Нобелова награда за литература

Нобелова награда за литература (шведски: Nobelpriset i litteratur) — награда која се доделува секоја година, почнувајќи од 1901 на автор од некоја земја, кој, според зборовите на Алфред Нобел од неговиот тестамент, го има напишано „најзначајното дело со идеалистички тенденции“ (во оригинал на шведски: den som inom litteraturen har producerat det utmärktaste i idealisk riktning).[1][2] „Делото“ во овој случај се однесува на авторовиот опус, иако понекогаш се цитираат и поединечни дела. Шведската академија одлучува кој, доколку и воопшто има некој, ќе ја прими наградата во соодветната година, а неговото име го објавува во почетокот на октомври.[3]

Нобелова награда за литература
Мрежно местоhttps://www.nobelprize.org/prizes/literature/ Уреди на Википодатоците
Рене-Франсоа-Арман Придом (1839–1907), француски поет и есеист е првиот добитник на Нобеловата награда за литература во 1901 година.

Изборот на Нобел да го вметне зборот „идеалистичко“ или „идеално“ (во македонски превод) како основен критериум при одбирањето на лауреатите е причина за многу контроверзии и несогласувања. (шведскиот збор idealisk може да се преведе и како „идеалистички“ и како „идеален“.[2]) Во почетокот на дваесеттиот век, Одборот за доделување на наградата се осврнува кон првото значење на зборот, и ова е единствената причина што автори од типот на Лав Толстој и Хенрик Ибзен не ја добиле Нобеловата награда. Сепак, во последно време, зборот е сфатен во многу послободното значење, па Нобеловата награда за литература се доделува и на писатели чии дела се од големо значење, но и на такви кои се залагаат за почитување на човековите права; вторава причина, за некои луѓе, е причина да се додаде и политичка конотација на наградите.[2][4]

Крунскиот момент во текот на церемонијата по повод доделувањето на наградата во Стокхолм е кога лауреатот истапува за да ја прими наградата од Неговото Височество - Кралот на Шведска. ... Пред очите на целиот свет, Нобеловиот лауреат прима три нешта: диплома, медал и документ кој го потврдува износот на наградата“.[1]

Во последниве години, Шведската академија е на удар на многу критичари. Некои сметаат дека многу светски познати автори не само што не ја добиле, туку и не биле номинирани за наградата, а според други, дел од лауреатите воопшто и не ја заслужуваат. Многу контроверзности се испреплетени и околу политичката димензија на процесот за номинирање и изборот на последните лауреати.[4]

Процедура на номинирање

уреди

Секоја година, Шведската академија испраќа барања за номинации за Нобеловата награда за литература. Членовите на академијата, членови на литературни академии и друштва, професори по јазик и литература, поранешни Нобелови лауреати, како и претседатели на друштва на писатели - сите тие имаат право да номинираат свој кандидат. Сепак, не е дозволено некој да се номинира себеси.[5]

Илјадници барања се пуштаат секоја година, но одвај педесетина номинации се вратени. Овие предлози, академијата ги прима до 1 февруари, по што Одборот почнува да ги разгледува. До април, академијата го стеснува кругот на дваесетина кандидати, а до почетокот на летото, остануваат петмина. Останатите месеци се разгледуваат делата на можните добитници. Во октомври, членовите на академијата гласаат и оној кандидат што ќе добие повеќе од половина од гласовите, е идниот лауреат. Во основа, процесот е ист како и при доделувањето на останатите награди.[6] Номинациите и предлозите, во принцип, се чуваат во тајност педесет години, но некои од нив, ги откриваат (или тврдат дека ги знаат) медиумите.[7]

Вредноста на наградата варира, но денес изнесува точно 10 милиони шведски круни.[8] Добитникот на наградата добива и златен медал и диплома, како и покана да одржи говор во текот на „Неделата на Нобел“ во Стокхолм. Церемонијата на доделувањето и банкетот се одржуваат на 10 декември.[9]

