Долна Саксонија
Долна Саксонија (германски: Niedersachsen; долногермански: Neddersassen; холандски: Nedersaksen) — сојузна покраина сместена во северозападниот дел на Германија и втор по површина, со 47.624 км2 и четврта по население (8 милиони) помеѓу шеснаесетте покраини во Германија. Во руралните делови, сè уште се говорат севернодолносаксонски, дијалект на долногерманскиот и затерландски фризиски, вид на фризискиот, но бројот на говорници опаѓа.
Долна Саксонија Land Niedersachsen (германски) Land Neddersassen (долносаксонски) Lound Läichsaksen (затерландски фризиски) | |||
---|---|---|---|
Сојузна покраина | |||
Координати: 52°45′22″N 9°23′35″E / 52.75611° СГШ; 9.39306° ИГД | |||
Држава | Германија | ||
Главен град | Хановер | ||
Управа | |||
• Министер-претседател | Штефан Вајл (СДП) | ||
• Владејачки партии | СДП / Зелени | ||
• Гласови во Бундесратот | 6 (од 69) | ||
Површина | |||
• Вкупно | 47.624,22 км2 (1,838,781 ми2) | ||
Население (2022-12-31)[1] | |||
• Вкупно | 8.140.242 | ||
• Густина | 1,7/км2 (4,4/ми2) | ||
Час. појас | CET (UTC+1) | ||
• Лето (ЛСВ) | CEST (UTC+2) | ||
ISO 3166 | DE-NI | ||
БДП | € 213.97 млрд. (2010) | ||
NUTS-регион | DE9 | ||
Мреж. место | www.niedersachsen.de |
Долна Саксонија се граничи со (од север надесно) Северното Море, сојузните покраини Шлезвиг-Холштајн, Хамбург, Мекленбург-Западна Померанија, Бранденбург, Саксонија-Анхалт, Тирингија, Хесен и Северна Рајна-Вестфалија и Холандија. Понатаму, покраината Бремен создава две енклави во рамките на Долна Саксонија, едната е градот Бремен, а другата пристанишниот град Бремерхафен. Всушност, Долна Саксонија се граничи со повеќе соседи отколку било која друга сојузна покраина. Поголеми градови покрај главниот покраински град Хановер, се следниве: Брауншвајг, Линебург, Оснабрик, Олденбург, Хилдесхајм, Волфенбител, Волфсбург и Гетинген.
Северозападниот дел на Долна Саксонија, кој се наоѓа на брегот на Северното Море, е наречен Источна Фризија и седумте Источнофризиски Острови до брегот се омилени од туристите. На крајниот запад на Долна Саксонија е Емсланд, традиционална сиромашна и малку населена област, каде некогаш преовладувале непристапните мочуришта. Северната половина на Долна Саксонија, исто така позната како Северногерманска Низина, е скоро целосно рамна освен малите ридови околу Бремен. Кон југ и југозапад се наоѓаат северните делови на средногерманските ридски краишта: Везерското Средногорје и планините Харц. Помеѓу овие две се наоѓаат Долносаксонските ридови, масив на ниски ридови. Така, Долна Саксонија е единствената сојузна покраина која поседува морска и планинска област.
Поголемите градови и економски средишта на Долна Саксонија главно се наоѓаат во нејзините средишни и јужни делови, освен Олденбург кој се наоѓа близу северозападниот брег. Областа на североисток, близу Линебург, е наречена Линебуршка степа, најголема таква област во Германија и во средновековниот период богата поради рудниците за сол и трговијата со сол, како и поради помалиот степен на искористување на мочуриштата до околу 1960-тите години. На север, реката Елба ја дели Долна Саксонија од Хамбург, Шлезвиг-Холштајн, Мекленбург-Западна Померанија и Бранденбург. Бреговите јужно од Елба се познати како Алтес Ланд („Стара земја“). Поради нејзината умерена локална клима и плодна почва е најголема област за овоштарство во покраината, главно на јаболка.
Поголем дел од територијата на покраината била дел од историското Кралство Хановер; покраината Долна Саксонија го прифатила грбот и другите симболи на поранешното кралство. Била создадена со спојување на Државата Хановер со неколку помали држави во 1946 година.
Географија
уредиМестоположба
уредиДолна Саксонија има природна граница на север со Северното Море и долниот и средниот тек на реката Елба, иако делови на градот Хамбург лежат јужно од Елба. Градот-држава Бремен е енклава целосно опкружена од Долна Саксонија. Метрополитенската област Бремен/Олденбург е заедничка тело за областа на енклавата. На југоисток, покраинската граница поминува низ Харц, ниски планини, дел од германските средногорја. Североистокот и западот на покраината — кој создава околу три четвртини од нејзината површина — припаѓаат на Северногерманската Низина, додека на југ се Долносаксонските ридови, вклучувајќи ги Везерското Средногорје, Лајнското Средногорје, Шаумбуршки крај, Брауншвајшки крај, Унтерајхсфелд, Елм и Лапвалд. На североисток во Долна Саксонија се наоѓа Линебуршкото поле (или степа). Степата е преовладувана од сиромашна песочна почва, додека во источниот и југоисточниот дел се наоѓаат попродуктивни почви со висока природна плодност. Со вакви услови — со глина и песок — земјата е добро развиена во земјоделството. На запад се наоѓаат Грофовијата Бентхајм, Оснабрички крај, Емсланд, Олденбург Ланд, Амерланд, Олденбуршки Минстерски крај и на брегот Источна Фризија.
Во покраината се наоѓаат неколку големи реки кои течат на север: Емс, Везер, Алер и Елба.
Највисока планина во Долна Саксонија е Вурмберг (971 м) во Харц. Поголем дел од планините и ридовите се наоѓаат во југоисточниот дел на покраината. Најниска точка во покраина, на околу 2,5 метри под морето, е депресијата близу Фрепзум во Источна Фризија.
Покраинското стопанство, население и инфраструктура се наоѓаат околу градовите Хановер, Штатхаген, Целе, Брауншвајг, Волфсбург, Хилдесхајм и Залцгитер. Заедно со Гетинген во јужна Долна Саксонија го создаваат јадрото на метрополитенската област Хановер-Брауншвајг-Гетинген-Волфсбург.
Региони
уредиОпшто
уредиДолна Саксонија нема јасно регионални поделби ниту географски, како и историски и културно. Во регионите кои биле некогаш самостојни, особено сржта на поранешните држави Брауншвајг, Хановер, Олденбург и Шаумбург-Липе, постои засилена регионална свесност. Спротивно, областите околу ханзеатските градови Бремен и Хамбург се повеќе свртени кон овие средишта.
Список на региони
уредиПонекогаш постојат прекини и преодни области помеѓу различни региони на Долна Саксонија. Некои од областите подолу се дел од други, поголеми региони, кои исто така се вклучени во списокот.
Нешто помалку од 20% од површината на Долна Саксонија е прогласена за природни паркови, н.п.: Димер, Елпско Средногорје, Вендланд, Елм-Лапвалд, Харц, Линебуршко поле, Минден, Золинг-Фоглер, Штајнхудско езеро, Зидхајде, Везерско Средногорје, Вилдесхаузен Гест.[2]
Клима
уредиДолна Саксонија климатолошки потпаѓа во северната умерена зона на средна Европа, која е под влијание на западните ветрови и е сместена во преодна зона помеѓу океанската клима на Западна Европа и континенталната клима на Источна Европа. Оваа транзиција е јасно видлива во рамките на покраината: додека северозападот има атлантска (крајбрежјето на Северното Море) до субатлантска клима со релативно ниски варијации во температурата во текот на годината, климата кон југоистокот е значително под влијание на континентот. Ова е јасно видливо од поголемите температурни разлики помеѓу летото и зимата во годината. Овој потконтинентален ефект е поостро изразен во Вендланд, во Везерското Средногорје (Хамелин до Гетинген) и во областа на Хелмштет. Највисоките нивоа на врнежи се забележани во Харц бидејќи долносаксонскиот дел е свртен кон ветрот спроти кон паѓа дождот. Просечната годишна температура е 8 °C (7,5 °C во Алтес Ланд и 8,5 °C во округот Клопенбург).
Соседни покраини
уредиСојузни покраини кои се граничат со Долна Саксонија се Бремен, Хамбург, Шлезвиг-Холштајн, Мекленбург-Западна Померанија, Бранденбург, Саксонија-Анхалт, Тирингија, Хесен и Северна Рајна-Вестфалија. Ниедна друга германска покраина нема толку соседи.
Долна Саксонија исто така се граничи со холандските покраини Оверајсел, Дренте и Гронинген, како и делот од брегот на Северното Море.
