Леонард Норман Коен (англиски: Leonard Norman Cohen; Вестмаунт, Монтреал, Квебек 21 септември 1934Лос Анџелес, Калифорнија, 7 ноември 2016) — канадски кант-автор, поет и романсиер. Коен ја објавува својата прва збирка поезија во Монтреал во 1956, а својот прв роман во 1963 година.

Леонард Коен
Коен во 2008.
Коен во 2008.
Основни податоци
Родено имеЛеонард Норман Коен
Роден(а)21 септември 1934
Потекло Монтреал, Квебек, Канада
Починал(а)7 ноември 2016
Жанр(ови)фолк, поп
Занимање/њапејач-текстописец, поет, романсиер
Години на активност1956
Продукциска куќа/ќиColumbia Records

Раните песни на Леонард Коен (најголем дел од кои се дел од албумот Songs of Leonard Cohen од 1968) се под влијание на европските фолклорни мелодии и инструментации, и се испеани со специфичен висок баритонски глас. 1970-тите се период во кој неговата музика ќе остави длабок печат врз развитокот на попот, кабаретскиот стил и светската музика, притоа останувајќи исклучително оригинална и некомерцијална. Од 1980-тите до денес, Леонард Коен во интерпретацијата на своите песни користи многу подлабок бас-баритон глас, најчесто придружен од синтисајзер и женски вокален хор.

Неговото творештво најчесто ја истражува религијата, осаменоста, сексуалноста, како и сложените меѓучовечки односи.

Коеновата музика и поезија има влијаено врз многу уметници и повеќе од илјада препеви и преработки на неговото творештво се досега забележани. Член е на Куќата на славните канадски музичари, како и на Куќата на славните канадски текстописци; носител е и на медалот Редот на Канада, највисокото признание што може да го добие еден канаѓанин. На 10 март 2008 година, Леонард Коен беше примен во Куќата на славата на рокенролот поради неговиот статус на "најголем и највлијателен во ешалонот на текстописците." [1]

Во 2023 година, Ролинг Стоун го рангирало на 103-то место на нивниот список од „200 најдобри пејачи на сите времиња“.[2]

Животопис

уреди

Ран живот

уреди

Коен се родил во среднокласно еврејски семејство од полско-литванско потекло во 1934 година во Монтреал, Квебек.[3][4] Расте во Вестмаунт на Островот Монтреал. Неговиот татко, Нејтан Коен, умира кога Коен ќе наполни девет години. Како и многу други Евреи што ги носат презимињата Коен, Кац, Каган, итн., неговото смејство јавно се гордеело со своето коенско потекло: "Имав детство налик на некој месија," Коен ќе рече во 1967 година. "Ми беше кажано дека сум потомок на Аарон, првосвштеникот."[5][6] Како тинејџер научува да свири на гитара, по што формира кантри-фолк група наречена Buckskin Boys. Тестаментот на татко му ќе му овозможи скромна парична заработка, која сепак ќе биде доволна тој да продолжи да ги негува своите литературни амбиции.

Развивање како Поет

уреди

Во 1951, Коен се запишува на Универзитетот Мекгил, каде бил претседател на Дебатниот Клуб. Неговата прва збирка поезија, Let Us Compare Mythologies (1956) била издадена како прва книга во циклусот поезија на Мекгил, уште додека Коен бил студент.[7] Неговата втора книга The Spice-Box of Earth (1961) го воспоставува неговиот статус во канадските поетски кругови.

Коен се придржува на многу строга работна етика во неговиот ран период. Пишува поезија и проза во текот на 1960-тите и живее во квазиизолирани предели. По преселувањето на грчкиот остров Хидра, Коен ја објавува својата следна книга поезија - Flowers For Hitler (1964), како и романите The Favourite Game (1963) и Beautiful Losers (1966). The Favourite Game е автобиографски oбразовен роман за еден млад човек кој причината за живеење ја бара во пишувањето.

Одразувајќи ги квебечките корени на Коен, веројатно чудно за некој со еврејско потекло, второстепената фабула на Прекрасните губитници ја раскажува приказната за Катери Текаквита, римокатолички мистик со ирокешко потекло. Прекрасни губитници во мигот на издавањето ги шокирала канадските критичари поради својата експлицитна сексуална содржина.

