Википедија:Избрана статија/2022/34
Џон Роналд Руел Толкин (1892 – 1973) — англиски писател, филолог, поет, универзитетски професор и книжевен критичар. Толкин е познат во светската книжевна јавност по неговите епски дела „Хобитот“, „Господарот на прстените“ и „Силмарилион“.
Толкин предавал староанглиски јазик на колеџот Сент Џон во Оксфорд и на колеџот Пемброук од 1925 до 1945 година. Тој исто така предавал англиски јазик и книжевност на колеџот Мертон во Оксфорд од 1945 до 1959 година. Толкин своевремено бил близок пријател со К. С. Луис, со кој заедно членувале во книжевното друштво познато како „Инклингс“. На 28 март 1972 година Толкин бил одликуван со Редот на британската империја од страна на кралицата Елизабета II.
По смртта на Толкин, неговиот син Кристофер Толкин објавил серијал дела кои се всушност необјавени ракописи на самиот Толкин, меѓу кои и познатото дело „Силмарилион“. Овие, заедно со „Хобитот“ и „Господарот на прстените“, создаваат поврзано тело на раскази, поеми, измислени историски настани, измислени јазици и книжевни критики и есеи за измислениот свет наречен „Арда“ и „Средна земја“, раскази и настани кои се делумно засновани на нордиската митологија.
Иако голем број писатели објавиле дека од сферата на фантастиката пред времето на Толкин, големиот успех на „Хобитот“ и „Господарот на прстените“ довеле до широко распространување и популарност на епската фантастика како жанр. Така, ова довело до општото јавно мислење и постоветување на Толкин како „татко на современата книжевна фантастика“— или поточно епската фантастика. Во 2008 година, весникот „The Times“ го рангирал Толкин на шестото место на списокот на „50 најголеми британски автори од 1945 година“. Од друагата страна пак. „Forbes“ го рангирал на 5 место од најпрофитабилни „починати познати личности“ во 2009. (Дознајте повеќе...)