Салпи
Salpida
Синџир од салпи во површинскиот слој на Црвено Море.
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Потколено: Плаштари
Класа: Thaliacea
Ред: Salpida
Семејство: Salpidae
Родови и видови

Видете во текстот.

'Салпите (науч. Salpida) — слободнопливачки морски животни со пелагијален начин на живот. Ова се целосно проѕирни животни кои имаат облик на краставица. Се движат со згрчување, при што ја испумпуваат водата низ нивното желатинозно тело. Оваа вода притоа минува низ внатрешните хранителни филтри каде се задржува фитопланктонот, кој е нивна храна.

Големината на салпите е различна. Таа се движи од неколку милиметри до неколку сантиметри во должина. Најголемата салпа досега откриена е Thetys vagina која била фатена во Тихиот Океан. Должината на нејзиното тело (заедно со израстоците) изнесувала 33,3 cm.

Морфологија

уреди

Салпите се многу слични по својот изглед со нивните роднини долиолиди. Тие меѓусебно се разликуваат само по некои детали. И двете групи опфаќаат проѕирни цилиндрични животни низ чие тело се гледа компактниот, најчесто маслинесто зелен желудник. Целото тело е сместено во нежна и проѕирен плашт, понекогаш опремено со израстоци со различни должини. Под плаштот се наоѓаат проѕирни белузлави кружни мускули кои се простираат во облик на полукруг, односно не го обиколуваат телото целосно како кај долиолидите (не се споени на стомачната страна). Обично се 8 на број и се наоѓаат на одредено растојание еден од друг. Тие ја туркаат водата од устата до излезниот сифон. Клоакалниот отвор не лежи терминално на задниот дел од телото, туку е поместен кон грбната страна. Преградата меѓу голтката и клоакалната празнина е со само две жабрени цепнатинки, но тие се мошне големи. Церебралната ганглија кај салпите е нешто посилно развиена отколку кај долиолидите. Таа има топчест облик со потковичест засек на грбната страна, во кој е сместено пигментирано око.

Салпите поседуваат способност да вршат биолуминисценција, слично на пирозомите. Светлечките органи претставуваат грозд од клетки сместен на стомачната страна од цревото и содржат симбиотски луминисцентни (светлечки) бактерии. Светлечките органи особено силно се развиени кај видовите од родот Cyclosalpa. Кај нив се образуваат т.н. "странични телца" сместени на секоја страна од телото.

Животен циклус

уреди

Салпите имаат сложен животен циклус, со задолжителна смена на генерации. И двата дела од животниот циклус постојат истовремено во морињата - тие изгледаат мошне различно, но и двата се проѕирни, цевкасти и желатинозни животни долги меѓу 1 и 10 cm. Самотничката фаза од животниот циклус е позната како оозоид и претставува единечно буревидно животно кое се размножува бесполово произведувајќи синџир од десетици до стотици единки кои се ослободуваат од родителскиот организам додека се мали. Синџирот од салпи го претставува агрегирачкиот дел од животниот циклус. Агрегирачките единки се познати како бластозооиди. Тие остануваат прикрепени еден за друг додека пливаат и се исхрануваат, при што секоја единка расте. Секој бластозооид се размножува полово (бластозооидите се последователни хермафродити, што значи дека како помлади се женки, и се оплодуваат од машките гамети произведени од постарите синџири) со тоа што секој ембрион на оозоид во развиток е прикрепен за телесниот ѕид од родителот. Подоцна оозоидите се отпуштаат од родителските бластозооиди и продолжуваат да се хранат и растат како единечки бесполови единки, со што се затвора животниот циклус на салпите.

Смената на генерации овозможува брзо генерациско време, при што самотничките единки и агрегирачките синџири живеат и се хранат заедно во морето. Кога има многу фитопланктон, ова брзо размножување води до релативно краткорочен "цут" на салпи, кои ќе го исфилтрираат фитопланктонот. "Цутот" завршува кога веќе нема доволно храна за да се одржи огромната популација на салпи.

Распространување

уреди

Салпите се чести во екваторијалните, умерените и ладните мориња, каде можат да се забележат на површината како единечни или синџирести колонии. Најголеми концентрации на салпи се наоѓаат во Јужниот Океан (близу Антарктик). Тука тие понекогаш образуваат огромни роеви, обично во подлабоката вода, а понекогаш се дури и побројни и од планктонските ракчиња познати како крил[1]. Во последно време се забележува зголемување на популациите од салпи во Јужниот Океан, како и намалување на популациите од крил.

Систематика

уреди

Иако салпите се слични со медузите во својот изглед и лебдечко-пливачкиот начин на живот, тие градбено се најблиски со ‘рбетниците. Се користат како една од почетните точки при објаснувањето на еволуцијата на ‘рбетните животни.

Некои автори ги сметаат за салпи и долиолидите, при што ги сместуваат во заедничка класа Salpae или Salpaeformes. Меѓутоа, повеќето ги сместуваат овие две групи во класата Thaliacea, во која салпите образуваат свој ред Salpida со една фамилија — Salpidae, во која се наоѓаат родовите:

Библиографија

уреди
  • Bone, Q. editor (1998) The Biology of Pelagic Tunicates. Oxford University Press, Oxford. 340 pp.

Наводи

уреди

<references>

  1. „Dive and Discover: Scientific Expedition 10: Antarctica“. Посетено на 2008-09-03.