Кир Велики (староперсиски: 𐎤𐎢𐎽𐎢𐏁, Куруш), познат и како Кир II (576 или 590 — август 529 п.н.е.)[1]персиски цар од иранската династија Ахемениди, војсководец, законодавец и основоположник на персиското царство.[2] За време на своето владеење го проширил царството на поголем дел од Југозападна и Средна Азија, од Египет и Босфор на запад до реката Инд на исток, и го создал првото и најголемо царство на стариот век. Во текот на своето владеење, кое траело три децении, Кир ги освоил некои од најголемите кралства на тоа време, како Лидија, Медија и Вавилон, и водел воени експедиции во Средна Азија, каде ги покорил сите народи.[3] Но тој не отишол во поход против Египет, ниту против европска Грција, како што тоа го направиле неговите следбеници Камбиз II и Дариј I Велики. Според Херодот, Кир загинал во битката против Скитите, во летото 530 или 529 година п.н.е.[4] Него го наследил синот Камбиз II, кој го освоил Египет во текот на своето релативно кратко владеење. Кир бил следбеник на зороастриската религија. Освен силното влијание врз персиската историја, Кир влијаел и врз јудаизмот, човековите права, политиката и воената стратегија и врз вкупната источна и западна цивилизација.[5]

Кир Велики
Кир Велики со хемхемет, од релјеф во Кировата резиденција во Пасаргад
Крал на Персија
На престол559 — 530 п.н.е.
ПретходникКрез I
НаследникКамбиз II
Крал на Медија
На престол549 — 530 п.н.е.
ПретходникАстијаг
НаследникКамбиз II
Крал на Лидија
На престол547 — 530 п.н.е.
ПретходникКрез
НаследникКамбиз II
Крал на Вавилон
На престол539 — 530 п.н.е.
ПретходникНабонид
НаследникКамбиз II
Роден(а)598–600 п.н.е.
Аншан, Персија
Починал(а)4 декември, 530 п.н.е.
Кај Сир Дарја
Почивалиште
Пасаргад
Консорт
  • Касандана
  • Амитис
Деца
ДинастијаАхемениди
ТаткоКамбиз I
МајкаМандана

Вовед

уреди

Потекло на поимот

уреди

Името Кир е хеленизиран збор од староперсиското име Куруш.[6][7] Античките историчари Ктезиј и Плутарх наведуваат дека Кир го добил своето име од зборот Курос, што значи „Сонце“ или „Сличен на Сонце“, т.е. со персиската именка за Сонце — Хор, стои и наставката — ваш, што значи сличност. Модерните историчари, како Карл Хофман и Ридигер Шмит, во Енциклопедија Ираника, сметаат дека името Кир значи „вербален победник“.[7]

Во модерна Персија, Кир секогаш бил именуван како Куроше Кабир или Куроше Бозорг, што значи Кир Велики. Во Библијата тој се споменува како Кореш,[8] а можно е да во Куранот се споменува како Дул-Карнаин, оној кој ги покорил источните и западните земји.[8]

Историја на династијата

уреди
 
Детството на Кир Велики, слика на Себастијано Ричи (1706 — 1708 г.)

Слично на хероите од другите култури и основоположниците на големите царства, така и за Кир Велики постојат бројни легенди за неговото потекло и семејството. Според Херодот, Кир бил внук на медискиот крал Астијаг и бил одгледан во скромно овчарско семејство. Според друга легенда, тој потекувал од сиромашно семејство и работел на медискиот двор. Легендите се сосема противречни на сопствените сведочења на Кир, според кој, тој го наследил престолот на својот татко, дедо и прадедо.

Кир потекнува од династијата Ахемениди, од околината на градот Пасаргад. Бидејќи потекнувал од кралска лоза, тој имал право на престолот на кралството Аншан, кое било вазално кралство во рамките на Медиското Царство и се простирало на територијата на денешната провинција Фарс во југозападен Иран. Во ова подрачје, тој го основал градот Пасаргад, кој подоцна станал престолнина на Персиското Царство.

Според несигурни извори, династијата најверојатно ја основал Ахемен, околу 700 г. п.н.е. а него го наследил неговиот син Теисп.[9] Според натписите по смртта на синот на Ахемен, престолот го наследиле двата негови сина, Кир I од Аншан и Аријарамн од Персија. Нив ги наследиле нивните синови Камбиз I од Аншан и Арсам од Персија.[10]

Според Херодот, Камбиз I не бил крал, туку благородник,[11] кој се оженил за принцезата Мандана, ќерка на Астијаг, владетелот на Медиското Царство и лидиската принцеза Аријена. Од нивниот брак е роден само еден син, Кир II, познат како Кир Велики, кој името го добил по дедо му.

И податоците за можните жени на Кир II не се сигурни. Според Херодот и Бехистунските записи,[2] првата жена на Кир II била Касандана, која му родила два сина, Камбиз II и Смердис, кои и двајцата владееле кратко со Персија. Кир II имал и три ќерки, Артистона, Атоса и Роксана. Атоса се омажила за Дариј Велики и го родила Ксеркс I, наследникот на Дариј.[12]

Младост

уреди

Кир II е роден меѓу 600 — 599 година п.н.е. Татко му бил Камбиз I, кралот на Аншан, а мајка му Мандана, била ќерка на Астијаг, кралот на Медија.

