Византион (старогрќки Βυζάντιον, на латински: BYZANTIVM) — антички град кој бил основан во 667 година п.н.е. од страна на мегарските колонии од Стара Грција. Така бил наречен според нивниот владетел Бизас. Од ова име подоцна произлегло и името на Византиското Царство. За многу краток период градот го носел и името Август Антонија кое било дадено од страна на императорот Септимиј Север во чест на неговиот син Анатониј.

Византион
Βυζάντιον
Byzantium
Остатоци од споменикот Милион
МестоСтара Грција
ОбластМраморен регион
Дел одИстанбул, Турција
Историја
ГрадителГрчки колонисти
Изграденo667 п.н.е.
Културистарогрчка

Основање

уреди

Единствените извори за постоење на цивилизација во горниот дел од Босфорот датираат од првите грчки колонии по бреговите на Евксина. Една од првите такви колонии била Синоп, основана во 8 век п.н.е. од јонинскиот град Милет. Во следниот век Милет основал околу триесет колонии по бреговите на Евксина и Пропонтис (Мраморно Море). Првата грчка колонија на Босфорот била Халкедон, основана од страна на Мегара во 675 п.н.е. на азискиот брег од протокот. Денеска во овој дел од Истанбул се наоѓа населбата Кадиќој. Според Херодот, Византион бил основан седумнаесет години по Халкедон и како основач на градот се сметаат колонистите од Мегара (град блиску Атина).

Во почетокот Византион се наоѓал на Првиот рид, каде се наоѓал акрополот над Променториум Босфорум. Денеска во овој дел од градот се наоѓаат Аја Софија, Топкапи-сарај и Сината џамија. При археолошките ископувања на Првиот рид биле пронајдени садови и други предмети кои датираат од крајот на 6 век п.н.е. Сепак Акрополот на Првиот рид никогаш не бил систематско проучуван од археолози, бидејќи поголемиот дел од неговите темели се наоѓаат под денешниот Топкапи-сарај.

Митологија

уреди
 

Првите грчки митови за Босфорот веројатно датираат од крајот на бронзената ера, кога грчките народи за првпат влегле во контакт со овој дел од Егејско Море. Еден од првите митови раскажува за Зевс и неговата љубовница Јо, ќерка на речниот бог Инах, кој ја претворил во крава за да ја скрие од сопругата на Зевс, Хера. Но Хера не била излажена и испратила да ја следат безжалосни стршлени кои ја принудиле да го преплива местото меѓу Европа и Азија. Од тоа време овој проток започнал да се нарекува Брод на кравата во чест на љубовницата на Зевс.

Според традицијата Византион бил основан од Бизас или Визас од Мегара[1], кој во една од верзиите на митот се смета за син на Посејдон и нимфата Кероеса. Според митот, Бизас со својата флота од неговиот град испловил кон североисток по Егејско Море. Тој го прашал оракулот во Делфи каде точно да го основа својот нов град, а оракулот кажал: “спроти земјата на слепците“. Тој точно не разбрал што всушност значело тоа. Но кога пристигнал на бреговите од Мала Азија на Босфорот, разбрал што значело истото. На брегот постоел грчки град по име Халкедон. Визас сметал дека жителите на градот се слепи бидејќи не гледале со каква земја располагаат само на неколку метри од другата страна на Босфорот. Така, тој таму го основал градот, и го нарекол по себеси Византион. Подоцна, во 1555 година терминот Византион бил употребен за идентифицирење на Источната Римското Царство односно Византија.

Први години

уреди

Потеклото на името Византин или Византион е непознато, но се смета дека има тракиско-илирско потекло[2], изведено од името Визас (Бизас)[3].

Една од предностите на населбата Византион во споредба со Халкедон било тоа што таа можело полесно да се брани бидејќи се наоѓала на стрмниот рид на Акрополот и била заштитена со вода од своите три страни со исклучок на нејзиниот западен дел каде требало да бидат изградени ѕидини. Голема значајност за развој на Византион биле данокот кој морал да биде платен за премин преку протокот.