Административна поделба
уредиДолна Саксонија е поделена на 37 окрузи (Landkreise):
- Амерланд
- Аурих
- Везермарш
- Витмунд
- Волфенбител
- Гетинген
- Гифхорн
- Гослар
- Грофовија Бентхајм
- Дипхолц
- Емсланд
- Илцен
- Целе
- Клопенбург
- Куксхафен
- Лер
- Линебург
- Лихов-Даненберг
- Нинбург
- Нортхајм
- Олденбург
- Оснабрик
- Остерхолц
- Пајне
- Ротенбург (Виме)
- Ферден
- Фехта
- Фризија
- Хајде
- Хамелн-Пирмонт
- Хановер
- Харбург
- Хелмштет
- Хилдесхајм
- Холцминден
- Шаумбург
- Штаде
Покрај нив, постојат и десет урбани окрузи:
- Брауншвајг
- Вилхелмсхафен
- Волфсбург
- Гетинген¹
- Делменхорст
- Емден
- Залцгитер
- Олденбург
- Оснабрик
- Хановер²
¹ по „Гетинскиот закон“ од 1 јануари 1964 година, градот Гетинген е дел од округот Гетинген, но сепак правилата за слободен град сè уште важат, бидејќи не постојат други правила.
² по „Законот за областа Хановер“, Хановер од 1 ноември 2001 година се вбројува како урбан округ бидејќи не се применуваат други правила.
Историја
уредиРегионална историја до основањето
уредиИмето на Саксонија потекнува од германското племе Саси. Пред крајот на средниот век постоело едно единствено Војводство Саксонија. Терминот „Долна Саксонија“ бил користен по распаѓањето на војводството кон крајот на XIII век за да ги означи деловите на поранешното војводство под владение на Велфската династија од Изборното кнежевство Саксонија од една страна и од Војводството Вестфалија од друга страна.
До Виенскиот конгрес
уредиИмето и грбот на денешната покраина потекнуваат од германското племе Саси. Во текот на Големата преселба на народите, некои од Сасите ја напуштиле татковината во Холштајн околу III век и се придвижиле јужно преку Елба, каде се прошириле на слабо населените области во остатокот од низините, денешна Северна Германија и североисточниот дел на денешна Холандија. Од околу VII век, Сасите ја населиле областа која приближно одговора на денешната покраина Долна Саксонија, на Вестфалија и бројни области на исток, како што е, западниот и северниот дел на Саксонија-Анхалт. Земјата на Сасите била поделена на околу 60 единици. Фризите не се преселиле во оваа област; со векови ја задржале нивната самостојност во најсеверозападниот дел на денешната долносаксонска територија. Првичен јазик во областа на Стара Саксонија бил западнодолносаксонскиот, еден од варијантите на долногерманската дијалектна група.
Поставувањето на постојани граници помеѓу она што подоцна станало Долна Саксонија и Вестфалија започнало во XII век. Во 1260 година, во договор помеѓу Келнската архиепископија и Војводството Брауншвајг-Линебург, земјите поседувани од двете територии биле одвоени една од друга.[3] Границата се движела долж Везер до северно од Нинбург. Северниот дел на Везер-Емс припаднал под власт на Брауншвајг-Линебург.
Зборот „Долна Саксонија“ (Niedersachsen) првпат бил користен пред 1300 година во холандската хроника (Reimchronik). Од XIV век, се однесувало на Војводството Саксо-Лауенбург (како спротивност на Саксо-Витенберг).[4] При создавањето на царските кругови во 1500 година, Долносаксонскиот круг бил одвоен од Долнорајнсковестфалскиот круг. Тој ги вклучувал териториите кои денес припаѓаат на покраината Долна Саксонија: Оснабричка епископија, the Минстерска епископија, Грофовија Бентхајм, Грофовија Хоја, Кнежевство Источна Фризија, Кнежевство Ферден, Грофовија Дипхолц, Грофовија Олденбург, Грофовија Шаумбург и Грофовија Шпигелберг.
Блиските историски врски помеѓу земјите во Долносаксонскиот круг постојат и денес во Долна Саксонија, особено од династичка гледна точка. Мнозинството на историските територии чии земја сега се наоѓаат во Долна Саксонија биле поткнежевства на средновевното Војводство Брауншвајг-Линебург, водено од Велфската династија. Сите велфски принцови се нарекувале себеси војводи на Брауншвајг-Линебург и покрај тоа што деловите на војводството биле засекогаш поделени, а различни велфски гранки биле изумрени.
До крајот на Втората светска војна
уредиСо тек на време, две големи кнежевства преживеале источно од Везер: Кралство Хановер и Војводство Брауншвајг (по 1866 година, Хановер станал пруска покраина; по 1919 година, Брауншвајг станал слободна држава). Историски, блиски врски постојат помеѓу кралската куќа на Хановер (Изборно кнежевство Брауншвајг-Линебург) со Обединетото Кралство како последица на нивниот личен сојуз во XVIII век.