Музика

уреди

1960-ти и 1970-ти

уреди

Во 1967 година, Коен се сели во САД со цел да развие кариера во музичкиот свет.[8] Неговата песна "Suzanne" станува хит за Џуди Колинс. После настапите на неколку фестивали, тој го привлекува вниманието на продуцентот од Columbia Records Џон Х. Хамонд (кој веќе има потпишано договори со музичари од типот на Боб Дилан, Брус Спрингстин и Били Холидеј).[9]

Звукот на првиот албум на Леонард Коен Songs of Leonard Cohen (1967) бил премногу мрачен за да биде комерцијален успех,[10] но бил многу добро прифатен од страна на фолк-критичарите. Станува култен во Велика Британија, каде повеќе од една година останува на музичките листи.[11][11] По него следат Songs from a Room (1969) (на кој се наоѓа често преработуваната "Bird on the Wire"), Songs of Love and Hate (1971), Live Songs (1973) и New Skin for the Old Ceremony (1974).

Во 1971, музиката на Коен ќе биде употребена како саундтрак на филмот McCabe & Mrs. Miller на Роберт Алтман. Иако извлечени од веќе постоечкиот Коенов творечки каталог, песните толку длабоко се поврзани со тематиката на филмот што многумина веруваат дека се напишани специјално за него.

Во текот на доцните 1960-ти и раните 1970-ти, Коен има турнеи низ САД, Канада и Европа. Во 1973, Коен има турнеја и во Израел и изведува дел од својот опус во воените бази за време на Јомкипурската војна.[12] Во 1974 година започнува неговата соработка со пијанистот/аранжер Џон Лисој во текот на која концертите на Коен стануваат совршен спој на мелодија и инспирациона изведба, многу добро прифатен од критичарите, но никогаш неснимен на плоча. Во овој период, Коен често бил на турнеја со Џенифер Ворнс како придружен вокал. Ворнс со време станува редовна на концертите на Коен, а во 1987 година и самата ќе издаде албум со преработка на негови песни Famous Blue Raincoat.

Во 1977, Коен го издава Death of a Ladies' Man. Албумот бил во продукција на Фил Спектор, познат по пронаоѓањето на "wall of sound" техниката, во која поп-музиката се напојува со густи слоеви инструментализација, пристап многу различен од минималистичката присутност на мелодии во раната кариера на Коен. Снимањето на албумот било преплавено со проблеми; според гласините, Спектор ја средувал музиката на тајни сесии, а според Коен, во еден момент Спектор му припил пиштол до челото и му рекол Те сакам, Леонард, на што поетот одговорил Се надевам дека е така, Фил. Коен мисли дека конечниот резултат е „гротескнен“,[13] и "половично виртуозен".[14]

Во 1979, Коен се враќа со потрадиционалниот Recent Songs.[15] Продуциран од самиот Коен и Хенри Луи (инженерот за звук на Џони Мичел), албумот вклучува изведби на џез-оркестар, со кој Коен бил запознаен преку Мичел, и ориентални инструменти (уд, циганска виолина и мандолина).

1980-ти

уреди

Во 1984, Коен го издава Various Positions, длабоко спиритуален албум, на кој е сместена многу често преработуваната "Алелуја". Колумбија одбива да го издаде албумот во САД, каде популарноста на Коен му опаѓа во последните години. (Во текот на неговата кариера, Коеновата музика секогаш ќе биде подобро примена во Европа и Канада, отколку во САД; еднаш тој сатирично изјавил дека е импресиониран од скромноста што американската компанија ја покажува при промовирањето на неговите албуми на нејзино тло.)

Во 1986 се појавува како гостин во епизодата French Twist на телевизиската серија Пороците на Мајами. Следната година, албумот на Џенифер Ворнс Famous Blue Raincoat, издаден во чест на Коен, ќе му ја возобнови популарноста на амариканска почва, а веќе следната година, тој ќе го издаде I'm Your Man, албум кој ќе означи драстична промена во неговиот стил. Синтисајзерот е главен инструмент на овој албум а текстовите на песните се социјално ангажирани и содржат мрачен, црн хумор. Ова е најдобро прифатениот и најпопуларниот меѓу албумите на Коен по Songs of Leonard Cohen, а First We Take Manhattan и насловната нумера ќе станат големи хитови поврзани со неговото име.

