Азија — централен и источен дел од Евроазија, дефиниран со исклучувањето на европскиот полуостров од Евроазија. Геолошки и географски, Азија не е ниту континент ниту потконтинент. Азија, сепак, обично се смета за најголемиот континент на светот по површина и број на население (преку 4 милијарди жители или 60 отсто од светското население).

Азија
Површина44.579.000 км2[1]
Население4.164.252.000[2]
Густина87 жит/км2
БДП (ном.)$31.58 трилиони (2019)
БДП (ПКМ) $65.44 трилиони (2019)
БДП/жител$7,350 (2019)
ДемонимАзијци
Земји49
Зависни територии4
Земји вон ООН6
ЈазициЈазици во Азија
Часовни појасиUTC+2 - UTC+12
НДД.asia
Најголеми градови

Азија (од асирскиот збор „асу“ = изгрејсонце) се наоѓа скоро целосно на северната полутопка, освен островскиот дел на Малајскиот Архипелаг, кој се спушта за 10 степени во јужната полутопка. Крајните точки на копнениот дел на Азија на север достигаат до ’ртот Чељускин на полуостровот Тајмир, на југ до ’ртот Буру на Малајскиот Полуостров, на исток до ’ртот Дежњов на Чукотскиот Полуостров и на запад до ’ртот Баба на полуостровот Мала Азија. Меѓутоа, ако се земе и островскиот дел на Азија, тогаш најсеверната точка се наоѓа на островот Северна Земја (81 СГШ), а најјужната на островот Роти (11 ЈГД) кој се наоѓа во групата на Малите Сундски Острови.

Уште од античко време границите помеѓу Европа и Азија се јасни и одат по линијата на Егејското Море, Дарданелите, Мраморното, Босфорот и Црното Море.

Брегова разгранетост

уреди

Бреговите на Азија се меѓу најразгранетите на Земјата. Таму има голем број полуострови, заливи, острови, островски групи, протоци и друго. Меѓутоа, сите брегови на Азија не се подеднакво разгранети. Северниот азиски брег кој излегува на Северноледен Океан е послабо разгранет. Од полуостровите на тој брег најголеми се: Јамал, Тајмир и Чукотскиот Полуостров, а од островите Северна Земја, Новосибирските Острови и Врангеловиот Остров. Источниот брег на Азија се одликува со поголема разгранетост од северниот. Таму се наоѓаат повеќе рабни мориња (Берингово Море, Охотско Море, Јапонското Море, Жолто Море, Источнокинеско Море, Јужнокинеско Море) кои од Тихиот Океан се одделени со голем број полуострови и островски групи. Од полуостровите најголеми се Камчатка и Кореја, а од островите Сахалин, Јапонските Острови, Тајван, Филипинските Острови и други. Бреговите и островите на Источна Азија во Тихиот Океан се изложени на силна сеизмичка и вулканска активност. Јужниот брег на Азија го заплискуваат водите на Индиски Океан и неговите крајбрежни мориња. Овој брег се одликува со големи полуострови, длабоки заливи, многу острови и повеќе островски групи. Од полуостровите најголеми се: Арапскиот, Индискиот Океан и Индокинескиот Полуостров, а од островите Шри Ланка (Цејлон). Од заливите најпознати се Бенгалски Залив, Оманскиот Залив, Персискиот Залив и Аденскиот Залив. Западниот брег на Азија почнува од протокот Баб ел-Мандеб и преку Црвено Море, Суецкиот Канал, Средоземното Море, Егејско Море и Мраморното Море со протоците Дарданели и Босфор се протега до Црно Море. Најголем полуостров на овој брег е Мала Азија. [3]

Релјеф

уреди

Азија е континент со најразлични релјефни целини, исполнет со голем број низини, планини и висорамнини. Низините зафаќаат една четвртина од територијата на Азија, а најраспространети се во периферните делови на континентот. Најпознати низини во Азија се Западносибирската и Туранската Низина кон границата со Европа, Месопотамската Низина во Југозападна Азија, потоа низините по долините на реките Инд, Ганг, Брамапутра и Меконг во Јужна Азија, Источнокинеската Низина во Источна Азија и други помали низини. Низините се отвори преку кои до извесна длавочина се навлегува во внатрешноста на мошне непристапните планински системи во Азија. Планинскиот релјеф во Азија е застапен на три четвртини од територијата. Планинскиот систем започнува од Егејското Море на запад, односно од Мала Азија и се протега до Тихиот Океан на исток. Го сочинуваат непрекинати планини: Таур, Иранските и Авганистанските Планини до Памир, од каде што системот се раздвојува кон југоисток со планините Хиндукуш, Каракорум и Хималаи, односно кон северозапад преку планините Тјеншан, Алтај, а потоа на север се протегаат Јаблановските, Становојските, Верхојанските, Черските, Колимските Планини и други масиви. Како посебни се простираат: Кавказ, Елбурс, планините во југозападните делови на Саудиска Арабија, планинските масиви во источните делови на Азија, како што се Корејските Планини, Голем Хинган и планините на островските територии. Планините во Азија се одликуваат со мошне големи височини. На Хималаите се наоѓаат највисокиот врв во светот, Монт Еверест, со 8848м н.в. како и поголем број други врвови со повеќе од 8000м височина.

