Ветерна енергија
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Енергијата на ветерот (или еолска енергија) е една од првите форми на енергија која ја користел човекот. Уште старите Египќани ја користеле за задвижување на своите бродови и ветерни мелници. Ваквиот начин на искористување на ветерната енергија, подоцна вклучувајќи и пумпи за вода, се задржал до крајот на деветнаесетиот век
Првата ветерна турбина која е користена за производство на електрична енергија била направена во 1891 г. од Данецот Пул ла Ур. Тој добиената електрична енергија ја користел за електролиза на водата, а на тој начин добиениот водород понатаму се користел за осветлување во локално училиште. Може да се каже дека тој бил сто години пред своето време, бидејќи дури кон крајот на дваесеттиот век се јавиле идеите за користење на ветерната и сончевата енергија за електролиза на водата и користење на водородот за генерирање на електрична енергија во горивни ќелии.
Помасовна употреба на енергијата на ветерот за добивање на електрична енергија започнала во триесеттите години од минатиот век, кога во руралните области на САД биле изградени илјадници мали ветерници. Со развојот на големите хидро, термо и атомски централи, ветерните централи, како економски и технички неконкурентни, паднале во заборав. Како и кај другите видови на обновливи извори, енергетскиот шок предизвикан од нафтената криза во 1970-тите години, свесноста за ограничените резерви од фосилни горива и еколошките проблеми, повторно го вратија интересот за ветерната енергија.
Денес ветерната енергија е најбрзорастечкиот сегмент во индустријата на обновливи извори на енергија. Најдобар пример за тоа е 2007 г. кога во светот се инсталирани нови ветерни централи со моќност од околу 20.000 MW, што е зголемување за 31% во однос на претходната година. Според некои предвидувања, ваквиот тренд ќе продолжи и понатаму, така што до крајот на 2012 г., од 94000 MW во 2007 г., во светот ќе има вкупно инсталирани капацитети со моќност од 240.000 МW.