Владимир Комаров
Владимир Михајлович Комаров (руски: Владимир Михайлович Комаров; Москва, 16 март 1927 — Оренбуршка Област, 24 април 1967) — советски космонаут, пробен пилот и инженер, кој бил еден од првата група на космонаути избрани во 1960 година. Тој бил еден од најискусните и најдобро обучени кандидати коишто биле примени во Првата група на космонаути на СССР.
Владимир Михајлович Комаров | |
---|---|
Владимир Комаров во 1965 г. | |
космонаут | |
Изворно име | Владимир Михайлович Комаров |
Националност | СССР |
Роден | 16 март 1927 Москва, СССР |
Починал | 24 април 1967 Оренбуршка Област, СССР | (возр. 40)
Друго занимање | инженер |
Чин | полковник |
Поминато време во вселената | 2 д 03 ч 04 м |
Избор | I воздухопловна група |
Мисии | Восход 1, Сојуз 1 |
Награди |
Во два наврата за време на неговото учество во програмата било потврдено дека Комаров е медицински неспособен за обука или лет во вселената, но неговата упорност и одлични вештини и знаења како инженер му овозможиле да продолжи да има активна улога во програмата. За време на неговата работа во Центарот за подготовка на космонаути (руски: Центр Подготовки Космонавтов), тој дал придонес во дизајнирањето на вселенско летало, обучувањето на космонаути и нивна оценка, како и во односите со јавноста. Најпосле, тој бил назначен да раководи со првата советска повеќечлена посада „Восход 1“, која опфаќала бројни технички новини во вселенската трка. Комаров подоцна бил задолжен со задачата да раководи со „Сојуз 1“ како дел од обидот на Советскиот Сојуз да победи во Битката за освојување на Месечината.
Неговиот лет со „Сојуз 1“ го направил првиот советски космонаут кој летал во вселенското пространство повеќе од еднаш, а по судирот на „Сојуз 1“ при враќањето од вселената на 24 април 1967 година и првиот човек кој загинал за време на лет во вселената.[1] Добитник е на бројни награди и одличја, а во два наврати бил одликуван со орденот Херој на Советскиот Сојуз. Во негова чест биле именувани бројни објекти, улици, астероид и кратер на Месечината. Неговото име се споменува и во бројни уметнички творби, а неговиот лик е отсликан на поштенски марки издадени во повеќе земји низ светот.
Рана младост
уредиКомаров е роден во Москва на 16 март 1927 година, каде што израснал заедно со својата сестра Матилда. Неговиот татко бил работник, кој работел различни нископлатени работи за да го издржува семејството. Во 1935 година, Комаров започнал со своето формално образование во локално основно училиште, каде што покажал природна надареност за математика.[2] Исто така, уште од рани години покажал и голем интерес за космонаутика, а собирал и списанија и слики за воздухопловство, со цел да направи модел на авион и сопствен пропелер.[3] Поради инвазијата врз Советскиот Сојуз од страна на Нацистичка Германија во 1941 година, Комаров бил принуден да го напушти училиштето и започнал да работи на колективна фарма. Кога имал 15 години, Владимир се запишал во „Првото московско специјализирано училиште на воено-воздушните сили“, посакувајќи да го оствари својот сон и да стане пилот. Кратко потоа, неговото семејство дознало дека неговиот татко бил убиен во „непознато воено дејство“.[3] Поради германската инвазија, училиштето коешто го посетувал било преселено во Тјумењската Област во Сибир, каде што привремено се одржувала настава за време на војната. Таму, учениците биле во можност да изучуваат разновидни предмети освен воздухопловство, меѓу кои и зоологија и странски јазици. Во 1945 година, Комаров го завршил воено-воздухопловното училиште со награди и почести, а Втората светска војна завршила пред тој да биде повикан да служи во војска.
По завршувањето на училиштето, станал курсист во Соловското воено училиште за првостепено обучување, а во септември истата година станал и курсист во Борисоглебското военовоздухопловно училиште за подготовка на пилоти. Во јули 1946 година, својата обука ја продолжил на Батајското воено-воздухопловно училиште, именувано по Анатолиј Серов, каде што и завршил во 1949 година. Во меѓувреме, неговата мајка Ксенија починала во 1948 година, седум месеци пред неговото дипломирање. Со дипломирањето се стекнал со пилотски крилја и дозвола да служи како поручник во Воено-воздушните сили на СССР.
Кариера во Воено-воздушните сили на СССР
уредиВо декември 1949 година, Комаров започнал да работи како пилот на борбен авион во 383. воздухопловен полк на 42. воздухопловната дивизија на Воено-воздушните сили на СССР во Северокавкаскиот воен округ, со седиште во Грозни. Таму, тој се запознал со учителката Валентина Кисељова, со којашто се оженил во октомври 1950 година. Двојката имала две деца: син Евгениј (р. 1951) и ќерка Ирина (р. 10 декември 1958).
Владимир бил унапреден во постар поручник во 1952 година, а подоцна бил назначен и за главен пилот на 486. воздухопловен полк на 279. воздухопловна дивизија во Прикарпатскиот Регион.[3] Тој продолжил да работи како пилот на тоа место сè до 1954 година, кога се запишал на инженерски курс при Воено-воздухопловната академија Жуковски. Во 1959, Комаров бил унапреден во постар инженер-поручник. Подоцна во истата година, тој успеал да ја постигне својата цел, станувајќи пробен пилот во Централниот научно-истражувачки институт во Чкаловскиот Регион.
Избор за космонаут
уредиПрва група на космонаути на СССР
уредиВо септември 1959 година, Комаров станал инженер-капетан и бил повикан да учествува во процесот за избор на кандидати за космонаути, заедно со уште околу 3.000 други пилоти.[4] Тој бил избран како еден од дваесетмината кандидати во рамките на Првата група на космонаути на СССР, а првата задача му била доверена во близина на Москва на 13 март 1960 година.