Западно од реката Хунте започнал процес на „девестфализација“ во 1815 година:[5] по Виенскиот конгрес, териториите на подоцнежните административни региони (Regierungsbezirke) Оснабрик и Аурих биле предадени на Кралството Хановер. До 1946 година, Големото Војводство Олденбург и Кнежевството Шаумбург-Липе ја задржале својата државна самостојност. Сепак, целата област Везер-Емс (вклучувајќи го градот Бремен) биле вклучени во Долносаксонскиот изборен округ во 1920 година (Wahlkreisverband IX (Niedersachsen)). Ова означува дека во тоа време, администрацијата на пруската Покраина Хановер и Државата Олденбург биле сметани како „долносаксонски“.
Претходници на денешната покраина Долна Саксонија биле земји кои биле географски и во некоја смислам институционално поврзани од порано. Грофовија Шаумбург (различно од Кнежевството Шаумбург-Липе) околу градовите Ринтелн и Хесиш Олдендорф припаѓало на пруската покраина Хесен-Насау до 1932 година, покраина која вклучувала големи делови на денешната покраина Хесен, вклучувајќи ги градовите Касел, Висбаден и Франкфурт на Мајна; меѓутоа, во 1932 година, Грофовијата Шаумбург станала дел од пруската Покраина Хановер. Исто така, пред 1945 година, во 1937 година, градот Куксхафен бил целосно вклучен во пруската Покраина Хановер со Законот за голем Хамбург, па така во 1946 година, кога била основана покраината Долна Саксонија, биле споени само четири држави. Со исклучок на Бремен и областите кои биле предадени на советската окупациска зона во 1945 година, сите други области кои припаднале на новата покраина Долна Саксонија во 1946 година, веќе биле вклучени во Долносаксонскиот изборен округ од 1920 година.
Во предавање на 14 септември 2007 година, Дитмар фон Рекен го опишал создавањето на „долносаксонската свесност“ во XIX век, географска основа која била користена за пронаоѓање на територијална подлога: локалните национални здруженија (Heimatvereine) и нивните списанија повремено ги користеле термините „Долна Саксонија“ и „долносаксонски“ во нивните имиња. На крајот на 1920-тите години со реформата во Царството и промовирањето за ширење на националното движење (Heimatbewegung), започнал дваесетипетгодишниот конфликт помеѓу Долна Саксонија и Вестфалија. Поддржувачите на овој спор биле административните службеници и политичарите, но и одредени научници од одредени области биле вклучени за потврдување со аргументи. Во 1930-тите години, кога не постоела Долна Саксонија, имало бројни институциии кои се нарекувале „долносаксонски“. Мотивите и аргументите во споровите помеѓу Долна Саксонија и Вестфалија биле многу слични на обете страни: економски интереси, политички цели, културни интереси и историска позадина.[6]
По Втората светска војна
уредиПо Втората светска војна, најголемиот дел од северозападниот дел на Германија потпаднал под британската окупациска зона. На 23 август 1946 година, британската воена влада ја издала наредбата бр. 46 „во врска со распуштањето на покраините на поранешната држава Прусија во британската зона и нивното повторно основање како независни држави“, со што првично била основана Државата Хановер на територијата на поранешната пруска Покраина Хановер. Нејзиниот министер-претседател, Хинрих Вилхелм Копф, посочил во јуни 1945 година дека е потребно создавање на покраина Долна Саксонија, која би го вклучила најголемиот дел од средниот дел на британската зона. Дополнително, кон регионите кои подоцна станале Долна Саксонија, Копф побарал во април 1946 година, да се додаде и поранешниот пруски округ Минден-Равенсберг (на пример, вестфалскиот град Билефелд, како и вестфалските окрузи Минден, Либеке, Билефелд, Херфорд и Хале), округот Текленбург во државата Липе.[7] Планот на Копф бил заснован на нацртот за реформа на Германското Царство од крајот на 1920-тите години од Георг Шнат и Курт Брининг. Силните велфски врски со овој нацрт, според Томас Фогтхер, не го поедноставиле развојот на долносаксонскиот идентитет по 1946 година.[8]
Алтернативен модел, предложен од политичари во Олденбург и Брауншвајг, предвидувал создавање на независна држава „Везер-Емс“, која би била создадена од државата Олденбург, ханзиниот град Бремен и административните окрузи Аурих и Оснабрик. Неколку претставници на државата Олденбург дури и барале вклучување на хановерските окрузи Дипхолц, Зике, Остерхолц-Шармбек и Везерминде во предложената држава. Слично, била предложена голема Држава Брауншвајг во југоисточниот дел, која би ги вклучувала административниот округ Хилдесхајм и округот Гифхорн. Доколку се оствариле овие планови, територијата на денешната Долна Саксонија би била составена од три држави со подеднаква големина.
Окружниот совет на Фехта се жалел на 12 јуни 1946 година против одлуката да биде вклучен во метрополитенската област Хановер (Großraum Hannover). Ако Државата Олденбург била распуштена, округот Фехта подобро би сакал да биде вклучен во областа Вестфалија.[9] Особено во окрузите каде бил раширен политичкиот католицизам, како Олденбург и Оснабрик, се појавиле идеи дека треба да бидат дел од новосоздадената држава Вестфалија.[10]
Од создавањето на државите Северна Рајна-Вестфалија и Хановер на 23 август 1946 година, северната и источната граница на Северна Рајна-Вестфалија била скоро идентична со онаа со пруската Покраина Вестфалија. Единствено Слободната Држава Липе не била вклучена во Северна Рајна-Вестфалија до јануари 1947 година. Со тоа, мнозинството на областите во Горен Везер станале дел од Северна Рајна-Вестфалија.
На крајот, на состанок на советодавниот одбор на зоната на 20 септември 1946 година, предлогот на Копф со поделба на британската окупациска зона на три големи држави се покажал дека може да добие мнозинство.[11] Бидејќи оваа поделба на нивната окупациска зона на релативно големи држави им одела во прилог, на 8 ноември 1946 година, била издадена наредбата бр. 55 на британската воена влада, со која била создадена државата Долна Саксонија со главен град Хановер, стапувајќи на сила од 1 ноември 1946 година. Покраината била создадена со спојување на Слободната Држава Брауншвајг, Слободната Држава Олденбург и на Шаумбург-Липе со претходно создадената Држава Хановер. Но имало исклучоци:
- во Слободната Држава Брауншвајг, источниот дел на округот Бланкенбург и ексклавата Калферде, која припаѓала на округот Хелмштет потпаднала во советската окупациска зона и подоцна била вклучена во покраината Саксонија-Анхалт;
- во Државата Хановер, Амт Нојхаус и селата Ној Блекеде и Ној Вендиштун биле доделени на советската зона и така подоцна на Источна Германија. Не биле вратени на Долна Саксонија до 1993 година.
- градот Везерминде тогаш во административниот округ Штаде бил преименуван во 1947 година во Бремерхафен и вклучен во новата сојузна покраина Бремен.
Барањата на холандските политичари дека Холандија треба да ги добие германските области источно од холандско-германската граница како воени репарации, биле отворено одбиени на Лондонската конференција на 26 март 1949 година. Всушност, само околу 1,3 км2 од западниот дел на Долна Саксонија биле предадени на Холандија во 1949 година.
Историја на Долна Саксонија како покраина
уредиПрвиот долносаксонскиот парламент или Ландтаг се состанал на 9 декември 1946 година. Не бил избран; туку бил поставен од британската окупациска администрација (т.н. „назначен парламент“). Истиот ден, парламентот го избрал социјалдемократот, Хинрих Вилхелм Копф, поранешен претседател на Хановер (Regierungspräsident) за нивен прв министер-претседател. Копф предводел петпартиска коалиција, чија основна задача била повторна изградба на покраината од воените штети. Владата на Копф морала да организира подобрување на снабдувањето со храна и обнова на градовите уништени од воздушните напади на сојузниците во текот на војната. Копф останал — нарушен со мандатот на Хајнрих Хелвеге (1955–1959) — на чело на владата во Долна Саксонија до 1961 година.
Најголем проблем со кој се соочила првата покраинска влада во повоените години бил предизвикот на интегрирањето на илјадниците бегалци од поранешните територии на ГЕрманија на истокот (како Шлеска и Источна Прусија), кои биле припоени од Полска и Советскиот Сојуз. Долна Саксонија била на западниот крај на бегалничката рута од Источна Прусија и имала најдолга граница со советската зона. На 3 октомври 1950 година, Долна Саксонија презела многу голем број на бегалци од Шлеска. Во 1950 година имало недостиг од 730.000 домови според официјалните бројки.
Во текот на периодот кога Германија била поделена, долносаксонскиот граничен премин кај Хелмштет претставувал главна сообраќајна врска до Западен Берлин и од 1945 до 1990 година најпрометен граничен премин во Европа.
Од економско значење за покраината е претпријатието Фолксваген, кое повторно започнало производство на цивилни возила во 1945 година, првично под британска управа, а во 1949 година предадено во посед на новосоздадената држава Западна Германија и покраината Долна Саксонија. Вкупно гледано, Долна Саксонија долги години со нејзините големи делови на рурални подрачја и неколку урбани средишта, бил еден од најнеиндустриските подрачја во сојузната репувлика долго. Во остатокот од сојузната територија, бројката била само 14%. Дури и во економски успешните времиња, бројката за невработеност во Долна Саксонија е постојано повисока од сојузниот просек.
