја за истата, поврзана со сетилата, со емоциите и со интелектот. Може да се рече дека уметноста му е својствена на човекот, со што тој се разликува во рамки на природата, и се издвојува од останатите живи битија.

Мона Лиза од Леонардо да Винчи, Музеј Лувр
Детаљ од арапско сликарство што датира од 13 век.

Во Европа, од крајот на XVIII век[1], овој поим главно се однесува на производите на таканаречените „убави уметности“, како, на пример: вајарството, сликарството, архитектурата, графиката, но исто така и музиката, танцот, поезијата и литературата. Подоцна на тоа, меѓу другото, се додават и кујната, кинематографијата, театарот, фотографијата, стрипот, телевизијата, односно дигиталната уметност. Класификацијата на уметностите не е универзална и да се бара единствена класификација се чини невозможно.[2]

Оваа концепција на уметноста како автономна активност, како призвод на предмети од страна на уметници кои се во потрага по убавото, согласно судот на вкусот, датира од периодот меѓу 18 и XIX век. Но, честопати се смета дека модерната и современата уметност го напуштиле поимот на убавото и на безвременскиот стил за да ги прифатат принципите на трансгресијата[3].

Наједноставната дефиниција за поимот уметност е дека таа е творештво на човекот. Иако денес под поимот уметност најчесто обично се подразбира визуелна уметност, концептот за тоа што е уметност постојано ќе се менува низ вековите. Можеби најконцизна дефиниција е најопштата - дека поимот уметност се однесува на сите креативни и творечки дејствија на човекот, со исклучок на дејствата директно поврзани за опстанокот и репродукцијата. Од поширока перспектива, уметност е едноставно изведен поим за било кој производ на креативен импулс, од кој произлегле сите други човечки активност, како науката преку алхемијата, и религијата преку шаманизмот. Во есејот „Немаме од што да се плашиме, но...“ од 1961 година, италијанскиот писател Еуџенио Монтале вели дека под уметничко дело се подразбира секој израз што е конкретизиризан во некој предмет што предизвикува естетско задоволство и што е намерно изработен за таа цел.[4]

Историја на поимот уметност : Што е тоа уметност? уреди

 
Помпеја, Куќа VII, 2, 6 : Пакуи Прокул и неговата сопруга. Археолошки музеј во Неапол, фреска од 1 век.

Уште од Антиката, филозофијата се прашува за природата на уметноста. Платон во неговите дијалози или Аристотел во делото Поетика се прашуваат за уметноста како одраз на убавото, односно естетиката. Сепак, античката естетика понекогаш се разликува од подоцнежните естетики а грчкиот збор τέχνη (техне), кој е најблискиот еквивалент на зборот вештина, односно умеење (уметност), во Стара Грција означувал збир на активности подложни на одредени правила. Тој воедно опфаќа знаења, вештини и занаети. Не се сите грчки музи поврзувани со уметностите како што тоа ќе бидат дефинирани подоцна а поезијата, на пример, не се сметала за « техне ». И римската цивилизација не правела јасна дистинкција меѓу доменот на уметноста и оној на знаењата и вештините. Така, кај Галиен, терминот « уметност » означува збир процеси кои служат да се добие некаков резултат:

Ars est systema præceptorum universalium, verorum, utilium, consentientium, ad unum eumdemque finem tendentium.[5]


Со ваквото прифаќање на поимот кое преовладувало сè до крајот на средниот век, уметноста се спротивставува истовремено на науката сфатена како чисто сознание и на природата која е производ без сознание [5]. Сè до ренесансата, не постои прецизна разлика меѓу уметник и занаетчија : „уметник“ се нарекувал оној занаетчија кој создавал творби со исклучителен квалитет. Разликата почнала да станува попрецизна кога уметниците почнале да излегуваат од корпорациите за да влезат во академиите[6]. Дури тогаш почнал да се насетува вистинското значење на денешниот поим уметност.

Сепак, поимот уметност онаков каков што денес го прифаќаме се појавил во периодот на просветителството. Почнувајќи како размисла за сетилата и вкусот, на крајот се утврдила концепција заснована на идејата за убавото. Со Емануел Кант, естетиката добила вистинско значење на една теорија на уметноста на која романтичното движење ќе и даде парадигматски примери. Тогаш во втор план се става значењето на придржувањето кон правилата и во прв план се истакнува намерата на уметникот кој со својата творба влијае врз сетилата и емоциите.

Но, XX век, со своите практики и своите идеологии, става под знак прашање сè она што важело претходно. Најпрвин се оспорува постоењето на суштината на уметноста која би се пронашла низ вековите и цивилизациите, а со тоа и сонот за универзална дефиниција. Исто така, се истакнува двосмислениот карактер на односот меѓу „убавината“ и „уметноста“, на пример кога уметничкото дело ја претставува природата на еден страшен, односно одбивен (неубав), начин [7]. Во есејот „Алеаторична музика“ од 1962 година, италијанскиот писател Еуџенио Монтале тврди дека за современото потрошувачко општество е карактеристичен помиот на конзумирана уметност а не уметност што ја создал некој уметник. На тој начин, самата идеја за можноста за уметност се разводнува, а разликата меѓу оригиналното уметничко дело и сурогатот исчезнува.[8] Слично на него, италијанскиот критичар Еуџенио Батисти вели: „Кога еднаш ќе се урне идејата на сликата или статуата, концертот или операта, и кога уметноста ќе се изедначи со создавањето какви и да било производи, исчезнува разликата меѓу уметникот и занаетчијата, меѓу ремек-делото и утилитарното производство.[8]

Сепак, Класичниот список на уметности, онаков каков што бил предложен во XIX век од страна на Хегел во делото Естетика или филозофија на уметноста, за некои продолжува да биде показател што е уметност.[2] Тука се говори само за пет главни уметности: архитектура, вајарство, сликарство, музика, поезија. Со проширување или со комбинација на вештините овој список може значајно да биде проширен додавајќи му ги на пример вештините како танцот, филмот (честопати нарекуван « седма уметност »), фотографијата, стрипот, итн.