Иако бил доста добро оспособен, Комаров не бил избран меѓу шестмината најдобри кандидати, бидејќи не ги задоволувал возраста, висинската граница и телесната маса, коишто биле пропишани од страна на раководниот дизајнер на советската вселенска програма, Сергеј Корољов. Во едно интервју, обучувачот на космонаути Марк Галај забележал дека:
ако критериумите беа поразлични, сигурно Комаров, кој беше многу интелигентен, би бил во таа група. Тој имаше летечко искуство од Воено-воздухопловната академија. Тој имаше големо влијание врз дизајнот на „Восток“ и на „Восход“.[5]
На 32-годишна возраст, Комаров бил вториот по старост пилот кој бил избран, а Корољов пак утврдил старосна граница од само 27 години. Од првиот избор, само двајца, Павел Бељаев (од „Восход 2“) и Владимир Комаров, дипломирале на Советската воено-воздухопловна академија. Исто така, само Комаров имал искуство како инженер на пробен лет на нов авион.[6]
Обука
уредиКратко откако започнал со својата обука, Владимир бил сместен во болница на лекување, каде што му била извршен мал операционен зафат во мај 1960 година. Сепак, последиците од операцијата медицински го онеспособиле да не може да врши физичка обука во времетраење од 6 месеци. Во тоа време, критериумите за избор нагласувале посебно внимание на физичката состојба на космонаутите и каква било несовршеност водела до неодложно исклучување од изборот. Но, бидејќи Комаров поседувал инженерски способности, тој успеал да ја убеди управата дека набргу би можел одново да се приспособи, па со тоа му било дозволено да остане во игра во рамките на програмата. Последователно, тој продолжил со потребните академски студии за време на закрепнувањето.[7]
На обуката ѝ се вратил во октомври 1960 година, поради тоа што неговото закрепнување било побрзо од она што го очекувал медицинскиот тим. Во тој период, активно работел на подучување на неговите помлади колеги со нивните академски студии, што придонело да се стекне со прекарот „Професор“, којшто го споделил со Бељаев кој бил две години постар. Првите летови во вселената започнале во 1961 година, а веќе следната 1962, Комаров бил третиот најдобро платен космонаут, што се должело на неговите способности, чин и искуство. Тој заработувал 528 рубљи годишно, при што само првите космонаути, Јуриј Гагарин и Герман Титов, заработувале повеќе од него.[8]
Кога Георги Шонин прикажал неприфатливо ниво на чувствителност на забрзувањето во центрифугата, во мај 1962 година бил заменет со Комаров за планираните два лета во рамките на мисијата „Восток“.[9] Комаров, исто така, бил избран како резерва на Павел Попович (Восток 4), но по спроведеното ЕКГ-испитување била потврдена срцева мана и тој бил отстранет од програмата и заменет од страна на Борис Волинов.[10] Сепак, Владимир упорно настојувал пред медицинскиот и воениот тим да биде вратен во програмата, што му успеало и повторно му било дозволено да се врати на обуката.
Во 1963 година, обуката за космонаути била изведувана во 6 групи, а Комаров бил избран и обучуван во втората група, заедно со Валериј Биковски и Борис Велинов.[11] Групата била обучувана за извршување на мисии во времетраење до пет дена, коишто биле закажани за втората половина од 1963 година. Во мај 1963 година, Алексеев му предложил на Каманин, Комаров да биде назначен како резервен космонаут за Восток 5, на местото на Евгениј Хрунов, поради тоа што неговиот скафандер веќе бил подготвен.[12] Подоцна, Комаров бил вклучен и во поширока група на космонаути за планираните мисии во 1964, заедно со: Бељаев, Шонин, Хрунов, Зајкин, Горбатко, Волинов и Леонов. Обучуваните групи биле создадени со цел да се извршат подоцнежните мисии од програмата Восток (Восток 7-13), но ниту еден од овие летови не бил изведен под покровителство на програмата.[13] Во декември 1963, Комаров бил додаден од страна на Каманин на потесен список на космонаути коишто веќе поминале две години на обуката, а на којшто се наоѓале и Волинов и Леонов.
Во април 1964 година, било потврдено дека Комаров е подготвен за лет во вселената, исто како што биле и Биковски, Попович, Титов, Волинов, Леонов, Хрунов, Бељаев и Демин.[14] Од оваа група, потоа требало да биде избран командант на мисијата „Восход“, којашто била закажана за крајот на 1964 година. Во месец мај истата година, групата била скратена, а во неа останале само Волинов, Комаров, Леонов и Хрунов.[15]
За време на обуката, Владимир живеел заедно со својата сопруга Валентина и нивните две деца Евгениј и Ирина. Во слободното време, тој уживал во ловот, скијачкото трчање, играњето хокеј на мраз и другите активности коишто ги правел со колегите. Комаров бил почитуван од пријателите и колегите и бил нарекуван „Володја“ (деминутив од неговото име). Така, Павел Попович забележал дека Комаров бил почитуван поради неговата скромност и искуство:
... тој веќе беше инженер кога ни се придружи, но никогаш не нè презираше нас другите. Тој беше срдечен, решителен и вреден. Влијанието на Володја беше толку големо, што луѓето одеа кај него да разговараат за сите видови на прашања: лични, како и за работата.[16]
Неговиот близок пријател и космонаут Алексеј Леонов, пак, го опишал Комаров како:
... многу сериозен. Тој беше првокласен пробен пилот.[17]
Летови во вселената
уреди„Восход 1“
уредиДо јули 1964, само седум космонаути останале квалификувани за посадата на „Восход“, откако некои биле отстранети од медицински причини. На 6 јули, Комаров бил назначен за командант на резервната посада за „Восход 1“. По неколкумесечна жешка расправија меѓу Николај Каманин и Сергеј Корољов околу изборот на посадата, на 4 октомври 1964, Комаров бил избран за прв командант на мисијата од страна на Државната комисија, што било само осум дена пред предвидениот почеток на мисијата.[18] Таа вечер, Каманин играл тенис со посадата на „Восход“ и забележал дека Комаров играл очајно во споредба со неговиот екипаж: Борис Егоров и Константин Феоктисов.
На 9 октомври, Комаров и останатите членови на посадата ја прегледале капсулата „Восход“, заедно со Корољов и други членови од управата. Подоцна истиот ден, тие биле интервјуирани од страна на медиумите и играле тенис заради фотографите. Утрото на 11 октомври, на Комаров му биле дадени различни комунистички реликвии за следниот ден да ги однесе со себе во вселената. Во попладневните часови, посадата повторно извршила преглед на капсулата и добила совети од страна на Корољов.
Мисијата била извршена на 12 и 13 октомври 1964 година, а посадата ја сочинувале Владимир Комаров, Константин Феоктистов и Борис Егоров. Од нив, Комаров бил единствениот кој поминал опширна обука и единствениот кој имал претходно летечко искуство. Летот бил од исклучително значење, а со него биле воведени неколку значајни новини: прв лет во вселената со повеќечлена посада; за првпат во вселената не летал само пилот, туку и инженер и лекар; прва успешна мисија во којашто космонаутите не носеле скафандери; и прв лет којшто бил завршен со меко приземјување на леталото.[19][20] Повикувачкиот сигнал, којшто Комаров деноноќно го користел, гласел „Рубин“.[21] Целокупното времетраење на летот траело еден ден и 17 минути, за кое време, леталото 16 пати ја обиколило Земјата. Основна задача на мисијата била да се обезбеди приоритетно значење на Советскиот Сојуз во летовите во вселената составени од повеќечлени посади.