Според сведочењето на самиот Кир II, кое денес е прифатено како точно, тој бил наследник на престолот на неговиот татко Камбиз I, неговиот дедо кралот Кир I (чие име го наследил) и неговиот прадедо.[13] Кир се оженил за персиската благородничка Касандана, ќерката на Фарнаспес, која му родила два сина, Камбиз II и Смердис (Бардиј) и три ќерки, Атоса, Артистона и Роксана. Меѓу Кир и Касандана постоела голема љубов, а самата Касандана велела дека потешко би ја доживеала разделбата од Кир отколку губењето на сопствениот живот.[14] По нејзината смрт, Кир наредил јавна жалост низ целото царство и, според Набонаидовата хроника, Вавилонија ја оплакувала царицата шест дена, од 21 до 26 март 538 година п.н.е.[15] По смртта на својот татко, Кир II го наследил персискиот престол во ахеменидската престолнина Пасаргад. Според старогрчкиот историчар Страбон, првото име на Кир било Аградатес, дадено од неговите посвоени родители, но подоцна откако се вратил на првобитното семејство, според обичаите на именување, татко му Камбиз I, го нарекол Кир, според дедо му Кир I.

Постои митска приказна од Херодот за детството на Кир, која е слична на другите митски легенди за напуштените деца, како што се легендите за Едип, Мојсеј и приказната за Ромул и Рем. Според легендата, по раѓањето на Кир, неговиот дедо Астијаг сонувал сон, кој бил протолкуван од свештениците дека неговиот внук ќе го симне од престолот. Затоа тој му наредил на својот потчинет Харпаг да го убие детето. Харпаг од морални причини не можел да го убие детето и го дал на овчарот Митрадат, да го остави во планина да умре. Но овчарот и неговата жена, Цина, се сожалиле и го посвоиле детето, а своето мртвороденче му го покажале на Харпаг како Кир.[16]

Кога Кир наполнил 10 години станало очигледно дека тој не е нивно родено дете, бидејќи имал „благородничко однесување“. Откако во детска игра, Кир го искамшикувал благородничкиот син,[17] кралот Астијаг го испитал момчето[18] и открил дека многу личат меѓусебе.[19] Тој му дозволил на Кир да им се врати на своите биолошки родители, Камбиз и Мандана,[20] а Харпаг бил сурово казнет за неизвршената должност, така што му го погубиле синот и неговото месо го послужиле на приредениот банкет.

Доаѓање на престол и воени походи

уреди

Медиско Кралство

уреди
 
Медиското, Лидиското и Вавилонското Кралство пред Кировите освојувања.

Кога татко му починал, во 552 година п.н.е. Кир станал крал на Аншан, но не бил независен владетел, бидејќи, како и неговите претходници, морал да ја признае врховната власт на Медија. За време на владеењето на Астијаг, Медиското Царство се протегало од малоазиската држава Лидија на запад, до племето Парти и Персија на исток, и го заземало најголемиот дел од древниот исток.

Според Херодот, Харпаг, поттикнат од желба за одмазда, го убедил Кир да ги побуни Персијците против Медиското Царство, иако е поверојатно да и двајцата се побуниле против Астијаг, со чија политика не се согласувале.[21] Персиското востание почнало во летото 553/552 година п.н.е. а првите битки, во 552 година п.н.е. Кир ги водел заедно со Харпаг. Главниот град на Медијците, Екбатан, бил освоен 549 година п.н.е. и со тоа конечно било освоено Медиското Царство.

Кир ја презел медиската круна, а во 546 година п.н.е. се прогласил и за крал на Персија. Арсам, кој бил владетел на Персија под Медијците, морал да отстапи,[22] а неговиот син Хистапс, кој бил втор братучед на Кир, бил прогласен за сатрап на Партија и Фригија. Арсам живеел долго и дочекал да го види својот внук Дариј I Велики како шах на Персија, по смртта на Кир Велики и неговите два сина.[23]

Покорувањето на Медија довело до низа на нови војни на Кир. Тој го поштедил животот на Астијаг и се оженил за неговата ќерка Амитис и на тој начин склопил мир со неколку вазални држави: Бактрија, Партија и Сака.[24] Но некои од сојузниците на Астијаг, како на пример, кнезот Крез од Лидија, Набонаид — последниот крал на Вавилон, и египетскиот крал Амазис II ги здружиле силите против Кир.

Лидиското Кралство и Мала Азија

уреди
 
Лидиското Кралство во западниот дел на Мала Азија.

Точните дати на освојување на Лидија не се познати, но се смета дека тоа се случило меѓу 550 година п.н.е. кога била освоена Медија и 539 година п.н.е. кога бил освоен Вавилон. Според наводите на Набонаидовите хроники, падот на Лидија бил во 547 година п.н.е. Лидијците први го нападнале персискиот град Птериј во Кападокија. Кралот Крез, по опсадата на градот, го освоил истиот, а сите жители ги однел во ропство. Во меѓувреме, Персијците ги повикале Јонијците кои му припаѓале на Лидиското Кралство да се побунат, а кога тие тоа го одбиле, Кир со голема војска тргнал во воен поход на Лидија. Во Битката кај Птерија се судриле двете војски, и покрај големите загуби од двете страни исходот сепак бил нерешен, а лидискиот крал Крез се повлекол во градот Сард.[25]

 
Лидискиот крал Крез, прикажан на сликата Крезовиот данок, од Клод Вињон, 1629 година.

По повлекувањето во Сард, Крез пратил апел до сите свои сојузници за помош на Лидија, но пред крајот на зимата, пред тие да успеале да се соберат, Кир навлегол длабоко во Лидија и го опколил главниот град Сард.[26] Одлучувачката битка меѓу Кир и Крез била Битката кај Тимбра. Пред да почне битката, Харпаг го посоветувал Кир да пред своите војници ги постави камилите кои требале да ги исплашат лидиските коњи, кои не биле навикнати на мирисот на камили. Стратегијата била успешна, па лидиската коњаница се разбегала, а Кир го поразил и заробил Крез и го освоил Сард, со што пропаднало Лидиското Кралство.[25] За судбината на Крез нема сигурни податоци; според Херодот, Кир го помилувал Крез и го зел за свој советник, а според Набонаидовите хроники кралот Крез бил погубен.

Пред да се врати дома, Кир му наредил на Лидиецот Пактиј да го донесе Крезовото огромно богатство во Персија. Но, по заминувањето на Кир, Пактиј со помош на платеници дигнал побуна во Сард против персискиот сатрап и лидискиот намесник Табал. Кир тогаш го пратил својот војсководец Мазар да ја задуши буната и да го доведе Пактиј жив, но Пактиј избегал во Јонија, од каде со платеничка војска нападнал грчки градови, но бил фатен и пратен во Персија.

Мазар продолжил со освојување на Мала Азија, но починал од непознати причини при експедицијата на Јонија. Кир го пратил Харпаг да го доврши освојувањето на Мала Азија. Тој ја освоил Ликија, Киликија и Феникија, со помош на посебни техники на опсада за пробивање на градски ѕидини кои не им биле познати на Грците. Харпаг завршил со освојувањата околу 542 година п.н.е. и се вратил во Персија. .

Нововавилонско Кралство

уреди
 
Нововавилонското Царство, околу 540 година п.н.е. пред Кировите освојувања.

Во 539 година п.н.е. Кир го освоил кралството Елам и неговиот главен град Суза.[27] Истата година, на крајот од месец септември, Кировата војска под водство на Гобријас, гувернерот на Гутеја, го нападнала градот Опис на реката Тигар и ја победила вавилонската војска.

До 10 октомври бил покорен и градот Сипар, чии жители се предале без борба. Веројатно постоел договор меѓу Кир и вавилонските генерали, за да се избегне вооружен судир.[28] Вавилонскиот крал Нибонаид во тој период бил во Сипар и избегал во главниот град Вавилон, во кој веќе долго време не престојувал.

Два дена подоцна, на 12 октомври, Гобријасовита војска влегла во Вавилон, кој се предал без отпор.[29] Според Херодот, Персијците ги надмудриле Вавилонците, така што го пренасочиле текот на реката Еуфрат во соседниот канал, поради што нивото на реката толку опаднало што персиските војници се провлекле по текот на речното корито, под препреките, сѐ до центарот на градот.[30] На 29 октомври, Кир лично влегол во градот Вавилон и го заробил Нибонаид.

Со освојувањето на Вавилонското Кралство, на Кир му припаднале и соседните потчинети кралства на Вавилон, како Сирија и Јудеја.[31]

По освојувањето на Вавилон, Кир се прогласил за „крал на Вавилон, крал на Сумери и Акади, крал на четирите краеви на светот“, што било запишано на познатиот Киров цилиндар, поставен во темелите на есагилскиот храм посветен на богот Мардук. Во текстот на цилиндарот, кралот Набонаид се опишува како безбожник, а се велича победникот Кир како миленик на богот Мардук. Исто така, за Кир се спомнува дека го подобрил животот на жителите на Вавилон, дека им помагал на мигрантите и ги обновувал храмовите. Кировиот цилиндар во историјата се смета за прв пишан споменик за човековите права.

Според Бехистунските натписи на Дариј Велики, Кировата власт опфаќала најголемо царство во дотогашната историја.[5] Кон крајот на неговото владеење, Ахеменидското Персиско Царство се протегало од Мала Азија и Јудеја на запад, до реката Инд на исток.[31]

Смрт

уреди
 
Границите на Ахеменидското Царство на Кир, пресликани преку модерните државни граници.

Во разни записи постојат различни податоци за смртта на Кир Велики. Херодот навел дека Кир загинал во битката против Масагети, племе кое живеело во најјужните степи на денешен Казахстан и Узбекистан, а каде отишол по наговор на кралот Крез.[32] Масагетите биле во сродство со Скитите, што се гледало по начинот на живеење и облекување, а како и Скитите биле одлични коњаници. Со цел да го осигури своето царство од упадите на тие племиња, Кир прво испратил брачна понуда на кралицата Томирис, но таа го одбила. Затоа, тој одлучил со воена сила да ја заземе територијата на Масагетите околу 529 п.н.е.[33] поради што почнал да гради мостови и бродови долж реката Сир Дарја, која ги одвојувала двете кралства. Кралицата Томирис го повикала Кир да го сопре нападот и да нивните војски достоинствено се судрат на однапред договорена локација, околу еден ден оддалеченост од реката. Кир, иако ја прифатил понудата на Томирис, сепак решил да ѝ постави замка. Бидејќи Масагетите не знаеле за виното и неговото дејство, Кир на договореното место поставил логор со малку војска и многу храна и вино. Поголемиот дел од војската ја сокрил во заседа. Војската на Масагетите, предводена од синот на Томирис, генералот Спаргапис, го нападнала логорот и лесно го освоила, и прославила со храната и виното што било оставено. Ненавикнати на вино, тие се опиле, што значително ја намалило нивната сила, па Кир можел лесно да ги победи. Спаргапис бил заробен, и кога се освестил, извршил самоубиство. Кога кралицата Томирис слушнала на кој начин Кир победил, таа се заколнала на одмазда, и со другиот дел од својата војска жестоко го нападнала. Во битката, која Херодот ја опишал како најжестока и најкрвава битка која ја водел Кир, и како најкрвава битка на стариот век воопшто, Кир загинал, а Томирис наредила да му се отсече главата како одмазда за смртта на нејзиниот син.[32] Оваа верзија на Херодот, историчарите ја сметаат за неточна, дури и самиот Херодот кажал дека таа е една од верзиите која тој ја слушнал.[34] Постојат кажувања дека војниците на Кир го нашле и вратиле телото на својот водач,[35] а според други дека Томирис го нашла телото на Кировиот двојник.