Историја на уметноста уреди

Кавгите во однос на класификацијата на уметностите се многубројни [2] во историјата на уметноста и во естетиката. Писателот Клод Роа вака го резимира плурализмот во однос на поимот уметност:

Поимот уметност, било да станува збор за црната уметност, за критската или пак за импресионистичката уметност, секогаш ќе остане непрецизен, неискажлив и иритирачки. Уметност е тоа што го остава жив мртвиот идол како идол. Уметност е кога некој предмет продолжува да служи за нешто и кога не служи повеќе за ништо.[9]


Праисторија уреди

 
Пештерата Ласко.

Ако се земе предвид дека уметноста се состои во тоа да се гради, да се ваја и да се реализираат украсни мотиви, тогаш се чини недискутабилно дали постои или не постои праисториска уметност. Од друга страна, ако на уметноста се гледа како на некаков луксуз наменет за изложби во музеи и галерии, првите луѓе на тоа не ни помислувале[10]. Најпосле, ако уметноста генерално се состои во тоа да им се обраќа на сетилата и на емоциите на оние што ја гледаат, тогаш тешко е авторите на одредени праисториски цртежи како оние во пештерата Ласко да не се категоризираат како уметници. Која била функција на скулптурите и сликите на овие уметници не се знае со точност иако се даваат претпоставки дека нивната функција била ритуална, магиска, симболична или поучна. Работата на уметникот тогаш веројатно би била чисто прагматична, сепак без да се исклучи и потрагата по одредена естетика[10].

Африка уреди

 
Илустрација на африканските уметности во шведската енциклопедија Nordisk familjebok.

Африка е дом на огромен број локални уметности кои се одраз на разноразни култури кои не престануваат да се развиваат со тек на времето. Овие творби биле сметани за вистински уметнички дела особено од почетокот на 20 век, особено под влијание на сликарите претставници на кубизмот. Откривањето на оваа уметност извршило огромно влијание врз западната модерна уметност [11]. Денес, поголемиот дел африкански дела припаѓаат на приватни колекционери бидејќи во минатото музеите ја занемарувале оваа уметност. Оттогаш до денес интересот за автентичните стари објекти значително пораснал [note 1], а со заштитата на УНЕСКО, од почетокот на деведесеттите на 20 век забранет е извозот на маски и статуи надвор од африканскиот континент [11]. Дрвената маска, која најчесто е приказ на некаков дух долго време се сметала за типичен предмет кој најдобро ја симболизира африканската уметност. Постепено се појавиле други форми и во 1966 се оддржал првиот светски фестивал на црните уметности во Дакар, претставувајќи му го на светот богатството на африканската уметност.[11]. Од 1989, редовно во Дакар се одржува биенале на современата африканска уметност [12].

Азија уреди

 
Ангкор Ват.

Примерот на азискиот континент е добар показател за тешкотијата да се воспостави класификации на историјата на уметноста заснована врз континенти и историски периоди. Толкав голем збир на уметности присутни во Азија место по историски периоди полесно можат да се класифицираат согласно:

Америка уреди

 
Колосална глава No.1 од Сан Лоренцо.

Олмечката култура, помеѓу 1200 п.н.е. и 400 п.н.е.[13], првата од големите цивилизации на Средна Америка, е особено позната поради богатството на иконографијата и техничкиот квалитет на нејзината уметност и била пример и наследство за сите последователни култури. Олмечката уметност е приказ на едно големо мајсторство во доменот на вајарството. Олмечките уметници своите дела ги изработувале во глина, камен и дрво. Уметноста на Маите се развива во тек на (2000 п.н.е. - 250 г)[14] ·[15]. Таа била под влијание на олмечката цивилизација. Била под влијание и на други средноамерикански култури како онаа на Теотивакан и на Толтеките. Маите се познати по користењето жад, опсидијан и штукатура. Уметноста на Астеките (1300-1519) е позната по камените маски, наследени од Толтеките, кои ги користеле за погребни или верски церемонии. Своите храмови и палати ги украсувале со боја. Американско-индијанската уметност е форма на уметност која потекнува од Северна Америка. Предметите изработени од вештите занаетчии денес без никаква дилема се сметаат за уметнички дела.

Океанија уреди

 
Погребни абориџински урни во Национален музеј на Австралија.

Уметноста на Океанија подразбира древни или современи творби на народите од Меланезија, Микронезија, Полинезија, како и оние на старите народи од Австралија и Нов Зеланд и другите острови на Тихиот Океан. Од друга страна, во оваа категорија не се класираат творбите на австралиските и новозеландските народи од западно потекло[16]. Нејзината историја започнува кога првиот бран доселеници, дојдени од Југоисточна Азија, се населил во Австралија и Нов Зеланд, пред околу 50.000 години. Најстарите уметнички дела кои се од нив најдени се фигури од камен, столбови украсени со зооморфни мотиви помешани со антропоморфни фигури [16].

Околу 1500 п.н.е. се појавила цивилизацијата Лапита (според името на едно археолошко наоѓалиште во Нова Каледонија)[17]. Станува збор за една оригинална цивилизација чии творби главно се од домен на грнчарството. Повеќе стотици археолошки лапитски наоѓалишта биле откриени на подрачјето на архипелагот Бизмарковиот Архипелаг, Соломонските Острови, Вануату, Нова Каледонија, Фиџи, Тонга, Самоа, Валис и Футуна.

На секој архипелаг оваа култура се адаптирала на средината и имала свој сопствен развој, сепак не губејќи го единството, На тој начин островите во Тихиот Океан задржале одредена културна хомогеност [16].

Австралија уреди

Абориџините биле исклучителни сликари, на кора на север во Северните Територии, на ткаенина и платно во централниот дел на пустината. Призната за уметност, се смета дека уметноста на австралиското домородно население е најстарата традиција позната во светот. Најстарите примери на уметничко изразување се случиле пред повеќе од 30000 години[18].

Постојат три регионални модела на уметност на австралиските Абориџини.

Цртежите и фигурите имаат свое посебно значење поврзано за митологијата на сонот и може да се сведе на форма на писмо.

Европа уреди

Античка уметност уреди

 
Детаљ од кратер, 5 век.

