Смилево
Смилево — село во Општина Демир Хисар, во областа Ѓават-Кол, во околината на градот Демир Хисар.
Смилево | |
Поглед на селото Смилево | |
Координати 41°09′18″N 21°06′40″E / 41.15500° СГШ; 21.11111° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Демир Хисар |
Област | Ѓават-Кол |
Население | 218 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7202 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 10032 |
Надм. вис. | 940 м |
Слава | Петровден |
Смилево на општинската карта Атарот на Смилево во рамките на општината | |
Смилево на Ризницата |
Селото претставува значајно место, бидејќи во него е одржан Смилевскиот конгрес и тоа претставува родно место на големиот национален деец Даме Груев, еден од основачите и водачите на ВМРО.
Потекло на името
уредиИмето на селото веројатно доаѓа од личното име Смиле, кое е изведено од Смилјан или Смил, во XV век, со додавање на присвојната придавна наставка -во, со назнака дека „тоа е село на Смиле“.[2]
Географија и местоположба
уредиОва село се наоѓа во областа Ѓават-Кол, во крајниот јужен дел на територијата на Општина Демир Хисар, чиј атар се издига на планината Бигла.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 880 метри. Од патот Демир Хисар-Битола, селото е оддалечено малку повеќе од девет километри.[3]
Смилево е сместено во дол и е распослано на неколку мали брда („тумбиња“), кои се обвиткани со дабова шума. Денес, во селото има околу педесетина населени куќи, а во минатото нивниот број бил над 400. Низ селото поминува Смилевска Река.[2]
Смилево се граничи со следниве села: со Боиште на север, со Обедник на исток, со Метимир и Гопеш (обете во Општина Битола) и со Сопотско (во Општина Ресен) на југ, и на запад со селата Златари и Кривени (обете во Општина Ресен).[2]
Селото поседува убави зданија на карактеристични македонски куќи градени од камен на два, три и повеќе катови, со многу прозорци и со балкон или трем. Денес, повеќето куќи се нови, додека голем дел од постарите се обновени. Секоја понова куќа е градена на приземје и кат, со чардак или балкон. Чардаците вообичаено го зафаќаат целиот предел дел на куќата.[2]
Смилево има водовод уште од 1930-тите години, а во минатото селото се снабдувало со вода преку чешми.[2]
Историја
уредиСелото првпат е споменато во опширните пописни турски дефтери од XV век. Според пописот во 1468 година во селото имало околу 300 жители, односно тоа постоело и пред доаѓањето на отоманската власт. Во 1568 година имало 55 семејства, 1 вдовица и 3 неженети или вкупно 281 жител. Селото во 1608 година плаќало вкупно 1.300 акчиња годишно данок, поради планинскиот терен и слабата стопанска активност.[2]
Смилево е заведено и во Слепченскиот кодик од XVI век.[2]
Смилево претставува мијачка колонија во Демирхисарско. Било населено со Мијаци, кои дошле од Мијачијата кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, бегајќи од големите зулими и грабежи. Народните кажувања се дека до денешното село постоела брсјачка населба, која била нарекувана Старо Смилево. Доселените Мијаци продолжиле да се занимаваат со сточарство, но кога и во новиот крај се појавиле грабежи и несигурност, го оставиле сточарството и се насочиле кон ѕидарството. Така, селото станало познато со најголеми мајстори во областа.[4]
Населбата што ја создале новите доселеници во прво време се викала Ново Смилево, а подоцна само Смилево. Според кажувањата на некои постари селани се смета дека во Смилево се доселиле и Брсјаци од други села. Меѓу позначајните семејства кои го нашле својот дом во Смилево биле: Гарци од с. Гари, Коштревци од Галичник, Трампевци од Тресонче, Најдановци од Лазарополе, Жежовци од Ехловец, Бучиновци од Бучин, Кочанковци од Лева Река, Ресенско, Марушевци од Златари, Граматковци од Кривени, и др. Старото население од Старо Смилево поради честите грабежи се преселило во Ново Смилево.[5]
Во XIX век, Смилево било село во Битолската каза, нахија Демир Хисар, на Отоманското Царство.
Смилево во XX век
уредиВо текот на XIX и почетокот на XX век во селото секоја сабота се одржувал пазар, каде се продавале житни култури, зеленчук и овошје.[2]
Смилевци активно учествувале во борбите на ВМОРО. Селото било местото каде се одржал и познатиот Смилевски конгрес во периодот од 2 до 7 мај 1903 година, на кој било решено да се подигне Илинденското востание во Битолскиот револуционерен округ, а индиректно во Македонија и Одринско. За време на востанието селото било ослободено, но потоа селото е три дена разграбувано и опожарено.[4]
Вечерта на 27 август 1906 година, селото било нападнато од преку 180 андарти предводени од капетанот Константинос Гутас, кои биле потпомогнати од турското население од околните села Обедник, Кажани и Рамна.[6] Групата започнала со палежи, убивања и грабежи низ селото. Колежот траел цел ден иако само на еден час од селото се наоѓал турскиот гарнизон сместен во Гопеш. Следниот ден биле информирани конзулите од Битола, кои заедно со тројца англиски новинари дошле во посета на селото. Според Христо Силјанов во колежот биле убиени 15 селани, од кои 3 жени, а тројца биле ранети, од кои една жена, и запалени 10 куќи.
Втора светска војна
уредиВкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[7]
Таен јазик на смилевските ѕидари-печалбари
уредиЈазик распространет помеѓу мајсторите-печалбари по потекло од Смилево. Истиот јазик, со некои несуштествени разлики, се сретнувал и во Папрадиште и во Ореше.
Тајниот јазик бил користен од луѓето кои заминувале на гурбет, со цел непречен разговор на тајфите помеѓу муслиманите.[8]
Јазикот се појавил со засиленото заминување на печалба низ отоманските провинции и другите балкански земји. Неговиот развој траел неколку децении, а како главна одлика е дека неговите зборови главно припаѓаат на менливите морфолошки форми: глаголи, именки и придавки.
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 16,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.402 хектари, на пасиштата отпаѓаат 113 хектари, а на обработливото земјиште 104 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[3]
Во селото е развиено и занаетчиството, па така мештаните одамна се занимавале со ѕидање на куќи, со преработка на кожа и волна, како и со преработка и продажба на огревно дрво и ќумур. Смилевци станале познати мајстори и биле ангажирани како ѕидари за многу објекти.[2]
Покрај тоа селаните ја обработуваат и така малку плодната земја, одгледуваат житни растенија и зеленчук. Исто така, мал дел од мештаните чува стока.[2]
Денес, во селото работи земјоделска задруга, две продавници, една меана, три-четири ѕидари, еден авто-шлепар и превозник.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Смилево имало 2.200 жители, сите Македонци христијани.[9] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Смилево имало 2.500 жители.[10]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Ново Смилево се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 430 куќи.[11]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 900 Македонци.[12]
Од Смилево се иселил голем дел од населението и селото преминало од голема, во средна населба, населена со македонско население. Во 1961 година селото броело 1.158 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 384 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Смилево живееле 321 жител, сите Македонци.[13]
Во 2015 година според неофицијални податоци во селото имало над 250 жители.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 218 жители, од кои 203 Македонци, 4 останати и 11 лица без податоци.[14]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 2.200 | 2.500 | 1.341 | 1.339 | 1.158 | 731 | 689 | 548 | 384 | 321 | 218 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]
Родови
уредиСмилево е македонско село.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1952 година родови во селото:[19]
- Староседелци: Јанкуловци со Ристевци, Талевци, Трповци и Сековци (3 к.); Коруновци (1 к.); Кузевци со Ристевци (1 к.); Петревци, Наќевци и Стевановци; Перовци со Блажевци, Павлевци, Котевци и Марковци (2 к.); Танасовци (1 к.); Тодоровци (2 к.); Карлевци (1 к.), Брсјаци се. Порано живееле во старо Смилево.
- Доселени Мијаци: Гулугаровци (2 к.) и Печипајковци (8 к.), доселени се од Лазарополе; Спасевци (2 к.), Калинци (1 к.) и Трампевци (11 к.), доселени се од Лазарополе; Милошовци (3 к.) и Корлевци (7 к.), доселени се од Лазарополе; Крстевци (1 к.), доселени се од Лазарополе; Пејчиновци (6 к.), Топчевци (1 к.), Бојанинци (1 к.) и Чаловци (1 к.), доселени се од Галичник; Трошевци (3 к.), Лековци (1 к.), доселени се од Лазарополе; Ковачи/Ковачевци (14 к.), доселени се од Галичник; Соклевци (4 к.), доселени се од Гари; Парталковци (2 к.) и Чиклевци (1 к.), доселени се од Галичник; Филковци (2 к.) и Стамболџиовци (5 к.), доселени се од Лазарополе; Чурановци (3 к.), Сиљановци (3 к.) и Макриовци (4 к.), доселени се од Гари; Кромидаровци (2 к.) и Мирчевци (3 к.), доселени се од Галичник; Гајдаровци (3 к.), доселени се од Галичник; Граматковци (4 к.) и Мерковци (2 к.), доселени се од Лазарополе; Туфевци (2 к.), Узуновци (1 к.), Картаровци (2 к.) и Чипуровци (1 к.), доселени се од Лазарополе. Стари деленици со Мерковци; Гарци или Егуменовци (5 к.), доселени се од Гари; Бандевци (5 к.) и Костадиновци (2 к.), доселени се од Крушево. А таму припаѓале на Мијаците; Жежовци (6 к.), доселени се од Лазарополе; Волкановци (3 к.), доселени се од Галичник; Галовци (2 к.), доселени се од Гари; Поповци (3 к.), Матлиовци (1 к.) и Костревци или Кокиновци (16 к.), доселени се од Лазарополе. Го знаат следното родословие: Спиро (жив на 70 г. во 1952 година) Коле-Илија-Деспот, кој се доселил; Николовци (2 к.), доселени се од Лазарополе; Касаповци со Лумбарковци (2 к.), доселени се од Тресонче; Дарковци (2 к.), доселени се од Галичник; Шутевци (4 к.), Грујовци (4 к.) и Поповци со Доневци (1 к.), доселени се од Лазарополе. Има и целосно иселени мијачки родови.
- Доселеници од други места: Лозановци (1 к.), доселени се од селото Кукуречани, Битолско; Мартушовци (4 к.), доселени се од селото Златари, Преспа; Тодоровци (13 к.), доселени се од околината на Пловдив, Бугарија; Бучиновци (2 к.), доселени се од селото Бучин, Крушевско; Мицковци (1 к.), доселени се од селото Цапари, Битолско; Танасовци (2 к.), доселени се од селото Бараково и Дојчиновци (4 к.) доселени се од Журче.
Општествени установи
уреди- ОУ „Даме Груев“ - Смилево,[20] деветгодишно централно училиште, кое потекнува од турско време
- Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес — отворен во спомен на 100 години од Илинденското востание (1903) и познатиот Смилевски конгрес
- Пошта (7202)
- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на проширената Општина Демир Хисар, на која ѝ била додадена поранешната Општина Сопотница по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Демир Хисар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Демир Хисар.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Смилево, во која покрај селото Смилево, се наоѓале и селата Боиште и Обедник. Во периодот 1950-1952 постоела Општина Смилево во која влегувало само истоименото село.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0636 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[21]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 254 гласачи.[22]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[23]
- Старо Село — населба од средниот век.
- Цркви[24]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — гробјанска црква;
- Црква „Св. Петар“ — манастирска црква;
- Црква „Св. Димитриј“ — параклис во селото.
- Манастири
- Смилевски манастир — манастир над селото
- Параклиси
- Параклис „Св. Петка“
- Параклис „Св. Недела“
- Споменици
- Споменик на Даме Груев со спомен-парк, изграден во 1963 година
- Споменик за херојските илинденци во селото
- Споменик во чест на паднатите борци во НОБ
- Реки[25]
- Смилевска Река — поминува низ селото и една од двете реки, кои ја создаваат Обедничица
Редовни настани
уреди- Петровден — главна селска слава
- 7 мај — Денот на полицијата во склоп на деновите на Смилевскиот конгрес (2-7 мај); првите безбедносни чети биле основани за време на одржувањето на Смилевскиот конгрес
- Илинден — прослава
- 23 декември — панихида за Даме Груев
Личности
уреди- Родени во Смилево
|
|
Иселеништво
уредиДо 1952 година во Бугарија се имаат иселено преку 50 семејства. Во Софија има цела област со смилевци именувана „Смилевска падина“.[2] Голем број на иселеници од ова село може да се најдат и во Битола (преку 100 семејства до 1952 година и потоа, во населбата Смилевски Баир), Австралија, Демир Хисар, САД (7 семејства до 1952 година) и на други места.[19]
Галерија
уреди-
Поглед на селото
-
Поглед на селото
-
Плоча за Даме Груев
-
Споменик за илинденците
-
Спомен-парк за Даме Груев
-
Спомен-парк за Даме Груев
-
Спомен-парк за Даме Груев
-
Базна станица во селото
-
Куќа во селото
-
Поглед на селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 Димитров; Никола (2017). Географија на населби : општина Демир Хисар. Битола. ISBN 978-608-65616-4-2. Архивирано од изворникот на 2020-04-17. Посетено на 2020-03-09.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 276. Посетено на 9 март 2020.
- ↑ 4,0 4,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2018-08-17. Посетено на 2020-03-07.
- ↑ Непокорени - Ѓорѓи Димовски Цолев, Борис Павловски, Битола 1982
- ↑ Андонов, Благојче (септември 2015). Андонов, Благојче (уред.). „Грчкиот колеж во Смилево, август 1906 година“. Македонска ризница. Александар Стеванов. 38: 5. ISSN 1857-8314. Посетено на 9 октомври 2015.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Константинов, Душко (1960). Таен јазик на смилевските ѕидари-печалбари (PDF). Посетено на 22 август 2016.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 238.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.172-173.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 18 август 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 19,0 19,1 Русиќ, Бранислав. фондот „Бранислав Русиќ“. Архивски фонд на МАНУ, к-5, АЕ 97.
- ↑ „Основно образование“. македонски: Општина Демир Хисар. Архивирано од изворникот на 2016-08-28. Посетено на 26 јули 2016.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 9 март 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 9 март 2020.[мртва врска]
- ↑ Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 66. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ 26,0 26,1 26,2 26,3 26,4 26,5 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 27,0 27,1 27,2 27,3 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 28,0 28,1 28,2 28,3 28,4 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ 29,0 29,1 29,2 29,3 29,4 29,5 29,6 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Смилево“ на Ризницата ? |