Во 1961 година, Георг Дидерикс го добил мандатот за влада на Долна Саксонија како наследник на Копф. Бил заменет во 1970 година од Алфред Кубел. Аргументите околу јадреното депо Горлебен, кои започнале за време на владата на Ернст Албрехт (1976–1990), одиграле важна улога во покраинската и сојузната политика од крајот на 1970-тите години.
Во 1990 година, Герхард Шредер ја преземал функцијата министер-претседател. На 1 јуни 1993 година стапил на сила новиот устав на Долна Саксонија, заменувајќи го „привремениот долносаксонски устав“ од 1951 година. Овозможил референдуми и ја воспоставил заштитата на животната средина како основен покраински принцип.
Поранешниот хановерски Амт Нојхаус со селата Делин, Хар, Карсен, Нојхаус (Елба), Штапел, Зикау, Зумте и Трипкау, како и Ној Блекеде, Ној Вендиштун и Штипелзе во Телдау и историската хановерска област во шумскиот округ Болдам во Гарлиц биле префрлени од покраината Мекленбург-Западна Померанија во Долна Саксонија со важност од 30 јуни 1993 година. Од овие села била создадена новата општина Амт Нојхаус на 1 октомври 1993 година.
Во 1998 година, Герхард Глоговски го наследил Герхард Шредер кој станал сојузен канцелар. Бидејќи бил поврзан со повеќе скандали во неговиот град Брауншвајг, дал оставка во 1999 година и бил заменет од Зигмар Габриел.
Од 2003 година до неговото избирање за сојузен претседател во 2010 година, Кристијан Вулф бил министер-претседател во Долна Саксонија. Ја предводел коалицијата предводена од ЦДУ како и неговиот наследник, Дејвид Мекалистер. По изборите на 20 јануари 2013 година, Мекалистер бил одбран.[12]
Административна поделба
уредиПомеѓу 1946 и 2004 година, окрузите во покраината и слободните градови биле поделени на осум подрачја, со различен статус на две подрачја (Verwaltungsbezirke) составени од поранешните слободни држави Брауншвајг и Олденбург. Во 1978 година, областите биле споени во четири владини окрузи (Regierungsbezirke): од 2004 година владините окрузи повторно не постојат.
- 1946–1978
- Аурих
- Брауншвајг
- Хановер
- Хилдесхајм
- Линебург
- Олденбург
- Штаде
- 1978–2004
- Брауншвајг
- Хановер
- Линебург
- Везер-Емс
На 1 јануари 2005 година, четирите владини окрузи, на кои Долна Саксонија била поделена, биле распуштени.[13]
Население
уредиПостојат околу пола милион негермански жители во Долна Саксонија. Следнава табела ги прикажува најголемите малцински групи во Долна Саксонија (2013 г.).
Место | Националност | Население (2013 г.) |
---|---|---|
1 | Турција | 95.470 |
2 | Полска | 56.054 |
3 | Холандија | 30.048 |
4 | Италија | 23.272 |
5 | Русија | 18.118 |
6 | Србија | 17.460 |
7 | Грција | 15.427 |
8 | Романија | 12.237 |
Стопанство
уредиЗемјоделството отсекогаш било важен стопански фактор во Долна Саксонија. Пченицата, компирите, ’ржот и овесот, како и говедското месо, свинското месо и живината се некои од земјоделските производи на покраината. Северниот и северозападниот дел на Долна Саксонија главно се одликуваат со сурова песочна почва, што го прави земјоделството тешко и затоа повеќе се присутни сточната храна и сточарството. Кон југ и југоисток се забележува подобра почва, која дава високи приноси. Еден од основните производи е шеќерната репка.
Руварството било важен извод на приход за Долна Саксонија со векови. Сребрената руда станала основа за економскиот развој во планинскиот масив Харц на почетокот на XII век, додека железото во областа на Залцгитер, а солта во различни делови на покраината станала важен економски чинител. Иако крајните приноси се споредбено ниски, Долна Саксонија е исто така важен добавувач на сурова нафта во Германија. Денес, сè уште се ископува железо и лигнит.
Радиоактивниот отпад е често пренесуван во област во близина на градот Залцгитер, во рудникот Шахт Конрад и Шахт Асе II во округот Волфенбител.