Заборавени автори и контроверзии

уреди

Нобеловата награда за литература има долга историја на контроверзии. Така, од 1901 до 1912 година, комитетот го дефинира барањето на Нобел во неговиот тестамент како желба да се награди делото што зрачи со „длабок и цврст идеализам“, поради што Лав Толстој, Хенрик Ибзен, Емил Зола и Марк Твен никогаш нема да се закитат со признанието.[10] Во текот на Првата светска војна и непосредно по нејзиниот завршеток, комитетот негува политика на неутралност, доделувајќи им награди на писатели од земји што не учествувале во војната.[10]

Се смета дека лошо изработениот (иако добро продаван) превод на В. Х. Одн на книгата Vägmärken („Обележја“) на лауреатот за мир од 1961 година Даг Хамарскјелд, придружен од неколку реченици на Одн за време на едно негово предавање во Скандинавија, според кои Хамарскјелд бил хомосексуалец (исто како и поетот), му ги одзеле шансите на Одн за добивање на наградата.[11]

Добитникот на наградата за 1970 година, Александар Солженицин, не присуствува на нејзиното доделување од страв дека СССР би го спречила неговото враќање (неговите дела таму циркулираат илегално, во облик на самиздати). Откако шведската влада одбива да го почести Солженицин со јавна церемонија во московската амбасада, рускиот писател ја одбива наградата, коментирајќи дека условите поставени од Швеѓаните (кои претпочитале посуптилна атмосфера) се „навреда за самата Нобелова награда“. Солженицин не ја прифаќа ниту наградата, ниту паричниот фонд, сè до 10 декември 1974 година, односно дури откако е протеран од Советскиот Сојуз.[12]

Во 1974 година, Греам Грин, Владимир Набоков и Сол Белоу се номинирани, но не и наградени, на сметка на заедничките лауреати Ејвинд Џонсон и Хари Мартинсон, и двајцата и самите членови на одборот. Белоу ќе ја добие Нобеловата награда во 1976; ниту Грин, ниту Набоков нема да бидат наградени до крајот на нивните животи.[13]

Хорхе Луис Борхес бил исто така неколкупати номиниран за Нобеловата награда, но според Борхесовиот биограф Едвин Вилијамсон, академијата не му ја доделила нему само поради неговата политичка дејност која, како што пишува во предговорот на Борхес: Живот, е комплексна од повеќе аспекти.[14] Шведската авторка за деца Астрид Линдгрен е исто така заборавена, според некои критичари поради тоа што академијата не покажува доволно почит кон литературата за деца.[15]

Наградата за Дарио Фо во 1997 година на почетокот се смета за „доста несериозна“ од некои критичари, зашто на Фо, пред сѐ, се гледа како на глумец и изведувач, и поради тоа што самиот тој е претходно цензуриран од Римокатоличката црква.[16] Салман Ружди и Артур Милер често се меѓу фаворитите за добивање на наградата, но Нобеловиот одбор, нивните дела ги дефинира како „премногу предвидливи, премногу популарни“.[17]

Академијата е исто така критикувана поради тоа што одбива да го поддржи Салман Ружди во 1989 година, кога ајатолахот Хомеини издава фатва во која наредува убиство на писателот; двајца членови на академијата, се откажуваат од членството, по нејзиното одбивање да го поддржи Ружди.[18][19]

Изборот на добитникот за 2004, Елфриде Јелинек, наидува на протест од страна на еден виден член на академијата, Кнут Алунд, кој активно не учествува во нејзината работа од 1996; Алунд се откажува од членството, велејќи дека избирањето на Јелинек предизвикува „непоправлива штета“ за угледот на наградата.[18][19]

Конечниот избор на блискиот пријател на Ружди, Харолд Пинтер, за наградата во 2005 година, е одолговлечено за неколку дена, веројатно токму поради отказот на Алунд, но ова предизвикува нови контроверзии околу „политичката димензија“ на наградата на Шведската академија.[4] Проблемот со „политичката исправност“ продолжува и во наредните две години, поради доделувањето на наградата на Орхан Памук и Дорис Лесинг.[20]

Уште неколку големи писатели кои биле номинирани но (за многумина незаслужено) не ја добиле Нобеловата награда се кријат во имињата на Бертолт Брехт, Антон Чехов, Олдус Хаксли, Џејмс Џојс, Роберт Фрост, Марсел Пруст, Ана Ахматова, Марина Цветаева и Вирџинија Вулф.