На пространото азиско копно, меѓу планинските масиви се простираат огромни територии под висорамнини. Познати се Иранската Висорамнина, Тибетската Висорамнина, Становојската Висорамнина, Средносибирската Висорамнина, Казашката Висорамнина, висорамнината Декан и други. Посебна каратеристика на релјефот во Азија е тоа што големи територии се под пустини со типичен еолски релјеф. Такви се пустините: Голем Нефуд и Руб ел Хали на Арапскиот Полуостров, потоа Големата Солена Пустина во Иран, пустината Тар во Индрија, пустините Мујункум, Каракум и Кизилкум во Казахстан, Узбекистан и Турмекистан, пустината Такла Макан во Западна Кина, пустината Гоби во северните делови на Кина и Монголоија и др.

Големите надморски височини на планинските системи во Азија кои се простираат во појасот од 33°-55° с.г.ш. се причина за голема застапеност на глацијацијата на планините. Огромни територии се наоѓаат под снег и мраз. Скоро од сите планини, но особено од Хималаите, се спуштаат многубројни ледници од кои се напојуваат голем број реки на азискиот континент. Азија е континент покрај кој се простира т.н. огнен појас, кој се одликува со многу вулкани и земјотреси, така што е присутен и забележлив вулкански релјеф. Врз основа на вака поставениот релјеф во Азија се издвојуваат следни природни целини:

Северна Азија која се одликува со големи низински територии северно од планините Памир, Алтај и реката Амур.

Источна Азија која ги опфаќа источните делови на Кина, Кореја и Јапонија.

Јужна (Монсунска) Азија која се простира јужно од линијата Хиндукуш - Хималаи и ги опфаќа териториите од Пакистан до Индонезија и Филипини.

Југозападна Азија која се протега од Авганистан до Синајскиот Полуостров.

Средна Азија која ги опфаќа областите на највисоките планини и пустини.

Клима

уреди

Климата во Азија е мошне разновидна. На неа најмногу влијаат простирањето на планините, кое е во правец запад и исток и југозапад и североисток, и монсунските ветрови. Со климатските услови во Азија се опфатени сите климатски појаси. Се разликуваат два рабни појаси, и тоа: изразито тропско-монсунски појас на југ и поларен и супполарен појас на север. Меѓу овие два појаси се наоѓа умерениот појас во кој врз климата влијае пространата копнена територија, оддалеченоста од морињата и релјефот со неговите изразито високи планини. Тие се фактори поради кои во Средна Азија владее изразито конетинентална клима, со присуство на типична високопланинска (алпска) клима. Во зима во северните и во централните делови на Азија нстанува големо разладување и формирање на висок воздушен притисок, а во лето воздушните маси се загреваат и притисокот се намалува. Над Индискиот и Тихиот Океан се случува спротивното: поради разликите што настануваат во воздушните маси, доаѓа до големи движења на воздухот и се појавуваат периодични зимски и летни монсунски ветрови. Тие се главен фактор за формирање на климатските услови во Азија, односно за владеењето на таканаречената монсунска клима. Летните монсуни дуваат од Индискиот и Тихиот Океан кон копното. Тие се топли и влажни и носат големи количества врнежи и до Хималаите. Зимските монсуни дуваат од копното кон Индискиот Океан на југ и кон Тихиот Океан на исток. Се одликуваат како ладни суви и предизвикуваат изразито сушни периоди. Слична состојба е присутна и во Источна Азија каде што во летниот период од Тихиот Океан кон копното дуваат топли и влажни ветрови познати како тајфуни. Тие носат големи количества врнежи и обратно - во зима дуваат од високопланинското копно преку источните низини кон морето, носат ладен и сув воздух кој придонесува за формирање ладно и суво време проследено со сушен период. Тајфуните често придонесуваат за зголемување на дејствата на морските бранови, брановите цунами се предизвикани од подводни земјтореси или вулкански ерупции. На териториите во Сибир скоро постојано владеат ниски температури. Исклучок е краткото лето, кога длабоко замрзнатото земјиште површински се одмрзнува. Во Централна Азја има релативно мали годишни количества на врнежи (од 200мм до максимум 500мм), што е причина за појава на пространи пустински територии во кои е присутна пустинска клима. Во уште поизразена форма, пустинската клима е одлика и за териториите во Југозападна Азија. Поради надморската височина, високопланинските територии во Средна Азија скоро постојано се одликуваат со ниски температури, а просторот е под вечен снег и мраз. Таму владее изразито високопланинска и планинска клима.