Историчарот Ктезиј, во своето дело Персика, навел дека Кир загинал во борбата со Дебриковата пешадија, која била помогната од скитските коњаници, стрелци и Индијци на слонови. Според Ктезиј оваа битка се случила североисточно од реката Сир Дарја.

Историчарот Ксенофонт, во делото Киропедија, тврдел дека Кир починал мирно во главниот град на Персија.[36]

Вавилонскиот свештеник Берос тврдел дека Кир загинал во борба против Дахите (конфедерација од три древни ирански племиња) североисточно од Сир Дарја.[37]

Гробница

уреди
 
Гробницата на Кир Велики се наоѓа во Пасаргад, Иран, и е светско наследство на УНЕСКО од 2006 година.

Се смета дека посмртните остатоци на Кир Велики се наоѓаат во Пасаргад, каде неговата гробница постои и ден денес.[38] Грчкиот историчар Страбон и римскиот историчар Аријан еднакво го опишале гробот на Кир, според видувањата на Аристобул, кој во времето на Александар Македонски двапати ја посетил гробницата.[39] Иако Пасаргад е потполно во урнатини, гробницата на Кир е скоро неоштетена, а во последните години се работи на нејзино реставрирање. Според Плутарх, на гробот имало епитаф кој гласел:

О човеку, кој и да си и од кај и да доаѓаш, јас сум Кир кој го создал Персиското Царство. Не ми завидувај на ова мало делче од земја што го покрива моето тело.[40]

Историските наоди од Вавилон наведуваат дека Кир починал во август 530 година п.н.е. и дека го наследил синот Камбиз II. Помладиот син, Смердис, починал пред Камбиз да тргне во воените походи на исток. Според Херодот, Камбиз го убил својот брат за да ги избегне караниците околу наследувањето на царскиот престол. Камбиз II ја продолжил политиката на својот татко и успеал да го покори и спои Египет. Починал по седум години владеење, а се претпоставува дека неговата гробница била во Пасаргад.[41] По неговата смрт, на престолот дошол узурпаторот Гаумат кој се нарекол Смердис и владеел 7 месеци, а од престолот го тргнал царот Дариј I Велики.

Наследство

уреди
 
Според Библијата, Кир Велики ги ослободил Евреите од вавилонско ропство и им дозволил да се вратат и да го обноват Ерусалим. Затоа тој има почесно место во јудаизмот.

Големината на Кир најдобро ја искажал Чарлс Фриман во книгата Грчки достигнувања: „Во однос на големината на достигнувањата, Кир се наоѓа далеку над македонскиот крал Александар, кој го уништил царството во 320 година п.н.е. но не овозможил никаква стабилна алтернатива“.[42]

Кир Велики бил еднакво голем и како војник освојувач и како државник. На освоените територии спроведувал политика на великодушност, а не политика на репресалии, ги почитувал другите локални религии и бил во состојба да покорените народи ги претвори во свои посветени следбеници.[43] Политичката инфраструктура, која тој ја поставил, овозможила да Ахеменидското Царство опстане уште долго време по неговата смрт.

Просперитетот на Персија во текот на Кировото владеење оставило силен впечаток на текот на светската историја. Персиската филозофија, книжевност и религија имале доминантна улога во светски размери во текот на следните илјада години. И покрај исламското освојување на Персија во 7 век и создавањето на исламски калифати, Персија имала доминантно влијание врз исламската култура за време на Златниот период на исламот, што било и една од главните причини за успешната исламска експанзија.

Бројните постахеменидски династии, Селевкиди, Сасаниди, Пахлеви, тврделе дека се наследници на Кир Велики.[44] Мухамед Реза Пахлеви, во 1971 година, го славел 2500-годишниот јубилеј на иранската монархија, која со Револуцијата од 1979 година престанала да постои. Многу историчари го сметаат Кир Велики за еднаков, па дури и поголем од Александар Велики.

Тој низ историјата бил запаметен како личност многу поголема од човек кој основал царство. Кир станал епитом за високи квалитети кои се барале од древните владетели, што вклучувало херојски особини на освојувач, кој бил толерантен и великодушен исто толку колку што бил и храбар. Неговата особеност влијаела на Старите Грци, на Александар Велики,[39] а со пренесувањето на традицијата и на Старите Римјани, и сите нас до денес.

Религија

уреди
 
Зороастриски храм на огнот во Јазу (Иран, 2004 година).

Единствен познат пример за неговата религиска политика бил неговиот однос кон Евреите во Вавилон. Според Библијата, еврејската популација била вратена од Вавилон во Ветената земја, а Кир со својот едикт наредил обновување на храмот во Ерусалим. Овој едикт бил во потполност објавен во Книгата на Езра. Поради ваквата Кирова политика, Евреите го славеле како достоинствен и легитимен крал. Кир бил единствен неевреин, кој бил опишан како месија или божествен крал во Танах (Исаија 45:1).[45] Но, постојат и еврејски критики кон Кир, затоа што тој измамен од Кутхите (самарски народ), кои сакајќи да ја спречат изградбата на Вториот храм, лажно ги обвиниле Евреите за побуна, поради што Кир го сопрел градењето на храмот. Еврејскиот храм бил завршен дури во 516 година п.н.е. за време на Дариј Велики.[46][47]

Некои современи муслимански теоретичари сметаат дека ликот од Куранот Дул Карнајн е всушност Кир Велики.[48] Оваа теорија била поставена од сунитските теоретичари Абул Калам Азад и Абул Ала Маудуди, и била потврдена од шиитскиот теолог и филозоф Мухамед Хусеин Табатабаи, во делото „Тавсир ал Мизан“ и од големиот ајатолах Насер Макарен Ширази.

