Галијадревен вид на брод што користел веслачи, а се користел при војување и тргување. Постојат извори дека изработката на веслата потекнува од египетското Старо Кралство. Многу галии имале весла и јарболи, кои ги користеле кога ветерот бил поволен.[1]

Макета на малтешка воена галија од XVI век
Француска галија и холандски men-of-war во близина на пристаниште, Абрахам Вилертс, XVII век

Галиите се користеле уште од поморското војување на Средоземното Море од Хомеровото време до развојот на топовските бродови околу XV и XVI век. Тие биле употребувани во војните што ги воделе Древна Персија, Македонија, Картагина и Рим, сè до XIV век. По пропаѓањето на Римското Царство галиите помалку се користеле во византиската морнарица и останатите наследници на Римското Царство, како и од страна на новите муслимански држави. Средновековните средоземни држави, забележително италијанските приморски републики, меѓу кои и Венецијанската Република, Пиза и Џенова ги користеле галиите, сè додека мановарите не ги истиснале од употреба. Битката кај Лепанто (1571) била една од најголемите поморски битки во кои галиите продолжиле да бидат користени како главна поморска сила, сè додека широкотрупните воени бродови со едра не се појавиле во Средоземното Море во XVII век. Галиите се користеле во помал број до појавата на парната машина, кога целосно биле исфрлени од употреба.

Историја

уреди

Стара Грција и Средоземјето

уреди

Првите галии

уреди
 
Реконструкција на старогрчки галии

Галиите пловеле по Средоземното Море од околу 3000 години пр.н.е. Феникијците и Грците ги граделе и со нив пловеле по Средоземното Море, опремени со четириаголни едра. Првата воена галија опишана во Хомеровите дела и прикажана на цртежи имала еден ред веслачи од двете страни, што овозможувало поголема брзина на бродот.

Првите морнари имале малку навигациски помагала. Поголем број од античките и средновековните бродови пловеле покрај бреговите поради полесната навигација, можностите за трговија со локалните крајбрежни места, како и крајбрежните ветрови и струи коишто можеле да бидат искористени. За разлика од бродовите со едра, за галиите била важна пловидбата во близина на брегот, бидејќи често им биле потребни плитки делови за своите луѓе, а биле и изложени на голема опасност за време на невреме. За разлика од бродовите со едра, галиите можеле да пловат по малите заливи и плажи на пристаништата, да пловат по река, вода длабока само еден метар, па дури можеле да бидат пренесувани по копно за да може да бидат на располагање и при пловидбата по езерата. Тоа ги направило погодни за напади по копно. Во античко време најпознат пренос бил коринтскиот Диолк. Најдоцна до 429 пр.н.е. (Тукидид 2.56.2), а веројатно и порано (Херодот 6.48.2, 7.21.2, 7.97), галиите биле прилагодени за превоз на коњи, кои им давале коњаничка поддршка на трупите, кои исто така се возеле на галиите.

Компасот не се користел, сè до XIII век, а секстантот, октантот, поморските хронометри и математиката за одредување на географската должина и ширина се развиле многу подоцна. Античките морепловци се определувале по сонцето и ветровите. До 1 милениум пр.н.е. започнале да се користат и ѕвездите за ориентација преку ноќ. До 500 г.пр.н.е. се појавила звучната буква(Херодот 2.5).

Како што бродовите се приближувале до бреговите и пробивале низ архипелазите за да не ризикуваат низ отворено море, морале да бидат дизајнирани за такво управување. Масовното веслање овозможувало придвижување на бродот.

Пентеконтери

уреди

Развојот на носот од бродот околу 800 пр.н.е. ја променило природата на морските војувања, кое дотогаш се состоело од префрлање на противничкиот брод и борба човек на човек. Денешните многу поподвижни бродови можеле да ги направат побавните бродови бескорисни, продупчувајќи им ги страните. Не е потврдено дали победниците во поморските битки ги потопувале своите противници, бидејќи истиот грчки збор може да значи и „потопен“, но и „натопен“, а сочувани извори покажуваат дека победничките галии го влечеле поразениот брод по битката. Неколку археолошки остатоци од потопените бродови сугерираат дека победниците не ги потопувале поразените. Освен Атлитовиот бронзен нос,[2] единствени други делови од античките галии кои се сочувани се две пунски биери, најдени близу западна Сицилија[3]. Се проценува дека овие пунски галии биле долги 35 m и широки 4,80 m со капацитет од 120 тони. Овие биери имаат доказ дека имале лесно кршлив нос, кој повеќе наликувал на асирски цртежи, отколку на Атлитовиот нос. Овој тип на нос можеби бил дизајниран за да го заштити бродот од можноста самиот да се оштети.