За време на мисијата, Комаров извршувал различни задачи со останатите членови на посадата, вклучувајќи медицински и навигациски проби и набљудување на Аврора Бореалис. Тој, исто така, направил и бројни радио преноси, меѓу кои и отпоздравувањето за Летните олимписки игри во Токио, коишто биле отворени на 10 октомври. Некои од преносите биле снимени од страна на аматерски радиопредаватели како Свен Гран. Мисијата траела малку повеќе од 24 часа и завршила успешно. Откако посадата безбедно се приземјила, нејзините членови биле превезени до местото на полетување во Тјуратам (познат и како Бајконур). Каманин во својот дневник забележал дека додека неговата посада била во добро расположение, Комаров бил уморен.[22] На 19 октомври, Комаров и останатите членови од посадата дале известување за текот на мисијата на Црвениот плоштад и присуствувале на прием во Кремљ.[23] По успехот на оваа кратка но многу значајна мисија, Комаров бил унапреден во полковник.[24] Меѓу другото, бил одликуван и со Лениновиот орден и со орденот Херој на Советскиот Сојуз.
Во декември 1964, од страна на Стратешките ракетни сили било побарано Комаров да ги напушти Воено-воздушните сили на СССР и да им се придружи, што најверојатно било поттикнато од фактот дека Стратешките ракетни сили не биле толку успешни во производството на ракети како што тоа било случај со Воено-воздушните сили. Сепак, ваквото барање било одбиено од страна на Каманин.[25]
Во 1965, Комаров соработувал со Јуриј Гагарин во надгледувањето на подготовките за летот на „Восход 2“, којшто го изнел првиот обид за лет во вселенското пространство. Овие подготовки вклучувале подготовка на скафандери за космонаутите и објавување на кратки извештаи за летот. Во април истата година, Комаров, заедно со Каманин, Гагарин, Титов, Бељаев и Леонов, отпатувал во Санкт Петербург и заедно со Валентин Глушко ја посетил Петропавловската тврдина, каде што вториов ги предводел првите ракетни обиди од раните 1930-ти.[26] Во месец септември истата година, Комаров отпатувал и во Западна Германија.
„Сојуз 1“
уредиКомаров бил назначен да учествува во програмата „Сојуз“ заедно со Јуриј Гагарин и Алексеј Леонов. Во јули 1966, тој бил прекорен од страна на Каманин за неговото недозволено обелоденување дека:
„... Советскиот Сојуз во определено време ќе испрати автоматско вселенско летало околу Месечината и истото ќе го врати на Земјата, проследено со лет во вселената од страна на куче, и потоа човечки лет околу Месечината.“[27]
додека престојувал во Јапонија. Следниот месец, Комаров се судрил со други инженери во врска со тековните проблеми со дизајнот, во коишто пробите на бестежноста покажале дека отворот на капсулата Сојуз бил премногу мал за да биде овозможен безбеден излез на опремен космонаут.[28] Во меѓувреме, Комаров и неговите колеги-астронаути постојано ги испитувале своите групи и задачи и сериозно се загрижиле за отсуството на одговор во поглед на нивните грижи во врска со дизајнот и производството на вселенското летало, што дури придонело Јуриј Гагарин, во име на своите колеги, да напише и испрати писмо до Леонид Брежњев.
Комаров бил избран да раководи со „Сојуз 1“ во август 1966 година, додека Јуриј Гагарин бил избран за резервен космонаут.[29] За време на подготовките за летот, обајцата работеле по 12-14 часа дневно за да се подготват. При прилагодувањето на леталото за полетување, сончевите плочи на капсулата Сојуз не успеале да се отворат во целост, што оневозможило леталото да биде придвижено од потребната моќност и затскрило дел од навигациската опрема. Комаров за тоа известил:
„ | Условите се очајни. Параметрите во кабината се нормални, но преостанатата сончева плоча не се отвори. Магистралата е на само 13 до 14 ампери. Комуникациите на висока честота не може да се воспостават. Не можам да го насочам леталото кон Сонцето. Се обидов тоа да го сторам рачно со примена на машините за насочување DO-1, но преостанатиот притисок врз DO-1 се намалил на 180.“[30] | “ |
Тој безуспешно се обидувал да го насочи леталото цели пет часа. Но, тоа пренесувало неверодостојни информации за состојбата, и комуникациите се изгубиле во орбитите 13 до 15 поради откажувањето на предавателот на висока честота, којшто би можел да ја одржи радиоврската, и покрај тоа што леталото било надвор од опсегот на приземјените примачи на ултрависока честота.[30]
Како резултат на проблемите со леталото, втората капсула на Сојуз, којашто со себе требала да понесе космонаути да изведат излегување во отворена вселена, не била испратена во вселената и мисијата била прекината.
Комаров добил наредба да го пренасочи леталото, користејќи јонски систем во орбитите 15 до 17. Но, јонскиот систем на двигателот откажал. Комаров немал доволно време да се обиде рачно да овозможи влез во атмосферата сè до 19. орбита. Рачното насочување се засновало на употребата на автомат од марката „Vzor“, но за да го стори тоа, Комаров морал да биде во можност да го види Сонцето. За да се приземји на утврденото место, во близина на Орск, ракетното кочење на леталото морало да се изведе на онаа страна од Земјата каде што било ноќ. Комаров рачно го пренасочил леталото на страната на којашто било ден, а потоа употребил жироскоп како знак дека може да го насочи леталото за изведување на ракетното кочење на страната на којашто било ноќ.[31] Тој успешно влегол во вселената во 19. орбита, но падобранот од капсулата не се отворил правилно и леталото се судрило со земјата, при што Комаров загинал.