1990-ти

уреди

Употребата на песната "Everybody Knows" (која Коен ја пишува заедно со Шерон Робинсон) во филмот од 1990 година Попушти го гласот ја приближува музиката на Леонард кон младата популација. Две години подоцна, Коен го издава The Future, кој се обидува да го доближи (најчесто во вид на библиски пророштва) кошмарниот апокалиптичен крај за да се претвори во социјална критика на денешните општества. Три песни од албумот - Waiting for the Miracle, The Future и Anthem ќе бидат дел од контроверзниот и насилен филм Natural Born Killers.

Во насловната песна, Коеновите пророштва предвидуваат политички и социјален колапс: "I've seen the future, brother: It is murder." („Ја видов иднината, брате: убиствена е.“) Во Демократија, Коен ја критикува Америка, особено незаинтересираноста на нејзината јавност за светското страдање и зависноста од телевизијата ("I'm neither left or right/ I'm just staying home tonight/ getting lost in that hopeless little screen." - „Не одам ниту лево, ниту десно/ останувам дома вечерва/ за да се изгубам во тој безнадежен малечок екран.“), иако покажува и извесна наклоност кон неа: "I love the country but I can't stand the scene." („Ја сакам земјата, но не можам да го поднесам погледот.“)

Филмот на Нани Морети "Caro Diario" (1993) ја вклучува песната "I'm Your Man", во мигот кога самиот Морети се вози на веспа низ улиците на Рим.

Следната година, по крајот на турнејата за промоција на Иднината, Коен се повлекува во зен центарот Mount Baldy Архивирано на 28 септември 2007 г. сместен во близина на Лос Анџелес, и го започнува процесот на петгодишна изолираност.[16] По две години, тој го зема своето дарма име Jikhan, што значи тишина. Заминува од Маунт Балди во 1999 година.

2000-ти

уреди

Во 2001, Коен се враќа во музичкиот свет со албумот Ten New Songs, каде се забележува влијанието на Шерон Робинсон. Со овој албум, Коен го напушта екстровертниот и политички ангажиран стил застапен во The Future (единствената песна на овој албум што има некое социјално значење, “The Land of Plenty,” е претставена во вид на копнежлива и беспомошна молитва) за да ги започни оплакувањето на сите видови на лична загуба и можноста таа да се случи: блискоста на смртта и заминувањето на љубената, немоќното соочување со крајот на романтичната и божествена љубов. Десет нови песни' содржи кохерентен музички стил (веројатно отсутен од Коеновите албуми од времето на Recent Songs). Иако содржински можеби не е најтажен меѓу неговите албуми, сигурно може да се смета за најмеланхоличен.

Во октомври 2004, Коен го издава Dear Heather, во основа соработка со џез-пејачката (и моментална парнерка на Коен) Анјани Томас и Шерон Робинсон, која пее на три песни (вклучувајќи и еден дует). Светол, можеби исто толку колку што претходниот е мрачен, Dear Heather ја прикажува промената во расположението на Коен - во многу интервјуа, тој има речено дека неговата депресија се има намалено во последниве години, според него, како резултат на невролошкиот процес на стареење. Dear Heather е веројатно неговиот најмалку кохерентен албум, но истовремено и најекспериментален и најразигран, поради што стилот на неколку песни на него (а особено на насловната) ќе биде фрустрирачки за неговите обожаватели. Во интервјуто што го има по примањето во Канадската Куќа на славни музичари Коен ќе рече дека албумот претставува само бележник, своевидна музичка збирка на низа мотиви и теми, чија албумска доработка требало да следи набрзо, но била забавена поради судската парница што тој ја има со својот менаџер.