Галиите биле извлекувани од вода, кога тоа било можно за да се остават суви, лесни и брзи, слободни од црви и морски треви. Галиите обично преку зима останувале во бродските хангари, од кои останале археолошки остатоци[4]. Постојат докази дека труповите на пунските уништени бродови биле обложени со олово.

Градењето на галијата претставувало голем технички проблем. Брод кој патува со голема брзина троши значајна енергија. Колку е подолг бродот, толку може побрзо да плови, но технологијата на Средоземјето во античко време ја отежнувала изградбата на долги бродови. Низ процесот на обиди и грешки — галијата со еден ред на веслачи на обете страни го достигнала врвот на својот развој со појавата на пентеконтерот, кој бил долг 38 m и кој броел по 25 веслачи на обете страни. Историчарите веруваат дека ваквата галија можела да достигне брзина и до 9 јазли (18 км/ч), отприлика еден јазол побавно од модерните тркачки веслачки бродови. За да ја сочува силата подолго време, каблите биле врзувани од предниот до задниот дел на бродот; тоа осигурувало крутост без додатна маса. Оваа техника ги држела зглобовите на телото под притисок, затегнати и водоотпорни. Напнатоста кај модерните реплики триери дека каблите развиваат сила од 300 килоњутна (Морисон стр. 198).

Биреми и триери

уреди
 
Асирски воен брод, биера со истакнат преден дел (700 пр.н.е.)

Околу VI и VII век пр.н.е. изгледот на галијата се променил. Бродоградителите, веројатно Феникијците (поморски народ кој живеел на јужниот брег на Средоземјето), додале и втор ред на веслачи над првиот и создале биера или биера (овие термини веројатно не се користеле во тоа време). Идејата била да се создаде поголема сила, а со тоа и поголема брзина, па подоцна бил додаден и трет ред, над биерата. Ваквите три реда на веслачи се познати под името trieres („три реда“) на старогрчки; Римјаните за ваквата поставеност на веслачите го користеле терминот triremis (на македонски триера). Потеклото на овие промени останало непознато; Тукидид го припишува откривањето на изградбата на бродови на Аменикле од Коринт околу 700 пр.н.е., додека некои го отфрлаат ова верување и сметаат дека дизајнот настанал во Феникија. Херодот (484-425 пр.н.е.), наведува на првата акција на триера. Тој споменува дека Поликрат, тиранин од Самос од 535 до 515 година пр.н.е. имал триера во својата флота.

Почетокот на V век пр.н.е., градовите-држави во Стара Грција и експанзионистичкото Персиско Царство, со кое владеел Дариј I (521 — 485 п.н.е.) и Ксеркс I (485 — 465 п.н.е.) дошле до судир.

Персијанците изнајмиле бродови од своите феникиски сатрапи. Атињаните победиле во првата битка на копно против најмоќната воена сила, во Маратонската битка (490 пр .н.е.), но виделе дека успесите против толку бројна војска не може да останат долгорочни. Кога стигнале вестите дека Ксеркс започнал да собира голема напаѓачка сила во Мала Азија, грчките градови ја зголемиле својата воена морнарица. Во 482 пр.н.е., атинскиот водач Темистокле ја започнал програмата за 200 триери. Проектот доживеал значаен успех, бидејќи се вели дека 150 атински триери се бореле во Битката на Саламин (480 пр.н.е.) и пресудиле за поразот на Ксерксовата морнарица.

Триерите се бореле во поморските битки за време на Пелопонеската војна (431 — 404 п.н.е.), вклучувајќи ја и Битката кај Егоспотами (405 пр.н.е.) во која Спарта со своите сојузници ѝ го нанела клучниот пораз на Атина.

Квинквереми и полиреми

уреди

За веслање на бродовите со кои се војувало за време на Пелопонеската војна бил потребна голема вештина, а немало ни приближно вешти веслачи, кои би ги снабдувале триерите во IV век пр.н.е.. Потрагата по дизајнот, со кој веслачите би можеле да ја користат силата на своите мускули довела, Дионисиј од Сиракуза (владеел 405-367 пр.н.е.) да ги надгради веслачките редови со уште еден, именуван како tetreres (квадриера), односно два, penteres (квинкверема).