Во документарниот филм „Црвените космонаути“, во режија на Лео де Боер, од 2000 година, Алексеј Леонов напоменал на длабокото дејство коешто смртта на Комаров ја имало врз моралот меѓу космонаутите:
„ | Тој беше наш пријател. Пред неговата смрт, медиумите и јавноста не обрнуваа многу внимание на екстремните ризици коишто ги преземаме.[32] | “ |
Пренесување на телото и погреб
уредиНеколку часа по несреќата, на местото на случувањето пристигнал Николај Каманин, а три часа подоцна истото го сториле и Келдиш, Тјулин, Руденко и други членови на државната комисија. Сето она што останало од изгореното тело на Комаров била само грутка со пречник од 30 cm и должина од 80 cm. Каманин го придружувал телото за време на неговото пренесување до аеродромот во Орск во вечерните часови, каде што било натоварено на авион од марката Ил-18. Десетина минути пред полетувањето на авионот, слетал авион од марката Ан-12, во којшто се возеле Кузнецов и уште неколку други космонаути. Во раните утрински часови следниот ден, Каманин пристигнал во Москва. Авионот морал да скршне и да слета на аеродромот Шереметјево, бидејќи останатите аеродроми биле затворени за сообраќај. Согласно наредбите коишто биле издадени, остатоците од телото требале да бидат фотографирани, а веднаш потоа и кремирани, со цел да се одржи државен погреб на Кремљските ѕидини. Најпрво, остатоците претрпеле кратка аутопсија истото утро, а потоа и биле кремирани.[31]
Правот од кремираното тело бил пренесен во урна во Некрополата на Кремљските ѕидини на 26 април.[33] На неговата сопруга, Валентина Комарова, ѝ било предложено да не присуствува на погребот, но таа на тоа одговорила:
„ | Последните часови ќе бидам со него. Подготвена сум целиот живот да стојам пред него на колена.[34] | “ |
Во меѓувреме специјалистите коишто продолжиле да работат на местото на несреќата нашле уште неколку фрагменти од телото. Сепак, тие не се поврзале со државните органи и пронајдените фрагменти ги положиле на самото место на судирот кај Орск, еден ден пред одржувањето на државниот погреб.
Реакции по смртта
уредиВо објавата на агенцијата ТАСС, објавена еден ден по несреќата, го пишувало следново:
„ | На 23 април 1967 година, во Советскиот Сојуз, со цел испитување на Земјината орбита, бил испратен нов вселенски брод, „Сојуз 1“, со којшто управувал пилотот-космонаут и Херој на Советскиот Сојуз, инженерот-полковник Владимир Михајлович Комаров. За време на пробниот лет, којшто траел повеќе од едно деноноќие, со В. М. Комаров во целост била исполнета замислената програма за обработка на системот на новиот брод, а исто така биле спроведени и планираните научни експерименти. При полетувањето, пилотот-космонаут В. М. Комаров извршил маневрирање на бродот, спровел испитување на неговиот основен систем на различни режими и давал квалификувана оценка за техничките одлики на новиот вселенски брод. На 24 април, кога истражувачката програма била завршена, нему му било предложено да го прекине летот и да слета. После завршувањето на сите операции, поврзани со преминот кон режим на слетување, бродот успешно го поминал најтешкиот и одговорен дел од сопирањето во цврстите слоеви на атмосферата и во целост ја изгасил првата вселенска брзина. Сепак, при отворањето на основната купола на падобранот на висина од седум километри, според претходните податоци, како резултат на свиткувањето на падобранот, вселенскиот брод се спуштил со поголема брзина, што се јавило како причина за смртта на В. М. Комаров. Предвремената смрт на познатиот космонаут, инженер и пробен пилот на вселенски бродови Владимир Михајлович Комаров претставува тешка загуба за целиот советски народ.[35][36] | “ |
На 25 април 1967, во дневниот весник Правда бил објавен напис од страна на неговите колеги-космонаути со следнава содржина:
„ | За предвесниците е секогаш потешко. Тие чекорат по непознати патишта, а овие патишта не се прави, имаат остри завои, изненадувања и опасности. Но, кој било којшто одбира пат до орбитата, никогаш не сака да го напушти. И не е важно кои потешкотии и пречки постојат; тие никогаш не се доволно силни да оттргнат таков човек од избраниот пат. Додека неговото срце чука во неговите гради, космонаутот секогаш ќе продолжи да го предизвикува универзумот. Владимир Комаров беше еден од зачетниците на овој опасен пат.[37] | “ |
Во интервју за весникот Комсомольская правда, на 17 мај, Јуриј Гагарин се повикал на неуспехот на управата да ги слушне грижите во врска со леталото Сојуз, коишто биле изнесени од страна на космонаутите, и дека смртта на Комаров треба да ги поучи државните установи да бидат построги во нивното испитување и проценување на:
„сите механизми на вселенското летало, уште повнимателно на сите стадиуми на проверување и испитување, и уште повеќе внимателни на сите стадиуми на проверување и испитување, а исто така и претпазливи во нашето соочување со непознатото. Тој ни покажа колку е опасен патот до вселената. Неговиот лет и неговата смрт ќе нè научат на храброст.“[37]
Меѓу другото, Гагарин го рекол и следново:
„ | Безбедноста на носечката ракета и вселенскиот брод, несомнено, е поголема од кое било друго превозно средство. Но сепак и нивната конструкција е неспоредливо посложена. Сфаќањата за расхерметизација на кабината, на пример, кај возачите воопшто не постојат, за пилотите е веќе крупна непријатност, додека кај пилотите-космонаути може да доведе до моментна смрт. И колку и да е зголемена безбедноста, самото усложнување е целосно закономерно, конструкциите, произлезени од усложнетите задачи, испречени пред вселенската посада, може да бидат предизвикани со можните откажувања и неисправности. Некои неисправности можат да бидат отстранети од страна на самиот космонаут; други, коишто никако не може да се отстранат, можат само да го попречат исполнувањето на оваа или која било точка во неговата работа; трети, најопасни, можат да го загрозат неговиот живот. Имено, таквите недостатоци, т.е. ненормалности во работата на системот за падобранот, послужиле како причина за смртта на капетанот на „Сојуз“.[36] | “ |