На 8 октомври 2005 година, Коен ќе објави дека неговата долгогодишна менаџерка, Кели Линч, проневерила преку $5 милиони од пензискиот фонд на Коен, заедно со правата за издавање на неговите песни,[17] што го оставило него со буџет од само $150,000. Во март 2006, Коен го добива процесот и е награден со $9 милиони од страна на Врховниот Суд на Лос Анџелес. Линч сепак нема да ја прифати оваа одлука и нема да одговори на судската покана за распит на нејзините финансиски извештаи.[18] Како резултат на ова, изгледа дека Коен никогаш нема да ги собере парите [19]. Коен има нов менаџер од април 2005 година.

Blue Alert, албум со песни напишани од Анјани и Коен бил пуштен во продажба на 23 мај 2006 и бил многу добро прифатен од критичарите. На албумот пее Анјани, која според еден рецензент "звучи како Коен реинкарниран во жена. . . . иако Коен не пее ниту нота на албумот, неговиот глас пенетрира како чад."[20] Албумот вклучува и неодамнешна музичка преработка на "As the mist leaves no scar," песна за првпат објавена во The Spice-Box of Earth во 1961 година и адаптирана од Спектор во "True Love Leaves No Traces" на Death of a Ladies' Man.

Новата илустрирана поетска книга на Леонард Коен, Книга на Копнежот, е издадена во мај 2006 година; во март, една продавница во Торонто на интернет, ќе понуди потпишани копии од книгата за првите 1500 купувачи, по што таа ќе се распродаде во тек на неколку часови. Книгата набрзина станува бест-селер во Канада. На 13 мај 2006, Коен за првпат се појавува во јавност по период од 13 годишна изолација, во една книжарница во Торонто. Околу 3000 луѓе се појавуваат на настанот, поради што блиските улици се затворени. Коен пее две од неговите најрани и најпознати песни: "So Long, Marianne" и "Hey, That's No Way To Say Goodbye", во придружба на Barenaked Ladies и Рон Сексмит. Со него се појавува и Анјани, која го промовира својот прв албум.[21] Неговиот нов албум бил најавен за 2007 година, а веста за првата негова турнеја по пауза од 13 години сѐ уште била непотврдена.

Семеен живот

уреди

Во 1960-тите, во текот на својот престој на Хидра, Коен се спријателува со скандинавските романописци Ексл Јенсен и Гјерен Тунстрем. Таму живее со сопругата на Ексл - Мериен Јенсен (сега: Илен Штанг). Песната "So Long, Marianne" ѝ е посветена нејзе. Долго време се мисли дека ликот на Лоренцо во драмата Јоаким на Ексл (1961) е заснован на Коен, но Јенсен ќе рече дека всушност е инспириран од Тунстрем.

Според биографот и филмограф Хери Рески, Коен бил свршен еднаш, со уметничката од Лос Анџелес Сузен Елрод, и иако двајцата имале цврста врска и во 1970-тите според самит Коен, неговиот 'кукавичлук' и 'страв' ја спречил евентуалната венчавка [1] Архивирано на 12 јануари 2013 г. [2]. Има две деца со Елрод: син, Адам, роден во 1972 и ќерка, Лорка, крстена според поетот Федерико Гарсија Лорка, родена две години подоцна. Адам Коен има започнато сопствена музичка кариера и бил член на групата The Low Millions. Елрод бил фотографот кој го има сликано Коен за опаковката на Live Songs и била прикажана на омотот на Death of a Ladies' Man.

Коен и Елрод се разделуваат во 1979. Спротивно на јавното мислење, "Suzanne", една од неговите најпознати песни, се однесува на Сузен Вердал, поранешната жена на неговиот пријател, квебечкиот вајар Арман Вејанкур, а не на Елрод. Во 1990, Коен бил во романтична врска со глумицата Ребека де Морнеј. Негова партнерка и постојана соработничка била Анјани Томас.