Иако географски се наоѓа во Африка, уметноста на Стар Египет, родена пред околу 5.000 години, е еден од главните извори на уметноста во Европа. Тоа е комбинација на стриктни правила со геометриска точност и остра перцепција на природата. Нејзините дела не биле наменети за восхит на луѓето туку биле наменети за задгробниот живот бидејќи се наоѓаат во гробовите на кралевите а подоцна се среќаваат и во оние на личности со не толку значајна општествена улога, со цел душата на починатиот да остане засекогаш жива [19]. Европската уметност исто така должи многу и на уметноста на Стара Грција. Во прво време (10 век п.н.е.), таа е мрачна и геометриска. Подоцна значително се инспирира од правилата утврдени во египетската уметност, особено во сликарството и вајарството. Околу 6 век п.н.е. настанува една вистинска уметничка револуција. Уметниците почнале да излегуваат од правилата наметнати од египетската уметност односно секој дел на некоја целина да се претстави посебно (на пример деловите на човечкото тело) под неговиот најпрепознатлив агол, по цена на тоа претставата да изгледа извештачено. Погазувајќи го ова правило, грчките уметници си дозволиле да претстават анфас на стапало на пример или пак да ја сокријат раката на објектот претставен во профил: така нивните скулптури и слики станале поприродни и не толку стереотипни [20]. Кон крајот на 6 век п.н.е грчките уметници сè уште се обични занаетчии, но нивните творби буделе интерес кај сè поголем број луѓе. Се правело споредба во заслугите на различните уметнички (занаетчиски) школи, меѓу мајсторите од различни градови. Некои од нив, како Праксител станувале мошне познати и барани. Малку подоцна се случила една друга еволуција: иако сè досега уметниците избегнувале на лицата да им даваат преголема прецизност, оттогаш почнале да ги прикажуваат поинаку, изразувајќи сентимент а со владеењето на Александар Македонски се појавила и уметноста на портретот[20] којашто уметноста на Стариот Рим ќе ја преземе и уште повеќе ќе ја усоврши.

Средновековна уметност уреди

 
Ремската катедрала е приказ на готската уметност во Западна Европа.

Средновековната уметност покрива широк збир на времиња и места, на повеќе од илјада години историја на уметност во Европа, на Близок Исток и Северна Африка. Таа опфаќа бројни движења и периоди во уметноста, регионални или национални уметности, жанрови, уметнички занаети каки и самите уметници. Историчарите на уметност ја класифицираат средновековната уметност по периоди и движења а односите меѓу овие периоди честопати се суптилни. Тие се на пример: Келтска уметност, Ранохристијанска уметност, Уметност на преселбите, Предримска уметност и Римска уметност, Готска уметност и Византиска уметност. Згора на тоа, секоја « нација » или култура од средниот век си имала свој сопствен уметнички израз и поединечно постоење, како на пример Англосаксонска уметност, Викиншка уметност или Исламската уметност во Шпанија (на пример Алхамбра). Средновековната уметност вклучува бројни техники како мозаикот и вајарствотота. Голем број уметнички дела од тој период се од доменот на религијата.

Модерна епоха уреди

 
Леонардо да Винчи, скица на човечката анатомија

За историчарите, модерна епоха – некогаш наречена и « Модерни времиња » – го опфаќа историскиот период кој почнува со крајот на средниот век. Француските историчари велат дека истата завршува со Француската револуција. Уметничката преродба обично се смета дека започнала со ренесансата во Италија во 15 век[21]. Италијанците тој период го нарекуваат кватроченто. Периодот на ренесансата се протега и низ 16 век имајќи го својот процут во повеќе европски земји. Иако обработува теми од митологијата и античката уметност, таа сепак не претставува враќање назад: има нови техники, новиот политички, социјален и научен контекст, им овозможува на уметниците да иновираат[22]. Повторно се открива и се усовршува перспективата. Се развива техниката на сликарството во масло. Додека во средниот век уметничкиот израз бил свртен кон религијата, во ренесансата центар на внимание е човекот. За првпат уметноста продира во сферата на приватното: делата не се само нарачувани од страна на моќниците на Црквата или државата; тие навлегуваат и во домовите на буржоазијата[21].

 
Идеалниот град во Урбино долго време припишувано на Пјеро дела Франческа

Обично барок се нарекува стилот кој ја наследил ренесансата на почетокот на 17 век, но овој збор бил употребен дури подоцна, од страна на авторите кои сметале дека овој стил е гротескен и кои сметале дека елементите на античката уметност не треба никогаш да се применуваат поинаку од начинот на кој истите ги применувале Грците и Римјаните [23]. Барокната архитектура станува грандиозна како во случајот со Версајската палата која била имитирана во цела Европа. Сликарството користи повеќе бои и светлина. Кај музиката од таа епоха се појавува операта. Ова движење забележало свој процут во католичката Европа во 18 век [24].

Во крајот на 18 век и почетокот на 19 век се напуштиле принципите на Класицизмот и се појавил романтизмот: уметници како Тарнер преку нивната претстава на природата ги евоцираат емоциите на човекот [25].

 
Хуан Грис, Портрет на Пикасо, 1912

Отфрлањето на традициите изродува бројни движења[26] (реализам, натурализам, импресионизам, симболизам, ...). Постои поголема комплексност во односите меѓу уметниците и купувачите на уметнички дела: Уметникот веќе не сака да се адаптира на вкусовите на неговите клиенти. Доколку тоа и го стои чувствува некој вид понижување. Но ако работи онака како што сака, изолирано, ризикува да се осуди себеси да живее во сиромаштија [27]. Наскоро некои уметници ќе почнат да се издвојуваат и да го презираат потчинувањето на вкусовите на публиката. Во 20 век се јавува јаз меѓу уметниците кои имаат успех и оние неконформистите кои ќе бидат ценети дури после нивната смрт.[27].

Модерната уметност се родила на крајот на 19 век и на почетокот на 20 век. Се појавиле сликите на Пикасо, Анри Матис, Миро, Макс Ернст и бројни движења како надреализам, улипо, нов бран. Архитекти како Френк Лојд Рајд ја напуштаат догмата на симетријата[28].

