Штип
Штип — град во источниот дел на Република Македонија, распространет по долината на реката Брегалница. Според пописот на населението од 2002 година, градот имал 40.016 (43.625 со Ново Село) жители и претставува најголемиот град во Источна Македонија и седми град по големина во Македонија (со 42 000 жители според Пописот од 2021 година). Штип е седиште на Штипската Општина и центар на Источнопланскиот Регион. Штип е еден од најстарите градови во Македонија. Во 2008 година, Свети Никола бил прогласен за заштитник на градот.[1]
Штип | |||
---|---|---|---|
Град | |||
Панорама на Штип | |||
Местоположба на Штип во Македонија | |||
Координати: 41°44′00″N 22°11′00″E / 41.73333° СГШ; 22.18333° ИГД | |||
Држава | Република Македонија | ||
Регион | Источен Регион | ||
Општина | Општина Штип | ||
Управа | |||
• Градоначалник | Иван Јорданов (ВМРО-ДПМНЕ) | ||
Надм. вис. | 340 м | ||
Население (2021) | |||
• Вкупно | 42,000 | ||
Демоним | Штипјани (мн.) | ||
Час. појас | UTC+1 | ||
• Лето (ЛСВ) | UTC+2 (UTC) | ||
Повик. бр. | +389 032 | ||
Рег. таб. | ST | ||
Патрон | Свети Никола | ||
Мреж. место | www.stip.gov.mk |
Историја
уредиВо пишуваните документи, името Астибо за првпат го споменува античкиот хроничар Полиен во 3 век пр. н.е, кој известувал дека во реката Астибо (денешна Брегалница), биле крунисувани пајонските кралеви. Македонскиот крал Александар Први околу 360 година п.н.е. го приклучил ова подрачје кон античко-македонското царство. Штип се спомнува во 1 век од н.е., во време на римскиот цар Тибериј (14-37 година) како пајонскиот град Астибо и се вбројувал меѓу поголемите и позначајни старопајонски градови во источна Македонија. Научниците го лоцираат Астибо на просторот од денешниот стар дел на градот Штип, на источните падини на ридот Исар и местата Стар Конак, Тузлија и Горно Маало. Градот е забележен и во Табула Појтингемијана (античка карта од 4 век) како населба, една од станиците на патот за Стоби-Пауталија (Ќустендил) – Сердика (Софија).[2]
Во доцната антика и во раниот византиски период, населбата постоела под името Стипеон, а во средниот век, околу 6 и 7 век, таа го добила денешното име Штип. Во средниот век, некаде кон крајот на 4 век и во текот на 7 век, за време на освојувањата на Аварите и Словените на Балканот настрадале речиси сите доцноантички и рановизантиски градови, вклучувајќи го и Стипеон. Штип постоел и во времето на Самуиловото Царство, во периодот меѓу 976 и 1014 година, а подоцна го освоиле Византијците. Во 9 век, градот бил под бугарска власт, а по Битката кај Велбужд крај (Ќустендил), Штип потпаднал под српскиот владетел Стефан Дечански.
Османлиски период
уредиВо 1395 година, Штип конечно паднал под власта на Османлиското Царство и станал каза (нахија) во составот на Ќустендилскиот санџак. Оттогаш, па сè до 17 век, постојат малку пишувани документи за судбината на Штип.
Со шпанската инквизиција во почетокот на XVI век голем број на Евреи - Сефарди побегнале на територијата на Османлиското Царство, а дел од нив се населиле во Штип, што може да се забележи од турските извори од 1519 година кога во Штип живееле 38 еврејски семејства или 200 души.[3]
Во еден документ од 1620 година, градот е спомнат како епископско седиште, а во 1661 година низ Штип поминал познатиот турски патописец Евлија Челебија. Тој го опишал градот со следниве зборови:[4]
"Штип е кадилак со тврдина на ридот што чува стража. Во градот има џамии, бањи, голем карван-сарај и мала река."
Евлија Челебија запишал дека Штип имал 2.240 куќи, 24 муслимански храмови (џамии и месџети), седум теќиња, седум ана, два амама, еден карван-сарај, единаесет мектеби и една медреса. Градот имал чаршија со 450 занаетчиски и трговски дуќани, со безистен полн со скапоцена стока од сите седум подрачја на светот.[5]
Францускиот конзул Божур забележал дека во 1800 година градот имал од 3 до 4.000 жители.[6]
За време на австриско-турската војна, во 1689 година, Штип бил освоен од Австроунгарците, но во 1691 година повторно го зазеле Турците.[2]
Во времето на Австриско-турската војна, градот претрпел големи оштетувања. Имено, при навлегувањето во градот, есента 1689 година, по наредба на генералот Пиколомини, најпрво го ограбиле, а потоа го запалиле. По овие страдања, Штип не можел да закрепне сè до XIX век, по што повторно се враќа во поранешниот сјај. Познатиот француски балканолог - Ами Буе (1794-1881), го посетил Штип во средината на XIX век и го нарекол златен град, кој тогаш имал околу 20.000 жители, од кои повеќето од половината биле христијанско население, град со развиена градска чаршија, со убави џамии, многу јавни чешми итн. Во овој период, Штип претставувал економски и културен центар во Источна Македонија. Во градот имало развиено занаетчиство од кое се издвојувале: кожарството, којунџиството, бочварството, чевларството и други. Штипските трговци-пазарџии, своите стоки натоварени на коњи ги разнесувале по околните кази. Токму во Штип, постоеле шарлаганџиски работилници во кои се преработувал афион.[7]
Во 1830 година, во Штип било отворено првото училиште на народен јазик, а во 1868 година, Јосиф Ковачев (1839-1898) го отворил првото педагошко училиште. Нешто подоцна, во 1872 година започнало со работа првото народно читалиште "Дејателност". При крајот на XIX век, од 1894 до 1896 година, во училиштето (изградено во 1872 година) во Ново Село предавал Гоце Делчев, идеологот на македонското национално ослободително движење.[8][9]
Балканските и светските војни
уредиЗа време на Балканските војни, Штипската област била окупирана од бугарските и српските војски, а демаркационата линија помеѓу двете војски е повлечена по реката Брегалница, така што Штип и селата од левата страна ги окупирала Бугарија, која овде започнува да воведува своја администрација. Териториите од десната страна на реката ги окупира Србија.
