Никола Карев
Никола Јанакиев Карев (Крушево, 23 ноември 1877 — с. Рајчани, Кочанско, 27 април 1905) — македонски социјалист, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација и раководител („претседател“) на Крушевската Република.
Никола Јанакиев Карев | |
---|---|
1877 – 1905 | |
македонски револуционер и национален херој | |
Прекар: | Каре |
Роден во: | Крушево, Битолски вилает, Османлиско Царство |
Роден на: | 23 ноември 1877 |
Починал во: | Рајчани, Скопски вилает, Османлиско Царство |
Починал на: | 27 април 1905 | (возр. 27)
Служба во: | Крушевска Република MРО |
Чин: | Претседател на Крушевската Република • војвода • востаник |
Битки/војни: | Илинденско востание |
Други занимања: | Социјалист • Револуционер |
Школување и заминување на печалба
уредиНикола Карев е роден како четврто дете во сиромашното јагленарско семејство Кареви. Во 1892 година е принуден да го прекине школувањето и да се вработи како столарски чирак. Во 1895 година го напушта својот роден град и како 16-годишно момче заминува на печалба во Бугарија. Во прво време работи како помошник ѕидар, а потоа станува столарски работник во работилницата на велешкиот столар и основач на Македонската работничка социјалистичка група во Софија, Васил Главинов. И самиот се вклучува во работата на Македонска социјалистичка група - регионална фракција на Бугарската работничка социјалдемократска партија.
Во македонското револуционерно движење
уредиВо Крушево се враќа во септември 1899 година и се зафаќа со докомплетирање на своето образование. Поради полагањето на завршниот испит во јуни 1900 година, Карев не учествува на Првата социјалистичка конференција во Македонија. Една од одлуките на конференцијата била македонските социјалисти да влезат во редовите на ТМОРО. Социјалистите, вклучително и Карев, во Организацијата се примени во февруари 1901 година.
Во јуни 1901 година завршува четврти клас во Битолската бугарска класична гимназија и во учебната 1901/1902 станува егзархиски учител во крушевското село Горно Дивјаци. Следната учебна година е префрлен на работа во Крушевската прогимназија.
Водач на Крушевската Република
уредиНа чело на Крушевскиот револуционерен комитет застанува во јануари 1903 година. Учествува на Смилевскиот конгрес во мај истата година и се спротивставува на решението за кревање на Илинденското востание, сметајќи дека народот сè уште не е доволно подготвен да се крене на востание. Сепак, по одлуката за кревање востание, во својство на началник на Горскиот крушевски штаб, Карев активно учествува во подготовка и организација на востанието. Спроти Востанието, тој, во име на Штабот, објавува Проглас во кој го повикува народот на востание. Ноќта на 2 август 1903 година околу 750 востаници, предводени од горскиот начелник Никола Карев, го нападнале и го ослободиле Крушево.
За време на востаничката власт во Крушево, Карев е на чело на Штабот на крушевските востаници и не врши ниту една од функциите во новоизбраните цивилни органи на востаничката власт. Сепак, фактички, тој бил на чело на новата востаничка власт во Крушево, поради што обично му се припишува функцијата претседател на Крушевската Република, иако за тоа нема формална основа. Како што напиша Кочо Топузоски:
„ | Беспредметни се сите дискусии, дури и во научната јавност за тоа дали Никола Карев бил или не бил 'избран' за 'Претседател на Крушевската Република'. Тоа прашање воопшто не соодветствува на тогашните прилики, зашто таква функција во деновите на крушевската слобода воопшто не постоела и не можела да постои.[1] | “ |
Помеѓу поважните одлуки што ги донесе Карев е упатувањето на Крушевскиот манифест до околното муслиманско население во кое братски се повикуваше да ја поддржи и да ја помогне борба на сите обесправени во Македонија.
Повлекување во Бугарија и убиство
уредиСо паѓањето на градот во турски раце, тој со своите соработници се повлекол во околните планини на Крушево, а кон средината на ноември 1903 година се префрлил во Белград, а оттаму во Софија. Во Софија, Карев ја обновил својата активност и учествувал во формирањето на Македонско-одринската работничка социјалдемократска група во 1905 година, како огранок на Бугарска работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти).
По неуспешните обиди легално да се врати во Македонија, пролетта 1905 година, Карев решил да го стори тоа нелегално. За Македонија тргнал со еден товар социјалистичка литература и со намера да се предаде на социјалистичка дејност.[2] На 26 април 1905 година, неговата чета на пат за Крушево преноќила во селото Рајчани, помеѓу Кочани и Пробиштип. Но, тука четата била предадена и веднаш била опколена од турската војска. Следниот ден, на 27 април 1905 година, во нерамна борба со турскиот аскер, кај месноста Свиланово, загинал Никола Карев, заедно со многу борци од неговата чета.
Посмртните останки на Карев, во 1953 година, по повод одбележувањето на 50-годишнината од Илинденското востание, биле пренесени во Крушево. На 11 април 1990 година, тие биле пренесени во Македониумот. Во спомен на загинувањето на Никола Карев, во близината на селото Тркање е поставен споменик.[3]
Наводи
уреди- ↑ Кочо Топузоски, „Никола Карев: 1877-1905: живот и потоа“, 2005, 126 стр.
- ↑ Македоно-Одринска Работническа Социалд. Група, „Революцията въ Турция и социалдемокрацията“, Партийна социалистическа книжарница, София, 1908, 19 стр.
- ↑ „„Првпат доаѓам на местото на погибијата на дедо ми Никола Карев", Дневник, година XIX, број 5753, среда, 29 април 2015, стр. 11“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-11-05.
Литература
уреди- Кочо Топузоски „Никола Карев: 1877-1905: живот и потоа“ (2005)
- Орде Иваноски „Никола Карев“ (1968, 1989, 1991)
Надворешни врски
уреди- Писмо на Никола Карев до Гоце Делчев од 1902 година
- Јас сум Македонец!
- Интервју на Никола Карев за грчкиот весник „Акрополис“ Архивирано на 12 март 2007 г.
- Милева Лазова „Потсетување на заборавениот прв претседател на Крушевската Република“[мртва врска]
- Анита Димова „Никола Карев - претседател на Крушевската Република“ Архивирано на 8 септември 2008 г.
- Блаже Миневски „Зошто претседателот на Крушевската Република го исфрлија од македонската химна?“
- „По Републиката, Карев ја изгуби и химната“ - статија за историјата на македонската химна и одредени мистериозни настани
Галерија
уреди-
Никола Карев како матурант од Бугарската машка класна гимназија, на крајот на учебната 1900/1901 година.
-
Споменикот на Никола Карев на Гумења во Крушево откриен на 2 август 1953 година, дело на вајарот Јордан Грабулов (основа). Никола Карев со крушевски учители и ученици снимени во крушевската корија во 1900 година
-
Споменик на Никола Карев во Крушево
-
Споменикот на Карев во Кочани
-
Куќата на Никола Карев во Крушево