Производството е важен дел од регионалното стопанство. И покрај децениите на постепено намалување и реструктуирање, автомобилскиот производител Фолксваген со неговите пет фабрики во покраината сè уште останува најголем приватен работодавач со седиште во Волфсбург. Покраината Долна Саксонија е вториот најголем акционер во претпријатието, поседувајќи 20,3%.[14] Благодарение на важноста на автомобилската индустрија во Долна Саксонија, индустријата за снабдување е насочена кон регионалните партнери. Други дејности во индустријата на Долна Саксонија се воздухопловството, бродоградбата, биотехнологијата и челикот.
Услужниот сектор стекнувал важност по намалувањето на производството во 1970-тите и 1980-тите години. Денес, важни дејности претставуваат туризмот, трговијата и телекомуникациите.
Политика
уредиОд 1948 година, политиката во покраината е преовладувана од десничарската Демохристијанскиот сојуз (ДХС) и левичарската Социјалдемократската партија. Долна Саксонија била една од првичните искри на германското движење за животната средина како реакција на владината поддршка за подземното складирање на јадрениот отпад. Ова до довело до основање на германската Зелена партија во 1980 година.
Поранешниот министер-претседател, Кристијан Вулф, ја предводел коалицијата на неговата CDU со Слободната демократска партија помеѓу 2003 и 2010 година. На изборите во 2008 година, владејачката CDU го задржала местото на водечка партија во покраината и покрај губењето на гласови и места во парламентот. Коалицијата на CDU со Слободната демократска партија го задржала мнозинството. На изборите за првпат во парламентот влегла левичарската партија Левица. На 1 јули 2010 година за министер-претсетдал бил избран Дејвид Мекалистер.
По покраинските избори на 20 јануари 2013 година, Штефан Вајл од социјалдемократите станал нов министер-претседател.[15] Владее во коалиција со Зелените.
Устав
уредиПокраината Долна Саксонија била создадена по Втората светска војна со спојување на поранешните држави Хановер, Олденбург, Брауншвајг и Шаумбург-Липе. Хановер, поранешно кралство, далеку најголем по територија и население и бил покраина на Прусија од 1866 година. Градот Хановер е најголем и главен град на Долна Саксонија.
Уставот наведува дека Долна Саксонија е слободна, републиканска, демократска,[16] социјална и држава настроена кон животната средина во рамките на Сојузната Република Германија; универзалните човекови права, мирот и правдата се назначени водичи на општеството, а човековите права и граѓанските слободи наведени од уставот на сојузната република се вметнати во уставот на Долна Саксонија. Секој граѓанин е задолжен со образование и постои задолжително школување.
Сите владини институции ќе бидат избирани од страна на граѓаните преку избори и референдуми. Законодавниот дом е еднодомен парламент избиран со мандат од пет години. Составот на парламентот се одредува на пропорционален модел на политичките партии, но исто така воспоставува секоја изборна единица да избере најмалку еден посредно избран претставник. Ако партијата освои повеќе изборни претставници од нивното вкупно учество во покраината помеѓу партии, се одредува дали може да ги задржи сите претставници.
Премиерот на покраината (министер-претседател) и неговите министри се бирани од парламентот. Поради постоењето на повеќе партии во Германија, а и во Долна Саксонија, обично се случува две или повеќе партии да преговараат за иста политичка агенда со цел воспоставување коалиција, а партијата со најмногу гласови го поставува министер-претседателот.
Покраините на Сојузната Република Германија и со тоа Долна Саксонија, имаа законодавна власт, која главно е сведена на полето на училишниот систем, високото образование, културата и медиумите и полицијата, додека поважните области како економската и социјалната политика, надворешната политика и слично, се обврска на сојузната влада.
Министри-претседатели на Долна Саксонија
уредиМинистер-претседателот ја предводи покраинската влада и е избран од страна на Ландтагот.
Во текот на годините, следниве биле предводници на владата на Долна Саксонија:
- 1946 — 1955: Хинрих Вилхелм Копф (SDP)
- 1955 — 1959: Хајнрих Хелвеге (GP/ДХС)
- 1959 — 1961: Хинрих Вилхелм Копф (SDP)
- 1961 — 1970: Георг Дидерикс (SDP)
- 1970 — 1976: Алфред Кубел (SDP)
- 1976 — 1990: Ернст Албрехт (CDU)
- 1990 — 1998: Герхард Шредер (SDP)
- 1998 — 1999: Герхард Глоговски (SDP)
- 1999 — 2003: Зигмар Габриел (SDP)
- 2003 — 2010: Кристијан Вулф (CDU)
- 2003 — 2013: Дејвид Мекалист (CDU)
- 2013 — актуелен: Штефан Вајл (SDP)
Религија
уредиВо 2009 година, 49,7% од населението на покраината Долна Саксонија биле верници на Евангелистичката црква во Германија.[18] Составена е од пет сојузни цркви наречени Брауншвајг, Хановер, Олденбург, Шаумбург-Липе и Реформираната евангелистичка црква.
