Информација (латински: Informatio, „поим, претстава, сознание“) — поим со многу различни значења во зависност од контекстот, но по правило е блиску поврзана со концепти како значење, знаење, инструкција, комуникација, репрезентација, и ментален стимул. Под информација го подразбираме само она сознание кое го менува знаењето на приемачот, односно сознанието кое дава ново знаење, различно од претходното. Овој термин денес е присутен во сите области на човековата дејност: техника, кибернетика, информатика итн. Според Б.Шешиќ, информација е испраќање, пренесување и примање на податоци и комуницирање со помош на знаци меѓу човекот и човекот, човекот и машината и машината и човекот. " Информација е извор на стекнување сознанија за појави, предмети и настани во одреден простор и време".(Р.Р.Бошковиќ) "Кога податоците т.е. зборовите, броевите и специјалните знаци ќе се поврзат во една изјава, односно реченица, се добива информација". (I.G.Wilson, M.M.Wilson)

-{ASCII}- кодови за зборот „Wikipedia“ претставени во бинарен систем, најчесто користени во нумерачкиот систем за кодирање на текстуални компјутерски информации

Теорија на информацијата

уреди

Во техниката, поимот информација неразделиво е поврзан со преносот на таа информација. Постои цела научна дисциплина наречена теорија на информацијата која се занимава со карактерот на информацијата, притоа придавајќи и техничко значење. Во таа насока, доколку еден извор има способност да емитува N различни пораки, тогаш информацијата што ја содржи секоја порака е еднаква на логаритам со основа два од N. Мерната единица дефинирана на овој начин се нарекува шанон според научникот Клод Шанон којшто ја има поставено основата на оваа наука. Мерка за мерење на количината на информации е бит. Доколку се можни два еднакво веројатни одговора информација од еден бит го дава одговорот на прашањето.

Информацијата во кибернетиката и биокибернетиката

уреди

Поимот информација е основен ѝ во кибернетиката (со тоа и во биокибернетиката). Според кибернетичарите, по своето значење тој има слична улога со поимот маса или енергија во физиката.

Човекот од околната средина ги прима информациите како надразнување на соодветните органи, т.е. по пат на рецепција. Рецепторите со механизмите на повратните врски и соодветните региони во черепниот мозок формираат информациски анализатори кои обезбедуваат формирање на информациските процеси за прием и обработка на добиените информации

Информациските сензорирања се детерминирани на видни, слушни, допирни, вестибуларни, кинестатички, температурни и електрични. Притоа, во посебна група се издвоени генетските информации кои се едни од најважните за концепцијата и состојбата на живите организми. Во биокибернетиката, освен терминот информација, се користат и поими како обработка на информација, сигнал, размена на информација, канал на врска, шум, шифра, код и други. Предавањето на информациите се одвива по канал на врски. Обликот на информацијата може да биде континуиран или дискретен.

Во однос на информацијата може да се проучуваат процеси кои се одвиваат во живите организми, било да се работи за нивна нормална или патолошка состојба. Во разни патолошки состојби на организмот по правило доаѓа до промена и нарушување на информацискиот механизам со кој се координираат животните процеси.

Помеѓу елементите на еден кибернетски систем, како и помеѓу системот и неговата околина може да постои одредена врска со која се постигнува организацијата на овој систем. Одразот на интеракција на елементите на системот или системот и неговата околина може формално да се означи во вид на букви, зборови, бројки или воопшто со симболи на физички величини. Сите овие формални групи се нарекуваат податоци или информациски одлики. Во одреден момент состојбата на системот се одликува со група на информациски карактериситки кои се нарекуваат настан. Во текот на времето, системот може да се наоѓа во било која состојба и тој се одликува со мноштво од можни состојби, односно настани. За состојбата на системот опишана со група на информациски одлики може да се формулира соопштение како група од податоци. Соопштенијата за состојбата на системот можат да се поделат на непрекинати и дискретни.