Византион и Халкедон биле между големиот број на грчки колонии по бреговете на Пропонтис. Во близина на Византион на европскиот дел се наоѓала Селимврија, а зад него Перинт, додека основни соседи на Халкедон на азискиот брег на Мраморното Море биле Даскилиј и Кизик[4]. Меѓу грчките колонии во Црното Море најблиску до Босфор бил Месемврија (Несебар) на европскиот брег, а на азискиот Хераклеја Понтика.

Овие мали грчки колонии биле целосно заобиколени од варварски племиња, од кое најмногу се плашеле. Поради нивните чести напади тие биле принудувани да градат заштитни ѕидини околу населбите кои ги основале. Првите ѕидини на Византион го опфаќале ридот околу акрополот како и стрмните падини кои воделе кон Босфорот и Златниот Рог. Заштитните ѕидини биле градени на неколкупати. Голем дел од ѕидините биле изградени од страна на Филон од Византион во 3 век п.н.е. Ѕидините биле толку здрави што честопати напаѓачите завладувајќи со Халкедон и други градови во близина, истите биле принудувани да се повлечат пред Византион.

Првите доселеници на Бизантион биле претежно дорски Грци од Мегара и поради тоа, политичките институции на градот биле прилично спартански отколку атински. Една од спартанските традиции, пренесена и во Византион била тракиското население да се претвора во робови. Културните традиции на Византион во првите години биле наследени од Мегара, вклучувајќи ја азбуката и религиозните култови, кои сведочат според натписите и релјефите од надгробните споменици. Заедно со другите грчки колонии и Византион бил полис, или град-држава, неговото управување обично било демократско, иако понекогаш градот бил контролиран од олигархија, а понекогаш и од тирани. Населението главно го поседувале вообичаениот совет или народно собрание на грчкиот полис, а неговите вработени биле нарекувани полемархи. Тие ги почитувале олимписките богови на Грција, а некои антички извори споменуваат за храмови во Византион, посветени на повеќе од десетина од овие божества, како и светилишта на анадолските богови Кибела и египетскиот бог Серапис. Едно од најзабележителните настани во Византион бил религиозниот празник на кој имало натпревар во трчање со факли, при кои голите момчиња се тркале до Акрополот за да го запалат таму светиот оган.

Историчарот Теопомп од Хиос во втората половина на 4 век п.н.е. на следниот начин го опишал животот на полисот:

Жителите од одамна имаат демократско управување; освен тоа нивниот град бил сместен на погодно за трговија место и целото населениего поминувало своето време на пазарот и крај водата; така тие се препуштале на љубовни занимања и пијанство во пабовите. Што се однесува до Халкедонците, пред да бидат завладеани од Византион тие неуморно се посветувале да извршуваат добри дела во животот; но, вкусиле еднаш од демократските слободи на Византите и веднаш потониле во луксуз.

Трговците од Византион имале репутација на пијаници. Голем број на историчари споменуваат за беспрекорното пијанство на жителите на градот, посебно за оние кои се занимавале со трговија.Филарх во својата книга зборува дека сите жители се опиени со вино и живеат во винарската визба. Тие ги изоставувале своите брачни другари и своите ноќи ги поминувале заедно со сопругите на странците кои доаѓале во градот.

Персиско владеење

уреди

Византион и грчките градови во Мала Азија паднале под персиско владеење наскоро по 546 п.н.е. кога Кир Велики го зазел Сарди. Тој и неговите наследници Персиската империја ја организирале во 20 провинции. Византион бил дел од провинцијата Дасцилиј на чие чело според Херодот се наоѓал Аристон. Во 512 п.н.е. кога персискиот император Дариј I пристигнал до Босфорот каде изградил мост од бродови за преминување на протокот. Овој настан бил опишан од Херодот и самиот град за првпат се појавил во пишаната историја. Според податоците, мостот бил изграден помеѓу денешните Анадолски Хисар и Румелихисар.

Во следните години градот бил управуван од лица именувани од Дариј. Во 499 п.н.е. јонските градови во Мала Азија се побуниле против персиското управување, но по првичното ослободување на Византион и Халкедон во 494 п.н.е. востанието било задушено. По ова Персија започнала напад кон сите острови, а кога завршил овој поход тие испратиле фенекиска флота кон Византион. Според Херодот, кога разбрале жителите на градот, наместо да го дочекаат нападот од морето тие решиле да побегнат кон Црно Море каде го основале денешен Несебар. Византион најверојатно бил до темел разрушен, но истиот бил бргу изграден бидејќи кога Ксеркс навлегол кон Грција во 481 п.н.е., во 479 п.н.е. биле поразени кај Платеја и според изворите тие се повлекле кон Византион. По две години грчкиот сојуз испратил флота на чело со Павзантиј кој го принудил на персиските сили да се предадат. Кога бил во Византион, тој започнал преговори со Ксеркс за да му помогне да го направи управител на градот и цела Грција, но кога било разбрано за неговите интриги тој бил прогонет од градот во 475 п.н.е. Во негово време бил изграден некој стадион во градот, а за самиот објект денеска постои натпис на надворешните ѕидини на Топкапи-сарај, каде може да се прочита неговото име.

Пелопонески војни

уреди

Кога започнала Пелопонеската војна во 431 п.н.е. градот бил повторно принуден да се приклучи на Атинскиот сојуз против Спарта, а целата оваа унија опстојувала во следните две децении кога по 413 п.н.е. Византион се приклучил во сојуз кон Спарта. Атињаните презеле експедиција по море против Византион и Халкедон во 409 п.н.е. и кога стигнале до Босфорот, тие изградиле населба на анадолскиот брег и ја нарекле Хризополис, град на златото. Денеска на местото на таа населба се наоѓа Усќудар. Во следниот период Атина успеала повторно да завладее со Византион. По крајот на Пелопонеската војна од 404 п.н.е. и големата победа на Спарта над Атина, Византион побарал од Спарта повторно да ја презема контролата над градот. Под контрола на Спарта градот бил до 390 п.н.е. кога демократската фракција ја презела власта во градот и дозволила Атина повторно да го зазеде градот. Во 337 п.н.е. Византион со помош на карискиот цар Мавзол успеал да прогласи независност од Атина.

Македонска ера

уреди

Во меѓувреме на сцената како нова сила се појавила Македонија со управувањето на Филип II, кој се искачил на престолот во 359 п.н.е. Во почетокот Византион бил во сојуз со Филип, но кога во 341 п.н.е. Филип влегол во Тракија, оставајќи го неговиот син Александар да владее како регент во Пела, Византион и неговите соседи се здружиле со Атињаните и подготвиле одбрана против Македонците. Во 340 п.н.е. Филип го нападнал Византион преку опсада. Во 339 п.н.е. Филип се повлечел додека жителите на градот Византион изградиле споменик во чест на Атињаните кои им помогнале во опсадата. Својата независност градот ја имал до неговото освојување од страна на Александар III Македонски во 323 п.н.е.

Во следните години градот успеал да се одбрани од нападите на Галите во 279 п.н.е., на Персија во 246 п.н.е. Хеленистичкиот период за Мала Азија всушност завршил во 129 п.н.е. кога Римјаните ја создале својата провинција Азија. Така Византион склучил формален сојуз со Рим, кој му обезбедил заштита на Римјаните и иако плаќал данок, го зачувал својот статус на слободен град. Римјаните ја поврзале новата провинција со Италија преку Вија Егнација.

Римска ера

уреди
 
Септимиј Север
 
Константин Велики

Византион формално бил вклучен во Римското Царство во 73 година од Веспазијан и за време на владеењето на Трајан бил вклучен во провинцијата Витина. И покрај сето тоа градот го задржал својот статус на слободен град под покровителство на Рим. Римјаните изградиле еден аквадукт, за да го снабдат Византион со вода, во времето на Адријан (117-138), кој сигурно го посетил градот во 123 година.

Византион останал слободен град до последните години од 2 век, кога во времето на војната за наследство на престолот застанал на страната на императорот Песцениј Нигер против Септимиј Север. Кога Север ја испратил својата војска кон Византион, силите на Нигер се повлекле а градот бил ставен под опсада. По три години Север го убил на Нигер и се прогласил како единствен император. И покрај смртта на Нигер, жителите на Византион продолжиле со својот отпор. Според историчарот Дион, жителите на градот за заштита од опсадата ги фрлале и бронзените статуи од театарот, додека бродови граделе од покривите на срушените куќи. Голем дел од жителите на градот направиле обид за бегство, додека останатите се оддале на канибализам за да преживеат. Римјаните без напор ги заплениле пренатрупаните со бегалци бродови за време на една бура и ги потопиле, додека останатите во градот преплашени гледале од ѕидовите. Така жителите на градот биле принудени да се предадат на Септимиј Север, кој наредил да се убијат сите преживеани војници, ѕидините на градот биле целосно разрушени а градот ја изгубил својата полунезависност.

По ограбувањето на градот од Септимиј Север градот во наредните години останал во рушевини. Неговиот син Каракаш го убедил на Септимиј да им дозволи на жителите повторно да се изгради градот бидејќи имал стратешко значење. Така кон крајот на 2 век започнала изградба на новиот Византион. Првичните ѕидини на Византион се наоѓале на Првиот рид околу Акрополот, додека новите биле со околу 500 метри оддалечени од старите. Ѕидините опфаќале и две порти кои се викале Просфорион и Неорион.

По повторната изградба, градот до 257 година живеел во мир кога поради заедничкото управување на Валеријан и неговиот син Гален, Готите започнале голем напад кон градот. Халкедон многу бргу се предал, но Византион останал заштитен. Во 268 година Готите повторно нападнале преку Тракија и со голема флота започнале напад на градот но истиот повторно бил неуспешен. Во следните 14 години на римскиот престол застанале неколку императори и ситњ биле убивани со исклучок на Кариниј, кој бил победен и убиен од страна на Диоклецијан кој седнал на престолот во 284 година. Во негово време започнала т.н. тетрархија или управување на четири императори бидејќи сметал дека Римското Царство е многу голема за да биде управувана од страна на само еден човек. Така, Диоклецијан управувал како август на источниот дел од земјата и за свој цезар го поставил Галериј, додека пак Максимијан управувал како август на запад и како цезар гоп имал Константин Хлор. Во сите поголеми градови биле изградени статуи од четирите императори, вклучително и во Византион.

Диоклецијан во 303 година абдицирал а истото во 305 го направил и Максимијан. Во [305] Константин бил прогласен за август на западот а Север станал цезар додека Галериј станал август на исток со цезар Максимин. Но во следните години започнала војна меѓу овие владетели. По смртта на Галериј во 311 година, римската империја била управувана од страна на Максенциј (306–312), Максимин Даја (310–313), Лициниј (308–324) и Константин. Максенциј, исто како и Константин, посакувал својата власт да не се ограничува со налозите дадени од страна на останатите владетели односно од страна на Тетрахијата. Во текот на 312 година, Константин 40.000 војници се упатил од Британија кон Италија. Од друга страна пак, Максенциј го чекал Константинсо армија од околу 75.000 до 120.000 војници.

Така, според легендата, пред битката против Максенциј, истата година, Константин размислувал на кој бог да му се моли. Еден ден околу пладне, на небото видел нишан - светол крст и напис: “Со овој знак ќе победиш”. Тоа го виделе и неговите војници. Потоа следната ноќ на Константин и во сонот му се јавил Спасителот со истиот знак и му рекол да направи војнички знак како тој што го видел на небото, да го носи пред војската и ќе го победи непријателот. Утрото им го раскажал сонот на своите пријатели и веднаш повикал златари за да го направат крстот онака како што тој им го опишал. Со овој знак Константин влегол во борба против Максцениј, кој со силна војска бил утврден во близината на Рим и лесно го победил. Бегајќи со многу војници Максцениј се удавил во реката Тибар на 28 октомври 312 година.