Во мај 1967 година, Гагарин и Леонов го критикувале Василиј Мишин за неговото „мало познавање во врска со леталото Сојуз и деталите од работата на истото, неговиот недостиг на соработка во работата со космонаутите за време на летот и обучувачките активности“ и го повикале Каманин да биде споменат во официјалниот извештај за судирот.[38]
Истрага за несреќата
уредиНа 27 април 1967, Устинов свикал седница на државната комисија во врска со спроведувањето на истрага за проблемите и судирот на леталото „Сојуз 1“. Истрагата требало да биде завршена до 15 мај, а завршниот извештај да биде издаден до 25 мај. Во комисијата членувале 22 члена поделени во седум комитети, а меѓу нив биле и главните дизајнери на леталото и Јуриј Гагарин. Нивните задачи биле следниве:
- истражување на дизајнот и испробување на структурите на вселенското летало;
- истражување на дизајнот и испробување на слетувањето и системите на падобранот;
- истражување на дизајнот и испробување на системите за насочување и управување;
- испитување на исполнувањето на означувањето, комуникациите и контролните системи за приземјување;
- истражување на дизајнот и испробување на системот за исфрлање;
- анализа на содржината снимена од страна на Мир-3, телеметријата и комуникациите од вселената до Земјата;
- прегледување на дизајнот и документацијата за леталото, потсистемите, програмата за обука, планот за летање и записникот од летот.[39]
Во резултатите од испробување на системите на падобранот на Сојуз, објавени на 15 мај 1967, било наведено дека при првиот обид падобранот не се отворил, додека при вториот се наполнил со воздух, но со задоцнување од 20 секунди. Истражувањата спроведени од страна на Централниот аерохидродинамичен институт покажале дека вградениот падобран создал подрачје на турбуленција во браздата на капсулата и дека резервниот падобран се отворил токму во тоа подрачје на хаотичен воздух што го оневозможило да се наполни со воздух. Испробувањата на падобранот, пак, покажале дека и покрај тоа што тој бил дизајниран да се отвори при аеродинамичен отпор од 1,8 тони, нему му бил потребен отпор од 3-4 тони за да го притисне падобранот и да овозможи истиот да се отвори. Падобранот не би успеал да се наполни при отпор од 8 тони.[40]
Исфрлањето на модел на леталото „Сојуз 1“ за потребите на истрагата било откажано поради големата веројатност за загуба на леталото и малата веројатност за добивање на нови податоци. Оценката на системот на падобранот била завршена од страна на Институтот за аеронаутика Громов на 20 мај, при што било утврдено дека најверојатната причина за неотворањето на падобранот на „Сојуз 1“ бил недоволниот аеродинамичен отпор создаден од вградениот падобран за да овозможи негово извлекување на надвор. Имено, потребно било да се произведе отпор во износ од 3 тони, но пробите покажале дека биле произведени само 1,1 до 1,8 тони при амбиентен притисок од 0,67 атмосфери. Покрај тоа, доверливоста на работа на резервниот и вградениот падобран истовремено не била предмет на истражување. Изгледите двата падобрана да се заплеткаат биле многу веројатни. Институтот за аеронаутика, исто така, ги предложил следниве промени:
- отстранување на резервниот падобран и создавање на систем на два главни падобрани, што го прави слетувањето возможно дури и ако еден од главните падобрани не се отвори;
- усовршување преку спроведување на опширно испробување на доверливоста на полнењето со воздух на вградениот падобран;
- додавање на контроли коишто овозможуваат рачно отворање на падобранот од страна на посадата, со помош на инструментите во кабината;
- зголемување на времето за исфрлање на топлотниот штит од 60,7 на 100 секунди по отворањето на падобранот, со цел да се обезбеди целосен интервал во работата на автоматскиот систем на слетување.[41]
Заклучоците од спроведените испитувања на Институтот за аеродинамика биле прифатени како корисни, но потребни биле месеци и години за извршување на едни такви обемни промени во дизајнот на леталото.[42]
Последни зборови
уредиВо 2011 година, од печат излегло делото „Ѕвездениот човек: Вистината зад легендата на Јуриј Гагарин“ од авторите Џејми Доран и Пирс Бизони, во коешто се наведува дека американските тајни служби ги знаеле последните зборови на Владимир Комаров, кога нему му било јасно дека по одброен број секунди ќе загине. Всушност, член на американските тајни служби, кој во книгата се споменува како „Пери Фелвок“, им соопштил на авторите на книгата дека додека се наоѓал во Турција го прислушкувал разговорот на Комаров со Алексеј Косигин, во којшто Косигин плачел и му велел на Комаров дека е херој.[43] Според Фелвок, последните зборови на Комаров биле:
„ | Температурата во капсулата забрзано расте.[44] | “ |
Освен тоа, се споменува и дека Комаров со гневен глас извикал „... ме убија“, најверојатно опишувајќи го она што му го направиле инженерите.[45]
Во книгата на Доран и Бизони се опишува блиското пријателство меѓу Владимир Комаров и Јуриј Гагарин. Наводно, и двајцата знаеле дека летот на „Сојуз 1“ е многу опасен и тоа дека претполетната проверка на вселенскиот брод пронашла 203 структурни дефекти.[44] Понатаму, се споменува и дека неколку седмици пред исфрлувањето на леталото, Комаров се сретнал со разрешениот службеник во КГБ Венјамин Русаев и му рекол дека нема да се врати од летањето. Кога Русаев го запрашал зошто го мисли тоа, овој му одговорил дека во случај да откаже и да го испратат резервниот космонаут, тогаш Гагарин ќе погинел наместо него, по што заплакал.[43]
Награди и одличја
уредиВладимир Комаров бил одликуван со бројни награди и одличја, меѓу кои како најзначајни се издвојуваат два медали „Златна ѕвезда“ за Херој на Советскиот Сојуз (1964, 1967), пет јубилејни медали, Лениновиот орден (1964) и медалот „Златна ѕвезда“ за Херој на трудот на ДР Виетнам.[46] Тој, исто така, бил прогласен и за почесен граѓанин на руските градови Калуга и Грозни, како и на францускиот град Нант.[47]
Во продолжение следува список со позначајните награди и ордени со коишто Комаров бил одликуван.