Титули и почести

уреди
  • Во 1968, Коен ја одбива Наградата на Главниот Гувернер (во категорија за поезија или драма на англиски јазик) за Избраните песни 1956-1968.
  • Во 1991, Коен бил вклучен во Куќата на славни канадски музичари.
  • Во 1993, Коен ја добива наградата Јуно за најдобар машки вокал на годината.
  • Во 1994, Коен добива уште една награда Јуно за најдобар текстописец.
  • Во 1996, добива орден на будистички свештеник.
  • Во 2003, станува носител на медалот Редот на Канада, највисокот признание што може да го добие еден канаѓанин.
  • Во 2004, Прекрасни губитници бил избран за вклучување во изборот Канада чита 2005. Требало да биде промовирана од Руфус Вејнрајт; сепак, поради обврските на неговата престојна турнеја, Вејнрајт бил заменет со пејачката Моли Џонсон.
  • Во 2006, Коен бил вклучен во Куќата на славни канадски текстописци.

Дискографија

уреди

Сите албуми се издадени од Columbia Records.

Студиски албуми

уреди

Албуми во живо

уреди

Компилации

уреди

Книги

уреди

Филм

уреди

Леонард Коен бил повод за документарниот филм од 1965 година „Дами и господа... Господин Леонард Коен“, режиран од Доналд Бритејн и Дон Овен и продуциран од Националната филмска куќа на Канада.[24] Неговата песна „Јас сум твојот човек“ била инспирација за истоимениот краток анимиран филм од 1996 година.[25] Понатаму, филмот „Омилената игра“ (Le Jeu de l'ange) од 2003 година е заснован на Коеновиот истоимен роман. На 21 јуни 2006 година, во Канада бил премирно прикажан документарниот филм „Леонард Коен: Јас сум твојот човек“.[26] Филмот претставува снимка на концертот од 2005 година „Дојдов толку далеку во име на Убавината“, одржан во Сиднејската опера, во чест на Коен. Во филмот, режиран од Лиан Лунсон, се појавуваат бројни познати личности, како: Ник Кејв, Бет Ортон, Руфус и Марта Вејрајт. Филмот го вклучува и Коен кој раскажува за важните настани од својот живот, а во него е снимена и изведбата на „Tower of Song“ од страна на Коен и U2.

Коеновите „Master Song“, „Sisters of Mercy“, „So Long“, „Marianne“ и „Suzanne“ може да се слушнат во филмот на Рајнер Вернер Фасбиндер „Внимавај на светата блудница“ (Warnung vor einer heiligen Nutte) од 1971 година, додека песните „Lover, Lover, Lover“ и „Why Don't You Try“ се појавуваат во неговиот филм од 1975 година „Страв од стравот“ (Angst vor der Angst). Музиката на Леонард Коен се појавува на многу места и во филмот на Вернер ХерцогФатаморгана“.

Коен исто така бил и раскажувач во документарниот филм „Тибетската книга на мртвите: начин на живот“.

Коен во популарната култура

уреди

Леонард Коен е често споменуван во дела од сите области на уметноста. Имињата на голем број групи или песни се инспирирани од неговото творештво. Меѓу најпознатите и најзначајни примери се издвојуваат:

  • Во песната "Pennyroyal Tea" на Нирвана, Курт Кобејн пее Give me a Leonard Cohen afterworld/ So I can sigh eternally (Дај ми задгробен живот на Леонард Коен/ за да можам вечно да воздивнувам).
  • Во "Rainy Night House" Џони Мичел ја прикажува нејзината посета на куќата на Коеновата мајка.
  • Во романот Мандолината на капетан Корели од Луј де Берниер, еден канадски поет и пејач живее на островот Кефалонија (не Хидра, каде што бил сместен Коен). Описот на поетот, неговиот стил и изглед се инспирирани од Коен.
  • Романот на М. Џ. Хајланд Како продира светлоста го зема својот наслов од еден стих на Коеновата песна "Anthem."
  • Кен Кеси цитира дел од стиховите на Suzanne во својата книга Песната на морнарот.
  • Се спомнува во телевизиското шоу The Young Ones во продукција на Би-Би-Си, каде хипикот Нил вели "Се чувствувам како песна на Леонард Коен, зашто никој никогаш не ме слуша". Во една друга епизода, кога се соочува со еден вампир, Нил го искажува својот страв од смртта, иако е сѐ уште жив, "во стил на Леонард Коен!".
  • Р.Е.М. го вреднува Коен како со-работник во текот на пишувањето на текстот за песната "Hope" од нивниот албум "Up" (1998). Иако Коен никогаш не помогнал во пишувањето на "Hope" групата чувствувала должност да го напише неговото име, зашто песната им изгледала дека е многу слична на "Suzanne".
  • Во нешто што ќе остане запаметено како еден од најинтересните судири на културите во историјата, навивачите на англискиот фудбалски клуб Мидлзборо почнуваат да го скандираат името на нивниот играч Марк Видука покрај насловниот збор во текот на рефренот на Коеновата песна Алелуја [3] Архивирано на 26 септември 2007 г.. Подоцна ова ќе прерасне во химна посветена на австралискиот фудбалер.