Политика и филозофија

уреди

Во текот на своето владеење, Кир воспоставил контрола над огромните територии на бројните освоени кралства, така што ги задржал и проширил медиските сатрапии (покраини). Овој тип на организација на освоените територии поделени во провинции, со кои управувале локални кралеви наречени сатрапи, продолжила и за време на Дариј Велики.[49] Кир од нив барал само да плаќаат данок и регрути за војска.

Со освојувањата на Кир, започнал нов историски период во создавање на царства, во кои создадената супердржава се состоела од десетина помали држави, со разни раси, религии и јазици, кои сите биле обединети под една централна власт, која својата моќ ја спроведувала преку локална администрација. Ваков политички систем се одржал неколку века, и траел во времето на династијата на Селевкидите, која владеела со Персија, и за време на подоцнежните ирански династии Парти и Сасаниди.[50]

Во 1992 година, Кир бил ставен на списокот на 100-те највлијателни луѓе во целокупната човечка историја, според Мајкл Х. Харт. Во декември 2003 година, иранската активистка и борец за човекови права Ширин Ебади, при добивање на Нобеловата награда за мир изјавила:[51] „Јас сум Иранка, потомок на Кир Велики. Тој цар на врвот од својата моќ пред 2500 години прогласил како не сака да владее со тие кои тоа не го сакаат. Ветил дека нема да присилува никого да ја смени својата религија и дека ќе ги почитува сите малцинства. Документот на Кир Велики би требал да се проучува во историјата на човековите права.“

Наследството на Кир се чувствува сѐ до современото време. Томас Џеферсон, еден од основачите на САД, и главниот автор на Декларацијата за независност (1776 година) имал два примерока на Киропедијата и сметал дека секој државник задолжително, заедно со книгата „Владетелот“ на Макијавели, треба да ги прочита овие дела.[52]

Киров цилиндар

уреди
 
Кировиот цилиндар, тогашен документ со кој Кир Велики е прогласен за легитимен вавилонски цар.

Кировиот цилиндар е антички документ во облик на цилиндар направен од глина, кој го издал Кир Велики. Цилиндарот е направен по повод на освојувањето на Вавилон во 539 година п.н.е. Текстот бил напишан со акадско клинесто писмо, во име на персискиот ахеменидски крал Кир Велики.[53][54] Цилиндарот бил откриен во урнатините на Вавилон во Месопотамија (денешен Ирак) во 1879 година,[53] од асирско-британскиот археолог Хормузд Расам. Денес, цилиндарот кој се состои од повеќе парчиња, е во сопственост на Британскиот музеј. Деловите од цилиндарот, кој е долг 22,5 сантиметри и со пречник, во најширокиот дел, од 10 сантиметри, познати како фрагмент А и Б, биле споени во 1972 година.[55]

Сочуваните натписи на Кировиот цилиндар се поредени во 45 реда, од кои 35 реда се на фрагментот А, а другите на фрагментот Б. Дел од редовите на краевите од текстот се тешко оштетени така што читливи се само по неколку збора.

Текстот е напишан во високо формален стил и е поделен во шест одвоени делови:

  • ред 1–19 — вовед во кој се навредува Набонаид, претходниот крал на Вавилон, а се велича Кир и се поврзува со богот Мардук.[55]
  • ред 20–22 — содржи детален опис на Кировите кралски титули, неговата генеалогија и неговото мирољубиво влегување во Вавилон.[55]
  • ред 22–34 — содржи пофалби на Кировата политика за обновата на Вавилон.
  • ред 34–35 — се молитви од Кир и неговиот син Камбиз до богот Мардук.
  • ред 36–37 — содржи декларација со која Кир им овозможува на Вавилонците да живеат во мир да ги зголемат придонесите наменети на боговите.
  • ред 38–45 — содржи детали за градежните активности во Вавилон по наредба на Кир.[56]

Според Британскиот музеј, цилиндарот претставува долга традиција на месопотамиските владетели, своето владеење го обележуваат со декларација за политичките реформи. Од почетокот на 1970-тите години на 20 век, овој документ почнал да се смета за прв пишан документ за човековите права во историјата. Реплика на Кировиот цилиндар се наоѓа на вториот кат во зградата на ОН во Њујорк, а текстот е преведен на сите 6 службени јазици на ОН.[57]

Воена стратегија

уреди
 
Статуа на Кир Велики во Олимпик парк, во Сиднеј.

Кир Велики се смета за еден од најголемите војсководци на стариот век, кој подоцна бил имитиран од Александар Македонски. Неговата стратегија, храброст и воена итрина придонеле да ги освои тогашните најголеми воени сили, Медија, Вавилон и Лидија, и да го создаде најголемото тогашно царство.