На Римокатоличката црква отпаѓа 17,5% од населението (2009 г.).[18] Организирана е во три епархии во Оснабрик (западниот дел на покраината), Минстер (поранешната Слободна Држава Олденбург) и Хилдесхајм (северниот и источниот дел на покраината).
32,8% од населението во покраината не верува во ништо или пак припаѓаат на други религии. Исламот е малцинска религија.
Грб
уредиГрбот прикажува бел коњ (Саксонски коњ) на црвена позадина, кој е стар симбол на Саксонците.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Населеност на окрузите, општините и месните заедници во Долна Саксонија на 31 декември 2022“. Служба за статистика и комуникациска технологија на Долна Саксонија. јули 2023. (германски)
- ↑ Природни паркови во Долна Саксонија, 5 октомври 2010
- ↑ „Landschaftsverband Westfalen-Lippe: ''Die Interessengebiete Kölns und Braunschweigs nach dem Vertrag von 1260 (map)“ (германски). Lwl.org. Посетено на 29 октомври 2012.
- ↑ „Land Niedersachsen: ''Der Weg zum Land Niedersachsen''“. Niedersachsen.de. Посетено на 29 октомври 2012.
- ↑ Zur räumlichen Zuordnung des Begriffs „Westfalen/westfälisch“ vgl. Karl Ditt: Der Raum Westfalen in der Historiographie des 20. Jhs.
- ↑ „Martin Dröge: ''Räume, Grenzen, Identitäten – Westfalen als Gegenstand landes- und regionalgeschichtlicher Forschung''“. Hsozkult.geschichte.hu-berlin.de. Посетено на 29 октомври 2012.
- ↑ Klaus Schaap / Rudolf Willenborg. „Gründung des Landes Niedersachsen - Darstellung und Quellen“ (PDF) (германски). стр. 21. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-02-07. Посетено на 29 октомври 2012.
- ↑ „Thomas Vogtherr: ''100 Jahre Historische Kommission für Niedersachsen und Bremen – Personen, Geschichtsbilder, Forschungsfelder, Netzwerke 1910-2010''. 27 May 2010“ (германски). Hsozkult.geschichte.hu-berlin.de. Посетено на 29 октомври 2012.
- ↑ Landkreis Vechta (14 април 2004). „Landkreis Vechta: ''Zeitzeichen im Landkreis''“. Landkreis-vechta.de. Архивирано од изворникот на 2013-05-17. Посетено на 29 октомври 2012.
- ↑ Joachim Kuropka: Katholizismus, Kirche und südoldenburgische Identität. In: Heimatbund für das Oldenburger Münsterland (Hrsg.): Jahrbuch für das Oldenburger Münsterland 2004. Vechta. p. 50f.
- ↑ Klaus Schaap / Rudolf Willenborg. „Gründung des Landes Niedersachsen - Darstellung und Quellen“ (PDF) (германски). стр. 22f. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-02-07. Посетено на 29 октомври 2012.
- ↑ Machtverlust: David McAllisters politischer Herzstillstand Архивирано на 23 јануари 2013 г., 23 јануари 2013.
- ↑ siehe Text Gesetz zur Modernisierung der Verwaltung in Niedersachsen Архивирано на 22 мај 2005 г. 5 ноември 2004 (Nds. GVBl. S. 394–401), siehe dort Artikel 1 Gesetz zur Auflösung der Bezirksregierungen
- ↑ „'Volkswagen law' is ruled illegal“. BBC News. Лондон. 23 октомври 2007. Посетено на 24 октомври 2007.
- ↑ Hauchdünner Sieg für Rot-Grün.
- ↑ „Устав на Долна Саксонија“. Архивирано од изворникот на 2020-03-08. Посетено на 7 август 2015.
- ↑ http://de.statista.com/statistik/daten/studie/201622/umfrage/religionszugehoerigkeit-der-deutschen-nach-bundeslaendern/
- ↑ 18,0 18,1 „Statistik der EKD für 2010“ (PDF). Посетено на 29 октомври 2012.
Надворешни врски
уреди- Официјална страница Архивирано на 8 март 2005 г.
- Официјална туристичка страница
- Карта со туристички атракции Архивирано на 26 март 2009 г.
- Географски податоци за Долна Саксонија на OpenStreetMap