Истата судбина на овој народ му се случува и за време на Првата светска војна. Меѓу 58 000 војници од Македонија опфатени со мобилизацијата има и многу штипјани кои учествуваат на многуте фронтови, како: Криволак 1915-1916, на Добруџанскиот фронт 1916 година и Македонскиот фронт од 1916 година. Меѓу другите ужаси и последици од Првата светска војна во Штип и Штипско се појавата на заразни болести, меѓу кои маларијата, пегавиот тифус, колерата и страотниот шпански грип.
За време на Втората светска војна, на 6 април 1941 Штип бил бомбардиран од страна на германски авиони што полетале од бази од Бугарија. Во првиот налет била бомбардирана Соколаната во која биле сместени две воени единици на Кралска Југославија, а во вториот налет Исарот и куќите од околните маала, како и градската болница.[10] На 7 април 1941 година градот бил заземен од страна на 73-та пешадиска германска дивизија, а на 18 април истата година бугарскиот Генералштаб добил известување од командата на 12-та германска армија дека им се одобрува на единиците на Првата бугарска армија да навлезат во еден дел од Македонија.[11] Бугарската окупаторска власт во Штип била воспоставена на 26 април 1941 година.[11] На 11 март 1943 година, штипските Евреи (551 лице од 131 семејство) биле депортирани во концентрациониот логор „Треблинка“, каде што речиси сите биле убиени, а успеале да се спасат само седуммина. Веднаш по депортацијата на Евреите, фашистите го разурнале Еврејското маало во центарот на Штип, заедно со еврејското училиште, синагогата и другите објекти.[12][13] На 8 ноември 1944 година, единиците на НОБ го ослободиле градот. Штипјани учествувале активно во НОБ, при што во отпорот против окупаторите се вклучиле околу 2 000 борци. За време на окупацијата, 814 жители ги загубиле животите, од кои, 88 во директна борба против окупаторите.
Географија
уредиГрадот Штип се наоѓа во централниот дел на Источна Македонија. Се протега на површина од 13,5 км2 и лежи на надморска височина од 300 m. Градот е поделен на многу маала, меѓу нив се Леваците и Деснаците, ситуирани на левата и десната страна од горниот тек на реката Отиња. Градот е сместен меѓу висините на Исарот, Мерите и Кумлакот. Малата река Отиња (долга 3 км) тече низ центарот на Штип и го дели на два дела. Исто така, низ Штип поминува и реката Брегалница. Отиња се влева во реката Брегалница, во југозападниот дел на градот, во Штипско Ново Село. Составен дел на градот Штип е Ново Село, кое се наоѓа во јужниот дел на градот, во клисурата на Брегалница, веднаш зад Исарот, на патниот правец кон Радовиш. Ново Село продолжува во Кежовица Маало, кое се простира до минералните геотермални извори Кежовица и Л'џи (со температура на водата меѓу 58 и 62 степени).[14]
Населби и маала
уредиЦентарот се наоѓа помеѓу трговскиот центар и градската црква. Исарот е маало на падините на истоимениот рид. Во маалото Радански Пат, претежно живеат Роми. Од останатиот дел на градот, од постарите маала се: Стар Конак, Кадидере, Тузлија, Горно Маало и Ново Село. Од поновите маала, изградени претежно по Втората светска војна се: Осми Ноември (според денот на ослободувањето), Сењак (1-4), Пребег, Дузлак, Пелтеково Имање, Баби, Леваци, Деснаци, Македонка, Балканска, Суитлак, Авдокоманда, Пролет, Железничка и други.