Опсада на Пасаргадско Брдо

уреди

Во пролета 551 година п.н.е. медискиот крал Астијаг собрал голема војска од 150 000 војници со намера да ја задуши персиската побуна предводена од Кир. Персискиот владетел Кир имал многу помала војска од само 10 000 војници, составена од т.н. персиски бесмртници, кои биле елитни пешадиски единици. Освен што била помала, со војската оделе и нивните семејствата, жени, деца и старци. За да ја неутрализира бројчената надмоќ на Медијците, Кир својата војска, заедно со нивните семејства, ја поставил на врвот од едно стрмно брдо во близина на градот Пасаргад. Медијците во обид да го изненадат Кир, го нападнале истовремено од сите планински приоди, качувајќи се кон врвот, но биле одбиени од Персијците. Следниот ден Астијаг решил да ги нападне повторно со главнината на војската. Персијците гледајќи огромна војска која се движела кон нив почнале да бегаат кон врвот, но таму ги дочекале нивните жени навредувајќи ги како кукавици и предавници. Поради тоа тие се вратиле назад и користејќи ги поволностите на теренот успеале да ја уништат медиската војска, која изгубила околу 60 000 војници.[58]

Битката кај Тимбра

уреди

Битката кај Тимбра била судир помеѓу војските на Кир и лидискиот крал Крез, во 547 година п.н.е. Кир ненадејно ги нападнал Лидијците во зимски период,[59] затоа што Лидијците не биле навикнати на студено време. Исто така, очекуваната помош од сојузниците, Вавилонци, Арапи и Грци, изостанала, бидејќи не можеле да соберат доволно војска. Но и без нив, лидиската војска била три до четири пати поголема од таа на Кир и имала посебно моќна коњаница. Кир уште на самиот пат кон Лидија забележал дека коњите од неговата војска се плашат од камилите кои служеле за пренесување на намирници, бидејќи не биле навикнати на нивниот мирис. Затоа, пред самата битка, Кир формирал прва воена формација од камили и ја ставил на чело на својата војска. Стратегијата му била многу успешна, бидејќи непријателската коњаница веднаш на почетокот се разбегала со што и конечната победа била брза. Крез бил заробен по опсадата на Сарда истата година, а според Ктезиј, Кир и овде се послужил со итрина. Неговиот генерал Оебар го посоветувал војниците да одат на стапови за да изгледаат како гигантски воини, што предизвикало страв и паника кај жителите на Сарда, по што градот бил лесно освоен а Крез бил заробен.

Победа над Скитите

уреди

Кир водел неколку воени експедиции против полуномадските скитски племиња во Средна Азија. Но победата над нив ја добил со измама во битката против моќното племе Масагети.[33] Тој го искористил нивното непознавање на виното и неговото дејство за да извојува победа над нив.

Опсадата на Вавилон

уреди

Опсадата на Вавилон, тогашниот најбогат и најголем град во светот, била пример за една од најитрите воени потфати, која се споредува со приказната за опсадата на легендарната Троја. За да можат да влезат во градот, Персијците го смениле горниот тек на реката Еуфрат, која поминувала низ градот, во соседниот канал и кога нивото на реката доволно паднал, персиските војници по коритото влегле во самиот град.[30] Вавилонската војска се предала веднаш без борба, а Кир лично влегол во градот и го заробил вавилонскиот крал Набонид.

Градежни проекти

уреди
 
Ападана во Пасаргад
 
Столб во Ападана во Пасаргад

Најзначаен градежен проект на Кир била изградбата на главниот град Пасаргад. Изборот на локацијата за изградба на новиот град била водена од естетски причини, било избрано подигнато место во долина опкружена со планини, и од политички причини, бидејќи тука била победена медиската војска. Изградбата почнала околу 546 година п.н.е. а градот брзо станал центар на политичката моќ на државата. Градот бил административен центар и место за одмор на Кир. Пасаргад имал софистициран систем за наводнување со канали.

Градскиот центар го претставувала тврдината Tall-i-takht (Престолно Брдо), која била поставена на брдо[60] и со јужната страна била свртена кон „рајските градини“. Тврдината се состоела од два помали дела: резиденциска палата и сала за прием (Ападана), кои биле направени во типична персиска архитектура. Ападана имала бројни столбови и влез на југоисток, а гостинот морал прво да помине низ влезна врата и мост поставен преку реката Пулвар.[61] Се верува дека, според начинот на градбата и изборот на локацијата, Пасаргад бил урнек за изградба на атинскиот Акропол. Архитектурата и уметноста во самиот град била мешавина од традициите на другите царства: Елам, Вавилон, Асирија, Египет и Анадолија.

Градините во Пасаргад биле модел по кој во следните 2500 години биле градени модерните паркови. Персиските градини биле со правоаголен облик, симетрично поделени со ортоаголни главни патеки кои формирале крстосница во внатрешноста на паркот. Тука имало базени и канали исполнети со вода, а дрворедите од високи стебла правеле ладовина. Површината на парковите изнесувала 2 x 3 км,[62] каналите со вода имале должина од еден километар, а на секои 16 метри била поставена мала фонтана.

Поновите истражувања на конструкциската технологија во Пасаргад, покажале дека персиските инженери успеале да изградат објекти отпорни и на силни земјотреси дури и до 7 степени според Рихтеровата скала.[63] Темелите биле градени со технологија на изолирана база, која денес се користи при градење на чувствителни објекти, од типот на атомски електрани, како заштита од сеизмичка активност. Придонес во градежништвото претставува и употребата на метални конструкциски врски (копчи) меѓу камените блокови. Овој тип на градежен систем својот врв го достигнал при изградбата на Персеполис.

Во денешно време постојат само урнатини од величествениот Пасаргад кој бил уништен од времето, бројните земјотреси и воените разурнувања од Македонците, Арапите, а посебно од Монголците. Овие урнатини денес се важно археолошко наоѓалиште и се туристичка атракција на Иран.