Според современите историчари бројот кој се користел за именување на таквите големи галии, бил бројот на редови од веслачи од обете страни на бродот, а не бројот на веслачи. Поради тоа, квадриерите имале три можни дизајни: еден ред весла со четири веслачи, два реда весла со по двајца веслачи или три реда весла со по двајца веслачи кои ги повлекувале врвовите на веслата на сите страни. Веројатно постоеле галии во сите три дизајни. Учителите веруваат дека квинкверемите имале три редови весла со по два веслачи, кои ги влечеле веслата на секој крај.

 
Сликовит приказ од Нимфајон на Крим од III век пр.н.е., на кој е претставена полирема со преден и заден дел на лаѓа

Со промената на изгледот на галијата дошло и до зголемување на самоувереноста во тактиката со префрлање и користење на воените бродови како платформи за артилеријата. Во војните на дијадосите (322 — 281 п.н.е.), наследниците на кралството на Александар III Македонски граделе побрзи и поголеми галии. Македонија во 340 пр.н.е. градела сексиреми (најверојатно со по два веслачи на сите три реда весла), а 315 пр.н.е. септиреми кои биле користени во Битката кај Сламин на Кипар (306 пр.н.е.). Деметриј I Полиокрет (294 — 288 п.н.е.) водел поморска војна против Птоломеј I Сотир (323 — 283 п.н.е.), па во три случаи градел осмерци (okteres), деветерци, десетерци, дванесетерци и шеснаесетерци. Подоцна Птоломеите го продолжиле овој тренд на проширување, создавајќи дваесетерци и триесетерци, за време на владеењето на Проломеј IV и четириесетерец, долг над 120 m, кој веројатно служел како изложбен примерок. Според деталниот опис на четириесетерецот, бродот имал два предни и два задни дела, па тој опис со останатите докази довел до тоа дека станува збор за четириесетерец, а веројатно и дваесетерец и триесетерец биле конструирани со доволно простор меѓу труповите во кои веслачите би можеле да веслаат и од средината. Палубата над нив, простирајќи се на два трупа, можела да издржи неколку илјади луѓе.

Политичкото соединување на целото Средоземно Море во Римското Царство ја намалило потребата од воени бродови. До 79 година, римската морнарица веројатно немала ништо поголемо од квадриера, бидејќи Плиниј Постариот, командантот на флотата ја набљудувал ерупцијата на Везув од квадриера (Плиниј Помладиот 6,16), која веројатно била негов брод и најголема класа во целата флота. Последните споменувани триери се јавуваат кај Зосим (324), кога Константиновиот син Крисп го поразил Лициниј во битка кај Хелеспонт. Наводно 80 бродови со по 30 веслачи поразиле 200 триери (Морисон стр. 8 дава неточна година). Галиите со две низи на весла биле познати и во 9 и XII век, но континуитетот на развој во средниот век не можел да се пронајде. Кај бродовите во античкиот свет, веројатно вклучувајќи ги и галиите биле конструирани, најпрвин им бил конструиран внатрешниот дел, додека рамката била додавана подоцна. За разлика од нив, кај средновековните бродови, вклучувајќи ги и галиите, најпрвин била конструирана рамката.

Средновековие

уреди

Технички опис

уреди

Најраниот технички опис на галија се наоѓа кај Карло I од Сицилија во 1275 година[5]. Вкупната должина изнесувала 39.3 m, должина на кобилицата од 28,03 m и длабочина од 2,08 m. Ширината на трупот изнесувала 3,67 m, а ширината меѓу конзолните греди била 4.45 m. Бродот имал 108 весла, голем број долги 6,81 m, а некои 7,86 m, 2 кормила долги 6,03 m. Предниот и средниот јарбол биле високи 16,08 m, односно 11 m. Опсегот на обата изнесувал 0.79 m. Должината на дворот изнесувала 26,72 m, односно 17,29 m. Вкупниот капацитет на бродот изнесувал 80 метрички тони. Имало два типа на вакви бродови, а подоцна три, со човек на место, на кое го веслал своето весло. Таквиот брод имал многу поголема сила од атинските триери кои биле долги од 4,41 m до 4,66 m[6]. Атински брод со приближно иста големина бил голем во секој потег.

Средновековните галии имале вградено и топови како додаток, дизајнирани да го разбијат. Во XVI век, бродовите кои биле нарекувани галии го зголемиле бројот на луѓе на секое весло.[7].