Климатско-вегетациски области

уреди

Различните релјефни и климатски одлики на теротиријата на Азија, големото појасно простирање и излезот на повеќе океани и мориња, големата оддалеченост на внатрешноста на континентот од морињата и други фактори условиле развој на повеќе климатско-вегетациски области. Глобално се издвојуваат териториите под тропски дождовни шуми, савани, пустинска и полупустинска вегетација, тревна вегетација, листопадни шуми, средоземна вегерација, зимзелени шуми, планинска вегетација и тундра. Тропски дождовни шуми се застапени во областите на Јужна и Југоисточна Азија и во појужните делови на Источна Азија. Се познати како џунгли. Џунглите се присутни и во некои приморски делови на Индија. Саваните како територии со густа тревна вегетација се карактеристични за Индискиот Потконтинент и за централните теротирии на Индокинескиот Полуостров. Планинска вегетација е застапена во централните планински територии и висорамнини на Азија. Се одликува главно со високопланинска тревна вегетација. Пустинската и полупустинската вегетација е застапена во поголем дел од Централна и Југозападна Азија каде што се простираат повеќе каменити и песочни пустини. Степска тревна вегетација е застапена на територијата на Мала Азија и Месопотамија, како и во централните делови на Азија во појасот меѓу пустинските и полупустинските области од југ, зимзелените шуми (тајги) од север и листомадните шуми од исток. Листопадна дрвенеста вегетација е карактеристична за Источна Азија, поточно за Источна Кина, Кореја, Јапонија и за помали делови од Русија. Средоземната вегетација е пристуна во приморските области на Мала Азија, како полуостров во Средоземното Море. Зимзелените шуми се карактеристични за Северна Азија, поточно за Сибир. Опфаќаат најпространа територија во Азија. Претставуваат густи зимзелени шуми познати под името тајга. Тундра е климатско-вегетациска област карактеристична за најсеверните приморски територии на Азија, која се простира меѓу појасот на тајгата и Северноледениот Океан. Во тундрата претежно егзистираат лишаи, мовови и ретки тревни растителни видови.

Хидрографија

уреди

Азија е богата со реки. Тие се влеваат претежно во отворени морски басени и припаѓаат на четири сливни подрачја. Тоа се: Сливно подрачје на Северноледениот Океан, Тихиот Океан, Индискиот Океан и на Средоземното Море.

Сливното подрачје на Тихи Океан ги опфаќа реките Амур, Хоангхо, Јанцекјанг, Синѓанг, Меконг и други. Сите овие реки се пловни и се користат за сообраќај и за добивање електрична енергија. Водата на реките од ова сливно подрачје на Тихи Океан е особено искористена за наводнување на житни култури и тоа претежно на ориз. Сливното порачје на Средоземно Море ги опфаќа сите реки кои се влеваат во него и неговите крајбрежни мориња - Егејското Море и Црното Море. Најголеми реки во ова сливно подрачје се: Кизил, која се влева во Црно Море и Мендерес - во Егејско Море. Водата од реките Кизил и Мендерес има значење за населението, главно, за наводнување на градинарски култури, лозови насади и јужно овошје. Во Азија постојат и сливни подрачја кои припаѓаат на затворени басени. Тоа се Касписко Езеро и Аралското Езеро. Во Каспиското Езеро од азискиот дел се влеваат помали притоки, а во Аралското Езеро - Сир Дарја и Аму Дарја. Реката Сир Дарја тече низ пустината Кизилкум, а Аму Дарја низ пустината Каракум. Поради тоа нивната вода се користи за наводнување на пустинското земјиште кое е претворено во зелена оаза на плантажи од памук и други култури. За таа намена таму е изграден еден од најдолгите канали за наводнување во Азија и светот (1100 км.). Тој канал овозможи пустината да се претвори во корисна и плодна почва. Така, таму освен памук денес се одгледуваат градинарски и индустриски култури на големи површини.

