Википедија:Избрана статија/2011/12
Западно Римско Царство е назив за западната половина на Римското Царство по административната поделба што била воведена од страна на царот Диоклецијан во 286 година. Во потесна, но и во поширока смисла, овој термин се однесува на западната половина на царството во периодот помеѓу смртта на императорот Теодосиј I (395 г.) и соборувањето на последниот западноримски император Ромул Августул (476 г.) што било изведено од страна на водачот на варварските наемници во Италија, Одоакар.
Во теоријата, Римското Царство и по 286 г., односно 395 г. било едно, единствено и неделливо. Во пракса, по 286 г. со царството раководеле неколку владетели, обично еден на Исток, друг на Запад. Теоретски гледано, последниот владетел на обединетото царство бил Теодосиј Велики, кој пред смртта во 395 г. го поделил помеѓу своите два сина – на постариот Аркадиј му го оставил Истокот, а на помладиот Хонориј, Западот. После тоа, западните цареви најпрвин владееле од Милано, а по 402 г. од Равена. По 407 г. почнало забрзаното слабеење на Западното Римско Царство поради како резултат на нападите на варварите (Готи, Вандали, Франки и др.) кои почнале да се населуваат во рамките на границите на империјата и да ја делат меѓу себе и да воспоставуваат свои царства. По 455 г. Западноримскиот цар всушност владеел само со Италија, а на 4. септември 476 г. Ромул Августул бил соборен. Последниот кој имал титула на цар бил Јулиј Непот, кој починал во Далмација во 480 год. По 476 г., односно 480 г., варварските владетели на Италија, како на пример Одоакар и Теодорих, се сметани за гувернери на римскиот цар од Цариград, но во практика владееле како независни владетели. (Дознајте повеќе...)