Во Битката кај Лепанто во 1571, стандардните венециски воени галии, долги 42 m и 5,1 m (6,7 m со извадени весла) имале провев од 1,7 m и биле 1 m над нивото на водата, а празни тежеле околу 140 тони. Големите галии кои биле командни бродови (или лантерни) биле долги 46 m и широки 5,5 m (7,3 m со извадени весла), имале провев од 1,8 m и биле 1,1 m над нивото на водата, а тежеле околу 180 тона. Стандардните галии имале 24 веслачки клупи на обете страни, а на секоја имало по три веслачи (секоја клупа на обете страни можела да се тргне, со што би се направило место за платформата која пренесувала мали чамци и печка). Екипажот на бродот се состоел од 10 офицери, околу 65 морнари, топчии и останати луѓе, меѓу кои и 138 веслачи. Лантерните имале 27 клупи на обете страни и 156 веслачи и екипаж од 15 офицери и околу 105 морнари. Овие регуларни галии носеле еден топ 50 фунти тежок или 32 фунти тешка кулверина на предниот дел, еднаква како 4 лесни и 4 топови кои можеле да се вртат. Поголемите лантерни носеле еден тежок топ со 6 кулверини тешки 12 и 6 фунти со осум топови кои може да се вртат.

Галиите во Северна Европа

уреди

За разлика од античките средоземни галии, во делот од северна Европа постојат археолошки докази дека и во овие делови постоеле средновековни галии. Најпознатото откритие е бродот Гокштад. Развојот на викиншките долги бродови и кнорови и средновековните северноевропски галиии, користел четириаголни весла и веслачки редови кои изгледале многу слично на своите нордиски претходници.

Во водите западно од Шкотска, во периодот од 1263 до 1500, господарите на островите ги користеле галиите за војување и превоз околу своите поморски имоти, во кои спаѓале, западниот брег на Шкотска, Хебридите и Антрим во Ирска. Тие ги користеле овие бродови во поморските битки и за време на нападите на дворци и утврдувања изградени на бреговите на морето. Како феудални сениори, господарите на островите барале во служба одреден број и големина на галијата од страна на секој земјопоседник. На пример островот Ман требал да обезбеди 6 галии за 26 весла, а Слит во Скај требало да обезбеди една галија за 18 весла.

Врежаните прикази на галија на надгробните споменици од 1350, па понатаму ја покажуваат конструкцијата на таквите бродови. Од XIV век било напуштено користењето на весло кое го заменувало задното кормило со предно кормило. Од некои документи од 1624 самата галија имала од 18 до 24 весла, бирлинот од 12 до 18, а лимфадата нешто помалку.

Употреба како трговски бродови

уреди

Во XIV и XV век, трговските галии тргувале со многу вредна стока и превезувале патници. Главните патишта биле до Светата Земја, околу Средоземното Море, меѓу Средоземното и Црното Море и меѓу Брухе и Саутхемптон. Иако тие најпрвин пловеле со едра, се користеле и весла за влез и излез од многу трговски пристаништа. Во 1447, фирентинските галии планирале да поминат 14 пристаништа, на својот пат до Александрија.[7] Постоењето на весла овозможувало пловидба, во близина на брегот, каде што екипажот можел да ги искористува копнените и морските ветрови и морските струи, со што релативно побрзо и посигурно би патувал. Огромниот екипаж, исто така обезбедувал заштита против пиратството. Овие бродови биле многу поподвижни; фирентинската галија, која го напуштила Саутемптон на 23 јануари 1430 се вратила во Пиза за само 32 дена. Тие биле толку сигурни, така што добрата кои се пренесувале со нив често не биле осигурани. Во овој временски период, големината на овие бродови се зголемувала, па со тоа станале пример со кој се развивале галијасите.

Пропаѓање

уреди
 
Задниот дел на бродот Réale, престижна галија на кралот Луј XIV.

Опаѓањето на употребата на галиите било долготрајно, а започнало пред развојот на топовите, како моќно огнено оружје и продолжило неколку векови подоцна. Најрано, во 1304 година, бродовите кои ги користела данската одбранбена организација биле променети од галии во когови, бродови со едра од дното (Бас стр. 191). Големите бродови со едра со високи палуби, отсекогаш биле тешка пречка за галиите. Од 413 г.пр.н.е., поразените триери можеле да бараат засолниште кај трговските бродови (Тукидид (7, 41), Недхам 4, 3, стр. 693). На Средоземјето, опаѓањето на употребата на галиите започнало околу 1595-1605. Во тоа време дошло до засилување на холандските и англиските трговци. Нивните бродови биле тешко вооружени и опремени, а поради својата подвижност можеле истовремено да бидат корисни и за трговија и за кражби, како пиратските. Венециските галии едвај можеле да се соочат со пирати преку лето, додека преку зима не можеле да дадат никаков отпор на пиратството (Тенети).