Природни богатства на Азија

уреди

Природните богатства на територијата на Азија се големи и разновидни. Меѓутоа, поради големите просторни разлики и услови (непристапни планински територии, простарни пустини, ладни климатски прилики) сè уште се недоволно испитани. Најважни се наоѓалиштата на нафта, јаглен, земјен гас и железна руда, големи шуми, богат хидроенергетски потенцијал, земјоделски површини итн. Нафтата, како течно минерално гориво е меѓу најважните природни богатства на територијата на Азија. Најголемите нафтени полиња се наоѓаат во Југозападна Азија, поточно во Саудиска Арабија, Месопотамската Низина, околу Кавказ, Каспиското Езеро, Туранската Низина и огромната Западносибирска Низина, Мјанмар и Индонезија. Земјениот гас како важно природно погатство, најмногу е застапен во северните делови на Сибир и Западносибирската Низина. Јагленот како цврсто минерално гориво најмногу е застапен во централните делови на Сибир, во источните делови на Кина и во Индија. Од металните суровини се застапени: железото во Русија и Кина, калај во Малезија и Индонезија, волфрам во Кина и Мјанмар итн. Шумите во Азија покриваат околу 30% од територијата и претставуваат големо природно богатство, но се тешко пристапни за експлоатација. Посебно природно богатство се обработливите земјоделски површини кои зафаќаат околу 20% од површината на континентот. Тие се основа на која се одгледуваат пченица, ориз, чај, каучук, зачини, коноп и други земјоделски култури. Азија е најголем производител на овие култури во светот. Посебно природно богатство е и хидроенергетскиот потенцијал со кој располагаат речните текови кои се спуштаат зрачесто од високите планини. Тој е мошне значаен бидејќи станува збор за големи, долги полноводни реки на кои се изградени и се градат голем број хидроцентрали. На реките се изградени поголем број вештачки акумулации со повеќекратна намена, освен за производтство на електрична енергија се користат и за наводнување на земјоделските површини. На тој начин се обезбедува храна за многубројното население на територијата на Јужна, Југоисточна и Источна Азија. Природните богатства на Азија се надополнуваат со искористуавање на морињата и океаните за обемен сообраќај и транспорт на стоки и како риболовни подрачја.

Верска и јазична припадност на населението во Азија

уреди

Азија е најнаселениот континент на Земјата. На него живее повеќе од половина од светското население, меѓутоа поради природните услови населението е мошне нерамномерно распоредено. Огромни пространства на тундрите и тајгите на север, пустините во Централна и во Југозападна Азија и високите планини и висорамнини се скоро ненаселени. Спротивно на тоа, во низинските предели и во поречните делови на Кина, Индија, Индокинескиот Полуостров и островите на Јапонија, Филипини и Индонезија живее околу 90% од населението на Азија. Во овие региони се изградени голем број милионски градови. Најпознати се: Пекинг, Тјанџин, Вухан, Ченгду и други во Кина; Токио, Јокохама, Осака, кобе и др. во Јапонија; Сеул во Јужна Кореја; Бангкок во Тајланд; Џакарта во Индонезија; Манила на Филипини; Дака во Бангладеш; Њу Делхи, Мумбај, Колката и др. во Индија; Карачи, Лахор во Пакистан итн.

Религија

Населението на Азија спаѓа во индоевропската група народи, карактеристична за Северна, Југозападна и Јужна Азија и на малајската група народи - припадници на жолтата раса, карактеристични за Источна и за Југоисточна Азија. Многубројното азиско население, иако живее на големи растојанија, според верската припадност е распоредено во неколку религиозни групи. Северните делови на Азија, вклучувајќи ги териториите на Русија и Казахстан, исповедаат христијанска религија со православна вероисповед. Во југозападна Азија, вклучувајќи ги и државите од Средна Азија заедно со Авганистан и Пакистан, населението е со исламска вероисповед. Оваа религија ја исповеда и населението во Бангладеш, во Индонезија и делумно во Малезија. Во јужна Азија, поточно на Индискиот Потконтинент е застапен хиндуизмот, кој го исповедаат околу 280 народи. Во повеќето земји од Југоисточна Азија, во Кина и во Кореја преовладуваат конфуцијанството и будизмот, додека во Јапонија 70% од населението истовремено припаѓа на шинтоизмот и на будизмот.