Хронологија

уреди
  • 600 п.н.е — раѓањето на Кир Велики според Стариот завет.
  • 576 п.н.е — раѓањето на Кир Велики според модерни проценки.
  • 552 п.н.е — По смртта на Камбиз I, Кир Велики станува крал на Аншан.
  • 552 п.н.е — Побуна на Кир против Медијците.
  • 549 п.н.е — Со помошта на Харпаг, Кир ја води својата војска против Медијците и го освојува главниот град Екабатан и Медиската Империја.
  • 546 п.н.е — Кир ја прифаќа медиската круна, и се прогласува за „крал на Персија“.
  • 540-ти п.н.е — бил поразен Крез во војната против Персијците, пад на Лидиското Царство.
  • 540-ти п.н.е — Персиските војсководци Мазар и Харпаг ја освоиле цела Мала Азија, Ликија, Киликија и Феникија, вклучувајќи ги и грчките градови.
  • 542 п.н.е — враќање на персиската војска во Персија.
  • 539 п.н.е — Кир Велики го победил Набонид и го освоил Вавилонското Кралство, како што било запишано во делата на Африкан, Птоломеј, Евзебиј и Диодор .
  • 537 п.н.е — по освојувањето на Вавилон, Кир им дозволува на Евреите да се вратат во Ерусалим, со што завршиле 70-те години на вавилонското прогонство. Помал број од нив, околу 50.000 се вратиле, а мнозинството останале во Вавилон, каде живееле во релативно добри услови.
  • 530 п.н.е — смртта на Кир Велики (според Херодот и Ктезиј, во борба против Скитите, Ксенофонт во Киропедија тврдел дека умрел во главниот град Пасаргад, а го наследил неговиот син Камбиз II.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Dandamaev, M. A. (1989). A political history of the Achaemenid empire. Leiden: Brill. стр. 71. ISBN 90-04-09172-6. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  2. 2,0 2,1 „ACHAEMENID DYNASTY – Encyclopaedia Iranica“. www.iranicaonline.org. Посетено на 2019-05-01.
  3. Boardman, John (1994). The Cambridge Ancient History IV: Persia, Greece, and the Western Mediterranean, C. 525–479 B.C. Cambridge: Cambridge University Press. стр. Chapter 3c, 170. ISBN 0-521-22804-2. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  4. Beckwith, Christopher (2009). Empires of the Silk Road: A History of Central Eurasia from the Bronze Age to the Present. Princeton and Oxford.: Princeton University Press. стр. 63. ISBN 978-0-691-13589-2. p. 63. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  5. 5,0 5,1 Kuhrt, Dr A. (2007-12-03). The Persian Empire: A Corpus of Sources of the Achaemenid Period (англиски). Routledge. стр. 647. ISBN 9781134076345.
  6. „CYRUS i. The Name – Encyclopaedia Iranica“. www.iranicaonline.org. Посетено на 2019-05-01.
  7. 7,0 7,1 Schmitt, Rüdiger (2010). CYRUS i. The Name. Routledge & Kegan Paul. стр. 515.
  8. 8,0 8,1 The Presbyterian review and religious journal (англиски). 1846.
  9. „ACHEMENET“. www.achemenet.com. Посетено на 2019-05-01.
  10. Naming the World. University of Arizona Press. стр. 127–167. ISBN 9780816539062.
  11. „CAMBYSES – Encyclopaedia Iranica“. www.iranicaonline.org. Посетено на 2019-05-01.
  12. Briant, Pierre. From Cyrus to Alexander: A History of the Persian Empire. стр. 63. ISBN 978-1-57506-120-7.
  13. Kuhrt, Amélie (1995). The Ancient Near East: c. 3000–330 BC. Routledge Publishers. стр. 661. ISBN 0-415-16762-0.
  14. Kohl, Benjamin G.; Witt, Ronald G.; Welles, Elizabeth B. (1978). The Earthly Republic: Italian Humanists on Government and Society (англиски). Manchester University Press. ISBN 9780719007347.
  15. Grayson (1975). Assyrian and Babylonian Chronicles. стр. 111.
  16. „Authors“. www.gatewaytotheclassics.com. Посетено на 2019-05-01.
  17. „Herodotus, The Histories, Book 1, chapter 114, section 1“. www.perseus.tufts.edu. Посетено на 2019-05-01.
  18. „Herodotus, The Histories, Book 1, chapter 115, section 1“. www.perseus.tufts.edu. Посетено на 2019-05-01.
  19. „Herodotus, The Histories, Book 1, chapter 116, section 1“. www.perseus.tufts.edu. Посетено на 2019-05-01.
  20. „Gateway to the Classics: Stories of the East From Herodotus by Alfred J. Church“. www.gatewaytotheclassics.com. Посетено на 2019-05-01.
  21. Dušanić, Slobodan (1983). Stari svet. Beograd: Narodna knjiga-Vuk Karadžić-Rad. стр. 127–129.
  22. Balcer, Jack Martin (1984). Sparda by the bitter sea: imperial interaction in western Anatolia (англиски). Scholars Press.
  23. Turner, Ariel. „Encyclopaedia Iranica“. CC Advisor. Посетено на 2019-05-01.
  24. CURTIS, JOHN (2004-06). „PIERRE BRIANT: From Cyrus to Alexander: A History of the Persian Empire. xx, 1,196 pp. Winona Lake, Indiana: Eisenbrauns, 2002. $69.50“. Bulletin of the School of Oriental and African Studies. 67 (2): 229–230. doi:10.1017/s0041977x04230166. ISSN 0041-977X. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  25. 25,0 25,1 „The History of Herodotus“. Архивирано од изворникот на 2011-06-29.
  26. Dušanić, Slobodan (1983). Stari svet. Beograd: Narodna knjiga-Vuk Karadžić-Rad. стр. 46–47.
  27. „Some thoughts on neo-Elamite chronology“ (PDF).
  28. „Quelques éléments concernant la prise de Babylone par Cyrus“ (PDF).