Поради својата ниска висина над водата и малиот капацитет, воените галии обично биле издржливи, крајбрежни и бродови на кратки растојанија. Како што бројот на трговски морнари се зголемувал, така галиите на отворено море и зимско едрење станувале безначајни пред да станат застарени во битките. Галијасите се развиле во едрење, а подоцна и средоземните галеони. Галеоните во северна Европа се развивале напоредно со развојот на бродовите, кои личеле на когови.

На крајот од XV век започнале да се развиваат бродовите man-of-war. Тоа биле вистински океански воени бродови, кои имале напредни едра со можност за прилагодување и прицврстување, зависно од брзината на ветерот, а биле и тешко вооружени со топови. Бродот man-of-war ја направил галијата застарена во сите домени, освен во крајбрежните операции при мирно време. Галиите веќе станале бескорисни на крајот на XVII век, кога капетанот Вилијам Кид го одбрал овој дизајн за својот брод Adventure Galley.

Галиите останале главни бродови за северноафриканските корсарски флоти, кои продолжиле да играат значајна улога во Средоземното Море, сè до XVIII век. Едно од последните појавувања на галија во средоземните битки било во Битката кај Чесме во 1770 година. Галиите пловеле по плиткото Балтичко Море, а биле користени и во Руско-шведската војна во 1790. Галиите безуспешно ги користеле витезите болничари, за време на Наполеоновата опсада на Валета (1798).

Во Америка, галиите се користеле во Битката кај островот Валкур во 1776, а исто така биле користени и за време на американската војна за независност од страна на китоловците, кои со своите бродови ги напаѓале британските бродови долж американското крајбрежје. Овие напаѓачки групи биле корисни во снабдувањето на континенталната војска со потребните намирници.

Преживеани примероци

уреди

Во поморскиот музеј во Истанбул се наоѓа галијата Кадирга која потекнува од владеењето на султанот Мехмед IV (1648 — 1687). Овој брод бил лична султанска галија, која се користела до 1839 година. Таа е најверојатно единствената сочувана галија во светот, но без својот јарбол. Долга е 37 m, широка 5.7 m, со провев од 2 m, тешка околу 140 тони, со 48 весла, со кои веслале 144 веслачи.

Во 1971, била извршена реконструкција на бродот „Реал“, командниот брод на Дон Хуан од Австрија, кој со него војувал во Битката кај Лепанто во 1571 година. Бродот се наоѓа во музејот Маритим во Барселона. Долг е 60 m и широк 6.2 m, има провев од 2.1 m, празен тежи 239 тони, а го управувале 290 веслачи. Бродот пренесувал 400 членови од екипажот и војници кои се бореле кај Лепанто. Оваа галија била многу поголема од стандардните галии во тоа време.

Поврзани бродови

уреди

Галијаси

уреди

Галеаси или галијаси (во Турција познат под името махони) се бродови развиени од големите трговски галии.

Подготвувани за војна, тие биле повисоки и поголеми од вообичаените („лесни“) галии. Тие имале до 32 весла, а секое весло го веслале петмина веслачи. Обично имале три јарболи на предниот и задниот дел. Многу се работело во Венеција за овие галијаси да се направат што е можно побрзи, со што би можеле да се натпреваруваат со обичните галии. Палубата со топови, обично се наоѓала над веслачите, но некои слики покажуваат дека распоредот бил спротивен.

Галијасите обично имале повеќе едра од вистинските галии, со што биле многу посмртоносни; галијата фатена од едната страна на бродот била целосно беспомошна, додека страничното придвижување на галијасот, како и линискиот брод, ги изложувало напаѓачите на топовски напади од галијасот. Галијасите претставувале пример од умерен вид, меѓу галија и вистински man-of-war. За разлика од тоа, биле изградени многу малку галијаси, а еден недостаток било и тоа што сè повеќе се сметало на сигурноста на едрата и нивната положба пред линијата на бродот, но сепак се користеле во Битката кај Лепанто (7 октомври 1571). Нивната огнена моќ помогнала во победата на христијанската морнарица, а неколку успешни галијаси биле во составот на шпанската армада 1588 (на пример бродот La Girona).