Јазици

Огромниот број луѓе во Азија се претставници на голем број народи. Типични примери се: Индија со околу 280 народи, Кина со над 50, Русија со околу 30 итн. Голем дел од народите на Азија имаат свои посебни јазици, меѓутоа, според бројот на населението што ги зборува, најзастапени се: кинескиот јазик, бенгалскиот, арапскиот, малајскиот, виетнамскиот, турскиот. Голема групација опфаќа населението во Јужна Азија, поточно на Индискиот Потконтинент, каде што се зборува на хинду јазикот. Од другите јазици во Азија поголеми групации на население зборуваат: јапонски во Јапонија, корејски во Јужна и Северна Кореја и турски во Турција.

Култура и обичаи

уреди

Големата територијална разновидност на Азија и многубројното население разместено низ разни природно карактеристилни теротирии условиле да се развијат голем број култури и обичаи. Од древните периоди се познати повеќе култури и цивилизации. Такви се: асираската, месопотамската, персиската, индиската, кинеската, јапонската, монглоската и др. Денес културите на народите во Азија се различни. Голем дел од нив се потпираат на традициите од минатото, на начинот на живеење и на религиозните законитости. Материјаланата култура и достигнувањата во земјите на Азија најсоодветно се гледа преку цивилизациските откритија(пронаоѓањето на хартијата, печатарската техника, создавањето на барутот, свилата и порцеланот и др. Во Кина, а потоа во Индија, се удрени темелите на математиката и на механиката, мерењето на површината и времето, проучувањето на природата, на животот на растенијата и на животните, достигнувањата во архитектурата итн. Општо се познати светските кулутрно-историски градви, како, кинескиот ѕид во Кина, Мавзолејот Таџ Махал во Индија, хиндуистичкиот храм Ангкор Ват во Камбоџа и др. Меѓутоа, познати се и современи архитектонски градби скоро во сите градови на Азија, особено во јапонија, Хонгконг, Сингапур, Малезија итн. Духовната култура се согледува во многубројните достигнувања во науката, културата и обичаите. Традиционалните облици на кулутрно изразување се гледаат преку верските обичаи, како на пример, целосно покривање на лицето кај жените во муслиманскиот свет, нејадење свинско месо, масовните посети и молитви во светите места, особено церемониите во светите градови. Такви се: Ерусалим - и за муслиманите и за христијаните, светите места Мека и Медина во Саудиска Арабија и др. Шаховската игра е пронајдена во Индија. Народите на Азија се одликуваат со карактеристични уметнички вредности, како што се танцувањето, музиката и др. Од Источна и од Југоисточна Азија потекнуваат карактеристичните боречки спортови, самурајски обичаи, сумо-борби итн. Во централните делови на Азија, во степските предели е карактеристичен нормадскиот и полунормадскиот живот, со многубројни елементи својствени само за ова население. Во Индија е познат кастинскиот начин на живеење, каде што населението е поделено во различни касти што вообичаено не се мешаат едни со други.

Регионална поделба на Азија

уреди

Големината на територијата, природно-географските просторни целини (низини, планини, сливни територии), социо-географските и економско-географските одлики се главни фактори за регионалната поделба на Азија. Според тоа, како посебни регионални целини се издвојуваат: — Северна АзијаИсточна АзијаЈугоисточна АзијаЈужна АзијаСредна АзијаЈугозападна Азија

Северна Азија Северна Азија главно ги опфаќа териториите што спаѓаат во сливот на Северноледениот Океан, од планината Урал до Тихиот Океан. Оваа територија во целост се наоѓа во Русија.

Источна Азија Во Источна Азија, главно, се вбројуваат териториите што спаѓаат во тихоокеанското сливно подрачје, односно просторот кој е органичен со високите планини Хималаи, Памир, Алтај, Јаблановските Планини и реката Амур. Во Источна Азија се наоѓаат териториите на НР Кина (Хонгконг, Макао), Монголија, Народна Демократска Република Кореја (Северна), Република Кореја (Јужна), јапонија и Тајван

Држава Главен град Површина(км2) Население(ООН, 2009)
Кина Пекинг 9 806 400 1 331 115 200
Тајван Тајпеј 35 870 23 027 672
Монголија Улан Батор 1 564 200 2 671 000
Јужна Кореја Сеул 122 760 23 906 000
Северна Кореја Пјонгјанг 99 270 48 333 000
Јапонија Токио 377 800 127 580 000

Југоисточна Азија Југоисточна Азија ја сочинуваат териториите на Индокинескиот Полуостров и голем број острови, од кои најголеми се: Борнео, Јава, Суматра, Сулавеси, Минданао и др. Овде се наоѓаат државите: Мјанмар, Тајланд, Демократска Народна Република Лаос, камбоџа, Социјалистичка Република Виетнам, Федерација Малезија, Сингапур, Брунеј, индонезија, Демократска Република Тимор и Филипини.