Во Франција со модерното време , сликарите полека се оттргнуваат од салоните и од прегратката на буржоазијата. Значајна улога играат големите колекционери, галериите и критичарите. Пазарот на уметнички творби се интернационализирал.

Марсел Дишан е основоположник на концептуалната уметност. Иако неговата намера била да излезе од уметноста тој покрај своја волја тој станал предводник на една нова димензија на поимање на модерното вајарство[29].

Во доменот на сликарството одлучувачки чекор бил направен во десеттите години на 20 век кога Кандински испробал еден нов вид апстрактна уметност, која повеќе не прикажувала субјекти или објекти на природниот свет, реален или имагинарен, туку само форми и бои.

Филозофија на уметноста уреди

Класични теории : естетика уреди

 
Давид на Микеланџело.

Филозофијата на уметноста е речиси постојан предмет на интересот на филозофите, уште од античко време, а како посебна дисциплина е прифатена од крајот на 19 век.[30]. За историчарот на уметноста Мишел Бле, постојат два приода на филозофијата на уметноста: од една страна, сите филозофски текстови кои уште во Стара Грција се занимавале со прашањата на естетиката (сметано од Платон до Кант); од друга страна, станува збор за дисциплина родена благодарение на Шелинг на почетокот на 19 век.

Теоријата во антиката, онаа на Платон и онаа на Аристотел во неговот дело „Поетика“, се врти околу идејата за „мимезисот“. Според Аристотел,мимезис е уметноста да се претстави реалноста; што значи, уметноста се сфаќа како претставување на реалноста и на Убавото. Тргајќи го настрана концептот на мимезисот, кај Кант се појавува првата теорија на уметноста како активност на генијот. Според неговата оригинална идеја, „генијот е вродена диспозиција на духот преку кој природата ги дава правилата на уметноста.“[31].

Во својата Филозофија на уметноста (1802-1803), Шелинг го отфрла името естетика и објавува дека само филозофијата е таа која може да развие вистинска наука за уметноста. Друго големо име во однос на филозофијата на уметноста е Хегел, кој во својата Естетика (1828-1829) покажува дека целта на таа дисциплина е Убавото и Уметноста, сфатени различно и одвоено од религијата и филозофијата.

Модерните сфаќања за уметноста уреди

Во модерниот период доминираат две поголеми струи:[32]

  • Првата, претставувана од Адорно го поставува прашањето на автономијата на уметноста, особено vis-à-vis со општеството. Теодор Адорно, наследник на мислата на Карл Маркс, заклучува дека без општеството уметноста не може да постои.
  • Втората струја е онаа на аналитичката естетика. Таа го поставува проблемот на дефиницијата на уметноста. Употребите на зборот се анализирани од Лудвиг Витгенштајн додека нејзиното функционирање како практика е проучувано од Нелсон Гудман.

Во уводниот дел на романотСликата на Доријан Греј“, Оскар Вајлд ги објаснува своите погледи на уметноста, тврдејќи дека уметникот е создавач на убавото и дека целта на уметноста е да се открива самата себе, а да го прикрие уметникот; понатаму, тој тврди дека моралитетот во уметноста постои само како совршена употреба на несовршеното средство; исто така, ниеден уметник нема етничка наклонетост, зашто таа е само манизирам на стилот; понатаму, тој тврди дека уметноста не може да биде морбидна, зашто уметникот може да изрази сè, а како материјал на уметноста се јавуваат и порокот и доблеста; најпосле, тој го изразува ставот дека уметноста е сосема бескорисна, т.е. таа постои само за да ѝ се восхитуваме.[33]

Зборувајќи за потеклото и значењето на уметноста, полскиот писател и филозоф Бруно Шулц вели дека уште во детството човекот доаѓа до одредени слики кои понатаму имаат судбоносно влијание, бидејќи во него создаваат содржини кои се предодредени и ја претставуваат програмата на духот. Овие рани слики на уметниците им ги одредуваат границите на нивното творештво, коешто претставува само дедукција од готови претпоставки. Подоцна, уметниците не откриваат ништо ново, туку само постојано го коментираат тој почетен стих што им е зададен. На тој начин, уметноста не ја открива тајната до крај. Оттука, рационализацијата на уметничкото дело е крај на забавата, осиромашување на проблематиката на делото, зашто уметноста не е крстозборка со скриен клуч кој би можела да го разреши филозофијата. Во уметничкото дело не е пресечена врската на човекот со целоста на неговата проблематика. Притоа, уметноста оперира во предморалната длабочина, во точката каде што вредноста е допрва во состојба на зародиш. Уметноста како спонтан исказ на животот и поставува задачи на етиката – а не обратно. Целта на уметноста не е само да го потврди она што донекаде веќе е воспоставено, зашто тогаш таа би била непотребна. Нејзината улога е да биде сонда спуштена во ненареченото, а уметникот е апарат кој ги регистрира процесите во длабочината, каде што се создава вредноста.[34]

Во својот есеј „Желба“ од септември 1944 година, италијанскиот писател Еуџенио Монтале вели дека уметноста треба да им служи на оние морални и материјални, економски и етички сили кои на крајот од Европа ќе создадат федерална заедница на слободни држави. Притоа, тој нагласува дека под „служи“ не мисли на потчинување, туку дека уметноста треба да стане корисна, зашто уметноста и науката, иако на прв поглед различни, на крајот се разрешуваат во едне заеднички формален, ритмички и стилистички принцип, иако е тешко теориски да се каже како се остварува тој принцип. Според него, постои уметност што се раѓа со топлината и непосредноста на документите, а дури подоцна, потомците успеваат да ја рафинираат и да го фатат нејзиниот стил. Но, постои и уметност што се раѓа запечатена, балсамирана и совршена, во која дури по многу години можеме да го познаеме човечкиот лик. Уметноста вреди онолку колку што во неа и низ неа се изразува онаа сила во нас што е поголема од нас самите.[35] Во есејот „Отворени дела“ од 1962 година, Монтале вели дека во основата на уметничкото дело се наоѓа интенцијата на уметникот, кој секогаш нешто наметнува, иако намерата не му е секогаш јасна ниту нему.[36]