Константин влегол во Рим, радосно пречекан од населението затоа што го ослободил градот. Во 314 година Лициниј се ставил на страната на Басијан, против Константин I Велики. Во оваа граѓанска војна, Константин I го победил Линциј во Панонија на 8 октомври 314 година. Иако претрпел уште еден пораз, повторно дошло до склучување на мир, во кое Лициниј ја добил Тракија, Сирија и Египет. Подоцна, Константин I Велики започнал повторно војна со Лициниј, заробувајќи го во Византион. По ова тој бил преместен во Солун во т.н. куќен притвор. Кога се обидел да дигне повторно револт, Константин I Велики наредил да биде убиен. На тој начин Константин останал единствен император на Римското Царство. По овој настан, Константин решил градот Византион да биде повторно изграден но во многу поголема плоштина.

Во 330 година, Константин го прогласил градот за нова престолнина на Римското Царство, позната како Цариград или Цариград.

Градби

уреди

Хиподромот бил еден од првите објекти кои биле изградени од Септимиј Север. Во овој период биле изградени и јавни бањи во близина на Хиподромот познати како Бањи на Зевксипиј. Во тоа време била изградена и главната улица на градот која започнувала од Првиот а завршувала на Вториот рид. Оваа улица била позната како Месе која се споменува во еден градежен зборник од 5 век каде освен за овие се зборува и за други градби изградени од Септимиј Север:

На првиот рид се наоѓа храмот на Аполон кој гледа кон два храмови, едниот посветен на Артемида а другиот на Афродита.

Храмот на Афродита бил еден од најстарите во Византион кој опстојувал до управувањето на византискиот цар Теодосиј I (379-395) кој го претворил во магазин за кочии. Кинегион претставувал амфитеатар за гладијаторски борби и претстави со диви животни, и најверојатно се наоѓал на брегот на Мраморно Море на Првиот рид додека пак театарот се наоѓал до самиот акропол. За градот Дионисиј Византиски ги спомнал храмот на Геја, Деметра и Персефона, Хера и Хад (разрушени од Дариј I и Филип Македонски).

 
Византион, монета од 1 век со ликот на Артемида и ѕвезда со полумесечина.

Иако повеќе се поврзува со Персија и Митридат VI (кои владееле со градот[5]), ѕвездата и полумесечина се поврзувани во одреден степен со Византион. Така, некои хеленистички монети од 1 век п.н.е. како онаа на Артемида на премер, се одликуваат со изобразување на полумесечина и ѕвезда на задната страна. Според некои извори, овие монети биле создадени во времето на опсадата на градот од страна на Филип Македонски. Самата опсада, според традиционалното толкување, пропаднала бидејќи на небото се појавила светлина. Според историчарите, оваа светлина била создадена од метеор. Жителите на градот, за да го одбележат настанот, изградиле статуа на Хеката[6].

Познати личности

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Room, Adrian (2006). Placenames of the World: Origins and Meanings of the Names for 6,600 Countries, Cities, Territories, Natural Features, and Historic Sites (2. изд.). Jefferson, N.C.: McFarland & Company. ISBN 978-0-7864-2248-7.
  2. Janin, Raymond (1964). Constantinople byzantine. Paris: Institut Français d'Études Byzantines. стр. 10f.
  3. Georgacas, Demetrius John (1947). „The Names of Constantinople“. Transactions and Proceedings of the American Philological Association. The Johns Hopkins University Press. 78: 347–67. doi:10.2307/283503. JSTOR 283503.
  4. Петросян, Ю. А. (2006). Мегарские колонисты на Босфорском мысу. издательство «Наука».
  5. Andrew G. Traver, From Polis to Empire, The Ancient World, ca. 800 B.C.-A.D. 500, Greenwood Publishing Group, 2002, p257
  6. Vasiliki Limberis, Divine Heiress, Routledge, 1994, p15

Извори

уреди

Надворешни врски

уреди