Список на досегашни лауреати

уреди

Табелата ги прикажува имињата на добитниците, како и јазикот на кои истите пишувале (што значи истиот се однесува на јазикот на кој се напишани нивните дела). (Извор: Нобеловата фондација.)

Година Име Националност Јазик
1901 Сили Придом   Франција француски
1902 Теодор Момзен   Германија германски
1903 Бјернстјерне Бјернсон   Норвешка норвешки
1904* Фредерик Мистрал   Франција окситански
1904* Хосе Ечегарај   Шпанија шпански
1905 Хенрик Шенкевич   Полска полски
1906 Џозуе Кардучи   Италија италијански
1907 Радјард Киплинг   Индија
  Обединето Кралство
англиски
1908 Рудолф Криштоф Ојкен   Германија германски
1909 Селма Лагерлеф   Шведска шведски
1910 Паул Јохан Лудвиг фон Хајзе   Германија германски
1911 Морис Метерлинк   Белгија француски
1912 Герхарт Хауптман   Германија германски
1913 Рабиндранат Тагоре   Индија бенгалски
1914 не е доделена    
1915 Ромен Ролан   Франција француски
1916 Вернер фон Хејденстам   Шведска шведски
1917* Карл Адолф Гјелеруп   Данска дански
1917* Хенрик Понтопидан   Данска дански
1918 не е доделена    
1919 Карл Шпителер   Швајцарија германски
1920 Кнут Хамсун   Норвешка норвешки
1921 Анатол Франс   Франција француски
1922 Хасинто Бенавенте   Шпанија шпански
1923 Вилијам Батлер Јејтс   Ирска англиски
1924 Владислав Рејмонт   Полска полски
1925 Џорџ Бернард Шо   Ирска англиски
1926 Грација Деледа   Италија италијански
1927 Анри Бергсон   Франција француски
1928 Зигрид Ундсет   Норвешка норвешки
1929 Томас Ман   Германија германски
1930 Синклер Луис   САД англиски
1931 Ерик Аксел Карлфелт   Шведска шведски
1932 Џон Голсворди   Обединето Кралство англиски
1933 Иван Бунин   СССР (во егзил) руски
1934 Лујџи Пирандело   Италија италијански
1935 не е доделена    
1936 Јуџин Онил   САД англиски
1937 Роже Мартен ди Гар   Франција француски
1938 Перл Бак   САД англиски
1939 Франс Емил Силанпе   Финска фински
1940 не е доделена    
1941 не е доделена    
1942 не е доделена    
1943 не е доделена    
1944 Јоханес Вилхелм Јенсен   Данска дански
1945 Габриела Мистрал   Чиле шпански
1946 Херман Хесе   Германија[21]
  Швајцарија (од 1923 година)[21]
германски
1947 Андре Жид   Франција француски
1948 Т. С. Елиот   САД[22]
  Обединето Кралство (од 1927 година)[22]
англиски
1949 Вилијам Фокнер   САД англиски
1950 Бертранд Расел   Обединето Кралство англиски
1951 Пер Лагерквист   Шведска шведски
1952 Франсоа Моријак   Франција француски
1953 Винстон Черчил   Обединето Кралство англиски
1954 Ернест Хемингвеј   САД англиски
1955 Халдор Лакснес   Исланд исландски
1956 Хуан Рамон Хименес   Шпанија шпански
1957 Албер Ками   Франција француски
1958 Борис Пастернак (ја одбива наградата)[1] Архивирано на 8 јануари 2009 г.   СССР руски
1959 Салваторе Квазимодо   Италија италијански
1960 Сен-Џон Перс   Франција француски
1961 Иво Андриќ   СФР Југославија српскохрватски
1962 Џон Стајнбек   САД англиски
1963 Јоргос Сеферис   Грција грчки
1964 Жан-Пол Сартр (ја одбива наградата)[2][мртва врска]   Франција француски
1965 Михаил Шолохов   СССР руски
1966* Шмуел Јозеф Агнон   Израел хебрејски
1966* Нели Закс   Германија[23][24]
  Шведска (од 1952 година) [23]
германски
1967 Мигел Анхел Астуријас   Гватемала шпански
1968 Јасунари Кавабата   Јапонија јапонски
1969 Семјуел Бекет   Ирска англиски/француски
1970 Александар Солженицин   СССР руски
1971 Пабло Неруда   Чиле шпански
1972 Хајнрих Бел   Германија германски
1973 Патрик Вајт   Австралија англиски
1974* Ејвинд Јонсон   Шведска шведски
1974* Хари Мартинсон   Шведска шведски
1975 Еуџенио Монтале   Италија италијански
1976 Сол Белоу   Канада[25]
  САД (од 1941 година)[26]
англиски
1977 Висенте Алехандре   Шпанија шпански
1978 Исак Башевис Сингер   Полска[27]
  САД (од 1943 година)[27]
хебрејски
1979 Одисеас Елитис   Грција грчки
1980 Чеслав Милош   Полска
  САД (од 1970 година) [28]
  Литванија (од 1992 година; почесно)[29]
полски
1981 Елијас Канети   Обединето Кралство[30] германски
1982 Габриел Гарсија Маркез   Колумбија шпански
1983 Вилијам Голдинг   Обединето Кралство англиски
1984 Јарослав Сајферт   Чехословачка чешки
1985 Клод Симон   Франција француски
1986 Воле Шојинка   Нигерија англиски
1987 Јосиф Бродски   СССР [31]
  САД (од 1977 година) [31]
руски/англиски
1988 Нагиб Махфуз   Египет арапски
1989 Камило Хосе Села   Шпанија шпански
1990 Октавио Паз   Мексико шпански
1991 Надин Гордимер   ЈАР англиски
1992 Дерек Волкот   Света Луција англиски
1993 Тони Морисон   САД англиски
1994 Кензабуро Ое   Јапонија јапонски
1995 Шејмус Хини   Ирска[32][33] англиски
1996 Вислава Шимборска   Полска полски
1997 Дарио Фо   Италија италијански
1998 Жозе Сарамаго   Португалија португалски
1999 Гинтер Грас   Германија германски
2000 Гао Сјингѓен   НР Кина[34][35]
  Франција (од 1998 година)[35]
кинески
2001 Видјадар Сураџпрасад Најпол   Тринидад и Тобаго [36]
  Обединето Кралство
англиски
2002 Имре Кертес   Унгарија унгарски
2003 Џон Максвел Куци   ЈАР
  Австралија (од 2006 година) [37]
англиски
2004 Елфриде Јелинек   Австрија германски
2005 Харолд Пинтер   Обединето Кралство англиски
2006 Орхан Памук   Турција турски
2007 Дорис Лесинг   Обединето Кралство англиски
2008 Жан Мари Гистав Ле Клезио   Франција француски
2009 Херта Милер   Германија германски
2010 Марио Варгас Љоса   Перу шпански
2011 Томас Транстремер   Шведска шведски
2012 Мо Јен   НР Кина кинески
2013 Алис Манро   Канада англиски
2014 Патрик Модијано   Франција француски
2015 Светлана Алексиевич   Белорусија руски
2016 Боб Дилан   САД англиски
2017 Казуо Ишигуро   Обединето Кралство англиски
2018 Олга Токарчук   Полска полски
2019 Петер Хандке   Австрија германски
2020 Луиз Глик   САД англиски
2021 Абдулразак Гурнах   Танзанија,   Обединето Кралство англиски
2022 Ани Ерно   Франција француски

* Години во кои има повеќе од еден лауреат.