Во својот романПортрет на уметникот во младоста“, ирскиот писател Џејмс Џојс ја дефинира уметноста како обид да се разбере природата на нештата и, разбирајќи ја, обид за полека, скромно и постојано изразување на сликата на убавината што сме успеале да ја разбереме. Според него, уметноста ја претставува човековата моќ да ги вообличи материјата и духот за една естетска цел.[37] Понатаму, тој ја дели уметноста на три облици што произлегуваат еден од друг: лирски облик во кој уметникот ја дава својата слика во непосреден однос кон себеси; епски облик во кој ја дава својата слика во посреден однос кон себеси и кон другите; и драмски облик во кој ја дава својата слика во непосреден однос кон другите. Притоа, лирскиот облик е наједноставен вербален израз на еден момент на емоцијата при што во тој момент уметникот е посвесен за емоцијата отколку за себе. Од лирскиот овлик произлегува епскиот облик на тој начин што уметникот размислува за себе како за центарот на еден епски настан и овој облик се развива додека центарот на емоционалната тежа не биде на еднаква оддалеченост од самиот уметник и од другите. Драмскиот облик се достигнува кога животната сила ја исполнува личноста толку многу што таа поприма посебен и недофатлив естетски живот. Тогаш, личноста на уметникот престанува да постои и станува безлична. Естестката претстава во драмскиот облик е животот пречистен во човечката фантазија повторно проектиран од неа. Тогаш, уметникот, како Бога, останува во своето дело или покрај или зад или над него, невидлив и облагороден толку многу што повеќе не постои.[38]

Во книгата „Естетичка скепса“, италијанскиот философ Џузепе Ренси тврди дека естетичкиот суд секогаш е субјективен и дека не може да тежнее кон апсолутното. Тоа произлегува оттаму што никако не може да се оспори некој кој претпочита еден автор од друг, еден композитор од друг. Според него, во уметноста не постојат вистина и заблуда, туку само вкусот на поединецот. Според философот Етјен Жилсон, човечкиот разум не може ниту да го допре процесот на уметничкото создавање, туку тој го оценува уметничкото дело отпосле, дури кога тоа е создадено, но не може да го оценува во текот на создавањето. Поради тоа, во уметноста нема никаква вредност принципот на противречноста. Наспроти науката, која се развива и во која докажаната теза ја побива спротивната, во уметноста една теза не ја укинува спротивната.[39] Слично на него, историчарот на уметноста Серџо Бетини, во современата уметност само нишка ги дели ремек-делото од грдотијата, така што за современата уметност не може корисно да се разговара.[40] Според Ален, уметничкото дело се разликува од занаетчиското дело по тоа што занаетчијата копира некој модел, знае што треба да направи и ги познава средствата што му се потребни за тоа. И уметникот поседува определена идеја, но таа е многу темна и неодредена. Кај него, појдовната точка е поттикот, а не програмата. Патем, таа идеја се преобразува и на крајот не може да се препознае. На тој начин, уметникот се познава себеси дури откако ќе го заврши уметничкото дело, наспроти занаетчијата кој може точно да ја дозира техниката и да ги предвиди крајните ефекти.[41]

Во есејот „Уметноста на претставата“ од 1957 година, Монтале тврди дека не постојат уметности, туку Уметност чиј апсолутен параметар му бега на нашето знаење, а само историски Уметноста се изразува низ уметностите.[42] Во есејот „Уметност за сите“ од 1957 година, тој вели дека прогресот не се одвива паралелно во сите уметнички подрачја, туку одделните уметности може да напредуваат по различни патишта, без никаква синхронизација. Со други зборови, тие може да се одвиваат во идеални времиња кои секогаш не одговараат на историското време.[43]

Во есејот „Бегство од времето“ од 1958 година, Еуџенио Монтале зборува за иднината на уметноста во индустриското општество. Според него, штом пронајдоците на новата уметност ќе постанат декоративни мотиви, ќе биде тешко да се распознае што е уметничко дело, а што предмет за секојдневна употреба. Поради тоа, според него, современата уметност е бегство од времето, трка кон анонимноста, а уметноста се сведува на стил со потполна рамнодушност кон содржината. Оттука, во иднината, уметноста ќе биде само сетилна, акустична, визуелна уметност, предодредена за забава, а не за размислување и дека единствената нејзина публика ќе бидат нејзините творци, уметниците.[44] Слични погледи изнесува и во есејот „Уметност за сите“ од 1957 година, во кој прогнозира дека во иднината бескрајно ќе се зголеми бројот на уметниците, зашто уметничката професија ќе биде привлечна, угледна и профитабилна. Затоа, „производството“ на уметници ќе биде сè поголемо, условено од потребата за продажба на „произведената“ стока.[36]

Според српскиот поет Јован Дучиќ, уметноста е најголемата творба на човековиот гениј, зашто за неа ниту една дефиниција не е доволно добра и точна. Исто така, на уметноста не ѝ треба толкување, зашто толкувањето не може да ја поправи уметноста. Уметноста не може да се научи, ниту да се објасне, туку може само да почувствува. Поради тоа, таа е супериорна во споредба со останатите творби на човековиот гениј. Само таа се повикува на формите на мислите кои не се општи и сечии, туку се привилегија на определени природи.[45] Според него, нема уметност без убавина, ниту уметноста и убавината можат да се разделат, зашто во спротивно, тоа би било само вештина и виртуозност, а не уметност.[46] Според него, сите уметности отсекогаш биле во служба на религијата. Понатаму, сè што се случувало во уметноста низ вековите било во тесна врска со другите нешта во животот. Уметничката смисла често се развивала без ред, но секогаш била поврзана со општествените појави, а најмногу со моралните промени. Притоа, во уметноста постојат разни форми на убавина (чудно, ново, мисловно, возвишено, необично, порнографско, аморално, итн.) и сето тоа предизвикувало недорабирање меѓу уметниците и нивните современици, особено кога уметниците биле над општеството или кога општеството било културно и морално над уметниците.[47] Понатаму, Дучиќ смета дека развојот на уметноста се одвива постепено, рамномерно и логично[48] така што постојат нови уметници, но нема нови уметности. Секој уметник кој е персонален, тој претставува посебен и нов случај, т.е. нов е само оној уметник кој е израз на самиот себе, независно од претходниците, но и од современиците. Секое уметничко движење има еден голем протагонист и главен иницијатор, кој започнува, изразува сè и сè довршува. Уметничките школи што се создаваат околу таквиот протагонист се само засолниште на бедни епигони.[49] Тој смета дека целата историја на уметноста е историја на развојот на општиот, колективен вкус, т.е. само приказна за тоа што културните луѓе го сметале за убаво во разни периоди.[50]