Белешки

уреди
  1. Рокенрол Куќа на Славните, "Рокенрол Куќата на Славните ги објави иницијантите за 2008 година", запис од 13 декември 2007 година.
  2. „The 200 Greatest Singers of All Time“. Rolling Stone (англиски). January 1, 2023. Посетено на January 3, 2023.
  3. „Masha Cohen“. Geni.com. Архивирано од изворникот на February 3, 2018.
  4. Publications, Europa (2004). The International Who's Who. Psychology Press. ISBN 978-1-85743-217-6. Посетено на April 22, 2012.
  5. Леонард Коен: Романтичарот што собира отпад[мртва врска] - П. Вилијамс.
  6. Williams, P. (n.d.) Leonard Cohen: The Romantic in a Ragpicker's Trade Архивирано на 19 септември 2012 г.
  7. Simmons, Sylvie. I'm Your Man: The Life of Leonard Cohen. NY: HarperCollins, 2012.
  8. Warhol, Andy: Popism. Orlando: Harcourt Press, 1980.
  9. Празен навод (help)
  10. "A Fabulous Creation", David Hepworth, Bantam Press (March 21, 2019), ISBN 0593077636
  11. 11,0 11,1 „Sixties crooner Leonard Cohen makes comeback concert tour“. Evening Standard. March 13, 2008. Архивирано од изворникот на September 13, 2012. Посетено на February 23, 2010.
  12. Friedman, Matti (2022-05-04). „Leonard Cohen's Songs of the Yom Kippur War“. Tablet. Посетено на 3 September 2023.
  13. Алилуја: 70 нешта за Леонард Коен на 70 - Т. де Лил.
  14. Прекрасен губитник, прекрасно враќање. - Џ. Фицџералд, The National Post, 24 март 2001.
  15. Cohen, Debra Rae (February 21, 1980). „Recent Songs“. Rolling Stone. Архивирано од изворникот November 12, 2016. Посетено на November 11, 2016.
  16. Rohter, Larry (February 24, 2009). „On the Road, for Reasons Practical and Spiritual“. The New York Times. Архивирано од изворникот на July 2, 2011. Посетено на May 7, 2010.
  17. "Коен е мирен и покрај исчезнувањето на пензијата од $5м" - Д. Глејстер, The Guardian, 2005.
  18. Леонард Коен е награден со $9 милиони во цивилна парница Архивирано на 20 април 2009 г.," CTV.ca. 2 март 2006.
  19. Леонард Коен 'тешко' дека ќе ги опорави украдените милиони: парите земени од поранешниот менаџер нема да се вратат, NME. 3 март 2006.
  20. „Blue Alert - Рецензии“. Архивирано од изворникот на 2008-03-07. Посетено на 2007-09-16.
  21. Коен се враќа во центарот на вниманието со бест-селер, CBC Online, 14 мај 2006.
  22. "Песна" од Ајде да ги споредиме митологиите на CBC Words at Large.
  23. "Ирвинг и јас во болницата" од Книга на Копнежот на CBC Words at Large.
  24. „Опис на филмот „Дами и господа... Господин Леонард Коен". Архивирано од изворникот на 2007-05-29. Посетено на 2021-09-09.
  25. „Опис на филмот „Јас сум твојот човек". Архивирано од изворникот на 2007-05-29. Посетено на 2007-09-16.
  26. Кинотека на Македонија, Програма - февруари 2017.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
  Статијата „Леонард Коен“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).