Награда или орден | Земја | Година | Белешка | |
---|---|---|---|---|
Јубилеен медал „30 години Вооружени сили на СССР“ | СССР | 1948 | медал којшто се доделувал на сите генерали, адмирали, офицери, водници од прва класа, наредници, матови, војници и морнари, коишто биле членови на Вооружените сили на СССР, внатрешните трупи или на Министерството за државна безбедност на СССР на 23 февруари 1948 година | |
Медал „За борбени заслуги“ | СССР | 1956 | воен медал којшто се доделувал за борбено дејство коешто довело до воен успех, храбра одбрана на државните граници или успешна воена и политичка обука и подготовка | |
Јубилеен медал „40 години Вооружени сили на СССР“ | СССР | 1958 | медал којшто се доделувал на сите генерали, адмирали, офицери, водници од прва класа, наредници, матови, војници и морнари, коишто биле членови на Вооружените сили на СССР, внатрешните трупи или на Министерството за државна безбедност на СССР на 22 февруари 1958 година | |
Црвена ѕвезда | СССР | 1961 | воен орден којшто се доделувал за огромен придонес во одбраната на СССР во време на војна и мир и за обезбедување јавна безбедност | |
Херој на Советскиот Сојуз (двапати) | СССР | 1964 1967 (посмртно) |
највисоко одличје во СССР; се доделувало за херојски подвизи во служба на државата и општеството | |
Ленинов орден | СССР | 1964 | орден во чест на Владимир Ленин; се доделувал за истакната служба пружена кон државата, примерна служба во вооружените сили, поддршка на пријателство и соработка меѓу народите и во зацврстување на мирот, и заслужни служби за државата и општеството | |
Медал „За обработување на ледини и необработени земји“ | СССР | 1964 | медал којшто се доделувал за извршување одлична работа во обработувањето на ледини и необработени земји во регионите на Казахстан, Урал, Сибир, Поволжие и Северен Кавказ | |
Херој на трудот на ДР Виетнам | ДР Виетнам | 1964 | одличје коешто го доделува Владата на Виетнам за достигнувања од особено значење во производството и работата | |
Пилот-космонаут на Советскиот Сојуз | СССР | 1964 | почесна награда којашто им била доделувана на сите космонаути коишто летале во рамките на Вселенската програма на СССР | |
Медал „За беспрекорна служба“ | СССР | 1964 | медал којшто се доделувал за долгогодишна служба во Вооружените сили на СССР |
Чествување на ликот на Владимир Комаров
уредиНастани и споменици
уредиВо 1967 година, во Алејата на космонаутите во Москва бил откриен бронзен споменик на Владимир Комаров, дело на вајарот Павел Бондаренко и на архитектите Александар Колчин и Михаил Баршч.[48] На 25 април 1968 година, на местото на несреќата во близина на градот Орск била одржана помен-служба во сеќавање на Комаров. Според Каманин, на службата присуствувале повеќе од 10.000 луѓе, а некои од нив патувале стотици и илјадници километри за да присуствуваат на настанот.[49] Оттогаш, на 24 април секоја година се одржува помен во сеќавање на загинатиот космонаут, а на местото на настанот бил подигнат и споменик во негова чест.[50] Споменик на Комаров бил издигнат и во Нижни Новгород и тоа на улица којашто го носи неговото име.
Пред напуштањето на Месечината на Аполо 11, последната задача на Нил Армстронг била да постави мал пакет со предмети во спомен на Владимир Комаров, Јуриј Гагарин, како и на загинатите членови на посадата на Аполо 1: Вирџил Грисом, Едвард Хигинс Рајт и Роџер Чафи.[51] Името на Комаров се споменува и на спомен-плоча оставена на Хадлиевата вдлабнатина на Месечината од страна на командантот на Аполо 15, Дејвид Скот, на 1 август 1971 година. Покрај спомен-плочата, на местото била оставена и скулптурата „Паднатиот астронаут“, изработена од страна на белгискиот вајар Паул фан Хојдонк. Спомен-плочата и скулптурата се посветени на космонаутите коишто загинале во обидите да стигнат до вселенското пространство или Месечината.[52]
Чествување на името
уредиПо смртта на Комаров, неговото име било овековечено на различни начини и во негова чест биле именувани бројни објекти, институции, улици, па дури и населени места во многу држави низ светот. Така, на 30 мај 1967, Воено-воздухопловниот институт во градот Ејск бил преименуван во чест на Владимир Комаров,[53] а во негова чест своето име од 1969 година го носи и Космонаутско-ракетниот клуб во Љубљана.[54] Неговото име го носат и Физичко-математичкото училиште бр. 199 во Тбилиси, како и средни училишта во Ѕвезден Град и Велико Трново, а во рамките на Средното општообразовно училиште бр. 235 во Москва е создаден музеј именуван во негова чест[55]. Во местото Арбатски Теснец на островот Крим се наоѓа медицински комплекс именуван во негова чест, а во Санаторно, исто така на Крим, и во Ташкентската Област во Узбекистан се наоѓаат детски одморалишта коишто го носат неговото име. Во чест на Комаров се именувани и неколку културни центри, меѓу кои и Дворецот на детското творештво во градот Уфа.[56]
Во многу градови во светот, главно во земји од поранешниот Советски Сојуз, се наоѓаат улици со името Владимир Комаров. Меѓу нив, најпознатите се протегаат низ: Орск,[57] Нижни Новгород,[58] Казан,[59] Омск,[60] Уфа,[61] Ростов на Дон,[62] Воронеж[63] и Чељабинск[64] во Русија; Киев,[65] Одеса,[66] Љвов,[67] и Керч[68] во Украина; Зирјановск[69] во Казахстан; како и Франкфурт на Одра[70] во Германија. Во руската престолнина Москва се наоѓа и плоштад „Владимир Комаров“.[71]
Во април 1967 година, непосредно по смртта на Комаров, еден советски научно-истражувачки брод, во негова чест, бил преименуван во „Космонаут Владимир Комаров“. Во 1971 година, Третата ловечка ескадрила при Националната народна армија на Источна Германија го присвоила името на Владимир Комаров, но името се изгубило по припојувањето кон Бундесверот во 1990 година.[72] Истата 1971, бил откриен астероид којшто бил именуван 1836 Комаров,[73] а во астрономијата е познато дека еден кратер на Месечината е наречен Комаров.[74] Во 1971,
Името на Комаров се споменува и во уметноста, каде што нему му се посветени неколку творби. Турскиот драматург Мехмет Бајдур напишал драма насловена „Владимир Комаров“, преку којашто ги отсликал случувањата од последниот ден од животот на Комаров, на 24 април 1967 година, а којашто за првпат била изведена во 1993 година.[75] Австралискиот композитор Брет Дин, инспириран од делото на космонаутот, го компонирал и нему му го посветил делото „Падот на Комаров“, коешто било изведено во рамките на проектот „Ad astra“ од страна на берлинскиот симфониски оркестар во 2006 година.[76] Во 2008, француската музичка електронска група Kowalsky ја објавила песната „Lost“ (во превод „Изгубен“), којашто ги содржи последните зборови на Комаров. Понатаму, естонската музичка група Sõpruse Puiestee снимила песна под наслов „Planeetidegi vahel kehtib raskus“ (во превод „Тешкотијата стои дури и меѓу планетите“), којашто била посветена на Владимир Комаров и објавена на 24 април 2010 година, на денот на одбележувањето на 43 години од неговата смрт.[77] Песната „Unearthly Dreamings“ (во превод „Вонземјени сонувања“) од американската музичка група „Cormorant“ била објавена во 2011 година и е посветена на неуспешната вселенска мисија на Комаров.[78] Во чест на Владимир Комаров името го добила и една планета во компјутерската игра Mass Effect 2.[79]
Во чест на Комаров, Меѓународната воздухопловна федерација доделува „Диплома В. М. Комаров“ од областа на космонаутиката, којашто е единствената награда доделувана од оваа организација за вселенските достигнувања од страна на посадата наместо поединец. Наградата се доделува годишно и тоа на космонаути или членови на повеќечлени посади, коишто постигнале значајни достигнувања во областа на истражувањето на вселенското пространство една година пред тоа. Најголемиот број на посади коишто може да бидат наградени изнесува три.[80]
Филмови
уредиДосега се снимени неколку филмови во коишто се споменува ликот и делото на Владимир Комаров:
- „Москва ги среќава јуначките космонаути“ (1964) — советски документарен филм за летот во вселената на тричлена советска посада и нивниот пречек на Земјата;
- „Тројца во вселената“ (1964);
- „Во вселената „Восход““ (1965) — советски документарен филм за подготовките и спроведувањето на првиот лет во вселената на повеќеместниот вселенски брод „Восход 1“ на 12 октомври 1964 година;
- „Вселена. Првата крв“ (2006);
- „Смртта на космонаутот“ (2009) — руски документарен филм за космонаутот Владимир Комаров, неговата служба во првата група на космонаути, првиот лет во вселената во состав на посадата на вселенскиот брод „Восход“ и неговиот последен трагичен лет;
- „Наша вселена“ (2011).
