Википедија:Избрана статија/2011/36
Берлин е главен град на Германија и една од нејзините шеснаесет покраини. Со население од 3,45 милиони жители, градот е најголемиот во Германија. Тој е втор најнаселен град и осма најнаселена урбана област во Европската Унија. Се наоѓа во североисточна Германија и е центар на метрополитенската област Берлин-Бранденбург. Географски, градот се наоѓа во европската рамница и затоа е под влијание на умерената сезонска клима. Околу една третина од територијата на градот ја сочинуваат шуми, паркови, градини, реки и езера.
Првите податоци за градот потекнуваат од 13 век. Берлин бил едноподруго главен град на Кралството Прусија (1701-1918), на Германската Империја (1871-1918), на Вајмарската Република (1919-1933) и на Третиот Рајх (1933-1945). По Втората Светска војна градот бил поделен. Источен Берлин станал главен град на Источна Германија, додека Западен Берлин, со Берлинскиот ѕид (1961-1989), всушност бил опкружен од странска земја т.е. од Источна Германија. По германското обединување во 1990 година, градот си го вратил својот статус како главен град на Германија.
Денеска градот е светски град на културата, политиката, медиумите и науката. Неговата економија првенствено се заснова на услужниот сектор и опфаќа разновиден спектар на креативни индустрии, медиумски корпорации, конгресни и конвенциски центри. Берлин претставува континентален центар за воздушениот и железничкиот сообраќај, и еден од најпосетените туристички центри во ЕУ. (Дознајте повеќе...)