Држава Главен град Површина(км2) Население (ООН, 2009)
Мјанмар Јангон 676 600 50 020 000
Тајланд Бангкок 513 100 63 389 730
Лаос Виентијан 236 800 6 320 000
Камбоџа Пном Пен 181 040 13 388 910
Виетнам Ханој 332 400 88 069 000
Малезија Каула Лумпур 329 760 28 200 000
Сингапур Сингапур 185 4 839 400
Брунеј Бандар Сери Бегавен 5 765 400 000
Индонезија Џакарта 1 904 500 230 330 000
Источен Тимор Дили 14 600 1 134 000
Филипини Манила 300 400 92 226 600

Јужна Азија Јужна Азија ги опфаќа териториите на Индискиот Полуостров, кој на север е ограничен со планинскиот венец Хималаи, на запад со Авганистанските Планини, а на исток со планината Чин. Во Јужна Азија се наоѓаат државите Исламска Република Пакистан, Авганистан, Индија, Непал, Бутан, Народна Република Бангладеш, Демократска Социјалистичка Република Шри Ланка и Малдиви.

Држава Главен град Површина(км2) Население (ООН, 2009)
Пакистан Исламабад 796 100 166 649 000
Авганистан Кабул 662 200 28 150 000
Индија Њу Делхи 3 287 600 1 165 040 000
Непал Катманду 147 200 29 331 000
Бутан Тимфу 46 700 697 000
Бангладеш Дака 147 600 162 221 000
Шри Ланка Коломбо 65 610 20 238 000
Малдиви Мале 298 309 000

Средна Азија Средна Азија главно се поистоветува со територијата на неистечното подрачје на Каспиското, Араиското и на другите езера со пустинските територии и Тибетската Висорамнина. Меѓутоа, поради државните граници во Средна Азија се вбројуваат државите: Република Казахстан, Република Турменистан, Република Узбекистан, Република Киргистан, и Република Таџикистан.

Држава Главен град Површина(км2) Население (ООН, 2009)
Туркменистан Ашхабад 488 100 5 110 000
Узбекистан Ташкент 447 400 27 488 000
Киргистан Бишкек 198 500 5 482 000
Таџикистан Душанбе 143 100 6 952 000
Казахстан Астана 2 717 300 15 571 506

Југозападна Азија Југозападна Азија се нарекува територијата од Азија што излегува на Средоземното, Црвеното и Арапското Море. На оваа територија се наоѓаат државите: Турција, Грузија, Ерменија, Азербејџан, Кипар, Либан, Сирија, Израел, Јордан, Ирак, Иран, Саудиска Арабија, Кувајт, Бехреин, Катар, Обединети Арапски Емирати(АОЕ), Оман И Јемен.

Држава Главен град Површина(км2) Население(ООН, 2009)
Турција Анкара 780 600 71 517 100
Грузија Тбилси 69 700 4 382 100
Азербејџан Баку 86 600 8 629 900
Кипар Никозија 9 251 801 600
Либан Бејрут 10 452 4 224 000
Сирија Дамаск 185 180 21 906 000
Израел Ерусалим 21 000 7 411 500
Ирак Багдад 438 300 30 747 000
Иран Техеран 1 648 000 70 517 100
Саудиска Арабија Ријад 2 149 700 25 721 000
Кувајт Кувајт 17 820 2 985 000
Бахреин Манама 17 820 791 000
Катар Доха 11 430 1 409 000
ОАЕ Абу Даби 82 900 4 579 000
Оман Маскат 212 460 2 845 000
Јемен Сана 536 870 23 580 000

Земји и Територии кои се наоѓаат во Азија

уреди
     

Наводи

уреди
  1. National Geographic Family Reference Atlas of the World. Washington, D.C.: National Geographic Society (U.S.). 2006. стр. 264.
  2. „Континенти на светот“. Список. Worldatlas.com. Архивирано од изворникот 2011-07-22. Посетено на 25 јули 2011. (англиски)
  3. Учебник по географија за VII одделение