Во есејот „Архитектонскиот принцип“, македонскиот поет Блаже Конески пишува за длабоката врска меѓу науката и уметноста која ја воспоставува архитектонскиот принцип, а тој може да се пронајде во областа на композицијата на уметничкото дело.Во тој поглед, Конески ја сфаќа уметноста како начин на артикулирање на хаосот кој ги напаѓа сите наши сетила, а преку нив и нашето битие, при што уметноста ја штити нашата личност од безобличноста. Од друга страна, науката ја остварува нашата потреба да воспоставиме поредок во светот на појавите и ги открива причинските врски. Токму во овој напор за средување голема улога има чувството за композиција, која пак ја претставува суштината на уметничкото дело. Притоа, науката ни помага да сфатиме дека композицијата во творечкиот процес не значи само примерно подредување на деловите, туку таа врши и откривачка улога. Композициониот пристап ги доведува една до друга разните појави кои инаку не би асоцирале една на друга.[51]

Според Борис Пастернак, уметноста не е област која опфаќа мноштво поими и разгранети појави; напротив, таа е нешто тесно и концентрирано, обележје на начелото кое влегува во состав на уметничкото дело; уметноста не е предмет или форма, туку пред сè таинствен и приркиен дел на содржината. Уметничките дела говорат со своите елементи: темите, ситуациите, сижеата, јунаците. Но, уште повеќе, тие говорат со уметноста која е присутна во нив. Првобитната уметноста, египетската, грчката, современата, тоа е секогаш истата уметност која во текот на илјадници години останува единствена. Тоа е некаква мисла за животот која не може да се разложи на одделни зборови и се манифестира како бит, основата и душата на делото. Притоа, за разлика од науката, каде напредокот се прави според законот на одбивањето, т.е. со негација на заблудите и лажните теории, напредокот во уметноста се одвива според законот на привлечноста, односно со подражавањето, следењето и обожавањето на претходниците.[52]

Убави уметности уреди

 
Балет.

Шарл Бато во 1746 година го создал изразот „убави уметности“ (Француски: Beaux Arts) во кои, според него, припаѓаат танцот, флорикултурата, вајарството, музиката, сликарството и поезијата, а подоцна кон нив ги додал архитектурата и елокванцијата. Подоцна, овој список претрпел повеќе измени бидејќи разни автори додавале или одземале одредени елементи. Италијанскиот филмски теоретичар Рикото Канудо во 1911 филмот ќе го нарекол седма уметност. Денес, за убави уметности се сметаат следниве активности:

Некои овој список го прошируваат со телевизијата, модата, рекламата или видео игри.

Дисциплини во уметноста уреди

Креативните вештини, односно уметности, често се поделени во повеќе конкретни категории, како н пример декоративни уметности, визуелни уметности, изведувачките уметности и книжевност. Така, сликарството е форма на визуелна уметност додека поезијата е форма на книжевност. Некои примери се следниве:

Визуелни уметности уреди

 
Пример за калиграфија на латински на Библија која датира од 1407.
 
Квартет за флејта (1777), од Волфганг Амадеус Моцарт.
 
Ѕвездено небо (1889), од Винсент Ван Гог.

Сценски уметности уреди

Музички уметности уреди

Книжевни уметности уреди

Уметнички техники уреди

 
Јохан Себастијан Бах, кој се смета за голем мајстор на контрапунктот.

Музика уреди

  • Хармонија: наука за формирање на акордите (групи на звуци) и сугерира како да се комбинираат на врамнотежен начин за поттик на релаксирачки сензации (согласната хармонија) или тензија (дисонантна хармонија).
  • Контрапункт: техника која се користи за да се компонира полифонична музика со поврзувањето на две или повеќе мелодии кои се слушаат истовремено.
  • Хомофонија и Монодија: е музичка текстура каде две или повеќе музички дела се движат истовремено од хармонична гледна точка. Тоа е во спротивност со полифонијата каде делата се во ритмичка и мелодиска независност и каде ниеден дел не е доминантен.
  • Полифонија: се смета за збир на истовремени звуци во кои секој изразува музичка идеја, задржувајќи ја својата независност, и со другите формирајќи една хармонична целина.
  • Орнаментика

Цртање уреди

  • Јагленот: е еден од најстарите материјали за цртање што се користи уште од праисторијата. Се добива од врбови гранчиња печени на ниска температура. Јагленот е идеален за скици. Ронлив е и лесно се брише.
  • Молив е графит вметната во цевче од дрво или метал. Тој е темен, остар и лесно се избрише - идеален за цртање. Потекнува од Италија во 15 век.
  • Четка: погодна за цртање, е составена од дрвена дршка и влакна на различни животни, особено свиња самур верверица и други. Се користи со мастило, со вода со желатин и одоранти како камфор или мошус. Идеална е за да се потенцираат и нагласуваат светлите подрачја.
  • Перото е едно од најстарите и идеални техники за цртање, како и за пишување. Се исработува од изострени прачки од трска или од пердуви од животни, особено од гуска. Мастилото се аплицира на хартија или на пергамент.
  • Метална дршка (stilum): метална дршка од (олово, калај, сребро) се користела уште од римско време за цртање на хартија, пергамент или на дрво.
  • Сангвина е вид на црвен кармин што се добива од глина, и со кој се прави цртеж со карактеристична црвеникава боја. Бил модерен во Италија за време на ренесансата.
  • Кредата е калциум сулфат што се користи од цртање уште во ренесансата како материјал за цртање или како пигмент за добивање темпера.

