Треблинка бил логор на смртта на Нацистичка Германија во окупираната Полска за време на Втората светска војна.[1] Повеќе од 750.000[2] Евреи, Роми и други жртви на холокаустот биле убиени во Треблинка помеѓу јули 1942 и октомври 1943 г. Логорот бил сместен 100 km североисточно од Варшава[3], 2,5 km од местото Треблинка. Логорот бил организиран во два дела: Треблинка I и Треблинка II.

Официјален документ со кој се основа логорот Треблинка I

Треблинка бил еден од логорите на смртта создадени во рамки на Операцијата Рајнхард наменета за целосно уништување на Евреите во Полска. Другите три логори во таа операција биле Белзец, Собибор и Мајданек.[4] Операцијата директно ја раководел Хајнрих Химлер. Пред Операцијата Рајнхард, Евреите биле затворани во гета и биле убивани, најчесто од групи на СС. Но, станало јасно дека планот за целосно уништување на Евреите не може да се изведе на овој начин. Затоа била смислена Операцијата Рајнхард и биле формирани 4 логори за уништување на Евреите од гетата. Треблинка била готова на 24 јули 1942. Само за два и пол месеци, од отворањето до 3 октомври 1942, во Треблинка биле донесени преку 310.000 Евреи од Варшавското гето.[5]

Меморијалниот центар Треблинка. Секој камен означува по еден град од кој биле носени Евреи и истребувани во логорот

На 22 март 1943 Евреите од Македонија, околу 7200 на број, биле насилно одведени од страна на Бугарскиот окупатор од нивните домови и собрани во скопскиот монопол. Оттука биле транспортирани во Треблинка и сите биле убиени.

Во август 1943 затворениците во Треблинка се побуниле, дошле до оружјето на стражарите и го запалиле логорот. Германците крваво го задушиле бунтот: од 1.500 затвореници, само 40 останале живи. Наскоро логорот престанал да работи, а дотогаш и неговата задача била завршена: речиси сите Евреи во Полска и низ Европа биле убиени. Операцијата Рајхард завршила и четирите логори биле затворени во октомври 1943.

Координати: 52°37′35″N, 22°2′49″E


Наводи

уреди
  1. Arad 1987, стр. 37.
  2. Treblinka - ein Todeslager der "Aktion Reinhard", in: "Aktion Reinhard" - Die Vernichtung der Juden im Generalgouvernement, Bogdan Musial (ed.), Osnabrück 2004, pp. 257-281.
  3. Steiner, Jean-Francois, and Weaver, Helen. Treblinka.
  4. Höfle Telegram Public Record Office, Kew, England, HW 16/23, decode GPDD 355a distributed on 15 јануари 1943, radio telegrams nos 12 and 13/15, transmitted on 11 јануари 1943.
  5. Court of Assizes in Düsseldorf, Germany. Excerpts From Judgments (Urteilsbegründung). AZ-LG Düsseldorf: II 931638.