Во делови од Средоземјето, каде што било плитко и немало опасни ветрови галијасите и галиите продолжиле да се користат, главно во Венеција и Османлиското Царство, долго време откако станале застарени. Подоцна „кружните бродови“ и галијасите ги замениле галиите и линиските бродови, кои потекнувале од Атлантик Европа. Првиот венециски брод бил изграден во 1660 година.

Галиоти и фусти

уреди
 
Фуста од дело на Јан Хујген ван Линшотен

Галиотите се појавиле како мали, лесни видови галија. Бројот на весла варирал од 18 до 22 на обете страни, додека голем број имале по 25 весла на двете страни.

Фуста била мала галија — низок, лесен и брз брод со мал провев, мал број на весла и едра. На обете страни имало од 12 до 15 двоседни веслачки клупи, а јарболот бил со латинско (триаголно) едро. Фустата била омилен брод на северноафриканските корсари од Сале и од Варварскиот Брег. Брзината на овој брод била, подвижноста и способноста да плови без помош на ветар и можноста да плови во плитки води го направиле идеален за војување и пиратство.

Галеоти

уреди

Обратно од популарните филмски приказни за закованите осуденици, како во филмот Бен Хур, не постојат докази дека античките морнарици користеле осуденици како веслачи.[8]

Писмените докази покажуваат дека грчката и римска морнарица им давале предност на слободните луѓе на своите галии.[9][10] Робовите биле задолжувани да веслаат само во исклучителни случаи. Во некои случаи овие робови подоцна биле ослободувани, додека во други случаи ја започнувале службата на бродот како ослободеници.

Во раните модерни времиња станало обичај меѓу средоземните сили, криминалците да се осудуваат на веслање во воените државни галии, во почетокот, само во време на војна. Робовите на галии (галеотите) живееле во многу лоши ослови, а многу умреле иако биле осудени на само неколку години служба или преживеале бродолом и останале живи по битките.

Воените заробеници често биле користени како робови на галијата. Неколку познати историски личности служеле одредено време како робови на галија, откако непријателот ги заробил. Меѓу нив биле отоманскиот корсар Тургут Реис, Големиот мајстор на витешкиот ред Болничари Жан Парисо де ла Валет и авторот на познатото дело Дон Кихот, Мигел де Сервантес.

Наводи

уреди
  1. „галија“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. http://www.vizin.org/projects/athlit/html/athlit.htm Архивирано на 7 октомври 2011 г. Историја на клунот на галија
  3. (видете Basch & Frost & Frost)
  4. http://www.zeaharbourproject.dk/3/3_09.htm Архивирано на 20 август 2010 г. Историја на воените бродови на мрежното место на Zea Harbour Project
  5. (i u Bass & Pryor)
  6. (Морисон стр. 269)
  7. 7,0 7,1 (Приор стр. 57)
  8. Casson, Lionel (1971). Ships and Seamanship in the Ancient World. Princeton: Princeton University Press, 325-326.
  9. Rachel L. Sargent, “The Use of Slaves by the Athenians in Warfare”, Classical Philology, из. 22, бр. 3 (јули, 1927), стр. 264-279
  10. Lionel Casson, “Galley Slaves”, Transactions and Proceedings of the American Philological Association, sv. 97 (1966), стр. 35-44

Белешки

уреди
  • George F. Bass, ed., A History of Seafaring, Thames & Hudson, 1972
  • L.Basch & H. Frost Another Punic wreck off Sicily: its ram International journal of Nautical Archaeology vol 4.2, 201-228, 1975
  • Bicheno, Hugh, Crescent and Cross: The Battle of Lepanto 1571, Phoenix Paperback, London, 2004, ISBN 1-84212-753-5
  • Lionel Casson, Ships and Seamanship in the Ancient World, Princeton University Press, 1971
  • H.Frost et al. Lilybaeum supplement to Notizae Scavi d'Anichita 8th ser vol 30 1981 (1971)
  • Brian Lavery, Maritime Scotland, B T Batsford Ltd., 2001, ISBN 0-7134-8520-5
  • Michael E. Mallett, The Florentine Galleys in the Fifteenth Century, Oxford, 1967
  • J.S.Morrison et al., The Athenian Trireme 2000 2nd ed. Cambridge University Press
  • John H. Pryor Geography, Technology and War, Cambridge University Press, 1988
  • Alberto Tenenti, Piracy and the Decline of Venice 1580-1615, English transl. 1967
  • Вилијам Једјард Роџерс(William Ledyard Rodgers), Admiral, Naval Warfare Under Oars: 4th to 16th Centuries, Naval Institute Press, 1940.

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Галија (брод)“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).