Сликарство уреди

 
Сликарска палета (бои во масло).
  • Акрилик: понова сликарска техника со синтетичка смола на која пред употреба ѝ се додава вода.
  • Акварел: техника на сликање со боја разредена во вода. Оваа техника била позната и во Стар Египет но поголема нејзина примена е во текот на XVIII и XIX век.
  • Гваш: техника слична на акварелот. За разлика од акварелот оваа техника е со погусти бои помешани со вода и во неа се применува бела боја за да се осветлат боите кои се непроѕирни.
  • Енкаустика: стара техника на сликање со употреба на боје која се меша со растопен восок.
  • Фреска: слика на ѕид со бои разредени во вода изведена врз подлога од свеж малтер во кој се впиваат боите. Оваа техника била позната уште во античко време.
  • Лака
  • Минијатура
  • Масло: техника која се состои во разредување на боите со разредувач врз основа на масло.
  • Пастел: мешавина на обоен прав (пигменти) и масло.
  • Темпера: боја растворлива во вода чии пигменти се врзани со јајце.
  • Мешани техники:

Вајарство уреди

 
Керамика од династијата Минг (14-15 век).

Графика уреди

  • Бакрорез: е графичка техника на метална плоча (матрица) од бакар и цинк.
  • Акватинта: техника на метални плочки покриени со смола, чија површина се премачкува со мастило. Се добива слика слична на акварел. Техниката се појавила во 18 век.
  • Линорез: графичка техника слична на ксилографија. Се користи линолеум.
  • Литографија:
  • Сериграфија: графичка техника измислена во Кина.
  • Ксилографија:

Целта на уметноста уреди

 
Ќилим Навахо од околу 1880

Уметноста имала голем број најразлични функции во текот на историјата. Нејзината цел е тешко да се определи или да се сведе на еден единствен концепт. Според Клод Леви-Строс, различните цели на уметноста можат да се групираат согласно тоа дали се мотивирани или немотивирани.

Немотивирани цели на уметноста уреди

Немотивираните цели на уметноста се оние кои се составен дел од самото човечко битие и не се во насока на исполнување на некои други специфични надворешни цели.

  1. Основен човечки инстинкт за хармонија, рамнотежа, ритам.

    "Имитација, тогаш е инстинкт на нашата природа. Потоа, тука е инстинктот за хармонија и ритам. Луѓето почнувајќи од оваа природна дарба постепено развиле свои посебни склоности, сè додека нивните груби импровизации не ја изродиле Поетиката." -Аристотел[53]

  1. Искуство на мистериозното..

    "Најубавото нешто што можеме да го искусиме е мистериозното. Тоа е изворот на секоја вистинска уметност и наука." –Алберт Ајнштајн [54]

  1. Израз на фантазијата. Уметноста е начин да се изрази фантазијата на невербални начини кои не се врзани за формалноста на говорниот или пишан јазик. За разлика од зборот, кој се наоѓа во реченица и има определено значење, уметноста нуди палета од форми, симболи и идеи со најразновидни значења.

    "Јупитеровиот орел [како пример за уметност] не е, како логичките (естетски) атрибути на предмет, концепт на возвишеност и величественост на создавањето, туку нешто друго – нешто што ѝ дава на фантазијата поттик да го прошири летот над цела низа сродни претстави што предизвикува повеќе мисли од оние што ги дозволува изразот во некој концепт определен со зборовите. Тие даваат естетка идеја, која ѝ служи на надрационалната идеја како замена за логичката презентација, но со своја сопствена функција - анимирање на умот со негово отворање кон поле на сродни претстави проширени вон границите на сфаќањето." –Имануел Кант[55]

  1. Универзална комуникација.
  1. Ритуална и симболичка функција. Во многу култури уметноста е користена во ритуали, перформанси и танцови како декорација или симбол.

Мотивирани цели на уметноста уреди

Мотивираните цели на уметноста се свесни и намерни активности изведени од страна на уметникот или креативецот. Тие можат да бидат со намера да донесат некаква социјално-политичка промена, да коментираат некаков аспект во општеството, да изразат одредена емоција или расположение, да искажат одредена лична психологија, да отсликаат некоја друга дисциплина, да помогнат во продажба на одредени стоки и производи (комерцијални уметности) или или нешто да искомуницираат.

  1. Комуникација. Уметноста, најпросто кажано, е облик на комуникација. Со самото тоа што повеќето облици на комуникација имаат намера или цел да пренесат порака кон друг поединец, ова е мотивирана цел. Илустривните уметности, како научната илустрација се облик на уметносст како комуникација. Сепак, содржината не мора да е само научна. Преку уметноста се комуницираат и емоции, расположенијаа и чувства.

    "Уметноста е збир артефакти или слики со ссимболични значења како средства за комуникација." –Стив Митхен[56]

  1. Уметноста како забава. Уметноста може да има цел да поттикне одредено расположение кај оној што ја прима. Оваа цел и функција е присутна во уметноста на филмот и видео игрите.
  1. Авангарда. Уметност за политичка промена. Една од целите на уметноста, особено во раниот 20 век, е да користи визуелни слики заради политичка промена. Уметничките движења кои ја имаат оваа цел – Дадаизам, Надреализам, Руски конструктивизам и Апстрактниот експресионизам и др. – се нарекуваат уметности на авангарда.
  1. Уметност со психолошки и терапевтски цели. Уметноста се користи и од страна на уметничките терапевти, психотерапевти и психолози како уметничка терапија. Цртањето на пример се користи за да се определи личноста или емоционалното функционирање на пациентите (дијагностика). Уметничкото дело исто така може да се користи како соодветна психијатриска терапија за надминување на некакви пречки или потешкотии.
  1. Уметност со општествени цели, субверзија или анархија. Иако слична на уметноста за политичка промена, ссубверзивната или деконструктивистичка уметност може да поставува прашања за аспектот на општеството без некакви определени политички цели. Во овој случај целта на уметноста не е промена туку проста критика на некои аспекти на општеството.


