Генитив (исто така и генетив, од латинското genetivus - (кој потекнува) од (по)род, природен), еден од најважните и најчесто употребуваните падежи во современите индоевропски јазици. Се претпоставува дека тој е еден од осумте оригинални (првични) падежи во индоевропскиот прајазик. Со развојот на индоевропските јазици генитивот добил и многу нови значења за сметка на првобитните. Македонскиот јазик со напуштањето на синтетичната деклинација го загубил и генитивот, освен во некои присвојни придавки.

Основни значења и употреба

уреди

Основното значење на генитивот (секако во повеќето индоевропски јазици задржано до денес) било да покажува припадност, односно кому нешто припаѓа т.е. одговара на прашањето чие?. Генитивот во оваа улога се нарекува присвоен генитив или genetivus possessivus. На пример во македонскиот израз: домот на оној човек, синтагмата на оној човек е развој на стариот, старословенски, генитив. Спореди со српскохрватскиот превод: дом оног чов(ј)ека / dom onog čov(j)eka, каде во синтагмата оног чов(ј)ека / onog čov(j)eka придавката и именката стојат во генитив.

Друго старо значење на генитивот е да покажува дел од нешто, одвоеност. Во оваа улога генитивот се именува како раздвојувачки (партитивен) генитив или genetivus partitivus. Најчесто партитивниот генитив се јавува при броење, кога она коешто се брои, стои во генитив. Ова би значело дека, кога се брои, всушност се врши именување: колку од што. На пример (српскохрватски): четверо младих људи / četvero mladih ljudi, што буквално би се превело четворица од млади луѓе, или, малку пофилозофски: од сите млади луѓе (што постојат), (овие) четири. Во македонскиот јазик траги од партитивниот генитив се огледуваат во изразите од типот дел од мене, тројца од другарите и сл.

Генитивот во словенските јазици

уреди

Во словенските јазици генитивот е континуант и на стариот индоевропски аблатив. Овој процес на губење на аблативот, односно негово изедначување со генитивот се случил уште во времето на постоење на прасловенската јазична заедница. Со оваа промена, генитивот презел уште една улога: да покажува потекло, т.е. од каде или од што нешто потекнува. Така сите индоевропски предлози кои означувале потекло и предизвикувале аблатив, во прасловенскиот јазик предизвикуваат генитив. Такви се, на пример, предлозите: отъ (=од), изъ (=од), съ (=со) и сл.

Уште една поинтересна (и уникатна особина) се врзува за генитивот во словенските јазици. Имено, распределбата на формите за акузатив во старословенскиот се врши вака: акузативните форми на неодушевените именки (именки што означуваат предмети, идеи итн.) се формално еднакви со номинативот, додека пак оние на одушевените (именки што означуваат суштества итн.) формално еднакви на генитивот. Оваа појава се нарекува словенски генитив. Словенскиот генитив е далеку поизразен кај именките од машки и среден род одошто кај оние од женски и поизразен во еднина одошто во множина (или двоина!). Така во српскохрватскиот јазик, на пример:

  • Погледај оног чов(ј)ека. / Pogledaj onog čov(j)eka. (=Погледни го оној човек.)
каде се работи за живо суштество, па акузативот е еднаков со генитивот. Но:
  • Погледај онај зид. / Pogledaj onaj zid. (=Погледни го оној ѕид.)
каде се работи за предмет, па акузативот е еднаков со номинативот.