  29. Briant, Pierre (2002). From Cyrus to Alexander: A History of the Persian Empire. Winona Lake: Eisenbrauns. стр. 41.
  30. 30,0 30,1 Potts, Daniel T. (1997). Mesopotamian Civilization: The Material Foundations (англиски). Cornell University Press. ISBN 9780801433399.
  31. 31,0 31,1 „CYRUS iii. Cyrus II The Great – Encyclopaedia Iranica“. www.iranicaonline.org. Посетено на 2019-05-01.
  32. 32,0 32,1 „Internet History Sourcebooks“. sourcebooks.fordham.edu. Посетено на 2019-05-01.
  33. 33,0 33,1 Grousset, Rene (1970). The Empire of the Steppes. Rutgers University Press. стр. 9. ISBN 0-8135-1304-9. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  34. Luraghi, Nino (2001-11-22). The Historian's Craft in the Age of Herodotus (англиски). OUP Oxford. ISBN 9780191528897.
  35. DandaMayev, Muhammad A. CYRUS iii. Cyrus II The Great, Encyclopædia Iranica. стр. Vol. VI, Fasc. 5, pp. 516–21.
  36. „CYROPAEDIA – Encyclopaedia Iranica“. www.iranicaonline.org. Посетено на 2019-05-01.
  37. Dandamaev, M.A. (1989). A political history of the Achaemenid empire. Brill. стр. 67.
  38. Centre, UNESCO World Heritage. „Pasargadae“. UNESCO World Heritage Centre (англиски). Посетено на 2019-05-01.
  39. 39,0 39,1 Wilcken, Ulrich; Borza, Eugene N. (1967). Alexander the Great (англиски). W. W. Norton & Company. ISBN 9780393003819.
  40. Scott-Kilvert, Ian (1973). Life of Alexander, 69, in Plutarch: The Age of Alexander. Penguin Classics. стр. 326.
  41. „CHN | News“. web.archive.org. 2009-11-29. Архивирано од изворникот на 2009-11-29. Посетено на 2019-05-01.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  42. Freeman, Charles (1999). The Greek Achievement. New York: The Foundation of the Western World. ISBN 0-7139-9224-7. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  43. ноември xix.htm „Cyrus the Great“ Проверете ја вредноста |url= (help). www.ccel.org. Посетено на 2019-05-01.
  44. Frye, Richard N. (Richard Nelson), 1920-2014. ([1963]). The heritage of Persia. World Pub. Co. OCLC 582578411. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  45. „Isaiah 45 / Hebrew - English Bible / Mechon-Mamre“. www.mechon-mamre.org. Архивирано од изворникот на 2021-10-15. Посетено на 2019-05-01.
  46. Goldwurm, Hersh (1982). History of the Jewish People: The Second Temple Era. ArtScroll. стр. 26, 29. ISBN 0-89906-454-X. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  47. Schiffman, Lawrence (1991). From text to tradition: a history of Second Temple and Rabbinic Judaism. KTAV Publishing. стр. 35, 36. ISBN 978-0-88125-372-6. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  48. „قصّة‌ ذي‌ القرنين‌ وسدّ يأجوج‌ ومأجوج‌ : معرفة المعاد( المجلد الرابع) المتقين | المكتبة |“. www.motaghin.com. Посетено на 2019-05-01.
  49. Curtis, John E.; Reade, Julian E.; Collon, Dominique (1995). Art and empire: treasures from Assyria in the British Museum : [exhibition] (англиски). British Museum Press for the Trustees of the British Museum. ISBN 9780714111407.
  50. Wilcox, Peter; MacBride, Angus (1986). Rome's Enemies: Parthians And Sassanid Persians. Osprey Publishing. стр. 14. ISBN 0-85045-688-6. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  51. „The Norwegian Nobel Institute / Lectures / Shirin Ebadi 2003“. web.archive.org. 2006-09-07. Архивирано од изворникот на 2006-09-07. Посетено на 2019-05-01.
  52. „Preview Cyrus The Great - Spenta Productions makes films about history's untold stories Cyrus the Great Movie“. www.spentaproductions.com. Посетено на 2019-05-01.
  53. 53,0 53,1 „CYRUS iv. The Cyrus cylinder – Encyclopaedia Iranica“. www.iranicaonline.org. Посетено на 2019-05-01.
  54. Kuhrt, Amélie (2007). The Persian Empire: A Corpus of Sources of the Achaemenid Period. London: Routledge. ISBN 978-0-415-43628-1. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  55. 55,0 55,1 55,2 „The Cyrus Cylinder“. British Museum (англиски). Посетено на 2019-05-01.
  56. Wiesehöfer, Josef. (2001). Ancient Persia : from 550 BC to 650 AD (New. изд.). London: I.B. Tauris. стр. 44–45. ISBN 1860646751. OCLC 47736588.
  57. „History of Iran: The Cyrus the Great Cylinder“. www.iranchamber.com. Посетено на 2019-05-01.
  58. Duncker, Max (1881). History of Antiquity. London: Richard Bentley. стр. 352.
  59. јануари 0126&redirect=true „Herodotus, The Histories, Book 1, chapter 1, section 0“ Проверете ја вредноста |url= (help). www.perseus.tufts.edu. Посетено на 2019-05-01.
  60. „Google Maps“. Google Maps. Посетено на 2019-05-01.
  61. „History of Iran: Pasargadae“. www.iranchamber.com. Посетено на 2019-05-01.
  62. „Restoration of Cyrus' Tomb to be Resum“. www.payvand.com. Архивирано од изворникот на 2019-05-01. Посетено на 2019-05-01.
  63. „Pasargadae Can Withstand Earthquakes“. www.payvand.com. Архивирано од изворникот на 2011-06-24. Посетено на 2019-05-01.

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Кир Велики“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).