  1. Уметност за пропаганда, или комерцијализација. Уметноста често се користи како облик на пропаганда, заради остварување влијание врз сфаќањата или расположенијата на масите. Воедно цел на уметноста може да биде и стимулација на продажба на одреден производ. Целта на уметноста во овие случаи е суптилно да манипулира со гледачот кој емоционално или психолошки одговара на одредена идеја или предмет.[57]

Поврзано уреди

Корисна литература уреди

  • Аристотел: „Метафизика“
  • Платон: „Теорија на форми“
  • Карл Густав Јунг: „Човек и неговите симболи“
  • (француски) Michel Blay; и др. (2008). Dictionnaire des concepts philosophiques. Paris: Larousse / CNRS. стр. 879. ISBN 978-2-03-583957-2. Blay2008. Напосредна употреба на al. во: |author= (help)
  • (француски) Umberto Eco et Girolamo de Michele (2004). Histoire de la Beauté. Paris: Flammarion. стр. 438. ISBN 2-08-068711-5. Eco2004.

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. Cf. Louis-Abel Fontenai de Bonafous, abbé de Fontenay (1736-1806), Dictionnaire des artistes. Notice historique et raisonnée des architectes, peintres, graveurs, sculpteurs, musiciens, acteurs & danseurs ; imprimeurs, horlogers & méchaniciens, Paris, 1776 (en ligne tome 1 tome 2) : repr. Genève, 1972.
  2. 2,0 2,1 2,2 Voir, par exemple, le texte de Jacqueline Liechtenstein, « Le parallèle des arts », dans La Peinture, op.cit., p. 385-388 ; ou bien Dominique Chateau, « Art » Архивирано на 29 јуни 2007 г. et Jacqueline Liechtenstein, « La comparaison des arts » Архивирано на 18 април 2008 г., dans Vocabulaire européen des philosophies : dictionnaire des intraduisibles, dir. Barbara Cassin, Seuil, Dictionnaires le Robert, 2004 ISBN 2-02-030730-8 (extraits en ligne Архивирано на 22 јануари 2008 г.).
  3. Nathalie Heinich, Être artiste : les transformations du statut des peintres et des sculpteurs, Paris, 2005 (Предлошка:1re éd. 1996) (50 questions) ISBN 2-252-03532-3.
  4. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 139.
  5. 5,0 5,1 Lalande 1992
  6. Michel Blay et al. 2008, стр. 51
  7. Eco 2004, стр. 8-14
  8. 8,0 8,1 Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 146.
  9. Claude Roy, L’Art à la source. Arts premiers, arts sauvages, Folio, Paris, 1992, p.143.
  10. 10,0 10,1 Gombrich 2001, стр. 39-53
  11. 11,0 11,1 11,2 (Afrique-annuaire.com 2009)
  12. Dak'Art
  13. (англиски) Susan Milbrath, A study of Olmec sculptural chronology, éd. Dumbarton Oaks, 1979, p. 20
  14. (англиски) Robert J. Sharer et Loa P. Traxler, The ancient Maya, éd. Stanford University Press, 2006, p. 155
  15. (англиски) Elin C. Danien et Robert J. Sharer, New theories on the ancient Maya, éd. UPenn Museum of Archaeology, 1992, p. 131
  16. 16,0 16,1 16,2 article art d'Océanie Архивирано на 20 јули 2008 г., Encyclopédie Encarta, consulté en avril 2009.
  17. (англиски) John Onians, Atlas of world art, éd. Laurence King Publishing, 2004, p. 51
  18. 18,0 18,1 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-04-16. Посетено на 2011-11-08.
  19. Gombrich 2001, стр. 55-73
  20. 20,0 20,1 Gombrich 2001, стр. 75-97
  21. 21,0 21,1 Gombrich 2001, стр. 247-267
  22. Gombrich 2001, стр. 287
  23. Gombrich 2001, стр. 387-390
  24. Gombrich 2001, стр. 457
  25. Gombrich 2001, стр. 475-497
  26. Gombrich 2001, стр. 557
  27. 27,0 27,1 Gombrich 2001, стр. 501-503
  28. Gombrich 2001, стр. 558
  29. Arthur Danto, The Transfiguration of the Commonplace, 1981 ; trad. fr. La transfiguration du banal : une philosophie de l'art, Paris, Ed. du Seuil, 1989 ISBN 978-2-02-010463-0.
  30. Michel Blay, Dictionnaire des concepts philosophiques, Larousse, CNRS éditions, 2006, ISBN 2-03-582657-8,  50.
  31. Kant Предлошка:Rom-maj, Critique de la faculté de jugement, § 46
  32. Michel Blay, Dictionnaire des concepts philosophiques, Larousse, CNRS éditions, 2006, ISBN 2-03-582657-8, Предлошка:Pp.50-53.
  33. Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 5-6.
  34. „Писмо до Стањислав Игнаци Виткјевич“, во: Бруно Шулц, Митизација на реалноста. Скопје: Бегемот, 2015, стр. 118-125.
  35. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 81.
  36. 36,0 36,1 Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 123.
  37. Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 215-216.
  38. Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 223-224.
  39. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 116-117.
  40. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 118-119.
  41. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 108-109.
  42. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 100.
  43. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 129.
  44. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 113-114.
  45. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 271-272.
  46. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 284.
  47. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 281.
  48. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 277.
  49. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 279.
  50. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 275.
  51. Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 195-199.
  52. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 40 и 43.
  53. Aristotle. The Poetics, Republic. Белешка: Иако тука главно се зборува за поезијата, Старите Грци честопати за уметностите зборувале обопштено. http://www.authorama.com/the-poetics-2.html
  54. Einstein, Albert. The World as I See It. http://www.aip.org/history/einstein/essay.htm Архивирано на 8 јуни 2008 г.
  55. Immanuel Kant, Critique of Aesthetic Judgement (1790).
  56. Steve Mithen. The Prehistory of the Mind: The Cognitive Origins of Art, Religion and Science. 1999
  57. Ролан Барт, Митологии
  Статијата „Уметност“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).


Грешка во наводот: Има ознаки <ref> за група именувана како „note“, но нема соодветна ознака <references group="note"/>.