Најнаградени јазици

уреди
Пишан
јазик
Лауреати
англиски 29
француски 16
германски 14
шпански 11
италијански 6
шведски 7
руски 6
полски 5
дански 3
норвешки 3
грчки 2
јапонски 2
хебрејски 2
кинески 2
арапски 1
бенгалски 1
чешки 1
фински 1
унгарски 1
исландски 1
окситански 1
португалски 1
српскохрватски 1
турски 1

Земји со најмногу лауреати

уреди

Лауреатите со двојно државјанство се избројани за секоја држава по еднаш. На пример: Т. С. Елиот се смета и за Американец и уште еднаш за Британец. Писателите во егзил се сметаат според нивната родна земја. Под Германија се подразбираат сите различни фази на нејзиниот развиток, вклучувајќи ги и двете Германии создадени по Втората светска војна.

Земја Лауреати
  Франција 14
  Обединето Кралство 11
  САД 11
  Германија 10
  Италија 6
  Шведска 8
  СССР 5
  Шпанија 5
  Полска 5
  Ирска 4
  Данска 3
  Норвешка 3
  Чиле 2
  Грција 2
  Индија 2
  Јапонија 2
  ЈАР 2
  Швајцарија 2
  НР Кина 2
  Австрија 2
  Австралија 1
  Белгија 1
  Канада 1
  Колумбија 1
  Чешка 1
  Египет 1
  Финска 1
  Гватемала 1
  Унгарија 1
  Исланд 1
  Израел 1
  Мексико 1
  Нигерија 1
  Португалија 1
  Света Луција 1
  Тринидад и Тобаго 1
  Турција 1
  СФР Југославија 1
  Перу 1