Поштенски марки
уредиВо 1964 година, во СССР биле издадени три серии од по пет поштенски марки во чест на летот на вселенскиот брод „Восход“, при што на серијата од 4 копејки бил прикажан ликот на Комаров, додека на сериите од 6 и 50 копејки и ликовите на Феоктистов и Егоров. Истата година, поштенски марки во чест на истиот лет биле издадени и во Полска и во Унгарија, а веќе во следната 1965 во Романија, Бугарија и Виетнам. Поштенските марки во Бугарија биле издадени во четири серии од по 5 марки, при што на двете од нив коишто биле дозначени на износ од 1 стотинка се наоѓал исклучително ликот на Комаров, додека на останатите и ликовите на останатите двајца космонаути.[81]
Една година по трагичната несреќа, во ЈАР биле издадени осум серии од по три марки во сеќавање на загинатиот Владимир Комаров. Марки во сеќавање на загинатите космонаути со ликот на Комаров биле издадени во периодот од 1968 до 1972 година и на Малдивските Острови, во Унгарија, Мавританија и Екваторска Гвинеја.[81]
Издавањето на поштенски марки во чест на вселенските истражувања или одбележувањето на различни јубилеи од историјата на космонаутиката, на коишто бил претставен ликот на Владимир Комаров било извршено и во: Куба, Бенин, Гамбија, Чад, Гвинеја, Бутан и Тувалу.[81]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Lawrence W. Baker, уред. (2005). „Almanac, Vol 1“. Space Exploration Reference Library.
- ↑ Burgess and Hall, стр. 52
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Burgess and Hall, стр. 53
- ↑ Burgess and Hall, стр. 54
- ↑ Harford, James (1997). Korolev. John Wiley & Sons. стр. 165. ISBN 0-471-32721-2.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Hall and Shayler, стр. 109
- ↑ Hall and Shayler, стр. 125
- ↑ Kamanin Diary, March 16, 1962
- ↑ Hall and Shayler, стр. 181
- ↑ Hall and Shayler, стр. 182-3
- ↑ Kamanin Diary, February 1, 1963
- ↑ Kamanin Diary, May 9, 1963
- ↑ Hall and Shayler, стр. 215
- ↑ Kamanin Diary, April 24, 1964
- ↑ Kamanin Diary, May 24, 1964
- ↑ Burgess, Colin; Doolan, Kate; Vis, Bert (2003). Fallen Astronauts. University of Nebraska Press. стр. 169. ISBN 0-8032-6212-4.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Scott, David; Leonov, Alexei. Two Sides of the Moon. стр. 195. ISBN 0-312-30865-5.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Kamanin Diary, October 4, 1964
- ↑ «Восход», Брокгауз-Ефрон и Большая Советская Энциклопедия.
- ↑ Хроника освоения космоса: 1964 г., А. Б. Железняков/Энциклопедия Космонавтика.
- ↑ Комаров Владимир Михайлович[мртва врска], Биографии советских и российских космонавтов.
- ↑ Kamanin Diary, October 13, 1964
- ↑ Kamanin Diary, October 19, 1964
- ↑ Hall, Rex; Shayler, David. The Rocket Men: Vostok & Voskhod, The first Soviet Manned Spaceflights. стр. 355. ISBN 1-85233-391-X.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Kamanin Diary, December 30, 1964
- ↑ Kamanin Diary, April 28, 1965
- ↑ Kamanin Diary, July 20, 1966
- ↑ Kamanin Diary, August 5, 1966
- ↑ Владимир Михайлович Комаров Архивирано на 1 март 2013 г., Народный биографический справочник.
- ↑ 30,0 30,1 Kamanin Diary, April 23, 1967
- ↑ 31,0 31,1 Kamanin Diary, April 24, 1967
- ↑ De Boer, Leo (Director). (2000). The Red Stuff. [Documentary]. Netherlands: Pieter Van Huystee Film and Television. http://www.imdb.com/title/tt0230688/.
- ↑ Kamanin Diary, April 26, 1967
- ↑ Полёт над пропастью. Глава 5. Подвиг космонавта Комарова Архивирано на 27 март 2014 г., Алексей Николаевич Крылов.
- ↑ «Сообщение ТАСС о гибели летчика–космонавта СССР, Героя Советского Союза, инженер–полковника Комарова Владимира Михайловича», 25.04.1967.
- ↑ 36,0 36,1 Почему, зачем и как погиб космонавт Комаров Архивирано на 11 март 2013 г., Павел Шубин, 12 мај 2011.
- ↑ 37,0 37,1 Tsymbal, Nikolai, уред. (1984), First Man in Space, Moscow: Progress Publishers Moscow, стр. 105
- ↑ Kamanin Diary, May 5, 1967
- ↑ Kamanin Diary, April 27, 1967
- ↑ Kamanin Diary, May 15, 1967
- ↑ Kamanin Diary, May 20, 1967
- ↑ Kamanin Diary, May 22, 1967
- ↑ 43,0 43,1 Американская разведка перехватила последние слова обреченного космонавта Комарова, InoPressa, 21 март 2011.