Население
уредиСпоред пописот на Ќустендилскиот санџак, во чиј состав влегувала Штипската нахија, во 1519 година, Штип имал околу 2.700 жители, т.е. 201 турско семејство, 6 христијански маала со 333 семејства и едно еврејско маало со 15 семејства. Во 1797 година, Штип имал 3.000 жители, а во 1807 година, двојно повеќе. Во 1837 година, Штип веќе имал 17.000 жители, а во 1899 година, 20.900 жители.[15]
Според пописот од 2002 година, градот Штип (без Ново Село) броел 40.016 жители. Заедно со Ново Село, населението на Штип изнесувало 43.652 жители, од кои, 38.323 (87,85%) се Македонци.[9]
- Етнички групи
Според пописот на населението од 2002 година, во градот Штип (заедно со Ново Село) имало 43.652 жители и спаѓал во групата на средни градови, а бил седми град по големина во Република Македонија.[16] Етнички гледано, населението е составено од:[17]
Националност | Вкупно |
Македонци | 38 323 |
Турци | 887 |
Роми | 2 184 |
Албанци | 12 |
Власи | 1 727 |
Срби | 272 |
Бошњаци | 11 |
Други | 246 |
- Јазик
Во градот се зборуваат следниве јазици[17]:
Јазик | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
македонски | 38.846 | 88,99 |
албански | 4 | 0,01 |
турски | 1.825 | 4,18 |
ромски | 1.146 | 2,63 |
влашки | 1.431 | 3,28 |
српски | 214 | 0,49 |
бошњачки | 5 | 0,01 |
други | 181 | 0,41 |
- Вероисповед
Во Штип се застапени следните религиски групи:[17]
Вероисповед | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
Православни | 39.127 | 89,63 |
Муслимани | 3.145 | 7,20 |
Католици | 74 | 0,17 |
протестанти | 5 | 0,01 |
други | 1.301 | 2,98 |
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Штип:
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Години | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948[18] | 9.050 | 21 | 977 | 606 | 3 | 441 | — | 263 | — | 11.361 |
1953 | 11.258 | 34 | 1.426 | 653 | 7 | 226 | — | 241 | — | 13.845 |
1961 | 17.527 | 71 | 783 | — | — | 483 | — | 1.405 | — | 20.269 |
1971 | 23.845 | 43 | 1.862 | 178 | — | 469 | — | 827 | — | 27.224 |
1981 | 31.359 | 65 | 1.473 | 1.029 | 955 | 472 | — | 877 | — | 36.230 |
1991 | 37.235 | 32 | 1.156 | 1.518 | 1.484 | 515 | — | 886 | — | 42.826 |
1994 | 37.136 | 18 | 877 | 1.449 | 1.694 | 283 | — | 273 | — | 41.730 |
2002 | 38.323 | 12 | 877 | 2.184 | 1.727 | 272 | 11 | 246 | — | 43.652 |
2021 | 32.658 | 29 | 1.022 | 2.293 | 1.389 | 163 | 12 | 288 | 4.146 | 42.000 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Стопанство
уредиОд Втората светска војна наваму, Штип важи за центар на текстилната индустрија во Македонија со 60 модни конфекции, кои вработуваат околу 6 000 луѓе. Така, во 1952 година започнала со работа текстилната фабрика „Македонка“, со 60 работници, а само три години подоцна, тој број се зголемил на 1 224. На врвот од своето постоење, во 1987 година, во „Македонка“ работеле дури 5 900 работници, со што таа претставувала заштитен знак на текстилната индустрија во Штип. Во 1962 година била формирана уште една модна конфекција - „Астибо“, со 119 вработени. Во 1972 година, фабриката „Астибо“ вработувала 2 000 работници, а во 1987 година - 4 800 работници.[19]
Текстилната индустрија сè уште е столб на штипското стопанство, бидејќи во 2011 година, оваа индустрија вработувала 5 610 работници, т.е. 40% од сите вработени во Штип. Некогашните текстилни комбинати-гиганти како „Македонка“ и „Астибо“ по распадот на СФРЈ и паѓањето во стечај, денес се поделени на повеќе приватни текстилни конфекции (вкупно 58 текстилни фирми), како што се: „Семак Фешан компани“, „Текстил Логистик Македонија“, „Албатрос“, „Модена“, „Мавис“, „Максима“, „Грација“, „Беас-АБС“, „Бритекс“, „Штипко“, „Штип-текс“, „Вивенди“, „Милано“, „Фам мода“ итн.[20]
Во Штип е развиена чевларската индустрија, во која се истакнува фабриката за чевли „Баргала“, како и неколку помали чевларски фирми. Исто така, во градот се развиени и прехранбената индустрија, градежништовото, телекомуникациите, производството на вино, металната индустрија итн. Во градот работат и неколку сместувачки капацитети (хотели и мотели), како што се: „Оаза“, „Изгрев“, „Гарни“, „Ким“ и „Ваго“. Во контекст на развојот на туризмот, важно е работењето на бањата „Кежовица“. Во Штип се регистрирани вкупно 4 387 претпријатија. Поважни стопански претпријатија во Штип се:[21][22]
- Фабриката за масло „Брилијант“,
- фабриката за кондиторски производи „Мултикрем“,
- фабриката за прехранбени производи „Макпромет“,
- фабриката за безалкохолни пијалаци „Синада“,
- Винарската визба „Имако“,
- Винарската визба „Езимит вино“,
- Винарската визба „Аневски“,
- Фабриката за обувки „Мар Ева Мар“,
- Градежното претпријатие „Актива“,
- Градежното претпријатие „Бетон“,
- Градежното претпријатие „Пелагонија“,
- Градежното претпријатие „Коинг“,
- Дрвната индустрија „Бреза“,
- Дрвната индустрија „Мебел Инженеринг“,
- Дрвната индустрија „Радодизајн“,
- Металната индустрија „Метална и биротехника“,
- Кабелскиот оператор „Телекабел“ итн.
Исто така, во Штип делуваат две јавни претпријатија: „Исар“ и „Штип-проект“.
Култура, спорт, образование и администрација
уредиПроблеми со пуштањето? Помош. |
Култура
уредиШтип е познат по тоа што првата опера во Македонија е прикажана токму во овој град. Тоа била операта "Палјачи", изведена во 1924 година од страна на рускиот музиколог Сергеј Михајлов. Почнувајќи од 1989 година, секој ноември, во Штип се одржува најголемиот фестивал на забавна музика во Македонија, „Макфест“. Исто така, почнувајќи од 1987 година, во градот се одржува „Штипско Културно Лето“ - фестивал кој трае еден месец и се одржува од 1 јули до 1 август во културниот центар „Ацо Шопов“. Домот на младите е организатор на џез-фестивалот „Астибо“. Најпосле, секоја година, на 8 ноември, во Штип се одржува манифестацијата "Пастрмалијада".[23]
Поважни културни установи во Штип се:[24]
- Завод и Музеј,
- Народен театар,
- Народна и универзитетска библиотека “Гоце Делчев“,
- Центар за култура "Ацо Шопов",
- Дом на млади,
- Уметничка галерија "Безистен", и
- Државен архив.
Заводот и Музеј е формиран во 1950 година како градска установа, а од 1953 година прераснал во Музеј на штипскиот крај. Во негови рамки има повеќе збирки и фондови од областа на археологијата, историјата, етнологијата и современата македонска уметност. Во музејскиот комплекс Аневи-Гочеви е поставена археолошка збирка со над 1 200 експонати, од неолитот до XVIII век.[25]
Народниот театар започнал со работа во 1951 година, а првите театарски дејци биле учителите кои приредувале претстави со своите ученици. Оттогаш, театарот приредил над 300 премиери и над 5 000 репризни претстави, при што гостувал во над 100 градови низ Македонија и во странство, а неговите претстави ги посетиле околу еден милион гледачи.[26]
Корените на Народната и универзитетска библиотека "Гоце Делчев" датираат од 1872 година, кога штипските еснафи, со свои лични средства и преку донирање книги од домашните библиотеки, го помогнале отворањето на читалиштето "Дејателност". Во 1941 година, читалиштето го добило името "Гоце Делчев", а во 1946 година била формирана Народната библиотека "Гоце Делчев", која од 2003 година работи со статус на национална установа. Во рамките на библиотеката работи литературниот клуб "Искра", како и француска читална, во соработка со Францускиот културен центар во Скопје.[27]
Центарот за култура „Ацо Шопов“ е изграден во 1979 година и располага со корисна површина од 3 100 м2, од кои 410 м2 отпаѓаат на сценскиот простор. Центарот располага со голема сала, со 615 седишта, и со мала сала, со 120 седишта. Во составот на Центарот за култура работат: Драмско студио, Ликовно студио и Хармоникашки оркстар. Секоја година, Центарот организира околу 130 културни настани од областа на музичко-сценската драмската, ликовната и литературната уметност, како и форуми, предавања, трибини итн. Притоа, како традиционални манифестации, Центарот е домаќин на: Биеналното студио за цртеж „Во чест на поетот“, Музичкиот фестивал „Макфест“ итн.[28]
Спорт
уредиШтип е познат и како спортски град. Градскиот стадион со капацитет од 6 000 гледачи е домаќин на фудбалскиот клуб Брегалница, кој е формиран во 1921 година. Останати фудбалски клубови се Баби и Астибо. Втор најпознат спортски клуб е кошаркарскиот клуб „Гоце Делчев“. Други позначајни клубови се: боречкиот клуб „Балканец“, кој е добитник на бројни трофеи, ракометниот клуб „Текстилец“, боксерскиот клуб „Баргала“, пинг-понг клубот при Универзитетот „Гоце Делчев“ итн.[29]
Образование
уредиГрадот има пет основни училишта:
Во Штип работат шест средни училишта:
- гимназијата „Славчо Стојменски“,
- Медицинското училиште „Јане Сандански“,
- Електро-теничкото и угостителското училиште „Коле Нехтенин“,
- Текстилното училиште СОУ „Димитар Мирасчиев“,
- Музичкото училиште „Сергеј Михајлов“,
- Средно насочено образование за деца со хендикеп „Искра“.
Во 2007 година, во Штип бил отворен четвртиот државен универзитет во Македонија - Универзитетот „Гоце Делчев“. Во составот на овој универзитет во 2012 година имало 13 факултети со околу 16.000 студенти. Универзитетот се состои од следниве факултети: Факултет за природни и технички науки, Факултет за образовни науки (поранешен Педагошки факултет), Филолошки факултет, Земјоделски факултет, Факултет за информатика, Правен факултет, Економски факултет, Факултет за музичка уметност, Факултет за медицински науки, Технолошко-технички факултет, Електротехнички факултет, Машински факултет, и Факултет за туризам и бизнис логистика. Во состав на Универзитетот се вклучени и повеќе центри и институти: Центар за меѓууниверзитетска соработка, Центар за електронско учење, Центар за обезбедување квалитет, Центар за кариера и развој, Центар за односи со јавноста, Универзитетски спортски центар, Универзитетски културен центар, Центар за доживотно учење, ИТ центар, Институт за археологија и историја, Институт за исхрана, гастрономија и диететика и Институт за информатика. Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип има дисперзирани студии во градовите: Струмица, Радовиш, Кавадарци, Прилеп, Гевгелија и Скопје. Како најголем град, а воедно и центар на источниот дел на Македонија, во Штип е седиштето на Основниот и Апелациониот Суд со апелационо подрајче над повеќе судови во градовите во источна Македонија. Исто така, Штип е седиште и на секторот за внатрешни работи (СВР) кој го покрива подрачјето на средишниот дел на Источна Македонија.
Орден „Св. Никола“
уредиВо чест на св. Никола, кој е прогласен за заштитник на градот, во 2008 година, Штип започнал да го доделува орденот „Св. Никола“ на луѓе кои дале придонес за развојот на Штип и на источниот регион, а кои потекнуваат или некогаш живееле или работеле во Штип. Добитници на овој орден се:[1]
- Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан,
- Митрополитот Иларион,
- Сашко Кедев,
- Методија Чепреганов,
- Срѓан Керим,
- Никола Груевски (2014).
Културно-историски знаменитости
уредиТврдината Исарот е главното обележје на овој град и воодушевува со прекрасната панорама на целиот град. Таа се наоѓа на истоименото возвишение, кое се издига на 120 метри над устието на Отиња во Брегалница, на западната периферија на градот. На ридот се најдени камени споменици кои потекнуваат од 2 век до 6 век, како и остатоци од ранохристијанска базилика од 6 век. Во воените походи против царот Самуил, византискиот цар Василиј II ја освоил тврдината Стипеон, а по освојувањето на Штип од страна на Турците, во текот на најмалку два века, тврдината била користена како нивно упориште. Денешниот изглед на тврдината потекнува од 14 век. Тврдината се состоела од два дела: дворец (замок) со должина од 160 метри и најголема широчина до 20 метри, и стопански дел, со должина од 250 метри и широчина од 50 метри. Во 2009 година, откриени се 30 метри од тунелот што води од реката до врвот на Исарот, со што се потврдила легендата дека Штип бил освоен од Османлиите преку таен тунел под Исарот. Инаку, во своите патописи, Евлија Челебија и Џаџи Калфа сведочат дека веќе во 17 век, Исарот бил запустен.[30]
Саат-кулата во Штип потекнува од 17 век, веројатно од 1650 година, а денес, таа претставува споменик на културата, заштитен од државата. Иако е позната како Саат-кула, всушност, таа претставува бегова кула, подигната за одбрана на имотот од некој турски бег, чие име не е познато. Првобитно, на кулата имале пушкарници и балкон, а еден век подоцна бил поставен часовник. Еден дел од кулата бил урнат во 1934 година.[31]
Хуса Медин Пашина џамија или Црква Свети Пророк Илија е изградена на ридот, над јужниот брег на реката Отиња. Местоположбата е на доминантна позиција над градот, поради тоа црквата во 1882 година била разурнета и претворена во џамија.[32] Црквата била позната како поп Стариева црква, изградена од Константин Дејановиќ во 1381 година.[32] Според некои извори џамијата потекнува од 17 век, додека брегалничката епархија наведува дека таа била изградена во 1882 година. Веднаш до храмот се наоѓа гробот на Хуса Медин Паша. За објектот се води и судски спор за сопственост.[32][33]
Во центарот на Штип се наоѓа Безистенот, кој порано била затворен пазар, но сега е уметничка галерија. Нема прецизни податоци за неговата градба, но се претпоставува дека потекнува од 16 век или 17 век, а бил уништен за време на австриско-турската војна. Тој е граден од полн, масивен камен, има правоаголна основа и три издвојувања во висина, од кои, последната ја претставува куполата. Внатре, има три простории и голема купола, а на ѕидовите има мали прозорци.[33]
Емир Ќучук Султанов мост се наоѓа на влезот од Штип, а бил изграден во 1672 година. За време на Првата светска војна, преку мостот поминувала демаркационата линија, која го делела градот на српски дел (населбите од десната страна на Брегалница) и бугарски дел (левата страна на градот).[34]
Во Ново Село, во дворот на црквата св. Богородица се наоѓа училиштето во кое две години (1894 - 1896) работел Гоце Делчев. Денес, тоа е реновирано и во него се наоѓа ректоратот на универзитетот „Гоце Делчев“. На едната страна од зградата, која е свртена кон црквата, поставен е релјеф во спомен на Гоце Делчев.[35]
Во Штип постојат и неколку споменици посветени на важни историски настани од поново време. Таков е Меморијалниот споменик на паднатите борци од НОБ, кој се наоѓа на источната страна на Исарот. Споменикот е дело на архитектот Богдан Богдановиќ, а е подигнат во 1974 година од страна на Собранието на Општина Штип. Во близина на зградата на музејот се наоѓа Споменикот на Евреите, изграден во 1985 година, во спомен на Евреите кои биле депортирани во нацистичките концентрациони логори. Споменикот е дело на уметникот Методи Андонов. Најпосле, во чест на војниците загинати за време на војната од 2001 година, во месноста Суитлак и во дворот на штипската касарна се подогнати спомен-обележја.[36]
Знаменитости
уреди- Цркви[37]
Во Штип и околината се регистрирани над 300 цркви, а гордост на градот е црквата Св. Никола, која е седиште на Брегалничката епархија. Според староста, особено се истакнува црквата Свети Јован Крстител, која потекнува од 1350 година.
- Црквата „Св. Никола“ е една од најрепрезентативните сакрални објекти во Штип. Црквата е изградена од Андреја Дамјанов на местото на постара црква од 1341 година. Според натписот над главниот западен влез, црквата била завршена на 10 мај 1867 година.34 Црквата се одликува со грандиозен иконостас којшто содржи бројни вредни икони. На северниот дел од иконостасот има 16 икони, а на главниот иконостас се наоѓаат дури 67 икони, најголем дел од нив насликани во 1890 година од страна на Димитар Папрадишки. Во 1990 година, во рамките на црквата е отворена галерија на икони изработени од познати зографи меѓу 17 и 19 век. Исто така, во галеријата има и стари книги, сребрени крстови, чаши за богослужби, венчални круни, псалми, евангелија и други сакрални предмети. Во јужниот дел на галеријата има 29 икони од XVIII век и XIX век, изработени од зографите: Џико од селото Осој, Константин и Петре Новев од Тресонче, Крсте Зографот од Велес итн. Во западното крило на галеријата има 32 икони од XIX век, дело на Данаил Коцов од Штип и на други зографи. Во северниот дел на галеријата има 31 икона, изработени од Петре Новев, Исаија Дебарлија, Константин Андонов итн.[38]
- Црквата св. Спас се наоѓа на левата страна на реката Отиња. Таа претставува еднокорабна црква за која се смета дека ја подигнал војводата Димитар во 1369 година. Оригиналниот живопис на црквата не е сочуван, а по вторпат, таа била живописана во 1601 година од зографот Јован.[35]
- Црквата св. Богородица се наоѓа во Ново Село и претставува едно од ремек-делата на познатиот македонски мајстор Андреја Дамјанов и, според кажувањата, таа била градена 31 година. Според знакот што се наоѓа над влезот од јужната страна, црквата била реновирана во 1850 година. Црквата има голем иконостас со 90 икони.[35] Во рамките на црквата, во 1972 година била отворена галерија на икони која содржи дури 132 дела, изработени меѓу 1861 и 1866 година од сликарот Станислав Деспотоски од Самоков.[39]
- Еднокорабната црква св. Архангел Михаил се наоѓа на патот што води кон Исарот. Подигната е во првата половина на 14 век од протосевастот Хрелја, а во 1334 година била приложена кон Хиландар од страна на царот Душан.[40]
- Црквата св. Јован Крстител се наоѓа на десната страна на реката Отиња, на јужната страна на Исарот, а изградена е во 1350 година со поддршка на Јован Пробиштиповиќ, во времето кога сопственик на земјиштето бил деспотот Оливер. Од оригиналниот фрескопис, денес се видливи само фрагменти, како што е фреската на царот Константин и царицата Елена на јужниот ѕид на црквата.[40]
- Црквата св. Пророк Илија се наоѓа на јужната страна на реката Отиња, изградена е во 1381 од Константин Дејановиќ и приложена на манастирот Хиландер. Во 1822 година била срушена, односно од истата црква е адаптирана џамија, наречена Хуса Медин Пашина џамија. Во историските извори оваа црква се спомнува како црква на поп Старие. На празникот Св.Пророк Илија на 2. Август во црквата се одржува богослужба.[32][41]
- Св. Константин и Елена - на 2 јуни 2013 година поставен камен-темелник. Се наоѓа во населбата Балканска веднаш до споменикот на протераните Македонци од Егејскиот дел на Македонија.[42]
- Св. Недела - се наоѓа над населбата Дузлачки Рид;
- Св. Петка - манастирска црква во населбата Сењак;[43]
- Св. Архангел Гаврил - се наоѓа во населбата Прилет. Камен темелник удрен на 19 јуни 2016 година;[44]
- Св. Кузман и Дамјан - црква во клиничкиот центар. Камен темелник удрен на 14 ноември 2016 година;[45]
- Св. Иларион - се наоѓа во населбата Железничка;[46]
- Црква „Воскресение Христово“ — манастирска црква во месноста Семеница, на поголемо растојание источно од градот
- Црква „Благовештение“ - единствена католичка црква во градот;
- Џамии
- Кадин Ана џамија - главна градска џамија;
- Хусамедин-пашина џамија - повремена џамија, која работи 2 дена во неделата;[се бара извор]
- Теќиња
- Археолошки наоѓалишта[47]
- Астибо - Стар Конак — населба од римското време;
- Бабите — тумули од железното време;
- Исар — средновековна тврдина;
- Кемер — аквадукт од римското време;
- Св. Архангел Главатов — средновековна црква;
- Св. Архангел Михаил (Фитија) - средновековна црква со некропола;
- Св. Власиј — средновековна црква;
- Св. Илија — средновековна црква;
- Св. Јован Крстител — средновековна црква;
- Трговски Центар — рудник од римското време;
- Тузлија — некропола од римското време.
Медиуми
уредиШтип има различни медиумски установи. Првата приватна телевизија во Македонија (и во поранешна Југославија) беше формирана во овој град од Миле Кокотов во 1989 година. Оваа приватна телевизија беше наречена „ТЕКО ТВ“ но, денес повеќе не постои. Во Штип, активни телевизиските станици се „ТВ Ирис“ и „ТВ Стар“.
Штип има и повеќе радио станици, меѓу кои се истакнува „Канал 77“, првата приватна радио станица која има проширена мрежа низ североисточниот дел на земјата. Други поважни станици се "Радио Штип", радио 'Angelsfm' и непрофитната радио станица „УГД-ФМ“ која работи во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“. Во градот се печати локалниот весник, „Штипски Весник“.[48][49][50]
Штип како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Штип“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.[51]
- „Во Штип и во Жоал“ — песна на македонскиот поет Ацо Шопов.[52]
Познати личности
уреди- За автоматски создадени списоци на лица родени или починати во Штип, погледнете: Категорија:Родени во Штип и Категорија:Починати во Штип
- За рачно одржувани списоци на лица родени или починати во Штип, погледнете ги статиите: Список на луѓе родени во Штип и Список на луѓе починати во Штип
- Станислав Лесновски — македонски книжевник од XIV век
- 1881 - 1924, Тодор Александров — револуционер, водач на ВМРО од 1911 до 1924
- 1863 - 1937, Љубомир Милетиќ — научник, филолог, ректор на Софискиот универзитет “Св. Климент Охридски”, претседател на Бугарската академија на науките од 1926 до 1937 година и претседател на Македонскиот научен институт[53]
- 1890 - 1977, Тодор Павлов, комунист, политичар и научник, регент на Царството Бугарија во периодот 1944-1946 и претседател на Бугарската академија на науките од 1947 до 1962 година[53]
- 1896 - 1990, Ванчо Михајлов, познат и како „Радко“ — бугаромански револуционер во Македонија, водач на про-бугарското крило на ВМРО
- 1900 - 1988, Славјанка Влахчева - прва медицинска сестра во Македонија, борец во НОБ
- 1901 - 1967, Емануел Чучков - член на президиумот на АСНОМ, доктор по географски науки
- 1906 - 1987, Михајло Апостолски - македонски генерал, командант на партизанските одреди во Македонија за време на НОБ и претседател на МАНУ од 1976 до 1983 година[53]
- 1912 - 1999, г.г. Михаил - Архиепископ охридски и македонски, поглавар на МПЦ
- 1917 - 2012, Киро Глигоров - македонски политичар, прв претседател на независна Република Македонија
- 1923 - 1982, Ацо Шопов - академик на МАНУ, македонски поет и преведувач
- 1927 - 2008, Никола Кљусев - академик на МАНУ, Премиер на Република Македонија
- Јордан Поп Јорданов - претседател на МАНУ од 1983 до 1991 година[53]
- Ванчо Прке - македонски народен херој од НОБ
- 1961, Жан Митрев, лекар кардиохирург
- 1962, Сашко Кедев, лекар-кардиолог и политичар
- 1966, Љубчо Георгиевски - прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Премиер на Република Македонија
- 1972, Стојанче Ангелов - македонски полициски генерал, бранител и учесник во воениот конфликт во 2001, претседател на партијата Достоинство
- Раде Рогожаров - глумец
- Дуле и Коки - музичари
- Зоран Шоров - борач, трикратен олимпиец
- Ферус Мустафов - музичар, саксaфонист
- Кирил Рибарски - музичар, тромбонист
- Цвета Апостолска - македонски учесник во НОВ
- Ванчо Апостолски - бил македонски политичар и учесник во НОВ
- Љупчо Арсов - македонски партизан од НОБ и Претседател на СР Македонија
- Софија Арсова — учесник во НОВ на Македонија.
- Тодор Арсов - македонски партизан, партиски и воен раководител во НОВ
- Олга Арсова — учесник во НОВ на Македонија.
- Марија Арсова Методиева — учесник во НОВ на Македонија.
- Димче Беловски - македонски партизан од НОБ и политичар
- Димитар Митевски - македонски партизан од НОБ и политичар
- Бранка Ѓорческа - учесник во НОБ, носител на Партизанска споменица од 1941 година
- Лазо Гачов - македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Панче Санев - македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Исак Сион - учесник во НОБ, делегат на Првото заседание на АСНОМ и носител на Партизанска споменица 1941
- Иван Прилепчански - македонски микробиолог и партизан
- Панче Санев - македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Влатко Петров - македонски бранител, припадник на Скорпионите при АРМ
- Александар Донски - литературен преведувач, раскажувач и историчар
- Драгослав Шекуларац - поранешен македонски и југословенски фудбалер
- Ванче Стојчев - македонски историчар, професор на Воената академија на АРМ
Галерија
уреди-
Саат-кулата во Штип
-
Панорама на Штип
-
Споменик на паднатите борци од НОБ во Штип
-
Црквата „Св. Климент Охридски“
-
Споменик посветен на холокаустот на штипските Евреи од Втората светска војна
-
Безистенот во Штип
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Љ.Ш., „Утре во Ново Село ќе биде отворен музеј со восочни фигури на револуционери“, Дневник, година XVIII, број 5646, петок, 19 декември 2014, стр. 21.
- ↑ 2,0 2,1 Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со карта на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 7.
- ↑ Цацков, Оливер (2013). Штип од 1900 до 1912 година. Скопје: Организација на резервните офицери на Република Македонија. стр. 77. ISBN 9789989211225.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 4-7.
- ↑ Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр. 85
- ↑ Стојмилов, А., (2005), Социоекономска географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје
- ↑ Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани,2004,стр. 86
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 9-10.
- ↑ 9,0 9,1 Историја на Штип[мртва врска]
- ↑ „Штип чествуваше за загинатите во шестоаприлското бомбардирање“. Дневник. 6 април 2013. Посетено на 2017-06-10.
- ↑ 11,0 11,1 Филов, Кире (2011). Политичките и економските промени во Штип и Штипско низ архивската документација: 1944-1946 година. Национална Установа - Универзитетска Библиотека „Гоце Делчев“ - Штип. стр. 13. ISBN 9789989147722.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 9-10 и 40-41.
- ↑ „Евреите умееја да заработат и од она што другите го фрлаа“, Дневник, година XIX, број 5715, петок, 13 март 2015, стр. 9.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 8-9.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 40 и 46.
- ↑ Стојмилов, Александар; Апостоловска - Тошевска, Билјана (2016). Социоекономска географија на Република Македонија (PDF) (II доп.. изд.). Скопје: Природно-математички факултет. стр. 91. ISBN 9989-668-50-7.
- ↑ 17,0 17,1 17,2 17,3 17,4 17,5 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 август 2016.
- ↑ http://pop-stat.mashke.org/yugoslavia-ethnic1948.htm
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 46.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 13, 25 и 46.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 16 и 24.
- ↑ Стпански развој во Штип[мртва врска]
- ↑ „Cultural Manifestations“. 2007-09-13. Посетено на 2007-09-13.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 11.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 36-37.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 37-38.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 38-39.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 39.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 15.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 9 и 28-29.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 29.
- ↑ 32,0 32,1 32,2 32,3 „епархија“. Архивирано од изворникот на 2022-04-15. Посетено на 2013-02-24.
- ↑ 33,0 33,1 Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 30.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 32.
- ↑ 35,0 35,1 35,2 Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 31.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 40-42.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 32-33.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 34.
- ↑ 40,0 40,1 Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 35.
- ↑ Канал 5 телевизија
- ↑ Поставен камен темелник за нова црква во Штип[мртва врска]
- ↑ „ЛИТУРГИЈА НА „СВ. ПРЕПОД. МЧ –ЧКА ПАРАСКЕВА" ВО ПАРАКЛИСОТ „СВ. ПЕТКА" ВО НАС. СЕЊАК ВО ШТИП“. Архивирано од изворникот на 2022-04-15. Посетено на 2014-11-23.
- ↑ „ПЕДЕСЕТНИЦА И КАМЕН – ТЕМЕЛНИК ЗА ИЗГРДБА НА ПАРАКЛИС НА „СВ. ГАВРИЛ" ВО НАС. ПРОЛЕТ ВО ШТИП“. Архивирано од изворникот на 2021-09-26. Посетено на 2016-09-23.
- ↑ „КАМЕН ТЕМЕЛНИК ЗА ИЗГРАДБА НА ЦРКВА ВО КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ШТИП“. Архивирано од изворникот на 2022-04-17. Посетено на 2016-11-18.
- ↑ „Свети Иларион Мегленски собра многу народ на Железничка во Штип“. Архивирано од изворникот на 2017-03-29. Посетено на 2017-10-29.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. стр. 446. ISBN 9989649286.
- ↑ „Тв Ирис“. Архивирано од изворникот на 2009-02-28. Посетено на 2009-02-18.
- ↑ Радио Штип
- ↑ „Радио Черења“. Архивирано од изворникот на 2011-04-15. Посетено на 2008-03-05.
- ↑ Блаже Конески, 'Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 43.
- ↑ Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 120.
- ↑ 53,0 53,1 53,2 53,3 Љупчо Шатевски, „Штипјани неколку децении раководеле и со Бугарската академија на науките“, Дневник, година XVIII, број 5553, петок, 29 август 2014, стр. 18.
Надворешни врски
уреди„Штип“ на Ризницата ? |
- Општина Штип
- ЈП Исар - Штип Архивирано на 10 мај 2013 г.
- Завод и Музеј - Штип Архивирано на 14 февруари 2013 г.
- http://www.domnamladi.com/istorijat.asp Архивирано на 17 февруари 2014 г.
- "Град Щип", Книга од писателот Петар Завоев роден во Штип
- Петар А. Чачаров од Штип — „Народни клетви; клетви и благословии“, објав. во „Зборник за народни умотворби, Наука и книжнина", број VI и VIII, Софиja, 1891 г.