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Нобеловата награда за литература“. nobelprize.org.
  2. 2,0 2,1 2,2 Џон Сатерленд (13 октомври 2007). „Мастило и плунка“. Guardian Unlimited Books (англиски). The Guardian. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  3. „Нобеловата награда за литература“. Шведска академија. Архивирано од изворникот на 2008-02-01. Посетено на 2008-01-31.
  4. 4,0 4,1 4,2 Нил Смит (13 октомври 2007). „Политичка заднина на наградата за Пинтер?“ (англиски). BBC News. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  5. „Номинации за Нобеловата награда за литература“. nobelprize.org.
  6. „Номинации и избирање на добитниците на Нобеловата награда за литература“. nobelprize.org. Архивирано од изворникот на 2007-10-11. Посетено на 2008-01-31.
  7. Списоци со номинантите често се наоѓаат во дневните публикации.
  8. „Вредноста на Нобеловата награда“. nobelprize.org.
  9. „Церемонии по повод доделувањето на Нобеловата награда“. nobelprize.org.
  10. 10,0 10,1 Кјел Еспмарк (3 декември 1999). „Нобелова награда за литература“. Nobelprize.org. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  11. Харолд Орланс, „Егоистичен превод: Зошто В. Х. Одн погрешно ги протолкува 'Обележја' при преведувањето на англиски?“, Heldref Publications, 2000.
  12. Стиг Фредриксон, „Како му помогнав на Александар Солженицин да го прошверцува неговиот говор за Нобел од СССР Архивирано на 9 јануари 2010 г.“, nobelprize.org, 22 февруари 2006.
  13. „Повик кон Нобел: 100 години контроверзии“. The Independent (англиски). 14 октомври 2005. Архивирано од изворникот на 2007-12-24. Посетено на 2008-01-31. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  14. Колм Тојбин. „Не ме напуштај“. London Review of Books. Архивирано од изворникот на 2009-04-18.
  15. „Пипи Долгиот Чорап предизвика хаос на балетот“. The Local (англиски). 13 мај 2005. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  16. Џули Керол,„ 'Папата и Вештерката' предизвика протести кај католиците“ Архивирано на 14 февруари 2009 г., Католички дух, 27 февруари 2007.
  17. „Нобел го одби лево-ориентираниот шегаџија“, The Times, 10 октомври 1997.
  18. 18,0 18,1 „Нобелови судии отстапија во знак на протест“. BBC News Online. BBC. 11 октомври 2005. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  19. 19,0 19,1 Associated Press, „Кој ја заслужува Нобеловата награда? Судиите не се согласни“ Архивирано на 27 ноември 2005 г., MSNBC 11 октомври 2005.
  20. Дан Келум, „Лесинговиот опус на политичка литература: Архивирано на 4 јуни 2011 г. The Nation: скептиците велат дека ова е нелитерарна победа, но академијата ја гледа нејзината визионерска моќ“, CBS News, од The Nation (колумна), 14 октомври 2007.
  21. 21,0 21,1 Херман Хесе (1946). „Херман Хесе: Нобеловата награда за литература во 1946“. nobelprize.org. Архивирано од изворникот на 2007-07-06. Посетено на 2008-01-31. Во 1923, се откажав од германското и земав швајцарско државјанство.
  22. 22,0 22,1 „Т.С. Елиот: Нобеловата награда во 1948: Биографија“. nobelprize.org. 1948. Томас Стернс Елиот (1888-1965) е роден во Сент Луис, Мисури... Во 1927, Елит станува британски државјанин и истовремено се приклучува на Англиканската црква.
  23. 23,0 23,1 „Биографија на Нели Закс“. Art Directory GmbH. Германската писателка и поетеса Нели Закс, чие родено име е Леони Закс, е родена во еврејско семејство на 10 декември 1891 во Берлин-Шенеберг. ... Поради страв од нацизмот, Нели и нејзината мајка емигрираат во Шведска во 1940. ... Во 1950 умира мајка ѝ на Нели. Две години подоцна, Закс се здобива со шведско државјанство.
  24. „Нели Закс“. Encyclopædia Britannica. Архивирано од изворникот на 2007-12-19. Посетено на 2008-01-31. Во 1940... бега во Шведска со помош на романописецот Селма Лагерлеф, со која се допишува и која посредува кај шведското кралско семејство во нејзино име.
  25. Мајкл Џ. Бандлер (7 април 2005). „Авторот Сол Белоу умре на 89: Нобеловиот лауреат го сметаа за еден од најголемите романописци на 20 век“. U.S. Department of State. Архивирано од изворникот на 2007-10-12. Посетено на 2008-01-31. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  26. Елинор и Роберт Слејтер, "Сол Белоу: Добитник на Нобелова награда за литература", Големи Евреи, Jonathan David Company, 1996, 41: "Белоу стана натурализиран американец во 1941."
  27. 27,0 27,1 „Исак Башевис Сингер: Биографија“. Harry Ransom Humanities Research Center на Универзитетот во Тексас. Архивирано од изворникот на 2007-12-31. Посетено на 2008-01-31.
  28. „Чеслав Милош“. Encyclopædia Britannica.
  29. „Чеслав Милош“. Калифорниски Универзитет. Архивирано од изворникот на 2008-02-16. Посетено на 2008-01-31.
  30. „Елијас Канети: Нобелова награда за литература во 1981: Curriculum Vitae“. nobelprize.org. Архивирано од изворникот на 2007-10-11. Посетено на 2008-01-31. Роден е на 25 јули 1905 година, во Русе, Бугарија. Во 1952 година прима британско државјанство.
  31. 31,0 31,1 „Јосиф Бродски 1940–1996“. eNotes. Често нарекуван најдобриот поет на својата генерација, Бродски е роден и израстен во Советскиот Сојуз, а американски државјанин станува во 1977 година.
  32. „Шејмус Хини: Нобеловата награда за литература во 1995: Биографија“. nobelprize.org. 1995.
  33. „Шејмус Хини: Преживеа сѐ“.
  34. „Гао Сјингѓен: Нобеловата награда за литература во 2000: Биографија“. nobelprize.org. 2000.
  35. 35,0 35,1 „Гао Сјингѓен 1940-“. eNotes.[мртва врска]
  36. „В. С. Најпол 1932-“. eNotes.
  37. „Џ. М. Куци станува австралиски државјанин“ Архивирано на 1 октомври 2007 г., Mail & Guardian, 6 март 2006.

Надворешни врски

уреди
Нобелова награда
Економија | Физика | Хемија | Физиологија или медицина | Мир | Литература


  Статијата „Нобелова награда за литература“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).