- ↑ 44,0 44,1 Захар Радов: Американцы знали последние слова космонавта Комарова, Комсомольская правда, 20 март 2011.
- ↑ Cosmonaut Crashed Into Earth 'Crying In Rage', Robert Krulwich, 18 мај 2011.
- ↑ Комаров Владимир Михайлович, Герои страны.
- ↑ Владимир Михайлович Комаров, Космический мемориал.
- ↑ Памятник-бюст В. М. Комарову, МосГид.
- ↑ Kamanin Diary, April 25, 1968
- ↑ Кудрявцева (1969), Три подвига Владимир Комарова, Москва: Издательство полической литературы, стр. 64.
- ↑ „Astronautics and Aeronautics, 1969: Chronology of Science, Technology and Policy“ (PDF) (англиски). NASA. 1970. стр. . 228. Архивирано (PDF) од изворникот 2012-06-21. Посетено на 3 февруари 2012.
- ↑ Jones, Eric M. (1995). „Apollo 15 Lunar Surface Journal. The Third EVA. The Hammer and the Feather“. Apollo Lunar Surface Journal (англиски). NASA. Архивирано од изворникот 2012-01-24.
- ↑ История: В огне гражданской войны, мрежно место за училиштето.
- ↑ Kratek pregled razvoja kluba, официјално мрежно место на клубот.
- ↑ Музей имени летчика-космонавта Дважды героя Советского Союза В. М. Комарова. СОШ № 235. Москва.[мртва врска], мрежно место на училиштето.
- ↑ 75-летний юбилей Уфимского городского Дворца детского творчества им. В.М. Комарова[мртва врска], официјално мрежно место на градот Уфа.
- ↑ Улица Комарова, Орск, Орск, Оренбургская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Улица Космонавта Комарова, Нижний Новгород, Нижегородская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Улица Комарова, Казань, республика Татарстан, Россия, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Проспект Комарова, Кировский административный округ, Омск, Омская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Улица Комарова, Уфа, республика Башкортостан, Россия, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Комарова бульвар, Ростов-на-Дону, Ростовская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Улица космонавта Комарова, Воронеж, Воронежская область, Россия
- ↑ Улица Комарова, Челябинск, Челябинская область, Россия, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Проспект Космонавта Комарова, Соломенский район, Киев, Украина, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Улица Космонавта Комарова, Киевский район, Одесса, Одесская область, Украина, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Улица Комарова, Железнодорожный район, Львов, Львовская область, Украина, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Улица Комарова, Керчь, Крым автономная республика, Украина, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Улица Комарова, Зыряновск, Зыряновский район, Восточно-Казахстанская область, Казахстан, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Wladimir-Komarow-Eck, Strassenkatalog.de.
- ↑ Площадь Космонавта Комарова, Москва, Россия, Яндекс.Панорамы.
- ↑ Jagdfliegergeschwader 3 "Wladimir Komarow"
- ↑ 1836 Komarov (1971 OT), Jet Propulsion Laboratory.
- ↑ Schmadel, Lutz D. (2003). Dictionary of Minor Planet Names, Volume 1. New York: Springer. стр. 147. ISBN 3-540-00238-3.
- ↑ Mehmet Baydur, официјално мрежно место на Министерството за култура на Турција.
- ↑ Brett Dean — Komarov’s Fall, Boosey&Hawkes.
- ↑ Planeetidegi vahel kehtib raskus Архивирано на 16 октомври 2010 г., Mait Vaik, 11 мај 2010. (естонски)
- ↑ Cormorant: Follow The Blackened Thread, Lars Gotrich, 16 септември 2011.
- ↑ Mass Effect 2 Planetary Database: Entry Details: Komarov[мртва врска], GameBanshee.
- ↑ The V.M. Komarov Diploma Архивирано на 27 октомври 2015 г., John W. Young.
- ↑ 81,0 81,1 81,2 Комаров Владимир Михайлович, Astronaut.ru.
Литература
уредиНа руски
уреди- Абрамов А. С. У Кремлёвской стены. - Изд. 7-е, доп. - М.: Политиздат, 1987.
- Герои Советского Союза и России, полные кавалеры ордена Славы Северного АО г. Москвы. М., 2003.
- Герои Советского Союза. Краткий биографический словарь. Т.1. М., 1987.
- Дважды Герои Советского Союза. - М.: Воениздат, 1973.
- Лебедев Л., Лукьянов Б., Романов А., Сыны голубой планеты. М.: Политиз, 1973.
- Люди бесмертного подвига. Книга 1. М., 1975.
- Ребров М. Ф. Советские космонавты. - Изд. 2-е, доп. - М., 1983.
- Советские и российские космонавты. 1960-2000. М., 2001.
На англиски
уреди- Burgess, Colin; Doolan, Kate; Vis, Bert (2003). Fallen Astronauts. University of Nebraska Press. pp. 272. ISBN 0-8032-6212-4.
- Burgess, Colin (October 15, 2007). In the Shadow of the Moon: A Challenging Journey to Tranquility, 1965–1969. University of Nebraska Press. pp. 448. ISBN 978-0-8032-1128-5.
- Burgess, Colin; Hall, Rex. The First Soviet Cosmonaut Team: Their lives, legacy and historical impact. ISBN 978-0-387-84823-5.
- Hall, Rex; Shayler, David. The Rocket Men: Vostok & Voskhod, The first Soviet Manned Spaceflights. ISBN 1-85233-391-X.
- Nikolai Kamanin's personal diaries, from 1960–1971. A summary and English translation by Mark Wade is available online at Kamanin Diaries, in the Encyclopedia Astronautica.
- Bizony, Piers; Doran, Jamie (1998). Starman: The Truth Behind the Legend of Yuri Gagarin. * Bloomsbury Publishing PLC. ISBN 0-7475-3688-0.
Надворешни врски
уреди„Владимир Комаров“ на Ризницата ? |
- Владимир Комаров на мрежното место „Герои страны“.
- Владимир Комаров на SpaceHobby.ru.
- Последниот лет на космонаутот Владимир Комаров, Јуриј Зајцев. ru
- Смртта на космонаутот В. Комаров на вселенскиот брод „Сојуз 1“ Архивирано на 13 декември 2011 г. на мрежниот портал „Грот“. ru
- 1967: Russian cosmonaut dies in space crash, BBC.
- Анализа на мисијата „Восход“ и снимениот говор на Комаров, Свен Гран. (англиски)
- Анализа на мисијата „Сојуз“ и снимениот говот на Комаров, Свен Гран. (англиски)
Статијата „Владимир Комаров“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |