Јустинијан I
Јустинијан I (латински: Flavius Petrus Sabbatius Iustinianus; 11 мај 483 — 13/14 ноември 565) — византиски владетел од Македонија како цар на Источното Римско Царство (527 — 565 година), христијанин и православен теолог. Настојувал да ја обнови моќта и големината на Римското Царство која била ослабена со упадите на варварските племиња. Познат е по проширувањето на царството, првенствено со воените походи на Велизариј, како и по неговиот брак со царицата Теодора, која била сметана за негов корегент. Историјата го памети и како голем реформатор на класичното римско право. Јустинијан бил една од најзначајните личности во доцната антика, и со него завршува периодот на благосостојба во Византија, сè до IX век кога таа повторно ќе се издигне.
Јустинијан I, роден Управда, од татко Исток[1] | |||||
---|---|---|---|---|---|
Цар на Византија | |||||
Византиски цар | |||||
На престол | 1 август 527 — 14 ноември 565 | ||||
Претходник | Јустин I | ||||
Наследник | Јустин II | ||||
Сопружник | Теодора | ||||
|
Изградил голем број храмови, од кои најубав е Света Софија во Цариград. Ги собрал и ги спроведувал римските закони. Самиот издавал многу строги закони против неморал и распуштеност. Ја составил црковната песна „Јединородни Сине и Слове Божји“, којашто од 536 година почнала да се пее на литургија.[се бара извор] Го свикал Петтиот вселенски собор во 553 година.[се бара извор]
Поради неговите заслуги за развојот на црквата и ширењето на верата, светиот цар Јустинијан се смета за светец во христијанството.[се бара извор]
Живот
уредиПетрус Сабатиус е роден во малото село Тауресиум, денешно село Таор во византиската префектура Илирик, во близина на Скупи (денешно Скопје), веројатно на 11 мај 483 година од Вигилантија, сестрата на генералот Јустин, кој подоцна ќе стане византиски цар Јустин I. Јустин I го посвоил и го зел кај себе во Цариград, обезбедувајќи му солидно образование, особено од областа на правото, теологијата и историјата. Кога Јустин I бил прогласен за цар, тој добил висок воен чин во царската гарда (magister militum). Уште пред доаѓањето на царскиот престол, Јустинијан покажувал голема надареност за владеење што се потврдувало со големото влијание што го имал врз неговиот вујко. Во 525 година добил титулата кајсар, а на 4 април 527 година бил прогласен за август, со што станал совладетел на Јустин I. На 1 август 527 година Јустин I умрел, со што Јустинијан на 44 годишна возраст станал единствен цар на Источното Римско, односно Византиско Царство.
Покрај Јустинијан мошне влијателна била и неговата сопруга Теодора со која се оженил во 525 година и покрај нејзиното неугледно потекло. Таа со својата интелигенција успеала да се наметне речиси како совладетел на Јустинијан. Се смета дека била приврзаник на монофизитистите, како и дека влијаела на дел од законите што ги донел Јустинијан.
Во 548 година Теодора умрела, а Јустинијан ја надживеал 17 години и умрел на 13 или 14 ноември 565 година.
Неговата смрт го означила крајот на периодот на благосостојба на Византија. Чумата што владеела во 541-543 година, како и постојаните напади од Персија на исток и од варварите од север и запад го ослабнале царството и довеле до нејзино постепено осиромашување и пад на популарноста.
Главен извор за историјата на Јустинијановото владеење се делата на Прокопиј, иако и хрониката на Јован Ефески содржи мноштво детали. Покрај официјалната историја, Прокопиј напишал и Тајна историја во која известува за различните скандали од дворот на Јустинијан I.
Воени активности
уредиВоените успеси и проширувањето на Византија во времето на Јустинијан I во голема мера се заслуга на Јустинијановиот најголем војсководител Велизариј. На 22 јуни 533 година Јустинијан го испратил Велизариј со војска од околу 15-16 000 пешадинци и коњаници во Африка. По двете битки кои се одиграле во близина на Картагина (Ad Decimum, во септември и Tricamarun, во декември 533), како и заробувањето на вандалскиот крал Гелимер (пролетта 534 година), Африка станала префектура во рамките на Византија.
Веднаш по успешното враќање на Африка во рамките на царството, во 535 година, со 9000 војска, Велизариј го започнува освојувањето на Италија. Со Сицилија загосподарил при крајот на 535 година, следната година го освоил Неапол и на 10 декември 536 година влегол во Рим. Во есента или зимата 539-540 година Велизариј ја опседнал Равена и во мај 540 година го заробил источноготскиот владетел Витигес. Италија, која подоцна станала префектура под команда на равенскиот егзарх, била вратена на царството.
Во походите кон север војската на Јустинијан стигнала до реките Сава и Дунав и околу 535 година го реновирал Сингидунум (денешен Белград).
Во Шпанија Јустинијан ги освоил Андалусија и приморската област на југоисток од Западните Готи и организирал воено заповедништво.
Во 540 година, прекршувајќи го „вечниот мир“ од 522 година, Персијците ја нападнале Антиохија при што градот бил разорен, а жителите раселени. Иако Велизариј извојувал победа над Персијците во Битката кај Еуфрат, сепак Јустинијан бил принуден да го обнови мирот со Персија (во 546, и повторно во 562), кој овој пат поскапо го чинел.
Во текот VI век Балканот бил на неколку наврати пустошен од Аварите, Словените и Кутригурите. Овие варварски упади дополнително го оптоварувале царството и ја намалувале нејзината моќ.
Истовремено во западниот дел од царството се јавиле бунтови. Во Италија енергичниот источноготски (остроготски) крал Тотила меѓу 542 и 547 година повторно го освоил речиси целиот полуостров. Велизаровиот наследник Нарзес, кому Јустинијан му ја доверил врховната команда над Италија успеал да го порази Тотила во 552 година и на Византија да ѝ ја врати опустошената и ослабена земја.
Јустинијаново право
уредиЈустинијан постигнал трајна слава преку законските реформи, особено преку комплетната ревизија на сите дотогашни римски закони. Збирката од Јустинијановото законодавство денес е позната како Корпус на граѓанското право (Лат. Corpus juris civilis). Се состои од Јустинијанов кодекс, Дигеста, Институционес и Новели.
На почетокот на своето владеење, Јустинијан го назначил квесторот Трибонијан да ја надгледува оваа задача. Првиот нацрт на „Кодекс Јустинијанус“, кодификација на царските закони од II век дотогаш, бил издаден на 7 април 529 година (конечната верзија излегла во 534 година). Потоа следеле „Дигеста“ - збирка од постари правни текстови во 533 година и „Институционес“ - упатство кое ги опишува принципите на правото. „Новелите“ - збирка од нови закони донесени во времето на владеењето на Јустинијан, била продолжение на „Кодексот“. За разлика од останатите делови од Корпусот кои биле објавени на латински, „Новелите“ биле објавени на грчки.
Кодификацијата овозможила преживување на римското право. Таа ја формирала основата на подоцнежното Византиско право. Единствената западна провинција каде што било воведено Јустинијановото право била Италија[2], од каде потоа се пренело низ западна Европа во XII век и станало основа за современите европски правни системи.
Во негова чест, скопскиот Правен факултет го носи името Јустинијан I.
Религиозна политика
уредиОзаконување на христијанството
уредиЈустинијан, уште на почетокот на своето владеење, ја озаконил верата на Црквата во Светото Тројство и во Инкарнацијата, и ги предупредил сите кривоверци со соодветни казни[3]. Покрај тоа, ги издигнал на ниво на закони црковните канони од дотогашните 4 вселенски собори[4]. Тој ги осигурал и правата на свештенството и монаштвото. Тој им дозволил на монасите да добиваат годишни подароци од државата, дел од даноците на одредени провинции, и забранил конфискација на имотот на манастирските имоти.
Иако од денешен аспект карактерот на овие мерки изгледа деспотски, овие чекори ѝ овозможиле раст и развој на црквата.
Градба на Света Софија
уредиЈустинијан ја пре-изградил црквата Света Софија во Цариград која чинела 20 000 фунти злато[5], бидејќи претходната црква била разурната во Бунтот Ника во 532. Новата Света Софија, осветена на 27 декември 537 година, со своите бројни капели и крипти, позлатената осумаголна купола и прекрасните мозаици станала центар и најпретставителен симбол на источното христијанство.
Религиозни односи со Рим
уредиОд средината на V век, источните цареви имале сè потешки односи со црквата. Од една страна, радикалите од сите страни се чувствувале отфрлени од каноните усвоени на советот во Калцедонија за одбрана на библиската доктрина за природата на Исус, и да го премостат јазот помеѓу догматски разделените страни - православни и монофизитисти. Од друга страна, на писмото од Папата Лав I до Флавијан од Цариград се гледало како на ѓаволска работа, и никој не сакал ни да чуе за Римската црква.
Јустинијан сакал да ги надмине овие несогласувања. Тој ставил крај на поделбата околу монофизитството што постоела уште од 483 година помеѓу Рим и Византија. Признавањето на Светата Столица во Рим како највисок црковен авторитет[6] останало основа на неговата политика кон Западот, иако тоа на многу на Истокот не им се допаѓало. Иако догматиците не биле подготвени на отстапки, неговите искрени напори за помирување помеѓу монофизитистите и православните, како и помеѓу Истокот и Западот му донеле признание и приврзаност од мнозинското црковно тело.
Потиснување на нехристијанските религии
уредиЈустинијан бил уверен дека единството на царството подразбира и единство во верата, и сметал дека православната - никејска е единствена можна заедничка вера. „Кодексот“ содржел два статути[7] кои го забранувале паганството, дури и во приватниот живот. Овие одредби биле решително спроведувани. Современите извори Јован Малала, Теофан, Јован од Ефес зборуваат за сурови прогони, дури и на луѓе на високи позиции.
Некои од чекорите кои Јустинијан ги презел за уништување на паганството биле затворањето на Неоплатоновата академија во Атина, покрстувањето на 70 000 верници само во Мала Азија[8], покрстувањето на Херулите, Хуните, Абасгите и Тсаните. Го забранил и обожувањето на Амун во Либиската Пустина, како и на божицата Исис во Египет.
И Евреите и Самарјаните страдале од прогони и сурови казни, но се покажале најупорни во сочувувањето на своите религии, и покрај бројните напори на Јустинијан да ги покрсти.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Јован Драгашевиќ - Југоисточно Полуострово, „Географија за Средње Школе“ 1871 Белград.
- ↑ Кункел В. (преведено од Ј.М. Кели) Вовед во римската правна и уставна историја Оксфорд, Кларендон Прес, 1966; 168; англ.
- ↑ Cod., I., i. 5.
- ↑ Novellae, cxxxi.
- ↑ П. Хедер, Падот на Римското Царство: Нова историја на Рим и на Варварите, 283, англ.
- ↑ cf. Novellae, cxxxi.
- ↑ Cod., I., xi. 9 and 10.
- ↑ Ф. Нау, Преглед на источното христијанство, ii, 1897, 482., фр.
Надворешни врски
уреди
Статијата „Јустинијан I“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |